ПОДМОЛНОТО ПРЕДАВСТВО
Пишува: Здравко Божиновски
Додека ние се бориме, некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатства: 800 наполеони наменети за купување чифлиг во кој требаше да се згрижат најбедните битолски семејства, завршија во џебовите на Петруш Американчето кој со парите купи чифлиг, но тапијата ја извади на свое име; Јани Скајо си купи неколку продавници за леб на Ат-пазар; Никола Брашнарот - Кусиот отвори неколку продавници за брашно; Никола Кожуварот и Миле Гајдаџијата даваа пари со лихва на луѓето што заминуваа на печалба.
Ѓорѓи Сугарев, најславниот битолски и еден од најопејаните илинденски јунаци, окружен војвода и делегат од Битолскиот крај на Смилевскиот конгрес во 1903 год. горски началник на Пелистерскиот реон и ревизор на четите во Битолско, Ресенско и Демирхисарско за време на Илинденската револуција, загина со неговата чета на 5 април 1906 г. (23 март ст. ст. ), во борба со многубројниот турски аскер и башибозукот, во голите ридови над мариовското Паралово. Познат како непоткуплив и бескомпромисен борец против носителите на туѓите пропаганди, врховистите, гркоманите, србоманите и другите предавници, тој падна како жртва на такво предавство извршено од битолските врховисти на чело со Петре Котев Лигушoв, познат како Петре Лигушо, тогашен секретар на Битолскиот окружен комитет, некогашен баирски учител, внатрешен врховист поврзан со битолскиот валија. А директната причина за предавничко-егзекуторскиот чин беше отворената страшна критика упатена против нив од страна на Ѓорѓи Сугарев заради
Кражбитe и малверзациитe сo паричните средства собрани за револуционерни цели. Во втората половина на 1905 год., Ѓорѓи Сугарев, оперирајќи во Битолско и Прилепско, беше информиран за нивните малверзации. Така, 800 наполеони собрани од чифлигсајбиите во Битолско и наменети за купување чифлиг источно од Генимале, во кој требаше да се вработат и згрижат најбедните битолски семејства, завршија во џебовите на Петруш Американчето кој со парите купи чифлиг, но тапијата ја извади на свое име; Јани Скајо си купи неколку продавници за леб на Ат-пазар; Никола Брашнарот - Кусиот отвори неколку продавници за брашно; Никола Кожуварот и Миле Гајдаџијата даваа пари со лихва на луѓето што заминуваа на печалба и т. н. Огорчен од овие сознанија, без претходна најава, една ноќ Ѓорѓи Сугарев конспиративно влезе во Битола и тајно отседна во домот на Чомовци, на Баирот. Преку курир веднаш ги извести членовите на битолското окружно раководство, односно актерите во паричните малверзации, дека е дојден да изврши ревизија во касата на Организацијата, давајќи им доволно време да се подготват. Во меѓувреме, тој со секој од нив контактираше поединечно, барајќи од секого точни податоци за тоа кој и од кого колку пари зел и на кого ги предал, запишувајќи го сето тоа во својот бележник, спречувајќи го на тој начин нивниот евентуален меѓусебен договор. Најпосле, ја закажа и самата средба со нив, која се одржа во просториите на денешното училиште „Кирил и Методиј“. На средбата тој отворено им се обрати на присутните, нагласувајќи дека во Окружното раководство се вгнездени нечесни луѓе кои работат само за личните интереси и дека физички ќе ги ликвидира! Потоа од секој присутен побара да реферира за „своите“ пари. Тогаш еден од присутните направи фатална грешка која заврши со негова физичка ликвидација на самото место. Иако за чесниот и темпераментен карактер на Сугарев знаеја сите, тој го испровоцира на најдрзок начин Сугаревото, преоѓајќи во циничен контранапад: како тоа нему, на Сугарев, никој не му бара
