IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > Македонија и Свет > Историја
  Активни теми Активни теми RSS - Ѓорѓи Сугарев
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

Ѓорѓи Сугарев

 Внеси реплика Внеси реплика
Автор
Порака
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Тема: Ѓорѓи Сугарев
    Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:22
Ѓорѓи Сугарев (Георги Сугарев) е македонски револуционер и битолски окружен војвода на ВМОРО

Ѓорѓи Сугарев роден во град Битола во 1876 година во семејство од крајно сиромашни родители. Преживеаната мизерија во него раѓа омраза спрема несправедливоста и нееднаквоста. Уште во детските години тој ја почувствувал омразата и кон поробителот, а во младинските години таа добива се поголем и поголем размер.

Не успевајќи да заврши IV. клас во Битолската гимназија, поради големите семејни оскудици, тој ја напушта гимназијата и ѝ се оддава на учителската кариера, преку којашто успева да го прави тоа што најмногу му лежи на срце: да го буди народот и да го учи, како да се бори и умира за својата слобода. Тој учителствува во градот Битола, Битолската и Кичевска околија.

Во 1901 година, незадоволен од легалната дејност, Сугарев станува четник во Демир Хисарската чета на војводата Никола Русински. Истата година, тој е избран за член на раководното тело на битолската револуционерна организација, и за да може да ја исполнува дадената организациска должност, пак станува учител во Битола. Но шумниот град и арогантните чорбаџии создаваат презир во душата на Сугарев. Градскиот живот не ја задоволувал возвишената боречка душа на овој пламенит борец.

Тој ја напушта Битола и со неколкумина другари започнува нелегална дејност во Битолската околија. Тој го челичи револуционерното сознание сред своите четници и, следствено, мнозина од нив стануваат војводи. Сугарев оди секаде, каде што се чувствува потреба од неговата смела организаторска вештина. Тој го преминува цело Демир-Хисарско, Кичевско, Ресенско, Крушевско и Поречјето.

Сугарев ги сака селаните и по цели ноќи да води разговори со нив за револуционерните, селските и домаќинските работи. Тој е извонредно тивок, спокоен и прагматичен: сака да ислушува и секогаш е справедлив во својата проценка по какво и да е прашање. Тој има тврд карактер и силна воља, крајно упорен во расудувањето и никогаш не отстапува од еднаш земеното решение на дадено прашање. Тој ги поседувал сите квалитети за еден добар организационен раководител.

До Илинденското востание Сугарев го организира населението за борба и агитира.

Сугарев учествува како делегат во Смилевскиот конгрес во 1903 година кога се зема решение за дигање на вооружено востание во Македонија, и е назначен за горски началник во Битолско. Илинденската епопеја го затекнува Сугарев во селата околу Битола. Уште од самиот почеток на востанието на 2 август 1903 (20 јули стар стил), војводата Сугарев учествува во завземањето на селата околу Битола. Цели 3 месеци здружените чети под негова команда војуваат против многуилјадниот противник. Водејќи десетици ожесточени битки против Осмалиската војска, тивкиот, скромниот и секогаш молчеливиот челичен борец создава легенди за него сред местното население. Тој се претвора во легенда за време на битката кај село Ѓавато, каде што со својата храброст и себеотрекување тој на востанатиот народ му дава пример како се војува за својата земја.

По крајот на Илинденското Востание, во коешто мнозина смели борци беззаветно ги ставаат своите животи пред олтарот на слободата — малцина од раководителите остануваат во нивните реони. Во Битола и Битолско раководните лица на организацијата се наоѓаат во ужасна состојба. Мнозина се очајани - Но Сугарев е еден од првите следбеници на Даме Груев, којшто со стоицизам ја преживеа страшната катастрофа. Тој ги гледа и ги чувствува болките народни, но не плаче, туку со својата непринудена блага насмевка, почнува да утешува и ободрува: „Ако турците сега успеаа да го задушат востанието, при друг случај не ќе можат да го сторат тоа и ќе дојде ден голем, во којшто ќе изгрее, како ѕвезда зорица, саканата слобода на Македонскиот народ”.

После востанието, Сугарев најмногу работи на борбата против Грчката и Српската вооружена пропаганда. По неколку успешни акции против гркомански и грчки чети во Битолско, по барање на Велешката организација, Даме Груев го испраќа Сугарев во Велешко, за да внесе една поинтензивна борба против Српската вооружена пропаганда.

Ѓорѓи Сугарев пристигнува во Велешко на 25. август 1905 година. Тука се сретнува со војводите Јован Алабакот и Панчо Константинов, кои во тој момент се во меѓусебен конфликт. Сугарев ги седнува на една маса, и со својот благ тон успева да ги смири и да ги убеди дека само со заеднички сили ќе можат да се справат со српските четници инфилтрирани во Поречјето (Прилепско) и Азот (селата околу Богомила - Велешко).

Следните неколку месеца здружените чети на Константинов, Алабакот и Сугарев, под команда на Ѓорѓи Сугарев постојано ги обиколуваат селата во Поречјето и Велешко во потрага по србоманските чети на Глигор Соколовиќ. Сугарев во секое село држи говор и ја цементира вољата на народот за борба и издржливост во тие тешки времиња. Српските четници, согледувајќи ја моќта на таа здружена чета на ВМОРО под команда на Сугарев, ја избегнуваат секоја средба со неа.

Сугарев е немилосрден кон платените агенти на српската пропаганда. Додека е во Велешко и Прилепско, тој ликвидира десетина српски агенти - меѓу кои и неговиот сопствен чичко, којшто ја предава здружената чета на турките власти. Два пати четата има судир со турки аскер. По наредба на Сугарев се убиени и братот и внукот на Јован Бабунски (водичот на Српските четници во Велешко) затоа што ја предаваат четата.

