|
Раскази |
Внеси реплика | страница <12 |
Автор | |
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
ПОСЛЕДНОТО ЛЕТО НА ДЕТСТВОТО тин - роман во продолжетоци ВЕДРАН (1) Чудни се патиштата на животот – понекогаш, иако знаеме каде не водат, сепак чекориме по нив. Запурно јулско пладне, што го исполнува воздухот во затворените простории со тешка, кисела реа на пот и на шалитра, мрзоволно, како некое невидливо, дебело црево се развлекуваше по сакачињата и уличките низ градот. Со Ведран се враќавме од речната плажа кај Водениците. Воденици, всушност, одамна тука немаше, ниту некој го помнеше звукот на воденичкото тркало што со крцкање се разливал низ воздугот под врбите и тополите,заедно со жуборот на водата на реката низ камењарите, но сепак, местото во нивна чест го нарекле Водениците, па такво и ние го засведочивме и со задоволство го посетувавме, особено лете, кога ќе завршеше учебната година. Сонцето беше високо отскокнало на синиот чаршав над градот па силно и безмилосно печеше и го вжаруваше асфалтниот пат, така што тој душмански ни ги пржеше босите табани. Бевме скакулци што го пцуваат вжарениот асвалт и баеавме парче сува, испукана земја со ракатки изгорена трева, колку да ги одмориме за миг, со шумна воздишка на олеснување згрчените табани и пак продолжувавме. Така се до неговата куќа. А тука или тогаш: - Имаш ли работа попладнево? – ме праша. - Никогаш не сум имал. - Тогаш, во четири биди кај мене. - Ќе бидам! Не го прашав „Зошто?“ Впрочем, никогаш немало потреба од такво прашање. Другарувавме од мали нозе и знаев – пак наумил некоја интересна и возбудлива идеја. А Ведран беше вистински велемајстор за за тоа. Му немаше рамен во сета улица. Каква се идеја не се имаше искотено во неговата глава. Беше вистински Балтазар. Затоа со него секогаш беше интересно и возбудливо. Во петнаесет минути до четири попладне бев во нивниот двор. Него го најдов во просторијата на крајот од дворот. Иако таа просторија беше изградена за да врши функција на летна кујна, сепак, неговите ја користеа како депо на стариот мебел и покуќнината. Влегов и уште од прагот ме заплисна свеж, студен воздух како од длабок селски бунар. Видов: на десетина квадрати стврдната црвеница се излежуваа во својата отфрленост и тенок слој прашина еден стар шифоњер со изглодан фурнир, кауч со избледен и овде – онде изгрицкан штоф, маса со шест расклатени столици, а на масата: картонска кутија полна со стрипови и постери, еден стар, ама „во состојба“ грамофон, ноќна светилка, прибор за ОТО и низа други потребни и непотребни дребулии. Од Ведран зрачеше некое ведро расположение и веселба. Од лицето, од очите, од секое негово движење зрачеше радост. Причината веднаш и сама ми се откри, без да поставам прашање. - Од денес сето ова е мое... Лично мое... – се засили тројно болскотот во неговите очи. - Но тоа се само куп стари работи и безвреден мебел, - реков рамнодушно, воопшто не бев во состојба да ја разберам причината за неговата радост, - Ако мислиш да ги носиш во отпадот повеќе за превозот ќе ти земе чичко Ѓорги со тракторот. - Ништо не разбираш! – сфати тој дека не можам да навлезам во неговата намисла, - Татко ми ми дозволи да ја преуредам собава онака како што јас сакам и да се вселам во неа. И тој ги рашири рацете а мене ми се стори како да ќе ги прегрне со нив сите тие старудии, кои за него како да имаа непроценлива вредност. Да,. Ведран одамна имаше идеја од таа соба да си направи свое момчешко гнезенце. Бевме на онаа возраст кога со едната нога се напушта детството и се зачекорува по по таинствените и примамливи врвички на момчештвото, кога потребата од сопствено, интимно катче самостојност ни се чинеше напати понеопходна и од воздухот што го дишевме и од ден во ден стануваше се поголема и посилна... - Навистина! – пријатното изненадување откорна некаде во моето срце радосен извик, а сонцето од очите на Ведран се вгнези сега и во моите, од што сетив како по лицето ми се распотила веселба, - Еј, тоа е прекрасно! Мојата радост беше искрена и силна како неговата. А можев ли, впрочем, да не се радувам кога Ведран ми беше најдобриот другар што го имав. И повеќе – како брат го имав, што се вели. Се радував силно како татко ми мене да ми беше отстапил со благослов некоја од собите во приземјето на нашата куќа за да си создадам во неа свое интимно царство. Дури и повеќе. - Ќе ги донесам и моите постери! Сите ѕидови ќе ги излепиме со постери, - му се понудив штедро, - И една сина сијалица имам за ноќната светилка... Бев готов да отлетам по нив, но тој ме пресретна. - Има време, ќе ги донесеш! – рече. Колку глупаво и смешно суштество е човекот! Ведран сигурно не сакаше да предизвика такво чувсто во мене, но јас се почувствував непотребен и отфрлен. - Не ги сакаш? – прашав, помалку разочаран, помалку навреден од неговиот неочекуван гест, кој ме пресече во старт, ја избриша веселбата од моето лице со едно единствено движење. - Реков има време, - се насмевна Ведран, - Не дека не ги сакам. Треба првин да скокнеме до ѓубриштено... Беше окупиран од некаква визија така што не можеше да ја забележи реакцијата што се случи во мене. - До ѓубриштето!? Ведран и понатаму беше едно со неговата визија. - Аха! – рече, - По картони. Така, како јас веќе да бев запознат до детали со неговата намера. - Што ќе ти се картони? - Како што ќе ми се? – се сепна сега тој изненадено, - Зарем мислиш дека мајка ми ќе ми дозволи да ги постелам и најстарите килими преку голиот под? Ја познавав добро тетка Милка, мајка му на Ведран. Важеше за најпедантна жена во маалото. Додуша, Ведран беше нејзино галениче и, најверојатно, по нејзина заслуга чичко Никола попуштил пред настојувањето на мојот другар да му ја „препише“ собата, но кога стануваше збор за хигиена и педантност – е тука за жива глава не попушташе. - Не верувам, - реков со насмевка и во знак на помирување со тој факт ги кренав помирливо рамењата, - Тогаш, да скокнеме. Продолжува... |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
