IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > АРХИВА > Вероисповед
  Активни теми Активни теми RSS - РАСКАЗИ
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

РАСКАЗИ

 Внеси реплика Внеси реплика страница  12>
Автор
Порака Обратен редослед
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Тема: РАСКАЗИ
    Испратена: 22.Декември.2007 во 10:19

енешното свето евангелие нe’ соочува со чудесниот дијалог меѓу еден млад човек и великиот, вистински учител на сите, животодавецот наш, богочовекот Христос. Момчето, очигледно – убаво воспитано и богоцентрично насочено, му пристапи на Христос со зборовите: „Учителе благи, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“. Христос беше восхитен од мудроста на момчето. Што требаше тоа да направи за да се спаси? Христос праша: „Зошто ме викаш благ?“. Освен едниот Бог, никој не е благ. Како услов за влегување во вечниот живот му го постави чувањето и исполнувањето на законот. Исполнувањето на етичките принципи на живеење во Бога, примени на синајската гора од светиот пророк Мојсеј, приведува пред дверите на божествената парусија. За да го обнови паметењето на момчето, Христос ги наброи: не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татко си и мајка си, сакај ги ближните свои како себеси. Момчето го слушна сето она што од младини го исполнувал. Затоа го праша Христа: ќе треба ли уште нешто да се исполни? И тогаш Христос апофатички го изведе од старозаветниот закон и го воведе во законот на Новиот завет: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото, па дојди и врви по мене“. Евангелскиот максималистички став го натажи момчето, бидејќи тоа имаше голем имот.

Евангелскиот максимализам ги става на проверка вистинските можности на човекот. Та чувме: богатството и зависноста од земниот имот го онеспособија момчето за совршен живот во Бога. Но, она што се случи со момчето од евангелието се случува со човекот воопшто. Човекот се врзува за овој свет преку предметите, преку парите, преку славата, преку моќта, преку стравот од смртта и надворешната естетика. Меѓутоа, поради минливоста на нештата што нe’ врзуваат за светов, тагата на човекот се продлабочува без можност да се исцели. Христос нe’ соочува со границите и рокот на траење на сето она што го носи печатот на овој свет. Црвот на смртта и ништотноста го гризе и го изедува, минливо е и менливо, гнилежно и смрдливо. Но, ние патолошки сме се врзале за смртното. Го игнорираме прашањето за нашето вечно постоење во Бога. Вчера се случи погребение на една принцеза. Во лондонската катедрала „Свети Павле“, архиепископот кентербериски во погребната беседа ниту еднаш не ги спомна поимите вечност и вечен живот. Сe’ беше сведено на гол морализам и етикеција, гламур и атракција. Смртта беше скриена зад раскошот на елитата и меѓу четирите ѕидови на пантеонот на бесмртните мртовци. Атмосферата беше типична и својствена за дворските кулоари, политичките и културните елити и џетсетови на филмските и музичките мегаѕвезди на естрадата, опседнати од самите себе, од својата сопствена убавина и слава. Егоистите и нарцисите го допуштаат постоењето на Бога само толку и само дотаму колку што и до каде што ќе остане отсутен од животот на светот и од историјата на човекот. За нивните човекобожечки величества да останат суверени господари на светов, или го убиваат Бога или измислуваат богови ракотворени и мртви. Христа Бога повторно го распнуваат, го плукаат и го исмејуваат. Бог што сака и знае да влезе во историјата на човештвото, Бог што сака и знае да сострадува со страдањата на човекот, Бог распнат и воскреснат, кој ја споделува судбината на човекот и светот, – таков Бог им е непотребен, бидејќи „премногу се меша во човечките работи“. Затоа, и ако постои, нека постои одандестрана на светов. Нели Сартр, нивниот учител, ги научи дека ако Бог постои, човекот не е слободен? Слободата без Бога е слобода без огради и одговорности. Чиста анархија. Им треба живот без морални скрупули: да се биде слободен за да се има и да се исполни сe’ што ќе се посака. Затоа и ние, како и момчето од евангелието, кога ќе ги чуеме зборовите „оди си дома, продај сe’, подели им го на сиромашните и тргни по мене“, силно се натажуваме. Христијанството е „интересно“ сe’ додека е умствено спекулирано, а христијанската теологија сe’ додека е технологија и инфлација на зборови. Но, теологијата што нема никакво значење за животот – станува митологија. Се живее и се бара волшебна формула за лесен живот, а тешко ни паѓа влогот што го опфаќа целиот живот на човекот, без остаток. Дали ни е блиско откажувањето од самите нас страсни, откажувањето од самите нас самозаљубени, така што нашиот личен живот да биде животот на нашиот брат? Нe’ учи ли некој така да постапуваме во животот? Престанале ли дома да нe’ учат на тоа? Можеби улицата нe’ учи на тоа? Дали институциите на државата, задолжени за тоа, нe’ учат на тоа? Не, драги мои! Се живее во длабока амнезија или со кратко паметење, „и веќе, уште живи, мртви сме“. Живи мртовци сме, варосани гробови, однадвор глатки, мазни, украсени, а однатре празни и јадни, мртви сме и мртовци оплакуваме. Затоа, повикот што денес го чувме во светото евангелие нека биде повик упатен до сите нас да се познаеме себеси однатре, по силата на видовитото око на духот. Тоа треба да биде изострено, чисто, осветено и преобразено преку постот и молитвата, исповедта и покајанието, и преку приоѓањето наше кон светиот путир, од кој го примаме Христос, распнатиот заради нас и заради нашето спасение и за живот на светот. Да му возвратиме така што ќе се сораспнеме на неговото распетие и ќе крстоносиме со секој наш распнат ближен насекаде по светов.

 

Амин.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 20.Декември.2007 во 09:53

енешното свето евангелие суштински го разоткрива карактерот и менталитетот на паднатиот човек. Во прекрасната парабола што Христос им ја раскажал на учениците, се зборува за еден моќен и славен цар што посакал да ги расчисти сметките со своите слуги. Штом почнал да ги расчистува сметките со должниците свои, му донеле еден слуга што му должел 10 000 таланти. Бидејќи тој немал со што да плати, царот наредил да го продадат него, жена му, децата негови и сиот имот негов. Во Светото писмо е речено дека слугата паднал ничкум пред царот и го молел да биде трпелив кон него до денот кога ќе го исплати долгот. Господарот, пак, трогнат од постапката на слугата свој, го ослободил и му го простил долгот. О колку се радосни плодовите на милосрдието и човекољубието! Но, што се случило со оправданиот слуга потоа? Излегол и сретнал еден од другарите свои што му должел 100 пенези. И – о безумство! – го фатил, па го давел и го присилувал да му го исплати долгот. Тогаш другарот паднал пред нозете негови и го молел да го почека уште малку. Но, тој не сакал и го фрлил во затвор до исплаќањето на долгот. Другарите, очевидци на случката, огорчени и згрозени од постапката на нивниот пријател, отишле и го известиле господарот. Тогаш господарот го повикал лукавиот слуга и остро го прекорил: „Ти го простив сиот долг, зашто ми се молеше. Не требаше ли и ти да се смилуваш над својот слуга, како што се смилував и јас над тебе?“ Потем, господарот се разгневил, та го предал на мачители сè дури не му ги исплатил долговите. Така ќе постапи со вас мојот Отец небесен ако секој од вас не му ги прости од срце грешките на братот свој, заклучил Христос на крајот од повеста за царот и неговите слуги – должници. Така ќе бидат третирани од царот на славата оние што не ќе смогнат сили на љубов за да им ги простат гревовите на браќата свои. Пораката е исклучително моќна, и го потресува нашето битие до дното на срцето, и ја буди свеста и совеста христијанска за квалитетот на односите со браќата во Христа. Сме создале ли добра клима во срцето свое, клима на крепка надеж и тврда доверба спрема секој свој брат, заради Бога? Имаме ли сили да ја исполниме пораката што Христос ни ја благовестеше во светото евангелие? Дали сме подготвени да му простиме на секој наш брат и да побараме прошка од секој наш брат за секое наше прегрешение? Зашто, само така ќе си подготвиме жилиште во градот небесен, нашата вечна татковина.

Драги родители и мили мои деца, утре е почетокот на новата школска година. Како свештеник и како родител, заедно со вас принесов молитви кон Господа да ни ги благослови нашите деца за добар почеток на школската година и да ги дарува со крепка духовна и интелектуална сила, та да можат да одговорат на обврските и одговорностите што школото им ги дава, како и на очекувањата на родителите. Но, исто така, го молам Бога срцата и умчињата на нашите деца со љубов и мудрост да ги огради од злото на бесмислата, дрогата, алкохолот, блудот и бесцелното ноќно живеење во кафулињата и ноќните клубови. Господ да ги спаси од безбожието на нашиот школски систем, кој до денес не престана да го убива Христа Бога во срцата нивни. Станува збор за школски систем што од нашите деца произведува своевидни јаничари, деца какви што не сакаме да ги „произведува“ нашето училиште. Ние, родителите христијани, сакаме нашето дете да го љуби Бога, знаејќи дека само оној што знае да го љуби Бога ќе знае вистински да го засака ближниот и самиот себе. Молете му се на Бога да ги вразуми нашите државници и одговорните за нашиот школски систем, та да престанат да го убиваат Бога во срцата на нашите деца.

 

Амин.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 15.Декември.2007 во 10:51

