![]() |
|
ИЛИНДЕН |
Внеси реплика ![]() |
страница 123> |
Автор | |
mungos80 ![]() Модератор ![]() ![]() АНАРХИСТ Регистриран: 21.Октомври.2009 Статус: Офлајн Поени: 4330 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() Испратена: 04.Август.2010 во 09:24 |
Манастирот „Св. Јован Бигорски“ бил стожер на сите подготвителни активности за востанието
Киро Кипроски Бигорски - На крајот на 19 и во почетокот на 20 век во Галичник, во Мијачијата и во селата по долината на реката Радика беше присутен слободарскиот дух. Населението, неможејќи да го издржи османлискиот јарем и пљачкосувањата што ги вршеле арнаутските качачки банди од Албанија, ги прифаќале принципите на Тајната македонска одринска револуционерна организација за учество во вооружено востание, за да се изборат за национална и социјална слобода. Галичаните ја отфрлале се' поприсутната големосрпска и големобугарска пропаганда. Целосно се носочувале кон револуционерните организации, формирале комитети, поткомитети и преземале други форми на дејствување, за подобро да се подготват за големиот ден - за востанието. bigorski_1908 Манастирот „Св. Јован Бигорски“ бил стожер на сите подготвителни активности за револуционерното Илинденско востание, при што одиграл многу значајна улога во координацијата и во организацијата на населението за нивно вклучување во сеопштото востание. Тука се одржувале голем број тајни активности на Галичко-реканскиот комитет за собирање облека, храна, оружје за востаниците. Во активностите биле вклучени монасите на чело со игуменот на манастирот, јеромонахот Партениј, кои успевале да конструираат и да изработат две топчиња, со кои беше почната вооружената борба против Османлиите во реонот на Копачка. Според професорот д-р Ванче Стојчев, илинденците имале 17 дрвени топчиња, од кои шест во Крушево, а четири топчиња Османлиите заробиле во Битола и ги однеле во Истанбул, кои се чуваат како воени трофеи. „Низ вековите Бигорскиот манастир одиграл значајна улога во јакнењето и зацврстувањето на македонскиот дух на населението, не само во неговата околина, туку и на поширокиот регион на западниот дел на денешната територија на Македонија“, вели игуменот на манастирот, архимандритот Партениј. На почетокот на минатиот век Бигорски бил главна база за дејствување во подготовките на Галичко-реканскиот комитет и дал голем придонес населението од сите села околу реката Радика да бидат организирани и покрстени како членови на ВМРО. Документите во печатена и во електронска форма, заедно со многу книги и документи, како што рече отец Партениј, изгореле во минатогодишниот пожар што го зафати манастирот. Но, се прават напори да се обезбедат тие документи, кои се наоѓаат во архивите на соседните држави. Во Бигорскиот манастир била создадена мајсторска работилница и складиште за оружје. Монасите Гаврил и Гаврил Русин излеале и направиле две топчиња. Во една ноќ, неколку дена пред 2 август 1903 година, браќата Филип и Угрин Канчевски, од Галичник, кои потекнувале од угледна сточарска и патриотска фамилија, со свои коњи ги презеле топчињата и со мака низ стрмнините над манастирот, успеале да пристигнат до местото Краиште. На патот кон Крушево биле обезбедувани од галичката чета. Патот ги водел низ планината Бистра, за да пристигнат на договореното место над селото Душегубица (Кичевско). Ноќта спроти Илинден, со двете манастирски црешови топчиња беше објавено Илинденското востание. „Скришум, да не чујат шпионите, дедо ми Филип ми раскажуваше за својот подвиг, за движењето ноќе низ планинските беспаќа, да не ги откријат непријателите, со брат му Угрин успеале да ги пренесат црешовите топчиња од Бигорскиот манастир до договореното место што им го дал Комитетот“, се сеќава осумдесетгодишниот д-р Јанко Канчески. Покрај топчињата, кои биле натоварени на еден коњ и камуфлирани, облеката и храната за востаниците биле товарени на неколку коњи, собрани од галичани. За храброста на дедовците, додава тој, ми раскажуваа и татко ми Коста и чичковците Тане, Заге и Драган. Шеесет и тригодишниот Миле Канчески ни вели дека дедо му Угрин, на 24 години, бил многу храбар и голем македонски патриот, секогаш подготвен да го даде животот за Македонија, за македонскиот народ да се ослободи од османлиското ропство, кое било неиздржливо. За пренесувањето на црешовите топчиња од Бигорскиот манастир во Крушево ми зборувал татко му Ладе, со аманет на дедо му, приказната да се пренесува од колено на колено, на децата и внуците, а тие, исто така, да им ја пренесуваат на своите деца и внуци се' додека постои родот и породот. „Чувствата се големи и импресивни кога сознав дека моите предци во илинденскиот период се зафатиле да ги пренесат црешовите топчиња и да бидат активни во подготовката на Илинденското востание, многу се израдував и горда сум што потекнувам од револуционерна-патриотска фамилија“, со восхитување зборува праправнуката на Филип, Елизабета Канческа-Милеска, министерка за култура, и додава: „Не дека потекнувам од семејството на моите прадедовци Филип и Угрин, кога татко ми ми раскажуваше за нивниот подвиг од очите почнаа да ми капат солзи, од нивната храброст, од подвигот што го направиле во тоа тешко време“. Авторот Георги Трајчев својата „Книга за Мијаците”, отпечатена во 1941 година, во Софија, речиси 30 години по нејзиното пишување, им ја посветува на Галичник и на Мијаците и на Бигорскиот манастир. Авторот по потекло бил Мијак, роден во Крушево, а во Галичник престојувал како инспектор по образование. Манастирот служел и како главна база на дејствување во подготовка на комитетите. На тој начин сите села што се наоѓале на двете страни на реката Радика биле организирани и покрстени како членови на ВМРО. Сите служби биле организирани од игуменот јеромонахот Партениј и од монасите Гаврил Карапела и Гаврил Руснака (кој бил добар техничар), запишал Трајчев. Покрај мажите од Галичко-реканскиот регион, кои учествувале во подготовките на Илинденското востание, и жените активно учествувале во подготовките на Илинденското востание. Во периодот од 15 август 1902 до 20 јуни 1903 година организацијата имала многу успешни активности во подобрувањето на организираноста, а посебно во собирањето пари, при што биле собрани 560 наполеони и големо количество облека. На Смилевскиот конгрес (23 април 1903 година) било донесено решение Галичко-реканскиот реон да остане легален орган и по објавувањето на востанието, да му биде на располагање на Кичевскиот револуционерен реон за да му доставуваат храна, облека, пушки, патрони, лекови, а во случај на напад на османлиските војски во Кичевскиот регион да можат четите да се префрлаат во Галичко, каде што ќе ги кријат. |