ПОСЛЕДНОТО ЛЕТО НА ДЕТСТВОТО тин - роман во продолжетоци СТОДИНАРКА (2) Ѓубриштето се наоѓаше на нашата страна од реката, ама, сепак, двапати моравме да ја газиме топлата вода, оти помеѓу нас и него се креваше ридот со сета своја гордост и непреодност составена oд високи и вертикално исправени карпи. Ведран беше расположен и зборлив до немајкаде. Размислував колку многу му значи собичката во дворот. Тие десетина квадрати стврдната црвеница што несетено водеа во топлите и возбудливи води на раното момчештво. - Ќе правиме и журки... – во еден миг, додека ја газевме реката во правец на бавчите, рече тој, - И девојчиња ќе поканиме. - Навистина!? - Кога не сум си стоел јас на зборот... - Секогаш си стоиш. А, кога? - Наскоро. Журка! Вистинска журка! Сетив во тој миг како зборот ми се топи во крвта со една чудна, непозната топлина која ми ја погали душата со нежност на свила. Да, тоа беа оние забави слични на роденден, ама на кои не се носат подароци. Со колку одважност ми зборуваше за нив еден мој братучед, кој беше постар неколку години од мене, а со приказните за нив во моите очи стануваше уште повозрасен и поголем. - Колку „наскоро“? – прашав. -Најнаскоро! – ми врати Ведран, сечејќи ја водата со отворената дланка, како со меч, - Првин да ја средиме собата. Сласта што налик на вкусен, тропски сок ја содржи во себе непознатото, невкусеното, неоткриеното, ме исполни сосем, ја разбуди во мене немирната фантазија и таа веќе во следниот миг ме пренесе на една таква забава. Стариот грамофон, оној на масата од расказот за Ведран, оживеа и од него навреа нежни, заносни звуци на мелодија за танцување, а тие набабруваа во пригушената светлина на сината светилка, онаа што му ја ветив на Ведран и се разливаа лесно во бескрајот на топлата и миризлива летна ноќ. Телото на Верче се припило благо за моето, па така витко и кревко како млада, зелена трска се лулеше волшебно по ритмот на музиката и одвреме – навреме потреперуваше како млада фиданка во љубовна прегратка на пролетен развигорец. Го зголемувам притисокот на прегратката и сосем ја долепувам до мене, така што од нејзината коса бликнува нежна, пријатна миризба на камилица о ,и ги скокотнува палаво ноздрите. Таа мила и најсакана миризба за мене а со која Верче го исполнуваше воздухот, секој кубен милиметар од него секаде кадешто ќе стапнеше нејзиното малечко стопалце, опијанувајќи ја за миг мојата млада и вљубена душа . - Ти си ми елемент неопходен за живот! – и отпијанив храбро, без ронкичка трема или страв во гласот од помислата на нејзината можна негативна реакција на мојата искреност (или дрскост) а таа ми ги стисна рачињата, бели и нежни како од милион цветчиња на глуварче околу вратот и телото сосема и се опушти, олабави. - Мислиш ли дека тоа ќе биде доволно? – ме врати од фантазирањето гласот на Ведран, ми приспомна дека не сум сам, дека и тој е крај мене, дека одиме на ѓубриштето по картони. Во првиот миг се почувствував непријатно, засрамено – помислив дека Ведран со онаа нему својствена леснина и моќ да ми влегува во мислите ѕирнал и сега во нив, во топлината на мојот момчешки занес, па следејќи го „филмот“ внатре, во мојата глава, веќе знаеше што се случува таму. По образите ми се разлеа тенко руменило. Не можев да го видам, ама го чувствував, ја чувствував неговата слатка вруќина под кожата. Како крадец фатен на дело, така се почувствував. „Дали навистина знае каде ми отталкаа мислите?“, помислив. Додуша, Ведран знаеше дека Верче од поодамна ми е симпатија број еден меѓу девојчињата од маалото и училиштето, пред него, впрочем, немав никакви тајни, ама , сепак, непријатно е кога било кој ќе ѕирне во вашиот најинтимен свет. - Што, дали е доволно? - Колачите и пиењето... Та што друго? – рече тој, помалку и лут на мене оти не сум го следел во планирањето, оти сам со себе си зборел сето време. Нека се лути колку сака, важно дека ништо не знае, ми се симна глупавата тежина од мислите.Потем брзо се „извадив“ - Не знам, зависи колкумина ќе бидеме на журката. - Дваесетмина, - ми врати тој и натаму задлабочен во своите математики, не насетувајќи ништо необично кај мене. - Мислам дека ќе стаса, - реков. Значи, навистина не знае, само ми се присторило. Ведран ги собра усните и заврте со главата. - За секој случај, ќе купам уште литар сируп од портокал и кутија Јадро наполитанки. Од другата страна на реката десетина бавчи се излежуваа под жешкото сонце во своето зреење. Воздухот натежнал од мирис на зеленило, зрел домат и дињи алтанлии. Го вдишував длабока, а со секое ново вдишување градите се повеќе ми се отвораа и се исполнуваа со него, а од тоа убавината во душата ми раснеше и па нурнав во слатките води на занесот. Овојпат сосема кратко – ги изминавме бавчите и пак загазивме во реката; самошто ја оставивме сенката што ја правеа крошните на врбите, пред нас се откри градското ѓубриште – широко и грдо тоа не заплисна со реа на скапано и остар чад. - Фуј, колку лошо мириса! – се намрштив и со палецот и показалецот го затворив носот, притискајќи ги силно ноздрите со нив. - Како ѓубриште, - се насмевна Ведран филозофски. По ѓубриштето сновеа свињи, разривајќи во купиштата ѓубре со рилките.