IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > АРХИВА > Вероисповед
  Активни теми Активни теми RSS - Великиот пост
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

Великиот пост

 Внеси реплика Внеси реплика страница  <1 567
Автор
Порака
makarios Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор


Регистриран: 20.Октомври.2008
Локација: Macedonia
Статус: Офлајн
Поени: 1282
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај makarios Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 16.Април.2009 во 00:46
Оваа заповед ви ја давам: да се љубите еден со друг. Ако светот ве мрази, знајте, дека Мене светот уште пред вас Ме замрази. Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот и ве мрази (Јован 15, 18-19).

Гледате, Христос ни дава заповед да се љубиме едни со други, додавајќи на друго место дека по таа љубов ќе не` познаат како Негови ученици. Љубовта е отсуство на секое зло. Не е возможно во нас да негуваме лоши мисли, од нашата уста да излегуваат лоши зборови (озборување, осудување) и да правиме лоши дела, и тоа најчесто против нашите ближни по вера, а истовремено да се наречеме ученици Христови.

Злото кое го прифаќаме и негуваме внатре во нас, самите нас не` разорува, а не оној против кого е насочено. Еве на пример, кога му мислиме лошо на некого, зар не чувствуваме дека ја прекинуваме молитвата, зар не чувствуваме дека расположението на душата ни се менува кон зло, зар не чувствуваме дека си го валкаме срцето, зар не чувствуваме дека отстапува благодатта Божја од нас и зар не чувствуваме дека пребиваме во темнина? Кому тогаш му штети злото во нас, на оние против кое е насочено или на нашите душа и срце? Секако, плодот на злото ние ќе го вкусиме.

Кога некого озборуваме, клеветиме и осудуваме, зар не чувствуваме дека ги нарушуваме Божјите заповеди и дека отпаѓаме од Него? Кому тогаш му штетат озборувањето, клеветите и осудувањето, на оној против кого се насочени или на оние кои тоа го прават? Нормално, на оние кои тоа го прават. Според Светото Евангелие, кој суди и осудува ќе биде суден и осуден. А што се случува со оној кого го озборуваат, клеветат и осудуваат? Ако е праведен, ќе добие достоинство на блажен: Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонат и кога ќе говорат против вас секакви лоши зборови лажно заради Мене (Мат. 5, 11). Ако е неправеден, Бог ќе му прости, затоа што кога веќе еднаш го осудиле на земјата, нема да му судат за истото и на Небото. Секако, треба да се покае и да не ги повторува своите гревови.

Кога против некого правиме лоши дела, зар не стануваме противници Божји? Затоа што Христос рече: ако сте му направиле на еден од овие Мои најмали браќа, Мене сте Ми направиле. Сега да ве прашам: лошите дела му штетат на оној против кого ги правиме, или ги разоруваат нашите душа и срце? Нормално, дека штета се случува кај оној што обземен од демонот ја исполнува неговата волја и на тој начин се подготвува за вечна заедница со него и за вечно оддалечување од Оној Кој е бесконечен и сегде присутен. А што се случува со оној кој го трпи лошото дело? Истото. Ако е праведен, ќе добие и маченички венец. Ако е неправеден, ќе добие соодветно простување на гревовите, затоа што не може и тука и во Царството Небесно за исто дело да трпи казна.

Но, дали е лесен нашиот подвиг на љубовта? На почеток – не! Треба да се принудуваме да љубиме и чиниме добро, иако можеби тоа не го чувствуваме во нас. Како што вели старец Силуан: треба да живееме исто како кога благодатта не се крие од нас. Тоа е активен аскетски подвиг во очекување на благодатниот... Без аскетско-благодатна љубов и кон непријателите нема премин од вториот на третиот степен од духовниот раст – обожението, и нема непрестајна умносрдечна молитва. За премин од прв на втор степен воопшто и да не збориме.

