![]() |
|
ЗА ЉУБОВТА |
Внеси реплика ![]() |
страница <12 |
Автор | |
Tetratka ![]() Сениор ![]() ![]() Регистриран: 25.Септември.2008 Локација: дрвара Статус: Офлајн Поени: 5153 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
За љубовта (трет дел)
Господ на Своите свети ученици им има кажано: „Деца, имате ли нешто за јадење?” (Јован 21,5). Колкава љубов се крие во тие нежни зборови: Господ нè нарекува деца. Што има порадосно од тоа? Треба да размислуваме многу длабоко за тие зборови, и за страданијата Господови на Крстот заради нас. О, колку Господ го љуби Своето создание. И ете, Господ нè удостои да зборуваме за тоа и нашиот дух се радува бидејќи Господ е со нас. Смирено ве молам, молете се за мене, и Господ ќе ве награди. Брат Р. ми раскажа дека кога тој бил тешко болен, неговата мајка му кажала на татко му: „Колку страда нашето дете! Јас со радост ќе се дадев себеси да ме исечат на парчиња, да можев со тоа да му помогнам, и да ги олеснам неговите страдања”. Таква е љубовта Господова спрема луѓето. Он рече: „Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи душата своја за своите пријатели” (Јован 15,13). Господ толку многу се сожали на луѓето, што посака са пострада за нив, како родена мајка, дури и повеќе. Но, таа голема љубов не може да ја разбере никој без благодатта на Светиот Дух. Писмото зборува за неа. Но, и Писмото не може да се разбере со умот, бидејќи истиот тој Свет Дух зборува и во Писмото. Љубовта Господова е таква, што Он сака сите луѓе да се спасат, и вечно да бидат со Него на небесата и да ја гледаат славата Негова. Таа слава не ја знаеме во нејзината полнота, но делумно ја разбираме преку Светиот Дух. А оној што не Го познал Светиот Дух, не може да ја разбере таа слава, туку само верува во ветувањето Господово, и ги пази Неговите заповеди. Но, и тие се блажени, како што му кажа Господ на Апостолот Тома (Јован 20, 29). И тие ќе бидат еднакви со оние што уште тука ја гледаат славата Божја. Ако сакаш да Го познаеш Господа, тогаш смири се себеси до крај, биди послушен и воздржлив во сè, љуби ја вистината и Господ неизоставно ќе ти даде да Го познаеш преку Светиот Дух. И тогаш преку опит ќе познаеш ШТО е тоа љубов спрема Бога и ШТО е тоа љубов спрема човекот. И колку е посовршена љубовта, толку е посовршено и познанието. Постои мала љубов, постои средна, и постои голема љубов. Кој се плаши од гревот, тој Го љуби Бога. Кој го има умилението, тој Го љуби повеќе. Кој во душата има светлина и радост, тој Го љуби уште повеќе. А кој ја има благодатта и во душата и во телото, тој има совршена љубов. Таквата благодат Светиот Дух им ја даваше на мачениците, и таа им помагаше мажествено да ги истрпат сите страдања. Може ли некој да каже како ќе биде во рајот? За рајот може да зборува само оној кој во Светиот Дух Го познал Господа и Неговата љубов спрема нас. Господ е толку мил и љубовен, што од Неговата љубов душата не може да се сеќава на ништо друго. Благодатта на Светиот Дух е толку слатка, и толку го менува целиот човек, што тој ги заборава дури и своите родители. Душата што во полнотата Го познала Господа и се наслади од Него, повеќе ништо друго не посакува, и не се врзува за ништо на земјата. И да ѝ понудат царство, таа нема да го посака, бидејќи љубовта Христова е толку слатка, и толку ја радува и ја весели душата, што повеќе и царскиот живот не може да ја заслади. Сакам да кажам неколку збора, колку што ме вразумува благодатта Божја, за мерата на љубовта Божја. Кога човекот се плаши да Го нажали Бога, со каков и да било грев, тоа е првата љубов. Оној чијшто ум е чист од помисли, тоа е втората љубов, поголема од првата. Третата, уште поголема е кога некој ја чувствува благодатта во душата. А оној кој ја има благодатта на Светиот Дух и во душата и во телото, тоа е совршената љубов. И од телото на оној што ќе ја сочува таа благодат, ќе останат мошти, како кај светите маченици, или