IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > Стил на живот > Вероисповед
  Активни теми Активни теми RSS - Старозаветни одредби на Човековите права
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

Старозаветни одредби на Човековите права

 Внеси реплика Внеси реплика
Автор
Порака
Reformator Кликни и види ги опциите
Нов член
Нов член


Регистриран: 04.Јануари.2011
Статус: Офлајн
Поени: 20
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Reformator Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Тема: Старозаветни одредби на Човековите права
    Испратена: 11.Јули.2011 во 17:25
ВОВЕД
Библијата е класично дело. А класично дело било она кое сите го фалат, но никој не го чита. Веројатно многумина ја сметаат Библијата за застарена книга. Таквите би се зачудиле зошто некој во 21ви век сѐуште се занимава со ова дело. Други, пак, сметаат дека читањето и толкувањето е резервирано само за свештеничката класа. Припадниците на оваа класа би се запрашале зошто еден дипломиран правник, запишан на постдипломски студии, воопшто би ја отворил таа Света Книга.
Авторот на овој труд цврсто верува во Божјото Слово и го прифаќа како Свето Писмо испратено од Бог до човекот- не само до средновековниот човек и не само до свештениците, туку како Божјо Откровение кое Творецот му го упатува на човекот без оглед на тоа кој век се потрошува сега и не земајќи предвид дали примателот врши световна или света должност. Со таква убеденост во безвремената вистинитост и сила на Библијата, авторот на овие редови прифаќа да вложи дел од своето време и внимание, да истражува и размислува на темата ,,Старозаветни одредби на човековите права” и во една скромна варијанта да прикаже како тоа Стариот Завет ја регулира сферата на човековите права.
Библијата нуди концепт за решение на сите проблеми, почнувајќи од индивидуалното, преминувајќи на семејното ниво, па нивото на работна или друг вид организација, општественото, космолошкото и, на крај, Библијата нуди и концепт за решавање на проблемот на есхатолошко рамниште. Не постои сфера од човековиот живот во кој Библијата не дава идеал и не нуди рецепт како тој идеал да биде постигнат. Но, со Библијата не оди во комплет и магично стапче со кое би се надминале сите препреки- потребно е да се вложи труд за да се постигне посакуваниот и гарантиран ефект. А како луѓето ќе вложат труд доколку не знаат дека треба да го сторат тоа? Овој научно-истражувачки труд кој стои пред Вас е напор во насока на запознавање на академската фела во Република Македонија со Библискиот концепт за човековите права. Работењето на овој труд го сметам за привилегија. Ова е едно пионерско дело во оваа област во нашата земја.
НЕКОИ ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ ЗА БИБЛИЈАТА
Како што на почетокот споменав, најверојатно кај некои луѓе оваа тема би наишла на негодување. Па еве, ќе се обидам во овој дел да дадам некои основни информации за Библијата, со надеж дека читателите потопло и поотворено би ја прифатиле оваа тема. Зборот ,,Библија” потекнува од грчкиот збор ,,Библос” кој значи ,,книги”. Стандардната верзија на Библијата е составена од 66 книги, поделени во два дела- Стар Завет кој содржи 39 книги и Нов Завет- во кој се содржани останатите 27. Овие 66 книги, или 66 делови од Библијата, се пишувани во голем временски распон кој изнесува приближно 1.600 години. Пишувана е од четириесетина различни луѓе- различни по нивното образование, потекло, функција, општествен статус, карактер; пишувана е на три различни континенти, во различни времиња. И покрај сета различност која постоела (различноста во епохите, развојот на човештвото, разликите во интелектот, минатото и моменталната состојба на луѓето кои ја пишувале…), сепак Библијата во себе содржи хармонија, една конзистентност независна од сите фактори кои можеле да влијаат на нејзината содржина. Содржи во себе пророштва кои веќе се исполнети како и предвидувања кои тек допрва чекаат да го видат ,,светлото на денот”. Преку читањето на оваа Книга, може да се заклучи дека нејзините писатели биле искрени луѓе, кои не ги криеле ни сопствените грешки. Низ историјата оваа книга била обожавана, спалувана и забранувана (па и денеска во одредени делови од светот е забранета нејзината употреба). Библијата е најпродаваната книга на сите времиња, истовремено- и најчесто крадена. Секој мора да ја сфати Библијата сериозно, без оглед на неговиот личен став кон Врховното Битие. Ако некој не верува дека постои Бог и дека Тој Бог ни испратил Свето Писмо, тогаш нека обрне внимание на Библијата како на книга која била инспирација на многумина. Била поттик за некои уметници и автори да ги создаваат своите врвни дела. Уште повеќе, Библијата е ,,главниот виновник” за милиони, можеби и милијарди, променети животи низ вековите. Можеби некој нема да се согласи, но без Библијата би живееле во далеку посуров свет. Поради сево ова моја препорака е Библијата да се сфати сериозно воопшто во животот, но доколку некој не го стори тоа во неговиот личен живот, тогаш би замолил само за момент човек да ги тргне настрана сите предрасуди кои ги има и да го чита овој текст ослободен од сите негативни мислења.
ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
Како што дадов основни податоци за Библијата, така во овој дел ќе се обидам да дадам одговор на прашањето: ,,Што се тоа човекови права?”. Во времето во кое живееме многу внимание му се обрнува на овој феномен. Човековите права се универзална идеологија во светот. Сепак, зошто толку интерес за нив?
Живееме во општество кое е растргнато помеѓу две идеи- од една страна идејата за демократија како владеење на мнозинството и од друга страна идејата за владеење на правото, како стремеж за ограничување на власта во одредени рамки. Доколку не се ограничи власта во оквирот на правниот поредок, доаѓа до негативни консеквенции кои можат да се одразат на целокупниот или поголемиот дел од општествениот поредок. Власта е губење на слободата . Таа е составена од моќ која е концентрирана и легализирана. Својата моќ државата ја црпи од граѓаните. Всушност, државата претставува редукција на слободата за обичниот граѓанин. Колку повеќе таа е неограничена- толку повеќе претставува закана за слободата. Државата е нужно зло- велеше Хобс, но, во отсуство на државата не би биле можни нашите слободи и права, тогаш би владеела целосна анархија. Во таквата состојба мускулите би биле над разумот. Но, и состојбата на премногу силна држава, е исто така погубна за човековите слободи и права. Некој рекол дека власта корумпира, а дека апсолутната власт- апсолутно корумпира. Власта ја вршат луѓе, кои се несовршени и кои имаат свои слабости. Власта е основна за реализација на слободата и другите општи вредности, но таа може да стане опасна по тие вредности . Токму поради ова е потребно да се стават соодветни ограничувања на власта. Таа мора да биде ограничена во рамките на правото како би биле возможни човековите слободи и права.