овештвото е заедница на личности и етноси. Тие се повикани да станат еден, голем и свет народ на живиот Бог. Народот Божји ги фокусира: секоја личност посебно, секое семејство посебно и секој етнос посебно. Чувајќи им го идентитетот, соборно ги воипостасува (оличноснува). Во историскиот ôд на старозаветниот и новозаветниот избран народ Божји, честопати се случувале големи и трагични отуѓувања од источникот на вистината и животот, оттуѓувања од причинителот на нашиот живот, од дарителот на нашиот живот, од триипостасниот Бог. Тие отуѓувања на човекот од Бога и на човештвото од Бога сме ги доживувале и ги доживуваме како катаклизми, трајно меморирани во умот на Црквата. Тие се предизвикани од тектонските поместувања на внатрешните, духовни простори на хипостазираните природи на човекот и човештвото. А потем, како рефлексија и како последица на она што се случило внатре во човекот, во светот се случуваат војни, земјотреси, поплави, пожари, револуции, проследени со болести, глад, помор и еколошки катастрофи. И сето тоа поради одбивањето на човекот да се соочи со вистинската причина што ги предизвикува големите несреќи во историјата на човештвото. Но, еве, денешново свето евангелие нè соочи со суштиот одговор на егзистенцијалните прашања и предизвици, својствени за модерниот човек, но и за сите човечки генерации од сите времиња и епохи. Пред да ја разгледаме содржината на светото евангелие, сакаме да укажеме на уште една голема катастрофа. Човекот на рационалната, схоластичка култура неа ја произведе во лабораторијата на интелектот. Во мугрите на нововековието беше произведена схизмата меѓу религијата и природата, но не без помош на философијата и науката. Како последица на тоа, во нашиов век философијата и науката доживеаја радикален раскол. Нивното учество во првата схизма им се врати како бумеранг. Ја доживеаја судбината на својата жртва. Жртвата ја принесуваат жреците на новиот паганизам. Паганите опогануваат сè што е свето. Откако Бога го прогласија за мртов, сè им е дозволено. Подигнати се многу жртвеници и се принесуваат многу крвни жртви. Од култ кон Бога, културата ја ничкосаа во култ на сатаната. Светот – ѓубриште е веќе претесен за да ги собере златните телиња ракотворени од човекобоговите. Quo vadis homo!? Но, зошто сето тоа го кажавме? Модерниот човек продолжува да се потпира на силите од својата природа. Нејзините енергиски, благодатни капацитети не се непотрошливи. Технократската цивилизација навлекува маска. Трошејќи се неповратно, без возобнова и уможување на силите, се истрошува. Зад маската на невидениот прогрес на машинската технологија, на експанзијата на големите економски и банкарски системи и на сега веќе исклучиво од нив условените политички, идеолошки и философски системи, се крие анемичниот и немоќен човекобог, со атомска бомба во рацете. Сè што прави за да си го олесни животот и со леснотијата на животот да го усреќи човекот, му стана неподнослив товар. Негова хипотека станаа никогаш нереализираните ветувања да нема војни, да нема гладни, да нема боси, да нема болни, да нема смрт и сите да бидат среќни. Се случува спротивното. На прагот на XXI век, војните, гладта, болестите, смртта и несреќите се умножиле повеќе од кога и да е. Чувствуваат ли срам богатите, т. н. развиени земји, поради милионите луѓе што умираат од глад? О безумство! Цената на производите им е поважна од животите на луѓето. За таа цел се истураат тони храна во амбисните утроби на океаните. Поради „мртвиот Бог“ и безблагодатноста, некогашниот економски моќен Советски Сојуз, и покрај тоа што беше најголема светска житница, беше и остана најгладната земја на светот. Зошто е така? Од каде овој парадокс? Што му се случило на човекот? При една моја посета на Војводина, еден умен, стар и искусен земјоделец ми го кажа следново: „Оче Стефан, тогаш кога ги оравме нивите со коњи, успевавме сета земја да ја изораме и богатиот род да го ожнееме, а сега, пак, кога имаме трактори и најмодерна механизација за обработување на земјата, не стигнуваме да ја изораме целата земја и да го собереме родот што Бог ни го дава“. Но, зошто? Одговорот ми го даде самиот селанец: „Тогаш кога оравме со коњи, нашиот свештеник ја благословуваше земјата и молитвено испросуваше благослов од живиот наш Бог за изобилие на плодовите земни. И Господ ни даваше сили и мудрост да го собереме богатиот род и да го прибереме во амбари негнилежни за да ги насити нашите тела и души“. Токму поентата на нашиот чудесен селанец од Војводина е поентата на денешното евангелие. Го заборавивме Бога, браќа мои, и се прогласивме за богови. Градиме идолопоклонички однос кон себеси и кон сè што е дело на рацете наши. „Горд човеку, смири се!“ Ќе можеме ли без Бога да го продолжиме нашиот историски ôд до есхатонот? Со силата на мускулите и без да се искршат коските на умот, сигурно е дека не ќе можеме!

А денес, возљубени христијани, видовме како добриот и човекољубив Бог ги нахрани петте илјади мажи, не броејќи ги жените и децата. Се сноќи и останаа гладни. Зборовите и близината на спасителот им беа послатки од мед. Апостолите се загрижија за собраниот народ. Ги наваса дилемата: дали да ги отпуштат да си отидат во градот и таму да се нахранат? Телата им беа гладни, исцрпени, цел ден го следеа Христос и духовно се хранеа од устата негова божествена, со спасителните, оживотворувачки зборови. А Христос ги праша учениците дали имаат нешто за јадење. Само две риби и пет леба. Им заповеда да ги донесат. Христос го зеде лебот, го благослови и го прекрши, потем и рибите, па и им заповеда на апостолите да им ги разделат на народот. И народот јадеше, се вели во светото евангелие, и се насити, и потем четиринаесет кошеви со остатоци од храната беа собрани. Ете, тоа значи благословот Божји. Та нашите стари не беа безумни што не легнуваа без благослов, крст и молитва, ниту стануваа од кревет без благослов, молитва и крст, ниту почнуваа работа без благослов Божји, без молитва и крст. Елате и вие, возљубени мои, вратете му се на Бога, на живиот дијалог и комуникација со Бога. Да испросиме богат и изобилен благослов за почеток и исполнување на секое добро дело во животот наш. 

 

Амин.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 06.Ноември.2007 во 09:13

 

ека ни е честит и благословен сесветиот празник на пресвета Троица, празник на наитието на Светиот Дух врз светите апостоли и роденден на едната, света, соборна и апостолска Црква Христова. На денешен ден се роди Црквата Божја. Христос, во денот на вознесението, ги утеши своите ученици со ветувањето дека ќе им го испрати сесветиот и животворен Дух. Десет дена подоцна, во Ерусалим, на денешен ден, третата ипостас на пресвета Троица, Господ Свети Дух, наита врз апостолите во вид на огнени јазици и им ги осени умовите за да го разберат она што со свои очи го беа гледале и со свои уши го беа слушале. Денес апостолите станаа епископи и Црквата се роди. Денес Христос, архијерејот по чинот Мелхиседеков, беше докрај познаен. Неговата богочовечка тајна беше осветлена и видена како златозарен исон на теофаниските собитија и зборови од евангелието. И токму поради видовитото гледање во тајните Божји и поради украсеноста со дарот на глосолалија, апостолите почнаа на сите јазици да го слават спасителот и да го прославуваат низ тогашниот грчко-римски свет својот сакан равуни, богочовекот Христос. Од денот кога Логосот Божји се вотелови и се вочовечи и се роди од Марија Дева за спасение на човекот и светот, Христос стана и остана камен на сопнување за сите што не можеа и немаа сили да го признаат него, вистинскиот Бог наш. Не можеа да ги прифатат критериумите што тој ги постави во нашиот живот за наше спасение, па почнаа богоборно и дрско своите личности и идеи да ни ги подметнуваат како месијански и супериорни. За да не им пречи, верниците на религијата на секуларизмот одат дотаму што го распнуваат на крст и го убиваат и погребуваат секогаш одново и со надеж дека свирепо се пресметуваат со оној чија кроткост и смирение до денеска им пречи. Зборувам за синдромот на Јуда, генетски содржан во еден дел од луѓето низ сите векови. И денес постојат луѓе што за триесет сребреници го продаваат Христос, неговата вистина и правда, неговиот мир. Трансферот за пари јудоимените го извршуваат најпрво во срцата свои, а потем дрско го изнесуваат на срамните тезги од европскиот и светскиот пазар. Тие се одемонети и опеколени човечки разобличја со здив на смртта. Новиот Вавилон претставува своевиден пандемониум и пантеон што собира идоли пробисветски. Како и да е, Христос повторно се распнува заради нас и нашето спасение, но и ние му се сораспнуваме секогаш кога неподелено и моќно го љубиме. Жандармите светски се нашите џелати. Тие нe’ ставаат на крст, како што него го ставија. Ќе нe’ убиваат, сметајќи дека му принесуваат служба на Бога. Цена за смртта на христијаните ќе бидат: парите, моќта и славата. Обоготворителите на државата и народот, или Унијата на Европејците, или новиот светски поредок и new age-от, нас христијаните нe’ сметаат за ѓубриште, за ништо, секогаш кога краткото паметење ги стига и галопирачката амнезија ги исфрла во гробната депонија на светот без Христа. Затоа, возљубени мои, потресната содржина на Василиевите молитви од нас денес читани, нека нe’ научи овде собраните, молитвено, кротко и смерно да го носиме крстот што ни е благословен од Бога. Со целиот живот свој, без остаток, него, живиот наш Бог, да го славиме низ сите вечности.

 

Амин.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
EvAngelos Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
Doulos Evangelos

Регистриран: 28.Февруари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 9913
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај EvAngelos Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 30.Октомври.2007 во 11:32

СТРАВОТ – ЗАМКА И ОСЛОБОДУВАЊЕ!

 

Стравот од човек поставува примка, а кој има доверба во Господ, ќе биде сочуван“. Изреки Соломонови 29:25.

 

Стравот од тоа што другите ќе мислат за нас, може да игра важ­на улога во нашето однесување. Индијанците добро ја поз­на­ва­ле оваа вистина. Тие ги употребувале презирот и потсмевот ка­ко педагошки средства за одржување на редот во своето опш­тес­тво. Така, на пример, во племето Лисиус, кога старешината ги по­у­чувал децата за моралните и неморалните постапки, тој не ги мо­тивирал со некое апстрактно правило или моралност, ниту, пак, им се заканувал со казнување на земјата или на небото. На­мес­то тоа, тој им велел: „Луѓето во селото ќе ве озборуваат!“

Додека Индијанците го ползувале да ги мотивираат луѓето на добро однесување, Господ го предупредува својот народ из­ра­ел­ски, дека, „срамот и стравот од луѓето“ може да ја предизвика нив­ната пропаст. Да објасниме. Нивната загриженост за тоа што мис­лат другите за нив, може да ги натера да склучуваат несвети со­ју­зи со луѓе и да прават со нив компромиси. Наместо тоа, тие беа повикани да имаат доверба во Господ и да го бараат Неговото одоб­рување.

Тоа е добар совет и за нас, бидејќи „стравот од луѓето“ им ста­нал смртоносна замка на многу христијани. Ако своето од­не­су­вање го управуваме според одобрувањето или неодобрувањето на луѓето, тогаш ќе доживееме многу растројства со болно чувст­во на несигурност. Многу подобро е да наоѓаме задоволство во вр­шењето на Божјата волја. Тогаш, стравот од тоа што мислат дру­гите за нас, кој духовно нè осакатува, ќе му го препушти мес­то­то на довербата и здравото стравопочитување кон Бог, кој нè ос­лободува да живееме за Неговото одобрување!

  

„САМО СТРАВОТ БОЖЈИ МОЖЕ ДА НÈ ОСЛОБОДИ

ОД СТРАВОТ ОД ЧОВЕКОТ!“

Посветен на изворното христијанство проповедано од Христос и апостолите.
Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 30.Октомври.2007 во 11:06

 Христос воскресна – Навистина воскресна

Христос воскресна – Навистина воскресна

Христос воскресна – Навистина воскресна

 

о благослов Божји, во радост пасхална, ја поминуваме и шестата седмица од великата Педесетница. Во овој ден Црквата Божја нè соочува со животната судбина на чудесниот евангелски јунак – слепородениот. Неговата судбина е судба со која секој од нас ќе може да се идентификува.

