Патем, сестро, многу убаво ви стои новата униформа... Пишува Горан МИХАЈЛОВСКИ
1 Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган вчера попушти пред демонстрантите на плоштадот Таксим во Истанбул. Ама ние во Македонија подолго од него издржуваме. Не попуштаме. Толку сме се специјализирале во организирање антипротести, така што вчера, во недостиг на домашни протести на кои треба да им се контрира, во Скопје и во Гостивар се организираа контрапротести на протестот на Таксим. И ние, како и Ердоган, сакаме да се гради во паркот Гези на Таксим. По вчерашната поддршка до турскиот премиер да се справи со демонстрантите на Таксим, реално е да очекуваме и награда што сме се сетиле на него. Во знак на благодарност, Ердоган ќе ни испрати подарок. Борна кола со воден топ и солзавец. Ептен тамам подарок.
2. Откако се покажавме дека можеме да правиме и меѓународни контрапротести, време е оваа активност да ја професионализираме. И така да правиме извоз на интелектуален труд. Треба да се регистрираат агенции за контрапротести. По системот на јавно -приватно партнерство. За да може протестантите да се вработуваат. Да земаат дневници, надомест за прекувремена работа и работа на празник. Да им тече некаков стаж, да може пензија да земат. Не може цел живот само за сендвичи и сокче да работат. А во Агенцијата за вработување оваа професија ќе се води под посебна шифра - антипротестант.
3 Имаме ние уште еден транзициски феномен. Се вика верник - протестант. Ама не протестант во смисла на практикување на христијанската религија туку како човек што протестира од името на верата. Неколку стотини верници протестираа пред општина Центар за да го спречат уривањето на црквата "Свети Константин и Елена", која е во градба. И за која никој не рече дека ќе ја урива. И никој не се ни обиде да ја урива. Напротив, сите викаа, а најмногу градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, кој упорно тврди дека никогаш не рекол дека црквата ќе се урива. И упорно повторува дека црквата ќе се гради. Ама верниците не му веруваат на Жерновски. Викаа против него, ја кршеа оградата околу општината, кршеа прозорци со камења, колнеа и пцуеја. На крај, советниците од ВМРО-ДПМНЕ прогласија победа и рекоа дека верниците успеале со протестите да ја спасат црквата. Значи, они верувале во идејата дека црквата ќе се урива и протестираа таа да не се материјализира. Докажаа дека преминот од идеално во материјално е критичен, и ја искршија општината. Снимките од одбраната на црквата покажаа дека тие што се викаа верници и кои тврдат дека атеистите се најголемото зло на светот, во својот духовен занес и богољубиво блажество го изговорија и следново: "Горниот ќе те казни, да тибам се, да тибам детето". Кога ги видоа овие духовно исполнети луѓе, клетите атеисти длабоко се преиспитаа во себе.
4 Па и не мораа да праќаат верници со јајца. За поелегантно решение требаше да им ги расипат лифтовите на советниците од СДСМ. Тогаш не ќе мораше ни полицијата да седи пред општина Центар и да фаќа сеир.
5 Кога државата е помножена со нула, се најде еден владика да повика на разум и им одржа лекција по демократија на демохристијаните. Владиката Пимен случајно се сретнал со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски. Пратеникот го укорил владиката поради неговите либерални ставови и повици на разум, на што Пимен му одговорил: "Секој има право на свој став, на свое мислење". Сигурно Димовски оваа лекција од Пимен ја сфатил како богохулие. Оти неговото мото е: "Секој има право на мое мислење".