Човековите права се права и слободи кои му припаѓаат на секој човек, токму поради тоа што е човек. Тие претставуваат заштита на човекот од државата, преку ограничување на државната власт во одредени рамки и сето тоа во корист на поединецот, но и на колективот во целина. Нив ги гарантира секој модерен устав. Но, човековите права добија и наднационална потврда за сопствената важност, во форма на Универзалната декларација за човекови права. Постојат повеќе теории за човековите права, но без оглед на нивните различности, факт е дека човековите права се владеачка идеологија во денешниот свет.
Човековите права се делат на три категории. Во првата категорија влегуваат личните права: правото на живот, правото на заштита на физичкиот и моралниот интегритет на личноста, правото на забрана на дискриминација, правото на еднаквост пред законот, правото на судско изречување на казната, правото на слобода, правото на приватност, правото на неповредливост на тајноста на писмата и на другите облици на општење, слободата на движењето и настанувањето, слободата на мислата и уверувањето, слободата на вероисповедта, правото на државјанство. Во категоријата политички слободи и права влегуваат: слободата на јавен говор, слободата на политичкото здружување, слободата на информирањето, правото на мирно собирање, избирачкото право, правото на претставки, правото на вршење на јавни функции. Во третата категорија- во групата на економските, социјалните и политичките права припаѓаат: правото на сопственост, правото на наследување, слобода на работата, правото на работа, правото на синдикално организирање, правото на штрајк, правото на социјална сигурност, правото на социјалното осигурување, правото на социјална заштита, правото на помош, правото на здравствена заштита, правото на слободно одлучување за создавање на деца, правото на здрава животна средина, право на образование, слобода на научното и уметничкото творештво, слободата на изразување на националната припадност3.
Во овој текст ќе се обидам да покажам дека Библијата иљадници години наназад гарантирала дел од овие права, некои од нив многу експлицитно, некои помалку. Со тоа сметам дека уште еднаш ќе се докаже генијалноста и транстемпоралноста на принципите кои ги содржи оваа Книга.
СТАРОЗАВЕТНИ ОДРЕДБИ НА ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
Зошто само одредбите од Стариот Завет? Зошто не и од Новиот Завет?- би се прашал некој. Најпрвин, поради огромната временска дистанца и поради променетите општествени услови. Времето на Новиот Завет е всушност во ерата на хеленизмот, после големите грчки филозофи, па некој ќе рече дека одредбите од Новиот Завет не се оригинални туку се всушност идеи на некои од светските филозофи наметнати со плаштот на религијата. Додека времето на Стариот Завет, особено времето на пишување на Мојсеевите книги, е период кога писменоста е многу ретка и кога има дефицит на големи мислители од кои писателот би можел да ,,препишува”. Втората причина е поради легалистичкиот карактер на Стариот Завет кој одговара на карактерот на овој труд. И третата причина е фактот дека Новиот Завет е сокриен во Стариот, а Стариот е откриен во Новиот. Новозаветните идеи се веќе содржани во Стариот Завет, но овде се прикажуваат многу појасно. Новиот Завет ретко да носи некој нов принцип, во него старите концепти се прикажани во вистинското светло.
Човековите права се одлика на цивилизацијата, не дека нив цивилизацијата ги создала, туку затоа што тие ја раѓаат истата. Цивилизацијата не е можна без човековите права. Во природата владее законот на посилниот, кој всушност воопшто не е закон, туку е само инстиктит за преживување и не предизвикува морални чувства, туку само потреба. Силата не може во никој случај да роди моралност. И додека во природата, меѓу животните, важи ваквиот ,,закон на посилниот”, во цивилизацијата, меѓу луѓето, владеат човековите права. Токму човековите права се онаа дифферентиа специфица кои служат за да се направи дистинкција помеѓу цивилизацијата и природата. Мислам дека сосема со право може да се заклучи дека теологијата и конституционализмот се на истата бранова должина кога станува збор за човековите права. Христијанската теологија учи дека човекот е во фокусот на Создателот, па според тоа се разликува од сето друго создадено. Со самото тоа што е во зеницата на Творецот, човекот ужива и соодветни права.
Во Библијата, правата не постојат во онаа позитивна смисла, како што тоа е случај во Универзалната Декларација или пак во модерните устави, меѓу кои и Уставот на Република Македонија. Така, на пример, Библијата не гарантира никому право на живот, но го забранува убиството. Не ја гарантира сопственоста, туку ја исклучува кражбата. Со самото тоа, Старозаветните списи не можат да се третираат како извор на човекови права, зашто тие не ги конституираат правата, туку само ги декларираат. Со нив се објавува дека секој човек има одреден збир на права и дека во таа сфера ниту еден поединец или држава не може да се меша. Според ова, сметам дека Библиското учење е сосема во согласност со природноправната теорија за човековите права. Правата на човекот му се дадени уште од неговото раѓање, а со овие свети документи, истите само се декларираат и се потврдуваат.
Она што е всушност најзначајно за Старозаветните одредби на човековите права, е фактот дека тие се дадени, или барем тогашните и денешните верници веруваат дека се дадени од Бога. Токму Тој Авторитет, поголем од авторитетот на било која држава или организација, е она што игра најголема улога за овие одредби да бидат сфатени сериозно и да бидат дословно почитувани.