|
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|
![]() |
|
Boogie ![]() Профил од член
Испрати лична порака
Најди пораки од член
Посети го сајтот на членот
Додај во листа на пријатели
Модератор ![]() ![]() Слобода или Смрт Регистриран: 26.Октомври.2005 Статус: Офлајн Поени: 10652 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
![]() Илинденската слободарска традиција се вклопи во континуитетот на македонската народноослободителна борба. На 2 август 1903, беше кренато Илинденското востание, епохален чин во македонското националноослободително движење. Тоа беше само повод да се разбранат вековно тлеените стремежи на македоснкиот народ, кој наоѓајќи се во османското ропство, веќе пет векови се бореше да се искачи кон пиедесталот на слободата. Во последната деценија на деветнаесеттиот век во Македонија наполно созреаја општествено-политичките и националноослободитените услови за организационо оформувања на револуционерните настроенија на македонскиот народ. Во 1893 година, во Солун беше создадена македонската револуционерна организација, која во лицето на “Внатрешната македонска револуционерна организација” (ВМРО) одигра голема улога во сплотувањето на македонските маси за извојување на слободата, на самобитната и самостојната македонска држава. Во период на скоро една деценија оваа организација успеа да ги обедини сите македонски општествени сили, да ја рашири организационата мрежа низ цела Македонија, да го канализира на правилен пат националноослободителното движење. Во почетокот на Јануари 1903 година, Централниот комитет на Внатрешната организација, иако за тоа не беше поволна ни внатрешната ни надворешната ситуација на Македонија, а на тоа се спротивставија и видни дејци на оваа Организација, донесе решение да се подигне востание во летото на истата година. ![]() По донесувањето на решението за подигање на востание во сите македонски области, кои ја составуваа историските и географските граници на Македонија, а кои влегуваа во националните окрузи, беа спроведени сериозни поготовки за изведување на востанието. По извршените подготовки, востанието беше прогласено за 2 август 1903 година, кој ден се паѓа на народниот празник - Свети Илија, по што и самото востание е наречено Илинденско востание. Востанието ги опфати сите делови на Македонија, а најголем замав имаше во западните делови на Македонија, во Битолскиот вилает. Тука револуционерните сили беа најбројни и најдобро организирани и покажаа најголем ентузијазам во заштитата на македонската револуција. Како резултат на тоа малото македонско планинско гратче Крушево на едно отклонување на железничката пруга Скопје - Прилеп - Битола, беше заземено од востаниците и во него беше формирана слободната македонска република, наречена Крушевската република, која постоеше десетина дена. Слични акции во создавањето слободна територија имаше и во Охридско, Костурско, Леринско и во другите делови на Македонија. Тогаш цела Македонија се наоѓаше во востанички пожар. Тоа траеше скоро три месеци. Цели три месеци Македонија се наоѓаше во револуционерен бран на отпор и борба за слобода. Против тој отпор на македонските обесправени маси турската власт концентрира огромни воени сили и во востаничките упоришта беа испратени огромни воени експедиции, кои придонесоа за задушување на македонската илинденска револуција. Изразениот стремеж на Македонците во време на Илинденското востание да се здобијат со слобода, покажаниот беспримерен хероизам во текот на востанието, неопишаните масакри на османската солдатеска над незаштитеното население, предизвика силен бран на симпатии и солидарност сред меѓународната јавност. Епичната борба на Македонците во време на востанието наиде на широк публицитет во печатот. Преку печатот се рашири интересот сред меѓународната јавност за македонскиот Илинден. Сето тоа придонесе во меѓународната јавност да се појави цело едно движење во корист на Македонците, таканареченото “промакедонско” или “филимакедонско” движење. Ова движење се ангажира во полза на македонските работи, преку најразлични промакедонски манифестации во повеќе земји на Европа и Америка. Статистика на зверствата и опустошувањата во Македонија и Одринско за време на востанието – 1903 Битолски вилает: востанието ги опфаќа: Битолската, Костурската, Леринската Охридската и Кичевската околија. Битолската каза, најголемата во вилаетот, се состои од четири нахии (подоколии) – Битолска, Демир Хисарска, Ресенска (Горно Преспанска) и Долно Преспанска – и брои: 3 града и 265 села со 25.252 куќи и 154.910 жители. Од селата 198 се христијански, 21 муслимански и 46 мешовити. Од куќите 18.286 се христијански, 6.399 муслимански и 567 од други вери. Од жителите 116.615 се христијани, 35.315 муслимани и 2.980 други. Од 198 христијански села 33 беа потполно опожарени, 5 – делумно и околу 20 ограбени. Од 18.286 христијански куќи опожарени беа 2.424 (13,70%) и останаа без покрив 14.096 души. Бројот на искланите жители се искачува на 513 души, а на обесчестените моми и жени на 1.092. - Ресенска нахија: од 21 христијанско село 16 беа опожарени. Жителите на 711 куќи (од вкупно 3.691) – 4.182 души (од вкупно 19.765 христијански жители) – останаа без покрив, без покуќнина, без добиток, само со една глава на голите рамена. О бесчестени се 610 – повеќе од половината во целата околија! Има села, како Крушје, опожарувани, ограбувани и обесчестувани по два три пати. Во с.