Рекорден избор на дами
Политичките партии имаат повеќе доверба во жените на предвремените парламентарни избори.
За разлика од минатите, кога имаше само две носителки на кандидатски листи, Шеќеринска и Јанкуловска, овојпат жени под број еден на листите има дури 10.
Со исклучок на Рада и Гордана, сите други носителки првпат се борат да ги освојат гласовите на граѓаните за својата партија.
Без жени-носители на листите на овие избори од поголемите политички партии останаа ВМРО-Народна партија, ДПА, Достоинство и Нова демократија.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е единствената жена - носител на листа на кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Под нејзино водство ВМРО-ДПМНЕ ќе се бори за освојување што повеќе пратенички места во втората изборна единица.
Јанкуловска е мажена, има 37 години. Таа е правник, магистер и од 2000 година е во државната администрација. Во 2004 година станува генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, а од 2006 година е на чело на Министерството за внатрешни работи. Оваа функција ја добива повторно во 2008 година.
Радмила Шеќеринска - Јанковска е носител на листата на кандидати за пратеници од СДСМ од првата изборна единица и противкандидат на премиерот Никола Груевски, односно кандидат од СДСМ за иден премиер на Република Македонија. Родена е во Скопје, во јуни ќе полни 39 години. Има едногодишна ќерка, Ада. Шеќеринска е дипломиран електроинженер и магистер по меѓународни односи. Од 2002 до 2006 година беше вицепремиерка, задолжена за европски интеграции. Таа е добитник на наградата "Глобален лидер" на Светскиот економски форум.
![](http://www.vest.mk/WBStorage/Articles/AB618ABD9B16F2439BF492C85ECA867B.jpg)
Ана Павловска - Данева е носител на втората изборна единица на кандидатската листа на СДСМ. Таа е родена во 1973 година во Скопје. Мајка е на Никола (13) и на Виктор (6). Професор е на Правниот факултет "Јустинијан Први" во Скопје. Таа е потпретседател на СДСМ нецела година и е единствениот доктор на науки меѓу жените - носителки на листи на овие избори.
![](http://www.vest.mk/WBStorage/Articles/FFE7B20F346A3542B2E935E677B9D1AD.JPG)
Ермира Мехмети од Демократската унија за интеграција, пак, е единствената жена Албанка, носителка на кандидатска пратеничка листа. Ја предводи листата на ДУИ во втората изборна единица, каде што се и Јанкуловска и Данева. Ден по одржувањето на изборите, магистер Мехмети ќе наполни 32 години.
Највозрасната меѓу политичките противнички кои ги предводат кандидатските листи на своите партии, и една од најискусните парламентарки во Македонија е Роза Топузова - Каревска од Прилеп, која ја води кандидатската листа на ЛДП во шестата изборна единица. 57-годишната Каревска, магистер археолог, е семејна жена, мајка на Стефана.
И Обединети за Македонија довербата за да предводат листи ја даде на две припаднички на понежниот пол во битката за гласови од граѓаните.
![](http://www.vest.mk/WBStorage/Articles/CBA7ABA5F74E8549A4923182EA9D944E.JPG)
Биљана Јовановска ќе ја предводи кандидатската листа на ОМ во првата изборна единица. 34-годишната носителка е сопруга и мајка на 20- месечни близнаци Константин и Елена. Со семејството живее во Аеродром.
Таа е портпарол на ОМ.
Весна Трајковска е носител на листата на ОМ во петтата ИЕ. Професорка е по македонски јазик во битолското училиште "Таки Даскало". Во политиката е од 1994 година. Сопруга е и мајка на две деца. Претседател е на Организацијата на жени на Обединети, на републичко ниво, претседател на Општинската организација Битола и член на Претседателството на Обединети за Македонија.
Партијата Демократска десница е рекордер со жени-носители на кандидатски листи за пратеници, и тоа во третата, четвртата и во петтата изборна единица. Сите носителки се сопруги и мајки.
![](http://www.vest.mk/WBStorage/Articles/26163878984C284C819ADB260E83A6E4.JPG)
Елизабета Ристовска-Петровска (1965) е машински инженер и магистер по бизнис администрација. Таа била сопственик на фирма, член на Надзорен одбор во Сојузот на стопански комори на Македонија, има сертификати за разни бизнис менаџирања.
![](http://www.vest.mk/WBStorage/Articles/EBD8410EAA5E1D4BB59A837024E7A110.JPG)
Ана Гигова од Демократска десница 10 години работи како професор по македонски јазик и книжевност, во приватниот сектор. Таа била на одговорни функции, секогаш во приватниот сектор, како што вели, пробивајќи се сама со свое знаење и квалитети. Носителка е во четворката.
![](http://www.vest.mk/WBStorage/Articles/A1BA03B6D915D644B8FB986E970F076E.JPG)
Во изборната единица број пет, десницата ќе биде предводена од битолчанката Ангелка Велјановска - Ристовска. Завршила средно образование и приватно училиште за англиски јазик и компјутери. Моментално работи во ОНЕ Телеком Словенија. С. К. Делевска