Автор |
Тема Пребарувај Опции за темата
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 04.Јули.2008 во 21:34 |
Светиот маченик Јулијан Тарсиски
Од благородно, сенаторско потекло; живееше во Тарс Киликиски, пострада
во времето на Диоклецијан. Иако имаше само осумнаесет години кога беше
подложен на мачење за верата, Свети Јулијан беше веќе доволно воспитан
и утврден во христијанското благочестие. Царскиот намесник го водеше со
себе цела година од град во град, постојано мачејќи го и наговарајќи го
да се одрече од Христа. Мајка му оддалеку го следеше Јулијан. А кога
намесникот ја фати и ја испрати да го посоветува својот син да се
откаже од Христа, таа три дена му го зборуваше на синот во затворот
спротивното, влечејќи го и храбрејќи го да не паѓа со духот, туку смело
и со благодарност кон Бога да појде во смрт. Тогаш мачителите го зашија
Јулијан во вреќа со песок, скорпии и змии, па го фрлија во морето.
Мајка му исто така умре маченички. Неговите мошти брановите ги исфрлија
на брегот, а верните ги пренесоа и чесно ги погребаа во Александрија,
во 290 година. Подоцна тие мошти беа пренесени во Антиохија. Дојде
време кога Свети Јован Златоуст одржа пофално слово за Светиот маченик
Јулијан: „Од усните на мачениците исходеше свет глас и заедно со гласот
се излеваше светлина појасна од сончевите зраци“. И уште: „Земи кого
сакаш, избезумен или демонизиран и приведи од нив кај овој свет гроб во
којшто лежат маченички мошти и ќе видиш како тој (демонот) веднаш ќе
отскокне и ќе побегне како од палежен жар“. Од овие зборови е јасно
колку многубројни чуда мора да се случувале на гробот на Свети Јулијан.
Преподобните Јулиј и Јулијан
Родени браќа од грчката област Мирмидонија. Од малечки воспитани во
христијанство, со завет дека ќе живеат секогаш во девственост, служејќи
ѝ на Црквата. Јулиј беше презвитер, а
Јулијан ѓакон. Од царот Теодосиј Помладиот издејствуваа грамат за да ги
уриваат идолиштата, а да градат христијански цркви. Овие двајца браќа
како двајца апостоли ги обраќаа нехристијаните во христијани вдолж
Исток и Запад и ѕидаа цркви. Додека живееја изградија сто цркви. Се
упокоија мирно во Господа, близу Медиолан. Жителите на Медиолан го
повикуваат Свети Јулиј на помош против волците.
Светиот маченик Арчил II цар Грузиски
Син на царот Стефан, а внук на великиот грузиски цар Вахтанг. Царот
Арчил, голем христијанин и заштитник на христијанството, беше мачен од
муслиманите и заклан за Христа на 20 март 744 година. Имаше осумдесет
години кога пострада за Господ и се пресели во блажената вечност.
Светиот маченик Луарсаб II, кнез Карталински во Грузија
Татко му, Георгиј III, исто така пострада за верата, отруен од
персискиот шах. Самиот Луарсаб беше фрлен во некој затвор близу Ширас,
во којшто остана седум години. Потоа на наредба од шахот Абас I беше
обесен во затворот со двајца слуги, на 21 јуни 1622 година. На неговиот
гроб е видена небесна светлина.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 03.Јули.2008 во 18:32 |
Светиот свештеномаченик Методиј, епископ Патарски
На подвиг се посвети уште од младоста и како град на врв планина го
видоа и го повикаа за епископ во градот Патара Ликиска. Учен и
благоглаголлив архиереј, пишуваше против ереста на Ориген. Неговите
„боговдахновени зборови како молња заблеснаа во светот“. Се кренаа на
него незнабожците, го мачеа и го заклаа во Халкида Сириска, во 311
година.
Светите маченици Аристокл, Димитријан и Атанасиј
Аристокл беше свештеник во соборната црква во градот Тамас на Кипар и
водеше богоугоден живот. Заради својата голема ревност се удостои со
глас од небото да оди во Саламина Кипарска за да прими венец на
мачеништво. Но му се придружија ѓаконот Димитријан и чтецот Атанасиј.
Кога овие Божји луѓе дојдоа во Саламина, почнаа да Го проповедаат
Христа. Незнабожците ги фатија и откако ги намачија, Аристокл го убија
со меч, а Димитријан и Атанасиј ги изгореа во оган, во 306 година.
Преподобен Наум Охридски
Неговиот главен празник е на 23 декември, а на 20 јуни е летниот
празник. На овој летен празник во манастирот на Свети Наум настанува
голем собор од народ. Мнозина болни доаѓаат за да најдат исцеление над
неговите мошти. И не само православните туку и друговерни луѓе
притекнуваат со вера дека светителот ќе им помогне. Во 1926 година еден
муслиман од Ресен донесе од благодарност ѕвоно за манастирот, зашто
светителот го исцели брат му и од смртната постела го крена во живот.
Овие двајца се викаат Џемаил и Сулејман (исцелениот) Зизо. Обајцата беа
угледни граѓани во Ресен.
Свети Калист I, патријарх Цариградски
Како ученик на Свети Григориј Синаит се подвизуваше на Атон во скитот
Магула кај Филотејскиот манастир полни дваесет и осум години. Овде
подоцна ја подигна Светата обител на Свети Мамант. Во 1350 година беше
избран за патријарх Цариградски. По четири години се оддалечи од
патријаршискиот престол и дојде повторно на Света Гора. Но во времето
на царот Јован Палеолог беше вратен пак на престолот на којшто како
патријарх остана до смртта. Се упокои во 1368 година на пат за Серез,
одејќи накај српската царица Елена за да бара помош против Турците.