Една водеше и пород со себе – десетина едночудо слични прасиња. Се обидов да ги избројам, ама и по неколку обиди не успеав – при секој обид некое повеќепати го броев. Ведран забележа куп картони: - Онаму! – покажа со прстот лево од нас, го впери во еден куп картонски кутии. Веднаш се нурнавме во работа – ќе пронајдевме здрава кутија, па ја одлепувавме, ја превиткувавме на четири и така превиткана ја складиравме на страна. Така со првата, со втората, со третата... Над мене за сето време лебдееше мислата дека по тие картони ќе гази малечкото стопалце на Верче и ме исполнуваше со елан, па работев брзо, не чувствувајќи замор од работата. Ниту смрадот повеќе не ми пречеше. А купот, кутија по кутија, брзо раснеше. Од содржината што ја истресов од една кутија вниманието ми го привлече, малечко, црвено книжуле. Го опулив бегло – на неговата средина регистрирав број сто испишан со големи бројки, а на левата страна коњаник на коњ. Банкнота, помислив. Но, чија ли ќе е – туѓа, или некоја наша, исфрлена од употреба. Првапат гледав таква. - Види што најдов! – му го покажав книжулето на Ведран, без вистинска претстава за неговата вредност. - Тука можеш сешто да најдеш, - не прекинувајќи ја работата, Ведран погледна механички, што би се рекло, безначајно, во мојата длканка и тоа што го држев во неа, па сакаше да продолжи со одлепување на нова кутија, впрочем, навистина, што би можело да се најде на тоа место а да има вредност, но погледот веднаш се врати назад и се проикова за мојата дланка. Уште ми се пристори како устата да му се подотвори од изненадување, така како некоја тешка и невидлива рака да му ги притисна градите и го запре здивот во нив. - Вреди ли нешто? – прашав тивко, плашливо, оти неговиот поглед почна да ми стежнува на дланката, поточно книжулето стануваше тешко бидејќи погледот недвосмислено зборуваше колку е голема неговата вредност, па чувствував како раката почна да ми се поти и трепери, боѓем, во најмала рака, имав парче олово во неа. Наместо одговор Ведран, просто, ми го грабна книжулето од дланката па се ополи во него убаво, не симнувајќи го сеуште оној израз од лицето што откриваше сомнеж во вистинистоста на глетката, но тој, сепак, набрзо почна да исчезнува и неговото место го зазаде израз на силна, неизмерна радост, па лицето на Ведран се издолжи,а на усните му затрепери задоволство. Секој дел од неговото битие зазрачи со радост и задоволство. - Чија ли ќе е? – пак прашав и пак со онаа нејасна претстава за вистинската вредност на банкнотата. Очите на мојот другар беа полни со сончевина. - Будалче, па ова е вистинско богатство! – ја разлеа сега тој сончевината по мене и пак се пулеше во банкнотата, пак како да не му беше верно дека е вистинска, - Ова е нова стодинарка. Еј, ова е вистинско богатство! - Стодинарка!!!! – сетив како ја подголтнувам големината на тој збор. Боже мили, па тоа беа многу пари. Јас во мојот век врака немав држано поголема банкнота од пет динари. Убаво се опулив во банкнотата. Да, тоа навистина беше стодинарка. Тие банкноти беа нови, тукушто пуштени во оптек, па не беше чудно дека првпат гледам примерок од нив. Но оние, со кирилско и латинско писмо испишани ДИНАРИ, лево и десно од бројот ДТО, повеќе од јасно зборуваа дека се работи токму за таква банкнота. -Еј, па ние сме богати... |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
ПИСАТЕЛ
(од циклусот „ПРЕГАЗЕНИ ОД ВРЕМЕТО“ ) Разочарувањето се повеќе му тежеше во мислите а уште потежок стануваше каменот на вистината во неговата душа, после секое тропнување на вратата на некоја од издавачките куќи.. - Не, ова не е за нас. Обиди се кај некој друг издавач... - секаде наиде на коментар сличен на овој и љубезна насмевка, насмевка од к*ртуазија на лицето на уредниците, додека му пружаа топло (?) рака и го оспраќаа од почит кон неговите години до вратата. Но последниот, еден пилиштарец од триесетина и некоја година згора, да, за него баш пилиштарец беше, ја прели чашата на неговото трпение. - Обиди се кај некој издавач за деца, ние ваква белетристика не издаваме! – рече одважно; барем да погледнеше во него, но тој само бегло го прелиста ракописот па го фрли на бирото. - Но овие раскази не се за деца! – се насмевна збунето, помалку и навреден во душата, писателот, - Ова се спомени од моето детство, но не се за деца, - го поткрена сега навредената душа неговиот глас, но при тоа, при поткревањето во него навести и треперење како одраз на долго носен плач во себе , - Впрочем, млад господине, кажете ми искрено, го прочитавте ли вие ракописот: - Чичко, кога секој ракопис што ми доаѓа в рака би го читал до крај, три работни века малку би ми биле – се насмевна младиот уредник, - Прочитав по неколку реда од секој расказ, но ниту еден не ме повлече во длабока заинтересираност... - Моите раскази се полни со емоции... – плачот во душата како да се подзасилуваше. - Ха... – цинична насмевка на лицето на пилиштарецот го жегна срцето на писателот, - Чичко, кој чита денес мемоаристика... Ви се молам... , - потоа лицето му доби сериозен израз, - Вашите раскази, како што милувате да ги наречете Вие, немаат енергичност. Монотони се, бескрвни... Успиваат после првите неколку реченици.. , па како да сфати дека бил премногу суров - Извинете, но самите ја побаравте мојата искреност... - Пилиштарец! – рече низ мрмор писателот. - Молам! – се сепна уредникот. - Пилиштарец, реков, - повтори сега писателот гласно, пронајде некој револт во себе и храброст да го изнесе на виделина, - Такви како тебе ги учев да пишуваат... Дваесет години сум наставник по македонски јазик и ти се најде мене да ме учиш каква литература се чита. - Ако си ги учел како што пишуваш, лошо си ги научил, даскале! – врати уредничето со неверојатно спокојство во гласот и држањето, па, оправдувајќи се дека има многу работа, го испрати од својата уредничка канцеларија, - Сум имал среќа што мене не си ме учел, - му дофрли, затворајќи ја вратата со насмевка. Гаснеше и вориот