Петрино, мало село од 13 куќи, беше обесчестена целата женска челад – 25 жени и моми. При нападот на логорот, каде што беа сместени семејствата од Дупени и Ехла, аскерот одвлече 200 жени и моми и откако ги обесчести преку ноќтта, гин одведе во Ресен. - Битолска нахија: опожарени се само 3 села – Ѓавато, Метимир и Смилево, со масовни измачувања и обесчестувања. Најмногу настрадаа смилевци при нападот на нивниот логор. Неколку смилевски и ѓаватски бебиња беа фрлени од аскерот во огнот. Во Метимир, село од 25 куќи, беа обесчестени 60 жени и моми – скоро целата женска челад. - Демир Хисарска нахија: од 2.099 христијански куќи изгореа 555. При нападот на Слепчанскиот манастир „Св. Иван Претеча“ војската искла, освен калуѓерите, селските слуги и работниците, уште и десетина луѓе, слепи и болни, засолнети во манастирот. - Долна Преспа: од 32 христијански села беа опожарени, целосно или делумно 8, од 1.649 христијански куќи – 291 Битолската околија го држи второто место по бројот на опожарени христијански куќи, прво по бројот на искланите жители и прво по бројот на обесчестените моми и жени. Костурската каза, брои 128 села (заедно со Костур) со 13.223 куќи и 74.272 жители. Од селата 98 се христијански, 12 муслимански и 18 мешовити. Од куќите 10.554 се христијански и 2669 муслимански. Од жителите 62.338 се христијани и 11.884 муслимани. Од 98 христијански села, 18 беа опожарени целосно и 6 делумно. Од 10.554 христијански куќи 2.750 беа опожарени (26.20%) и и останаа без покрив 15.650 души. Исклани и отепани жители 413, обесчестени моми и жени 396, запленети жени и моми 30. Костурската околија го зазема првото место по бројот на опожарени куќи (26.20%), трето по бројот на искланите и испотепани жители, прво по бројот на запленетите жени и моми и второ по бројот на обесчестените. Леринската каза, брои 78 села со 10.391 куќи и 60.025 жители. Од селата 40 се христијански, 20 муслимански и 18 мешовити. Од куќите 6.458 се христијански и 3933 муслимански. Од жителите 37.505 се христијани и 22.520 муслимани. Од 40 христијански села, 12 беа опожарени целосно или делумно. Од 6.458 христијански куќи изгореа 902. Без покрив останаа 5.096 души. Убиени и исклани 229 души, обесчестени моми и жени 227. Леринската околија по бројот и процентот на опожарени куќи (13.90%) и исклани жители, како и по бројот на обесчестени моми и жени, го држи претпоследното место во вилаетот. Охридската каза, брои 101 село со 8.893 куќи и 60.305 жители. Од селата 75 се христијански, 14 муслимански и 12 мешовити. Од куќите 6.112 се христијански и 2.781 муслимански. Од жителите 43.368 се христијани и 16.937 муслимани. Од 75 христијански села, 32 беа целосно опожарени, а 10 делумно. Од 6.112 христијански куќи изгореа 2.064. Од 16.937 христијански жители 13144 останаа без покрив. Бројот на искланите и отепани жители се искачува на 419, а на обесчестените моми и жени 362. Охридската околија го држи процентно првото место во вилаетот и по бројот на опожарени куќи (38.80%) и по бројот на обездомените жители (30-40%) и по бројот на испотепаните и искланите (1%). По бројот на обесчестени жени и моми (362), е на трето место: после Битолската (1894) и Костурската (396); меѓутоа процентно, и во тој однос е на прво место. Кичевската каза, брои 118 села со 5.880 куќи и 39.590 жители. Од селата 81 се христијански, 21 муслимански и 16 мешовити. Од куќите 3.248 се христијански и 3.632 муслимански. Од жителите 21.800 се христијани и 17.790 муслимани. Од 81 христијански села, 10 се целосно или делумно опожарени. Од 3.248 христијански куќи 506 се опожарени. Од 21.800 христиојански жители 3.620 останаа без покрив. Исклани и отепани христијани 204, обесчестени моми и жени 73. Кичевската околија го држи последното место во вилаетот по бројот на опожарените куќи и обездомените жители, по бројот на испотепаните и искланите, како и на обесчестените моми и жени. Меѓутоа процентно, таа е на трето место (по Охридската и Костурската) по бројот на опожарените куќи (15-50%) и на второ (по Охридската) по бројот на искланите жители. Вкупно, во востанатата област на Битолскиот вилает од 21 јули до 20 септември, беа: Опожарени целосно или делумно 122 села со 8.646 куќи и останати без покрив 51.606 жители; убиени и исклани 1.779 души; обесчестени 2.152 жени и моми и запленети 37. Одрински вилает: востанието опфаќа делови од Лозенградскиот санџак: целата Малко Трновска каза, дел од Лозенградската, неколку села од Василикоската и 3 од Визенската. Од 24 христијански и 14 мешовити села во Лозенградската каза, опожарени беа целосно или делумно 16. Од 9.000 христијански куќи изгореа 1.090. Испоклани и испотепани беа 1.025 (13,30%!). Обесчестени жени и моми 241, запленети 91. Без покрив останаа 5.213 души. Две третини од населението во настраданите села побегна во Бугарија. Од 3.590 христијански куќи во М. Трновската каза изгореа 1.020 (28,40%!). Бројот на испокланите и испотепани 950, го достига невероватниот процент 5% од целото христијанско население. 611 жени и моми беа обесчестени и 36 запленети. 5.239 души (27.40% - повеќе од ?) избега во Бугарија. Василикоската околија брои само 10 христијански села. Од нив изгореа 5. Тука се случија најмалку обесчестувања, но пак најмногу клања. Само во месноста „Узун буџак“, беа стигнати од аскерот и отепани 130 души од семејствата на с.Пиргопуло, кои бегаа кон Бугарија. Процентот на испотепаните во Василикоско го надминува и тој во М. Трновско: 5.70%! (Во Охридско, најокрвавената околија во Битолскиот вилает е 1%). Воопшто, М. Трновско и Василикоско го држат првото место по жртви во текот на востанието од 1903 година. Вкупно, во Одринскиот вилает, или поточно во четирите кази, беа: Од 92 христијански села 66 беа целосно или делумно опожарени. Од 17.754 христијански куќи изгореа 2.610. Испоклани и испотепани – 2.565 души (во Битолскиот вилает – 1.779). Обесчестени жени и моми 920, запленети 135. Обездомени 12.880 души. Избегани во Бугарија 20.000 души. Во Солунскиот вилает, најмногу пострада Серскиот санџак, каде се случија и повеќе четнички напади и борби со аскерот. Разлошката околија, каде што се крена и вооруженото население, понесе страдања и даде жртви, кои се равни со некои околии од Битолскиот вилает. Опожарувања и клања се случија во Мехомија, Бачево и Белица. Други села беа ограбени. Стотици селани беа подложени на измачувања. Од 3.580 христијански куќи во таа околија изгореа 612 (12.50%), беа обездомени 2.500 души, 207 испотепани и испоклани (1%), 35 жени и моми обесчестени и 4 запленети. Во Неврокопската околија, најмногу пострадаа селата Обидим и Кремен, а во Мелничката – Пирин. Во целиот Серски санџак, беа опожарени во 10 села – 1.090 куќи, испоклани 290 души, обесчестени 50 жени и 4 запленети. Без покрив останаа 5.772 души. Во Солунскиот санџак на систематски терор беа подложени Тиквешката околија, а од селата во другите околии се случија палежи и убиства во Балинци (Дојранско), Под (Воденско), Смоквица (Гевгелиско) и др. Во Скопскиот санџак, главно после борбите со четите, беа опожарени и подложени на поголеми или помали клања селата: Долно Трогерци (Штипско), Ново Село, Витоша, Вранинци, Просек (Кочанско), Луково (Штипско) и др. Вкупно во санџакот беа опожарени 94 куќи и испоклани 60 души. Рекапитулација: Во четирите вилаети пострадаа повеќе или помалку 16 околии, во кои: 201 село беа целосно или делумно опожарени, 12.440 куќи во тие села опожарени, 4.694 души беа испотепани, испоклани и живи изгорени. 3.122 жени и моми беа обесчестени, 176 жени и моми беа запленети, 70.835 души беа обездомени, 30.000 души избегаа во Бугарија. |
|
![]() |
|
Македон ![]() Сениор ![]() Caesar Constantinus Регистриран: 20.Јули.2008 Локација: Macedonia Статус: Офлајн Поени: 9928 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
![]() Решението на АСНОМ за создавање на македонската држава Изменето од Македон - 01.Август.2010 во 02:03 |
|
![]() |
|
Македон ![]() Сениор ![]() Caesar Constantinus Регистриран: 20.Јули.2008 Локација: Macedonia Статус: Офлајн Поени: 9928 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
![]() |
|
![]() |
|
Македон ![]() Сениор ![]() Caesar Constantinus Регистриран: 20.Јули.2008 Локација: Macedonia Статус: Офлајн Поени: 9928 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
20-ти Јули по стариот стил, односно според Јулијанскиот календар е она што е 2-ри Август според Грегоријанскиот календар, односно задутре, на 2-ри Август, ќе биде 20-ти Јули според Јулијанскиот календар. |
|
![]() |
|
mungos80 ![]() Модератор ![]() ![]() АНАРХИСТ Регистриран: 21.Октомври.2009 Статус: Офлајн Поени: 4330 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
„Душата ми е преполна со радост и пред премрежните очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица и запљускујат е целата македонска земја, сакајќи да го измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава за да се роди денеска нова, светла македонска држава. Во овој момент земјата на нашите покојници, многубројни народни херои паднале и посеале коските си по цела Македонија, им станује полека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите илинденци и денешните илинденци за остварување на идејалот на две поколенија и две епохи - слободна, обединета Македонија“.
Кожата ми се ежи повторно секогаш кога одново ќе го прочитам поетичното обраќање на учителот од Велес, Панко Брашнаров, најстариот член на иницијативниот одбор за одржување на Првото заседание на АСНОМ, искажано при целосна тишина на отворањето на заседанието во манастирот „Прохор Пчињски“ кога се ставени темелите на државата. |
|
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|
![]() |
|
mungos80 ![]() Модератор ![]() ![]() АНАРХИСТ Регистриран: 21.Октомври.2009 Статус: Офлајн Поени: 4330 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Крушевската прокламација
Тешко дека некогаш ќе се реши мистификацијата околу манифестот на Крушевската република. Постоела ли навистина онаа прекрасна прокламација, напишана во знакот на старите македонски традиции за социјална правда и човечност или 20 години подоцна, во патриотски набој и наплив на инспирација, ја испишал Никола Киров Мајски, крушевчанец, близок соработник на Никола Карев и значајно име на раната македонска публицистика, како литературна фикција во својата драма „Илинден“? „Ние, вашите вечни комшии, познајници и пријатели от хубавото Крушево и от неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да ја трпиме тиранијата на жедните за крф и гладни за човечко месо муртати шчо гледаат и нас и вас да дотераат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлега на пуста пустина, денеска дигнафне глава и решифме со пушка да се браниме от тие ваши и наши душмани и да добиеме слобода“. Длабоко социјална и со многу демократско чувство за рамноправност (во беда и ропство, додуша) оваа прокламација е силно инспиративна слика за социјалниот момент во земјава во мугрите на 20 век. Мајски тврди дека непосредно пред востанието Карев му наложил да ја напише прокламацијата до турското население во крушевската револуционерна околија. Откако го прочитал текстот, Карев наложил да се даде на влашкиот учител Ванчу Петреску да го преведе прогласот на турски и да го умножи во 17 примероци, колку што имало мешани и турски села во тогашната крушевска околија. „Оригиналот задржи го за својата архива - тој ќе и треба на историјата“, рекол Карев. Но ниту оригиналот е зачуван, ниту пак некој од турските преводи. Мајски, по 20 години, повторно ја напишал декларацијата по сеќавање. |
|
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|
![]() |
|
mungos80 ![]() Модератор ![]() ![]() АНАРХИСТ Регистриран: 21.Октомври.2009 Статус: Офлајн Поени: 4330 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Последната кавга на Гоце и Даме во Солун
