Дали ќе има постапки, ќе зависи исклучиво од доказите, а не од политичките притисоци, дециден е обвинителот

Законот за амнестија од 2002 година не може да се примени за хашките предмети, тврди јавниот обвинител Љупчо Шврговски по информацијата дека Хашкиот суд донесол официјална одлука овие предмети да и' ги врати на Македонија. Тој вели дека македонското обвинителство подготвено ги чека предметите и оти не очекува политички притисоци при нивното процесуирање. Дали ќе биде покренато обвинение, ќе зависи од собраните и од евентуалните нови докази, вели Шврговски.
За најголемите политички партии, четирите случаи се тест за македонското судство и за државата и не исклучуваат дека по нивното враќање ќе има меѓуетнички и политички притисоци. За разлика од обвинителот и поголемиот дел од стручната јавност, партиите на Албанците инсистираат на толкувањето дека и за хашките случаи важи Законот за амнестија.
- Не. Овие случаи не подлежат на Законот за амнестија, а дали ќе се носи нов закон, тоа е работа на партиите - вели Шврговски.
Тој вели дека се' уште нема официјално известување оти Кривичниот совет на Хашкиот суд, по барање на македонското обвинителство, донесол и формална одлука за враќање на овие предмети.
- Се обврзавме дека ќе ги земеме овие предмети и нема дилеми дека ќе го направиме тоа. По преземањето на предметите ќе видиме што е сработено, што треба да се доработи, кои докази се обезбедени пред да му ги дадеме на Хашкото обвинителство, дали и какви докази има и дали и кои докази недостасуваат. Од тоа ќе зависи дали ќе покренеме обвиненија или со изјави ќе се откажеме од гонење - објаснува јавниот обвинител.
Шврговски вели дека македонското обвинителство е подготвено да се справи со овие случаи и квалитетно да ги одработи:
- Не очекувам политички притисоци во текот на работата за овие предмети. Местото за политички надмудрувања и борби не е во обвинителството, туку во Собранието. Не сум политичар за да зборувам дали има политичка волја за решавање на предметите. Ако има докази, ќе има и постапки.
Шврговски вели дека според негови неофицијални информации, Хашкото обвинителство презело многу малку истражни дејства.
- Лично сметам дека е недозволиво предметите пет години условно да бидат во работа на Хашкото обвинителство, со што е покажана страшна неажурност. Кај нас ако за предмет не се постапува два-три месеца, се сносат консеквенци, а таму никој нема да сноси одговорност. Поранешната обвинителка даваше изјави дека тие случаи не се доволно атрактивни за Хашкото обвинителство, но ако е така зошто не ни ги вратија пред три-четири години? - прашува Шврговски.


Владо Бучковски од СДСМ нема дилема дека случајот „Гробницата Требош“ е злосторство против човештвото и оти не може да биде опфатен со Законот за амнестија.
- Со хашките случаи ќе се тестира подготвеноста на реформираното правосудство, државата, а, пред се', владината коалиција, бидејќи се извесни спротивставувањата дали Законот за амнестија важи за овие случаи.Треба да се постапува по предметите за кои ќе се утврди дека има злосторства против човештвото. Тие дела не застаруваат. Случајот со цивилни жртви во гробницата Требош е исклучително битен за зацврстување на мултиетничноста на државата. Утврдено е дека тие не се исчезнати, туку се егзекутирани - објаснува Бучковски.
Тој смета дека со враќањето на четирите случаи може да се помогне и за случајот во Хаг против Љубе Бошкоски и Јохан Тарчуловски, бидејќи дел од одбраната инсистирал овие случаи да се префрлат во Македонија.
Според Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ, македонското судство е подготвено да ги преземе предметите.
- Имаше доволно време за подготовка. Партиите треба да ги прифатат одлуките на Судот. Ќе нема меѓуетнички тензии ако судството непристрасно си ја врши работата - смета таа.
ДПА и ДУИ сметаат дека сите четири случаи подлежат на Законот за амнестија.
- Хашкиот трибунал не покрена процедура за овие таканаречени случаи и формално ги враќа за нашето судство да утврди дека за нив важи Законот за амнестија. Со тоа ќе се затвори засекогаш оваа дежурна тема, бидејќи делата што не се под надлежност на Трибуналот ги опфаќа Законот за амнестија - вели Џевад Адеми, од ДУИ.
Прашан за случајот Требош, тој рече дека било војна, но не одговори зошто биле убиени цивили. Во ДУИ велат дека нема да дозволат македонското судство да им суди на Али Ахмети, Гзим Острени, Рафиз Алити и на другите поранешни припадници на ОНА. Ружди Матоши рече дека ДПА смета оти е подобро овие случаи да не се вратат во Македонија и оти се опфатени со Законот за амнестија.
Изменето од xxll - 19.Јануари.2008 во 17:54