IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > Македонија и Свет > Историја
  Активни теми Активни теми RSS - Македонско копаничарство
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

Македонско копаничарство

 Внеси реплика Внеси реплика
Автор
Порака
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Тема: Македонско копаничарство
    Испратена: 09.Јули.2012 во 17:20

МАКЕДОНСКИОТ МИКЕЛАНЏЕЛО: НЕСТОР АЛЕКСИЕВ МИРЧЕВСКИ

Резбарот што ги одушеви крал Александар и Јосип Броз Тито. Животната сторија за генијалниот уметник кој ја изработи резбата на саркофагот на Гоце Делчев

пишува: ТОМО ЧАЛОСКИ

Нестор Алексиев Мирчевски, генијален мајстор на тридимензионално прикажување на сите делови на резбата, устабашија и наставник во Уметничкото училиште во Скопје. Во својот осумдесетгодишен работен век, оставил голем број дела во дрво и мермер не само во Македонија туку и во седум држави на европскиот континент. Тој го одбележал континуитетот, одделните творечки достигнувања, како и залезот на резбата во Македонија. Оттука, не е претенциозно ако се каже дека Нестор е Микеланџело на македонската резба. На Светската изложба во Берлин во 1938 година го освоил првото место и бил одликуван со Орден за посебни заслуги и со диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклор од својот крај. Негови подвизи се спасувањето на иконостасот од црквата „Свети Спас“ во Скопје во 1944 година од грабежот на Бугарите и изработувањето за 21 ден на саркофагот во резба во 1947 година со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Бугарија во Македонија. 

Според историчарите на уметноста, во Македонија постоеле и постојат три резбарски центри: Охридски, Прилепско-слепченски и Мијачки резбарски центар. Од долгиот список мијачки резбарски тајфи, кои во текот на 18, 19 и 20 век работеле речиси по сите меридијани на европскиот континент, позабележителни родови биле: Рензовци, Филиповци, Фрчковци, Станишевци, Мирчевци и други.

Посебен белег со својата резба низ Европа оставил родот Мирчевци од селото Осој, во Мала Река. Последни претставници од овој род се синовите на Нестор, Борис Несторовски и Миле Сирма кои го практикувале резбарскиот занает. Иако е во поодминати години, Борис Несторовски со восхит раскажува: 



КОРЕНИТЕ Родот Мирчевци се спомнува уште при крајот на 18 век кога предците Младен и Деспот почнале да се занимаваат со резбарство и градежништво. Од Деспот останале потомците Мирче, Ѓорѓи, Дуко и Тримче. Од овие потомци на Деспот, само Мирче се занимавал со резба, кој бил мајстор со големи способности и креативност.

Прадедото Мирче е роден во 1802 година во Осој. Тој имал три сина: Алексо, Гаврил и Коста. Со резба се занимавал само Алексо. Мирче Деспотов Младеновски водел тајфа од 70 души. Тој повеќе бил ориентиран кон резба на тавани. Во почетокот тој изградил една џамија во Дебар, негова е сета внатрешна резбарска декорација без да му помогне никој во тоа. Затоа бил наречен Мирче Џамиси. Таму ги изградил и касарните, а потоа во Тетово ги изработил Хакипашините и Абдурахман беговите конаци на Балтепе. Во Серез изградил митрополиска црква. Кога прадедото Мирче почувствувал дека е физички исцрпен, на 80-годишна возраст, се вратил во родното село Осој каде што ги проживеал последните денови од животот. Дедо ми Алексо Мирчев е роден 1835 година. По смртта на татка си, Алексо формирал своја тајфа и продолжил со работа во Романија, Бугарија и во Грција. Нему повеќе му лежело да изработува елементи во гипс. Тој можел да измисли разновидни украси на капителите, лисја, цветови, птици, животни, ангели и друго, кои, подоцна, ги обојувал и ги позлатувал. Таквите кабарми ги поставувал на столбовите во многу цркви. Во софиското предградие Књажево, во црквата „Свети Илија“, изработил иконостас кој е зачуван до денес. При крајот на својот живот се преселил да живее кај синовите Нестор и Лазар и ќерката Дева во Крушево. 

Починал во 1906 година.



ДЕТСТВОТО Мојот татко Нестор е роден во 1874 година во Осој. Тој имал браќа Лазар и Пафе и сестрите Дева, Велика и Мара. Во Осој завршил основно училиште. Уште во ученичките денови на другарчињата им ги покажувал моделирани во глина разни мотиви како гранки со лисја, гроздови и друго. Дедо ми Алексо ја забележал неговата љубопитност и сакајќи некој да го наследи во неговото творештво, еден ден го однесол кај мајсторите од тајфата Филиповци, затоа што било докажано дека дете ќе го научи подобро занаетот кај туѓи луѓе отколку кај татка си. 