Овој човек, слеп од раѓање, го немал дарот да ја гледа виделината на денот, прекрасните бои и раскошната убавина со која Господ го украсил создадениот свет. Но она што тој го немал е само еден од многуте органи на телесниот организам. Одземеното око на телото било надоместено со нешто што го имал внатре, во себе. Во најдлабоката внатрешност своја го поседувал бистрото око на верата. Окото на духот му овозможило опит на верата. Тој човек знаел дека постои во слава на живиот светотроичен Бог. Оваа надеж негова, оваа бескрајна љубов негова, неговото егзистенцијално ожидание на живиот Бог, Христос го слушна, го виде и го благослови. Го благослови така што му го врати одземеното од раѓање – очите на телото.

Возљубени браќа и сестри, откако Христос, по силата на својот божествен логос, со плунка замеси кал и со калта му ги облепи очите, слепородениот прогледа во слава на Бог Троица. Чудото ги ологоси срцата на сведоците на овој прекрасен евангелски настан. Но потем се случи полемика. Се поставуваа прашања од доменот на човечката логика. Дали човекот беше слеп поради сопствените гревови или беше слеп поради гревовите на неговите родители? Се случуваше ли тоа по аналогија на евангелската парабола за татковците што јадат кисело грозје и за децата нивни што имаат расипани заби? Кажувањето има сила да нè алармира нас родителите и добро да нè замисли за одговорноста наша кон децата наши. Во случајот на слепородениот ниту едно од двете прашања не беше соодветно. За него важеше една збунувачка алтернатива. Да го чуеме неочекуваниот одговор. Слепиот бил слеп не поради гревовите на родителите негови, ниту поради неговиот сопствен грев, туку за да се покаже преку него силата на живиот светотроичен Бог и за да го прослават, заедно со слепородениот, сите човечки поколенија. Зашто, не заборавајте дека за она што не видовме, чувме денеска. Оној што има уво да чуе, нека чуе. А што значи да се чуе, возљубени мои? Тоа значи чуеното да се прими со сето срце наше и да се примени во животот наш, т. е. логосот на евангелието да ни стане живот, онака како што верата на слепиот однапред го беше примила спасителот и дарителот на животот. Затоа и ние, благочестиви христијани, подобно на слепородениот, да го живееме животот со вера непоколеблива, со љубов несебична и со надеж нескршлива. Зашто, не е сè во окото на телото. Повеќето од луѓето при очи не гледаат. Слепи се за Бога и за опасностите што во светов ги демнат. Но, има меѓу луѓето многу слепи, а со изострено око на духот. Тие гледаат бистро и продорно во духовниот свет. При очи слепите не го гледаат гледаното од јасновидците без очи. Господ милостивиот и човекољубив нека ги осветли и нека ги просвети нашите духовни и телесни очи. Нека нè дарува со дарот на благодатните несоздадени енергии Божји, та со нив докрај да го осветиме и да го просветиме нашето духовно око. Зашто, окото е значаен гносеолошки инструмент за познавање на вистината. По мерата од неговото осветување, да продреме во сетајната на богочовекот Христос.

 

Амин.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 29.Октомври.2007 во 13:08

о благослов Божји и по љубовта негова, коработ на Црквата вплови во петтата седмица од големиот пасхален пост. Оваа седмица светата Црква Христова и’ ја посветува на необично светата жена, преподобна Марија Египетска. Таа е жена од Светиот Дух образувана и просветена. Нејзината хагиографија зборува дека светиот дел од животот го поминала пустиножителски во срцето на сахарската пустина. Животот на преподобна Марија Египетска нe богати со многу полезни совети за нашиот духовен живот и за нашиот историски опстанок во времето и просторот на овој свет.

Покрај животописот на преподобна Марија Египетска, импулс за нов духовен живот и за нов начин на постоење ни станува и Светото писмо, денес од нас читано. Петтата седмица од великиот пост и хагиографијата на преподобната мајка наша египетска Марија ни соочуваат со заклучоци за животот и со животни искуства без чие познавање би останале осиромашени и опустошени до степен на раслабено битие што е онеспособено да го продолжи историскиот ôд.

Еванагелието што денес го прочитавме, кое говори за жената грешница што дошла во куќата на фарисејот, потполно се совпаѓа со животот на преподобна Марија Египетска. За жената од евангелието се вели дека донесе алабастерен сад со миро, застана при нозете Исусови и, плачејќи, ги миеше нозете негови со солзи и ги триеше со косата своја. Потем ги целиваше и ги миросуваше со миро. Симон, домаќинот на куќата и ученик Христов, се соблазни и се посомнева во учителот свој, бидејќи сиот град знаеше колкава грешница е таа. Срцеведецот му ја раскажа на Симон параболата за двајцата должници. Едниот од должниците на заемодавецот му должел 500 пенези, а другиот 50. Бидејќи и двајцата не можеле да го вратат долгот, тој им го простил. Симон беше запрашан кој од двајцата повеќе ќе го милува господарот. Симон одговори правилно, кога рече: „Оној кому повеќе му простил“. Потоа се заврте Христос кон грешницата и му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти ни вода за нозете не ми даде, а таа со солзи ги целива нозете мои. Ти со миро не ја помаза главата моја, а таа со миро ги помаза нозете мои. Затоа ти велам: нејзе и’ се простуваат многу гревови, оти ме возљуби многу; а кому малку му се проштава, мала љубов има“. На жената, пак, и’ рече: „Верата твоја те спаси, оди си со мир“.

И преподобна Марија Египетска, пред да се оддалечи во сахарската пустина, живееше во мегалополисот Александрија. Живееше така што монструозно и ненаситно му се предаваше на демонот на блудот. Нејзиниот живот беше живот на проститутка. Животите на двете жени за кои денес зборуваме целосно се совпаѓаат. Затоа, зборовите што Христос му ги упати на Симон за грешната жена, целосно важат и за големата преумница од Египет, Марија. Откако во преподобна Марија Египетска се пробуди совеста и свеста за ничкосаноста на нејзината природа, и за обезличеноста на нејзината личност, за таа икона Божја нагрдена од блудот, за ропството свое во гревот, за ропскиот однос свој спрема демонот на блудот, таа се откажа од својот стар човек и од стариот живот. И’ се случи салто мортале со умот во срцето. Го позна вистинскиот светотроичен Бог и себеси во него и од него. Обновената, просветена и повторно родена за нов живот и за нов начин на постоење Марија – ја позна и се причести со сета смисла на животот – со Христос. Одлучи да се оддалечи од градот, од урбаната пустина, и да се насели во срцето на природната пустина. Стана жител на антиградот, на суровите пространства сахарски, на безводните и безживотни пустински предели, без храна, без облека, изложена на жестоки жештини дење и неподносливи студови ноќе, шибана од пустинските ветрови и од прашините на пустинските песочни дини. Целосно на Бога предадена, како човек што решил со остатокот на својот живот да го спаси целиот свој живот. Беспоштедно, молитвено, посно и преумно, Богу се предаваше. И се украси со невидено смирение. Го изгоре страсното тело свое во благодатниот оган на Светиот Дух, и си ја врати непорочноста и целомудреноста на телото и душата своја. Со Духот ги избистри и ги просветли затемнетите од гревот инструменти за познание на вистината: срцето, умот, очите, устата, носот... Марија, светата бестрасница, се претвори во несогорлива капина на Светиот Дух. Се удостои ангел Господов да ја причестува со спасителното тело и крв Христова. Самата, во тешките, за умот немислени, човечки, пустински подвизи, телото свое го замесуваше во просфора, во богоугодно тело на спасителот, и крвта своја ја претвораше во вино, во богоугодна крв на спасителот, па со нив се причествуваше од рака ангелска, сама со Бога во пустината. Ама, за да потврди дека е соборно битие, битие создадено за живот во заедница со Бога и ближните, во заедница со живите и конкретни личности, т.е. во Црквата Божја собрана околу Христа, таа беше удостоена со сретение со старецот Зосима, еден од великаните на подвижничкиот и монашки Египет. Но и ава Зосима беше од Бога удостоен да го најде овој животворен источник и раскошен цвет на пустината, преподобната Марија Египетска, и да ја причести со светите и животворни дарови, со телото и крвта на нашиот Господ и спасител Исус Христос. Возљубени мои, таа немаше облека. Беше сосема гола пред Господа, бидејќи ја постигна чистотата и бестрастието на првородителите Адам и Ева пред падот. Човекот ја крие својата гревовна и смртна нечистота зад рувото ткаено од текстил, но напати и зад самата кожа од телото свое. Разголувањето на нечистиот претставува откривање на нечистотата, а разголувањето на чистиот претставува откривање на чистотата пред Господа и луѓето. Голиот, во непорочноста и бестрастието, не го погодуваат очите на похотните и страсните. Смирението на благодатните голтари е плод на јуродивото поимање на слободата на човекот, која радосно паѓа ничкум пред оној што не е слободен, туку самиот е самата, сушта слобода. Христијаните, свештенството и монаштвото се задолжени да живеат со такво смирение. Христијаните, презвитерите и монасите што живеат со умови инфицирани од гордоста, ја изневеруваат вокацијата Божја само затоа што се сметаат повисоки од другите. Да не заборавиме дека сите живееме во пустина. Возљубени мои, овој свет станува посурова пустина од пустината во која живеела преподобната мајка наша Марија Египетска. Затоа еднодушно и едномислено да го повикаме семилостивиот и човекољубив Бог и спасител наш Господ Исус Христос да ни го испрати животворниот и сесвет Дух, да нe освети и да нe просвети, да ја осветли темнината наша однатре и да ја зазеленее нашата сопствена пустина, подигајќи нe нему на служба и нему во слава, во сето смирение, по примерот на преподобната мајка наша Марија Египетска.

 

Амин.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 27.Октомври.2007 во 13:22

идете благословени вие што денеска, не штедејќи се и не жалејќи го времето од својот живот, дојдовте да му се поклоните на светиот, чесен и животворен крст Господов. Денешниот празник светата Црква торжествено го празнува. Денеска, сите застанавме пред светиот чесен и животворен крст и радосно, со сето срце свое, пеевме: „На крстот твој му се поклонуваме, владико, и светото твое воскресение го славиме“. Како што гледате, браќа и сестри, крстот и воскресението се неразделни, бидејќи нема воскресение без смрт. На крстот не умре Христос и човекот не умира во смртта, туку смртта умре во смртта Христова, како што гревот умира во смртта човечка. Затоа крстот е непобедливо оружје во рацете на христијаните. Тој ни е даден како симбол на победата и мирот, бидејќи преку него, според пеењето на една литургиска химна, радоста на светов му дојде. И таа радост, денеска, нас сите, овде нè собра.