6 Пациентите што се специфични случаи и треба под итно да закажат биопсија за испитување на евентуално малигно заболување не можат никаде да закажат преглед оти во ниедна болница нема лекар да направи пункција ниту, пак, таков што ќе го прочита резултатот. Министерот за здравство Никола Тодоров најави дека од јануари 2014 година примероците за биопсија ќе треба да бидат готови за една недела. Во меѓувреме, Министерството за здравство издаде протокол за хоспитална култура. Со него се регулираат односите меѓу пациентите и здравствените работници, комуникацијата, облекувањето, начинот на обраќање... Додека чекаме да дојде јануари 2014 година, еве како сега би изгледало закажувањето за биопсија. Љубезно и со насмевка лекарот ќе ти каже дека треба да дојдеш на преглед. Љубезно и со насмевка сестрата ќе ти каже дека терминот ти е во јануари. И дека како пациент си должен да го почитуваш терминот. И согласно протоколот, љубезно и со насмевка ќе и` кажеш на сестрата: "Многу сте љубезни, ви благодарам оти ми кажавте дека треба да дојдам во јануари. Само не сум сигурен дали ќе успеам да го фатам терминот. Оти во план ми е да умрам до ноември. Така ми рече лекарот на првиот преглед. Ако може со министерот Тодоров нешто да се среди, ако не, фала ви на љубезноста. Патем, многу убаво ви стои новата униформа. И затоа ве молам да имате предвид ако смртта ме спречи телефонски да го откажам терминот за преглед. Се надевам семејството нема да мора да плаќа пенали". И така љубезно ќе се задржиш до протоколот за хоспитална култура. А кога ќе умреш сите ќе викаат: "Што му стана на човекот? Си умре здрав, прав. Ич на лекар не појде".
7 Новиот закон за прекин на бременоста, со кој се ограничува правото на абортус, помина во Собранието. По скратена постапка и со мнозинство гласови. Од 43 жени кои се во актуелниот состав на Собранието, 23 доброволно гласаа да се ограничи правото на жената да одлучува сама за своето тело и за својот мозок. А останатите 20 пратенички одлучија дека расправата за ограничување на една цивилизациска придобивка не е вредна за нивното присуство и глас. Еее, женски глави... И ајде сега да зборуваме за потребата од женска квота во Собранието.
Никогаш не научив дали е подобро да носиш патики или штикли кога ќе тргнеш во потрага по делот од душата кој ти недостасува
Туку Грујо со време да си го патентира изумот, оти веќе почнаа да му го крадат. Гледам денеска и Ердоган почнал со контра-митинзи. Само јајца немаше по кого да фрлаат турците.
Една стара кинеска приказна почнува како некое сиромашно дете со име
Сјао Ли, живеело без родители и во многу тешки услови. Со помош на
добри луѓе, некако преживеало, па дури посетувало и школо. Еден ден,
враќајќи се од училиште, видело големо јајце од анаконда. Го однело дома
и со големо внимание се грижело, се додека од него не излегла голема
змија. Ја негувал, ја хранел, ја чистел, а таа возвраќала со голема
љубов.
Поминало некое време и во царството се разгласило дека
тешко се разболела ќерката на првиот министер. Дворските лекари кажале
дека таа може да оздрави само ако и се направи лек од левото око на жива
змија. Сјао Ли ја замолил својата љубимица да му направи животна
услуга, со што тој ќе се збогува од мизеријата. Лекот успеал и Ли за
кратко време стасал до трет човек во царството. Бидејќи немал повеќе
време да се дружи со змијата, ја пуштил во џунглата. Штом добил голема
власт, Ли станал до крај неодговорен и немилосрден кон луѓето. На
замерката зошто е склон кон толку злоупотреба, тој одговорил: „Несреќата
на едниот донесува среќа на другиот“.
По некое време, умрел
првиот министер. Кралот се прибрал неколку дена, за да размисли кого да
стави на негово место. Но, во меѓувреме, се разболела и ќерката на
кралот. Дворските лекари констатирале дека нејзиниот спас е десното око
на жива анаконда. Сјао Ли тргнал накај џунглата и ја замолил змијата за
да му го подари и десното око. Таа со широко срце го направила тоа. За
чудо, ќерката на кралот оздравела, па дури и се омажила за Ли.
Тој
многу брзо се стекнал со големо богатство и власт, па дури не се
воздржувал и јавно да ја каже својата изрека: „Несреќата на едниот
донесува среќа на другиот“. Сега тој пред себе имал само една единствена
пречка на патот за прв владетел на државата. И фрлил око на врвната
позиција на кралството. Барал начин како побрзо да го елиминира кралот.