негов сон – да стане писател и да се закити со слава преку своите раскази искорнати макотрпно со ноктите од рудникот на неговото сиромашно детство под Беласица. Првиот, да стане сликар и да има самостојни исложби по најголемите светски метрополи згасна одамна – неколкуте слики што ги наслика во масло долго стоеја закачени по ѕидовите во неговата куќа и собираа прашина, без моќ да привлечат поглед ниту од неговите најблиски пријатели кога му доаѓаа на гости. На крај ги собра во кутија и ги однесе во подрумот. Животот, полн со иронија, сурово си играше со него. Кога беше млад, уредниците беа стари и „пуштаа“ ракописи на своите врсници, „труеја“ со содржини од војната кои ги реализираа преку смешни креации од ликови на деца херои... Сега, некои пилиштарци му велат дека не знаел да пишува... Вториот сон оживеа неочекувано, како стар, заборавен извор, натлачен со лисје и каловина, а подземните жили му набрекнале од стопените снегови во планината, како некогаш, во најубавите денови на младоста. - Сакам да пишувам! – му се довери еднаш срамежливо на еден негов пријател чии книги со песвета ги имаше во домашната библиотека. - Одлично! – се израдува пријателот, - Па, пишувај! - Не знам за што? - Кажи го тоа што имаш да го кажеш. - Кога би било така едноставно... - Ако не се обидеш никогаш нема да дознаеш. Сите ние имаме недопишани страници во животот... Тие не тераат да пишуваме. Имаше тој многу недопишани страници во романот на неговиот живот. Најповеќето беа останати некаде делеку во неговото сиромашно детство. А таа, сиромаштијата, беше главната причина што тие останаа такви, недопишани и го поттикнуваше во него големиот сон за слава. Остварувањето на сонот е убаво макар и пред крајот на живот да се случи. „Пилиштарец самобендисан...“, мрмореше писателот долго после излегувањето од канцеларијата на младиот уредник, „ Очигледно никогаш не го посетил мојот блог, инаку ќе знаеше со кого си има работа... „ Блогот беше неговиот вистински живот. Таму, во тој виртуелен свет се пренесе сето негово постоење, тој ги хранеше соковите во негово тело кое веќе навлегуваше во старечките години, но тој тоа воопшто не го чувствуваше тоа, аплаузите што ги добиваше после секоја допишана недопишанка од неговото детство го исполнуваа со чудна енергија, му ја вратија самодовребата. Сосема се исклучи од реалниот живот, сега семејство, роднините, пријателите за него станаа виртуелни а виртуелноста реалност. Еден пријател, доброситуиран деловен човек еднаш му навести дека би можел да му помогне околу издавањето на неговата книга, кога ќе ја заврши. Само тој имаше разбирање за неговата уметничка дејност од сите во неговиот реален живот. Отиде кај него. - Лош момент, - се оправда од прва пријателот, - Купив плац, не сум платил давачи кон пензиското за три месеци за вработените... Да побараш некој друг спонзор, еве, јас за втората гарант ... - Друг не познавам, - рече писателот, - Та не е кој знае колку, илјада евра... Многу ми значи книгава, ако ме разбирташ. Клекна на колена. Ја зеде очајно неговата рака и ја бакна. - Те молам... - Не дошла работата до молење, - ја повлече раката пријателот, - Шворц сум човеку во моментов... Ај, пак ти, и не е толку страшно ако не ја објавиш книгата... Нели, старите велат „Првите кученца во вода се фрлаат“. Втората ќе биде подобра. Но, наместо да го охрабрат, зборовите на пријателот го дотолчија. Тој му беше сламката на спасот, а ете, таа лизгава била. Ја остави недопиена чашата со виски и излезе. Партијата му беше последна надеж. Безбели заслужил мала помош од неа за своите пишуванки на блогот. И беше верен од самиот почеток на формирањето а ништо не побара за возврат. Си остана даскал на село, сите тие години, а можеше да слези во градот. Всушност, не дека не сакал тој да слези , но сегогаш некои „лакташи“ повешто ќе се протинаа од него низ шпалирот од кандидати за ослободените работни места во градот. - Даскале, кога партијата секому што е бар малку писмен би му печатела книга, ќе треба да изградиме нови библиотеки.., - полу на шега, полу сериозно му плесна локалниот партиски шеф, залегнат приатно во фотелјата во канцеларијата на општинскиот комитет, - А да баталиш ти тие глупости и да си пишуваш тоа што си пишуваше на блогот против нашите противници... Гледаш дека имаме доверба во тебе, воопшто не ти правиме контрола на колумните пред да ги пуштиш на блогот... - Во книгата го критикувам бившиот систем! – ронка надеж засветли во мрачните мисли на писателот, и тој доби полет да му ја елаборира целата замисла на неговите раскази на својот партиски шеф, - Во секој мој расказ удирам безобѕирно по него... - Дааскале, - се подисправи шефот во фотелјата, - Тој систем одамна е мртов, тоа што ти го правиш е тепање празна слама... Туку на овие, на овие што ни ставаат сопки треба да удриме безобѕирно со сиот наш интелектуален капацитет... А во твојот капацитет многу полагаме... – тука се насмевна, па продолжи, - Една твоја колешка од едно градско училиште оди во пензија... Сметај дека од септемри си градски даскал... А тие, глупостите што ги пишуваш, батали ги... ти ја одземаат енергијата како колумнист... Но тоа беше слаба утеха... - Книгата ми е многу важна... Не, никој немаше разбирање за неговиот голем сон од детството. Ниту партијата. Никој не можеше да навлезе во неговата душа во која се случуваше соочување со фактот за минливоста на времето, никој не се обиде да види како истото тоа време го гази безмилосно и ги урива последните остатоци од темелите на неговиот сон. Вечрта не беше молчалив како обично. Таа вечер беше нем. И глув. Таа вечер со никого не прозборе, ничиј збор не допре до него. Таа вечер воопшто и не заспа – остана врз компкутерот и скршен од болка и разочарување размислуваше дека жена му утредента нема да оди на работа, а децата ќе изостанат од часови... После долго време првпат помисли на семејството... |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
