Во земјата на Дракула
Романскиот “Холивуд“
Букви на планината, налик на оние во Холивуд ни најавуваат дека
пристигнуваме во Брашов - местото каде ќе отседнеме за време на нашиот
престој.

Сега мала доза факти - Брашов е главен град на истоимената општина
во Трансилванија. На оддалеченост од 166 километри од Бук*решт и со
популација од околу 290.000 жители, Брашов претставува значаен
туристички центар. За тоа е најмногу заслужна локацијата на Брашов која
го прави одлична стартна точка за повеќе туристички дестинации во
Романија. Но, тоа не значи дека самиот град и неговата блиска околина
не се доволно атрактивни. Имено, на 1.200 метри надморска височина,
непосредно до Брашов, се наоѓа Поиана Брашов - најпопуларниот ски
центар во Романија. Тука е и одлично зачуваниот стар град кој исто така
е значаен за туристите.

Што се однесува до општината Брашов, истата е пример дека локалната
самоуправа може да биде и плодоносна. По тешките времиња за народот во
комунизмот, од 1991. година, преку новите закони и членови од новиот
Устав, општините во Романија го започнуваат успешниот процес на
осамостојување и развој.
Меѓу вкупно 41 општина, Брашов е една од најпросперитетните. Причина
за овој напредок се бројните инвестиции (најчесто странски) како и
фактот дека истата ги има најатрактивните туристички дестинации во
Романија.
Едно од поголемите изненадувања за нас беа романските цени.
Очекувавме дека во земја членка на ЕУ со просечна плата од 440 евра, и
цените ќе бидат делумно повисоки од оние во Македонија. Но, наместо тоа
наидовме на (повеќе или помалку) пониски цени. Облеката, такси
превозот, пивото - со прилично пониски цени споредено со оние кај нас.
Храната, било онаа во супермаркетите или рестораните, алкохолнте
пијалоци и сместувањето, со цени* приближно исти или
нешто пониски од македонските. Нагласуваме дека станува збор за
туристички места во кои навистина е преполно со туристи од целиот свет
(сетете се само на цените во Охрид за време на туристичка сезона :) ).
Забележавме и дека, наместо фаст фуд ресторани и ресторани во кои
менито се состои од месо на скара како што е обично случај во
Македонија (иако, таквата храна ни малку не е поврзана со нашата
традиција), во Брашов, а и останатите места кои ги посетивме, акцентот
е ставен на локална, традиционална храна која е кулинарско обележје на
Романија. И верувајте дека местата на кои се служеше таква храна беа
многу попосетени од неколку фаст-фуд ресторани.
* Се работи единствено за личен впечаток, односно за споредбата на цените не се користени официјални статистички податоци.

Но, доста со локални самоуправи и цени - да се вратиме на
“естетиката“ :) Една од градбите во градот Брашов која се смета за еден
од најзначајните симболи на градот, а и нам лично ни остави најголем
впечаток е Biserica Neagra (во превод Црната црква). Готичката градба
чија изградба започнала во доцниот 14 век оригинално била позната како
Црквата на Св. Марија. Но, по пожарот подметнат од Хабзбурговците
во1689 година, црквата претрпела големи оштетувања и го добила името
Црна црква. Освен што претставува најголема и една од најзначајните
Лутерански цркви во регионот, Црната црква е значајнa по ѕвоното тешко
6 тона (најголемото во Романија) како и по оргулата со импресивни 4.000
цевки. За жал, не можевме да ви приложиме фотографии од внатрешноста на
оваа црква.

Интересна е и жичарата која води до планината Тампа, од каде има
прекрасна панорама на градот и околните ски ресорти. Тука се наоѓа и
“холивудскиот“ знак кој веќе го споменавме.
Се разбира, има уште многу места кои вреди да се погледнат во овој симпатичен град, без сиви облакодери и урбан хаос.
Луксузот на аристократијата
На 44 километри од Брашов во соседната општина, Прахова, го
посетивме замокот Пелеш. Сместен во идиличен предел на Карпатите, Пелеш
се смета за еден од најубавите и најлуксузни замоци во Европа. Неговата
приказна започнува кога романскиот крал Карло 1, воодушевен од околната
природа, решава таму да изгради замок. И тоа го прави прилично
амбициозно.