Но, што значи тоа: бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот, затоа светот и ве мрази? Кој е тој „свет“ што не` мрази? Според светите Отци, тоа се демоните и луѓето кои наоѓајќи се под нивна контрола ја исполнуваат нивната волја. А кој не е дел од светот? Само кога сме во апсолутно (слепо или совршено) послушание на нашиот духовен отец, односно кога сме вистински на патот на очистувањето на нашето срце или кога веќе доволно сме го очистиле срцето од страстите и сме го добиле дарот на молитвата во срцето, ние престануваме да бидеме дел од светот. Оние чие срце е заробено од страстите (и затоа не го знаат местото на срцето и го немаат дарот на умносрдечната молитва), а не се и во послушание кон духовен отец, се сè уште дел од светот.

Но, не треба да се плашиме од овие кутри созданија, од демоните и од луѓето под нивна контрола: не плаши се мало стадо, зашто волјата на Мојот Отец Небесен е да ви го даде Царството. Значи не треба да се плашиме, затоа што Господ ни дал и сила да ги победиме и ја ограничил интензивноста на нивната борба против нас согласно силите со кои ние располагаме.

Господ сѐ мудро устроил за наше спасение и духовно растење. На првиот степен од духовниот раст демонот има дозвола да не` нападне само од внатре преку помислите кои ни ги предлага, а согласно страстите од кои сме заробени. На вториот степен демонот нема сила да не` нападне од внатре бидејќи срцето е доволно очистено од страстите (така што ние не сме дел од светот, односно под негова контрола); и за да го поттикне непреобразениот дел од нив, тој има дозвола да користи не само помисли туку и реално искушение преку луѓето, неговите слуги (кои се дел од светот, односно под негова контрола).

 На пример: наместо помисла за жена или маж се случува искушение од реален човек; наместо помисла за имот и пари се случува реално искушение, преку човек, за стекнување со пари и имот на недозволен начин (а дури и да е начинот дозволен, не треба сигурноста на нашата ипостас да ја базираме на парите туку на Господ); наместо помисла за човечка власт и слава, се случува реално и предвремено добивање на истите во замена за Божјата власт и слава. Како што велат Отците, демонот толку многу се плаши од умносрдечната молитва што е спремен дури и од крајот на светот да придвижи човек преку кого ќе се обиде истата да ја прекине во нас, преку кој било од горенаведените начини. На третиот степен од духовниот раст демонот има дозвола и реално, видливо да се појави пред очите на светите луѓе за да ги исплаши и одврати од патот, како што гледаме во житијата на Светиите, или да ги натера луѓето – неговите слуги, да ги мачат и убијат Светиите, како што исто гледаме во житијата на свети Димитриј Мироточив и на другите свети маченици.

По молитвите на светиот великомаченик Димитриј, и на сите Светии, Господи Исусе Христе, Боже наш, помилуј не`!“
Кон врв
makarios Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор


Регистриран: 20.Октомври.2008
Локација: Macedonia
Статус: Офлајн
Поени: 1282
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај makarios Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 18.Април.2009 во 18:31
Историското случување, опишано во Светото Евангелие, на распнувањето Христово на Крстот помеѓу двата разбојника, исто така распнати на други два крста, е можеби една од највистинитите претстави во која може да се препознае состојбата на сите луѓе, како во однос на Бог така и во однос на самите себе.

Крстот се сите наши волни и неволни страдања кои ги среќаваме на тесниот Евангелски пат на исполнувањето на Божјите заповеди. Крстот може да остане и само една голема казна за оние што не се покајуваат заради своите гревови. Не дека Бог нѐ казнува, туку сами себе се казнуваме одделувајќи се од Бог и присоединувајќи се кон ѓаволот со исполнувањето на неговата волја. Исполнувањето на демонската волја не е ништо друго освен грев, отсуство на благодат, отпаѓање од Бог, душевно и телесно страдање и болест и на крај смрт, без надеж.