КУП ЖЕЛБИ И НОВА ГЕНИЈАЛНА ИДЕЈА НА ВЕДРАН (3)
Што се не можеше да се купи тогаш со тоа малечко, црвено парче хартија со правилен четириаголен облик! Какви се желби, мечти и неостварени детски сни можеше тоа да им исполни на две деца кои со едната нога го напуштаа волшебниот свет на детството а сп дугата зачекоруваа по таинствените и примамливи врвички на раното момчештво! - Ќе купиме фудбалска топка! – предложи Ведран додека седевме под сенката на лозницата во нивниот двор. - Кожена!: - Аха! И една за кошарка. - Јас ќе си купам патики, - реков, - Сегашниве ми се пред распаѓање, а до први септември нема теорија да ми купат нови. Ведран можеби ме чу можеби не, не бев сосема сигурен – еден дел од неговите мисли беше одталкал на некое друго место и бараше што уште може да се купи интересно со најдената стодинарка. - Знаеш ли јас што ќе си купам: - праша а во аглите на усните му затрепери онаа таинствена насмевка која секогаш го расчепкуваше љубопитството кај мене. - Што? - Дрес! – рече, ама така што во очите му се наталожило некое убаво чувство од кое сето лице му зазрачи како утринско сонце во капка роса. Како тој збор да имаше некоја религиозна важност во неговиот живот. - Дрес... фудбалски!? - Аха! Се сеќаваш ли на оној што го гледавме во излогот на Самоизбор? - Их, повеќе од стопати сум сонувал како играм фудбал во него – признав. - И јас, - призна и тој. Господе мили, па имаше ли дете во населбата и пошироко кое ја почувствувало сласта на фудбалската игра а да не сонуваше за вистински фудбалски дрес со бројот на неговиот љубимец на грбот. И ден денес си спомнувам колку му бевме љубоморни на Симе чкулавиот додека се перчеше со по фудбалското игралиште во училишниот двор во дресот што му го донесе минатата година тетка му од Германија. А тој, Симе, толку беше чкулав, што и топката ја промашуваше, камо ли пак гол да даде. Ама, ете, токму заради магијата наречена дрес, сите го сакаа во својата екипа. Како да имаше нешто заштитничко во него, нешто што има моќ на амајлија па сите победуваа кога Симе играше во нивната екипа. Затоа: - И јас ќе си купам! – ја прифатив, си ја присвоив неговата идеја – И ќе го однасам кај Ристе за да ми испрска бројка на грбот. Замисли, како кај вистинските фудбалери! Но Ведран ниту да се обиде да си замисли – тој скокна наврапито а доскорашното ведро расположение на неговоти лице доби мигновено преливање во полусериозен израз од благо собрани веги и уште поблаго набрчкано чело... Го познавав добро тој полусериозен израз на неговото лице. Однапред знаев, на неговите усни ќе се појави блага, едвајвпечатлива насмевка а неговите светлосини очи ќе ги прелие оној познат болскот што се јавуваше секогаш како рефлексија на светлината на идејата што почнуваше да му се зародува во главата. - Зошто кај Ристе? - Зошто... така... Знаеш ли друг што печати? - Можеме ние, самите. - Ние!? ЈАс и ти!? - Да, што се чудиш? - Оти немаме ниту боја ниту прскала... - Па што, имаме пари, - се насмевна тој, божем мене ми беше познато што се случуваше во неговата глава. Но самошто го кажав ова, веќе почна да ми се разјаснува неговата намера – па тој мислеше за две бројки да купиме цела кутија со боја. Како гром ме штракна оваа мисла во недоразбистрениот мозок, внесе некој чуден немир во мене. - Сега, кога имаме пари, боја можеме да купиме, - потврди Ведран дека сум му ја прочитал намерата, - А што се однесува до прскалката, јас ќе ја направам, Тоа е најмал проблем. Не се сомневав дека може да ја направи. Од мал имаше марифетни раце и ако се зафатеше со нешто, што се вели, на глава ќе стоеше ама ќе го направеше тоа, ќе го истераше до крај... Но сепак: - Не ми се допаѓа идејата, - се спротивставив, стравот дека почнуваме да се расфрламе непотребно со парите направи ѕид во мене преку кој не можев ништо да видам, - Каде е тука логиката за две бројки да купиме цела кутија со боја? - Тикво зелена! – од неговата нескриена веселба се спушти клуканица на мојата глава, блага, без намера да ме повреди, - Умееш ли ти, воопшто, да гледаш подалеку од носот? Само нетокму човек може да купи цела кутија со боја за две бројки... Еј! – ми се внесе сега в лице, - Ќе прскаме за пари! Како Ристе што прска... Ќе заработуваме... Ќе имаме уште повеќе пари... Ова веќе подруго звучеше, подруг мирис имаше вака разработениот план. - За пари!? - Туку што... - Како Ристе!? Тој се потсмивкаше. - Навистина си генијалец.Туку, за таа работа се потребни шаблони, а јас и ти сме свирчиња за цртање. - И повеќе, - се согласи тој, - Ама знам еден кој не е. Еден мој пријател учи во ликовното училиште во Скопје. Ќе го замолам да ни направи шаблони. |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
ПРЕПОЗНАВАЊЕ
- Еј! - Мене ми се обраќаш? - Да! – насмевката оди напред, од уво до уво растргајќи се. - Јас не сум „ЕЈ“ - Тогаш, зошто се заврте. -Твојот глас ми се стори познат. - И ти мене, ама гласот ко да не е твојот. - Та чиј би бил ако не е мој!? - Ти го имаш мојот глас! - А ти мојот лик! Едниот се обидува да си го потфаи гласот со мислите, другиот си го добира лицето со пернињата на прстите. - И што ќе правиме сега!? - И што ќе правиме сега!? - Ништо! - Ништо! - Ти ќе бидеш јас а јас ти. - Ти ќе бидеш јас а јас ти. - Договорено! - Договорено! Се разделија. По неколку чекори грб со грб гледајќи се: - Но јас сум поет! - Но јас сум поет! - Хахахаха! - Хахахаха! - Вака слатко не сум се насмеал одамна. - Вака слатко не сум се насмеал одамна. - Еј, те канам да ми бидеш гостин на доделувањето на Нобеловата награда за литература! - Еј, те канам да ми бидеш гостин на доделувањето на Нобеловата награда за литература! - Хахахаха! - Хахахаха! - Престани да ме имитираш, те молам! - Престани да ме имитираш, те молам! - Не те имитирам јас тебе, туку ти мене. - Не те имитирам јас тебе, туку ти мене. Сакаа уште нешто да си речат, но црвениот автобус на релацијата Автокоманда – Ѓорче ги прекина обајцата во еден миг. Сакаа уште нешто да си речат, но црвениот автобус на релацијата Автокоманда – Ѓорче ги прекина обајцата во еден миг. Ај пријатно, одам јас по Нобеловата награда. |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