Мајсторите ја изведувале резбата со дрвено токмаче со кое се чукало на рачката на разни длета. Во тоа време се употребувале длетата: ружаче за цветови, зрначе за зрна, запче за изработка на лисја, шаече за жили по лисјата, грбаче за копање по поголеми длабочини или за ажурна работа, секирче за длабење по аглите, и разлачето за криви линии. Применувајќи ги овие длета за длабење и за вадење на непотребниот материјал, како и за делкање на другите фрагменти, мајсторите обликувале длабока резба која го привлекла татко ми со сета своја сила и тој да изведе нешто како нив. Добро, ама до токмаче и до длето не можел да дојде, бидејќи мајсторите му давале споредни работи. Еден ден приквечер, пред да си оди дома, крадешкум земал едно парче оревово дрво. На него сам си нацртал фрагмент сличен на оној што го работеле мајсторите, потоа го ставил в џеб длетото и дома, ноќта на виделниче, длабел и делкал. Утрото станал порано за да отиде прв на работа и да не го забележат мајсторите дека го зел длетото. На 14 години веќе станал еден од најдобрите мајстори во резбарската уметност. Големо задоволство му претставувало кога ќе го посетел татко му Мирче кој го набљудувал додека работел.

ОБРАЗОВАНИЕ На 18-годишна возраст се здобил со мајсторско резбарско уверение. Во 1899 година татко ми и брат му Лазар добиле покана да работат во манастирите на Света Гора. Таму работеле три години и стекнале голема репутација. Потоа, работата ја продолжиле во Битола. Тука татко ми отворил свое столарско резбарско ателје. Работилницата била лоцирана во месноста Довлеџик и била опремена со столарски машини. Фирмата била напишана на турски, македонски, француски и на грчки јазик. Прва работа што ја изработиле браќата Нестор и Лазар е иконостасот во црквата „Свети Спас“ во битолското село Брусник. Татко ми го изработил иконостасот во црквата „Света Богородица“ во селото Трново и се претпоставува дека го изработил иконостасот во црквата „Света Богородица“ во селото Магарево. За време на Првата светска војна иконостасите биле демонтирани од Бугарите и спакувани за да се пренесат во Бугарија. 

ФОРМИРАЊЕ СЕМЕЈСТВО Работејќи по манастирите, татко ми имал тежок гурбетчиски живот, посебно со исхраната. Најчесто во едно грне се варел грав со лути пиперки, а ретко се хранел со пастрма печена на пиростија. Бидејќи бил презаситен од беќарскиот и гурбетчискиот живот, решил да се ожени. Судбината го навела да се запознае со Елена Наумова од Битола. Во бракот му се родиле четири сина - Александар, Тодор, Михаил, Борис и една ќерка Уранија. 


Лазар и Нестор Мирчевски во Крушево во 1906 година

ПРЕСТОЈОТ ВО КРУШЕВО За престојот во Крушево татко ми запишал: „По востанието во 1903 година, се договоривме со Влашкото настојништво да им изработам иконостас со сите други потреби како Владиков престол, Анвон и две проскернитарки од липов материјал за 300 наполеони. Три години со брат ми Лазар седевме во Крушево и го работевме договореното. Надвор од договорот изработивме две табли. На едната страна е Тајната вечера, а на другата Судењето на Христа пред Кајафа. Нека се обиде кој сака и да е мајстор над мајсторите да го направи тоа нема да ме победи. Ова дело го направив затоа што некои од Власите ми велеа: не се родил никој како резбарот Петре Гарката, кој го направил грандиозниот иконостас во црквата „Свети Никола“ што изгоре за време на востанието. Од тие зборови јас бев навреден и ги изработив таблите без да ми се плати“.

Истражувајќи ја работата од престојот на татко ми и чичко ми во Крушево, првпат ги запознав братучедите Кузе и Велко Костовски од тетката Дева која живеела и починала во Крушево. 

За време на Илинденското востание татко ми станал член на Битолскиот револуционерен комитет. Заедно со брат му Лазар учествувал во револуционерното движење, било за агитација за помагање на четите или за пренесување луѓе и оружје на релација Крушево-Битола. Додека, пак, мајка ми Елена се преоблекувала како бремена и носела муниција што ја оставала на гробишта за да ја земат комитите. Таквата активност била забележана од турските власти и се подготвувале да ги уапсат. Нивни пријатели-Турци претходно ги известиле да се засолнат некаде извесно време додека се смират работите. Татко ми заминал за Солун и купил билет за брод на линијата за Америка. Додека чекал да тргне бродот бил сведок на потопување на брод кој бил торпедиран на отворено море. Тоа многу го исплашило и се премислил да патува за Америка. Го вратил билетот и си купил друг за Франција. Тоа патување му изгледало многу посигурно, бидејќи немало пловење преку океан.