Лекарите, кои сега веќе во целост му биле потчинети, сугерирале срце од
жива змија како најделотворен отров. Ли пак се обратил до својата сакана
анаконда со трета молба. Таа широко ја отворила устата, а Ли, занесен
во среќата дека конечно станува крал, бил голтнат од својата пријателка
змија.
Во принцип, власта на немилосрден начин ги јаде тие што
најнемилосрдно ја злоупотребиле. Нашата власт го доби левото око од
луѓето за да им ги реши проблемите, а таа постојано им создаваше нови;
за подобра економија, а таа доведе до петта најслаба економија на
светот; за поголемо вработување, а таа испрати 400 илјади млади надвор
од земјата; го доби окото за да ги отплати долговите, а таа до гуша не
задолжи; за да им помогне на живите души, а таа потроши милијарди за
мртвите души; за да ја развие демократијата, а таа не доведе до сериозна
диктатура.
Власта го доби и десното око за европската
перспектива, а добивме античка деструктива. Со години не лажеше дека до
крај ќе се бориме за победата дури и да загубиме се, а нам ни се случи
второто. Сега бројката на несреќните опасно се наближува до бројката на
жителите. До тука не доведоа празни души со празен морал, ама полни
сметки. Ја презедоа нашата иднина во свои раце и ја задавија. И сега ни
станува јасно дека „љубовта“ на власта ни стана поопасна од „омразата“
на Грците. Но, изгледа дека лажната среќа ни го одзела умот, ама
вистинската несреќа ни го враќа.
Ердоган се жалел дека некоја
невидлива рака, или нешто како наддржава, апси синови на министри,
фунционери (па и синот на премиерот се бара). Тешко му е да сфати дека
таа „наддржава“ се државните институциите на системот, кои функционираат
согласно законите, а не соодветно личните желби на луѓето од власта и
подземјето. Тие се истите тие институции што нашата власт ги претвори во
партиски штабови. Или во сервис на подземјето. Е па, светско чудо ќе
биде ако никој нема да одговара за ваквата состојба.
Изминативе
години, а и оваа што поминува, треба да ги именуваме за години на
молчењето. Во наредната година се очекува да ни се случи - година на
викањето и урлањето. Или, пак, само уште една година на лелекањето. Па
нели сиве овие години молчевме? Власта трошеше расипнички, а ние
молчевме. Криминалот до гуша, а правосудните органи молчеа. Уставот се
кршеше и се распоруваше, а Уставниот суд молчеше. Се случуваше ерозија
на системот и на институциите во сите нивоа, а медиумите молчеа. Дури и
го фалеа системот и најлошото.
Поради толкаво молчење, се очекува
наредната година да се случуваат големи викања или урлања. Угледниот
британски „Економист“ ни предвидува висок степен на социјални немири.
Но, и тогаш владините медиуми ќе објават дека урламе од среќа. Власта
цело време се фалеше со „дуинг бизнис“, а тоа е само лажна мамка, за да
се покрие горката реалност дека сме најсиромашна држава во Европа, а
меѓу осумте најсиромашни држави на светот. Власта сакаше да ги поткупи и
светските медиумски магнати со комерцијални нарачки – Си-Ен-Ен и
„Фајненшл тајмс“ - но тие ни си ги зедоа парите и веќе следниот ден
објавија дека Македонија пета во светот по лоша економија, осма по
мизерија, меѓу првите по колективната несреќа.
Е па, повелете
молчете и наредната година. Со тоа ќе ја замолчиме и газењето на
сегашноста и иднината наша и на нашите деца. Изгледа дека некој се
спрема да оди да му го побара срцето на анакондата.
Објавено во „Слободен печат“.
Изменето од Andjelina - 30.Декември.2013 во 18:41
Никогаш не научив дали е подобро да носиш патики или штикли кога ќе тргнеш во потрага по делот од душата кој ти недостасува
Во последните 3 реченици Биљали многу убаво долови - меѓу редови. Најголемо Бинго за една власт е да управува со маса на слепци. Господата од Парти Брејкерс ова го имаат многу добро објаснато во неколку стихови ( A Long time ago in a galaxy far,far away).