bijonse1
Сениор bella Madonna Регистриран: 14.Јануари.2009 Локација: Macedonia Статус: Офлајн Поени: 16521 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
BEZIMENIK DOBI IME Nekoj bezimenik imal sve sto moze covek da posaka ... mu rekle deka go nema samo bogastvoto skrieno posle pustinata Sahara.... Trgnal na pat.....ekspedicija organizirana...... toj moral da go ima toa bogastvo.....ne deka nemal...... tuku da go nasiti svoeto JA za da imal sve na svetov.... Meseci pominati.......avantura dolga i iscrpna...... Veke srede pustina...... Site veke isceznale vo pustinskata oluja ...... ne ostanalo ni karavanot ni hrana ni lugje.... ...nisto..... Pesokot gi goltnal site...... osven?? Osven bezimenikot..... Koj so silna volja vo sebe da opstane za da go ima toa bogastvo ..... da bidel edinstven na svetot.... Se vlecel po pesokot..... So poslednite atomi od svojata volja...... veke agonija go zafatila.... so racete lazel po pesokta velejki ..... ,,-Izdrzi !! mora da stignes....!!!,, Bez hrana bez voda agonija prava..... sonceto visoko kako ognen kamsik go udiralo bezdomnikot.. koj veke so posledni sili disel so liceto svrten kon sonceto..... Gi zatvoril ocite cekajki dusata da go napusti...... naednas niz mislite mu provejuvalo detstvoto , roditelite svojata mila sopruga....... dvete deca kako so ispruzeni race vikale po nego..... tatoooo, tatooooo.... So iskonska sila bezimenikot stanal .... pocnal pobrgu da lazi zdogleduvajki ja oazata so skrienoto bogastvo... Stignuvajki vo oazata .... piejki voda zabelezal okolu sebe... zlato dijamanti....rubini i safiri.....rasfrleni ... i tivko izgovoril.... ,,-Kolku li mi trebase da dojdam do ovde i da go vidam bogastvoto so moite oci zaslepeni!! ....no sreken sum sto na kraj doznav deka najgolemoto bogastvo na svetot sum go imal .... toa bil i e ZIVOTOT........,, bezimenikot togas dobi ime Изменето од bijonse1 - 04.Август.2009 во 17:14 |
|
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
МАРШ УПМ (расказ)
(може и без дидаскалии, тие само го толкуваат значењето на интерпукциските знаци) ТАА: И...? (зазема поза со дланките на колковите) ТОЈ: И!? ( гримаса на бес му го криви лицето) ТАА: Иииииии! (отстапува чекор назад со страв во очите) ТОЈ: Иииииии –иииииииииииииииии! (ја става дланката над очите, гледа во далечините, го криви телото по вертикалната оска) МИНУВАЧ: Иииииииии!? (го криви вратот,очите му се ококорени од чудење) ТОЈ: И? (насмевка на лицето) МИНУВАЧОТ: Ии – ииии! ( восхит) ТОЈ: Иииииииии... ( рацете се во полураскрилена положба) МИНУВАЧОТ: Иииии! ( отстапува назад, бега) |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
majstorce62
Сениор ... Регистриран: 23.Декември.2007 Статус: Офлајн Поени: 4251 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
ЦРЕШООКА
И кога се љуби, и кога се умира, потребни се двајца... 1. Беше крај на мај а секоја година во тоа време во нашата улица се ширеа и разлеваа низ воздухот шурки пријатна миризба од тенџериња со големи усти во кои од дното кон површината се качуваа врели клобурци и ги вртеа во шербетот румените цреши - алкајсии...Тие саботни и неделни утра мај имаше најубава миризба од сите месеци во годината. Особено таа пролет, за неа прва во нашата улица, оти немаше ниту половина година како се доселија со мајка и во куќата на дедо Петре, ослободени од кирија, со платени комуналии од пензијата на старецот, само да му прават јадење на стариот, да го исперат и да ја држат куќарката, каква таква, на нозе, оти неговите синови се повеле по умот на жените свои и кренале раце од него како од шугаво куче... Прво што ме плени кај неа беа нејзините црни очи со сјај на презреани цреши... Помислив - колку вкусно би било слаткото од нејзините очи. Помислив - ако очите и личат на цреши, каква ли и е душата . Помислив - душата и е расцветана градина со цреши. Помислив – девојко од соништата, како да направам малечок замок во твојата градина со расцутени цреши за мојот сладок немир... Помислив - а, можеби таа воопшто не сака слатко од цреши... Помислив: утре ќе ја прашам дали сака слатко од цреши, ако сака ќе и кажам дека ја сакам. Не, ќе и кажам дека срцето ми е немирна птица кога минува покрај мене, дека сонцето не е ништо во споредба со нејзините насмевки, дека од гласот славејчиња и се испилуваат кога се враќа од училиште со „Добар ден“ во сончевата насмевка, дека сонот подолго ми трае кога таа ја отвора вратата на неговата одаја, дека... Играта на клобурците во шербетот и мигна на мајка дека треба да ги истури црешите во тенџерето. Колку го сакав тој мирис, кога црешите ќе почнеа да впиваат во себе од шербетот и да набабруваат, но тогаш ја видов неа во нивниот двор и срцето ми се стори немирна птица, сонцето засвете посилно, во воздухот се разлеа песна на славејчиња... Нејзината појава замириса посилно од сите познати и непознати миризби, од зумбулот и од рузмаринот, од босилекот и од смилот, од алкајсиите и од шербетот... Или тоа само моите чувства им замирисаа на ждребињата на мојот младешки немир... -Јас