IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > Македонија и Свет > Историја
  Активни теми Активни теми RSS - Историјат на манастирот Свети Јован Бигорски
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

Историјат на манастирот Свети Јован Бигорски

 Внеси реплика Внеси реплика
Автор
Порака
Македон Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор

Caesar Constantinus

Регистриран: 20.Јули.2008
Локација: Macedonia
Статус: Офлајн
Поени: 9928
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Македон Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Тема: Историјат на манастирот Свети Јован Бигорски
    Испратена: 01.Октомври.2009 во 02:47
По денешниот пожар во кој изгоре дел од манастирот Свети Јован Бигорски, сметам дека е потребно да се отвори тема за историјатот на манастирот, кој претставува значаен дел од културното и духовно наследство на Македонија.

--------------------------------------------------------------------------------------------------

Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Според Бигорскиот поменик, манастирот го основал монахот Јован во 1020 година а во XVI век манастирот бил разурнат од Турците, и останала само една мала црква.

Од помениците исто така се дознава за обновувањето на манастирот во 1743 година, од страна на јеромонахот Иларион кој е и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Манастирот Св. Јован Бигорски надалеку е познат по својот иконостас. Него го правеле мајсторските раце на тајфата на Петре Филипов - Гарката од селото Гари.

 

 

Петре Филипов - Гарката, брат му Марко, Макариј Фрчковски од Галичник и Аврам Дичов со синовите Васил и Филип од родот Филиповци од Осој, во периодот од 1829 до 1835 година успеале да создадат врвно уметничко копаничарско дело.

Иконостасот е поделен во шест хоризонтални појаси. Првиот во основата е составен од правоаголни полиња на кои има орнаменти од флората и фауната. Вториот појас, во кој се поместени престолните икони, завршува со фигура на орел со раширени крилја. Третиот појас е поделен на три помали хоризонтални разделби во кои симетрично се распоредени ангели, гроздови, гранки од винова лоза и др. Над нив се наоѓаат два реда икони - празнични и со претстави на апостолите. Во централната партија се наоѓа големиот крст на којшто е претставено Христовото Распетие. На обете страни од крстот стојат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на Св. Јован и Св. Богородица.

Покрај иконостасот, манастирот е познат и по иконата на Св. Јован Крстител за која се верува дека има чудотворна моќ.

Според преданието иконата ја нашол монахот Јован во 1020 година. Таа сама дошла до местото каде што подоцна е изграден манастирот и лебдела над изворите на реката Радика.

Кога во XVI век, во времето на султанот Селим втори Турците го запалиле манастирот иконата мистериозно исчезнала за потоа уште помистериозно да се врати неоштетена.

Во манастирските списи запишано е дека иконата на свети Јован Крстител 35 години не била заштитена и дека дури во 1885 година иконата е обложена со сребрен оклоп.

 

 

На иконата Јован Крстител е претставен како светец-трирачник. Се верува дека третата рака е благословувачка. Се верува и дека иконата им помага на родителите кои не можат да добијат деца. Во склоп на легендата е и приказнава:

Бег од Албанија во 16 век дошол во манастирот на поклонение. Наредната година добил син и сиот свој имот му го подарил на „Свети Јован“. Тој ветил и дека ќе праќа маслиново масло во манастирот зашто такво масло се произведувало на неговиот имот. Луѓе велат дека денеска на имотот на бегот постои табла на која е испишано името на светецот.

Убавината на манастирскиот комплекс ја надокнадуваат и старите конаци заедно со трпезаријата. Тие се изградени кон крајот на XVIII век и почетокот на XIX век.

Големиот конак кој се состои од приземје и два ката, со пространи чардаци и голем број одаи, служел за живеење на калуѓерите. Некои од одаите украсени се со убаво обработени дрвени тавани и розети во резба. Повеќето од одаите биле опремени со вградени долапи, полици, комори, камини и сл. од кои голем број подоцна се заѕидани.

Денес, монашкото братство на Бигорскиот манастир го сочинуваат четирите монаси и тројцата искушеници. Нивниот игумен и старец Архимандритот Партениј основите на својот монашки живот ги стекнал на Света Гора Атонска.

Во манастирот, отворена е „Галерија на икони“. Во новата галерија изложени се околу 70, од планираните 160 икони, зашто другите се уште не се конзервирани. Најмногу датираат од XVII, XVIII и XIX век и се дел од богатата ризница на манастирот и нема ниту една која е позајмена или откупена од некој друг манастир.

Галеријата започнува со икони од првата половина на XVII век, што значи се стари четири века, со еден циклус на христовиот живот од благовештението, од рожденството, крштевање Христово, преображение, влегување во Ерусалим, распнување, воскресение, вознесение и успение на Пресвета Богородица.

 

 

Таа и понатаму ќе се надградува. Освен иконите, во Галеријата ќе бидат поставени и елементи од стариот иконостас од XVII век, како и уште две свештенички одежди кои се сопственост на Бигорскиот манастир, а се наоѓаат во Музеј на Македонија. Потоа ќе бидат вратени и сребрените кандилца и евангелијата што се наоѓаат во охридската митрополија.