Отчет за кокошките и јајцата што ги јаде по селата? Во неизбежниот судир тој беше ликвидиран од двајцата придружници на Ѓорѓи Сугарев, после што сите останати панично се разбегаа. „Џабе ни бил трудот! - се пожали наредната вечер Ѓорѓи Сугарев при средбата со своите домашни. – Додека ние се бориме, некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатства!“ Смртниот страв што зафати дел од членовите на битолското окружно раководство ги натера заеднички да се мобилизираат во напорот за физичко ликвидирање на Сугарев. Тие многу добро сфатија дека во прашање е или тој - или тие. Токму затоа ја искористија приликата што набргу им се укажа, извршувајќи го најподмолното предавство во Битолско, кое, за жал, заврши трагично за војводата Ѓорѓи Сугарев и неговата чета! Стефан Аврамов вака го опишува тоа: „Кон Ѓорѓи Сугарев, Ѓорѓи Попхристов, Ѓаконот Евстатиј и други организирани дејци, Лигушо чувствуваше голема омраза и тој се реши преку предавства да се ослободи од нивната беспоштедна критика. Ѓорѓи Сугарев беше една од неговите први жртви“. Крвавото злосторство извршено од една грчка андартска чета во с. Ивени беше толку посакуваната прилика за физичко ликвидирање на Сугарев која Петре Лигушо не ја пропушти. Од името на битолското окружно раководство тој по курир испрати писмо до Сугарев во кое ги изнесе андартските злосторства и побара неговата чета здружена со четите на ресенскиот војвода Ѓаконот Евстатиј (Црниот војвода), прилепскиот војвода Крсте Гермов Шакир, војводата од Битолско, Велко Скочивирски, да преземат казнени aкции против андартските чети во Мариовско. Од моментот кога го доби писмото па сè до неговото загинување во голите ридови над Параловскиот манастир, за релативно кратко време Сугарев со својата чета посети преку петнаесет села во битолскиот дел на Пелагонија, поминувајќи многу долг пат низ просторот во форма на неправилен триаголник - од Смилево на запад, Лознани на север, па сè до Гнилеж и Паралово на исток. Како за толку кусо време Сугарев успеа да посети толку многу села, минувајќи толку голем пат? Неговата чета, всушност, беше коњички ескадрон во кој секој нов борец влегуваше со комплетно опремен коњ! Тогаш Петре Лигушо, играјќи ја до крај својата
Перфидна игра напиша две нови писма, едното до војводата Евстатиј, со кое го повика во Битола наводно на разговор со окружното раководство, а второто до Сугарев, наложувајќи му веднаш да тргне за Мариово, и дека војводата Евстатиј ќе му се придружи во текот на патот. Сугарев го напушти Могила и на 3 март (22 март ст. ст. ) стигна во Беранци, отседнувајќи во куќата на Веле Мачкаро. Оттука тој му испрати писмо на Димитрија Цветановски во Чарлија со кое го задолжи да ја води четата преку Битолското Поле, а Веле Оџовски и Веле Нечовски од Беранци требаше да му помогнат на Сугарев во пополнување на четата со нови борци. До Беранци четата ја водеше (Ј)Аким од Бабино, а оттаму, водена од Димитрија Цветановски од Чарлија таа го почна своето големо и брзо патешествие. Стигнувајќи во Лознани, последното што го посети на север, каде му се приклучија тројца комити од, тој со четата тргна назад и влезе во Вашарејца отседнувајќи во куќата на Кочовци. Потоа, преминувајќи ја Црна стигна во Долно Чарлија од каде што Димитрија Цветановски заедно со селската милиција ги поведе преку Радобор и вечерта влегоа во Горно Агларци каде што отседнаа во куќата на Нечо Кобиловски, чекајќи го Ѓаконот Евстатиј. Сугарев не можеше ниту да претпостави дека, всушност, пиеше и разговараше со својот крвник! Од ова потекнува и самиот Петре Лигушо! Бидејќи Црниот Војвода не дојде, доцна вечерта Сугарев со четата го напушти Агларци и без Димитрија Цветановски кој со селската милиција се врати назад, минувајќи низ синорите на селата Мегленци и Суводол, по коловозниот пат стигна директно во Врањевци. Еве како престојот на четата во ова го опишува стариот Блаже Трајчев Ербовски, тогаш 14 годишно момче, во чија куќа отседна Ѓорѓи Сугарев. „Сугаре тогаш беше во Демирхисарско... Оттаму тргна со четата, од демирхисарските планини, и одеше сè по Црна Река... Во дружината тогаш имаше над десетина души – комити, сите со коњи... Идејќи наваму, од селата кадешто помина им се придружија уште десетина комити, и тие со коњи. Така, неговата дружина имаше над дваесет души. Идејќи откај Чарлија, Радобор, Агларци, стигнаа овде во Врањевци околу два саато по полноќ... Стигнаа до нашето гумно. Ние имавме големи овчарски пци. Тие силно залааја, ама не беше како на дивина... како на луѓе лаеја... Татко ги сети и одма стана од постела. Го зеде големиот овчарски стап што стоеше во тремот и одма отрча низ темнината кај гумното... И, гледа стојат многу коњи, а на нив качени луѓе со пушки на рамо... Татко ја отвори лесата (вратата) и сите влегоа внатре. Беше пролет време, свежа априлска ноќ. Околу денот