ќе одам долу, во училишниот двор, - и реков на мајка па, онака босоног, разбудив неколку камчиња со манир на голгетер, со скок ја дофатив најниската гранка на багремот крај куќата на тетка Митра, па се залував неколкупати на неа ко да така ќе го истресев слаткиот немир што ми го окупира сето битие. Боже, колку беа убави нејзините очи со боја на презреани цреши и сјај на утринско сонце во капка роса. - Сакаш ли слатко од цреши? – ја прашав. - Сакам, - рече таа, - Ама уште не сме свариле. - Тогаш, изеди си ги очите, – некоја зла крв ми удри во главата па и се искривив и ја повлеков за прцлата. Во нозете сетив ветер, иако бев бос а сокачето послано со ситна каменчиња од аличот што ги истурале за да ги пополнат нерамнините и да го израмнат кога ги правеле последните куќи во ридската населба. Не знаев од што повеќе сакав да побегнам, од нејзиниот болен писок што ми се џилитна како остар нож кон срцето или од рапавиот и треперлив глас на дедо Петре преточен во истата таква клетва веднаш после писокот на црешооката. А не се плашев ниту од неа, ниту од дедо Петре и неговата старечка клетва, треперлива како сув лис пред откинување од крошната. Сеедно, побегнав како најголем страшливец. Но, зарем се бегало и од тоа „ПОСЛЕ“ Она што ќе се случи вечерта, кога татко ми ќе се врати не ме сеќираше воопшто. Та еднаш ли се случило тоа. ПОСЛЕ: Седнав како најголем виновник на брегот од реката, седнав – јас, една голема ненадејна празнина што не се пополнува со ништо, една болна зјајдупка во која сакав жив да се закопам, замразен од самиот себе повеќе отколу од неа и од дедо Петре,заедно, мизерија на две нозе со глава од тиква со зелени семки во неа, со желба да се фрлам во водата и засекогаш да исчезнам од очите на сите што ме сакаа и не ме сакаа. Седнав со желба да не станам никогаш, јас, беда над бедите, безрбетник и безумник, да се растечам низ ѓубрето, да скапам... ВЕЧЕРТА: - Нема ден – поплака... Нема ден – кабает... Абе од тебе ми доаѓа да побегнам одовде, да се се сокријам некаде кај што човек не припарил.... Татко ми божем од кожата ќе излезеше од бес. Се тресеше, зеленееше, се вжаруваше во лицето, ги стискаше тупаниците... - Имаш ли бе ти малку мозок во таа твоја глава!? И: Во главата ми се отвори пештера полна со густа темница, се изместив од местото како во некој темен, празен, бестелесен простор, а потоа како сводот над неа да зиина, се покажа темно небо полно со ѕвезди, повеќе ѕвезди отколку што имаше кое било небото во најјасната летна ноќ. И пак темница,и пак се занишав, и пак ѕвезди... Којзнае колкупати тоа пак ќе се повтореше, но: - Аман бе човеку, ќе го отепаш, та зарем толку ѕверски се тепало, - исписка мајка уплашено и заштитнички застана меѓу него и мене, - Ајде, та зарем само тој повлекол девојче за прцлата... Ако ја повлекол не е убиец... Одвелков во собата болка каква што никогаш немав сетено. Не, не ме болеше тепањето од татко ми... Едно чувство ми риеше болно во утробата и ме принудуваше да се мразам самиот себе, да се изедам, да се сотрам, да исчезнам... А толку многу ја сакав... . 2. Беше крај на мај, четврта година откако таа се весли со мајка и во куќата на дедо Петре. Алкајсиите узрејаа, кумбетите зачадија, зовриваше шербетот во тенџерињат со широки усти,.замириса слаткото... Мене ми мирисаа усните на Црешоока, полни, набарени како да ќе прелие од таа возбудлива набабреност крвта од презреаните цреши, ми мирисаа со горешините на жедните лета распослани по песочните плажи на реката, со темницата на киносалата, со шампитите и лимонадата во слаткарницата „Ванила“, со првите поетски пориви... Седевме на клупата во паркот а јас ја пиев со очите, со душата, со сето мое сунгересто битие ја впивав во себе како прежеднат ранет војник од битката на копнежот и стравот и мислев каква магија да изведам па да го бликннам сокот од презреаните цреши и да си ја заситам зедта. - Знаеш ли да се бакнуваш! – ја треснав одеднаш најглупавата што можеше да ја тресне кој било на мое место во таква ситуација. - А ти? – праша таа тивко и срамежливо ги забоде очите во песокта со која беше послана патеката крај клупата.. - Напишав песна за твоите усни! – и реков, побегнав од одговорот на нејзиното прашање, побарав начин да ја повечам назад глупоста што предмалку ја треснав, дури во желудникот, од кадешто мислев дека излезе како грозна блувотина од несоџвакани зборови. - Знам, по третпат ми кажуваш! – се насмевна таа, - Ама, ми годи на душава... – румена насмевка и затрепери на образите, - Кога ќе ја прочитам? - Оваа е друга! – реков, - Во неа твоите усни ги споредувам со цреши полни со сок... - Па црешите се секогаш полни со сок. - Па и твоите усни се секогаш полни со сок. - Мис...? Гласот и заврши на моите усни – мек, нежен, со вкус на сок од цреша, ист како и нејзините усни на кои, како крадец во брзање, да не биде фатен од стопанот, ги залепив моите и ја бакнав, држејќи ја со едната рака околу половината а со другата нејзиниот бел врат. Колку ли траеше? Повеќе од вечноста а помалку од сонот. Во молкот што го продолжи чувството на бакнежот низ моите вени разменивме неколку значајни реплики за разбирање на сите неразбрани зборови што не умеевме да си ги кажеме во изминатите години од нашето познавање. Јас, лач среќа и радост паднат од некое далечно сонце во вселената, таа - тивок ветер што се провлекува низ снеговите на срцето и ја ослободува згрчената мисла... - Зошто ме бакна? – нејзиниот поглед висна тажно како смрзната качунка. - Бидејќи си прекрасна! – мојата дланка радосно запеа во нејзината. - Требаше да ме прашаш, - се исправи качунката во нејзиниот поглед. - Храброста е мигновено чувство, - реков. - Знам, - рече. Нејзините усни беа се поблиску до моите. Пак ја спознав магијата на вечноста. Овој пат многу посилно – бев центар на вселената, а таа само сок од цреши што се разливаше низ ѕвездените патеки на мое тело. 3. Шестата пролет по ред ми ја дари најубавата цреша од нејзината крошна. После плачеше, со солзи што ме дожежаа во срцето и го убија нагонот на ловецот во мене. - Не обрнувај внимание, - намести усилбена насмевка на прекрасното лице низ солзите, - Така, некоја тежина тоа е... Од длабочините на душата... А не сакам да плачам... Не реков ништо. Се презирав, бев животно затворено во мртвата страст во сопствената душа, животно што станало свесно за својата животинска природа. Се грозев од самиот себе, од сопственото тело, од сопственото дишење, од сопствените мисли, од чукањто на сопственото срце...