Во манастирот "Свети Јован Бигорски" има остатоци од црквата што потекнува од XVI век, односно од XVII и XVIII век, од која се уште се чуваат големите икони. Најстарите поточно од XVI век се на реставрација во Републички завод за заштита на спомениците на културата.

Експонатите се изложени во женската трпезарија - адаптирана автентична манастирска просторија. За новата „улога“, просторијата е дополнително осветлена и климатизирана. Планирано е да се изработи каталог со кој ќе влезе во каталогот на галерии коишто се на тлото на Европа.

Оваа галерија на икони е поставена по барање на МПЦ и манастирските власти. Реализаторка на поставката е Викторија Поповска-Коробар, историчарка на уметноста од Музејот на Македонија, а ја финансираше Министерството за култура. Во текот на изминатите три години, експонатите ги конзервирале стручњаци од Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата.


Извор: Свети Јован Бигорски

-------------------------------------------------------------------------------------------

Во емисија која се емитуваше пред еден час и половина на канал 5 телевизија се спомена фактот и дека е можна поврзаноста меѓу овој манастир и Архиепископот Јован, кој е назначен од Василиј II за Охридски Архиепископ.

Имав можност да го посетам овој манастир пред некое време, па во разговор со еден Отец ( тогаш искушеник ) дознав дека таму се наоѓаат и дел од мошти од многу светци, дел од истите се добиени како подарок од Цариградската Црква, за која манастирот бил доста значаен, а во него, колку што се сеќавам на кажаното од Отецот, дури има и дојдено Цариградски Патријарх.




Кон врв
Boogie Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
Слобода или Смрт

Регистриран: 26.Октомври.2005
Статус: Офлајн
Поени: 10652
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај Boogie Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 01.Октомври.2009 во 18:40

Македонија е богата со манастири.
Тие се дел од нејзината долга и богата традиција.
Несомнено, еден од најубавите од нив е манастирот "Свети Јован Бигорски".
На надморска височина од 740 метри, десеттина километри пред сливот во Дебарското Езеро, овој манастир е положен во впечатливите бигорови карпи на кањонската долина на реката Радика, во прегратките на бујните шуми всадени на северозападните падини на планината Бистра.

Во близина се наоѓаат селата Ростуше, Битуше и Требиште, претежно населени со муслимани, но има и христијани.
Овој неверојатно волшебен предел ги обединува манастирската мистика и човечката идеалност во еден свет, кој ги надминува границите на рационалното спознание. Манастирскиот комплекс го сочинуваат манастирската црква, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Најверојатно црквата е настаната врз темелите на некоја постара базилика од XI век, поточно од 1021 година.
За тоа се зборува во "Зографскиот поменик".
Постои голема веројатност иконата на Свети Јован Претеча да била насликана во годината кога била подигната и живописана старата црква.

Манастирот е основан во далечната 1020 година од монахот Јован од Дебар, кој тогаш станал Охридски архиепископ.
Посветен му е на Крстителот Господов, Свети Јован Крстител, за кого самиот Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.
Легендата вели дека мотив за да се издигне еден ваков манастир е пронајдената икона на Свети Јован Крстител како лебди над изворите.
Оваа икона се покажала чудотворна и до денес таа претставува едно од најголемите богатства на манастирот.

УМЕТНИЧКО ОСТВАРУВАЊЕ

По сè изгледа манастирот претрпел големи оштетувања и разорувања во времето на османлиското ропство.
Денешниот изглед тој го добил во XIX век, кога воедно бил изведен и новиот живопис.
Новата црква е огромна, засводена е со високо издигната купола.
Во нејзин состав има камбанарија.
Изградена е од обработени блокови од бигор и покриена е со ќерамиди.

Нејзината богата внатрешност ја сочинуваат фреските, иконите со иконостасот и нејзиниот дрвен инвентар во кој спаѓаат певниците, столовите, владичкиот трон, амвонот и др.
Поголемиот дел од фрескописот, кој се наоѓа во големата полукалота на куполата, е дело на познатиот фрескописец Дичо Зограф, кој е автор на голем број фрески и икони во црквите ширум Македонија.

Останатите фрески во помалата полукалота на куполата се настанати од раката на некој малку послаб зограф.
Во тремот на црквата, од левиот и од десниот крај, во три зони се распоредени фрески кои датираат од XIX век.
Во првата зона се предадени фигури на светци-испосници додека, пак, втората зона ја исполнуваат сцени од животот на првите библиски луѓе, Адам и Ева и композицијата "Страшниот суд".

Спомнатиот иконостас на црквата "Свети Јован Бигорски" е еден од најубавите во нашата земја.
Изработен е во ситна дрвена резба и претставува исклучително уметничко остварување на афирмираните копаничарски мајстори Петре Филиповски- Гарката, неговиот брат Марко и Макариј Фрчковски.
Тие не пропуштиле да ги претстават во резба своите ликови преку сцената на мајсторот во размислување и неговите содејци како делкаат.

