Бадникова посна трпеза: Три превкусни рецепти за репете
Дегустирајте три совршени, посни специјалитети за бадниковата свечена трпеза.
Палента во сос од печурки
Намирници – 160 грама праз или кромид, 650 грама домати, 400 грама свежи шампињони, 200 грама варен домат (или купено доматни пире), 15 грама сечкан магдонос, 15 грама сечкан лист од целер, 200 грама палента, 3-4 чешниња лук, 0,5 дл бело вино, 120 грама леќа, малку сол, босилек, зачини по вкус.
Подготовка – Палентата сварете ја според упатството на ќесичката. Претурете ја во тепсија и кога ќе се излади исечете ја на коцки. Сварете ја леќата. Празот или кромидот ситно исечкајте го и динстајте на масло додека омекне. Додадете ги шампињоните (исечкани на листови) и динстајте уште 10-на минути, а потоа додадете ги доматите на кои претходно сте им ја излупиле кората (засечете ги доматите и потопете ги во топла вода 1 минута за лесно да ги излупите). Додадете го ситно сечканиот лук, динстајте уште 30-на минути, па на крајот додадете го доматното пире и сварената леќа, и се заедно внимателно измешајте. Сосема на крајот додадете го белото вино и зачинете со босилек. Со добиениот сос прелијте ја палентата.
Ролат од компири
Намирници- 1 кг компири, 100 грама маргарин, 200 грама исчистена од коски риба (може било која риба, може и лосос или туна од конзерва), 200 грама спанаќ, 200 грама моркови, сол, црн пипер, 2 чешниња лук.
Подготовка – Компирот сварете го во посолена вода, додајте го маргаринот и изматете. Три парчиња проѕирна фолија намачкајте со масло и развлечете три еднакви кори од пирето. На првата ставете фил од иситнетата риба и сварениот спанаќ зачинет по вкус, на втората кора ставете ја мешавината од риба и испасираните моркови зачинети по вкус, а на третата – мешавина од риба, спанаќ и моркови. Секоја кора свиткајте ја во ролат и до сервирање ставете ги во фрижидер добро да се стврднат. Сечете на кругови и наизменично редете од сите три вида ролати на голема чинија за сервирање.
Тиква полнета со грав и со скуша
Намирници – 1 слатка тиква од 5 кг, 800 грама крупен грав (тетовски), 800 грама кромид, 250 мл масло, алева пиперка, сол, црн пипер, мешавина од зачини по желба, 1 димена скуша.
Гравот претходно измиен треба да се остави преку ноќ да набубри. Утредента водата процедете ја, па налијте нова вода. Варете 15 минути. Повторно исцедете ја водата и ставете нова, па продолжете со готвење. Кромидот исечкајте го, посолете го и пропржете го на масло. Кога ќе порумени додадете алева пиперка, црн пипер, сол и мешавина од зачини по вкус. Гравот исцедете го од водата, но не сосема. Кога ќе се додаде запршката треба да биде густ. Испржениот кромид додадете го на гравот и се убаво измешајте. По потреба зачинете уште малку. На тиквата исечете и го врвот да биде во вид на капак. Средината издлабете ја, исчистете ја и извадете ги семките. На дното од тиквата ставете ја димената скуша, а врз рибата ставете го подготвениот грав. Поклопете со капакот од тиква. Во тава за печење ставете 1 чаша вода и ставете ја полнетата тиква. Рерната загрејте ја на 150 степени и печете 3 часа.