Големиот мислител Жан Жак Русо, во своето најпознато дело ,,Општествениот договор”, пишува вака: ,,За да се пронајдат најдобрите општествени начела, кои најдобро му одговараат на народот, би бил потребен еден возвишен ум, кој би ги видел сите страсти на луѓето, а да не чувствува ниту една, кој не имал ништо заедничко со нашата природа и кој би ја познавал во основа, чија среќа не би зависела од нас, а би сакал да се грижи за нашата среќа; најпосле, кој би се задоволил со иста слава и во далечна иднина, па би можел да дејствува во еден век, а да ужива во друг век.’’. Во заклучок, Русо вели: ,,Би биле потребни богови за да им даваат закони на луѓето.”. Испуштил од вид дека Бог веќе го стори тоа, дека на Неговиот народ им даде закони според кои треба тој народ да живее. Од регулација не го испушти ни оној арсенал односи кои ние ги нарекуваме ,,човекови права”.
Право на живот
Правото на живот е основно и најзначајно право на човекот затоа што животот претставува најзначајна вредност за човекот и врвно добро за општеството. Универзалната декларација за правата на човекот во член 3 секому му гарантира право на живот. Според Уставот на Република Македонија, човековиот живот е неприкосновен (член 10). Библијата го гарантира правото на живот, преку забраната за убивање: ,,Не убивај”(Излез 20:13). Тоа е шестата Божја заповед. Човекот беше создаден според Божјиот Лик(Битие 1:27) и во него беше вдахнат здивот на животот. Самото ова е доволно за човековиот живот да биде почитуван од секого. Животот може да го одземе само Оној Кој го дал и никој друг. Случаите во кои нечиј живот можел да биде одземен се јасно дефинирани во старозаветниот систем. Казната за убиство, била одземање на животот на убиецот(Излез 21:12).
Недвосмислено, ваква општа заповед во нас предизвикува растревожување, но исто така и нѐ предизвикува да имаме многу поголема почит кон животот. Бог навистина во оваа заповед не ни објаснува ниту кога, ниту како, ниту кого не треба да го убиваме. Не ни објаснува ни дали ова се однесува и на животни, иако е речиси сигурно дека не се однесува. Со тоа што заповедта е искажана во ваков општ облик, Бог има намера во нас да предизвика чувство на страхопочит и восхит кон сѐ што е живо. Оваа заповед има за цел во нас да предизвика длабока промена во начинот на кој го вреднуваме животот на сите суштества околу нас. Едноставно, како Бог да нѐ предупредува дека животот е непроценлив, нешто на кое можеме само да се восхитуваме, нешто кое е толку вредно што не треба ни да помислиме дека имаме право да го одземеме.
Заштита на личниот интегритет
Не само што се гарантира правото на живот, туку во одредена смисла, се гарантира и квалитет на истиот. Физичкиот интегритет на личноста е гарантиран преку следниве одредби: ,,Има ли друго зло, казната нека биде: живот за живот, око за око, заб за заб, рака за рака, нога за нога, изгореница за изгореница, рана за рана, синило за синило.”(Излез 21:23,24). Колку и да звучи сурово денеска, сепак правилото на талионот е револуционерно. Во времето на давањето на ова правило, за еден заб се губела цела вилица, за едно око- животот, а за убиство- можеби се случувало и цело племе да биде истребено од лицето на Земјата. На овој начин, се гарантира одмазда која е праведна, ставена во одредени рамки и однапред предвидена. Секој точно знаел со каква казна ќе се соочи во случај да посегне кон туѓиот физички интегритет. На овој начин, индиректно се заштитува личноста на секој поединец. Иако постоела смртна казна, сепак мачењето, нецивилизациското и понижувачко однесување и казнување не биле опција во стариот Израел. Човекот кој би бил повреден во случај на тепачка, од страна на нанесувачот на повредите требало да добие реституција поради губитокот на време и исто така да му бидат прибавено негово целосно исцелување (Излез 21:18,19). Понатаму, во случај на силување на девојка која била верена, која барала помош но не успеала да се одбрани, казната за силувачот е смрт. Но, во случај девојката да не била верена, а била силувана, казната за силувачот била педесет сребреници кои требало да му бидат исплатени на таткото на девојката. Поради тоа што ја осквернил, вршителот на делото морал да ја земе девојката за жена и никогаш не можел да ја остави(Второзаконие 22:25-30). Со последниов случај, сметам дека јасно станува дека Законодавецот се грижел за физичкиот и психичкиот интегритет на личностите и обезбедил соодветна заштита.
Моралниот интегритет, пак, се заштитува преку деветтата заповед, која во оригиналот гласи вака: ,,Не ќе сведочиш лажно против твојот ближен”(Излез 20:16). Заштитата на репутацијата е важна задача која државата треба да ја врши. Чесноста и искреноста се оној цемент кој обезбедува кохезија на општеството. Ова е генерална заповед за зборување вистина и за одбегнување на лажни сведочења- пред суд но и надвор од него. Понатаму, во Петтокнижието, има одредби кои конкретно го забрануваат лажното сведочење и пристрасноста пред судот. ,,Не давај лажни изјави! Не помагај му на злосторникот застанувајќи на сведочејќи криво.”(Излез 23:1). Исто така, пред суд не се прифаќал исказот само на еден сведок против друг човек. Било потребно барем двајца сведоци да дадат свое сведоштво, за тоа да биде прифатено. ,,Нека не станува еден единствен сведок против човек, ниту за каква вина и ниту за каков злостор. Каков и да е прекршокот, пресудата нека почива врз изјавата на двајца или тројца сведоци.”(Второзаконие 19:15). Се предвидувал принципот на талионот и во случајот на лажно сведочење: ,,Судиите нека спроведат основна истрага. Ако се покаже дека сведокот е лажен и дека сведочел лажно против брата си, направете му онака како што тој му намислил на својот брат.”(Второзаконие 19:18,19). Сиве овие одредби служат за заштита на моралниот интегритет на личноста.
Право на слобода и еднаквост
Слободата на човекот како негово суштествено и основно право и како право врз кое се темели остварувањето на сите други права не е само обичен рефлекс и декларативен однос кон ова право што постои денес во речиси сите уставни системи во светот, туку многу повеќе е потврда на хуманизмот и демократичноста стекнати во практиката на вековната борба на човекот за основната слобода на неговата личност, напредната општествена и научна мисла, влијанието на хуманизмот и придобивките на човековата цивилизација кои придонесоа да се воопшти една мрежа од принципи на системот на заштита и начелна афирмација на слободата на личноста од можните напади и загрозувања. Минималниот облик во кој се остварува правото на слобода се состои во општественото и уставното признание и заштита на физичкиот и моралниот интегритет на човековата личност, со што се надополнува и правото на живот5.