Но, радоста наша надумна, возљубени, не без голема тага ви соопштувам, не остана неначната токму денеска. Таа е нецелосна, бидејќи е страдална, маченичка. Денес, крстот на кој е победена смртта, знакот и символот на мирот во светов, во православна Македонија е заменет со пагански разбраниот оган, увезен од Ватикан. Денеска имаме впечаток дека се откажавме од крстот Господов и го возљубивме огнот што ги изгоре телата на христијанските маченици во римскиот колосеум. Значи ли тоа дека му се случи безумство на римскиот патријарх – папата? Го отфрли ли крстот и ја прифати ли паганската логика на мислење, својствена за човекобожечките култури и цивилизации? Им се враќаме ли на егзотичните волшепства на Египет, Иран и древна Грција и на модерните неопагански култови и обредољубија, никнати како печурки по дожд на планетава!? Отфрлајќи го крстот Господов, и’ се причислуваме и и’ се уподобуваме на логиката на световниот свет, на цивилниот свет. Таа логика е логиката на францускиот гроф Пјер де Кубертен (Pierre de Coubertin), исчадие на масонските ложи на Западна Европа. Тој огнот го афирмира и го обоготворува истоветно со древна Елада, во која се организирале олимписки игри во чест на врховниот бог Зевс. Истото тоа се случувало во Рим, во чест на Јупитер, Август, римскиот цезар. Денеска, пак, папата од Рим ни го испраќа истиот тој оган во Скопје, Охрид и Струга, предизвикувајќи печал и несреќа поради забележаното присуство на наши архијереи во култот на огнот. Потем, ќе му се врати нему во Рим. Достоевски во Великиот инквизитор ја разгатнува загатката на папата. Тој, vicarius-от на Христа, вели дека во светов нема место за двајцата: „Или ти, или јас“. А ние, слепци, обескоренети и обезбожени, ја примивме паганската логика, сметајќи дека огнот и моќта на оној што го испраќа огнот ќе ни ја спасат Македонија. Каква заблуда, драги мои! Христос е оној што ќе ја спаси Македонија! Христос и крстот негов ќе нè спасат сите нас. Без Христа и крстот сме ништо. И бесмислено е да постоиме и тогаш кога постоиме. Ве молам, драги мои, не учествувајте во паганскиот култ. Не присуствувајте во празнувањето на големата заблуда на еден човек со апетит да нè проголта и да нè одвои од Христа Бога. Македонија е единствената православна земја што ја прифати магијата на огнот. Ниту една помесна православна црква не прифати огнот да помине по светите земји православни. Останувајќи осамени, да размислиме што ни се случува. Се коцкаме ли со нашата судбина? Да покажеме доблест и мажевност, да покажеме дека му сме достојни на Христа Бога. По мерата од нашето достоинство, Христос ќе ни стане  благословен чадор за заштита од сите овосветски неволји, од сите закани овосветски, од заканите на сите моќници на овој свет, зашто Господ, не заборавете, силата своја ја покажува во немоќта наша.

 

Амин.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
EvAngelos Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)
Doulos Evangelos

Регистриран: 28.Февруари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 9913
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај EvAngelos Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 25.Октомври.2007 во 17:38

МУВАТА И БОЖЈИОТ СУВЕРЕНИТЕТ!

 

„Ете, Јас сум Господ Бог на секое суштество; има ли нешто тешко за Мене?“ Езекиел 32:27.

 

Човекот не може да ја расипе Божјата суверена намера. Без­бож­ните народи се обидуваа да го уништат Израел, народот пре­ку кој требаше да дојде Откупителот, но Господ интервенираше за да го заштити Својот народ. Понекогаш, Тој го правеше тоа со дра­матична објава на Својата сила, како разделување на Цр­ве­но­то Море, или отворањето на земјата, која ги проголта израелските неп­ријатели (5 Мој. 11:26). Другпат, Тој употреби мали при­род­ни нешта, како трубите во Исус Навин 24:12. И во двата случаја, Не­говата волја беше извршена.

Џон Весли одржувал евангелизација во еден мал град. На сос­танокот дошол и еден безбожен човек, кој многу ја сакал му­зи­ката. Дошол со намера да го слуша само „доброто пеење“, а ко­га Весли ќе почне да проповеда, планирал да престане да слуша. Чо­векот си седел мирно сè додека траело пеењето. Штом Весли поч­нал да проповеда, тој со рацете си ги затнал ушите. Одеднаш, ед­на мува му слетала на носот. Тој се обидел да ја избрка, но без ус­пех. Мувата почнала толку да го лути, што морал да си ја тргне ед­ната рака од увото за да ја избрка мувата. Токму во тој миг Вес­ли ги цитирал Исусовите зборови: „Кој има уши нека слуша!“ За­чу­ден, неверникот продолжил да слуша и тој ден, преку пораката на Евангелието се обратил. Бог употребил една мува да обрати еден закоравен, бунтовен грешник.

Пријателе, дали имаш некој ближен, кој има тврдо срце кон гла­сот на Светиот Дух? Или, пак, некоја околност, која наизглед ја расипува Божјата волја? Не очајувај! Продолжи да се молиш со до­верба. Ништо не е претешко за суверениот Бог!

Посветен на изворното христијанство проповедано од Христос и апостолите.
Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 25.Октомври.2007 во 12:59

енешното свето евангелие, на досега ненадминат начин, ја објаснува тајната на основното егзистенцијално прашање за слободата на личноста. Библиската експликација на слободата како дар Божји не се дави во антропоцентричните, од гревот и смртта контаминирани води на американската фразеологија за слободата и правата на човекот, олицетворена во типично виолентната и империјална флоскула: „стап или морков“. Библиската теологија не познава вистинска слобода што не сака да падне ничкум пред Господа. Во денешното свето евангелие чувме како Христос ги избра апостолите, своите свети ученици. Начинот на кој го прави изборот и повикот претставуваат типичен израз на евангелското поимање на слободата на личноста. Чувме дека тој им пристапи на Петар и Андреј, на Јаков и Јован, со зборовите: „Ако сакаш, тргни по мене“. Ако сакаш е плод на најдлабокото поимање на слободата на личноста. Рибарите го слушнаа повикот и, вистински слободни во Господа, ги оставија мрежите и тргнаа по него, а синовите на стариот Зеведеј го оставија татко си и тргнаа по Христос, не штедејќи се во намерата да му служат нему, изворот на животот. И Црквата Божја, возљубени мои, како жив организам на телото на историски откриениот Христос, постои како чуварка и гарант на дарот на животот и слободата на личноста. Ако сакаш се зборови што денес особено силно одекнуваат во светот на тотализмите. Верувам дека со иста сила одекнаа и во овој свет храм. Верувам дека ги слушнавте и ги примивте со сето срце и со сиот ум. Зашто, дали ќе ги примите, зависи од вашето ако сакам. Црквата не знае за насилство врз личноста. Евангелската логика на срцето не ја исклучува логиката на умот, но ја превозмогнува. Слободата поскоро ќе се согласи да биде распната отколку да распнува други. Слободата што распнува се претвора во своја спротивност, во тиранија. Вистинската слобода не знае за насилство. Таа никогаш не ја губи свеста дека до доброто се доаѓа со добри методи. Апсурдно е доаѓањето до добро со примена на насилнички, лукави и малигни методи. Да се посега по методологијата на цивилниот свет и притоа да се живее во Црквата, е – најблаго речено – противприродно. Црквата Божја го изблувува од метаболизмот на нејзиниот богочовечки организам препознаеното туѓо тело.

Еден од луѓето што знаеше да го почитува дарот на слободата и да го чуе повикот Божји, е бележитиот ововековен светител на православието, митрополитот егински Нектариј. Живеејќи во Христа, на мајката Божја и’ испеа химна со радосниот и покаен јазик на великиот псалт, цар и пророк Давид. Таа химна претставува резиме на сето поетско искуство на Црквата. Оваа поетско-литургиска творба свети Нектариј Егински ја испеал во согласност со древниот монашки принцип: дај крв – прими дух! Замислете си со какво чувство на слобода химнопеел. Има ли поголема слобода од слободата на светите маченици, во крв заради Христа? „Света Дево“ е песна преведена на сите светски јазици, песна пеена и воспевана од срцата на сите православни народи. И ние имаме среќа да ја пееме песната во превод на македонски јазик. Преводот е адаптиран според музичкиот терк на древното црковно, византиско-словенско музичко наследство. И ние Македонците ја славиме Богородица мајка со таа химна на свети Нектариј. Но, за жал, не без опструкции, кои се предизвикани од најодговорната личност во манастирот – игуманијата, и покрај тоа што станува збор за песна што има моќ да го утеши и да го орадости модерниот човек, раскинат од животните проблеми што му ги носи духовно опустошениов свет. Химната има сила да охрабри, да подигне и да стане импулс за нов живот во Христа. Ве молам, браќа и сестри, да ја научите и во вашите домови да ја пеете со сиот огин на Светиот Дух.

„Ако некој сака да тргне по мене, нека се откаже од себе, нека го земе крстот свој и нека тргне по мене!“

 

Амин.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 07.Април.2007 во 15:59


словото е нашата храна






Христос воскресна – Навистина воскресна

Христос воскресна – Навистина воскресна

Христос воскресна – Навистина воскресна

 

Денес, возљубени мои во Христа, станавме сведоци на уште една прекрасна благовест. Ја чувме радосната вест за дијалогот што богочовекот Христос, втората ипостас Божја, молитвено ја почна со својот Отец, првата ипостас на триедниот Бог. Целиот дијалог претставува интимно, молитвено задирање во суштината на љубовниот живот на Троица и во заемните односи меѓу личностите на Отецот и Синот. Поради тоа, секој збор изговорен од устата на богочовекот Христос и упатен до Бога Отецот заслужува недремливо око и длабок егзегетски зафат. Ние ќе се задржиме на едно многу важно место од Христовото кажување. Што е животот вечен? Тоа е прашање пред кое замолкнува секоја уста човечка и секое срце човечко. Јазикот мачно го облекува во збор чувството. Затоа, да чуеме што ни порачува Христос, во простото, но совршено исповедање на Синот пред Отецот: живот вечен е да те познаат тебе, едниот наш Бог, и од тебе испратениот во историјата на светот и човекот, вотеловен и вочовечен Логос твој, Оче, богочовекот Христос! Сега нам ни е дадено да го познаеме начинот на нашето престојување во животот несмртен. Наоѓаме дека е неполезно да се потпираме врз умни спекулации и врз нашето премногу скромно, речиси ништожно животно искуство. Ќе побараме потпора во сведоштвата на најсветите души во Црквата Христова, бидејќи тие вистински го познале Христа и начинот што го овозможува неговото познавање. Ми паѓаат на памет зборовите на великиот старозаветен пророк Језекиил, кому Господ му пружил свиток и му заповедал да го земе и да го изеде. Откако Језекиил го изел свитокот, тој му станал посладок од мед. Му стана посладок од мед затоа што го примил и во живот го преточил словото Божје, спасителното слово запишано во свитокот на Светото писмо. Писмото го примил со вера и преку метаболизмот на телото и духот го разнесол до секоја клетка. Со Писмото хранејќи се и напојувајќи се, пророкот со Бога се нахранил и со Бога се напоил. Второто кажување е исповедта на уште еден голем старозаветен пророк, гораздиот Исаија, кој, подобно на свети пророк Језекиил, се допрел со усните до вечниот живот. Еден од серафимите му принесол на целивање јаглен претворен во оган. Откако со усните свои го целивал жарот, пророкот се очистил од гревот и самиот се претворил во оган. Тој оган е благодатниот оган на Светиот Дух, по чија сила умот се отвора за да го разбере словото од Писмото. Наитието на Светиот Дух ќе го прославиме за неколку дена. Тоа се кажувањата на великите старозаветни пророци, од свети Јован Златоуст со право наречени старозаветни евангелисти. А што ни кажуваат Црквата Божја и нејзиното милениумски таложено искуство? Ни го кажуваат она што ние го пееме на секоја света литургија: да дојдеме, да го примаме и да го вкусиме добриот наш Господ и, вкусувајќи го, да се увериме дека е благ Господ, како што светиот пророк Језекиил, откако го изеде свитокот на Светото писмо, се уверил дека е посладок од мед; онака како што пророкот Исаија со усните свои се допре до огнот благодатен на Светото писмо и се преобрази во суштиот тој оган. Затоа, свештеникот на секоја света литургија повикува да дојдете, да пристапите со вера и љубов и со усните ваши да го допрете жарот – Христос. Зашто христијанството е вистинска философија на животот што ја превозмогнува секоја цивилна философија. На христијанската философија и’ е туѓа стерилноста на умните спекулации. Резултатите на живото и динамично искуство на верата нејзе и’ се аргумент. Аргументот е содржан во повикот: дојди и прими го, и примајќи го, вкуси го, и вкусувајќи го, нахрани се со него, и хранејќи се со него, претвори се во него, без да ја изгубиш својата личност!