Благоец беше, сабота или недела, така мислам. Времето беше малку облачно, повеќето ведрина, а имаше и месечина малку, уштип беше, која кон два саатот зајдуваше, тогаш кога дојдоа луѓето... Вечерта заврна малку снеже горе на ридот, над манастирот параловски, како прашинка беше. Кога угреа сонцето, одма се стопи... “ Кратко време по заминувањето на Сугарев со четата од Агларци, Нечо Кобиловски со коњ замина за Битола. Неговото поминување низ ова го забележаа селаните. Истата ноќ, некаде пред осунување, стражите забележаа како дваесетина турски коњаници пројурија во правецот на Горно Ореово. Нечо Кобиловски беше теренската алка која го комплетираше крвавиот предавнички заговор. По разговорот во својот дом со војводата Сугарев, при што од прва рака ја дозна маршутата на четата, тој ја пренесе веста до Петре Лигушо во Битола, а тој го извести битолскиот валија кој веднаш ги активира трите турски гарнизони – леринскиот, воденскиот и прилепскиот! Благовременото вклучување во
Потерата на трите околни турски гарнизони ја потврдува крвавата предавничка улога на битолското окружно раководство, а ангажирањето на толку големи воени ефективи, исто така, го потврдува фактот дека во план беше ликвидирање на спомнатите комитски чети, а не само четата на Ѓорѓи Сугарев! Меѓутоа, планот во целост не им успеа: другите војводи ја избегнаа смртоносната стапица. Прилепската организација преку своите луѓе, Турци, вработени во општината и гарнизонот, дозна за акцијата и веднаш преку курир го извести војводата Крсте Гермов Шаќир дека од Прилеп тргна силна потера за Мариово предводена од Исмаил-ефенди, и дека тој, Шаќир, треба да се засолни на безбедно место! Писмото со кое Горѓи Сугарев му закажуваше средба на Ѓаконот Евстатиј, а кое заврши во рацете на Петре Лигушо, Ѓаконот го доби дури наредниот ден и веднаш ноќта тргна за Агларци, но Сугарев веќе беше заминат од. Поради многубројните потери, Ѓаконот беше принуден да се откаже од средбата со Сугарев и да се засолни во Карамани. Незнаејќи ништо за овие предавнички игри на битолското окружно раководство, Сугарев одеше кон смртоносната стапица. Многу интересен опис на ликот на Сугарев дава Блаже Трајчев Ербовски: „Напраја муабет што напраја во гумното и татко ги викна дома. Само двајца дојдоа, Сугаре и негојот придружник, а другите останаа во гумното... По наредба на Сугаре тие слегоа од коњите и поставија стража... Го гледам така Сугаре и се чудам, иако беше слаба светлината од ламбата, ебаго - се познава човекот : пргав, серт, смел, зацрвенет во лицето како богасија, со мустаќи малку завиткани нагоре, а очите му играат како на сокол! Маликерот го држи во рацете, а нагантот му свети на појасот! Кајшто зборува – зборувано е, сече со зборојте! Кажуваше од каде иделе, каде врвеле, каде оделе... Побара само една чаша вода, да се напие. Праша дали се јави војводата Велко Скочивирски. Татко му рече дека до сега никој се нема јавено... Се поздравија и излегоа оддома. Секој си го зеде својот коњ, а потоа по наредба на Сугаре се качија на коњите. Татко ја отвори лесата и тргнаа... Свртија надолу под, а потоа на југ. До разденување имаше уште два-три саати. Ќе одеа кон Гнилеж. Патот е долг, а тие таму требаше да стигнат пред разденување... “ Бидејќи не се сретнаа во Врањевци, со војводата Велко од Скочивир требаше да се сретнат во синорот балдовенски кај реката Гропешка, во долот каде што сега се наоѓа споменикот Чупата, од каде заедно требаше да заминат за Гнилеж. Токму во тоа време војводата Велко со својата дружина доаѓаше на закажаната средба, но оддалеку во мракот не ја препозна колоната коњаници (четата на Сугарев) и мислејќи дека е аскерот, се скрија во блиските трње и капини, без да им се јават. Бидејќи наскоро и нив ги раздени, тие се повлекоа во старите врањевски лозја, на денување. Војводата Сугарев со четата се искачуваше нагоре по ридот кон Големиот Камен балдовенски, мислејќи дека Велко бил спречен да дојде на средбата во Гропешка Река, и тргна кон Гнилеж. Кај Три Браќа, всушност, три големи високо исправени камења кои претставуват ориентир за целата околина, ги раздени и тие се засолнија во шумичката од блискиот дол. Дури вечерта тргнаа кон Гнилеж каде што Сугарев со четворица комити се смести кај Петко Бонев, а останатите комити во други куќи, поставувајќи стража. Стефан од блиското Полог, дознавајќи за доаѓањето на Сугарев, доцна вечерта дојде во Гнилеж, во домот на Петко Бонев, жалејќи се против војводата Велко од Скочивир дека му зел брав без да му го плати и побара од Сугарев или бравот да му се врати или да му се плати! Војводата му објаснуваше дека случајот му е познат, но дека, сепак, е потребна помош од населението и дека наскоро сето тоа ќе им биде надоместено! Стефан налутен ја напушти собата треснувајќи ја вратата, со зборовите: „Ќе видите што ќе ви направам!