Заедно со Игнатиј состави одлично раководење за подвижници. Освен тоа
ги напиша и житијата на Св. Григориј Синаит, Св. Теодосиј Трновски, но
и многубројни беседи. Интресно е да се спомне дека Св. Максим
Капсокаливит му ја прорече смртта на Свети Калист. На патот кон Србија
патријархот наврати на Света Гора. Кога го виде, Свети Максим рече:
„Овој Старец нема веќе да го види своето стадо, зашто зад него оди
надгробно пение: „Блажени се оние што непорочно одат.“
Свети Левкиј, епископ Врунтисиополски, во Италија
Роден е во Александрија и рано стапи во манастир. Се удостои со големи
откровенија и голема благодат, така што и мртви воскреснуваше и ги
изгонуваше демоните од демоноопседнатите. Прво беше епископ во
Александрија, но на заповед од небото прејде во Италија, во
незнабожечкиот град Врунтисиопол, којшто сиот го покрсти и во кој Ѝ изгради храм на Богородица. После голем и успешен подвиг се пресели во вечноста, во времето на царот Теодосиј II, во 5 век.
Блажениот Студиј
Прочуен патрициј и конзул во Цариград. Ги основа црквата и манастирот
на Свети Јован Предвесник близу Златните Порти. Манастирот по него е
наречен Студитски, а стана славен заради многубројните тамошни славни
мажи, духовници, страдалници, од коишто најпознат е Свети Теодор
Студит. Латинските крстоносци ја разорија оваа обител во 1204 година,
но царот Константин Палеолог Порфиророден ја обнови во 1293 година. На
нејзиното место денес се наоѓа турска џамија.
Преподобен Наум Охридски Чудотворец
Ученик на Светите Методиј и Кирил и еден од Петточислениците коишто
најревносно соработуваа со овие словенски апостоли. Свети Наум патуваше
во Рим, каде што се прослави со чудотворна моќ и со голема ученост.
Знаеше многу јазици. Со помош на царот Борис Михаил, по враќањето од
Рим тие се населија на бреговите на Охридското Езеро. Додека Свети
Климент дејствуваше како епископ во Охрид, дотогаш Свети Наум основаше
манастир на јужниот брег на езерото. Тој манастир и денес го краси
брегот како што и името на Свети Наум ја краси историјата на
словенското христијанство и низ вековите беше извор на чудотворна сила
и засолниште за болните и за неволните. Околу Свети Наум се насобра
мноштво монаси од сите страни на Балканот. Беше мудар учител, единствен
раководител на монасите, одлучен подвижник, чудотворен молитвеник и
духовник. Неуморно се трудеше и на преведувањето на Светото Писмо и на
другите црковни книги од грчки на словенски јазик. Вршеше чуда и за
време на животот и после смртта. Неговите чудотворни мошти до ден денес
восхитуваат со многубројни чуда, посебно со исцеленијата од тешки
болести, особено од лудило. Се упокои во првата половина на 10 век.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 26.Јуни.2008 во 10:46 |
Светата маченичка Аквилина
Родена
е во палестинскиот град Вивлос, од благочестиви родители. Уште во
седмата година наполно упатена во вистинскиот христијански живот, а во
десеттата толку преисполнета со разум Божествен и со благодатта на
Светиот Дух, што им Го проповедаше Христа со голема ревност и голема
сила на своите другарки. Кога настана гонењето на Диоклецијан, некој ја
поткажа Аквилина кај царскиот намесник Волусијан; еден ѕвероподобен
човек. Волусијан најнапред нареди да ја исшибаат, потоа со усвитена
шипка да ѝ ги прободат ушите и мозокот. До
последниот здив девицата Аквилина Го исповедаше слободно и јавно Господ
Христос, а кога од главата почнаа да ѝ
течат мозокот и крвта, таа падна како мртва. Мислејќи дека е навистина
мртва, намесникот заповеда да ја изнесат надвор од градот и да ја фрлат
на ѓубриште, за телото да ѝ го изедат кучиња. Но ноќта ѝ се јави ангел Божји и ѝ рече: „Стани, биди здрава!“ Девицата стана и беше здрава и долго со благодарност Му вознесуваше слава на Бога, молејќи Го да ѝ
допушти да го доврши маченичкиот подвиг. „Оди, ќе ти биде како што
молиш!“, се слушна глас од небесата. И Аквилина отиде во градот.
Градската порта сама се отвори пред неа и таа дојде и влезе, слично на
дух, во дворецот на намесникот пред неговата постела. Намесникот го
обзеде неискажлив ужас, бидејќи ја виде жива девицата за којашто
мислеше дека умрела. Утредента му нареди на џелатот да ја убие со меч.
Пред ова девицата Аквилина Му се помоли на колена на Бога и го предаде
својот дух. А кога беше мртва џелатот сепак ѝ
ја отсече и главата. Нејзините мошти беа извор за исцелување на мнозина
болни. На дванаесет години пострада за Христа. Пострада и се украси со
маченички венец во 293 година.
Свети Трифилиј, епископот на Леквусија Кипарска
Ученик на Свети Спиридон, а подоцна му беше и сослужител на островот
Кипар. Човек милостив, чист со мислите, цел живот девствен, „жив извор
на солзи“ и голем испосник. Добро управуваше со стадото Христово. Кога
се упокои прими венец меѓу големите јерарси на небесата. Се упокои
мирно во 370 година.
Света Ана и нејзиниот син Јован
Како сираче земена во куќа на големци и како посвоенче однегувана и
воспитана таму. Бидејќи добродетелна девојка, овој големец ја омажи за
неговиот син. Кога умре старецот големец, навалија роднините врз
неговиот син да си ја остави жената од ниско потекло и да се прежени за
некоја којашто може да му прилега со богатството. Но синот на големецот
се боеше од Бога да го направи ова и не сакаше. Гледајќи го мажот во
раздор со роднините, Ана го остави тајно и побегна на некој далечен
остров, каде што немаше жива душа. На овој остров пак, дојде бремена и
наскоро роди син. Се подвизуваше таму триесет години во пост и молитва.