Сите ние можеме да се видиме и да се препознаеме во еден од двајцата разбојници. Сите ние го носиме својот крст, само што некои од нас Му благодарат на Бог за својот крст и го носат истиот со трпение и смирение, свесни за својата грешност и несовршенство, а други пак хулат на Бог заради својот крст. На оние што Му благодарат на Бог, крстот им помага да го очистат своето срце од страстите, да го просветлат својот ум и да се обожат. На оние што хулат на Бог, крстот им останува само како еден неподнослив товар и како една неразбирлива и неподнослива казна. Секако, имате во предвид дека ви зборувам за генералната линија, а не за повремените осцилации. Исто така, самопознанието во однос на Бог и благодарноста за крстот што Бог ни го дарувал се нераздвојни.

Со трпение и смирение може да го носи својот крст само оној кој што што Му благодари на Бог за своите страдања и кој што освестил во себе дека навистина ги заслужва. Колку поголемо страдање доживуваме и колку поискрено и од сѐ срце Му благодариме на Бог за тоа, толку повеќе Божја благодат привлекуваме кон себе. Благодатта Божја е, пак, таа што ни дава сила да ги издржиме страдањата, е таа што нѐ утешува во страдањата и е таа која дури и нѐ прави да заборавиме на нив. Или, со други зборови, благодатта Божја е таа што нѐ очистува, просветлува и восовршува, во зависност од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓаме носејќи го својот крст.

Навистина убав евангелски пример за правилно носење на својот крст е разбојникот распнат заедно со Христос, на кого, во моментот кога ја исповеда својата грешност смирено и без хулење поднесувајќи ги страдањата – ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според нашите дела; но Он ништо лошо не направил  – му се отвораат очите да Го види и препознае распнатиот Богочовек: и Му рече на Исуса: ‘Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!’ А Исус му рече: ‘Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!’ (Лука 23, 41–43). Очигледно е дека на разбојникот не само што му се отвораат очите да Го препознае Христос, односно не само што го добива дарот на просветлување, туку нему му се открива и тајната на целиот Домострој на спасението, тајната на Царството Небесно.

За разлика пак од разбојникот, кој како појдовна основа за примање на овој дар од Бога го има само сознанието за својата грешност и правилната исповед со благодарност, ние денес како критериум и темел на нашето христијанско постоење и дејствување ги имаме Христовите збор и дело, совршената љубов на Бог Отецот (Матеј 5, 44–48) и печатот на дарот на Светиот Дух. Го имаме единството на верата и  соборната заедница на Светиот Дух и помеѓу себе и со нашите Отци кои со својот вечно жив пример постојано го осветлуваат нашиот живот и постоење во Црквата. Затоа не треба да дозволиме Царството Небесно внатре во нас да го откриеме при крајот на нашиот живот (ако воопшто и тогаш го откриеме) претрпувајќи со благодарност разни болести и страдања, туку уште во нашата младост принесувајќи Му го целиот наш живот на Богочовекот Христос, без остаток.

Уште два духовни закона треба да знаеме. Прво, и во тоа ја препознаваме Божјата љубов, што Бог ни допушта страдање само толку колку што е доволно за наше спасение, а не толку колку што сме заслужиле, соодветно со гревот што сме го направиле. Ако Бог ни судеше само согласно она како ние им судиме на другите луѓе, а да не зборуваме согласно нашите гревови, тогаш подобро да не се родевме! Господи, слава на Тебе! Божјата правда е љубов, а не враќање на зло за зло. Таква треба да биде правдата и на секој што сака да се нарече себеси христијанин. И второ, крстот на оној што е на првиот степен од духовниот развој се состои во подвигот на очистување на своето срце од страстите преку совршено послушание и преку окривувањето на самиот себе за кое било зло што се случува. Крстот на оној што е на вториот степен од духовниот развој се состои во повеќечасовниот молитвен подвиг на умот во срцето и во љубовта кон непријателите. Крстот на оној што е на третиот степен од духовниот развој, според светите Отци, се состои во плачот за целиот Адам...

Но не зборувам за Крст без Воскресение! И не зборувам за Крст кој истовремено во себе не ја носи и силата, и утехата и несоздадената светлина на Воскресението! 
Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика страница  <1 567
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,227 секунди.