кај пророците, или кај преподобните и другите големи светии. Оној кој пребива во таа мера, нема да го примами љубовта на девојка, од којашто се насладува целиот свет, затоа што од сладоста на љубовта Божја, душата заборава сè што е земно. Благодатта на Светиот Дух ја гони душата да Го љуби Господа во полнотата, и во таа полнота на љубовта Господова, душата не се допира до светот, иако и живее на земјата. Ние сме горделиви со умот, и затоа не можеме да стоиме во таа благодат. И таа се оддалечува од душата, и душата тогаш тагува по неа и повторно ја бара со солзи, и плаче, и рида, и повикува кон Господа: „Милостив Боже, Ти гледаш колку е нажалена мојата душа и колку тагувам по Тебе”. На земјата не постои толку кроток и љубовен човек како нашиот Господ Исус Христос. Во Него е нашата радост и веселие. Да Го возљубиме и Он ќе нè воведе во Своето Царство, каде што ќе ја гледаме Неговата слава. Откако Господ ми даде да ја познаам љубовта Божја преку Светиот Дух, јас ете веќе четириесет години тагувам по народот Божји. О, браќа, нема ништо подобро од љубовта Божја, кога Господ ја стоплува душата со љубовта спрема Бога и ближниот. Голема е милоста Господова: мојата душа Го позна Бога – својот Небесен Отец, и плаче и тагува. Зошто толку многу Го нажалував Бога? А Господ ми дава простување на гревовите и радост и веселие, да Го љубам мојот Создател, и да го љубам ближниот, и да плачам за него, за милостивиот Господ секоја душа да ја земе при Себе, каде што ни приготви место преку Своите страдања на Крстот. Оној кој ја познал сладоста на Божјата љубов, кога душата стоплена од благодатта Го љуби Бога и ближниот, делумно знае што значат зборовите „Царството Божјо е внатре во нас” (Лука 17, 21). Милостив Господи, колку е голема Твојата љубов спрема мене грешниот! Ти ми даде да те познаам. Ти ми даде да ја вкусам твојата благодат. „Вкусете и видете колку е благ Господ” (Пс. 33, 9). Ти ми даде да ја вкусам Твојата благост и милосрдие, и мојата душа копнее по Тебе дење и ноќе ненаситно. И не може да го заборави својот возљубен Создател. Оти Духот Божји ѝ дава сила да Го љуби Љубениот, и душата не знае за ситост, туку копнее по својот Отец Небесен. Блажена е душата што го возљуби смирението и солзите, и што ги намрази злите помисли. Блажена е душата што го љуби својот брат, бидејќи нашиот брат е нашиот живот. Блажена е душата што го љуби братот: во неа живее Духот Господов, и ѝ дава мир и радост, и таа плаче за сиот свет. Мојата душа се сети на љубовта Господова, и моето срце се разгоре, и мојата душа му се предаде на длабокиот плач, бидејќи толку многу Го нажалив Господа, мојот Возљубен Создател. Он не си спомна за моите гревови. И тогаш мојата душа му се предаде на најдлабокиот и најжален плач, за Господ да ја помилува секоја душа и да ја земе во Своето Небесно Царство. И мојата душа плаче за целиот свет. Не можам а да не зборувам за луѓето што ги љубам до солзи. Не можам да молчам, затоа што мојата душа секогаш тагува по народот Божји, и со солзи се молам за него. Не можам а да не ви зборувам, браќа, за милоста Божја и за лукавството на непријателот. Поминаа четириесет години од времето кога благодатта на Светиот Дух ме научи да го љубам човекот и сета твар, и откако таа ми го откри лукавството на непријателот, кој своето зло во светот го спроведува преку лагата. Верувајте ми, браќа. Пишувам пред Лицето на Бога, Кого Го позна мојата душа преку Светиот Дух, заради Неговата голема милост. Ако душата не Го вкуси Светиот Дух, не може да Го знае Господа, ниту Неговата љубов. Господ е благ и милостив, но ние не ќе можевме ништо да кажеме за Неговата љубов, освен од Писмото, ако не нè научеше Светиот Дух. Но ти, брате, не се возмутувај, ако не ја чувствуваш љубовта Божја во себеси, туку размислувај дека Господ е милостив и воздржувај се од грев, и благодатта Божја ќе те научи. |
|
за секој случај - користете ГРОМОБРАН!!!