Само еднаш се стигнува до поголема битка меѓу четите на ВМОРО водени од Сугарев, и четите на Србите водени од Соколовиќ - на 25 Септемврии 1905 година во село Ореше. Во разгорот на битката пристигнува аскер, и четите се приморани да се повлечат од битката.

Значењето на престојот на Сугарев во Поречјето и Азот, е во тоа што успева да ги капсулира српските четници, и не им дозволува да излезат од Поречјето - затоа што целта на СЧП (Српски четнички покрет) е да го пробие фронтот на ВМОРО, и да стигне е до јужна Битола, каде што да стапи во контакт со Грчките андарти, и со тоа ВМОРО да биде парализирано.

Во зимата на 1906 година, една српска чета од Поречјето успева да го пробие обрачот на ВМОРО и да се инфилтрира во Кичевско, со коешто се загрозува Крушевско, Демир Хисарско, Охридско и Струшко. Сугарев веднаш го напушта Велес и се преместува во Кичевско, каде што успешно ја разбива локалната српска чета, и го ослободува Кичевско од четниците на Српската пропаганда.

Пролетта на 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолското окружно тело му наредува на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти таму.

Во тоа време, Петар Лигушев, началникот на Битолската окружна организација заради лични интереси станува предавник, и започнува на Битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на Битолскиот валија му ја кажува маршутата на четата на Сугарев која е на пат кон Мариово за пресметка со андартите. Точно кога на утрото на 24 март 1906 година Сугарев пристига во село Паралово, кон селото се испраќа илјадна војска која го опколува селото. Се започнува битка која трае до пладне.

Жртвите на турците се големи, но четата нема возможност да го скрши обрачот. Гледајќи дека нема излез, Ѓорѓи Сугарев ги испукува сите к*ршуми, а со последниот се самоубива. Со него умира и целата негова чета од 21 души.

Ѓорѓи Сугарев е еден од мнозината скромни и предани дејци на македонското ослободително дело кои што умреле со оружје в рака сред виорот на нерамната борба против непријателите на потиснатиот македонски роб.

Има уште една непотврдена верзија за смртта на Ѓорѓи Сугарев,која е пренесена од колено на колено и врти помеѓу Битолчани. Сугарев добива писмо од страна на четник во кое се вели дека треба да дојде во Јени Мале во Битола на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата таму поради тоа што не можат да одлучат кој да биде месен војвода, исто така и за да се пресмета со грчките андарти кои почнуваат сериозно да го повредуваат населението. Писмото е напишано и испратено од Петар Лигушев. Сугарев како задолжен за тие работи се упатува кој тој реон. Во меѓувреме Лигушев го набедува селскиот поп(кој бил пијаница и неранимајко) да му каже на Сугарев кога ќе дојде дека Лигушев ќе го чека кај манастриот, а во исто време им дава до знаење на турците дека четата на Сугарев со самиот Сугаре на чело ќе биде дојдена на тоа место. Сугарев оди на местото и е пресретнат не од Лигушев туку од неброен Аскер. Четата на Сугарев брои 25 луѓе кои тој ги раководи. Нападнати од Турците и не мајќи можност за бегање, почнуваат долга борба која траела цела вечер. Утредента на местото на настанот се пронајдени 24тела, а едно не е таму. Токму телото на Ѓорѓи Сугарев. Е сега прашањето е како Сарафов го уби Сугарев? Сарафов и Сугарев двајцата биле под Даме Груев и имале колку толку исти привилегии, Лигушев работел за Сарафов и се верува дека добил наредба од него да го намести Сугарев. Ѓорги Сугарев по тешката борба со Аскерот, е тешко ранет, но не и мртов. Како што знаеме сите и како што верувам сме учеле по книгите е дека Сугарев се самоубива, а некои други дека Сугарев е убиен од страна на Турците. Вистината е дека Сугарев вечерта успева да избега, смрто ранет доаѓа во селото кога паѓа мрак и се обидува да најде медицинска помош. Тогаш е пресретнат од Лигушев или од Црни Петар кои го докрајчуваат. Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка се најдени до ден денешен. Ниту пак по долго долго пребарување на планинските места е пронајден трупот негов од страна на Турците. Месното население во реонот почнува да се прашува каде е Сугарев и дали сѐ уште е жив.

“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:23


“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:24
Песна за Ѓорѓи Сугарев

Заплакало е Мариово, заплакало
за тој ми Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугарев
каде си Ѓорѓи сега да дојдиш
леле да стигниш
од душманите да не к*ртулиш.

Извикна Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугарев, подвикна
од Демир Хисарските балкани
Слушам ве народ, народ поробен,
леле измачен
слушам ви гласој, гласој жалосни

Сега за скоро јас ќе дојдам, ќе пристигнам
со триесет одбрани момчина
сите со куси манлихери, манлихери
сите со наган револвери.

Кога пристигна Ѓорѓи Сугарев, пристигна
во тоа село Паралово
Бог да ги бие шпиуните, Параловци
Сугарев што го предадоја

Слушај бре ваму Ѓорѓи Сугарев, послушај
ако сакаш жив да к*ртулиш
накачи горе кај чукарите, кај манастирот
ако да сакаш жив да се спасиш

Тогаш се Ѓорѓи, Ѓорѓи излага, се прелага
накачи горе кај чукарите
кога ќе види, што ќе види, Ѓорѓи Сугарев
од сите страни Ѓорѓи сардисан.

Тогаш извикна Ѓорѓи Сугаре, провикна
на неговата верна дружина
фрлајте гуни и пусија, леле пусија
живи на душман не се давајте.