Изменето од Alekxandar - 30.Декември.2013 во 21:40
Пишува Горан МИХАЈЛОВСКИ - Во 21 век Македонија засилено ита кон 19 век. Со ова темпо и со овој памет брзо ќе стигне и до 18-тиот
1 Државата се надмина себеси. Кај што е најголем клиент за секој бизнис, кај што е најголем огласувач, кај што е најголем лекар, кај што е најголем едукатор, кај што е најголем судија, сега стана и најголем сводник. По Општина Свети Николе, која прва одлучи да дава субвенции од 30.000 денари за мажи над 40 години што ќе си најдат невеста, и Општина Лозово ќе дава по 20.000 денари за старите ергени и за немажените моми над 35 години. Во Лозово дури и приватниот сектор ја поддржал иницијативата, оти Зегин ќе дава по 50 литри ракија и по 100 литри вино за свадба на субвенционираните ергени и моми. Градоначалникот на Лозово Орце Цветковски рече дека одлуката стапува во сила веднаш, и се очекува да се зголеми наталитетот во Општината. Се гледа дека Општината направила физибилити студија и опсежна економска анализа, затоа што градоначалникот открива дека тој лично веќе посредува старите ергени да добијат невести од Албанија, што чини повеќе од 700 евра. "Јас се занимавам со овој проблем веќе четири години", откри Цветковски. Вели дека кога видел какви проблеми имале неговите балдаза и прв братучед со нивните синови, одлучил да им донесе невести од Албанија. "Кога видов колку се тие среќни, си зедов обврска да бидам, на некој начин, координатор за источна Македонија", изјави Цветковски и додаде дека ќе најде невести за ергените, "па ако треба и момчиња за момите, иако се помалку". Имам неколку прашања за оваа длабоко промислена иницијатива: По кој критериуми субвенциите важат само за мажи над 40 години и за жени над 35 години? Кој ја одредува границата кога некој станува стар ерген, а кога стара мома? Каде ќе си ги најдат жените и мажите за да се квалификуваат за субвенции? На пазарот на трудот, на берзата за размена на услуги, на корзо, во самопослуга, во кафеана, на пазар, на нива, на улица, во партија, или преку градоначалникот лично? Дали невестите мора да се од Албанија или може да бидат и од Авганистан, од Сомалија, од Нигерија, од Сирија, Ирак...? Дали на кандидатите за субвенции ќе им бара спермограм, за да не бидат парите што се собрани од граѓаните од локалната самоуправа испукани како ќорфишек? Со оглед дека целисходноста на овој проект е да се зголеми наталитетот, дали градоначалникот прв ќе ја проверува пратката со невести, или таа задача ќе ја сподели со советниците? Ако е за демографски бум, дај да ги почекаме Индијците во Џумајлија и Кинезите што ќе го градат автопатот во Свети Николе. Па преку ноќ од Овче Поле ќе направиме Индокина. Оти вака, сводништво со државни пари, во најмала рака, е еден мал етички проблем.
2 Добро, има ли Уставен суд во оваа држава? Има ли женско лоби во Парламентот? Има Народен правобранител? Има ли државата потпишано некакви меѓународни конвенции за спречување трговија со луѓе? Има ли невладини организации кои се занимаваат со заштита на човекови права? Или не добиле пари од странците да се жалат за тоа што државата станува сводник? Може има, ама изгледа дека и тие чекаат субвенции.
3 Оваа дебата која се разви за една фасада во центарот на Скопје, која не е барокна туку шарена како папагал, само уште еднаш покажува дека во 21 век Македонија засилено ита кон 19 век. Бидејќи веќе не е доволно да се караме дали фасадите треба да се барокни или модерни, сега ќе преминеме во караница дали се во албански или во ромски стил. Оти, нели, за едните сe што е барок е убаво, а сe што не е, е грдо. А за другите сe што е барок е кич, а се што не е барок е убаво. Па сега стиловите кои беа поделени по партиска линија, ќе се надградат со поделба и по етничка линија.