Амин.



Изменето од mali simo - 07.Април.2007 во 16:00
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 02.Април.2007 во 12:43

ОДБРАНИ ПОУКИ


СВЕТИ МАРКО ПОДВИЖНИК






1. Повикувај го Бога да ги отвори очите на твоето срце за да ја согледаш користа од молитвата и од читањето кое со искуство разборито се прима.

2. Не учи од фалбаџија, да не ја научиш гордоста пред смиреноумието.

3. Не превознесувај се во срцето од познавањето на Писмото, да не паднеш во стапицата на богохулен дух.

4. Не обидувај се да ги разрешуваш проблемите преку спор, но со помош на духовно законитите средства: трпение, молитва и неколеблива надеж.

5. Оној кој се моли телесно без духовно знаење, сличен е на слепецот кој вика: Сине Давидов, помилуј ме (Лк. 18, 38).

6. Злото што се задржува во помислите го груби срцето. Воздржанието пак, со надеж го истребува злото и го скрушува срцето.

7. Бдението, молитвата и трпението неволји, образуваат корисна скрушеност, само доколку истраеме рамнотежно и непрекино во нив пред страстите. Кој истрае, ќе му наиде помош и во се останато. Кој пак од немар ги прекинува, при преминот ќе сети неиздржлива мака.

8. Постојат многу начини за молитва, што меѓусебно се разликуваат. Ниеден не е штетен, освен ако не се работи за сатанско дело, воместо молитва.

9. Кога си спомнуваш за Бога, вомножи ги своите молитви и Тој да си припомне на тебе, кога ќе Го заборавиш.

10. Кога читаш Свето Писмо, проникни во скриената смисла негова: се што од порано е напишано, за наша поука беше напишано (Рим. 15, 4).

11. Законот на слободата (Евангелието), не учи на секоја вистина. Многумина го читаат разумно, а малкумина го разбираат преку извршување на заповедите.

12. Кој трпи неправда од луѓето е сочуван од гревот и сообразно на страданието, добива помош.

13. Кој се моли за тие што му нанесуваат неправда, ги победува демоните. Тој пак, кој им се спротиставува, бива ранет од демоните.

14. Човечката навреда му причинува болка на срцето. Меѓутоа, таа е и причина за девствена чистота на оној кој ја поднесува.

15. Откриј го својот разум пред Владиката, зошто човекот гледа в лице, а Бог в срце.
ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
mali simo Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 22.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 1132
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mali simo Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 29.Јануари.2007 во 13:31


свети Силуан Атонски

избор од книгата „Старец Силуан“ од блажениот старец Софрониј (Сахаров)

Доаѓањето на Света Гора.

Семјон на Света Гора дошол во есента 1892 година и стапил во Рускиот манастир “Свети Великомаченик Пантелејмон“. Тука започнува нов подвижнички живот.

Според светогорскиот обичај, новопристапениот послушник „брат Симеон“ требало да помине неколку дена во целосен спокој, да се присети на сите дотогашни гревови во животот, да ги запише и да ги исповеда на духовникот. Чувствувањето на адското мачење, во него родило незадржливо огнено покајание. Низ тајната на покајанието тој сакал да ја ослободи својата душа од се што и тежело, и затоа со подготвеност и голем страв, во ништо не оправдувајќи се себеси, ги исповедал сите гревови од неговиот дотогашен живот.

Духовникот му рекол на брат Симеон:

„Ти ги исповеда гревовите пред Бога, и знај дека тие ти се простени… Отсега стави почеток на нов живот… Оди си со мир, и радувај се, зашто Господ те приведе во ова пристаниште на спасението“.

Едноставната, исполнета со вера душа на братот Симеон, слушајќи од старецот-духовникот дека сите гревови му се простени, според неговите зборови „оди си со мир и радувај се“ - се оддал на радоста. Неопитен и наивен се уште не знаел, дека на подвижникот му е нужно воздржание и во радоста, и затоа набргу го изгубил она чувство во коешто се наоѓала неговата душа по посетата на Кронштад. По ова, раслабувајќи, тој бил нападнат од блудната похот, задржувајќи се на соблазнителните претстави коишто му ги сликала страста. Помислата му велала: „оди во светот и ожени се“.

Што се претрпел младиот искушеник останувајќи сам - не знаеме. Кога отишол да се исповеда духовникот му рекол:

„Никогаш не примај помисли, а штом се појават веднаш отфрлај ги“.

Од неочекуваните напади коишто го стигнале братот Симеон, неговата душа се нашла во силен трепет. Чувствувајќи ја страшната сила на гревот, тој повторно се почувствувал во адскиот пламен и решил неотстапно да се моли се додека Бог не го помилува.

После преживеаните адски маки и по радоста којашто ја доживеал добивајќи проштевање при светата тајна исповед, сопнувањето од помислите и сознанието дека одново ја ожалостил Мајката Божја за него претставувало настан којшто ја потресол неговата душа; тој си мислел дека стасал во пристаништето на спасението, а одеднаш увидел дека и тука може да се погине.

„Паѓањето“ во помисли - го отрезнило братот Симеон за цел живот. За степенот на тоа отрезнување може да се суди по тоа што од тој ден кога духовникот му рекол: „никогаш не примај помисли“, тој за четириесет и шест години од својот монашки живот не примил ниту една блудна помисла. Тоа што за многу години не може да се научи, тој го усвоил после првата лекција, покажувајќи ја со тоа својата вистинска култура и мудрост, според зборовите на древните елини: на мудриот човек не му е својствено двапати за истото да греши.

Силното чувство на покајание било причина за нова борба. Помислата му дошепнувала:

„Оди во пустина, стави си кострет и таму спасувј се“!

„Добро“, одговорил Симеон, „ќе појдам да го замолам игуменот да благослови“.

„Не оди, игуменот нема да благослови“ - му говорела помислата.

„Ти само што ме тераше да се вратам од манастирот во светот“, одговорил Симеон, „а сега ме тераш во пустина… ако игуменот не благослови, значи не ме упатуваш добро“, и со решителност во длабочината на душата рекол:

„Ќе умрам овдека за своите гревови“.

Брат Симеон навлегуваше во духовниот подвиг, на со векови востановениот светогорски манастирски живот, наситен со непрекинато сеќавање на Бога: со молитва во келија, на само; со долготрајни богослужби во храмот; со пост и бдение; со честа исповед и Причест; читања, труд, послушание. Едноставен, незагаден од мноштво прашања, каков што е случајот со современите интелектуални луѓе, тој подобно на другите монаси, го усвојувал новиот живот поскоро со органско проникнување со средината што го опкружува, отколку со усно поучување. Усните насочувања на игуменот, на духовниците и старците, во најголем број случаи се кратки, и обично имаат форма на практични упатства - што и како треба да се направи.

Една од тие поуки за послушникот - почетник претставува и тоа дека молитвата во келијата првенствено треба да се совршува на бројаница со Иисусовата молитва. Многукратното повикување на светото Иисусово име ја насладило душата на брат Симеон. Тој се зарадувал кога дознал дека со оваа молитва е можно да се моли секогаш и секаде, при секоја работа и прилика, дека е добро да се „држи“ и за време на црковните служби, а кога не е во можност да се појде во храмот, со неа се заменува богослужбата. Тој горешто и многу се молел, зашто неговата душа пребивала во тешко измачување, силно копнеејќи за Оној Којшто можел да ја спаси.

Така поминало кратко време, околу три седмици, и еднаш на вечерната, при молитва пред иконата на Богородица, молитвата слегла во неговото срце и таму започнала сама да се совршува дење и ноќе, но тогаш тој уште не ја разбирал големината и реткоста на дарот задобиен од Божјата Мајка.

Братот Симеон бил трпелив, незлобив, послушен; во манастирот го сакале и фалеле заради совесното работење и добриот карактер; и, тоа за него било пријатно. Тогаш започнале да му доаѓаат помисли: „Ти живееш свето: се покаја; гревовите ти се простени; се молиш без престан; добро го исполнуваш послушанието“.

Од многуте и усрдни молитви неговата душа повремено чувствувала спокој; тогаш помислата му говорела: „Ти се молиш, и можеби ќе се спасиш; но, ако во рајот не ги најдеш ни татко ти, ни мајка ти, ни тие коишто ги љубиш, тогаш и таму за тебе нема да има никаква радост“.

Умот на послушникот се возматувал при овие помисли, и немирот проникнал во срцето, но заради својата неопитност тој не сфаќал што се случува со него.

Една ноќ неговата келија се исполнила со чудна светлина којашто проникнала дури и во неговото тело така што тој ја видел и својата внатрешност. Помислата му рекла: „Прими - тоа е благодат“; сепак, душата на послушникот се вознемирила при ова, и тој се нашол во голема недоумица. Молитвата, и после ова, продолжила да дејствува во него, но скрушениот дух толку отстапил од него што во време на молитва му дошла смеа. Тој се удрил силно со тупаницата по челото. Смеата сопрела, но покајничкиот дух воопшто не се вратил, и молитвата се одвивала без скрушеност. Тогаш тој сфатил дека со него се случува нешто што не е во ред.