Згрмеја пушки, пушки аскерски, во залпови
цела дружина му ја избија
Тогаш извади наган револвер, Ѓорѓи Сугарев
самиот крвта си ја пролеа
самиот крвта си ја пролеа, Ѓорѓи Сугарев
жив на душмани не се предаде.




Со новите истражување докажано е дека не биле параловци шпиуни туку дека други го предадоа Ѓорѓи Сугарев
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:25
Ѓорѓи Сугаре е роден во Битола, станува член на Тморо во 1901 година.
Активно зема учество во Битолскиот регион за време на Илиднен каде што мобилизира огрмони војски, скоро секое село од Битолско зема учество.
Спред кажувањата на војводата Славејко Арсов огромен број на Комити за време на Илинден биле од Битола и во Битолскиот реон 96% од населението земало активно учество во Револуцијата.
По катастрофалните порази, многу од војводите заминуваат за Бугарија со цел да се спасат од теророт и апсењата кои ги вршеле Турците.
Но Сугарев наместо да ја напушти Македонија, почнува со возобновување на организацијата, кој треба да работи под Команда на Даме Груев за да се рехабилитира организацијата и да се стават нови војводи и управители на месните комитети.
Сугарев токму тоа и почнува да го прави.
Верувам многумина ја слушале песната "Заплакало е Мариово"каде што се збори како загинува Ѓорги Сугарев, наводно предаден од Параловци(т.е Паралово место во Мариовско).
Но сепак народната песна не ја открива правилната вистина за овој чесен војвода, херој во очите на народот, човек кој никогаш не го ставал индивидуализмот пред Македонија, човек кој секогаш бил тука за народот.
Вистината е следнава: Сугарев добива писмо од страна на четник во кое се вели дека треба да дојде во Јени мало на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата таму поради тоа што неможат да одлучат кој да биде месен војвода, исто поради причината за да се пресмета со грчките андарти кои почнуваат сериозно да го повредуваат населението. Писмото е напишано и испратено од Петар Лигушев. Сугарев како задолжен за тие работи се упатува кој тој реон. Во меѓувреме Лигушев(на некои познат како Легушев) го набедува селскиот поп(кој бил пијаница и неранимајко, не зборат за отецот Мирабо бидејќи како што знаеме тој е поданик на Даме Груев и се смета за еден од најчесните луѓе во организацијата) да му каже на Сугарев кога ќе дојде дека Лигушев ќе го чека кај манастриот, а во исто време им дава дознаење на турците дека четата на Сугарев со самиот Сугаре на чело ќе биде дојдена на тоа место.
Сугарев оди на местото и е пресретнат не од Лигушев него од неброен Аскер. Четата на Сугарев брои 25 луѓе кои тој ги раководи. Нападнати од Турците и немајќи можност за бегање, почнуваат долга борба која траела цела вечер.
Утредента на местото на настанот се пронајдени 24тела, а едно не е таму. Токму телото на Ѓорѓи Сугарев.
Е сега прашањето е како Сарафов го уби Сугарев?
Сарафов и Сугарев двајцата биле под Даме Груев и имале колку толку исти привилегии, Лигушев работел за Сарафов и верувам дека добил наредба од него да го намести Сугарев.
Ѓорги Сугарев по тешката борба со Аскерот, е тешко ранет, но не и мртов. Како што знаеме сите и како што верувам сме учеле по книгите е дека Сугарев се самоубива, а некои други дека Сугарев е убиен од страна на Турците. Вистината е дека Сугарев вечерта успева да избега, смрторанет доаѓа во селото кога паѓа мрак и се обидува да најде медицинска помош. Тогаш е пресретнат од Лигушев или од Црни Петар кои го докрајчуваат.
Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка се најдени до ден денешен. Ниту пак по долго долго пребарување на планинските места е пронајден трупот негов од страна на Турците.

Месното население во реонот почнува да се прашува каде е Сугарев и дали сеуште е жив.
Една вечер Петар Лигушев му дава писмо на извесен селанец нарачен Стојан да го однесе кај Ѓаконот(војвода од тоа место) и му кажува дека аскерот го бара и веќе се во неговата куќа. Стојан се упатува кон Ресенско, но почнува облен дожд по што писмото се наводенува, Стојан пробувајќи да го стави во својата капа решава да го отвори и да го стави само без плико, притоа откако го прочитал писмото увидува дека Лигушев му наредува на Ѓаконот да го убие Стојана поради тоа што се сомнева дека тој ја знае вистината за Сугарев.
Стојан се враќа во селото и живее во плевната на еден Албанец, кој притоа му кажува на Стојан дека Лигушев им предал листа со имиња на членови на Мро на аскерот. Сакал сите да ги убие поради тоа што се сомневал дека ја знаат вистината за Сугарев и сакал да ги заќути во нивното константно интересирање каде е Ѓорѓи.
По 3дена Стојан го пронаоѓа Петар и го пука од зад грб, но притоа Лигушев не умира, само е тешко ранет.
Овој текст го напишав со цел да се запознаеме со вистината затоа како умре Ѓорѓи Сугарев, да му одадеме помен на големиот војвода и борец на Македонскиот народ кој беше жртва на врховизмот и на предавниците.
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:27
Сугарев го убија врховистите

Наум Крстевски, Оклахома, САД

Ви го пишувам ова писмо со цел да исправам една голема историска неправда. Поточно, станува збор за смртта на Ѓорѓија Сугарев. Големата вистина закопана во македонската почва е дека тој не беше убиен од Турците, туку од врховистите. Ве молам, доколку ја почитувате вистината, обрнете внимание и прочитајте го!