Според Библиската објава, човекот се раѓа како слободен и еднаков со сите други. На човекот му била оставена должноста да се грижи за овој свет и правото да владее над него. Господ не создал некои од нас да бидат робови, а други да бидат слободни и господари над нив. Библијата е многу јасна- човекот, значи секој човек- независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското убедување, имотната и општествената положба, е создаден според Ликот Божји, со погоренаведените права и обврски. Сета неслобода и нееднаквост, ја создал човекот.
Сепак, за воља на вистината, Библијата зборува и за ропството, кое е всушност негација на еднаквоста и слободата. Но, никаде Светото Писмо не го одобрува истото, само го забележува дека постои во реалноста и го става во одредени рамки.(Дури во Новиот Завет, апостолот Павле советува дека доколку е можно за робот да се ослободи- да го стори тоа.) Погрешно е да се обвинува Библијата дека го одобрува ропството- за тоа тврдење едноставно не постои основа. Одредбите за ропството стојат веднаш после Десетте Божји заповеди и законот за жртвеник. Ваквата местоположба на овие одредби им гарантира високо значење, кое сигурно дека би го немале во толкава мера доколку беа сместени на ,,периферијата” на законот.
Најпрвин, никој не смеел самоволно да укинува нечија слобода: ,,Кој ќе грабне човек- било за да го продаде, било за да го задржи во своја власт- нека биде казнет со смрт.”(Излез 21:16). Начините за стекнување во сопственост роб, биле дефинирани. Надвор од нив, казната за грабнување била смрт. Легални начини за нечие поробување биле: поради долг кој не може да биде вратен; крадецот кој украл нешто и не можел да врати (заедно со оштетата која по закон ја должел); по раѓање- децата кои биле раѓани во семејства на робови биле и самите робови. Ропството максимум можело да трае седум години. По истекот на овој период седумгодишен период, независно од сумата која се должела, робот бил слободен. Исто така, секоја педесетта година била јубилејна година и тогаш робовите биле ослободувани. Господарите немало право врз животот на робовите. Не смееле да ги убиваат и да им нанесуваат тешки телесни повреди. Дури, доколку господарот го удрил својот роб и го убил, требало да ја поднесе одмаздата која произлегувала од начелото на талионот (Излез 21:20). Во случај на потешка повреда, како на пример вадење око или заб, господарот бил должен да го ослободи робот. Што се однесува до туѓинците кои станале Еврејски робови, за нив не важела одредбата дека нивното ропство морало да заврши по истекот на седум години, тие можеле да бидат оставени и во наследство. По завршувањето на максималниот седумгодишен период, господарот не смеел да го пушти робот да си оди со празни раце, туку бил обврзан да му даде нешто во негова сопственост. Честопати се среќава мислата ,,Сетете се дека и вие бевте робови во Египет од каде Јас(Бог) ве избавив!”- со ова се алудирало на хуман однос кон робовите. Во другите општества робовите биле сметани за инструментум воцале, т.е. за орудие кое зборува. Господарите имале целосно право над нив, дури имале и право над нивните животи. Статусот на еврејските робови и робовите на другите народи се разликуваат како што се разликуваат планината и низината. Робовите во стариот Израел се сметале за личности, добивале заштита над нивниот физички интегритет, биле сопственици на своите животи, според законот морале да бидат ослободени по седум години (се однесува само за еврејските робови) и притоа морале да добијат и одредена сопственост. Сево ова зборува за големата хуманост на Еврејскиот легалистичко-религиозен систем кон оваа група луѓе. Особено се доаѓа до овој заклучок доколку се погледне историскиот контекст и ако се направи компаративна анализа на статусот на робовите во другите држави од тој период. Исто така, овие одредби со кои била гарантирана положбата на робовите и нивните права, доведувале до тоа да се намалат разликите меѓу луѓето, да се намали нееднаковоста и да се ограничи неслободата. Мора да се запамети дека Библијата не го создава ниту го одобрува ропството. Едноставно, го прифаќа како постоечко, го става во одредени рамки и со тоа ,,врамување” го ограничува.
Право на сопственост
Сфаќањето за сопственоста и режимот на сопственоста во секое општество во најголема мера го определува соодветното општествено-економско уредување, односно уставот со кој тоа уредување се воспоставува6. Сопственоста е предуслов за развој на економијата и општеството во целина. Заштитата на сопственоста создава сигурност и стабилност кај поединеците. Психолошки, гаранцијата на сопственоста делува мотивирачки. Човекот кој знае дека работи за себе и дека она кое ќе го создаде ќе биде заштитено, сигурно дека ќе има многу поголема мотивација да креира и да се труди, отколку оној кој ја нема таа гаранција од државата.
Библијата ја заштитува сопственоста како човеково право. Осмата Божја заповед ја забранува кражбата: ,,Не ќе крадеш!”(Излез 20:15), ,,Не кради!”(Второзаконие 5:19). И овој институт е ставен под заштита на Врвниот Божји авторитет. Освен оваа генерална заповед, Стариот Завет содржи и други заповеди со кои поблиску се уредува сопственоста, но и обврските кои произлегуваат од неа. Законот ја штити сопственоста, ја одредува санкцијата за случаите кога е нарушена и ги уредува обврските кои сопственоста ги носи со себе. На пример, ,,Ако некој украде говедо или животинче од ситниот добиток, па било да го заколе, било да го продаде, тогаш за едно говедо да се вратат пет говеда, а за ситно животинче четири ситни добичиња.”(Излез 22:1), ,,Ако некој остави отворена јама, или некој ископа кладенец и не го покрие, па во него падне добиче или осле, сопственикот на кладенецот ќе даде надомест: нека му исплати на сопственикот со сребро, а пцовисаното животно нека му припадне нему. Кога нечиј вол боцне вол на друг па тој пцовиса, тогаш нека го продадат живиот вол, а добиените пари нека ги поделат; и пцовисаното добиче нека го поделат меѓу себе. Ама ако се знае дека тој вол боцкал и порано, а неговиот господар не го чувал, тогаш треба да надомести вол за вол, додека пцовисаното животно ќе биде негово.”(Излез 22:33-36). Како што може да се согледа од наведените стихови, Библијата овде поконкретно ја заштитува сопственоста и дава подетални начини како ќе биде санкционирана повредата на истата, но и која е одговорноста на сопственикот во случај кога неговата сопственост ќе причини штета.