По видението на чудната светлина, започнале да му се јавуваат демони, а тој наивно разговарал со нив „како со луѓе“. Постепено нападите се зголемувале; понекогаш му говореле: „Ти си сега светител“, а некогаш: „Нема да се спасиш“. Еднаш брат Симеон го запрашал демонот: „Зошто ми зборувате различно - еднаш велите дека сум свет, вторпат дека нема да се спасам“? Демонот потсмевајќи му се одговорил: „Ние никогаш не ја кажуваме вистината“.

Менувањето на демонските внушенија, од вознесување до небото од гордост, до паѓање во вечната погибел, ја притискале душата на младиот подвижник, доведувајќи ја до очај, и тој се молел напрегајќи се до исцрпеност. Спиел малку и со прекини. Физички снажен, вистински маж, тој не легнувал во постела, но цела ноќ ја минувал во молитва, или стоејќи, или седејќи на столче; изнемоштувајќи, заспивал седнат по петнаесет до дваесет минути, и потоа повторно станувал на молитва. И така, по неколку пати. Вкупно спиел од половина час до два часа.

Неговото прво послушание било во мелницата. Тоа било време на процвет на руското монаштво на Света Гора. Манастирот се проширил и буквално станал град насреде пустина. Бројот на братјата достигнал повеќе од две иљади, а стотици посетители и поклоници доаѓале од Русија и честопати на подолго останувале во огромните гостински конаци од манастирот. Така и работата во мелницата не била мала. А, брат Симеон и покрај толку краткото спиење, при крајно воздржување од храната, при непрестаната, горешта молитва, при многу длабок, а повремено и очаен плач, во целост ги исполнувал своите тешки работни послушанија каде што за еден ден требал да превртува и да носи мноштво големи вреќи со брашно.

Поминувале месеци и месеци, а измачувањето од демонските напади се зголемувало. Душевните сили на младиот послушник започнале да изнемоштуваат; стравот од гибелта и очајот растеле; ужасот на безнадежноста се повеќе и повеќе завладувал со сето негово битие. Само оној којшто преживеал слично нешто знае дека никаква човечка храброст, никаква човечка сила не може да опстои во таа духовна борба. Начнат бил и брат Симеон; дошол до крајниот очај, и седејќи сам во келијата, едно предвечерие тој помислил: „Да го умолиш Бога е невозможно“. Со оваа мисла тој почувствувал целосна напуштеност, и неговата душа потонала во мракот на адските очај и тага. Во ваква состојба тој останал околу еден час.

Истиот ден, за време на вечерната, во црквата на светиот Пророк Илија којашто се наоѓа кај мелницата, десно од царските двери каде што е поставена иконата на Спасителот, тој Го видел Христа жив.

„Господ непоимливо се јави“ на младиот послушник и целото негово битие и самото негово тело се исполниле со огнот на благодатта на Светиот Дух, којшто Господ го фрлил на земјата со своето доаѓање (Лк. 12. 49).

Од видението Симеон изнемоштел, и Господ се скрил.

Не е возможно да се опише состојбата во којашто се наоѓал во тој миг. Ние од устата и од записите на блажениот Старец, знаеме дека тогаш го озарила голема Божествена светлина, дека бил грабнат од овој свет и со духот возведен на небесата каде што чул неизглаголиви зборови коишто во тој момент ги примил како ново раѓање одозгора (Јован 1. 13; 3. 3). Кроткиот, сеопростувачки, безмерно љубовен и радосен Христов поглед го привлекува кон Себе целиот човек, и потоа сокривајќи се, со сладоста на Божествената љубов и со созерцанието на Божеството коешто ги надминува претставите на светот, го воодушевува неговиот дух.

Во јавувањето на Господа на послушникот Симеон, човек прост, со длабока непосредност, се забележува и тоа што тој веднаш го познал Христа Којшто му се јавил, и Светиот Дух Којшто дејствувал во него. Во своите записи тој без престан повторува дека Господа Го познал преку Светиот Дух, дека тој Го видел Бога во Светиот Дух. Исто така, тој повторува, дека кога Самиот Господ и се јавува на душата, таа не може а во Него да не Го познае својот Творец и Бог.

Со сигурност можеме да кажеме дека и адскиот пламен, и адските маки коишто му претходеле на Христовото јавување на послушникот Симеон, како и озарувачката Божествена светлина - за најголем дел од луѓето се невидени и несфатливи нешта. Тоа што духовниот човек го гледа, неговите преживувања и целиот негов опит, на недуховниот често може да му изгледа како безумство, или како плод на патолошка душевна состојба. Лишен од опитот на реалноста на духовниот свет, тој го одрекува она што не го познал. Потенцијално, секој човек е повикан кон полнотата на духовниот живот, но постојаната насоченост на вољата кон вештествениот свет, кон плотските и душевни доживувања го доведуваат до тоа - толку многу да затапи, и да дојде до состојба на неспособност за духовно восприемање. Во нашиот секојдневен живот, ова би можело да се спореди со човек којшто има радио-приемник и може да ги фаќа брановите коишто ја исполнуваат атмосферата; во исто време оној којшто нема, не го чувствува нивното присуство.

Чуден и несфатлив е духовниот живот на христијанинот-подвижник; ние во него гледаме сплет на поразувачки спротивности: демонските напади, богооставеноста, смртниот мрак и адските маки од една страна, и богојавленијата и светлината на беспочетното битие од друга.

Секој човек претставува неповторлива и посебна појава, патот на секој подвижник исто така е неповторлив и посебен, но сепак, сите луѓе во својот стремеж да ги класифицираат појавите според една или, пак, друга основа, спроведуваат класификација и во овој случај.

Во првиот вид припаѓаат најголемиот број на луѓе. Привлечени кон верата со мала благодат, својот живот го минуваат во умерен подвиг на исполнување на заповедите, а дури на крајот од својот живот според преживеаните страдања здобиваат благодат во малку поголема мерка. Еден дел од нив, коишто впрочем се подвизуваат поусилено, добиваат и повеќе благодат. Ова се случува со многу монаси.

Вториот вид се оние коишто во верата навлегуваат со сосем мала благодат, но ревносно подвизувајќи се во молитвата и борбата со страстите, со напорен подвиг, на средината од својот пат стекнуваат поголема благодат; поминувајќи го остатокот од животот во уште поголеми подвизи тие достигнуваат до висока мерка на совршенство.

Третиот, најредок вид, е кога човекот во почетокот од својот подвижнички пат, заради својата огненост, или поточно, бивајќи претходно познаен од Бога, здобива голема благодат, благодат на совршените.

Овој последен вид не само што е најредок, туку е и најтежок, затоа што никој, доколку е можно да суди за тоа од Житијата и Делата на Светите Отци, од усното предание на подвижниците од последните векови, и врз основа на опитот на современите отци, не може да го задржи во полнота здобиениот дар на Божествената љубов, и после, во текот на долго време, доживува одземање на благодатта и богооставеност. Објективно, тоа не е целосно одземање на благодатта, но субјективно, душата и самото намалување на дејството на благодатта го доживува како богооставеност.

Овој последен вид на подвижници страда повеќе од сите, зашто кај нив после познанието на благодатта и созерцанието на Божествената светлина, мракот на богооставеноста и ударите на страстите ги преживуват во силата на контрастот, неспоредливо подлабоко и поостро: тие се свесни ШТО изгубиле. Освен тоа, доживеаната благодат со своето дејство го изменува целиот човек и го прави неспоредливо поосетлив кон сите духовни појави.

Овој последен вид страда најмногу од сите затоа што љубовта Христова во овој свет е изложена на исклучително тешки „огнени искушенија“ (1Петар 4. 12); затоа што љубовта Христова во овој свет неизбежно страда.

Блажениот старец Силуан припаѓаше на овој последен вид, и така се објаснуваат неговите зборови: „вие не можете да ја сфатите мојата скрб“, или, „којшто не го познал Господа, тој не може со плач да Го бара Него“.

Кога тој ги опишува неутешната скрб и Адамовиот плач после изгонувањето од рајот, тој всушност ги опишува својот плач и скрбта на неговата душа после губењето на благодатта.

Исклучително длабокото покајно чувство на Симеон не тера да се запрашаме: зошто едни луѓе се каат за своите гревови така длабоко и силно, други не толку длабоко, а трети сосема слабо, или, воопшто не се каат? Со што да се објасни различноста во интензитетот на сознанието за гревот кај луѓето?

Ние не сме во состојба да одговориме на ова прашање: за нас е невозможно да проникнеме во тајната на духовниот живот на човекот. Достапно ни е единствено набљудувањето на некои појави во животот на човекот којшто религиозно живее, кога тие попримаат форма на психолошко преживување; на нашето набљудување достапни му се и некои карактерни црти на овие доживувања, но без можност, да проникнеме во нивната суштина, зашто како основа на христијанските религиозно-психолошки факти, се јавува апсолутното, слободно и неподложно на никакви ограничувања дејствување на Духот Божји.

„Духот дише каде што сака, гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух“ (Јован 3. 8).

Втор фактор кој исто така не подлежи на определувања е човековата слобода. Од овие два фактори: пројавувањето на човечката слобода и дејствувањето на Божјата благодат се соградува христијанскиот духовен живот.

И нашата вера, и нашето покајание, во извесна мерка зависат од нашата слобода, а во исто време се и дар на Божјата благодат. Бог заради својата љубов го бара човекот, за да му даде живот, но и повеќе, да му даде живот во изобилие, како што говори Христос (Јован 10. 10), но овој живот се дава на слободниот човек, и не без согласност од самиот човек. Земајќи го ова предвид, можеме да кажеме дека од слободата на човекот зависи и мерката на дарот Божји. Божјите дарови се поврзани со извесен подвиг, и кога Бог увидува дека човекот кон неговиот дар ќе се однесува онака како што доликува, тогаш тој дар го излева „безусловно“. Може да се каже дека како причина за големината на дарот се јавува Божјото предзнаење на одговорот на човекот кон дејството на благодатта. Апостолот Павел кажува: „Оние коишто Бог ги позна порано, нив и ги определи да бидат слични на образот на Неговиот Син“ (Рим. 8. 29). Уште вели: „Кога Бог, Којшто ме избра од утробата на мојата мајка и ме призва преку својата благодат, благоволи во мене да го открие Својот Син… јас веднаш не го прашав ни телото, ниту крвта“ (Галат. 1. 15, 16).

Бог - знаејќи однапред дека Симеон, подоцна схимонахот Силуан, нема да ги запраша ни плотта, ни крвта, но својот живот ќе го проведе во подвизи достојни за голем дар - го повикал на тој необичен живот којшто ние го гледаме во него.

Ние, овде, воопшто не помислуваме да ја објасниме тајната на соодносот на апсолутно слободното творение на великиот Домостроител на светот - Бога со тварната слобода на човекот; но, нашето заедничарење со Старецот, чијшто живот помина во исклучително напорниот подвиг на љубовта, во којшто првенствено се пројавува слободата, ја задржа нашата мисла на Божјото предзнаење на слободниот одговор на Неговиот љубовен повик.