Верувам, многумина ја слушале песната „Заплакало е Мариово“ каде што се зборува како загинал Ѓорѓи Сугарев, наводно предаден од параловци( Паралово место во Мариовско). Но, сепак, народната песна не ја открива вистината за овој чесен војвода, херој во очите на народот. Вистината е следна: Сугарев добива писмо од страна на четник во кое се вели дека треба да дојде во Јени Маало на разговор околу тоа како да се среди ситуацијата таму поради тоа што не можат да одлучат кој да биде војвода. Се моли да дојде и поради дејствувањето на грчките андарти, кои го напаѓаат населението. Писмото е напишано и испратено од Петар Лигушев.

Сугарев како задолжен за тие работи, се упатува кон тој реон. Во меѓувреме, Лигушев (на некои познат како Легушев) преку селскиот поп ќе му каже на Сугарев дека ќе го чека кај манастирот, а во исто време им дава до знаење на Турците дека четата на Сугарев е во него. Сугарев оди на местото и е пресретнат од неброен аскер. Четата на Сугарев брои 25 луѓе, кои ги раководи тој. Нападнати од Турците и немајќи можност за бегање, почнуваат долга борба која траела цела вечер. Утредента на местото на настанот се пронајдени 24 тела, а едно не е таму. Токму телото на Ѓорѓи Сугарев! Овој бил тешко ранет, но не и мртов. Како што знаеме сите и како што, верувам, сме учеле по книгите, Сугарев се самоубива. Вистината е дека Сугарев вечерта успева да избега, доаѓа во селото кога паѓа мрак и се обидува да најде медицинска помош. Тогаш е пресретнат од Лигушев или од Црни Петар кои го докрајчуваат. Телото на Сугарев ниту пак неговата пушка не се најдени до ден денешен.
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:28
ВЕЧНА ТИ СЛАВА ДРАГ БИТОЛЧАНЕЦ
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Јуни.2010 во 12:30


“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 18.Април.2012 во 18:11
Загинувањето на Ѓорѓи Сугарев
Автор: Здравко Божиновски   


ПОДМОЛНОТО ПРЕДАВСТВО

Пишува: Здравко Божиновски

Додека ние се бориме, некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатства: 800 наполеони наменети за купување чифлиг во кој требаше да се згрижат најбедните битолски семејства, завршија во џебовите на Петруш Американчето кој со парите купи чифлиг, но тапијата ја извади на свое име; Јани Скајо си купи неколку продавници за леб на Ат-пазар; Никола Брашнарот - Кусиот отвори неколку продавници  за брашно; Никола Кожуварот и Миле Гајдаџијата даваа пари со лихва на луѓето што заминуваа на печалба.

Ѓорѓи Сугарев, најславниот битолски и еден од најопејаните илинденски јунаци, окружен војвода и делегат од Битолскиот крај на Смилевскиот конгрес во 1903 год. горски началник на Пелистерскиот реон и ревизор на четите во Битолско, Ресенско и Демирхисарско за време на Илинденската револуција, загина со неговата чета на 5 април 1906 г. (23 март ст. ст. ), во борба со многубројниот турски аскер и башибозукот, во голите ридови над мариовското Паралово. Познат како непоткуплив и бескомпромисен борец против носителите на туѓите пропаганди, врховистите, гркоманите, србоманите и другите предавници, тој падна како жртва на такво предавство извршено од битолските врховисти на чело со Петре Котев Лигушoв, познат како Петре Лигушо, тогашен секретар на Битолскиот окружен комитет, некогашен баирски учител, внатрешен врховист поврзан со битолскиот валија. А директната причина за предавничко-егзекуторскиот чин беше отворената страшна критика упатена против нив од страна на Ѓорѓи Сугарев заради

Кражбитe и малверзациитe

сo паричните средства собрани за револуционерни цели. Во втората половина на 1905 год., Ѓорѓи Сугарев, оперирајќи во Битолско и Прилепско, беше информиран за нивните малверзации. Така, 800 наполеони собрани од чифлигсајбиите во Битолско и наменети за купување чифлиг источно од Генимале, во кој требаше да се вработат и згрижат најбедните битолски семејства, завршија во џебовите на Петруш Американчето кој со парите купи чифлиг, но тапијата ја извади на свое име; Јани Скајо си купи неколку продавници за леб на Ат-пазар; Никола Брашнарот - Кусиот отвори неколку продавници за брашно; Никола Кожуварот и Миле Гајдаџијата даваа пари со лихва на луѓето што заминуваа на печалба и т. н. Огорчен од овие сознанија, без претходна најава, една ноќ Ѓорѓи Сугарев конспиративно влезе во Битола и тајно отседна во домот на Чомовци, на Баирот. Преку курир веднаш ги извести членовите на битолското окружно раководство, односно актерите во паричните малверзации, дека е дојден да изврши ревизија во касата на Организацијата, давајќи им доволно време да се подготват. Во меѓувреме, тој со секој од нив контактираше поединечно, барајќи од секого точни податоци за тоа кој и од кого колку пари зел и на кого ги предал, запишувајќи го сето тоа во својот бележник, спречувајќи го на тој начин нивниот евентуален меѓусебен договор. Најпосле, ја закажа и самата средба со нив, која се одржа во просториите на денешното училиште „Кирил и Методиј“. На средбата тој отворено им се обрати на присутните, нагласувајќи дека во Окружното раководство се вгнездени нечесни луѓе кои работат само за личните интереси и дека физички ќе ги ликвидира! Потоа од секој присутен побара да реферира за „своите“ пари. Тогаш еден од присутните направи фатална грешка која заврши со негова физичка ликвидација на самото место. Иако за чесниот и темпераментен карактер на Сугарев знаеја сите, тој го испровоцира на најдрзок начин Сугаревото, преоѓајќи во циничен контранапад: како тоа нему, на Сугарев, никој не му бара

Отчет за кокошките

и јајцата што ги јаде по селата? Во неизбежниот судир тој беше ликвидиран од двајцата придружници на Ѓорѓи Сугарев, после што сите останати панично се разбегаа.