По одбивањата на предлог проектите на бројни проекти, кралот се
одлучува за германскиот архитект Вилхелм Додерер, поради што и
надворешниот изглед е близок до германскиот нео-ренесансен стил.
Изградбата започнала во 1873. година, а по официјалното отворање во
1883. година, разни измени и доградби продолжиле до 1914. година. Во
целокупното градење и декорирање на Пелеш учествувале повеќе од 300
занаетчии ширум светот.

Дури и во тоа време замокот имал централно електрично греење,
внатрешен лифт и правосмукалка. Но, со своите 170 соби (од кои само 10
се отворени за туристи), замокот се покажал како преголем за кралското
семејство. Тврдејќи дека е невозможно да се живее во него и дека
неговата големина и луксуз негативно влијаат на психата, кралот
Фердинанд 1. и кралицата Марија се преселиле во помала реплика на
главната зграда позната како замокот Шелитор, градена помеѓу 1889 и
1903. година од архитектот Карел Лиман.

Интересен податок е и тоа дека Чаушеску му го фрлил “меракот“ на
замокот, сакајќи да го претвори во своја резиденција. Среќа, еден
досетлив кустос одговорен за музејот, кој бил свесен дека власта има
обичај да ги “празни“ и реновира ваквите градби, рекол дека замокот е
зафатен со опасната печурка Serpula lacrymans (што било точно само за
еден мал дел од дрвената конструкција) и дека е штетен по човековото
здравје. Со оглед на хипохондријата на Чаушеску, ова било доволно тој
да се откаже од замокот.

Не бевме во можност да ја фотографираме ниту внатрешноста на
замокот, но можеме да го разбереме кралското семејство кое не можело да
живее во Пелеш. Што е премногу, премногу е, макар тоа да е луксуз. :)
Домот на Дракула
По сјајот на Пелеш, се упативме кон по “мрачна“ дестинација -
замокот Бран. Градбата позната и како замокот на Дракула се наоѓа во
градот Бран и го привлекува најголемиот број на туристи во Романија.

Во тоа се уверивме и лично. Се чекаше во редица за да се влезе во замокот, а внатре едвај можевме да се разминеме со луѓето.

Ако очекувате нешто спектакуларно, овде нема да го најдете. Се
разбира, вреди да се посети како историска градба, но во неговата
внатрешност најчесто ќе гледате празни соби и ѕидови (благодарение,
пред се, на комунистичкиот режим во чија власт потпаднал замокот во
1948. година, и кој бил систематичен во “празнењето“) и понекој предмет
од владеењето на кралицата Марија.

Во 2006. година, романската влада му го доделува замокот на Арчдуке
Доминик - архитект од Њујорк и син на принцезата Илијана (ќерка на
кралицата Марија). Во 2007. година Доминик го дава замокот на продажба
за 78 милиони долари, а се очекувало да достигне цена над 135 милиони
долари.

Истата година комисија на романскиот парламент започнува истрага за
враќањето на замокот на наследникот на кралското семејство, тврдејќи
дека истото е нелегално, но Уставниот суд ја одбива петицијата на
комисијата и одлучува дека се е изведено според законот и прописите.

Во 2009. година семејството на Доминик открива дека нема да го
продаде замокот, туку ќе го претвори во историски музеј посветен на
кралицата Марија и нејзиното семејство. Се разбира, одвоен и е простор
за најзначајниот жител на замокот - Влад Тепеш, кого благодарение на
делото на писателот Брам Стокер сите го знаеме како Дракула.
------------- Можат се да ти земат - богатството, најубавите години, радоста и сите заслуги, но секогаш ќе ти останат соништата за одново да го создадеш светот кој ти го украле.
|