Тогаш, по Божја Промисла, дојде на островот еден јеромонах, којшто го
крсти нејзиниот син со името Јован. Се подвизуваше оваа света душа во 5
век и мирно се упокои.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 25.Јуни.2008 во 23:51 |
Преподобен Онуфриј Велики
Овој
светител проживеа во пустина цели шеесет години, кога го посети монахот
Пафнутиј. Косата и брадата му досегаа до земјата, а телото заради
долгогодишната голотија му беше обраснато со долги влакна. Влакната на
него беа сите бели како снег, а сиот негов изглед блескав, возвишен и
страшен. Штом го виде дојдениот, тој го повика со името Пафнутиј, а
потоа му го раскажа своето житие од пустината. На тоа место во
пустината го беше одвел неговиот ангел пазител, којшто претходно му се
јавил. Долго време се хранел само со зелјето кое ретко можело да се
најде во пустината, а потоа, откако ги претрпел борбите со демоните и
кога срцето сосем му се укрепи во љубовта кон Бога, се хранеше со леб
што му го носеше ангел Божји. Освен ова, крај неговата келија по Божја
Промисла порасна една палма со вкусен плод на урма и бликна извор со
питка вода. „А најмногу“, рече Онуфриј, „се хранам и пијам од слатките
зборови Господови“. Кога Пафнутиј го запраша како се причестува,
пустиникот Онуфриј одоговори дека Божји ангел му носи Причест секоја
сабота и го причестува. Следниот ден старецот му рече на Пафнутиј дека
тоа е денот на неговото заминување од овој свет, ги преклони колената,
Му се помоли на Бога и Му го предаде духот свој Нему. Во тој миг
Пафнутиј ја виде небесната светлина што го осветли телото на упокоениот
светител и го слушна пеењето на ангелските сили. Откако чесно го
погреба телото на Свети Онуфриј, Пафнутиј се врати во својот манастир
како жив сведок: за духовна полза на сите да им го раскажува житието на
Божјиот човек и величината на Божествената Промисла за оние коишто
целосно се предаваат себеси на служба на Бога. Светиот пустиник Онуфриј
почина во 400 година.
Преподобен Петар Атонски
Родум Грк, а по занимање војник. Војувајќи еднаш против Арапите беше
заробен, окован во пранги и фрлен во затвор. Така остана долго во
затворот на градот Самара на реката Еуфрат, а постојано Го молеше Бога
да го ослободи од затворот за да може сиот да се посвети на молитвен
подвиг. Во затворот му се јави Свети Симеон Богопримец со Свети
Николај, му ги допре со својот жезол прангите и тие се стопија како
восок, а Петар одеднаш се најде надвор од градот. Веднаш тргна на пат
за Рим, каде што на гробот на Св. апостол Петар беше потстрижен за
монах од самиот папа. Потоа со кораб повторно тргна на Исток. Во сон му
се јави Пресвета Богородица со Св. Николај и му рече на Св. Николај
дека Самата на Петар му ја одредила Гората Атонска за подвиг. Дотогаш
тој немаше ни чуено за Атонската Гора. Штом значи се симна на Света
Гора, се всели во една пештера, во која живееше педесет и три години во
тешки подвизи, во борба со гладот и жедта, жегата и мразот, а најмногу
со демонските сили, сѐ дури не ги совлада со
помош на Бога. Кога ги издржа првите искушенија и добро ги положи
првите тешки испити пред Бога, почна ангел Господов да му носи леб
секои четириесет дена. Неколкупати му се јавуваше искушувачот-ѓавол во
вид на светол ангел, но Петар го отфрли со знакот на Крстот и со името
на Пресвета Богородица. Една година пред смртта го пронајде некој ловец
кога ловеше елени на Атон и од усните на светителот чу за неговото
житие. Се упокои во 734 година. Моштите му ги пренесоа во Македонија.
Преподобен Тимотеј, пустиник Мисирски
Прво се подвизуваше во Тиваида, а потоа се оддалечи во пустината и таму помина триесет години. Се упокои мирно.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 22.Јуни.2008 во 13:57 |
Свети Кирил, архиепископ Александриски
По потекло благородник и близок роднина на Теофил, патријархот
Александриски, по чијашто смрт самиот беше посветен за патријарх. За
време на својот живот водеше три лути борби: со еретиците новацијани,
со еретикот Несториј и со Евреите во Александрија. Новацијаните
настанаа во Рим, а така се наречени по презвитерот Новацијан, нивниот
ересоначалник. Се гордееја со својата добродетел, одеа облечени во бела
облека, им забрануваа на другите брак и сметаа дека никој не треба да
се моли за оние што извршиле смртен грев ниту да се прими назад во
Црквата оној којшто еднаш отпаднал, колку и горко да се кае. Кирил нив
ги победи и ги протера од Александрија, нив и нивниот епископ. Борбата
со Евреите беше многу потешка и покрвава. Евреите се имаа засилено во
Александрија уште од времето кога Александар Велики го основа тој град.
Нивната омраза кон христијаните беше бесна и подмолна. Тие ги убиваа
христијаните безмилосно и подло, ги труеја, ги распнуваа на крст. По
долга и тешка борба Кирил издејствува кај Царот Теодосиј Помладиот да
се протераат Евреите од Александрија. Неговата борба против Несториј,
патријархот Цариградски, ја реши Третиот Вселенски Собор во Ефес. Со
тој Собор претседаваше самиот Кирил, истовремено застапувајќи го и
Римскиот папа Целестин, на негова молба, бидејќи тој од старост не
можеше да дојде на Соборот. Несториј беше осуден, анатемисан и од царот
прогонет на источната граница на царството, каде што и умре со ужасна
смрт (зашто црви му го разјадуваа јазикот со којшто Ја хулеше Пресвета
Богородица, нарекувајќи Ја Христородица). Откако заврши борбата, Кирил
поживеа во мир и ревносно го пасеше стадото Христово. Се престави кај
Господ во 444 година. Се вели дека тој ја составил „Богородице Дево,
радувај се! “
Свети Кирил Белоезерски
Роден и воспитан e во Москва во куќа на големци. Се замонаши во
Симоновиот манастир, каде што со подвигот ги восхитуваше сите други
монаси. За да ги скрие своите добродетели, се правеше јуродив. Имаше
разговарано со самиот Свети Сергеј Радоњежски и од него прими многу
корисни поуки. Беше избран за игумен на манастирот наспроти неговата
желба. Но постојано Ѝ се молеше на Пресвета
Богородица да му го покаже местото каде што би можел да се подвизува во
безмолвие. Една ноќ виде голема светлина и чу глас: „Кириле, излези
одовде и оди на Бело Езеро!“ И тој навистина излезе од Симоновиот
манастир со еден другар, отиде во белоезерските предели и таму, во
густата борова шума, почна да се подвизува. Со време пустината се
претвори во голема обител. Преподобен Кирил од Бога доби голем дар на
чудотворство, па исцелуваше од болести и правеше многубројни други
чуда. Се престави во 1429 година во деведесеттата година од животот и
отиде кај Господ, Кого сиот свој век Го љубеше со голем жар.