„Џабе ни бил трудот! - се пожали наредната вечер Ѓорѓи Сугарев при средбата со своите домашни. – Додека ние се бориме, некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатства!“

Смртниот страв што зафати дел од членовите на битолското окружно раководство ги натера заеднички да се мобилизираат во напорот за физичко ликвидирање на Сугарев. Тие многу добро сфатија дека во прашање е или тој - или тие. Токму затоа ја искористија приликата што набргу им се укажа, извршувајќи го најподмолното предавство во Битолско, кое, за жал, заврши трагично за војводата Ѓорѓи Сугарев и неговата чета!

Стефан Аврамов вака го опишува тоа: „Кон Ѓорѓи Сугарев, Ѓорѓи Попхристов, Ѓаконот Евстатиј и други организирани дејци, Лигушо чувствуваше голема омраза и тој се реши преку предавства да се ослободи од нивната беспоштедна критика. Ѓорѓи Сугарев беше една од неговите први жртви“.

Крвавото злосторство извршено од една грчка андартска чета во с. Ивени беше толку посакуваната прилика за физичко ликвидирање на Сугарев која Петре Лигушо не ја пропушти. Од името на битолското окружно раководство тој по курир испрати писмо до Сугарев во кое ги изнесе андартските злосторства и побара неговата чета здружена со четите на ресенскиот војвода Ѓаконот Евстатиј (Црниот војвода), прилепскиот војвода Крсте Гермов Шакир, војводата од Битолско, Велко Скочивирски, да преземат казнени aкции против андартските чети во Мариовско. Од моментот кога го доби писмото па сè до неговото загинување во голите ридови над Параловскиот манастир, за релативно кратко време Сугарев со својата чета посети преку петнаесет села во битолскиот дел на Пелагонија, поминувајќи многу долг пат низ просторот во форма на неправилен триаголник - од Смилево на запад, Лознани на север, па сè до Гнилеж и Паралово на исток. Како за толку кусо време Сугарев успеа да посети толку многу села, минувајќи толку голем пат? Неговата чета, всушност, беше коњички ескадрон во кој секој нов борец влегуваше со комплетно опремен коњ!

Тогаш Петре Лигушо, играјќи ја до крај својата

Перфидна игра

напиша две нови писма, едното до војводата Евстатиј, со кое го повика во Битола наводно на разговор со окружното раководство, а второто до Сугарев, наложувајќи му веднаш да тргне за Мариово, и дека војводата Евстатиј ќе му се придружи во текот на патот.

Сугарев го напушти Могила и на 3 март (22 март ст. ст. ) стигна во Беранци, отседнувајќи во куќата на Веле Мачкаро. Оттука тој му испрати писмо на Димитрија Цветановски во Чарлија со кое го задолжи да ја води четата преку Битолското Поле, а Веле Оџовски и Веле Нечовски од Беранци требаше да му помогнат на Сугарев во пополнување на четата со нови борци. До Беранци четата ја водеше (Ј)Аким од Бабино, а оттаму, водена од Димитрија Цветановски од Чарлија таа го почна своето големо и брзо патешествие.      Стигнувајќи во Лознани, последното што го посети на север, каде му се приклучија тројца комити од, тој со четата тргна назад и влезе во Вашарејца отседнувајќи во куќата на Кочовци. Потоа, преминувајќи ја Црна стигна во Долно Чарлија од каде што Димитрија Цветановски заедно со селската милиција ги поведе преку Радобор и вечерта влегоа во Горно Агларци каде што отседнаа во куќата на Нечо Кобиловски, чекајќи го Ѓаконот Евстатиј. Сугарев не можеше ниту да претпостави дека, всушност, пиеше и разговараше со својот крвник! Од ова потекнува и самиот Петре Лигушо!

Бидејќи Црниот Војвода не дојде, доцна вечерта Сугарев со четата го напушти Агларци и без Димитрија Цветановски кој со селската милиција се врати назад, минувајќи низ синорите на селата Мегленци и Суводол, по коловозниот пат стигна директно во Врањевци. Еве како престојот на четата во ова го опишува стариот Блаже Трајчев Ербовски, тогаш 14 годишно момче, во чија куќа отседна Ѓорѓи Сугарев.

„Сугаре тогаш беше во Демирхисарско... Оттаму тргна со четата, од демирхисарските планини, и одеше сè по Црна Река... Во дружината тогаш имаше над десетина души – комити, сите со коњи... Идејќи наваму, од селата кадешто помина им се придружија уште десетина комити, и тие со коњи. Така, неговата дружина имаше над дваесет души. Идејќи откај Чарлија, Радобор, Агларци, стигнаа овде во Врањевци околу два саато по полноќ...

Стигнаа до нашето гумно. Ние имавме големи овчарски пци. Тие силно залааја, ама не беше како на дивина... како на луѓе лаеја... Татко ги сети и одма стана од постела. Го зеде големиот овчарски стап што стоеше во тремот и одма отрча низ темнината кај гумното... И, гледа стојат многу коњи, а на нив качени луѓе со пушки на рамо... Татко ја отвори лесата (вратата) и сите влегоа внатре.

Беше пролет време, свежа априлска ноќ. Околу денот Благоец беше, сабота или недела, така мислам. Времето беше малку облачно, повеќето ведрина, а имаше и месечина малку, уштип беше, која кон два саатот зајдуваше, тогаш кога дојдоа луѓето... Вечерта заврна малку снеже горе на ридот, над манастирот параловски, како прашинка беше. Кога угреа сонцето, одма се стопи... “

Кратко време по заминувањето на Сугарев со четата од Агларци, Нечо Кобиловски со коњ замина за Битола. Неговото поминување низ ова го забележаа селаните. Истата ноќ, некаде пред осунување, стражите забележаа како дваесетина турски коњаници пројурија во правецот на Горно Ореово.