Социјални права
Социјалната политика, како поопшт поим и социјалното осигурување како функционален поим, всушност се едни од најважните методи на социјалната политика, т.е. методи на заштита на лицата погодени од определен социјален случај со одделен социјален ризик… Социјалната заштита, во потесна смисла, го опфаќа и правото на помош на граѓани немоќни и неспособни за работа7
Библијата на повеќе места, како во Стариот, така и во Новиот Завет, се грижи за заштита на социјално загрозените категории граѓани. ]е цитирам само неколку стихови кои се занимаваат со оваа тематика: ,,Кога ќе жниете жетва во вашата земја, не дожневајте ги до крај вашите ниви; ниту собирајте ги класовите по вашата жетва. Не бери го повторно твоето лозје; не собирај ги паднатите зрна во твоето лозје; туку остави ги за бедните и за странецот.”(Левит 19:9,10); ,,Не ги расплачувајте вдовиците и сираците. Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене(Господ Бог, моја забелешка), задолжително ќе го послушам нивниот вик. ]е се распали Мојот гнев, и ќе ве погубам со меч, така вашите жени ќе останат вдовици, а децата сирачиња. Ако му позајмиш сребро на некој од Мојот народ, на сиромавиот што е кај тебе, не постапувај кон него како заемодавачот! Не му наметнувај данок! Ако му ја земеш на својот сосед наметката во залог треба да му ја вратиш пред зајдисонце. Па тоа му е единствената покривка, со која го завиткува своето тело и во која може да легне. Ако извика кон Мене, ќе го послушам, зашто Јас Сум милостив.”(Излез 22:21-27); ,,Ако твојот брат осиромаши и е без средства при тебе; помагај го, како да е странец или гостин, за да може да живее со тебе! Не давај му сребро на заем со камата, ниту му ја давај твојата храна за печалба.”(Левит 25:35-37); ,,Ако се најде кај тебе некаков сиромав, некој од твоите браќа, во кој и да е град во земјата што Господ, твојот Бог, ќе ти ја даде, не биди со тврдо срце ниту ги затворај своите раце спрема својот беден брат, но отвори ги ширно своите раце и дај му спремно тоа што му недостига… Бидејќи бедните никогаш не ќе ги снема од земјата, ти заповедам: отвори ја ширум својата рака за својот брат, за својот беден и за оној што има потреба во твојата земја.”(Второзаконие 15:7-11); ,,Заштитувајте ги бедниот и сирачето, дајте му правда на јадникот и сиромашниот!”(Псалм 82:3).
Верувам дека хуманоста на Еврејскиот Законодавец многу добро се согледува низ овие стихови. Грижата за сиромашните, вдовиците, сираците и туѓинците, била обврска на сите, не обврска на елитата или пак на државен орган. Секој требало, според своите можности, да придонесува за подобрување на состојбата на овие групи. Господ, Кој е милостив, бара милост да покажуваат и Неговите луѓе. Несебична грижливост било потребно да се покаже на дело, како знак на благодарност кон Бога за она кое Тој го сторил за Својот народ Израел. Оваа милост кон бедните и воопшто qубовта кон ближните требало да премине во начин на живеење (Левит 19:18). Ваквото решение го сметам за поефикасно отколку она кое е денеска прифатено- дека државата се грижи за социјалните случаи. Мислам дека бирократијата го нема потребниот капацитет да се справи со сите проблеми кои ги имаат овие категории наши сограѓани, но кај обичните граѓани, кои не се социјални случаи, создава чувство на лична неодговорност. Доколку мислиме дека само државата треба да се грижи за сиромашните, болните, немоќните и неспособните, ние автоматски се амнестираме од секаква вина за нивната состојба. Зар не создава тоа алиенација? Зар не ја отапува совеста? Зар не го разводнува оној лепак кој треба да нѐ држи заедно како вистинска заедница?
Права на странците
Човековите права се права кои им припаѓаат на припадниците на човечкиот род во целина, не само на една одредена група луѓе-државјани кои се во посебен однос со државата. Најдобар индикатор за почитувањето на човековите права е токму односот на државата кон странците кои не се нејзини државјани. И овој тест Стариот Завет го поминува со добра оценка. Најпрвин, важно е да се напомене дека бенефициите кои произлегуваат од Десетте Божји заповеди се однесуваат не само на Еврејскиот народ, туку и на припадниците на сите народи. Значи, заштитата на правото на живот, заштитата на физичкиот и моралниот интегритет, правото на еднаквост и слобода (макар што овде се разликувале Евреите и странците во однос на времетраењето на ропството), правото на сопственост, социјалните права се придобивки на човештвото во целина, не само на една нација. Но, во еден дел Стариот Завет конкретно се занимава со правата на странците, како и со нивните ограничувања. Неколку одредби ќе кажат доволно. ,,Судот нека ви биде еднаков и за придојденикот и за домородецот…”(Левит 24:22)- Израелевиот Законодавец барал еднаква примена на законите и кон Евреите (Божјиот народ), но и кон припадниците на другите народи кои живееле или транзитирале низ Израелска територија. ,,Ако странец се насели во вашата земја не угнетувајте го, туѓинецот кој престојува со вас, нека ви биде како ваш сонародник; qуби го како себеси; зашто и вие бевте странци во Египетската Земја…”(Левит 19:33,34). ,,Не го угнетувај придојденецот ниту му нанесувај неправда, зашто и самите бевте придојденици во Египетската Земја.”(Излез 22:21). Она што странците не можеле да го уживаат во Израел било следново: Царот на Израел требало да биде Евреин, не припадник на друг народ ,,Постави некого од своите браќа за цар над себеси, а не смееш да поставуваш над себеси туѓинец, кој не ти е брат.”(Второзаконие 17:15); не смееле да вршат некои свои ритуали(да жртвуваат деца и да пијат крв) и биле обврзани да почитуваат дел од Еврејските верски норми (се работи за заповедта дека во шестиот ден-Саботата никој, па ни странецот не смее да работи (Излез 20:10)). Се разбира, странците смееле да учестуваат во вршењето на Еврејските религиозни обреди. Евреите можеле да ги земаат странците за робови, а можеле да земаат камата од нив при давањето заем. Она што е посебно интересно кога станува збор за правата на странците е тоа што Израелскиот народ е искаран преку неколкумина пророци поради нивниот однос кон странците. Така на пример, во книгата на пророкот Езекиел стои помеѓу другите гревови на Израел и бесправното угнетување на придојденикот (Езекиел 22:7,29). Преку пророкот Малахија, пак, Господ му се заканува на Својот народ: ,,]е дојдам при вас на суд, и ќе бидам подготвен сведок против вражалците и преqубниците, против оние, кои се колнат лажно, против оние кои задржуваат од платата на работникот, вдовицата и сирачето, против оние кои го газат правото на странците и не се бојат од Мене- говори Господ над Воинствата.”(Малахија 3:5; подвлечено од авторот).