ПРЕСТОЈОТ ВО ФРАНЦИЈА Отпатувал во градот Марсеј, оставајќи ја работилницата и семејството во Битола. Во Марсеј пристигнал во 1912 година. Таму работел шест месеци во резбарско ателје. Солидно го совладал францускиот јазик и се запознал со начинот на живеење и со обичаите на Французите. Потоа, отпатувал за Париз. По препорака на сопственикот на ателјето во Марсеј се вработил во фабриката ИРИ во Париз која имала 12 работници-мајстори кои, главно, изработувале мебел во барок и рококо стил. Нестор со својата техника ги воодушевил соработниците, бидејќи тие изработувале плитка резба. Школата на мијачките резбари се одликувала со тридимензионално прикажување на сите делови од резбата. Татко ми бил известен од брат му Лазар од Софија дека е распишан оглас за иконостас во црквата „Свети Никола“ во Три кладенци. За оваа резба татко ми забележал: „Извадив пасош и се најдов во Белград каде што се видов со многу роднини. Таму ме задржаа за да им изработам некои црковни работи. Кога ги завршив, отпатував за Софија. На огласот јас ја добив работата за 2.100 наполеони“.


По ослободувањето, Нестор Мирчевски се зафати да го монтира иконостасот и да ја воспостави неговата првобитна состојба во црквата „Свети Спас“: Резба од Нестор Мирчевски 

УСТАБАШИЈА Нестор во својата работа бил главен копаничарски мајстор. Тој водел сметка за својата копаничарска дружина, за работата, склучувал нови договори. Татко ми ги правел плановите за сите резбарски работи, а другото го правеле членовите на тајфата и затоа го викале устабашија. Во виорот на животот во 1918 година, по породувањето на шестото дете, мајка ми починала. Мене ме пратија во Битола кај баба ми Спасија, каде што останав две години. 

Оставен сам да се бори со животните проблеми со работата и со децата, татко ми решил повторно да се жени. Во Стара Загора работел иконостас и таму ја запознал Душка Рашкова со која стапил во брак. Од овој брак нема деца, само е доведена посестрата Милка. Мене ме вратиле од Битола во Софија. За време на престојот во Софија татко ми изработил повеќе иконостаси и украси за цркви во Бугарија. Од сите нив за одбележување е овој момент. Во Пазарџик била опожарена катедралната црква „Успение на пресвета Богородица“. Во неа постоел иконостас изработен од Макарие Негриев Фрчкоски. Овој иконостас и денес спаѓа меѓу најубавите остварувања од првата половина на 19 век. Иконостасот е на два ката во должина од 20 метри. Обновата ја извршил татко ми со брат му Лазар и му биле исплатени 45 златни наполеони. Во тоа време царот Фердинанд дознал за големите резбарски способности на татко ми и побарал да му изработи пирамида 8 метри широка и 4 метри висока. По изработувањето, пирамидата била сместена во военото училиште во Софија и во неа биле изложени сите видови оружја од минатото до тоа време. Наедно, била изработена и библиотека во резба за царскиот двор. Еден непријатен настан оставил траги кај татко ми. За време на Септемвриското востание во 1923 година, бил обвинет дека соработувал со востаниците. По 15 дена поминати во затвор, бил ослободен поради недостиг на докази.

По Првата светска војна, кралот Александар Караѓорѓевиќ бил во посета на манастирот „Свети Јован Бигорски“ во клисурата на Радика. Кралот бил воодушевен од изведбата на резбата на иконостасот. Во 1922 година кралот му испратил покана да отиде во Белград за да го изработи иконостасот за неговата задужбина во Топола. Татко ми копнееше да се вратиме во Македонија и не му требаше многу да ја прифати поканата. Меѓутоа, за ова барање дознала врховистичката ВМРО, која му се заканила дека ќе биде убиен на станица ако ја прифати понудата. Татко ми мораше да ги откаже сите работи што зависеа од неговото присуство. Така остана без работа и во таква ситуација ја прифати поканата . За место на постојан престој го одбра Скопје, каде што се пресели во 1923 година. По заминувањето, бугарската влада го прогласи Нестор за дезертер и ни го конфискува целиот имот, така што сите ние останавме на улица. Браќата Александар Тодор и Михаило беа протерани, а само јас и сестра ми Милка останавме да живееме до 1931 година кога се преселивме во Скопје. Во тоа време умре и втората жена на татко ми Рашева. 