Нечо Кобиловски беше теренската алка која го комплетираше крвавиот предавнички заговор. По разговорот во својот дом со војводата Сугарев, при што од прва рака ја дозна маршутата на четата, тој ја пренесе веста до Петре Лигушо во Битола, а тој го извести битолскиот валија кој веднаш ги активира трите турски гарнизони – леринскиот, воденскиот и прилепскиот! Благовременото вклучување во

Потерата

на трите околни турски гарнизони ја потврдува крвавата предавничка улога на битолското окружно раководство, а ангажирањето на толку големи воени ефективи, исто така, го потврдува фактот дека во план беше ликвидирање на спомнатите комитски чети, а не само четата на Ѓорѓи Сугарев! Меѓутоа, планот во целост не им успеа: другите војводи ја избегнаа смртоносната стапица.

Прилепската организација преку своите луѓе, Турци, вработени во општината и гарнизонот, дозна за акцијата и веднаш преку курир го извести војводата Крсте Гермов Шаќир дека од Прилеп тргна силна потера за Мариово предводена од Исмаил-ефенди, и дека тој, Шаќир, треба да се засолни на безбедно место! Писмото со кое Горѓи Сугарев му закажуваше средба на Ѓаконот Евстатиј, а кое заврши во рацете на Петре Лигушо, Ѓаконот го доби дури наредниот ден и веднаш ноќта тргна за Агларци, но Сугарев веќе беше заминат од. Поради многубројните потери, Ѓаконот беше принуден да се откаже од средбата со Сугарев и да се засолни во Карамани.

Незнаејќи ништо за овие предавнички игри на битолското окружно раководство, Сугарев одеше кон смртоносната стапица. Многу интересен опис на ликот на Сугарев дава Блаже Трајчев Ербовски: „Напраја муабет што напраја во гумното и татко ги викна дома. Само двајца дојдоа, Сугаре и негојот придружник, а другите останаа во гумното... По наредба на Сугаре тие слегоа од коњите и поставија стража... Го гледам така Сугаре и се чудам, иако беше слаба светлината од ламбата, ебаго - се познава човекот : пргав, серт, смел, зацрвенет во лицето како богасија, со мустаќи малку завиткани нагоре, а очите му играат како на сокол! Маликерот го држи во рацете, а нагантот му свети на појасот! Кајшто зборува – зборувано е, сече со зборојте! Кажуваше од каде иделе, каде врвеле, каде оделе... Побара само една чаша вода, да се напие. Праша дали се јави војводата Велко Скочивирски. Татко му рече дека до сега никој се нема јавено... Се поздравија и излегоа оддома. Секој си го зеде својот коњ, а потоа по наредба на Сугаре се качија на коњите. Татко ја отвори лесата и тргнаа... Свртија надолу под, а потоа на југ. До разденување имаше уште два-три саати. Ќе одеа кон Гнилеж. Патот е долг, а тие таму требаше да стигнат пред разденување... “

Бидејќи не се сретнаа во Врањевци, со војводата Велко од Скочивир требаше да се сретнат во синорот балдовенски кај реката Гропешка, во долот каде што сега се наоѓа споменикот Чупата, од каде заедно требаше да заминат за Гнилеж. Токму во тоа време војводата Велко со својата дружина доаѓаше на закажаната средба, но оддалеку во мракот не ја препозна колоната коњаници (четата на Сугарев) и мислејќи дека е аскерот, се скрија во блиските трње и капини, без да им се јават. Бидејќи наскоро и нив ги раздени, тие се повлекоа во старите врањевски лозја, на денување.

Војводата Сугарев со четата се искачуваше нагоре по ридот кон Големиот Камен балдовенски, мислејќи дека Велко бил спречен да дојде на средбата во Гропешка Река, и тргна кон Гнилеж. Кај Три Браќа, всушност, три големи високо исправени камења кои претставуват ориентир за целата околина, ги раздени и тие се засолнија во шумичката од блискиот дол. Дури вечерта тргнаа кон Гнилеж каде што Сугарев со четворица комити се смести кај Петко Бонев, а останатите комити во други куќи, поставувајќи стража. Стефан од блиското Полог, дознавајќи за доаѓањето на Сугарев, доцна вечерта дојде во Гнилеж, во домот на Петко Бонев, жалејќи се против војводата Велко од Скочивир дека му зел брав без да му го плати и побара од Сугарев или бравот да му се врати или да му се плати! Војводата му објаснуваше дека случајот му е познат, но дека, сепак, е потребна помош од населението и дека наскоро сето тоа ќе им биде надоместено! Стефан налутен ја напушти собата треснувајќи ја вратата, со зборовите: „Ќе видите што ќе ви направам!“ Тогаш Сугарев извади пари и му ги даде на Петко Бонев за да му гo плати бравот.

Утрото околу седум часот задишан дотрча селанецот што чуваше стража, поставен од Петко Бонев, и им соопшти дека далеку долу под, во месноста Мералци, забележа доста луѓе во темни униформи и со оружје како полека, со залегнување, се доближуваат кон! Сугарев скокна, пцуејќи: „Ах, мајката нивна, некој не предал!“ Не сакајќи да настрада, ја поведе четата пешки, водејќи ги коњите за уздите и тргнаа нагоре по долот, кон север. По силното лаење на кучињата од блиските стада покрај кои минуваше потерата Сугарев сфати дека непријателот е близу и дека целата месност е блокирана! Затоа нареди да се ослободат коњите, а тие да се подготват за евентуална борба. Аскерот, штом излезе на ридот над Гнилеж ја забележи четата и почна со стрелба. Комитите возвраќаа и така, со стрелба, почнаа да се искачуваат по јужната падина од месноста Страиште, кон Чукарите. Сугарев планираше преку Габерот, на североисток, да се пробијат кон буката ивенска од кадешто лесно ќе исчезнат во мариовските планини.