|
|
![]() |
|
Tetratka ![]() Сениор ![]() ![]() Регистриран: 25.Септември.2008 Локација: дрвара Статус: Офлајн Поени: 5153 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
За љубовта (втор дел)
Од младоста сакав да мислам: Господ се вознесе на небото и чека да дојдеме кај Него. Но, да бидеме со Господа треба да сме подобни на Него, или да бидеме како деца – смирени и кротки, и да Му служиме Нему. Тогаш, според Словото Господово: „Каде што Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга”, и ние ќе бидеме со Него во Царството Небесно. Но сега, мојата душа е многу темна и тажна. И не можам да го вознесам умот чист кон Бога, и немам солзи да ги оплакувам моите лоши дела. Се исуши душата моја и се измори од помрачениот живот... О, кој да ми ја запее песната, што ја сакам од младоста, за тоа, дека Господ се вознесе на небото и дека Он многу нè љуби, и дека желно нè чека да дојдеме кај Него. Таа песна би ја слушал со солзи, оти мојата душа тагува на земјата. Што ми се случи? Како ја загубив радоста, и дали ќе ја најдам повторно? Плачете со мене сите ѕверови и птици! Плачете со мене шуми и пустини! Плачете со мене сите Божји созданија, и чујте ме во мојата мака и во мојата тага! Еве за што размислува мојата душа: Кога јас толку малку Го љубам Бога, а мојата душа толку многу тагува по Господа, тогаш колку ли голема беше тагата на Мајката Божја, кога таа остана на земјата по Вознесението Господово? Таа не ни остави ништо напишано за маката на Својата душа. И многу малку знаеме за Нејзиниот живот на земјата. Но, треба да знаеме дека ние не можеме да ја разбереме полнотата на Нејзината љубов спрема Својот Син и Бог. Срцето на Мајката Божја, сите Нејзини мисли, сета Нејзина душа, беа зафатени со Господа. Но, Нејзе ѝ беше дадено и нешто друго: Таа Го љубеше народот и огнено се молеше за луѓето, за новите христијани, што ги утврди Господ, за сиот свет, за сите да бидат спасени. Во таа молитва беше Нејзината радост и утеха на земјата. Ние не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Мајката Божја, но знаеме дека: Колку е поголема љубовта, толку се поголеми страдањата на душата. Колку е поголема полнотата на љубовта, толку е поголема полнотата на познанието. Колку е поогнена љубовта, толку е поогнена молитвата. Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот. Никој од нас не може да ја достигне полнотата на љубовта на Божјата Мајка. Нам ни е потребно Адамовото покајание, но делумно, како што нè учи Светиот Дух во Црквата. И ние ќе ја разбереме таа љубов. “Зар не гореа срцата наши”, (Лука 24,32) се прашуваа Апостолите кога им се приближи Христос. Така душата Го познава Својот Владика, и Го љуби и сладоста на Неговата љубов е огнена. На небесата сите имаат една љубов, а на земјата некои многу Го љубат Господа, некои малку, а некои воопшто не Го љубат. Душата што е исполнета од љубовта Божја, ги заборава и небото и земјата. Духот гори и невидливо Го гледа Саканиот. И душата пролева многу слатки солзи и не може да Го заборави Господа ниту на еден миг, оти благодатта Божја дава сила да се љуби Љубениот. О, во каква ли слава е Господ, и со какви ли песни Го величаат на небесата, и колку ли се слатки тие песни, што се излеваат од љубовта Божја. Кој е достоен да ги слуша тие песни, што се пеат со Светиот Дух, и во коишто се велича Господ заради Своите страдања, и каква ли е радоста на оној што ќе ги слушне тие песни? Душата едвај се допира до љубовта Божја на земјата, а од сладоста на Светиот Дух веќе се восхитува од љубениот Бог и Отец Небесен. Браќа возљубени, да се смириме себеси, за да бидеме достојни за љубовта Божја, за Господ да нè украси со Својата кроткост и со Своето смирение, за да станеме достојни за небесните живеалишта што ни ги подготви Господ. Господ ги љуби сите луѓе, но оној кој Го бара, него го љуби повеќе. “Оние кои Ме љубат, и Јас ги љубам, говори Господ. И оние кои ме бараат, ќе најдат благодат” (Изрек. 8,17). А со неа, добро е да се живее, душата е весела и вели: „Господи МОЈ, јас сум слуга ТВОЈ”. Во овие зборови се крие голема радост: Ако Господ е наш, тогаш и сè е наше. Ете, колку сме богати. Голем е и недостижен нашиот Господ. Но, заради нас толку се унижи Себеси, за да Го знаеме него и да Го љубиме, за да ја забораваме земјата од љубовта Божја, за да живееме на небесата и да ја гледаме славата Господова. Господ на Своите избраници им дава толку голема благодат, што тие со љубовта ја прегрнуваат целата земја, сиот свет. И нивната душа гори од желба да се спасат сите луѓе и да ја гледаат славата Господова. |
|
за секој случај - користете ГРОМОБРАН!!!