Една од клучните епизоди пред Илинденското востание е средбата на Гоце Делчев и Даме Груев во Солун за време на велигденските празници во 1903 година. Таа веќе со децении го предизвикува вниманието на нашите историчари, дури и на тие што сметаат дека во врска со нејзе нема веќе што да се каже или да се открие. Од многумина е прифатено мислењето дека, помалку или повеќе, и двајцата останале на своите гледишта: Даме за поддршка на решението од Солунскиот конгрес за кревање востание, а Гоце за продолжување на борбата со акции далеку од населените места, кои ќе ја спречат одмаздата на Османлиите врз цивилното население. Што навистина се зборувало на таа средба? Прашање е дали тоа некогаш дефинитивно ќе биде откриено. Интересно е сведоштвото на војводата Лазар Димитров (1869 г. с. Дренок, Дебарско – 1945 г. Пловдив), публикувано на 5 мај 1930 година во Пловдив во спомен на загинувањето на Делчев. „По желба и настојување на пријателите да го кажам тоа што го знам за становиштето на Гоце Делчев за Илинденското востание, за средбата со Даме Груев за време на Велигден 1903 година во Солун и за порамнувањето на нивните гледишта по тоа прашање, решив да ги напишам подолу изложените мои спомени“, почнува Димитров. Тој го опишува нашироко познатото влегување на Делчев во Солун во селска облека, со кошница вапсани јајца, а потоа вели дека на вториот или третиот ден од Велигден, претпладне, бил итно повикан од еден служител да се јави во Учителската гимназија во Солун. „Се јавив во гимназијата (чиј објект одамна не постои, н.з.) и го сретнав Делчев во долниот салон крај скалите што водеа кон горниот салон, пред кабинетот за физика и математика. Беше облечен во нова европска облека. Ме пречека насмевнат и се поздравивме празнично. Потоа ми кажа дека ме викнал за да ми соопшти дека се сретнал со Груев и дека го разгледувале прашањето за востанието. Крајниот резултат бил дека и тој, Гоце, се согласил да се прогласи востанието на крајот од летото, но партизанско-четничко, а не масовно. Такво беше и решението на конгресот. Со тоа се стави крај на спорот за кревање на востанието и не остануваше ништо друго освен да се брза со подготовките. Се разделивме со желби за успех. Тоа беше мојата последна средба со Гоце“, запишал Димитров пред 80 години. Христо Поп Коцев (1869, Ново Село, Штип – 1933, Варна), учител и член на ЦК на ВМРО, на 9 јули 1922 година во зборникот Илинден, за солунските настани од тие денови во кои главно се задржува на случувањата поврзани со атентатите на гемиџиите, меѓу другото запишал: „На Велики четврток, тогаш кога се читаа евангелијата, едно момче дојде и му прошепоти на Гарванов дека Гоце пристигнал. Гарванов излезе од црквата и го пречека скапоцениот гостин. Следниот ден дојде до средбата. Даме и Гоце нашироко разменија мислења за востанието. Даме веќе беше убеден во неопходноста од востанието, додека Гоце продолжуваше да биде партизан на анархичните акции. Најпосле и тој се согласи“. Чакаларов против Даме Како што може да се забележи станува збор за двајца непосредни сведоци на настаните, но нијансите во нивните записи воопшто не се мали. За Димитров, Гоце се согласил само на партизанско востание, а од сведоштвото на Поп Коцев се стекнува впечаток дека на крајот Гоце се приклонил кон размислувањата на Даме. Истата 1922 година, во истиот зборник, објавено е и сведоштвото на Козма Георгиев Чуранов (син на човекот во чија куќа е одржан Смилевскиот конгрес), кој на Коста Црношанов му го прераскажал тоа што го чул од илинденскиот војвода Димитар Кромидаров од Смилево, кој пак бил другар со Даме и кому овој му го раскажал целиот разговор со Гоце во Солун. Целта на сведоштвото на Козма, како што самиот навел, е да се побијат тврдењата што и тогаш владееле, а според кои „содржината на разговорот меѓу Гоце и Даме никому не е позната“. И според Димитар, средбата се случила на Велики петок. Гоце сметал дека решението за востание е избрзано, зашто сите окрузи не се доволно подготвени. На тоа, Даме, меѓу другото, одговорил: „Не сме целосно подготвени, но тоа се чини невозможно. Секое одлагање за да се подготвиме уште повеќе може да биде причина да го изгубиме и тоа што сега го имаме, без да се ангажираме во отворена борба... Сите востанија се случувале за да се предизвикаат светските фактори да се справат со состојбата создадена од востанието. На истиот начин и ние го очекуваме нашето ослободување. Колку и да се подготвуваме, ние нема да ја скршиме турската власт, но ќе го предизвикаме тоа што го предизвикале сите востанија – вмешувањето на големите сили во работите на Турција“. Димитар раскажувал дека и Гоце и Даме дошле до едно исто становиште – дека востанието е неизбежно. Во некои реони како масовно, во други според можностите. „Во тие востанички дејствија нема да можат да се избегнат ни атентатите до кои толку многу држел Делчев“, се сеќавал Димитар пренесувајќи го кажаното од Даме. Ова е приближно на линијата на сфаќањата, кои поаѓаат од тоа дека Груев имал една, а Делчев друга идеја за начинот на ослободување на Македонија. Меѓутоа, во Дневникот на Васил Чакаларов, легендарниот костурски војвода, Даме е сместен во групата луѓе врз кои треба да се врши притисок за да се крене востанието. Кога на 19 април 1903 година (според стариот календар) во Смилево стигнала веста за солунските атентати, Даме Груев се обидел да објасни дека бил направен обид атентатите да се спречат или барем да се одложат до почетокот на востанието. Чакаларов тоа го сфатил сосема поинаку, па запишал: „Како и да е, јас се радувам (на Солунските атентати, н.з.) и нека си говорат Груевци и компанија, тие мислат и следната година да не дигаат востание. Но тоа само по себе ќе си дојде...“. Овие зборови на Чакаларов се неверојатни: Даме, човекот кого сите го обвинуваат дека е еден од виновниците за предвременото востание по пет века ропство, од костурчанецот е обвинет дека всушност сака да го одолговлекува кревањето против Турците. А Чакаларов бил многу нешта во животот, но не и човек кој не знае што зборува. Разочаран Гоце Од друга страна, за многу македонски историчари, меѓу кои и проф. Михајло Миновски, дилеми нема. Врз основа на неговите истражувања, меѓу Даме и Гоце немало согласност. Во „Златна книга – 100 години ВМРО“, објавена во 1993 година, за средбата во Солун запишал: „Наместо сомисленик и соработник, Делчев сретна опонент... По разидувањето со Груев, Делчев немаше веќе што да очекува од актуелниот состав на ЦК во Солун. Му преостануваше акцијата - менувањето на донесената одлука за востание да ја води со окружните раководства и со војводите... Делчев го напушти Солун и се упати во Серскиот револуционерен округ, каде што закажа окружен конгрес на кој требаше да се донесе решение против кревање востание“. Ваквите заклучоци исто така се поткрепени од сведоштва, како, на пример, тоа на Ѓорче Петров кој во неговите „Спомени“ тврди дека во Солун „Делчев го доживеа последниот удар на разочарувањето“. Рафаел Камхи, единствениот македонски Евреин, илинденец, кој живееше до 1970 година, забележал: „Изутрина отидов во хотелот. Даме веќе беше станал. Порачав кафе и чекав тој да ми каже нешто за средбата во Солун со Гоце. Но тој не зборуваше ништо. Го запрашав: ‘Кажи нешто за Гоце, што прави тој, ме поздрави ли?