Судски систем
Судскиот систем е многу важен инструмент во заштитата на човековите права. Претставува своевиден коректив на извршната власт- токму на онаа која може најмногу да му наштети на корпусот гарантирани права. Покрај тоа што ги штити човековите права од злоупотреба од страна на државата, судот има задача да ги заштити правата на поединците од нивната другите поединци. Како заштитник на правата на човекот, судството треба да биде независно и самостојно, а неговата работа мора да биде во согласност со Устав и закон.
Во Еврејскиот државен систем биле воспоставени и судии кои требало да ја вршат функцијата на правораздавање. На почетокот на конституирањето на Израелската нација, судската функција му била доверена само на еден човек- на Мојсеј, водачот на народот. Меѓутоа, набргу оваа задача била пренесена на други луѓе. Се воспоставил повеќестепен судски систем. Па така, било уредено да постојат иљадници, стотници и десетници (Излез 18:21)- т.е. судии кои би суделе на народот. Најпрвин работата била изнесувана пред десетникот, доколку страните (или една од нив) не биле задоволни, работата бидувала изнесена пред стотникот. Доколку сепак страните не биле задоволни од судската одлука, работата се претставувала пред иљадникот. Сите поголеми случаи биле изнесувани пред Мојсеј (Излез 18:22). Четири степени броел Израелскиот судски систем, што претставува поголема гаранција за донесување на праведна и правична одлука. Интересно е тоа што овде доаѓа и до поделба на власта. Оној преку кого доаѓал законот не смеел да биде истовремено и судија. Дури после (несвесната) поделба на власта, Мојсеј ги добива заповедите кои му ги пренесува на народот. Вредни да се споменат се и квалификациите кои се бараат за нечие поставување за судија на Израелскиот народ. Имено, Јотор (тестот на Мојсеј) го советува својот зет: ,,Тогаш, избери од целиот народ способни луѓе, кои се бојат од Бога, и праведни, кои го мразат поткупот, па постави ги за главатари на народот…”(Излез 18:21). Покрај способноста да се биде судија, биле потребни и кредибилитет, Богобојазливост, праведност и чесност. Луѓето кои ги поседувале овие квалитети можеле да бидат воспоставени за судии на Израилот. Судењата се држеле јавно, пред сиот народ додека Мојсеј ја вршел оваа функција(Излез 18:13).
Владеење на правото
Израел бил организиран како теократија. Бог бил Оној Кој владеел. Но, Неговата власт се извршувала преку законите кои му биле дадени на народот. Не владеел кралот, туку владеел Бог преку Неговите свети одредби кои всушност го претставувале целокупниот правен систем. Следува дека во Израел владеело правото, а не личностите. Концептот на владеење на правото е особено значаен за заштитата на човековите права. Владеењето на правото значи ограничување на државната власт во рамките на законот, сето тоа во корист на поединецот. Во стариот Израел сите биле должни да го почитуваат од Бога дадениот правен поредок. Исклучок од ова не бил ни самиот крал. И кралот бил должен да се потчини на Законот и да ги почитува заповедите кои произлегуваат од истиот.
Во книгата Второзаконие изрично се бара кралот да го чита редовно Законот и да го извршува: ,,А кога ќе седне на царскиот престол, нека го препише за себе на свиток овој Закон од свештениците левити. Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби; за да не се издигне со срцето над своите браќа и за да не сврти настрана од оваа заповед ни десно ни лево, за да би царувал долго, тој и неговите синови, во Израел.”(Второзаконие 17:18-20). Царот Давид во една прилика го советува својот син Соломон, неговиот престолонаследник: ,,Слушај ги наредбите на Господа, својот Бог, оди по Неговите патишта, држи се за Неговите закони и наредби и за Неговите поуки, како што е напишано во Мојсеевиот Закон, за да успееш во сѐ што ќе преземеш и секаде каде што ќе се завртиш…”(Прва книга цареви 2:3).
За остварување на концептот на владеење на правото, потребно е народот да биде запознаен со она што се нивни права и обврски. Денес тоа се прави преку Службен весник, гласило преку кое законите кои ги донесува законодавното тело им се претставуваат на граѓаните. Еве како ова е регулирано во Стариот Завет: ,,Во секоја седма година- година на прошка- на Празникот на шаторите, кога сиот Израел ќе дојде да го види лицето на Господа, твојот Бог, на местото што Тој ќе го избере, прочитај го овој Закон во присуство на целиот Израел. Собери го народот- луѓето, жените, децата и придојденикот кој ќе биде во твоите градови- за да чујат и за да чујат и за да се бојат од Господа, вашиот Бог, па да ги пазат и да ги вршат сите зборотови на овој Закон’’(Второзаконие 31:10-12). Стојат записите дека Исус Навин и Езра им го читале Законот на Израелците. Новиот Завет, пак, вели едка Законот бил читан во синагогите секоја сабота ,,од дамни времиња’’(Дела Апостолски 15:21).
Заклучок
Еврејскиот Законодавец се грижел за човекот и за неговите права, кои ги дефинирал и ги регулирал. Од овие одредби кои беа изложени во овој скромен труд може да се согледа дел од разумноста, цивилизираноста и хуманоста кои биле содржани во Стариот Завет. Оваа тема може да биде предмет на понатамошни посериозни истражувања, но во рамките на овој труд авторот смета дека сосема доволно ја изложи и аргументира основната теза- дека човековите права имаат длабоки корени, дека не се човекова измислица туку дека имаат Божествено потекло. Исто така, авторот искрено се надева едка се скршени дел од предрасудите кои постојат во индоктринираните умови. Библијата треба да се гледа не како застарено дело кое веќе треба да замине во историјата, туку како збир на мудрости кои треба да бидат наше секојдневно четиво и водилка во животот- најмногу во личната сфера, но и во сферата на јавниот интерес.