Кога во Белград кралот Александар го примил татко ми, тој во приемниот салон на подот го распослал планот и дал објаснување за се' што било застапено. Дворските архитекти биле воодушевени од виденото. За надоместокот што го побарал Нестор кралот му рекол: „Ти си голем уметник, ама слаб трговец. Ќе ти платиме колку што побара“. По три години, иконостасот во Топола бил завршен. Овој иконостас, според изработката и изгледот на целината, се вбројува меѓу најуспешните остварувања на македонската резба. Со каков занес работел татко ми на иконостасот може да се види и од тоа што воопшто не обрнувал внимание на својот личен живот и на животот на децата. По предавањето на иконостасот, почуствувал празнина во душата од немање домаќинка во својот дом. Тој бил вдовец 13 години. За да се ожени по трет пат му помогнале стројници кои го запознале со Сирма Волчева од Галичник. Од овој брак татко ми има три деца - ќерките Милица и Љубица и синот Миливој.



УСПЕСИ Во Берлин од 13 мај до 10 јуни 1938 година се одржала Меѓународна занаетчиска изложба во која учествувале претставници од 38 држави. Југославија била претставена од татко ми кој бил облечен во мијачка народна носија. Таму Нестор имал ателје со тезге на кое била поставена штица од оревово дрво наречена фулунг. Тука било токмачето со сите потребни длета. Фулунгот го изработил како конкурсен примерок за да може да се оцени големината и тежината на работата. Делото ги одушевило гледачите кои на неговиот штанд се туткале гледајќи го татко ми како работи со токмачето и длетата. Делото содржело растителна орнаментика со човечки и животински фигури. На еден фрагмент ангелот го задржува Аврама да не го жртвува синот Исак, покажувајќи со прст на овенот. Облеката на Аврам била типична мијачка носија. Посетителите се интересирале и за носијата со која Нестор бил облечен, за материјалот од која била изработена, како и за земјата од каде што потекнува. Полиглотот им објаснувал на течен германски, француски, турски, романски и грчки јазик со гордост за Македонија и за мијачкиот крај. На изложбата го освоил првото место и добил Орден за посебни заслуги на Светската изложба во Берлин, како и диплома за успешно прикажана резбарска уметност и фолклорот од својот крај. Во германските стручни гласила биле објавени статии за работата на Нестор поткрепени со репродукции од резбата и со ликот на авторот. По големиот успех што го постигнал во Германија, му биле понудени поволни услови за непречена работа. Бидејќи бил презаситен од гурбетчискиот живот, ја одбил понудата и се вратил дома кај семејството во Македонија.


Орден за Нестор Мирчевски, добиен во Белгија

Во Белгија престојувал и работел во резбарско ателје неколку месеци во градовите Брисел и Лиеж. Од белгискиот крал Леополд е одликуван со орден и со повелба за уметнички постигнувања. 

Мијачките резбари работеле и во Влашко. Татко ми течно зборуваше романски и таму е одликуван од романскиот крал Карољ. 

Вообичаено било резбарските како и другите тајфи да се формираат по роднинска линија. Нашата тајфа беше составена од татко ми, брат му Лазар и ние четворицата браќа. Во процесот на работата посебно сме земале мајстори да го изработат грубо иконостасот или таванот, а ние потоа ја изработувавме резбата. Од браќата јас сум најмладиот што сум жив. Јас ја работев почетната фаза од постапката, односно откако татко ми ќе го изработеше цртежот - јас го прекопирав на дрвото.

ВОЈНАТА На 1 јуни 1944 година јас бев уапсен на нашиот имот во Сарај од бугарската полиција. Потоа го уапсија и татко ми кој тогаш имаше 70 години. Полицаецот кој бил на коњ со јаже му ги врзал двете раце и јавајќи го влечел по патот. По целиот пат од неколку километри луѓето застанувале и се крстеле од суровоста на Бугарите. Татко ми беше познат меѓу луѓето како голем уметник и еснаф човек. Во полицијата го држеле 15 дена и бил постојано испрашуван во врска со моето апсење. Кога виделе дека не е направен никаков престап, го пуштиле дома. Нестор продолжи со работењето и за соборната црква „Света Богородица“ во Скопје изработил архијерејски престол од оревово дрво. За жал, црквата беше изгорена во 1944 година. Татко ми длабоко беше убеден дека палењето е извршено за да се прикрие грабежот на значајни дела кои биле пренесени во Бугарија. 