Меѓутоа, судбината им готвеше друго сценарио! Дваесетте турски коњаници кои ноќта тргнаа од Битола по доставата добиена од Нечо Кобиловски, односно Петре Лигушо, ги мобилизираа Албанците и Турците од Долно Ореово (башибозукот), поставувајќи ги во бројни заседи токму на тој правец! Крвавиот бој почна околу осум часот. Еве како тоа го опишува Блаже Ербовски: „Тоа беше на Благоец. Камбаната манастирска почна силно да бие. Ние си мислевме дека бие за празникот Благоец. Нашата камбана во Врањевци биеше за да одиме в црква. Ама овој глас на камбаната манастирска некако подруго биеше, нешто како збунето. Сигурно тие што живееја во манастирот ја видоа опасноста од борбата и даваа знак за тревога. И, кога ги слушнавме силните зачестени пукотници горе во коријата манастирска, си рековме дека има некоја борба со турскиот аскер, ама не знаевме дека е Сугарето со четата, оти тој замина во друг правец, кон Гнилеж. “

Со големата потера зад себе, која, всушност, беше аскерот стациониран во Скочивир, како дел од леринскиот гарнизон, четата возвраќајќи со стрелба брзаше по угорнината. Но, само што изби под Чукарите, од север, од блиската спротивна падина, неочекувано ги пречека плотун од битолскиот аскер пристигнат во текот на ноќта и во чиј состав беше башибозукот! Тоа беше дел од битолскиот аваџи-табор, специјална воена единица за борба против револуционерните чети. Неможејќи да свртат на североисток преку Чукарите, по голата падина на Страиште кон Грумази каде што ќе беа гола мета на леринскиот аскер, четата со борба почна да ја напушта голата западна падина на Страиште под Чукарита, залегнувајќи во грмушките од каде што продолжи да се брани. Меѓутоа, соединетиот аскер го затвори обрачот од југоисток и североисток и почна да ја притиска четата надолу низ Леската. Тогаш стапи на сцена башибозукот од Албанците од Долно Ореово поставени во густите заседи на блиската северозападна страна, односно присојната падина викана Невестата. Позицијата за четата стана смртоносна и комитите почнаа да паѓаат еден по еден. Немајќи друг излез, војводата Сугарев нареди преживеаниот дел од четата да почне со повлекување надолу кон манастирот, кон долот Пиоќ, а потоа низ шумата да срти на југ, кон Лингов Аргач.

Свесен за безизлезната ситуација, Сугарев го изврши познатиот јуначки саможртвен чин: останувајќи сам, легнат зад една грмушка и стрелајќи кон аскерите што настапуваа, се обиде да им обезбеди евентуална спасоносна отстапница на своите комити! Но, тогаш следуваше најстрашниот чин кај местото викано Затворена Вода, веднаш над манастирот, каде што падна скоро целиот останат дел од четата, ликвидиран од заседата поставена кај спротивната блиска карпа позната како Гулабарникот! Само еден борец од четата успеа да се спаси, Тодор Јуруко од Крстоар, Битолско!

За тоа време војводата Сугарев ја водеше својата

Последна борба

убивајќи многу аскери! Жителите од Паралово, слушајќи ги блиските пукотници, се искачија по стрмото патче избивајќи на главниот пат, северозападно од манастирот, таму каде што сега е споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Но, наеднаш престана гласот од маликерата на војводата, а потоа и истрелите на потерите. Стана јасно дека војводата остана без муниција, а собраните селани ги слушаа гласовите на Турците кои му викаа на Сугарев да се предаде, на што тој со пцости им одговараше дека жив нема да го фатат! Потоа се слушна само еден истрел, после што завладеа злокобна тишина.

Тоа беше последниот куршум од нагантот на војводата со кој тој замина во бессмртноста! Крвавиот и нерамноправен бој, кој со тоа заврши, траеше околу три часа!

По извесно време се слушнаа повици и команди на турски јазик после што почна пребарувањето низ коријата. Со неколку дополнителни истрели аскерите ги доубија ранетите комити! Околу пладне сè беше готово и потерите (аскерот и башибозукот) почнаа да се збираат на широчинката oд северната страна на манастирот, оставајќи неколку војници горе да ги чуваат загинатите.

Преку тешкиот терен телата можеа многу лесно да бидат пренесени со коњи и магариња, но турскиот офицер го забрани тоа, нагласувајќи дека телата мораат да бидат донесени со влечкање, а не со носење! Тоа беше гест на понижување! Селаните, сепак, некаде по двајца, некаде по тројца, ги пренесоа крвјосаните и изнакажани мртви тела на носила направени од гранки, до непосредна близина на манастирот, од каде ги завлечкаа за да ги избегнат последиците од јароста на офицерот! За околу два часа ги донесоа телата на сите убиени комити.

Телото на убиениот војвода, врзано со фортома, со црвен коњ беше довлечкано од двајца аскери, измасакрирано од посмртно нанесените убоди со куршуми и бајонети! Еден турски војник ги донесе пред офицерот, саатот, ќостекот и сето друго вредно што носеше Сугарев со себе. На селаните најстрого им беше забрането телата на убиените да ги погребат истиот ден!

Во меѓувреме, офицерот се искачи на една височинка и оттаму со дурбинот почна да разгледува надолу во полето, под Паралово, и веднаш забележа дека од југ, откај старите лозја врањевски, во Врањевци влегоа неколку коњаници. Кај него се јави сомнеж и тој веднаш се врати кај манастирот. На едниот дел од војската им нареди да ги соберат убиените турски војници и да ги пренесат во Битола. Беше околу 14 часот кога тој го јавна коњот и придружуван од коњаниците го поведе останатиот дел од аскерот кон Врањевци.