4 Завчера имавме проблем да најдеме судија што ќе сака јавно да го коментира контроверзниот правилник за судски пресуди кој го предложи Владата. Од 700 судии, само неколкумина се одважија да дадат изјава за одлуката на Владата да се донесе правилник за висината на казните за кривичните дела, па макар и да го пофали. Не треба да си судија за да знаеш дека судската власт е власт. Независна од законодавната и од извршната власт. И рамноправна со нив. Зарем судиите не сфаќаат дека ова нема врска ни со ВМРО-ДПМНЕ ни со СДСМ? Очигледно не сфаќаат, штом така лесно се откажуваат од својата власт и отвораат простор да им ја преземе друга власт. Судиите ќе дозволат да суди партијата. Со ова темпо и со овој памет Македонија брзо ќе пројури и низ 19 век. Па ќе стигне до 18-тиот.
5 Владата ги пребројува новинарите. Бара списоци од членовите на новинарските здруженија. Зошто? Да се знае кое стадо колку овци има? И кое прво ќе стигне за колење.
6 На некој чуден, магичен начин. власта го препознава, го вади и го засилува најкомформистичкото во Македонецот. Она овековечено во поговорката дека наведната глава сабја не ја сече. Најдена е формулата да се одржи спрегата со најлошата особина и мрзеливост на духот, што се одликува во она самоуништувачко мото: "Седи си мадро, свиркај си, не прашувај многу и фаќај си сеир". Важно е да има за лепче, да капне и за солца, Господ дал и салата и ракија за ручек, малку одморче на Халкидики, па и да се појавиш на еден контрапротест, нема да ти се срони бисерот, ако треба и гласачко ливче ќе сликаш, нема да уриваш ѕид со глава, имаш деца за гледање... Кога еднаш некому ќе успееш да му ја разбудиш и да му ја негуваш таа карактерна особина, тогаш и баба ми може да го убеди дека остварува.
Без разлика колку страници прочитал учениот човек, никогаш не треба да заборави дека се уште не ни стигнал до првата страна....
1 Непознати
вооружени лица во црна облека се појавиле во Гостивар, во Арачиново и
низ Тетовско. Заменик-министерот за внатрешни работи Земри Ќамили рече
дека имало такви случаи, тие се претставиле дека се членови на некаква
гарда на Илирида, ама "од полициски аспект, ситуацијата не е за
вознемирување". И јас не се вознемирувам што се појавиле вооружени
во црни униформи. Особено што тоа го потврдува заменик-министер за
внатрешни работи. Туку се секирам дали се под контрола.
2 Лидерот
на СДСМ повторно се закани дека ќе открие афера бомба, после која
Груевски ќе мора да си даде оставка за три дена. Ама аферата не ја
открива. Туку го темпира времето. Значи тоа е темпирана бомба. Првиот
пат кога Заев откри бомба за време на изборите, се самоповреди со
50.000 евра на суд за клевета и навреда. Помина лесно. Што ако и вторава
бомба не му успее? Особено што вика дека ако Груевски не даде оставка
за три дена, тогаш тој ќе си даде оставка сосе цело раководство. Тоа му
доаѓа нешто како бомбаш самоубиец.
3 Прво
некое неидентификувано здружение на жени побара да му се покрие пенисот
на споменикот на Прометеј, спроти Собранието. Оти жените ич К*р не
виделе, па ќе се вознемиреле. И уметникот веднаш им излезе во пресрет.
Преку ноќ му стави пелена на Прометеј. Сега државата пак се возбуди
од голи мажи. Агенцијата за филм побара од режисерот Столе Попов да ја
скрати сцената од филмот "До Балчак", во која статистите скокаат голи и
им се тресат мандалата. Оти со таа сцена филмот немало да можат да го
гледаат малолетни ученици, па така ќе трпел научно-образовниот процес. И
режисерот веднаш се согласи. Ќе ги исече патлаците. Е тоа е
вистинска борба за уметнички и авторски интегритет. Од една страна,
полни им се устите со големи зборови за слобода на изразување, уметничка
слобода и демократија. Од друга страна, уметниците сами си се
кастрираат.