По ослободувањето на нашата земја во 1945 година, органите на УДБ-а го одвеле татко ми од дома и го затвориле 15 дена. Мотивот за апсење бил затоа што за време на Кралска Југославија ја изработи резбата во Топола за кралот Александар Караѓорѓевиќ. За затворањето, за среќа, дознал Мито Мицајков, кој укажал дека станува збор за голем уметник, а не за политички деликвент. По неколку дена, беше ослободен. Домашните во тој метеж и страв непотребно изгореле цртежи и исечоци од весници, со што ми ја отежнаа работата во моите истражувања. 

Едно од најзначајните дела на мијачките резбари е резбата изведена во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Во неа прота-мајсторот Петре Гарката ја вложил целата своја уметничка способност во виртоузното обликување на елементите од православната сакрална уметност. Кога посетителот ќе влезе во храмот чувствува одушевување и почит спрема творците на ова дело.

Во периодот 1943-1944 година Скопје беше надлетувано и бомбардирано со тешки бомбардери, раскажува Миле Сирма, синот од третиот брак на Нестор Алексиев Мирчевски. Тогаш живеевме на улицата која сега се вика „Орце Николов“ и бевме евакуирани во скривниците под Калето. Јас тогаш имав десетина години. Под изговор дека сакаат да го заштитат иконостасот, Бугарите го повикаа татко ми и му наредија да го демонтира со намера да го предадат на Германците, наводно, за да им се оддолжеле за вечното пријателство. Арно ама, од човек на човек, од уво на уво, од луѓето што минувале тука се пренесувало дека иконостасот сакаат да го земат Германците. Во овој храм на резбарската уметност и татко ми внесол елементи од своето творештво и во 1925 година изработил три резбарски елементи. Подоцна, во 1934 година, тој изработил кралски престол во резба со сложен релјеф од оревово дрво. Денес престолот не е на своето место. На владиковиот престол во стилот на резбата од иконостасот изработил шестоаголен носач, тамбур на круната и самата круна кои во 1908 година исчезнале при демонтирање на елементите да не изгорат од пожарот што настанал во чаршијата во близина на црквата.

Познавајќи му ја душата на иконостасот, татко ми отиде во Генералштабот на германската команда. Офицерите кога го видоа татко ми малку се изненадија, а и не знаеја за што станува збор. На течен германски јазик им се обрати со зборовите: „Зошто сте дојдени и што сакате од нас. Како ќе го земете иконостасот кога вие сте од една културна земја со долги традиции, како што се и нашите. Иконостасов што сакате да го земете е нашиот споменик, ова е нашето најголемо богатство и е работено многу години од моите предци. Јас учествував на Светската изложба во Берлин во 1938 година и бев примен и од градоначалникот на Берлин“. Германците биле фрапирани од говорот на татко ми. Како резултат на обраќањето на Нестор во Генералштабот, Германците покажаа разбирање, не го зедоа и спакуваниот иконостас беше пренесен во трезорите на Народна банка. 

ОСЛОБОДУВАЊЕТО По ослободувањето, татко ми се зафати да го монтира иконостасот и да ја воспостави неговата првобитна состојба во црквата „Свети Спас“. Во работата најмногу му помагаше клисарот на црквата, Ѓорѓи Христов, и тоа со голема љубов, бидејќи бил клисар од 1926 година. Елемент по елемент, со голема прецизност, тие ги спојуваа деловите. Јас по завршувањето на часовите во училиштето одев да му помагам на татко ми. Ги стегав шрафовите со стеги и качен на скала му ги подавав шрафовите на татко ми. Така татко ми ги монтираше елементите од утро до вечер и го склопи целиот иконостас. 

ПОДВИЗИ Од државниот врв во 1946 година доби задача за 21 ден да изработи саркофаг за да се пренесат моштите на Гоце Делчев од Софија. За да го изработи саркофагот во рокот, татко ми работеше ден и ноќ. Подножјето на ковчегот го сочинуваат четири лавовски шепи тетра под со профирано цокле од сите страни со една вдлабнатина и две издадени хоризонтали. На предната страна во средината на барокниот медалјон има лаворов венец - симбол на победата, а во него е претставен ликот на Гоце Делчев. На страните се претставени тогашните грбови на Југославија и на Македонија. На задната страна врежана е симболичната порака на македонското знаме „Смрт или слобода“ од револуционерниот комитет. Пред да ја заврши резбата на ковчегот татко ми стоеше замислен, загледан во него. Маката му била што во дотогашната работа во вакви случаи секогаш ставал крст. Дилемата му била дали во постојната политичка констелација смее да се изработи крст на саркофагот. Споделувајќи ја маката со присутните, ја добил поддршката и на рачката на капакот изрезбал стилизиран крст украсен со лисја. За крстот никој не му приговорил од властите.