‘ Ми одговори дека имам многу здравје од Гоце. Друго ништо не зборувавте? Најпосле ми одговори: „Со Гоце не можевме да се разбереме и многу студено се разделивме“. Михаел Герџиков, човекот кој подоцна се оженил со девојката на Гоце (за што имал добиено аманет), по повод неговото загинување во Баница навел: „Судбината отстрани една голема пречка во борбата да се спроведат решенијата од Солунскиот конгрес“. Дел од овие сведоштва се базирани врз основа на кажувањата на Пејо Јаворов, првиот биограф на Делчев, кој некаде во Серско, од него лично слушнал што разговарале двајцата војводи во Солун, по што се разделиле, а Гоце се упатил кон Баница. Така доаѓаме до тоа дека и едната и другата верзија се базирани на документирани сведоштва, но во нив постојат доста спротивставени вистини. Според првите, Гоце на крајот се согласил со Даме, според вторите, на средбата само биле зацврстени нивните разлики. Што од тоа е точно? Веројатно ќе треба да помине уште време, уште истражувања, и во секој случај, разгледување и на околностите во кои различните сведоштва се дадени. Колку што е неразумно да се каже дека некој од сведоците не ја говори вистината, толку е разумно во барање на вистината да се претпостави дека, на пример, сведоштвото на Димитров е дадено во услови на потреба од глорификација на настаните и затскривање на евентуалните несакани моменти. Значи, можно е неговиот запис за согласноста меѓу Гоце и Даме да е малку „разубавен“. Но од друга страна и тврдењето на Ѓорче, кое е спротивно на тоа на Димитров, а кој бил во „војна“ со цело ВМРО и кој повеќе ги сакал столиците и ладната кригла со пиво во софиските меани, можеби не би издржало посеопфатна анализа. Оттука, тешко е да се долови апсолутната вистина за тој настан, а со тоа и апсолутната вистина за самото востание. И додека тоа не се случи, останува секој да му поклони верба на гледиштето кое лично го смета за поиздржано. |
|
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|
![]() |
|
mungos80 ![]() Модератор ![]() ![]() АНАРХИСТ Регистриран: 21.Октомври.2009 Статус: Офлајн Поени: 4330 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
ИНТЕРВЈУ: ВАНЧО ЃОРЃИЕВ, ИСТОРИЧАР
Востанието беше неизбежно Сто и седум години по Илинденското востание во македонската историографија, се чини, се' уште не се расчистени дилемите за тоа дали тоа било прерано или не со оглед на разликите во раководството на тогашната Тајна македонска револуционерна организација. Историчарот Ванчо Ѓорѓиев во интервјуто за „Дневник“ предупредува дека во последно време во јавноста, како резултат на неукост и некомпетентност, се појавуваат сосема искривени тези за одредени настани и личности од тој славен период од македонската историја. Ѓорѓиев е автор на неодамна промовираното капитално дело „Подземна република - Даме Груев и македонското револуционерно движење“, во кое се претставени бројни, досега, непознати документи за една од најголемите фигури во македонското револуционерно движење. Дали, навистина, тие разлики биле толку решавачки за неговиот неуспех? - Во досегашната историографија, барем во најголем дел, преовладуваше мислењето што и вие го спомнавте, дали е прерано или задоцнето. Тоа е наједноставниот одговор кога не се прави анализа на настаните. Всушност, тоа не е одговор на прашањето затоа што во историјата никогаш не можеме да дадеме одговор со да или не, историјата не е егзактна наука бидејќи кај неа постојат многу сложени констелации и односи. Затоа и прашањето за тоа дали востанието било навреме, предвреме или задоцнето, јас го гледам поинаку. Да се одговори треба да се види ситуацијата во Македонија, влијанието на надворешните фактори, односите меѓу одредени личности... И ако сите ги споредиме, ќе видиме дека навистина востанието било - неминовно. Не би рекол дали е кренато прерано, навреме или задоцнето, туку дека било неизбежно. Зарем неизбежноста не можеше да се сопре или поинаку да се организира ако процените зборуваа дека ќе се доживее неуспех? - На Илинденското востание му претходеше Горноџумајското востание инспирирано во 1902 година од врховистите и кое предизвика реакција на големите сили против Турција за да изврши реформи во Македонија. Тој дипломатски притисок на Русија и на Австро-Унгарија беше мотивиран и од нивните сознанија дека допрва во Македонија ќе претстои големо движење што ќе ги загрози нивните политички интереси. Сето тоа психолошки влијае врз луѓето во македонската револуционерна органзација. Во нашата историографија обично се вели дека овој настан, односно дипломатското раздвижување околу реформите, всушност требало да биде добар сигнал дека меѓународната политика не е соодветна. Јас го поставувам прашањето поинако. Прво, зошто велат дека меѓународната политика била несоодветна. Дали само поради ставот на рускиот амбасадор кој кон крајот на 1902 година имаше мисија по балканските земји и се сретна со нашите дејци Христо Матов и Христо Татарчев и кој порача дека треба да се воздржат од какво било востаничко дејствување во Македонија за да и' остават простор на дипломатијата да даде соодветни реформи. И сега, со оглед на тој негов негативен став во историографијата се гради мислење дека ете, на Организацијата и' бил познат ставот на големите сили. Но, тоа е еден став, на една страна и влада. Прашањето можеме да го поставиме и поинаку. Дали таквите дипломатски раздвижувања и реформите, кои започнаа во февруари не влијаеја обратно врз организацијата и тие да појдат со една друга основа и логика? Ако веќе врховистите со едно толку слабо востаничко движење во Македонија, го предизвикаа меѓународниот фактор, каде би отишла работата ако ние со нашиот потенцијал и капацитет посериозно го поставиме прашањето? Другиот момент што придонесе за силно востаничко движење во Македонија беше што Организацијата веќе долго се подготвуваше за востание. Значи, имаме амбиент во кој големиот дел од населението веќе стана нетрпелив. Тоа беше состојба што тешко можеше