|
|
![]() |
|
Tetratka ![]() Сениор ![]() ![]() Регистриран: 25.Септември.2008 Локација: дрвара Статус: Офлајн Поени: 5153 |
![]() ![]() ![]() ![]() ![]() |
За љубовта (св.Силуан Атонски)
Мојата душа жеднее по Живиот Бог. Мојата душа повторно бара до ситост да се наслади од Господа. О, колку е непостижна милоста Божја: Господ го создаде човекот од прав и му го вдахна здивот на животот. И човечката душа се сроди со Бога. Господ така го возљуби своето создание, што му Го даде Светиот Дух на човекот, и тој Го позна својот Создател, и Го возљуби. Светиот Дух е љубов и сладост за душата, за умот и за телото. Но, кога душата ќе ја загуби благодатта, или кога таа се намалува, тогаш душата повторно со солзи Го бара Светиот Дух, и тагува по Бога, и вели: „Тагува душата моја по Господа, и со солзи Го барам. Како да не Те барам, Господи? Ти Самиот прв ме побара мене и ми даде да се насладам од Светиот Дух. И сега мојата душа тагува по Тебе. Моето срце Те возљуби, и Те молам: Дај ми до крај да пребивам во Твојата љубов. Дај ми заради Твојата љубов да ги поднесувам сите неволји и болести”. Страв и трепет ја обзема мојата душа кога сакам да пишувам за љубовта Божја. Бедна е мојата душа, и не може да ја опише љубовта Господова. И се плаши душата, но и копнее да напише макар неколку зборови за љубовта Христова. Изнемоштува мојот дух додека ова го пишувам, но љубовта ме принудува. О, колку човекот е немоќно создание! Кога благодатта е во нас, тогаш духот гори и се граба да биде со Господа дење и ноќе. Бидејќи благодатта ја поттикнува душата да Го љуби Бога. И таа Го возљуби и не сака да се оддели од Него, оти не може да се насити од сладоста на Светиот Дух. Љубовта Божја нема крај. Знам еден човек, кого милостивиот Господ го посети со Својата благодат. И кога би го прашал Господ: „Сакаш ли да ти дадам уште повеќе?” тогаш, заради немоќта на телото, душата би рекла: “Господи, Ти гледаш дека би умрел ако има повеќе”, оти човекот е ограничен и не може да ја понесе полнотата на благодатта. Така, и на Тавор, Христовите ученици паднаа ничкум од славата Господова. И никој не може да разбере како Господ ѝ ја дава Својата благодат на душата. Ти Си благ, Господи. Ти благодарам за Твојата милост. Ти го излеа врз мене Твојот Свет Дух, и ми даде да ја вкусам твојата љубов спрема мене, толку многу грешниот. И копнее душата моја по Тебе, Светлино непристапна. Кој може да Те познае ако Ти Самиот, Милостив, не благоволиш да ѝ се покажеш на душата? И таа Те виде, и Го позна Својот Создател, благиот Бог. И ненаситно секогаш Те сака, оти Ти, Милостив, со љубовта ја привлече душата при Себе. И душата ја позна Твојата љубов. Господи, Ти гледаш, колку е немоќна и грешна човечката душа. Но Ти, Милостив, ѝ даваш на душата да Те љуби. И се плаши душата некако да не го загуби смирението, коешто демоните сакаат да ѝ го одземат. Бидејќи тогаш Твојата благодат ќе ја остави душата. Со што ќе Му возвратам на Мојот Господ? Јас сум гаден. Господ го знае тоа, но јас сакам да ја смирувам мојата душа, и да го љубам ближниот, дури и да ме навредува. Јас секогаш Го молам Милостивиот Господ, да ми даде да ги љубам непријателите. И јас преку Божјото