Во новата македонска држава се изградија нови општествени односи. Татко ми успеа да го одржи животот на своето ателје делумно помогнат од синовите. Но, колективизацијата не го заобиколи ни него. Четири години работеше во фабриката „Црвена ѕвезда“ која изработуваше мебел и други украсни предмети. Тој таму изработи пет работни кабинети. Кабинетот кој претставуваше вистинско ремек-дело бил подарен на Бриони, Македонската соба за Белиот двор, потоа по еден за Собранието на Македонија, за „Мисла“ и за „Македонски фолклор“. 

Во периодот од 1951 година до 1954 година беше назначен за наставник по резба во Уметничкото училиште. Тој го пренесуваше знаењето на неколку генерации. Навлезен во годините на староста, а и заситен од разни пречки во животот, се повлече од училиштето и во 1954 година на 81 година се пензионира.

СОРАБОТНИЦИ Во нашето ателје престојуваа и соработуваа многу уметници. Ќе наведам дел од нив: скулпторот Иван Мештровиќ, кој се запозна со татко ми во Белград. Тој се воодушевуваше од талентот што извираше од секоја пора на битието на Нестор. При средбите Мештровиќ му предлагаше на татко ми да преземе еден од синовите Михаил или Тодор за да го оформи како скулптор, но средствата што му ги побара му се видоа многу и не дојде до прифаќање на предлогот. Јас мислам дека, сепак, желбата на татко ми беше синовите да го наследат во резбата. Од зографите соработуваше со ценетиот иконописец Димитар Андонов Папрадишки, Данаил Несторов и Димитар Кратовец, кои ги изработуваа иконите за иконостасите. Доаѓаа и познати ликовни уметници како Михаило Шојлев, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски и други. Траен споменик од друштвото со овие уметници е неговиот портрет во маслени бои изработен од уметникот Иван Поточник.

Синот Миле Сирма продолжи да раскажува: Татко ми во својата длабока старост се' уште не ја напушташе резбата. На 28 март 1968 година Генералниот секретаријат на претседателот на Републиката со писмо го извести татко ми во кое пишува: „Излегувајќи во пресрет на вашата молба, доставуваме фотографии на другарот претседател и на другарката Јованка“. Татко ми имаше желба да изработи портрет на Тито и на Јованка во резба и како подарок да ги предаде на Денот на младоста 25 Мај. Иако имаше 95 години, неуморно работеше за да бидат готови до празникот. Вечерта спроти празникот јас и татко ми се качивме на возот за Белград. На железничката станица не' пречека лице од протоколот и со возило не однесе на Дедиње. Бевме примени лично од Тито. На приемот беа Јованка, Светозар Вукмановиќ- Темпо, Родољуб Чолаковиќ и други личности. Татко ми му го предаде портретот во резба на Тито, честитајќи му го празникот. Тито беше пријатно изненаден од подарокот, посебно од ликот во резба. Тогаш Тито му подари златен рачен часовник со негов потпис. Татко ми беше многу импресиониран од непосредноста, топлиот прием, како и од интересот за резбата. Потоа, Тито го фати татко ми под рака и го одведе на самиот прием на штафетата која пристигнуваше во тој момент. Меѓутоа, татко ми не успеа да стигне да го изработи и ликот во резба на Јованка. Тој стигна да ја изработи само рамката. Почина следната година, на 96 години, а портретот на Јованка остана непредаден. Портретот на татко ми што го изработи Иван Поточник го урамивме во рамката што беше наменета за Јованка. 

Историчарот на уметноста д-р Владимир Величковски забележал: „Македонските резбари, од историска епоха која завршува со Нестор, имале чуство за колективното дело, за восхит пред задачата да му служи на својот народ. Нестор имал упорност и трпение, љубов кон работата, што е дел од неговиот талент. Тој имал посебен афинитет за занаетчиско мајсторисување, што вклучува и уметнички стремеж, кој им дава посебна вредност на неговите остварувања. Тој умеел да се сообрази со барањата и вкусот на нарачателот, но, исто така, да создаде решенија кои се плод на една вдахновеност.Тој си земал за слобода библиските ликови да ги облече во мијачка носија, внесувајќи сопствено доживување од коешто произлегол и начинот на обработка на мотивите“. 