да се контролира. Така што одреден авторитет, сеедно дали Гоце Делчев или Даме Груев, тешко можеше целосно да ги контролира состојбите. Реално, никој од нив како поединец не можеше да се наметне и да пресече. Така што поставувањето на прашањето дали бил пресуден Гарванов, Делчев, Груев или Сарафов е прашање што веќе нема таква тежина како во досегашното црно-бело гледање на работите. РАЗЛИКИ САМО ЗА КАРАКТЕРОТ Од каде тогаш разликите меѓу првите луѓе во Организацијата за кревањето на востанието - Гоце Делчев барал една метода, Даме Груев друга? - Последниве години кај нас ми се чини од некомпетентни извори се поставува прашањето и се шпекулира со факти особено за односите на Гоце и на Даме. Станува збор за непознавање на односите и затоа се доаѓа до такви заклучоци. Треба да знаеме дека ниту еден од нив двајца не учествуваше на Солунскиот конгрес кога се донесе одлука за кревањето на востанието. Груев беше во затвор во Мала Азија, а Делчев во Софија. Одлуката за кревањето на востанието ја донесе ЦК на чело со Иван Гарванов. Навистина, составот на тој ЦК е без морален кредибилитет, но сепак е донесена одлука што мораше да се почитува. Таа одлука предвидуваше востанието да биде напролет во 1903 година, без да се прецизира датум и дека ќе има општостратегиски карактер, на територијата на цела Македонија и во еден момент. Напоредно со ова, најеминентните луѓе - Делчев, Петров, Сандански...- во Софија одржуваат советување, кое отишло во премногу аналитички и критички води. Од него се извлекуваат тези дека едните биле „за“ а другите „против“ востанието. Тоа е многу црно-бело гледање на работите. Ако се проучи целиот материјал што е на располагање од тоа советување ќе видиме дека таму полемиката се води за карактерот на востанието односно, дали тоа да биде масовно востание со учество на целото население или тоа да биде востание што ќе има партизански - терористички карактер. Ако Гоце Делчев, кој тогаш оди повеќе кон анархистички идеи, бил против востанието, зошто тогаш влегол во Источна Македонија со чета и товари експлозив? Тој изврши атентат кај тунелот и мостот Ангиста што сведочи дека сака борба. Ако имало нетрпение меѓу Делчев и Груев, зошто Гоце двапати, преправен во други личности, го посетува во битолскиот затвор? Таквите теории дека имало заговори воопшто не држат ако се имаат предвид овие аргументи. Има теза дека Груев не бил информиран за состојбите на теренот, па затоа на Смилевскиот конгрес брзо се решил за востанието. - Мислам дека квалификацијата оти немал информации оти во тој период бил во затворот, е паушална. Тој бил совршено информиран за настаните, како во затворот во Битола, во кој го посетуваат Гоце Делчев и другите соборци, така и во затворот во Подрум-кале во Турција, каде што беа затворени значајни личности од Централниот комитет. Не можам да верувам дека не бил доволно информиран. Во секој случај, и кога се вратил од затворот, решението за востанието веќе било донесено во Солун и тој се најде пред свршен чин. Состојбата во Македонија беше предвостаничка. Гемиџиите веќе поставија динамит во Солун, многуте чети крстосувања, имаше судири, каков и да било обид за враќање на состојбите назад би било сизифовска работа. На Смилевскиот конгрес од Никола Карев, Петар Ацев и другите повторно беше оспорено востанието бидејќи е неподготвено. Авторитетот на Греувски е пресуден и тој ги пресекол работите велејќи: „Луѓе, зошто се занимаваме со работите што однапред се решени. Сега треба да разговараме како треба да го изведеме востанието“. Во што, според вас, треба да се бараат причините за неуспехот на востанието? - Илинденското востание имаше трагичен крај . Но, мора да бидеме свесни за тоа со колкава сила требаше да се справат нашите востаници и дали воопшто можеле да се справат. Тие за тоа беа свесни и затоа неколкупати во подготвителниот период беше укажувано дека целта не им е да се победи Турција, туку да не дозволиме таа да не ги победи нив. Иако се зборува за „болниот на Босфор“, тоа е моќна империја. Не треба да имаме илузии дека можеби предавствата решиле. Востаниците имаа цел и да се предизвика дипломатски и евентуално воен притисок врз Турција и тоа беше постигнато со издигнувањето на македонското прашање на политички план. Друго беше прашањето дали реформите беа доволни. ВО ФУНКЦИЈА НА ПОЛИТИКАТА Што е тоа ново што досега не сме го знаеле за Даме Груев? - Постојат досега непознати писма и преписки што ги водел и кои даваат нова светлина за неговата улога во македонското револуционерно движење. Тој е човек со цврста волја и кој никогаш не се откажал од својата идеја за разлика од други. Некои основоположници на организацијата ќе ги сретнете само во почетокот, а потоа никаде ги нема. Даме е главната карика во создавањето на организацијата и на нејзината мрежа, личност што директно и отворено се судрува со Врховниот комитет и неговиот претседател Даниел Николаев. На преговорите со бугарскиот премиер Стефан Стамболиев, кога бугарската влада се обидуваше да ја стави организацијата под своја контрола, категорично се спротивстави на тоа. Не дозволи организацијата да се стави под бугарската контрола и да се користи како нивно средство за борба против други пропаганди во Македонија. Бараше целосна независност на организацијата во Македонија. Новото е и во поглед на неговото влијание во постилинденскиот период, кој во досегашната историографија беше претставен како судир на „левицата“ и „десницата“. Јас така не гледам на судирот, туку како на судир на две концепции. Од нив, едната е за децентрализација на движењето, а другата, чиј застапник е Груев, за старата идеја за централизирано раководство од ЦК па надолу. И тој мораше да прави одредени компромиси. Организацијата навлезе во демократски период, но таква широка демократија во принцип е пречка за една организација која е илегална и тоа го отежнуваше нејзиното функционирање. Од каде тогаш едно негово писмо до Бугарија во кое вели дека сме бугарско население? - Тоа е едно писмо од Главниот штаб на востаниците испратено во моментот на очај. Се случува во септември кога турската војска прави ужасни репресалии врз македонското население, кога горат селата и се прават