“ Тогаш Сугарев извади пари и му ги даде на Петко Бонев за да му гo плати бравот. Утрото околу седум часот задишан дотрча селанецот што чуваше стража, поставен од Петко Бонев, и им соопшти дека далеку долу под, во месноста Мералци, забележа доста луѓе во темни униформи и со оружје како полека, со залегнување, се доближуваат кон! Сугарев скокна, пцуејќи: „Ах, мајката нивна, некој не предал!“ Не сакајќи да настрада, ја поведе четата пешки, водејќи ги коњите за уздите и тргнаа нагоре по долот, кон север. По силното лаење на кучињата од блиските стада покрај кои минуваше потерата Сугарев сфати дека непријателот е близу и дека целата месност е блокирана! Затоа нареди да се ослободат коњите, а тие да се подготват за евентуална борба. Аскерот, штом излезе на ридот над Гнилеж ја забележи четата и почна со стрелба. Комитите возвраќаа и така, со стрелба, почнаа да се искачуваат по јужната падина од месноста Страиште, кон Чукарите. Сугарев планираше преку Габерот, на североисток, да се пробијат кон буката ивенска од кадешто лесно ќе исчезнат во мариовските планини. Меѓутоа, судбината им готвеше друго сценарио! Дваесетте турски коњаници кои ноќта тргнаа од Битола по доставата добиена од Нечо Кобиловски, односно Петре Лигушо, ги мобилизираа Албанците и Турците од Долно Ореово (башибозукот), поставувајќи ги во бројни заседи токму на тој правец! Крвавиот бој почна околу осум часот. Еве како тоа го опишува Блаже Ербовски: „Тоа беше на Благоец. Камбаната манастирска почна силно да бие. Ние си мислевме дека бие за празникот Благоец. Нашата камбана во Врањевци биеше за да одиме в црква. Ама овој глас на камбаната манастирска некако подруго биеше, нешто како збунето. Сигурно тие што живееја во манастирот ја видоа опасноста од борбата и даваа знак за тревога. И, кога ги слушнавме силните зачестени пукотници горе во коријата манастирска, си рековме дека има некоја борба со турскиот аскер, ама не знаевме дека е Сугарето со четата, оти тој замина во друг правец, кон Гнилеж. “ Со големата потера зад себе, која, всушност, беше аскерот стациониран во Скочивир, како дел од леринскиот гарнизон, четата возвраќајќи со стрелба брзаше по угорнината. Но, само што изби под Чукарите, од север, од блиската спротивна падина, неочекувано ги пречека плотун од битолскиот аскер пристигнат во текот на ноќта и во чиј состав беше башибозукот! Тоа беше дел од битолскиот аваџи-табор, специјална воена единица за борба против револуционерните чети. Неможејќи да свртат на североисток преку Чукарите, по голата падина на Страиште кон Грумази каде што ќе беа гола мета на леринскиот аскер, четата со борба почна да ја напушта голата западна падина на Страиште под Чукарита, залегнувајќи во грмушките од каде што продолжи да се брани. Меѓутоа, соединетиот аскер го затвори обрачот од југоисток и североисток и почна да ја притиска четата надолу низ Леската. Тогаш стапи на сцена башибозукот од Албанците од Долно Ореово поставени во густите заседи на блиската северозападна страна, односно присојната падина викана Невестата. Позицијата за четата стана смртоносна и комитите почнаа да паѓаат еден по еден. Немајќи друг излез, војводата Сугарев нареди преживеаниот дел од четата да почне со повлекување надолу кон манастирот, кон долот Пиоќ, а потоа низ шумата да срти на југ, кон Лингов Аргач. Свесен за безизлезната ситуација, Сугарев го изврши познатиот јуначки саможртвен чин: останувајќи сам, легнат зад една грмушка и стрелајќи кон аскерите што настапуваа, се обиде да им обезбеди евентуална спасоносна отстапница на своите комити! Но, тогаш следуваше најстрашниот чин кај местото викано Затворена Вода, веднаш над манастирот, каде што падна скоро целиот останат дел од четата, ликвидиран од заседата поставена кај спротивната блиска карпа позната како Гулабарникот! Само еден борец од четата успеа да се спаси, Тодор Јуруко од Крстоар, Битолско! За тоа време војводата Сугарев ја водеше својата