За својот татко, синот Борис со сопругата Радмила, по обемни и макотрпни истражувања во 2002 година, издадоа монографија со аманет на идните генерации да не ги заборават достигнувањата на мијачките резбари и да се напојуваат со нивните творечки достигнувања, а на научниците трудот да послужи за проширување на сознанијата од овој творечки домен.

Нешто прекрасно

“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 09.Јули.2012 во 17:21
Животот и творештвото на Резбарот Нестор Алексиев - Мирчевски 
Златото во лицето на татко ми Нестор го преточив во книга 
Катерина Богоева 

Радмила и Борис Несторовски
Под наслов "Нестор Алексиев - Мирчевски - Резбар", минатата година во издание на Музејот на град Скопје, се појави првата книга посветена на богатото и уметнички вредно копаничарско творештво на резбарот со впечатлива биографија. Нејзини автори се Борис и Радмила Несторовски, синот и снаата на големиот мајстор, кои содржината на книгата ја темелат врз податоците што ги прибрале и синтетизирале, оплеменувајќи ги со илустрации и фотографии. 

"Пред многу години еден мој пријател ми спомена дека дома имам злато во лицето на татко ми Нестор, и дека треба неговиот живот да го претворам во биографија. Многу подоцна на таа тема, почна да ми говори брат ми Тодор и така јас со сопругата некаде во 1991 година, почнавме да работиме. Книгата е работена 6 години, а исто толку време изгубивме во потрага по средства потребни за нејзино издавање. Како син на Нестор, долги години сум работел и дискутирал со него, а при истражувањето ја искористивме и неговата библиотека, составена од разни цртежи, документи и книги. Користевме и телефонски и поштенски врски со сите оние кои можеа да ни кажат нешто за Несторовата работа. Посетивме разни градови каде што тој работел, на пример Крушево, Битола, Струмица, Белград, Топола, Смедерево и други места,.проучувавме и стручна литература која се занимава со резбарство а особено онаа во која Нестор е споменуван. Користевме и податоци од библиотеки, весници и часописи"- вели Борис Несторовски, кој во личната библиотека има многу докази за работата на својот татко.

Нестор Алексиев Мирчевски е роден во селото Осој, Мала Река. Датумот на неговото раѓање не конкретизиран, но се претпоставува дека е роден во 1873 година а исклучително богатиот животен век го завршил во 1969 година. "Мајка му Елена, била внука на Петре Филиповиќ - Гарката, односно е ќерка на Стојана, која е ќерка на Јован Филиповиќ. Роден брат на Петре Гарката", забележуваат авторите на книгата, наведуваќи дека Нестор својата наклоност кон резбарската уметност ја почувствувал при една посета, заедно со татка му на неговите роднини - резбари. Тоа била фамилијата Филиповци кај кои ќе го учи занаетот. "Познато е дека мајсторите Филиповци граделе и беговски конаци во Дебарско, Тетовско, во Гостиварско, а во резбарскиот дел учествувал и Нестор. На 18 години, се вели во книгата, се здобил со мајсторско-резбарско уверение, а набргу потоа стекнал и уверение за столарски занает. Во 1888 година, неговиот татко, исто така резбар, го носи со себе во Софија на печалба каде посетува и основно училиште, но и работи заедно со брат му Лазар, на столарска резба за стилски мебел, тавани, иконостаси и др. Тие работеле во манастирите во Грција, оплеменувајќи ги со иконостаси, просхирнитари и друг потребен мебел, го изработиле исконостасот во црквата "Свето Вознесение" (Свети Спас) во битолското село Брусник, иконостасот во "Свети Јован" во Крушево и др. Мајсторот резбар, според податоците во книгата, во 1908 година во Бугарија работел заедно со групата на Петар Јосифов Филипов, изработувајќи иконостаси во селата Брацигово и Челопечани а во 1910 кај професорот Иван Травницки, изработувајќи ги сите столбови на иконостасот "Св Параскева" Нова" во Софија. Од тој период датираат и податоците за изработка на икностас во црквата "Света Богородица" во с, Дупени- Љубојно.