Горе кај манастирот почнаа да доаѓаат и други селани од Паралово и од Врањевци, мажи и жени. Над главите од мртвите комити запалија свеќи и жените почнаа со тажење. Поради топлото време мувите почнаа да се собираат врз пивтиосаната крв од мртвите, па жените со гранчиња ги растеруваа. Цела ноќ будни, ги чуваа убиените комити!

Известени за трагедијата, рано утредента стигнаа мажи со коњи од околните села од кои имаше загинати комити, ги товарија своите мртви и заминаа назад. Останатите мажи ги зедоа копачите и лопатите и почнааа да копаат гробови или да бараат камени плочи. Ископаа седум гробови за седумте останати убиени комити од подалечните места кои не можеа да бидат однесени. Жените ги завиткаа во веленца што претходно ги донесоа, поп ги опеа за покој на душите, и откако ги попрскаа со вино, ги положија во гробовите ископани спроти манастирот, на левата страна од патот (источно од сегашниот споменик на Сугарев), ги посипаа со земја и ги покрија со камените плочи. Кај главата на секој комита поставија исправена плоча, а над главата на мртвиот војвода, највисока плоча!

Единствен од четата на Ѓорѓи Сугарев кој

Успеа жив да куртули

од смртроносните заседи беше Тодор Јуриковски, познат како Тодор Јуруко од Крстоар, Битолско. Еве дел од неговите сеќавања за борбата и за неговото враќање во Крстоар.


„Многу лошо беше, внучко, - ми раскажуваше тој. - Аскер од сите страни, како плева, а ние малку. Ама војвода имавме - арслан! Голем страв му имаа Турците, пропагандите, ама и кодошите! Демек, не спотераа Турците од едно мариовско село (Гнилеж), ние нагоре по ридот. Тие пукај, ние пукај. Тамам го фативме сртот, од спроти нас не пречекаа плотуни од други аскери. А куршумите како роси – зип, зип! Ние удолу по долот. Удривме на друга заседа. Поганците скриени ти биле во карпите откарши, не се гледаат, само пукаат! Бааги наши паднаа! Ние неколку ја спраштивме кон југ, секој на своја старана. Арно ама, оттаму припука аскерот што не спотера утрото! Зорт работа, ќе се гини! Јас имав голема среќа – удрив на еден вир полн со вода што течеше во него и целиот покриен со лисја останати од есента. Студено беше, водата- мраз, ама животта мила, и јас – буп во вирот сосе пушката, под лисјата во водата, со носот зад млазот! Така куртулиф, Турците не ме најдоа.. !“

Повлекувајќи се од џбун до џбун, лазејќи и криејќи се, тој тргна кон Присојот. Кај Длабок Дол, односно кај Дупениот Камен, слушна рикање од говеда и ѕвон од клопотарци. Скриен зад еден голем камен внимателно се поткрена и виде говеда. Знаејќи дека таму каде што има говеда мора да има и луѓе што ги пасат, и кога потоа слушна човечки разговор, малку се успокои, но не им се јави. А волоарчињата, разговарајќи за борбата во Чукарите, побрзаа да ги вратат говедата назад во иако имаше сонце уште три остени. Тодор, криејќи се од камен до камен, одеше по нив, но стоплен од сонцето и совладан од уморот, задрема. Штрекнувајќи се, се разбуди и забележа дека говедата ги нема! Тие заминаа преку соседното ритче! Вознемирен потрча натаму, ги слушна ѕвонците и кога се искачи на ритчето ги виде говедата. Полека, со преместување и криејќи се, продолжи да оди паралелно со нив.

Кога вечерта стигнаа близу до, реши да им се јави и приближувајќи се малку до нив, се накашла за да го видат, а потоа им раскажа за борбата и пеколот низ којшто помина, и дека сака да оди во своето село. Тие зачудени како успеал жив да откине од страшниот обрач, му рекоа да ги почека тука, а тие кога ќе се потстемне за да не ги види никој, ќе се вратат и ќе му помогнат да продолжи кон Крстоар. Тој се засолни во една капина, а тие ги спотераа говедата. Момчињата се вратија без да ги забележи некој, го зедоа Тодор, му дадоа и нему стап за потпирање во мракот, го поведоа надолу по едно долче, и по долго одење стигнаа до Гнеотино. Таму најдоа други луѓе кои откако разбраа во што е работата, го поведоа понатаму, кон Црна Река. Говедарчињата се вратија назад во Балдовенци. Стигнувајќи до најтесниот дел од блатото, спроти Егри, од трските извлекоа лотка со која, провирајќи се низ трските и шамакот, требаше да стигнат на другиот брег.

„Арно ама, на средината од блатото, во густата трска, старата лотка почна да пропушта вода и да се полни, и ние скокнавме во водата до градите. Му реков на волоарчињата дека јас продолжувам пешки понатаму, а тие останаа да ја празнат водата од лотката и да се вратат назад. Одам така низ блатото, со тешка мака ги молкнам нозете од тињата, чевлите ми останаа во неа, и си велам : Ајде Тодоре, не е ништо ова за тебе. Ќе го голтнам, ако теба, и блатото, ќе стигнам во Крстоар и ќе си ја видам жената Петра.. !“

Тодор Јурукот ноќно време стигна во Крстоар и без да дознае никој од изваде пасош и веднаш замина за Америка, исто како што не дозна никој кога тој пред само три дена влезе во четата на Ѓорѓи Сугаре. Апсолутната конспирација го спаси неговото семејство од страшните турски репресалии.

“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,139 секунди.