|
|
|
|
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 17.Јуни.2008 во 10:03 |
Свети Митрофан, првиот патријарх Цариградски
Неговиот татко Дометиј, брат на римскиот цар Пров, побегна од Рим како
христијанин и дојде во Византија. Византискиот епископ Тит го посвети
за презвитер. По смртта на Тит Дометиј стана епископ Византиски. По
смртта на Дометиј, епископскиот престол го зазеде неговиот постар син
Пров, а по кончанието на овој, престолот епископски го зазеде Митрофан.
Кога царот Константин првпат го виде Митрофан, го засака како татко. Во
времето на Првиот Вселенски Собор Митрофан беше веќе старец на сто и
седумнаесет години, па не можејќи самиот да земе учество во работите на
Соборот за свој заменик го одреди хороепископот Александар. Царот му го
издејствува кај соборот чинот Патријарх. И така тој беше првиот
патријарх Константинополски. Царот уште и го повика целиот Собор да го
почести со посета престарениот и болен архипастир. Кога царот го
запраша кого би го сакал за наследник на патријаршискиот престол,
Митрофан го назначи Александар, а потоа му рече на Александар
Александриски: „О брате, пресветол наследник ќе оставиш ти!“ И го зеде
за рака архиѓаконот Атанасиј, подоцна Атанасиј Велики, патријарх
Александриски, и го пофали пред сите. По ова пророштво се прости со
сите и по десет дена ја предаде душата на Бога, во 325 година.
Светиот маченик Конкордиј
Беше голем испосник и чудотворец за време на овоземниот жиовт. Во
времето на царот Антонин уапсен заради верата во Христа. После мачење и
робија, беше изведен пред камениот идол Диј за да му се поклони. Тој
плукна на идолот и заради ова веднаш беше убиен со меч.
Светите маченици Фронтасиј , Северин, Северијан и Силан
Мачени во времето на царот Клавдиј, во Франција. Кога им беа отсечени
главите тие станаа, си ги зедоа своите глави в раце, преминаа преку
реката Ил и дојдоа до црквата на Пресвета Богородица, во којашто се
молеше епископот Фронтон. Штом влегоа в црква, ги положија своите глави
пред нозете на епископот, па легнаа и си ги прекрстија рацете на
градите. Овде беа чесно погребани. На нивниот погреб се слушаше пеење
на невидливите војски ангелски.
Преподобен Зосим, епископ на Нов Вавилон, град мисирски.
Се подвизуваше на Синајската Гора. Дојде по работа во Александрија, но
тогаш беше посветен за епископ Вавилонски од блажениот патријарх
Аполинариј. Пресветол пастир на Христовото стадо. Кога го совладаа
староста и уморот, се повлече повторно на Синај, кај што ја предаде
душата своја на Бога и прими венец на слава меѓу јерарсите. Живееше и
се упокои во 6 век.
Светиот свештеномаченик Астиј, епископ Драчки
Пострада во времето на Трајан. Најпрво го биеја со оловни прачки, а
потоа го соблекоа и гол го распнаа на дрво. Телото му го намачкаа со
мед за да го касаат осите и стршените. Славејќи Го Бога во најголеми
маки, Свети Астиј издивна и прими два венци: на маченик и на јерарх.
Светите сестри Марта и Марија
Сестрите на Лазар. По Вознесението на Господ, Лазар отиде да го
проповеда Евангелието. Во ова му помагаа неговите сестри. Не е познато
каде се упокоија.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 13.Јуни.2008 во 22:34 |
Светиот апостол Ерма
Еден од
Седумдесеттемина. Се спомнува во Посланието на Павле до Римјаните (16,
14). Родум беше Грк, но долго време живееше во Рим. Беше епископ во
Филипопол, а животот го заврши маченички. Според откровение од ангел
Божји ја состави многупоучната книга „Пастир“. Ерма беше богат човек,
но заради гревовите на своите синови западна во крајна сиромаштија.
Еднаш на молитва му се јави човек во бела облека со стап во рацете и му
рече дека е тој ангелот на покајанието којшто нему му е пратен за да го
придружува до крајот на животот. Ангелот му даде дванаесет заповеди: 1)
да верува во Бога; 2) да живее во простота и невиност, да не злослови и
да му дава милостиња на секого што проси; 3) да ја љуби вистината и да
ја одбегнува лагата; 4) да го чува целомудрието во помислите; 5) да се
учи на трпение и великодушност; 6) да знае дека покрај секој човек е
поставен еден добар и еден зол дух; 7) да се плаши од Бога и да не се
плаши од ѓаволот; 8) да прави секакво добро и да се воздржува од секое
зло; 9) да Му се моли на Бога од длабочината на душата со вера; 10) да
се чува од тагата, која е сестра на сомнежот и гневот; 11) да ги
испитува вистинитите и лажните пророштва; 12) да се чува од секоја зла
желба.
Светиот маченик Ермиј
Остаре како царски војник и на старост пострада за Христа. Откако
злобниот судија залудно го одвраќаше од верата во Христа и залудно го
советуваше да им принесе жртви на идолите, нареди и забите му ги
исчукаа со камења, а кожата од лицето му ја одраа со нож. Потоа го
фрлија во огнена печка, но тој стана, сочуван од благодатта Божја.