Оваа сцена е присутна на иконостасите во двете цркви во кои работеле овие мајстори.
Дрвениот иконостас е поделен во шест хоризонтални појаси.
Првиот појас во основата е составен од правоаголни полиња на кои има орнаменти од флората и од фауната.
Вториот, во кој се поместени престолните икони, завршуваат со фигура на орел со раширени крилја.
Третиот појас е поделен на три помали хоризонтални раздели, во кои симетрично се распоредени ангели, гроздови и гранки од винова лоза и др.

Над нив се наоѓаат два реда икони - празнични и со претстави на апостолите.
Во централната партија се наоѓа големиот крст на кој е претставено Христовото Распетие. На двете страни од крстот се наоѓаат фигури на змеј од чии усти се креваат иконите на Свети Јован и на Света Богородица.
Манастирскиот амбиент го дополнуваат старите конаци со дрвените пространи чардаци и трпезаријата исполнета со автентичен инвентар од времето на изградбата.
Годините на нивното создавање се од крајот на XVIII и почетокот на XIX век.



ЗАПИСИ

Откако во XVI век овој прекрасен манастир го разурнале Османлиите и останала само една стара црква, во 1743 година го обновил јеромонахот Иларион и изградил неколку ќелии.
Во XVIII век познати игумени во манастирот биле Трифилија и Митрофан.
Од 1812 година до 1825 година го проширил архимандритот Арсениј кога во последната година го напишал и "Поменикот" на манастирот.
Меѓу ктиторите се спомнува и монахот Иов, во кој некои истражувачи го препознаваат идниот просветител Јоаким Крчовски.

Пред тоа, во 1800 година, монахот Митрофан ја обновил во поголема црква.
Исто така, манастирот се спомнува и во "Зографскиот поменик" од XVII век.
Овој манастир располагал со своја голема ракописна збирка, во Народната библиотека во Софија се чува "Златоуст" од 1547 година, пишуван од јеромонахот Висарион, при игуменот Серафим, во Слепченскиот манастир, а истиот се наоѓа во Бигорската библиотека.

На страница 165 има запис од 1631 година.
Во "Поучението на Кирил Ерусалимски" (во Софија) од 1547 година, од истиот пишувач, има белешка од 1697 година од Дебарско-кичевскиот владика Јаким.
Исто така, има и "Покана" за поклониците во манастирот, напишана на народен јазик од игуменот Арсениј до попот Константин од дебарското село Макелариј, со манастирски печат од 1755 година.

Таа се чува во Народната библиотека во Пловдив.
Според еден запис во ракопис кој е од овој манастир, во 1564 година тој бил препокриен.
Од XVI век во манастирската збирка се чува "Четвороевангелие".
Од средината на XVI век се чува "Патерик - отечник", кој го напишал Козма Вукелик во Липово.
Други познати ракописи од манастирската збирка се "Поменик" од 1857 година, "Свештенски кодики" од 1863 година, пишувани од Јоан Харлосин, "Поменик" од 1868 година, "Книга за приходите и расходите" на манастирот за периодот 1900-1905 година.

Во Народната универзитетска библиотека "Климент Охридски" во Скопје се чуваат "Книга изреки на светите отци", напишани од рускиот јеромонах Арсение во Ерусалим во
1813 година, а во 1851 година Козма Симоновиќ таму ја препишал "Службата на Свети Атанасие и на Свети Кирил".
Во Архивот на Македонија во Скопје од XIX век можат да се најдат и документи од Бигорскиот манастир.

Во средниот век манастирот бил важен книжевен центар, кој располагал со богата библиотека, меѓутоа голем дел од ракописите се разграбани.
"Свети Јован Бигорски" повеќе пати бил уриван и обновуван.
Сегашните згради на манастирот се од XVIII и од XIX век, а иконостасот е со прекрасна дрворезба изработена меѓу 1829 и 1835 година од мајсторите Марко и Петар Филиповски од Гари.

Животот во манастирот бил обновен во 1995 година со доаѓањето од Света Гора на отец Партениј.
Некогаш манастирот поседувал големи имоти кои му ги подарувале верниците во текот на вековите.
Денес не поседува речиси ништо.
Неговите имоти биле одземени пред педесеттина години од страна на тогашната комунистичка власт и сè уште не се вратени.
И покрај немањето стабилна финансиска основа, благодарение на помошта на верниците, манастирот не само што опстојува и се обновува, туку и им помага на сите оние кои имаат потреба од тоа.

Повлечени од светот во тишина да го слават Бога, монасите никогаш не остануваат сами. Многу луѓе, барајќи помош, го наоѓаат патот до манастирот и многумина од нив наоѓаат исцеление.
За силата на чудотворната икона се раскажуваат легенди.
Често доаѓаат да се лекуваат млади луѓе, верници кои бараат духовна храна, мир, совет и утеха.


Изменето од Boogie - 01.Октомври.2009 во 18:40
Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,125 секунди.