Изменето од Reformator - 11.Јули.2011 во 22:19
Кон врв
Македон Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор

Caesar Constantinus

Регистриран: 20.Јули.2008
Локација: Macedonia
Статус: Офлајн
Поени: 9928
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Македон Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 11.Јули.2011 во 22:57
Го прочитав сиот текст, морам да признаам дека трудот е прекрасен. Според ова што си го напишал, мислам дека си правник, па од правен аспект и јас ќе забележам.Според стилот на кој пишуваш, мислам дека си правник. Мошне препознатлив стил имаме туку-речи сите правници. Ако не си правник и не мора да го презентираш овој текст некаде, не мораш да ги земеш в предвид забелешките.


Originally posted by Reformator Reformator напиша:


НЕКОИ ОСНОВНИ ПОДАТОЦИ ЗА БИБЛИЈАТА
Како што на почетокот споменав, најверојатно кај некои луѓе оваа тема би наишла на негодување. Па еве, ќе се обидам во овој дел да дадам некои основни информации за Библијата, со надеж дека читателите потопло и поотворено би ја прифатиле оваа тема. Зборот ,,Библија” потекнува од грчкиот збор ,,Библос” кој значи ,,книги”. Стандардната верзија на Библијата е составена од 66 книги, поделени во два дела- Стар Завет кој содржи 39 книги и Нов Завет- во кој се содржани останатите 27. Овие 66 книги, или 66 делови од Библијата, се пишувани во голем временски распон кој изнесува приближно 1.600 години.


Не секоја Библија содржи 66 книги. Протестантската Библија е онаа со 66 книги. Библиите на Православните и Католиците содржат повеќе книги, затоа што и дефтероканонските книги се наоѓаат во рамките на Стариот Завет. Мислам дека тоа ќе е добро да се вметне, особено ако се презентира текстот некаде.