Сметаме дека избирањето за сведочењето на љубовта е исклучително ретко, затоа што тоа сведочење е неизбежно соединето со целосно себежртвување.

Ни доаѓа мисла дека во лицето на старецот Силуан, Божјата промисла му дава на светот нов пример, и ново сведоштво за бесмртноста на Божјата љубов, за преку него, преку Силуана, да се ободрат луѓето парализирани од очајот, како што за ова говори Апостолот Павел: „Па затоа бев помилуван, за да ја покаже Иисус Христос прво на мене сета долготрпеливост, како пример на оние, коишто ќе поверуваат во Него за живот вечен“ (1Тим. 1. 16).

Заповедта Христова за старецот Силуан не претставувала етичка норма. Тој не го сведувал христијанството на ниво на морално учење, како што тоа го правеле претставниците на хуманистичката култура лишени од вистински религиозен опит, кои на крајот доаѓале и до тоа дека „за нив“ религијата не е нужна, затоа што тие во неа гледале единствено „начело за воздржување“ на неуките. Не, тој зборовите Христови ги примал подобно на Апостол Петар како „зборови на вечен живот“ (Јован 6. 68), како дух и живот, според зборовите на Самиот Господ „зборовите што ви ги кажав се дух и живот“ (Јован 6. 63).

За старецот Силуан Христовите зборови биле - Живототворен Дух, самиот вечен живот, Бог во Своето дејствување.

Неговата вера по своето возрождение, после овие факти за коишто погоре е раскажано, одеднаш добила длабок карактер. Тој верувал дека Бог ќе им суди на луѓето, дека тие коишто чинеле гревови и не се покајале ќе одат во вечни маки, а тие коишто правеле добрини според Христовите заповеди ќе го наследат Царството Небесно. Во согласност со совршено исправната забелешка на преподобниот Максим Исповедник дека: „верата раѓа страв“, (а, не стравот вера) - („За љубовта“, првото стоглавие, 2), огнената Симеонова вера во неговата душа родила голем страв од осуда заради мноштвото не така мали гревови коишто тој ги познал кај себе.

Затоа не можеме, а да не се восхитиме на Симеоновото исклучително длабоко чувствување на гревот. Несомнено, тоа е дар на благодатта.

Што е гревот според сфаќањето на христијаните?

Гревот пред се е духовна, метафизичка појава. Корените на гревот се во мистичната длабочина на духовната природа на човекот. Суштината на гревот не е во нарушувањето на етичките норми, туку во отстапувањето од вечниот, Божествен живот, живот за којшто човекот е создаден и кон којшто тој естествено, т. е. според својата природа е повикан.

Гревот се врши пред се во тајната длабочина на човековиот дух, но неговите последици го поразуваат целиот човек. Сочинетиот грев се одразува на душевната и на физичката состојба на човекот; тој се одразува на неговата надворешност; се одразува на судбината на самиот грешник; и, неизбежно ги надминува границите на неговиот индивидуален живот и го оптоварува со зло животот на сето човештво, а следствено се одразува на судбината на целиот свет.

Плотскиот човек чинејќи грев, не ги чувствува во себе неговите последици, така како што ги чувствува духовниот. Плотскиот човек во себе не забележува промена на состојбата после извршениот грев, затоа што тој секогаш пребива во духовна смрт и затоа што не го познал вечниот дух на животот. Духовниот човек, сосема спротивно, при секое отклонување на својата воља кон грев, во себе гледа промена на состојбата во сила, заради намалената благодат.

Кај старецот Силуан нас не восхити неговата исклучителна чувствителност и поразувачката духовна интуиција. И, пред да му се јави Господ, а особено потоа, во сиот свој понатамошен живот тој го доживувал гревот исклучително длабоко и силно; срцето неподносливо го болело заради гревот, и затоа покајанието било незадржливо насочено, со плач, неотстапувајќи додека душата не почувствувала дека Бог и простил. За многумина ова изгледа чудно, а за некои е претерано, но примерот на Старецот не е за сите.

Каејќи се за гревовите, тој не барал само опростување коешто Бог лесно го дава, можеби само со една воздишка на жалење, туку тој барал целосно простување, така што душата дури и дејствително би ја почувствувала благодатта. Тој барал сила од Бога да не го повторува гревот, ако е можно никогаш; тој го молел Бога да го избави од делувачкиот во нас „гревовен закон“ (Рим. 7. 23). Последицата на гревот - губењето на благодатта, тој го преживувал толку силно и болно, така што непрестано се плашел да не му се случи нешто слично. Отстапувањето на љубовта Божја и мирот Христов од душата, за него било најстрашното. Сознанието дека тој го оскрбил Бога, таквиот Бог - кроток и смирен, за него било неиздржливо. Тој согрешувајќи против светата љубов Христова доживувал длабоки страдања на совеста. На човечки план, оној којшто има љубов, а направил грев против љубовта, на пример, во односот кон родителите, знае колку е неподнослива маката на совеста; но, се што се случува во светот на душевен план е само бледа слика на духовниот однос со Бога.

И така, Бог од самиот почеток го познал Семјона - Силуана, и на еден несфатлив за нас начин му дал да ја познае суштината на гревот во таква длабочина и сила, што тој навистина ги доживеал адските маки и се молел од овој „преисподен ад“, додека Господ не му се приближил и не му се јавил, давајќи му да го познае воскресението на душите и да Го види Синот Човечки во Своето Царство, уште пред да вкуси телесна смрт (Матеј 16.28).

Православниот монах за своја главна работа го смета внатрешното, со молитва во срцето, умно внимание коешто му дава можност да ја види помислата пред таа да влезе во срцето. Умот стоејќи во срцето со безмолвно внимание гледа како помислата се приближува однадвор обидувајќи се да продре во срцето, и со молитва ја одгонува. На ова делување наречено „умствена трезвеност“, или, „умствено безмолвие“, започнал да се учи братот Симеон. Од оној ден, кога по дарот на Божјата Мајка, во неговото срце започнала да делува Иисусовата молитва, до крајот на неговиот живот оваа молитва никогаш не престанала, но и покрај се таа уште не била совршена, а тогаш и не можела да биде таква затоа што страстите останувале сеуште несовладани. Со него се случило нешто големо, но сепак, слично на она што се случува со многу други: со својата огнена усрдност тие ја достигнуваат постојаната молитва, но неочистени од старстите преку долг подвиг, и покрај дејството на молитвата, тие паѓаат во гревови заради страстите. Со ваквата состојба подвижникот не може да биде задоволен.

Братот Симеон сеуште не умеел да го „чува умот“; молејќи се, тој не ги задржувал или сопирал воображенијата преку коишто дејствуваат демоните. Воображенијата, кај секој почетник во духовниот живот, неизбежно внесуваат изопачувања во тој живот. Бидејќи тоа е неизбежно во почетниот период, тие тогаш не се сметаат за „прелест“, но сепак, почетникот постепено треба да преминува од овој вид на молитва во другиот којшто се состои во тоа да се „заклучи умот во зборовите од молитвата“. Овој е потежок и посув вид на молитва, но затоа е поправилен и помалку опасен.

Кај горешто устремениот кон Бога, но и совршено простиот и наивен брат Симеон, молитвата не била лишена од воображенија, така што многу брзо добила опасна форма, овозможувајќи им на демоните да го искушуваат младиот подвижник. И, онаа чудна светлина којашто еднаш, ноќно време ја исполнила неговата келија, па дури и ја осветлила и неговата внатрешност, и оние унакажени фигури коишто ноќе ја полнеле неговата келија, дури и преку ден јавувајќи му се и беседејќи со него - сето тоа претставувало изобилство на големи опасности.

Навистина, речиси сите свети подвижници поминуваат низ оваа борба со демоните, и во таа смисла средбата со нив е нормална појава на патот кон духовното совршенство; но, колку биле такви коишто пострадале од нив; колку многу до крајот на својот живот останале душевно болни, застраниле со умот; колку луѓе дошле до страшен очај и пропаст; колку самоубиства и секакви престапи се извршуваат во светот како последица на демонската духовност.

Оној којшто со нив водел борба, тој знае како тие умеат да бидат итри и ласкателни со оние коишто ги примаат, а како, пак, разјарени кога ги одбиват. Секојпат кога со подвижникот се случува тоа што се случувало со братот Симеон, духовниот отец го впрегнува своето внимание. Борбата со демоните не треба да донесе страв; стравот е половина пораз: неговата појава ја ослабува душата и ја прави подостапна за демонското насилство.

Братот Симеон бил наивен, но мажествен; но сепак, да се пребива спокојно во вакви случаи е невозможно.

Од Житијата на светиите, од делата на светите отци - аскети, од разговорите со духовниците и со другите подвижници на Света Гора, младиот монах Силуан постепено се учи на посовршено аскетско делање, постојано пребивајќи во подвизи коишто за многумина изгледаат воопшто невозможни. Неговиот сон и понатаму бил со прекини, неколкупати во денот и ноќта по 15 до 20 минути, вкупно се собирале од половина до два часа днево. Како и претходно, на постелата не легнувал, а спиел седнат на столче; дење работел како работник; го извршувал подвигот на внатрешното послушание - сечењето на својата воља; учејќи се на што е можно поголемо себепредавање на Божјата воља; се воздржувал во храната, во зборувањето и во движењата; непрестано се молел со Иисусовата умствена молитва - којшто е најтешка работа што крајно ги исцрпува сите човечки сили, но и покрај сиот овој подвиг, светлината на благодатта често го напуштала, а демоните ноќе, во толпи, го вознемирувале.

Промената на состојбата - ту благодат, ту оставеност и демонски напади - не поминала бесплодно. Благодарение на овие промени, душата на монахот Силуан пребивла во постојана внатрешна грижа, бодрост и усрдно изискување на изход. Непрестаната молитва и трезвеноумието на коешто тој се учел со нему својственото трпение и мажественост, му откриле нови хоризонти на духовните знаења и го обогатиле со нови средства во борбата со страстите. Неговиот ум се почесто и почесто се восредоточувал во срцето, што му давало можност да ги набљудува случувањата во внатрешниот свет на душата. Споредбата на состојбите и преживувањата го доведуваат до појасно разбирање на она што се случувало со него. Се зародува вистинско духовно знаење и расудување. Се стекнува познание за тоа како се поткрадуват помислите на различните страсти, а исто така и за тоа како делува благодатта. Силуан навлегува во животот на разумниот подвиг, осознавајќи дека главната негова смисла е стекнувањето на благодатта. Така прашањето за тоа како се стекнува благодатта, како се чува, зошто ја напушта душата - станува едно од основните и главни прашања за сиот негов живот.

