Идентификувани се петмина од вооружената група којашто според МВР, ноќеска ја нападна караулата во липковското село Гошинце.
Водач на групата бил Командант Џеваир Адеми, од косовското село Гњилане.
„Според нашите информации утврден е идентитетот на уште четворица блиски соработници на водачот на терористите кои се од истото место. Неофицијално логистика на групата им бил извесен Фарук, а како дел од униформираните напаѓачи биле и двајца браќа Ерхан и Кадир Бајрами“ јавува телевизијата Алфа.
Според официјалната веризја на МВР ноќеска околу 2.30 часот вооружена група од 40-тина лица, најверојатно од Косово, ја нападнале караулата Гошинце што се наоѓа во близина на северната граница.
Напаѓачите, според МВР, биле добро вооружени и носеле маскирни униформи со ознака на УЧК и меѓу себе комуницирале на албански јазик.
При нападот на караулата заробени биле четворица полицајци кои во моментот биле дежурни во караулата. Напаѓачите ги разоружиле, тројца од нив ги врзале со лисици, а еден дури и го нападнале.
Лицето кое ја предводело групата им се обратило на полицајците на албански јазик преку преведувач кој зборувал лош македонски јазик со србизми. Им дале на полицајците време од околу половина час да си заминат пеш од караулата и им се заканиле дека ќе ги ликвидираат, ако ја напуштат караулата порано.
Го зеле оружјето коешто го нашле во полициската станица и радиоврските и им ги искршиле мобилните телефони на полицајците.
По половина час, еден од полицајците кој не бил врзан, станал ги зел клучевите од лисиците коишто биле оставени на земја блиску до нив, ги одврзал колегите и пешки се упатиле кон патот надолу. Одејќи по патот слушнале долг рафал од автоматско оружје.
Според првичните информации на полицијата, лицата се од Косово, но се преземаат мерки за обезбедување дополнителни докази.
„МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот. Во овој момент поради активностите кои се преземаат на терен и кои се исклучително сериозни не би можеле да одиме со дополнителни информации“ изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност при Министерството за внатрешни работи.
По информациите кои се појавија во медиумите за нападот на полициската станица во Гошинце, ова е официјалната верзија на МВР. По прес-конференцијата, не беа дозволени новинарски прашања, а Котевски овој напад го квалификува како терористички напад. „Република Македонија односно државните институции утринава беа цел на терористички напад“, рече Котевски на почетокот на прес-конференцијата.