Последна борба убивајќи многу аскери! Жителите од Паралово, слушајќи ги блиските пукотници, се искачија по стрмото патче избивајќи на главниот пат, северозападно од манастирот, таму каде што сега е споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Но, наеднаш престана гласот од маликерата на војводата, а потоа и истрелите на потерите. Стана јасно дека војводата остана без муниција, а собраните селани ги слушаа гласовите на Турците кои му викаа на Сугарев да се предаде, на што тој со пцости им одговараше дека жив нема да го фатат! Потоа се слушна само еден истрел, после што завладеа злокобна тишина. Тоа беше последниот куршум од нагантот на војводата со кој тој замина во бессмртноста! Крвавиот и нерамноправен бој, кој со тоа заврши, траеше околу три часа! По извесно време се слушнаа повици и команди на турски јазик после што почна пребарувањето низ коријата. Со неколку дополнителни истрели аскерите ги доубија ранетите комити! Околу пладне сè беше готово и потерите (аскерот и башибозукот) почнаа да се збираат на широчинката oд северната страна на манастирот, оставајќи неколку војници горе да ги чуваат загинатите. Преку тешкиот терен телата можеа многу лесно да бидат пренесени со коњи и магариња, но турскиот офицер го забрани тоа, нагласувајќи дека телата мораат да бидат донесени со влечкање, а не со носење! Тоа беше гест на понижување! Селаните, сепак, некаде по двајца, некаде по тројца, ги пренесоа крвјосаните и изнакажани мртви тела на носила направени од гранки, до непосредна близина на манастирот, од каде ги завлечкаа за да ги избегнат последиците од јароста на офицерот! За околу два часа ги донесоа телата на сите убиени комити. Телото на убиениот војвода, врзано со фортома, со црвен коњ беше довлечкано од двајца аскери, измасакрирано од посмртно нанесените убоди со куршуми и бајонети! Еден турски војник ги донесе пред офицерот, саатот, ќостекот и сето друго вредно што носеше Сугарев со себе. На селаните најстрого им беше забрането телата на убиените да ги погребат истиот ден! Во меѓувреме, офицерот се искачи на една височинка и оттаму со дурбинот почна да разгледува надолу во полето, под Паралово, и веднаш забележа дека од југ, откај старите лозја врањевски, во Врањевци влегоа неколку коњаници. Кај него се јави сомнеж и тој веднаш се врати кај манастирот. На едниот дел од војската им нареди да ги соберат убиените турски војници и да ги пренесат во Битола. Беше околу 14 часот кога тој го јавна коњот и придружуван од коњаниците го поведе останатиот дел од аскерот кон Врањевци. Горе кај манастирот почнаа да доаѓаат и други селани од Паралово и од Врањевци, мажи и жени. Над главите од мртвите комити запалија свеќи и жените почнаа со тажење. Поради топлото време мувите почнаа да се собираат врз пивтиосаната крв од мртвите, па жените со гранчиња ги растеруваа. Цела ноќ будни, ги чуваа убиените комити! Известени за трагедијата, рано утредента стигнаа мажи со коњи од околните села од кои имаше загинати комити, ги товарија своите мртви и заминаа назад. Останатите мажи ги зедоа копачите и лопатите и почнааа да копаат гробови или да бараат камени плочи. Ископаа седум гробови за седумте останати убиени комити од подалечните места кои не можеа да бидат однесени. Жените ги завиткаа во веленца што претходно ги донесоа, поп ги опеа за покој на душите, и откако ги попрскаа со вино, ги положија во гробовите ископани спроти манастирот, на левата страна од патот (источно од сегашниот споменик на Сугарев), ги посипаа со земја и ги покрија со камените плочи. Кај главата на секој комита поставија исправена плоча, а над главата на мртвиот војвода, највисока плоча! Единствен од четата на Ѓорѓи Сугарев кој
Успеа жив да куртули од смртроносните заседи беше Тодор Јуриковски, познат како Тодор Јуруко од Крстоар, Битолско. Еве дел од неговите сеќавања за борбата и за неговото враќање во Крстоар.