Потоа го испи најлутиот отров, којшто некој волх му го даде на наредба
од судијата, но отровот воопшто не му наштети. Кога го виде тоа волхот
толку се изненади, што јавно Го исповеда Христа, за што веднаш беше
убиен со меч. Потоа на Ермиј му ги ископаа очите, но тој не жалеше, а
му викна на судијата: „Земи си ги овие телесни очи што ја гледаат
суетата на светот, јас имам очи на срцето, со коишто јасно ја гледам
Светлината на Вистината“. Потоа беше главечки обесен, но тие што го
обесија ослепеа и се тетеравеа околу него. Свети Ермиј ги повика кај
себе, ги положи рацете на нив и со молитва кон Господ им го врати
видот. Кога го виде ова судијата се разјари како лав, па извади нож и
му ја отсече главата на Божјиот човек. Христијаните скришно го зедоа
телото на Ермиј и чесно го погребаа. Неговите мошти им даваа исцеление
на сите болни и неволни.
Светиот маченик Философ
Овој Христов маченик беше родум од околината на Александрија. За време
на прогонствата на христијаните Свети Философ не сакаше да се одрече од
Господ Христос пред незнабожните кнезови и судии. Заради ова
незнабожците го удрија на лути маки. Откако беше мачен со најразлични
маки, го положија најпосле во мека постела, му ги врзаа рацете и нозете
и му пуштија една развратна жена да го наведе на грев. Кога Свети
Философ почувствува дека во него се буди желба од допирот на женските
раце, тој со заби си го стегна јазикот, со сета сила го откина и го
плукна во лицето на блудницата. Од тоа похотта во него згасна, а
блудницата толку се ужасна, што веднаш побегна од него. Потоа беше
убиен со меч околу 252 година, на млади години, па се пресели во
царството на вечната младост.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 12.Јуни.2008 во 23:51 |
Преподобен Исакиј Исповедник
Во
времето на царот Валент настана големо гонење на Православието од
страна на аријанците, коишто и самиот цар ги помагаше. Кога слушна за
ова гонење Исакиј, пустиник однекаде на Исток, ја остави пустината и
дојде во Цариград за да ги храбри правоверните и да ги изобличува
еретиците. Токму во тоа време царот Валент тргна на север со војска
против Готите коишто од Дунав се спуштаа кон Тракија. Исакиј излезе
пред царот и му рече: „Цару, отвори им ги црквите на правоверните и Бог
ќе го благослови твојот пат!“ Но царот го пречу старецот и го продолжи
патот. Утредента пак истрча Исакиј пред царот и му ја повтори својата
опомена и царот за малку што не го послуша старецот, но го спречи еден
советник од аријанците. Третиот ден истрча Исакиј пред царот, го фати
неговиот коњ за уздата и го молеше царот да ѝ даде слобода на Црквата Божја и му се закани со казна Божја ако ѝ
се спротиви на молбата негова. Разјарен царот нареди и го фрлија
старецот во некоја каллива бездна. Четвртиот ден излезе Исакиј пред
царот и му претскажа грозна смрт ако не им даде слобода на
православните: „Ти велам, царе, ќе ја одведеш војската против
варварите, но нема да им одолееш, ќе побегнеш пред нив, но тие ќе те
фатат и жив ќе те изгорат.“ Така и се случи. Варварите ја покосија
грчката војска како трева, а царот побегна со оној свој советник
аријанец и се скри во една кошара. Вараварите стигнаа на тоа место и
дознавајќи каде е царот ја опколија онаа кошара и ја запалија, та
изгоре царот Валент со својот советник. Потоа се зацари царот Теодосиј
Велики, којшто чу за Исакиј и за исполнетото пророштво. Овој цар го
повика кај себе старецот и му се поклони. Откако мирот се зацари во
Црквата, а аријанците беа протерани, Исакиј сакаше да се врати во
својата пустина, но царот го замоли да остане во Цариград. Еден
големец, Сатурнин, му изгради обител во којашто старецот до смртта се
подвизуваше чинејќи многубројни чуда. Обителта се наполни со монаси и
стана голем манастир. Пред својата смрт Исакиј го одреди за игумен
Далмат, а по него оваа обител се нарече Далматска. Богоугодниот старец
Исакиј се пресели во вечноста во 383 година за да се насладува гледајќи
го лицето Божјо.
Преподобна Макрина
Баба му на Свети Василиј Велики. Беше прекрасна во умот и во
благочестието. Ученичка на Св. Григориј Неокесариски чудотворец. За
време на гонењата на Диоклецијан го напушти својот дом и со мажот ѝ, Василиј, се криеја по шумите и пустините. Нивниот имот беше конфискуван, но тие не жалеа за тоа. Лишени од сѐ
освен од љубовта кон Бога, се населија во една прастара шума, во која
поминаа седум години. По Божја Промисла кози се спуштаа од планините и
им се подаваа да ги нахранат со млеко, па така го подмируваа гладот.
Обајцата се упокоија мирно во 4 век, после многу страдања за верата
Христова.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 11.Јуни.2008 во 20:37 |
Спомен на Првиот Вселенски Собор
Спомен и пофалба на Светите отци од Првиот Вселенски Собор се врши во
неделата пред Педесетница или во седмата недела по Воскресение. Соборот
се одржа во Никеја, во 325 година, во времето на царот Константин
Велики. Беше свикан за да ја отстрани забуната којашто ја создаде
александрискиот свештеник Ариј со неговото криво учење. Имено, тој
ширеше учење дека Христос е создаден од Бога во времето и дека не е
предвечен Син Божји, рамен по суштина на Бога Отца. На овој Собор
учествуваа 318 Свети отци. Соборот го осуди учењето на Ариј и Ариј го
предаде на анатема, бидејќи не сакаше да се покае. Уште Соборот и
конечно го утврди Симболот на Верата, којшто подоцна, на Вториот
Вселенски Собор беше дополнет. На Првиот Вселенски Собор учествуваа
голем број значајни светители, меѓу кои особено се истакнуваа: Свети
Николај Мирликиски, Свети Спиридон, Свети Атанасиј, Свети Ахил, Свети
Пафнутиј, Свети Јаков Нисивиски, Макариј Ерусалимски, Александар
Александриски, Евстатиј Антиохиски, Евсевиј Кесариски, Митрофан
Цариградски, Јован Персиски, Аристак Ерменски и многумина други од
Исток. А од Запад присуствуваа: Осија Кордобски, Теофил Готски,
Цецилијан Картагенски и други. Главната работа на овој Собор беше,
значи, утврдувањето на Симболот на Верата. Освен тоа Соборот го утврди
и времето за годишното празнување на Христовото Воскресение (Велигден).