4 Во
"До Балчак", српскиот актер Никола Којо, во улога на некој што
регрутира Македонци за работа во Америка, ги тера мажите да се соблечат и
да скокаат угул голи и ги зафркава дека тој што има најголем, ќе ја
освои Америка. Не знам дали прекроениот филм без таа сцена ќе биде само
за внатрешна употреба или и за меѓународна употреба, што би рекле Грците
"ерга омнес". Или, пак, надвор ќе оди нецензурираната верзија. Така
единствено македонската дијаспора ќе може да оцени со каков алат нивните
претци ја освоиле Америка. А домашната публика што веќе го гледала
филмот во оригиналната верзија, ќе оди на превоспитување. На бришење на
деталите од меморијата. Категоризацијата на филмовите според
возраста на публиката зависи од тоа колку има насилство или експлицитни
сексуални сцени. Којзнае што сè ни гледаат децата во турските серии под
будното око на бабите? Сулејман кога сече глави не е страшно, нели? Тоа
ли е во функција на научнообразовниот процес? Или кога мајката ги избира
невестите на синовите - тоа е во духот на традицијата? Кога мажите си
ги тепаат жените тоа не се сцени за кратење, оти сигурно има логично
оправдување - Што повеќе ја тепам тоа повеќе ме сака. Кога малолетнички
не смеат да абортираат, па раѓаат дури и по цена да умрат - и тоа не е
спорна сцена оти така бара верата? И сето тоа го даваат на телевизија,
преку цел ден и во ударни термини и сите можат да гледаат. Па тоа не е
проблем за научнообразовниот процес. Како сега одеднаш голо тело во
уметничко дело, па макар тоа било и машко, треба да се забрани?
5 Кога
сме веќе кај малолетници што под присила раѓаат деца како во турските
серии, завчера на вести на една од националните телевизии изгледав долг
прилог со јавување во живо од Куманово дека кај нас расте бројот на
малолетни мајки. Можеби е необично, но станува логично. Прво одеше
кампања за трето дете. Потоа одеше кампања за штетност на абортусот. Па
со закон се искомплицира процедурата и се отежни абортусот. Па сега се
размислува со закон да се натераат газдите да го плаќаат породилното
отсуство, па отпосле да си бараат пари од државата. Како последица
на оваа низа владини мерки, ако жената сака ем да стане мајка ем да тера
кариера, најдобро е да раѓа додека е малолетна. Па кога ќе ги израсне
децата на некои 25 до 30 години, ќе има време за кариера дури и во
приватна фирма. Со израснати деца и со ветување дека нема да го повтори
делото, газдата сериозно ќе ја земе предвид нејзината апликација за
работа.
6 Министерството
за здравство ги следи технолошките достигнувања во комуникациите. Како
продолжение на проектот "Ало, докторе", кога пациенти на телефон им се
јавуваат на специјалисти за разни болести, од пред два дена
Министерството воведе Фејсбук страница "Здрава бременост". Трудниците,
покрај тоа што би требало редовно да одат кај матичниот гинеколог на
преглед, сега ќе можат и на компјутер, додека седат на Фејсбук, да
испраќаат прашања до гинеколозите од Државната клиника во Скопје.
Интимноста е загарантирана. Освен ако некоја трудница намерно или
ненамерно постави слика на објектот што вообичаено е предмет на интерес
при гинеколошки преглед. Со помош на паметните телефони и самослик
технологијата, се доаѓа до таканаречено "вагинално селфи" кое лесно се
постира на Фејсбук и понатаму, со споделување, ќе биде предмет на
разгледување на тие што се за тоа најповикани. Па после, ако сè е во
ред, специјалистот ќе кликне лајк. Исто така, може да напише и коментар
под сликата и да отвори широка дебата. Согласно принципите на
медицината базирана на докази.
7 Фејсбук страница за специјалист уролог во моментов не се разгледува како опција. Не се вклопува во научнообразовниот процес.
Вие не може да внесувате нови теми на форумот Вие не може да одговарате на теми на форумот Вие не може да ги бришете вашите пораки од форумот Вие не може да ги менувате вашите пораки од форумот Вие не може да креирате анкета на форумот Вие не може да гласате на форумот