Во својот подвиг за зачувување на благодатта, монахот Силуан доаѓал до мерки коишто за луѓето од поинаков тип им се чинат недопустливо сурови, и дури можат да предизвикаат мислење дека овој вид на беспоштедност кон себе си претставува изопачување на христијанството. Но, тоа воопшто не е така. Душата која го познала Бога, воздигната да го созерцува светот на вечната светлина, а потем лишена од таа благодат, се наоѓа во таква состојба за којашто нема претстава оној којшто сето ова не го познал во ист таков степен. Страдањата и скрбта на оваа душа се необјасниви; тие предизвикуваат особена метафизичка болка. За човекот којшто ја видел светлината на безначалното битие, ја вкусил полнотата, радоста и неискажливата сладост на Божјата љубов, во овој свет веќе не останува ништо што може да го опрелести. Во некоја смисла, земниот живот за него станува тегобен, безрадосен и тој со плач одново го бара оној живот до којшто му било дадено да се допре. Маж којшто ја изгубил својата жена што огнено и искрено ја љубел, или, мајка којашто го губи својот единствен возљубен син, само делумно можат да ја разберат тагата на оној којшто ја изгубил благодатта, зашто Божјата љубов - и по својата сила, и по своето достоинство, и по својата сладост, и по својата неизмерна убавина и власт - неизмерно ја надминува секоја друга човечка љубов, та, затоа, свети Јован Лествичник говорејќи за оние коишто ја изгубиле благодатта вели дека: нивните страдања ги надминуваат страдањата на осудените на смрт, или, на оние коишто ги оплакуваат своите мртви.

Исклучителната загуба и страдањата поврзани со неа поттикнуваат и исклучителни подвизи; и, претставете си го мачењето на душата којашто доаѓа до изнемоштеност во своите подвизи, а сепак, не го добива посакуваното. Благодатта ретко, само за кратко, сведочи за својата близина, и потоа, одново се повлекува. Душата тешко страда од мракот на богооставеноста; умот, и покрај тешкиот подвиг на непрестаната внатрешна молитва, се помрачува и гледа демони; ноќе тие често доаѓаат да го вознемируваат монахот обидувајќи се да го оттргнат од молитвата, или, барем да не му дадат чисто да се моли. Има многу нејаснотии за душата во оваа борба и таа се колеба: зошто и поради што тоа е така? Од многуте болни страдања на срцето - монахот плаче; неговата душа тагува и го бара Бога, а околу се мрачните демони, безсрамни, грди, зли, одвратни.

„Каде си Господи… зошто си ме оставил“?

Големото и неспоредливо искуство на нашите Отци, од поколение на поколение, покажало дека многумина се удостоиле со посета на благодатта во почетокот на своето обраќање кон Бога, но само малкумина истраеле во тој подвиг којшто е совршено неопходен за оној којшто подоцна, по напуштањето на благодатта, може одново разумно да ја стекне познаената благодат. Во овие малкумина секако спаѓа и монахот Силуан. Овие кратки парчиња во коишто си дозволивме да кажеме нешто повеќе за страдањата на богооставената душа по своето значење не соодветствуваат дури и на една ноќна борба во којашто тој пребивал многу години. Паметиме како Старецот којшто воопшто не сакаше да зборува за ова, рече: „Доколку Господ не ми дадеше во почетокот да познаам колку многу Он го љуби човекот, тогаш јас не би издржал ниту една таква ноќ, а ги имаше многу“.

Поминале петнаесет години од денот кога Господ му се јавил. И, еднаш во една од тие мачни ноќни борби со демоните, кога и покрај сиот труд, не успевал чисто да се моли, Силуан станувајќи од столчето за да направи метании, пред себе здогледува огромна фигура на демон којшто стоејќи пред иконата очекувал да му се поклони нему; келијата била полна со демони. Отец Силуан повторно седнал на столчето и наведнувајќи ја главата, со болка во срцето започнал да се моли:

„Господи, Ти гледаш дека јас сакам да Ти се молам со чист ум, но демоните не ми даваат. Научи ме што треба да правам, за да не ми се мешаат“. И, чул одговор во душата:
„Гордите секогаш така страдаат од демоните“.

„Господи“, рекол Силуан, „научи ме што треба да правам за да ја смирам мојата душа“.

И, повторно Бог му одговорил во срцето:

„Држи го умот свој во адот, и не очајувај“!

Оваа кратка беседа со Бога во молитвата - претставува ново, и многу значајно собитие во животот на отец Силуан.

Ова е необично, непоимливо средство; може да се каже дури и сурово средство, но тој го примил со радост и благодарност. Срцето почувствувало дека Господ е милостив кон него, и дека Самиот раководи со него. Да се држи себе си во адот за него и не било нешто ново. До јавувањето на Господа - тој пребивал во адот. Ново во Божјиот совет е „и не очајувај“. Претходно тој доаѓал до очајание; сега, повторно после многу години тешка борба и честа богооставеност, тој доживеал мигови, ако не на очај, тогаш слични на него страдања. Сеќавањето на видението на Господа не допуштало да падне до краен очај, но страдањата заради губењето на благодатта биле не помалку тешки. Всушност, тоа што го преживеал исто така било очјание, но од поинаков вид од првото. Во текот на толку години, и покрај сиот труд којшто честопати ги надминувал неговите сили, тој не го достигнувал саканото и затоа ја губел надежта дека некогаш ќе го достигне тоа. Кога после тешката борба за молитва, тој станал од столчето за да направи метанија пред Бога, но пред себе видел демон којшто очекувал да му се поклони, силно го заболела душата. И, ете, Самиот Господ му го укажал патот кон чистата молитва.

Свесни сме дека секој обид, со зборови да се изрази длабокиот духовен акт, претставува обид со недоволни средста, но немајќи подобри ќе ги исползуваме оние што ни се достапни.

Во што е суштината на советот Божји кон отец Силуан?

Во тоа што тогаш на неговата душа и се открило не апстрактно - интелектуално, а суштински, дека корен на сите гревови, семе на смртта е гордоста; а, дека Бог е Смирение, и затоа оној којшто сака да Го стекне Бога должен е да стекнува смирение. Тој познал дека тоа неискажливо, слатко и големо смирение Христово коешто му било дадено да го доживее за време на Јавлението е неделиво својство на Божествената љубов, на Божественото битие. Оттогаш тој вистински познал дека сиот подвиг треба да биде устроен на стекнување на смирението.

Сега душата на монахот Силуан торжествувала, торжествувајќи на еден посебен, непознат за светот начин. Нему му се дало да ја спознае големата тајна на Битието; да ја спознае суштински. О, колку е милостив Господ: на смирениот слуга Он му ги открива своите тајни и го учи на патот на вечниот живот. Отсега Силуан со сите сили на душата ќе се придржува на патот што Самиот Бог му го покажал.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ СО СМРТА СМРТА ЈА ПОБЕДИ И НА ТИЕ ВО ГРОБОВИТЕ ЖИВОТ ИМ ДАРИ

Кон врв
belichka Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 30.Октомври.2006
Статус: Офлајн
Поени: 2023
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај belichka Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 16.Јануари.2007 во 18:17
 
Harizmata na starcestvoto: Starec Pajsij

 

Za Duhovniot zivot

,,kolku covekot stanuva poduhoven tolku pomalku prava ima vo ovoj zivot. Dolzen e da trpi, da ja prima nepravdata, da gi prima losite zborovi od drugite. Eden nikakvec koj sto e daleku od Boga ima poveke prava: Da napaga i da vika i da postapuva nepravedno. Nasite prava Gospod ni gi zadrzuva za drugiot zivot. Iako go znaeme ova cesto nie svoite prava si gi barame ovde.Ajde da ne gi narusuvame nestata ni malku. Ako nekoj nesto ni rece, vednas mu kazuvame sto e pravo. A potoa mislime deka veruvame vo Boga. Toa e vistinska smeska. Coveckata pravda na duhovniot covek ne mu znaci nisto, a ima golemo znacewe za edna izopacena licnost.”

“cesto gledam deka so religioznite luge se slucuvaat cudni raboti, sto me potsetuvaat na zelen Pazar. Tamu sekoj vika.  Eden veli zemi portokali, drug veli zemi si repa i taka natamu, sekoj ima za cel da go prodade svojot proizvod. Nesto slicno se slucuva i so nas hristijanite. Nekoj veli ako vlezes vo ovaa zaednica ke se spasis. Sepak, mnogu luge ne se za tuka ili za tamu, tuku na nekoe drugo mesto. Bozji covek moze da pomogne, no ne da gusi. Eve zamislete da otidam vo voena baza i da im kazuvam za monastvoto. Nema da gi lazam. I sto ke se sluci? Site li treba da stanat monasi? Taka se razbira, ke predizvikam nevolji, zasto nekoj od niv ke se zamonasi i podacna ke postrada i ke padne. Mora da go iznajdam vistinskiot pat za da moze toj da razbere…”

“Nekoj saka da slika ikoni, resil da stane ikonopisec, drug saka da bide zenet svestenik:drago mi e. Tret saka da ne se zeni neka ostane nezenet, saka li nekoj da bide monah? Treba da mu se pomogne na soodveten nacin. Nemozes site da gi stavis vo eden kjos…”

“ne e dobro koga covek menuva duhovni otci. Zamislete si zgrada na koja sto postojano i gi menuvaat inzenerite i graditelite. Toa moze da ne izleze na dobro…”

“…jas ne kazuvam recepti oddaleku. Ne postoi dalecinski lekar. Jas samo se molam…”

 

Ednas go prasale Starecot dali na Sveta Gora postojat onie koisto dostignale takva ljubov, sto site luge gi gledaat kako brakja, a toj odgovoril:…bi gi imalo mnogumina. Za nesreka, ima samo nekolku dusi. Nie Svetogorcite pretrpevme golema steta so kalendarot…”

“…svetot denes e okupiran so se drugo osven so samiot sebesi. Mislam deka ako se zaminavame samite so sebesi, se* ke potece vo kanonski ritam. A morame da go storime toa. Gledate, gavolot ni otvora rabota, rakodelie za sekogo…”

“…Koga se popravam, opravam edno delce od crkvata. Sekogas mozeme da bideme ednomisleni, Sv.Duh e eden. Sega lugeto obrazuvaat mnogu duhovi. Nemocam da razberam…”

…Roditelot na svoeto dete mu go davaa mesoto. Bog mu ja dava dusata. Koga deteto ke porasne roditelot povekje nema vlast na nego. Bog mu dava na sekoj covek po eden pazitel. Toj mu pomaga na sekoj covek preku celiot svoj civot. Zar netreba da mu se doverime sebesi na Boga..?

Nekoj ednas go prasha starecot dali lu|eto koisto sekojdnevno doa|aat so prasawa kaj nego go izmoruvaat. Starecot odgovori,, da ti kazam. Koga razgovorot e duhoven ne zamoruva. Loso e koga lu|eto postavuvaat sosem neodgovorni prasawa. Ako se neuki pa gi postavuvaat tie prasawa togas vo red, no ima i pametni lu|e, studenti, a te prasuvaat kakva vrska ima svsta so vremeto. Vo takvi slucaevi jas velam: Onde imam kafe i nekolku apciwa aspirin. Sedni za malku i malku po malku ke ja rascistime tvojata tema…..

 

Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика страница  12>
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,141 секунди.