Беа пропишани и дваесет други канони.
Светата маченичка Теодосија Тирска
Во времето на царот Максимијан во Кесарија Палестинска стоеја еден ден
пред преторијата мнозина врзани христијани. Оваа благочестива девица
Теодосија им пристапи и ги ублажуваше и ги храбреше за маченичката
смрт. Кога ја слушнаа што зборува, војниците ја одведоа и нејзе пред
судијата. Разјарен судијата нареди и ѝ
обесија камен на вратот, па ја фрлија во морските длабочини. Но
ангелите Божји ја изнесоа жива на брегот. Кога повторно му се јави на
судијата, овој нареди да ја убијат со меч. Идната ноќ Теодосија им се
јави на нејзините родители сета во величествен небесен сјај, опкружена
со многу други спасени девојки и им рече: „Гледате колкава е славата и
благодатта на мојот Христос од Когошто сакавте да ме лишите?“ А ова им
го рече на родителите зашто ја одвраќаа од исповедањето и мачеништвото
за Христа. Чесно пострада и се прослави во 308 година.
Преподобната маченичка Теодосија
Родена по молитвите на мајка ѝ кон Светата маченичка Анастасија, којашто ѝ
се јави и извести за раѓањето на овој предизбран сад на благодатта
Христова. Родителите сами ја посветија на Бога и рано ја дадоа во
женски манастир. По нивната смрт од огромниот имот кај златар таа
нарача три икони: на Спасителот, на Пресвета Богородица и на Света
Анастасија, а другото им го раздаде на сиромасите. Пострада за време на
злобниот Лав Исавријанин, иконогонител. Прими двоен венец: на
девственост и на мачеништво. Пострада во 730 година.
Свети Александар, епископ Александриски
Прв поведе борба против Ариј. Се упокои во 326 година.
Светиот маченик Нан (Јован) Солунски
Пострада за верата од Турците во 1802 година во Смирна.
Падот на Цариград
Заради човечките гревови Бог допушти лута беда над престолнината на
христијанството. На 29 мај 1453 година султанот Мухамед II го покори
Цариград и го погуби царот Константин IX.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 10.Јуни.2008 во 23:47 |
Свети Никита Исповедник, епископ Халкидонски
Во младоста се одрече од светот и се оддалечи на монашки подвиг.
Блескајќи со добродетелта како сонце, беше забележан од црковните
старешини и воздигнат на архиерејскиот престол во Халкидон. Како
архиереј беше особено милостив кон бедните и многу се грижеше за
сираците, вдовиците и ништите. Кога злочестивиот Лав Ерменин стана
против иконите, стана и овој Свети Никита во одбрана на иконите,
разобличувајќи го царот и објаснувајќи му го значењето на иконите. За
ова претрпе многу понижувања, озлобувања и затварања. Најпосле беше
протеран во прогонство заради исповедањето на вистинската вера и сред
трудови и страдања се престави кај Господ за да прими венец на слава во
Царството Божјо.
Светата маченичка Еликонида
Родена во Солун. Воспитана во христијанското благочестие. Во времето на
Гордијан и Филип премина во Коринт, каде што велегласно ги разобличи
оние што им принесуваа жртви на идолите. Кога началникот Периниј ја
советуваше да му принесе жртва на идолот Ескулап, Христовата маченичка
му рече: „Слушај, јас сум слугинка на Христос, а кој е Ескулап не знам.
Прави што сакаш.“ За ова беше изведена на суд и мачена со страшни маки.
Беше фрлена во оган, но од телото ѝ се
излеа толку крв што огнот се угаси, а таа остана жива. Ја фрлија пред
лавови, но тие не ја ни допреа, туку се умилкуваа околу неа. Ја пуштија
во храм божем да им принесе жртва на идолите, но таа ги искрши сите
идоли и со тоа уште повеќе го озлоби мачителот против неа. Кога лежеше
во рани во затвор, ѝ се јави Господ со архангелите Михаил и Гавриил, ѝ
ги исцели раните, ја утеши и ја укрепи. Потоа беше изведена на
губилиште за да биде убиена со меч. Пред да ја убијат ги крена рацете
нагоре и Му се молеше на Бога да ја приброи кон овците Негови во
небесното трло. Кога ја заврши молитвата, се чу глас од небото:
„Пријди, ќерко, за тебе има приготвено и венец и престол!“ Најпосле ја
убија со меч и прими венец на слава од Господа, на Кого Му се жртвуваше
од љубов, чиста и непорочна како јагне.
Свети Игнатиј, епископ Ростовски
Како архиереј дваесет и шест години управуваше со стадото Христово.
Кога умре и му го положија телото в црква, некои го видоа како стана од
ковчегот и се крена во воздухот над црквата, ги благослови луѓето и
градот, па пак се врати во својот мртовечки ковчег. И многу други чуда
се пројавија на неговиот гроб. Се престави кај Господ на 28 мај 1288
година.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 08.Јуни.2008 во 01:40 |
Трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител
Во време на луто иконоборство во 8 век, главата на Свети Јован Крстител
беше пренесена во местото Комане, место на прогонството на Свети Јован
Златоуст. А кога престана иконоборството, во времето на царот Михаил и
патријархот Игнатиј, во 850 година, чесната глава на Свети Јован беше
пренесена во Цариград и положена во придворната царска црква.
Светиот свештеномаченик Терапонт, епископ Кипарски
Монах и подвижник на островот Кипар, се удостои со епископски чин, а за
време на прогонствата се удостои и со маченички венец. Неговото тело
почиваше во една црква на Кипар. Кога во времето на Никифор удрија
Агарјаните на островот Кипар, светителот му се јави на туторот на
црквата и му кажа дека неверниците ќе го нападнат Кипар, па му нареди
неговите мошти да се пренесат во Цариград. Туторот веднаш го изврши
тоа. Кога тргна коработ со кивотот, на морето се крена голема бура, но
околу самиот кораб беше тивко и мирно, а од кивотот се разлеваше
благоухание низ целиот кораб и наоколу. Тогаш туторот го отвори кивотот
и сите го видоа преисполнет со миро излеано од моштите на светителот.