Originally posted by Reformator Reformator напиша:


Човековите права се делат на три категории. Во првата категорија влегуваат личните права: правото на живот, правото на заштита на физичкиот и моралниот интегритет на личноста, правото на забрана на дискриминација, правото на еднаквост пред законот, правото на судско изречување на казната, правото на слобода, правото на приватност, правото на неповредливост на тајноста на писмата и на другите облици на општење, слободата на движењето и настанувањето, слободата на мислата и уверувањето, слободата на вероисповедта, правото на државјанство. Во категоријата политички слободи и права влегуваат: слободата на јавен говор, слободата на политичкото здружување, слободата на информирањето, правото на мирно собирање, избирачкото право, правото на претставки, правото на вршење на јавни функции. Во третата категорија- во групата на економските, социјалните и политичките права припаѓаат:


Во третата категорија не се наоѓаат економските, социјалните и политичките права, туку економските, социјалните и културните права. Поправи ја таа грешка во текстот.


Originally posted by Reformator Reformator напиша:


Во другите општества робовите биле сметани за инструментум воцале, т.е. за орудие кое зборува.


Ако си правник, ќе те потсетам на предметот историја на правото, каде, ако се сеќаваш, се говореше за статусот на робовите во источните земји (Месопотамија, Вавилон,Египет ), во определен период и се правеше разлика од статусот во западните земји (Грција,Рим). А дури и се правеше разлика меѓу статусите на робовите во различни периоди. Во источните земји, за разлика од западните , каде што робот претставувал, како што велиш и самиот, инструмент кој зборува, што го потврдуваат и пишувањата на Аристотел, робот имал многу повеќе права. Робот можел слободно да се ожени/омажи со слободен човек, да има полови односи со истиот, работел заедно со семејството кое го поседувало, јадел на иста трпеза со нив и не можел да биде убиен. Додека на запад тоа не било така.
Ако го презентираш текстов пред некој од професорите на Правен Факултет, ваква забелешка несомнено ќе добиеш.







Изменето од Македон - 11.Јули.2011 во 22:58
Кон врв
Reformator Кликни и види ги опциите
Нов член
Нов член


Регистриран: 04.Јануари.2011
Статус: Офлајн
Поени: 20
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Reformator Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 11.Јули.2011 во 23:26
Здраво Македон! Ти благодарам за твоите добронамерни забелешки.

Најпрвин, да правник сум :-) Како што и напишав во текстот запишан сум на постдипломски. Текстов ми беше научно истражувачка работа и беше презентиран пред професори од факултетот.

Е сега за некои од забелешките :-)

Ако убаво забележиш напишав ,,Стандардната верзија на Библијата е составена од 66 книги...’’, тоа е оној дел од Библијата за кој сите деноминации се согласуваат дека се Свети Книги.

За жал, овде не ги објавив сите референци од кои цитирав и со кои го поткрепувам текстот. Конкретно делот во кој се набројани права и се групирани во категории го преземав од книгата на проф. д-р Шкариќ. Ако згрешил Шкариќ- сум згрешил и јас хаха

За третата забелешка- ти благодарам, но мислам дека доколку се впуштам во опис на статусот на робовите во различните општества премногу ќе се расплини сижето.

Во секој случај, убаво од тебе што посвети време да го прочиташ текстов и да ми посочиш на моите пропусти.

Поздрав и се читаме :-)

http://hristijanskiportal.blogspot.com/
Кон врв
Македон Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор

Caesar Constantinus

Регистриран: 20.Јули.2008
Локација: Macedonia
Статус: Офлајн
Поени: 9928
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Македон Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 11.Јули.2011 во 23:35
Originally posted by Reformator Reformator напиша:


За третата забелешка- ти благодарам, но мислам дека доколку се впуштам во опис на статусот на робовите во различните општества премногу ќе се расплини сижето.

Во секој случај, убаво од тебе што посвети време да го прочиташ текстов и да ми посочиш на моите пропусти.

Поздрав и се читаме :-)



Колега, не мислев да се впуштиш во расправање на такво нешто, далеку од тоа, но можеш да споменеш дека состојбата е слична како со робовите во тие земји. Со тоа и оние правници кои не го прочитале Светото Писмо ќе разберат отприлика за што станува збор. Лесно е за нас, кои сме го читале, да разбереме што сакаш да кажеш, ама за некој што не го прочитал, можеби и нема да е така лесно.

Во однос на забелешката за човековите права, јас токму сега проверив во Уставот и таму тие се групирани онака како што наведов. Истото стои и во учебникот напишан од Проф. д-р Саво Климовски, Проф. д-р Рената Дескоска и Проф. д-р Тања Каракамишева. Најверојатно станува збор за некоја грешка на професорот Шкариќ.

Повторно ќе кажам, прекрасен текст, особено што допира тема, која за жал, на нашиот факултет не е толку застапена и на неа често се гледа од аспект на индоктринацијата на минатото.

Поздрав и до тебе колега!

Изменето од Македон - 11.Јули.2011 во 23:36
Кон врв
Македон Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор

Caesar Constantinus

Регистриран: 20.Јули.2008
Локација: Macedonia
Статус: Офлајн
Поени: 9928
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Македон Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 12.Јули.2011 во 01:31
Колега, сега размислував, мислам дека во твојот текст недостасува да споменеш и за наследното право. Интересно е да се спомене наследувањето на ќерките и обврската да се задржи имотот во рамките на фамилијата. Сепак, тоа се стихови кои во тоа време биле извор на наследното право.

А и има еден мошне интересна глава која особено би нашла место во твојот текст, а тоа се правата на монархот наведени во 8 глава од Првата Книга Царства. Тоа дури можеш да го доведеш и во контекст на Русоовата договорна теорија, затоа што стиховите од таа глава се јасно откажување од дел од правата на народот и нивно префрлање во рацете на суверенот по пат на договор меѓу Бога и луѓето, а и стекнување на суверенот со некои од правата, а секако, тука се и должностите од твојот текст. Тоа би било одлична целина.

Изменето од Македон - 12.Јули.2011 во 01:45
Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,109 секунди.