„Многу лошо беше, внучко, - ми раскажуваше тој. - Аскер од сите страни, како плева, а ние малку. Ама војвода имавме - арслан! Голем страв му имаа Турците, пропагандите, ама и кодошите! Демек, не спотераа Турците од едно мариовско село (Гнилеж), ние нагоре по ридот. Тие пукај, ние пукај. Тамам го фативме сртот, од спроти нас не пречекаа плотуни од други аскери. А куршумите како роси – зип, зип! Ние удолу по долот. Удривме на друга заседа. Поганците скриени ти биле во карпите откарши, не се гледаат, само пукаат! Бааги наши паднаа! Ние неколку ја спраштивме кон југ, секој на своја старана. Арно ама, оттаму припука аскерот што не спотера утрото! Зорт работа, ќе се гини! Јас имав голема среќа – удрив на еден вир полн со вода што течеше во него и целиот покриен со лисја останати од есента. Студено беше, водата- мраз, ама животта мила, и јас – буп во вирот сосе пушката, под лисјата во водата, со носот зад млазот! Така куртулиф, Турците не ме најдоа.. !“ Повлекувајќи се од џбун до џбун, лазејќи и криејќи се, тој тргна кон Присојот. Кај Длабок Дол, односно кај Дупениот Камен, слушна рикање од говеда и ѕвон од клопотарци. Скриен зад еден голем камен внимателно се поткрена и виде говеда. Знаејќи дека таму каде што има говеда мора да има и луѓе што ги пасат, и кога потоа слушна човечки разговор, малку се успокои, но не им се јави. А волоарчињата, разговарајќи за борбата во Чукарите, побрзаа да ги вратат говедата назад во иако имаше сонце уште три остени. Тодор, криејќи се од камен до камен, одеше по нив, но стоплен од сонцето и совладан од уморот, задрема. Штрекнувајќи се, се разбуди и забележа дека говедата ги нема! Тие заминаа преку соседното ритче! Вознемирен потрча натаму, ги слушна ѕвонците и кога се искачи на ритчето ги виде говедата. Полека, со преместување и криејќи се, продолжи да оди паралелно со нив. Кога вечерта стигнаа близу до, реши да им се јави и приближувајќи се малку до нив, се накашла за да го видат, а потоа им раскажа за борбата и пеколот низ којшто помина, и дека сака да оди во своето село. Тие зачудени како успеал жив да откине од страшниот обрач, му рекоа да ги почека тука, а тие кога ќе се потстемне за да не ги види никој, ќе се вратат и ќе му помогнат да продолжи кон Крстоар. Тој се засолни во една капина, а тие ги спотераа говедата. Момчињата се вратија без да ги забележи некој, го зедоа Тодор, му дадоа и нему стап за потпирање во мракот, го поведоа надолу по едно долче, и по долго одење стигнаа до Гнеотино. Таму најдоа други луѓе кои откако разбраа во што е работата, го поведоа понатаму, кон Црна Река. Говедарчињата се вратија назад во Балдовенци. Стигнувајќи до најтесниот дел од блатото, спроти Егри, од трските извлекоа лотка со која, провирајќи се низ трските и шамакот, требаше да стигнат на другиот брег. „Арно ама, на средината од блатото, во густата трска, старата лотка почна да пропушта вода и да се полни, и ние скокнавме во водата до градите. Му реков на волоарчињата дека јас продолжувам пешки понатаму, а тие останаа да ја празнат водата од лотката и да се вратат назад. Одам така низ блатото, со тешка мака ги молкнам нозете од тињата, чевлите ми останаа во неа, и си велам : Ајде Тодоре, не е ништо ова за тебе. Ќе го голтнам, ако теба, и блатото, ќе стигнам во Крстоар и ќе си ја видам жената Петра.. !“ Тодор Јурукот ноќно време стигна во Крстоар и без да дознае никој од изваде пасош и веднаш замина за Америка, исто како што не дозна никој кога тој пред само три дена влезе во четата на Ѓорѓи Сугаре. Апсолутната конспирација го спаси неговото семејство од страшните турски репресалии. |