Од тоа миро се намачкаа мнозина болни и оздравеа. Во Цариград над
чудотворните мошти изградија нова црква и почнаа да стекнуваат
исцеленија сите што со вера им притекнуваа на светите чудотворни мошти.
Со Божествената благодат од моштите на Свети Терапонт се исцелуваа
најтешките болни од парализа, рак, крвотечение, лудило, слепило,
исушеност и разни други маки.
Светите маченици Пасикрат, Валентион, Јулиј и други
Римски војници, пострадаа за Христа во Доростол Македонски околу 302
година. Кога на Пасикрат му пријде неговиот брат Папијан, којшто од
страв отстапи од Христа, па почна да го наговара и него да се одрече од
Господ, Свети Пасикрат му рече: „Оди си од мене, ти не си ми брат!“
Пасикрат и Валентион беа убиени заедно. Свети Јулиј му рече на судот:
„Јас сум ветеран. Дваесет и шест години му служев верно на царот, па
кога досега му бев верен на нижниот, зар да му бидам неверен на
вишниот?“ т.е. на Небесниот Цар. Потоа пред префектот Максим беше
изведен Никандар. Никандровата жена го храбреше својот маж да пострада
за Христа. „Глупава бабо“, ѝ велеше Максим,
„тебе ти се посакало подобар маж!“ А жената му одговори: „Ако мислиш
така за мене, нареди нека ме погубат мене пред маж ми!“ Со Никандар
загина и Маркијан. Неговата жена дојде на губилиштето, носејќи во
рацете малечок син. Маркијан го целиваше и Му се помоли на Бога:
„Семоќен Господи, грижи се за него!“ Потоа беа убиени со меч и преминаа
во Царството Христово.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 01.Јуни.2008 во 15:52 |
Светиот свештеномаченик Патрикиј, епископ Бруски, со тројцата презвитери: Акакиј, Меандар и Полиен
Пострадаа за верата Христова во времето на Јулијан Отстапник, во Бруса
Азиска. Царскиот намесник Јуниј ги доведе овие светители пред врели
води и го запраша Патрикиј: „Кој ги создаде овие лековити води, зарем
не нашиот Ескулап и другите, на коишто им се поклонуваме ние?“ Свети
Патрикиј му одговори: „Вашите богови се демони, а овие води, како и сѐ
друго, ги создаде Христос, нашиот Господ и Бог.“ Тогаш намесникот го
праша: „А ќе те спаси ли твојот Христос ако јас те фрлам во оваа врела
вода?“ Светителот одговори: „Ако сака, Тој ќе ме запази цел и
неповреден, иако јас би сакал да се разрешам од овој временен живот за
да живеам со Христа вечно; но нека ми биде Неговата Света волја, без
која ни влакно не паѓа од главата на човекот!“ Кога го слушна ова,
намесникот заповеда Патрикиј да го фрлат во врелата вода. Врели капки
прскаа на сите страни и луто ги изгореа мнозина од присутните, но
Божјиот светител, на чиј јазик беше непрестајната молитва, остана
неповреден како да стоеше во студена вода. Кога го виде ова намесникот
се разјари од срам и заповеда на Патрикиј и на тројцата презвитери да
им ги отсечат главите со секира. Тогаш овие незлобливи Христови
следбеници се помолија и ги положија своите глави под секирата на
џелатот. Кога им ги отсекоа главите, нивните души весело се вознесоа во
Царството Христово за да царуваат вечно.
Свети Јован, епископ Готски
Беше епископ во Грузија, но кога тамошниот татарски каган почна да ги
мачи христијаните, тој се оддалечи на четири години меѓу Готите во
Бесарабија. (Готската епархија е образувана во времето на царот
Константин Велики). Штом слушна за смртта на каганот, се врати на
својата служба и раководеше со својата паства ревносно и богоугодно.
Пред смртта рече: „По четириесет дена ќе одам да се судам со каганот“
(т. е. умирајќи ќе отиде пред престолот Божји). И така беше.
Четириесеттиот ден се престави и отиде кај Господ. Се упокои мирно во 8
век.
Светиот кнез Јован Вологодски
Чудотворец. Богобојазлив и благочестив од малечок, од својот чичко
Јован Василевич беше фрлен во затвор заедно со брат му Димитриј. Таму
поминаа цели триесет и две години. Пред смртта Јован се замонаши и го
доби името Игнатиј.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 29.Мај.2008 во 08:58 |
Преподобен Пахомиј Велики
Родум
Мисирец и во младоста незнабожец. Како војник учествуваше во борбата на
царот Константин против Максенциј. Потоа, дознавајќи од христијаните за
единиот Бог и гледајќи го нивниот благочестив живот, Пахомиј се крсти и
отиде во Тиваидската пустина, кај прочуениот подвижник Паламон, кај
кого десет години се учеше на подвижнички живот. Тогаш, на местото
наречено Тавенисиот, му се јави ангел во облека на схимник и му даде
штичка на којашто беше напишан уставот на општежителниот манастир,
заповедајќи му таков манастир да устрои на тоа место и прорекувајќи му
дека во тој манастир ќе притекнат мнозина калуѓери заради спасение на
душите. Пахомиј го послуша Божјиот ангел, почна да подига многубројни
келии, иако таму немаше никого освен него и брат му Јован. Кога брат му
го укори зошто гради толку непотребни градби, Пахомиј просто одговори
дека тој ја следи Божјата заповед, без оглед кој и кога ќе дојде да
живее тука. Но наскоро поттикнати од Духот Божји на тоа место надојдоа
многу луѓе и почнаа да се подвизуваат според типикот на Пахомиј, добиен
од ангел. А кога се зголеми бројот на монасите, Пахомиј постепено
подигна уште шест манастири. Бројот на неговите ученици изнесуваше до
седум илјади. Свети Антониј се смета за основач на отшелничкиот
(пустински) живот, а Свети Пахомиј на манастирското општежитие.