милосрдие познав што значи да се љуби Бог и ближниот. И ја молам од Господа таа љубов дење и ноќе, и Господ ми дава солзи да плачам за сиот свет. Но ако осудам кого и да е, или ако некого погледнам попреку, тогаш солзите се губат, и душата се нажалува. Но јас повторно почнувам да барам простување од Господа. И Милостивиот Господ ми простува мене грешниот. Браќа, пишувам пред лицето на мојот Бог: смирувајте ги вашите срца, и ќе ја видите милоста Господова уште на земјата, и ќе Го познаете Небесниот Создател, и вашата душа нема да знае за ситост во љубовта. Никој сам од себе не може да знае што е љубовта Божја, ако не го научи Светиот Дух. Но, во нашата Црква љубовта Божја е позната преку Светиот Дух, и заради тоа ние зборуваме за неа. Грешната душа, што не Го знае Господа, се плаши од смртта. Таа мисли дека Господ нема да ѝ ги прости гревовите. Но, тоа е затоа што душата не Го знае Господа и не знае колку многу Он нè љуби. А да знаат луѓето, тогаш ниту еден човек немаше да очајува. Бидејќи Господ не само што простува, туку и многу се радува кога ќе се обрати некој грешник. Дури и да дојде смртта, ти цврсто верувај дека ќе добиеш простување само ако побараш. Господ не е Таков какви што сме ние. Он е многу кроток, и милостив, и благ, и кога душата ќе Го познае, се восхитува без крај и вели: Каков Господ имаме! Светиот Дух ѝ даде на нашата Црква да познае колку е големо Божјото милосрдие. Господ нè љуби, и кротко, без укор нè прима, како и таткото што не го укори блудниот син од Евангелието. Туку заповеда да му дадат нова облека, на раката да му стават скапоцен прстен, и на нозете обувки. И заповеда да го заколат згоеното теле и да се веселат. И во ништо не го изобличи. О, колку само кротко и трпеливо сме должни да го поправаме нашиот брат, за да празнува душата заради неговото враќање. Светиот Дух ја учи душата неискажливо да ги љуби луѓето. О, браќа, да ја заборавиме земјата и сè што е на неа. Таа нè одвлекува од созерцувањето на Светата Троица, Која е несфатлива за нашиот ум. Но Неа, светиите Ја гледаат на небесата преку Светиот Дух. А ние, да пребиваме во молитвата без да примаме каква и да било претстава. И да го бараме смирениот дух од Господа, и Он ќе нè возљуби, и ќе ни даде сè што ни е полезно за душата и телото на земјата. Милостив Господи, дај им ја Твојата благодат на сите народи на земјата. И ќе Те познаат Тебе, бидејќи без Твојот Свет Дух човекот не може да те познае Тебе и да ја разбере Твојата љубов. Деца, познајте Го Создателот на небото и земјата. Господи, прати им ја Твојата милост на сите деца на земјата што ги љубиш, и дај им да Те познаат Тебе преку Светиот Дух. Со солзи те молам: услиши ја мојата молитва за Твоите деца, и дај им на сите да ја познаат Твојата слава преку Светиот Дух. |
|
за секој случај - користете ГРОМОБРАН!!!
|
|
![]() |
Внеси реплика ![]() |
страница <12 |
Tweet
|
Скок до | Овластувања ![]() Вие не може да внесувате нови теми на форумот Вие не може да одговарате на теми на форумот Вие не може да ги бришете вашите пораки од форумот Вие не може да ги менувате вашите пораки од форумот Вие не може да креирате анкета на форумот Вие не може да гласате на форумот |