Според поделбата на елементи, за најемотивни се сметаат припадниците на водената група, односно Ракот, Рибата и Шкорпијата.
Како дефинитивно најголем сентименталист во целиот Зодијак може да се издвои Ракот, преку чија симболика е претставена мајката, татковината, родното место. За да сфатите до колкав степен оди неговата сентименталност, ќе се обидеме да објасниме илустративно.
Ракот за разлика од другите знаци има речиси постојана потреба од убави спомени од минатото. Може да се каже дека живее од нив и за нив!
Веднаш зад него се Рибите, кои имаат тенденција да го доживуваат светот и луѓето поубави отколку што навистина се. Како знак на жртвувањето и несебичноста (христијанството како религија настанува токму во ерата на Рибите), Рибата има тенденција да заборави на лошите нешта од минатото и селективно да се сеќава само на убавите моменти, особено на оние кога помогнала некому или некој пак нејзе и подал рака во тешка животна ситуација.
Шкорпијата на прв поглед можеби делува студено и неемотивно, но би се изненадиле да знаете колку овој знак може да биде сентиментален за убавите случувања. Умее дури и да заплаче! Но, ги памети и сите неправди, критики или малициозност, не заборава и не простува, и кога-тогаш ќе ви врати двојно (во зависност од тоа во каков спомен сте и останале).
Преминуваме на земјените знаци кои се по природа меланхолични. Емоциите и чувствата им се постојани и длабоки, но ретко ги искажуваат. Така е и со сентименталноста. Дури и кога се сентиментални, ретко кој од нивната околина ќе умее да го забележи тоа.
Бикот е по природа посесивен и со сите сили се бори да го стекне и задржи тоа што му е драго. Во смисла на сентименталноста, тука спаѓаат семејните спомени. Традиционалист е, го сака семејството повеќе од се, а во таа сентименталност може дури и се занесат, преувеличувајќи ги деталите во приказните за своите познати и славни претци!
Никој не може да дознае што се случува во душата на Девицата. Таа може да делува мирно, прибрано и трезвено, а одвнатре во неа да се одвива вистинска емоционална драма. Во суштина не е сентиментална, но кога тоа ќе се случи, во ретки моменти, умее да жали по нешто што веќе се случило, или некоја пропуштена прилика од нејзина страна (без оглед дали се работи за љубов или кариера).
Со строгиот Јарец владее Сатурн, планетата на дисциплината и одговорноста. Ни тие не се претерано сентиментални, а дури и кога се, најпрвин ќе се присетат на лошите мигови и животни случувања. Детството ретко кога им останува во добри спомени, па затоа не сакаат ни да ги евоцираат истите. Како што стареат, умеат да се опуштат малку и да се присетат на убавите нешта, но во принцип не сакаат да се навратуваат на минатото.
Следат огнените знаци, кои емоциите ги доживуваат силно, бурно и долготрајно. Нивните спомени се исто такви. И покрај тоа што на прв поглед делуваат постојано среќни и шират позитивна енегрија, умеат да бидат сентиментални, во позитивна или негативна смисла, зависи за што се работи.
Воинствениот и импулсивен Овен ретко за што умее да се разнежни. Но, неговата слаба точка е минатото, поточно семејните албуми, дружења и случувања. Бидејќи повеќе од се сакаат дружба и весела атмосфера, недостатокот од истата тешко им паѓа и умеат да се трогнат при помислата колку убаво им било во друштво на саканите личности.
Стрелецот не е наклонет кон патетична сентименталност, туку се сеќава на минатите настани со примеси на среќа. Не се држи слепо за минатото, но и кога го прави тоа, има цел да одржи контакт со битните луѓе во животот. За тоа најдобро му служат мејлови и телефонски повици, преку кои умее да ги оживее убавите спомени со поширокото семејство и пријателите.
Лавот умее да биде мошне сентиментален, со тоа што исто како и повеќето огнени знаци, ќе се сеќава само на убавите моменти, а лошите селективно ќе ги заборави. Гледајте да бидете на неговата листа на прифатливи спомени, бидејќи во спротивно, ќе ве избрише и од сегашноста и од иднината.
Воздушните знаци живеат во светот на интелектот, разумот и информациите, каде што емоциите ретко кога продираат. Но, ништо не е така како што се чини на прв поглед, па така, Близнаците, Вагата и Водолијата умеат да ве изненадат со степенот на емоции и сентименталност. Чувствата им се силни, но не траат долго како кај огнената група, туку симултано на сцена стапува интелектот и разумот.
Водолијата умее да делува хаотично, на моменти дури и загубена во некој свој свет. Се ориентира повеќе кон разумот, отколку кон чувствата, но можете да бидете сигурни дека е исклучително верна и приврзана кон семејството и луѓето кои ги доживува за блиски. Според тоа, може да се пофали со одлична меморија кога се работи за сентименталноста и спомените, без оглед на тоа даи се во прашање позитивни или негативни случувања.
Вагата е роден дипломат, кој умее да најде излез од секој конфликт на шармантен и општоприфатлив начин. Со неа владее Венера, па затоа и кога е сентиментална, избира да се сеќава само на среќните спомени, а лошите да ги потисне. Сепак, потиснатото не значи и заборавено. Ако не сте и во добар спомен, бидете благодарни што само ќе ве одмине. Нема да помисли да се одмаздува, за разлика од Шкорпијата, бидејќи одмаздата е под нејзино ниво.
Близнаците се најголеми дрдорковци кои сите можни информации ги вртат околу малиот прст. И додека ви кажуваат најразновидни новости, не можете а да не се запрашате каде им се емоциите, и дали воопшто нешто умее емоционално да ги погоди? Исто како и Овенот, и Близнаците во моменти на сентименталност умеат да се затворат дома, да прелистуваат албуми или да дискутираат за спомените. Да, тоа е оној другиот Близнак, кој само најблиските луѓе имаат прилика да го видат и запознаат на вистински начин.