Смирението, трудољубивоста и воздржанието на овој Свет отец беа и
останаа редок пример за подражавање пред огромен број монаси. Свети
Пахомиј изврши безбројни чуда, но и безброј искушенија претрпе од
демоните и од луѓето. На луѓето им послужи како роден татко или брат. И
мнозина ги побуди да појдат по патот на спасението. И мнозина управи на
патот на вистината. Беше и остана голема светилка на Црквата и голем
сведок на Христовата правда и вистина. Се упокои мирно во 348 година,
во седумдесет и четвртата година од својот земен живот. Многумина од
неговите ученици Црквата ги вброја во редот на Светителите, како на
пример: Теодор, Јов, Пафнутиј, Пекузиј, Атинодор, Епоних, Сур, Псој,
Дионисиј, Псентаисиј и други.
Свети Ахил, епископ Лариски
Овој голем јерарх и чудотворец беше роден во Кападокија. Учествуваше на
Првиот Вселенски Собор, на којшто ги посрами еретиците како со својата
ученост така и со светоста, предизвикувајќи голем восхит. Зеде Свети
Ахил еден камен и им викна на ариевците: „Ако Христос е создание Божјо,
како што велите вие, речете од овој камен да потече елеј?“ Еретиците
молчеа и се чудеа на таквата покана од светителот. Тогаш Свети Ахил
повторно рече: „А ако Синот Божји е рамен на Отецот, како што веруваме
ние, нека потече елеј од овој камен!“. И навистина, на општо
восхитување, потече елеј. Свети Ахил се упокои мирно во Лариса во 330
година. Кога македонскиот цар Самоил ја освои Тесалија, ги пренесе
моштите на Свети Ахил во Преспа, на островот во езерото којшто се
нарече, а и денес се вика Ахил или Аил.
Преподобен Силуан
Најпрво беше комедијант, глумејќи пред секој и секого. Потоа, загреан
од љубовта Христова, му стана ученик на Свети Пахомиј. „Готов сум да го
дадам и животот, само да добијам простување за гревовите“, говореше
Свети Силуан.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|
чаир
Сениор
Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
|
Опции за коментарот
Благодарам(0)
Цитирај Одговор
Испратена: 27.Мај.2008 во 08:15 |
Светата маченичка Гликерија
Ќерка на еден гувернер на Рим. По смртта на татко ѝ
осиромаши и се насели во Трајанопол во Тракија. Во времето на
нечестивиот цар Антонин Гликерија беше изведена да му принесе жртва на
идолот на Диј. Таа си нацрта крст на челото, па кога царскиот намесник
ја запраша каде е нејзината лампада (зашто сите носеа лампади во
рацете), Гликерија го покажа крстот на челото и рече: „Ова е мојата
лампада“. На нејзината молитва гром удри во идолот и го искрши на
парчиња. Намесникот се разгневи и нареди да ја бијат и да ја затворат.
Ги запечати затворските врати, решен да ја убие со глад. Но на
Гликерија ѝ се јавуваше ангел Божји и ѝ
даваше небесна храна. По извесно време, кога намесникот мислеше дека
маченичката мора да умрела од глад, го отвори затворот и се зачуди кога
ја виде здрава, светла и весела. Кога го виде ова чудо, стражарот
Лаодикиј и самиот Го исповеда Господ Христос и веднаш беше заклан. По
ова Гликерија беше фрлена во огнена печка, но остана неповредена од
огнот. Стоејќи насред огнот Го фалеше Бога, споменувајќи го чудото со
Тројцата Младенци во Вавилонската печка. Најпосле беше фрлена пред
лавови и откако Му се помоли, оваа Света девица Му ја предаде својата
душа на Господа, за Кого јуначки претрпе многубројни маки. Чесно
пострада во 177 година. Од нејзините мошти потече целебно миро, кое
исцелуваше болни од најтешки болести.
Светиот маченик Александар
Словенин. Осумнаесетгодишен војник во војската на царот Максимијан.
Одрече да ја изврши царевата наредба за чествување на римските идоли,
заради што му беше предаден на капетанот Тиверијан: или да го
посоветува да се откаже од Христа или да го мачи и да го погуби.
Бидејќи сите совети му беа залудни, Тиверијан го зеде со себе, го
поведе низ Македонија кон Цариград, каде што и самиот мораше службено
да оди. Во секое место низ коешто ќе поминеа Александар беше луто
мачен, но секаде излегуваа пред него христијаните молејќи го за
благослов и храбрејќи го во подвигот. По него одеше и неговата мајка
Пименија. Во текот на патувањето на Александар повеќепати му се
јавуваше ангел Господов, блажејќи му ги маките и храбрејќи го. На едно
место наречено Карасура, маченикот со молитвата кон Бога направи чудо;
имено, кога жедта му здодеа и нему и на војниците што го придружуваа,
тој изведе студена вода на суво место. На брегот на реката Ергина
Тиверијан му нареди на џелатот да го заколе Александар и да му го фрли
телото во водата. А џелатот, кога замавна над главата на маченикот,
виде наоколу светли Божји ангели и се уплаши, а раката му премале.
Александар го запраша зошто му премале раката и тој рече дека гледа
некои светли момчиња околу него. Желен да умре и да се соедини со
Господ, Александар Му се помоли на Бога да отстапат ангелите за да не
се плаши џелатот. И така џелатот ја заврши својата работа, во 289
година. Пименија го извади од реката телото на нејзиниот син и чесно го
погреба. На гробот на маченикот стануваа многу исцеленија. Откако умре
тој ѝ се јави на мајка му и ѝ навести дека и таа набрзо ќе замине во другиот свет.
Преподобните Јован, Ефтимиј, Георгиј и Гаврил Иверски
Основачи на прочуениот Иверски (грузиски) манастир на Света Гора. Свети
Јован се подвизуваше најнапред во лаврата на Атанасиј, а потоа основа
свој манастир, Ивер. Се упокои во 998 година. Ефтимиј и Георгиј го
преведоа Светото Писмо на грузиски јазик. Ефтимиј се упокои во 1028
година, а Георгиј во 1066 година. Гаврил се удостои да ја прифати
чудотворната икона на Пресвета Богородица, којашто по морето дојде во
манастирот.
|
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
|
|