Поради својата активност во Битолскиот револуционерен округ, Нестор бил прогонувал од турските власти и заминал во Франција каде работел во резбарско ателје и во фабрика за изработка на мебел во барок и рококо стил, а се споменува и неговата работа и во Белгија. По враќањето, резбарска активност Нестор ја продолжил во Македонија, но и во Бугарија, работејќи заедно со својата тајфа, каде како главен копаничарски мајстор, бил нарекуван "устабашија". Од Бугарија во Македонија, се преселил во 1923 година, оформувајќи ја својата позната работилница сместена на сегашната улица "Орце Николов" каде ја продолжил резбарска дејност, работејќи на просторот од тогашна Југославија. Во 1946 година, го изработил саркофагот во резба за пренесување и привремено сместување на моштите на Гоце Делчев, а во неговата биографија стои податокот дека изработил над 40 разни иконостаси, бројни икони, мебел и разни пригодни предмети. Авторите на книгата, со особено задоволство ја потенцираат и неговата работа во мермер: "Несторови дела се големиот број изработени скулптури, делови од иконостас како што се на пример, плочите во манастирот во Горно Нерези, мермерните елементи од црквата "Свети Александар Невски" во Софија и други". Сопружниците Несторовски поради недостаток на финансиски средства, не успеале да проучат голем број дела работени на територијата на Бугарија, а останал непроучен и престојот и работата на Нестор во Грција, неговата дејност во Романија. Работејќи на книгата, се соочиле и со фактот дека при посетата на повеќе институции во држава, не можеле да добијат одредени податоци за работата на големиот мајстор.

Радмила Несторовска во книгата ги опишува и врши поделба на изработените иконостаси и ја потенцира уметничката вредност на резбата. Деталните описи авторите ги сметаат за потребни, бидејќи ги земаат во предвид разните опожарувања на црквите и манастирите, при што вообичаено не останува сочувана потребната документација. За таков пример, Крстевски го споменува иконостас во Бања Лука, кој бил уништен заедно со целата црква.

"Нестор мечтаеше да има своја резбарска школа. За таа цел изградил училишна зграда во селото Сарај крај Скопје, а се обиде и да направи мала хидро - централа за потребата на училиштето со наши средства. Но по извршениот атентат на крал Александар, изостана подршката на државата, а со тоа остана неостварена желбата. Нестор предаваше во Училиштето за применета уметност во Скопје, каде со својот личен пример, настојуваше на учениците да им всади љубов кон резбата. Во нашата работилница поминаа голем број чираци, но сите главно сакаа столарство, а скоро никој не сакаше да научи резбарство" - вели Борис Несторовски. Неговиот татко, во текот на својата исклучителна резбарска дејност соработувал и со тогашните зографи, со ликовните уметници меѓу кои се наведуваат и Димитар Андонов Папрадишки, Данаил Несторов, Михајло Шојлев, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски и др. Во книгата е забележана и изложбената активност на Нестор почнувајќи од Првата земска стопанска изложба во Скопје во 1928 година, на која Нестор го изложил иконостасот изработен по порачка, на крал Александар, за Караѓорѓевата задужбина во Топола, при што заедно со брат му Лазар бил награден со медал за успех во резбарството. Учествувал и на Првата пролетна изложба на југословенските уметници во 1929 година, на втората изложба на Здружението на ликовните уметници од Вардарска бановина, во 1931 година, а во 1938 на Меѓународната занаетчиска изложба во Берлин, каде тој се споменува под име Нестор Алексиевиќ. 

"Нестор Алексиев(ски) редовно се споменува во релевантната стручна литература како име со кое се заокружува историски определената и високо вреднуваната генерација македонски копаничари. Низ својот осумдесетгодишен работен век, оставил голем број дела во дрва и мермер , не само во Македонија туку и во Бугарија, Грција, Романија, Југославија, Франција и Белгија со што го одбележал континуитетот на одделните творечки достигнувања како и залезот на резбата во Македонија", потенцира меѓу другото и д-р Владимир Величковски кој заедно со д-р Елизабета Димитрова, се рецензенти на книгата "Нестор Алексиев Мирчевски - Резбар".


Изменето од mungos80 - 09.Јули.2012 во 19:22
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 09.Јули.2012 во 17:22


“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
d4 b3 Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор

не можам да си дозволам неактуеленпотпис

Регистриран: 19.Јуни.2010
Статус: Офлајн
Поени: 4384
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај d4 b3 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 09.Јули.2012 во 20:34
Originally posted by mungos80 mungos80 напиша:

моштите на Гоце Делчев


Канонизиравте ли го бе Гоце Делчев?
Кон врв
mungos80 Кликни и види ги опциите
Модератор
Модератор
Лик (аватар)
АНАРХИСТ

Регистриран: 21.Октомври.2009
Статус: Офлајн
Поени: 4330
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај mungos80 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 10.Јули.2012 во 15:56
Без коментар.
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
Кон врв
d4 b3 Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор

не можам да си дозволам неактуеленпотпис

Регистриран: 19.Јуни.2010
Статус: Офлајн
Поени: 4384
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај d4 b3 Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 10.Јули.2012 во 16:39
бе како без коментар бе

ми треба одговор
Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,422 секунди.