Општината не смее да ја реставрира куќата на Јашар-бег, ниту да ја претвори во музеј, бидејќи е заштитена со закон и за нејзината обнова е надлежен исклучиво Конзерваторскиот центар Скопје
За да отвори музеј на Албанците, Општина Чаир прво треба да изработи елаборат, Музејот на Македонија, како матична куќа, треба да даде стручно мислење за елаборатот, а Министерството за култура согласност, вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство. Завчера Општината Чаир најави дека во куќата на првиот скопски градоначалник Јашар-бег Кумбара ќе отвори музеј на Албанците во Македонија, во кој еден дел ќе биде посветен на Ослободителната национална армија (ОНА), која во 2001 година предизвика воен конфликт и се бореше против македонската војска и полицијата. За да го отвори музејот, Општината планира да ја реставрира старата турска куќа, на што Кузман остро се спротивставува бидејќи тоа е незаконски.
- Објектот е под законска заштита. Единствено надлежен за реставрирање и за конзервирање на такви објекти е Конзерваторскиот центар во Скопје, а не Општината Чаир. Таа нема никакво право да врши вакви зафати, бидејќи не е конзерваторски центар, туку локална самоуправа. Постојат посебни закони и институции што се надлежни за културното наследство и за спомениците на културата - вели Кузман. Тој најави дека ќе испрати инспекција на терен која ќе состави записник, врз основа на што ќе бидат преземени соодветни законски мерки.
- Управата ќе испрати допис и до градежната инспекција на Општина Чаир, па доколку и оттаму не реагираат и не преземат ништо, ќе го известиме Министерството за внатрешни работи - вели Кузман.Од Министерството за култура беа резервирани во однос на отворањето на Музејот на ОНА и потенцираа дека ќе постапат според законите. Градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, најави дека во музејот ќе бидат изложени архивски документи, фотографии, униформи, старо оружје и други предмети што и' припаѓале на ОНА. Исто така, ќе бидат изложени и документи, фотографии и предмети од периодот на Призренската лига, па се' до најновиот историски период на Албанците во Македонија.Меџити вели дека стручни тимови од Албанија го подготвуваат потребниот елаборат, кој ќе биде доставен до надлежните институции. Тој не сакаше да конкретизира кога ќе биде отворен музејот, само потенцираше дека има многу работа околу подготовките за отворањето. Според него, Општината Чаир ја презела обврската за реставрирање на куќата за да ја спречи изградбата на хотел, предвиден со урбанистичкиот план на Центар, изработен кога местото било под надлежност на оваа општина.
- Паско Кузман треба да биде среќен што Општината Чаир презема мерки да се зачува овој објект затоа што е од големо историско значење. Тоа било куќа на првиот скопски градоначалник - вели Меџити и додава дека до пред еден месец Кузман воопшто не реагирал, иако во некои дневни весници Општината Чаир објави конк*рс за идејно решение за реставрација на објектот.
За опозицијата музејот е договор помеѓу Груевски и Ахмети
Опозицијата вчера обвини дека реставрацијата на Спомен-куќата на Јашар-бег Кумбара за отворање музеј на ОНА е премолчан договор меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
- Бидејќи вчера немаше демант од Владата, загрижени сме дека станува збор за договор помеѓу Груевски и Ахмети, за кој, како и за „мајскиот договор“, ќе разбереме подоцна. Владата треба да каже дали има договор меѓу Груевски и Ахмети за музеј на ОНА, како што има музеј на ВМРО - рече Јани Макрадули од СДСМ.Роза Топузовска-Каревска од ЛДП смета дека Владата треба да реагира бидејќи куќата која е споменик на културата ќе се пренамени во музеј. Според неа, се' уште не е дефинирано што се случи во 2001 година и нема логика да постои музеј на ОНА.Иван Анастасовски од владејачката НСДП смета дека е круцијално што постојат законски пречки за реализација на музејот.
- Но, сметам дека се' уште не е време во Македонија да се прават музеи или споменици за тоа што се случуваше во 2001 година. Не би било добро повторно да се отвораат тие прашања. Не гледам оправдана причина за тоа, освен ако нема сериозна политичка заднина зад идејата - вели Анастасовски.Од ВМРО-ДПМНЕ и од ДПА вчера не сакаа да ја коментираат најавата за отворање музеј на ОНА во Чаир.