ужасни злосторства во Битолскиот револуционерен округ. По наговор на Борис Сарафов тој прифаќа да испрати писмо до бугарската влада, во кое се бара Бугарија да и' објави војна на Турција. Таму се наведува дека страда бугарското население и дека бугарската влада не треба со рамнодушност да гледа на тоа. Се разбира, Бугарија тоа не го прифати, а и самиот Сарафов подоцна навел дека не очекувале некаков ефект од тоа. Јас не го избегнувам ниту тој документ кој бугарската страна го користи за да го прикаже „бугарскиот карактер на востанието“. Тоа е испратено во момент на очај и во ситуација слична на она во која давеникот се фаќа и за сламка. Тоа писмо е резултат на тактиката. По тоа, тој веќе во писмото до Хусеин Хилми-паша јасно наведува дека тоа е македонски народ. Како гледате на она што се објавува во македонската историографија? - Генерално, македонска историографија е релативно млада како и нашата земја. Во почетокот, додека бевме во југословенската заедница, многу од работите биле третирани во зависност од тогашната политика и владејачката идеологија. Но, и во тој период се направени одредени истражувања, поставени се контурите. По осамостојувањето, ми се чини дека и историографијата влезе во плурализам и во една криза затоа што повеќе почна да функционира во функција на политиката. Одредени автори почнаа да протежираат одредени политички ставови наместо да се обидат да останат независни. Умешноста е во тоа кој од авторите ќе успее да се ослободи од идеологијата, дневната политика. Секој е исполитизаиран, колку што си дозволува. Бранко Ѓорѓевски Нема докази за предавството на Гоце Делчев Во јавноста се' уште се појавуваат мислења со кои на Груев му се припишува вината за смртта на Гоце Делчев. Во прилог на тоа се наведуваат и спомените на Ѓорче Петров. Имаат ли тие основа? - Во спомените на Ѓорче Петров стои само дека Даме Груев со својот став за востанието му нанел морален удар на Делчев. Потоа, кога ќе се извулгаризираат работите, добиваат друг контекст. За овој период од историјата многу лесно се лепат етикети дека некој е предавник. Испаѓа дека како само предавства да постоеле во нашата историја. Така резонираат неуки и некомпетентни лица. Неоспорно е дека во историјата на македонското револуционерно движење имало предавства, но не може насекаде да се лепат такви етикети. Не може предавник да е оној што нешто признал под тортурата на турските власти или кој одбил да даде пари за организацијата. Предавник е оној што тоа го прави смислено и за одредена цел. Без конкретни докази не можам да прифатам теза дека имало смислено предавство на Делчев кој, можеби, загинал и по сплет на околности во периодот кога и власта и востаниците имале засилени активности. Османлиските документи не потврдуваат ништо во таа смисла. Не сакам да верувам дека бил предаден зашто имал поинаков став за востанието. Тоа апсолутно го исклучувам. Грешката на Даме - Мислам дека една од грешките што во своето дејствување ја направил Даме Груев била во тоа што во периодот по Илинденското востание не ги прифати мерките од договорените Мирцштешки реформи од октомври 1903 година. Тие мерки ја предвидувале можноста христијанското население да добие десетпроцентната застапеност во институциите во Османлиската Империја. За тоа ќе имаше и меѓународен надзор. Но, Груев тоа не го прифати иако сметам дека со тоа работите ќе одеа по друг колосек бидејќи е сосема друга ситуација кога сте вклучени во системот и кога не сте. Мислам дека сето тоа беше последица и на недоволното политичко-аналитичко искуство во македонското револуционерно движење кое им недостасуваше за разлика од дејствувањето на теренот - вели Ѓорѓиев. |
|
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|
![]() |
|
Македон ![]() Сениор ![]() Caesar Constantinus Регистриран: 20.Јули.2008 Локација: Macedonia Статус: Офлајн Поени: 9928 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Mungos80, имаш две опомени, ако видам уште еден ваков коментар, добиваш суспензија одма и тоа со рок подолг од вообичаените 2-3 дена. Форумот е јавен, секој кој сака, може да земе збор, од никого не се бара да донесе потврда за национална припадност, а ако видам уште еднаш предци и потомци да се замешуваат, знаеш што следува. |
|
![]() |
|
mungos80 ![]() Модератор ![]() ![]() АНАРХИСТ Регистриран: 21.Октомври.2009 Статус: Офлајн Поени: 4330 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Да се вратиме на темата.
Има воени учители од Белгија,Ерменија,има доброволци од Црна Гора. А за изјавите за Делчев или за огромниот ефект на Лерински за тоа не е проблем да се дебатира.Но истотака да се каже за оние жители од на пример село Смилево кој до крајот на месец август успевале да живееат во слободно Смилево,за битките на пределот кај планината за кон Охрид.Или за теророт што го трпеле селата по востанието. |
|
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|
![]() |
|
Boogie ![]() Профил од член
Испрати лична порака
Најди пораки од член
Посети го сајтот на членот
Додај во листа на пријатели
Модератор ![]() ![]() Слобода или Смрт Регистриран: 26.Октомври.2005 Статус: Офлајн Поени: 10652 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Зар денес Турците у Бугарија уште ги сметате эа помаци кога тие јасно кажуваат дека се Турци
![]() |
|
![]() |
|
lav4eto ![]() Сениор ![]() ![]() Регистриран: 18.Април.2008 Статус: Офлајн Поени: 1540 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Тефиков е помак, ако тоа имаш предвид.
![]() |
|
![]() |
|
Boogie ![]() Профил од член
Испрати лична порака
Најди пораки од член
Посети го сајтот на членот
Додај во листа на пријатели
Модератор ![]() ![]() Слобода или Смрт Регистриран: 26.Октомври.2005 Статус: Офлајн Поени: 10652 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
Зар не е училиштето эа Турски офицери
![]() |
|
![]() |
Внеси реплика ![]() |
страница 123> |
Tweet
|
Скок до | Овластувања ![]() Вие не може да внесувате нови теми на форумот Вие не може да одговарате на теми на форумот Вие не може да ги бришете вашите пораки од форумот Вие не може да ги менувате вашите пораки од форумот Вие не може да креирате анкета на форумот Вие не може да гласате на форумот |