Секој атом во мене имаше смрдлив здив на мрша.. Дури се грозев и од сопствениот поглед, па го симнав од нејзините облини, од милијардата совршени линии од кои беше нацртано нејзиното голо тело како слика на непознат сликар... Ја гушнав. Ја нурнав главата во мирисот на нејзината бујна коса и шепнав со плачот од мејзината душа: - Прости ми... 4 Таа пролет сигурно ќе ја запомнев по жалната слика од празните крошни на црешите. Таа пролет црешите не родија. Ги ослани некоја лута, изеслива слана, ги попари, ги катраноса и ги срони - мали црни монистри по земјата... Но тоа што црешите не родија, што ниедна жена не изнесе ќумбет во дворот, што во ниедна куќа не се направи слатко од цреши со кое ги добросувавме гостите, таа пролет никому не му беше грижа. Најмалку мене. Таа пролет, Црешоока легна в постела, бледа, беспомошна, со згаснат сјај во очите... Свенот и беше бавен, како на цвеќе на кое црви му се вовлекле во коренот,па го нагризуваат секојдневно, троа по троа, жилка по жилка грицкаа од неговиот корен, ги затвораа со талогот на немоќта каналчињата со кои се црпат животните сокови и таа свенуваше, од ден во ден се повеќе свенуваше... Кога смртта доаѓа одненадеж, удира како ровја, одекнува од ридиштата на болот и се стишуваа... Кај неа доаѓаше бавно, се најави како наивна шега од далечините, како детско влечење за прцла... Нејзино умирање беше грч, беше очај, беше немоќ. И надеж и исчекување во моите очи, и молитва и клетва,.на моите усни. Бев светлина на времето зад и клета сенка на тоа што идеше... Бев молк, бев мртва песна во клунот на убиената птица на радоста, сонце без небо, река без корито, сунгер во кој се впиваше сета болка на светот. - Држи ми ја ракате! – молежлив шепот, силен колку и чукањето на моето срце, зашумоли од нејзините очи. - Не сум ја испуштил со денови!- реков. - Ако, држи ме... Пак молк, во кој се слушаше само шумолењето на светлината додека влегуваше низ пердето во малечката собичка со мирис на бавно умирање. - Оваа година цртешите не родија! – реков глупаво, колку да го размавтам мирисот на смртта. - Ох, колку би сакала да каснам барем една! – рече. - Изеди си ги очите! - извлеков со мака низ онаа мала шуплина што ја оставаше топката во грлото, колку воздух да ми влезе во градите и се насмевнав со сила... Ми врати со насмевка. Всушност тоа и не беше насмевка туку светлина на свеќа што догорува, последен грч да се осветли мигот што ќе ја собере вечноста во себе. - Јас не ти се лутев кога ме влечеше за прцлата! - Никогаш посилно и поискрено не ти кажав колку те сакам... Умиравме заедно. Таа со телото, јас со душата. На истиот начин како што расневме. Умираше шепотот во неа, умираше румената боја на нејзините образи, умираше отсјајот на сонцето во очите со боја на презреана цреша. Умираше мојата Црешоока, а со неа мојата радост, мојата среќа, хоризонтите по кои беа растрчани дивите ждребиња на моите сни. - Не плачи! – рече. - Не плачам! – реков. - Плачеш со душата. - Плачам.Никогаш нема да престанам. И денес жените изнесуваат ќумбети и прават слатко од цреши - алкајсии, но денес никој не добросува гости со него. Ниту пак видов девојче со очи со боја на презреани цреши... |
|
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ
|
|
Novak Nastich
Сениор Регистриран: 14.Јануари.2012 Локација: Mauzdonia Статус: Офлајн Поени: 364 |
Опции за коментарот
Благодарам(0)
|
Ne procitav dali ovde se raboti za kratki raskazi,noveli koj se napisani od samite nas,ili pak mozeme da objavime se ona sto sme procitale nekade i ni se dopagja...I da e dozvoleno da se objavuvaat tugji kratki raskazi,sepak mislam deka bi trebalo toa da go pravime vo nivnata originalna forma,odnosno na jazikot na koj se napisani,zatoa sto vo sprotivno gubat uzasno mnogu od svojata umetnicka vrednost.I ,ova ne vazi samo za Ev Angelos,nego za site..dokolku vi se dopadne nesto-objavete go cel raskaz vo integralna forma,ako veke ste resile da go prevedete,napravete go toa bar celosno,za da moze da se dolovi emocijata,a ne da go kratite i na toj nacin go sakatite..makar sto ovoj raskaz nema ni priblizna nota na emocija,od originalot..a vo originalot raskazot go cita poznat bosanski glumec od cija boja na glasot nikoj ne moze da ostane ramnodusen i da ne zaplace! Kliknete,pogledajte i uverete se sami! http://youtu.be/hvmhnkOOZHw ..koj nema da se naezi,na glasot na tipot koj cita,i da se rasplace na samata ptrikazna..toj mora da ima seriozen problem.. Изменето од Novak Nastich - 08.Февруари.2012 во 04:44 |
|
Mantijata e Klovnovski kostum sto go nosat dvorskite shutovi na nebesniot dvor
|
|
Внеси реплика | страница <12 |
Tweet
|
Скок до | Овластувања Вие не може да внесувате нови теми на форумот Вие не може да одговарате на теми на форумот Вие не може да ги бришете вашите пораки од форумот Вие не може да ги менувате вашите пораки од форумот Вие не може да креирате анкета на форумот Вие не може да гласате на форумот |