Испечати | Затвори го прозорот

Од темната уметност

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Стил на живот
Име на форумот: Уметност , култура и традиција
Опис на форумот: Литература, театар, сликарство, дијалекти...
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=27029
Датум на принтање: 23.Ноември.2024 во 17:34
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: Од темната уметност
Постирано од: Дак
Наслов: Од темната уметност
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:09
Готска жена

Готска жено,ти нема прозбори!
Откри заспани мисли,
тешки камења скрши,железна порта отвори,
замок од јад на проколната чеда пронајде.
Под наметка сокриени желби,
душа вековна сокриена,
темниот месец тајна открива
деца на ангел црн,искршени крилја.
Во празнина заробена тишина,
сенки на изгубени души по пат чекорат,
огледало на темнина во око скршено
изгубен е патот до светлина.
Вие што болка сенка ви е
кажете како мириса земјата,
во око на изгубен талкач роза црна,
ангел со искршени крилја во темнина заробен.
Напијте ме,нахранете ме ,
во раце книга на сенка дај те ми
во неа тајна на месецот запишан
во неа сите тајни на смртта јалова.

Даница Петровска
Од книгата “ Готска жена“



-------------
Љубов и само љубов



Коментари:
Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:10
Друго име

Луѓе!Слушнете!Јас имам втор кум.
Повторно сум крстена,
моето име е бездушна,
попрскана со отрови,крстена без крст.
Бев ѕвезда Даница,
моето прво крстено име,
без светлоста божја потемно е,поцрно е,
не светам,не треперам со сјај.
Изгубена во темнина
ја баран ѕвездата Даница,
го барам моето име,мојот крст,
плачам,молам ѕвезди да засветат, мојот пат го осветлат.

Даница Петровска
“ Готска жена“


-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:12
Покана

Ве поканив на вечера,
не дојдовте,
проклета сум,
не сум носена во црква.
Сотона ми е кум.
Мојата душа е проколната.
Испеаните песни
не ги слушнавте,
не се за вашите уши,
душава ми е празна.
Сотона ми кажува стихови,
мојата душа е проклета
Јас сум поет!
Дајте ми друго име!

Даница Петровска
“Готска жена“


-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:21
К У К Л Е Н   Т Е А Т А Р

Трпеливо чекам
ќе заврши првиот чин,
театар со дрвени кукли
конците ги влече некој друг.
Трпеливо чекам
ќе заврши вториот чин,
театар со многу кукли,
конците ги влечат сите.
Трпеливо чекам
ќе завршат сите чинови,
ќе ги скинам сите конци,
без конците е полесно.
Куклениот театар нема душа,
ќе ги запалам сите конци,кукли,
никој повеќе не може да управува,
никој повеќе нема да биде кукла.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:22

Ш Т И Т

Непробоен цврст штит
отровно стрели летаат,
црвени ноќи, плач небесен,
црни јавачи бој водат.
Распукна небо на безброј делови
светлосен бран расветли темни ноќи,
црни јавачи ослепеа,непробоен цврст штит
светлоста ја следи со нови победи на штит изрежани.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:23
Пат на тишината

О,зарем твои тајни раскажуваш
за ехо кое одекнува од пештерата,
дали го слушаш штом очи склопуваш
штом вдишуваш прана на животот.
Мојот пат ме ослепе
не можам да ја видам темнината,
мисли собрани во кутија заклучени со катанец,
во мене ја имам тишината и светлината.
О,моето тело не го чувствувам
лебдеам помеѓу просторот и времето
светлосен бран очи склопувам,
се дели душата,корупка фрлам.
Јас смртничка се венчавам со љубовта,
вселена моето ехо го ослушна
порака од скриени ѕвезди ми испраќа,
искушение,борба,злото исчезнува.
Плач од ехо ме разбуди,
искушение мојата душа го почувствува
светлосен бран љубов ми подари,
се вратив ,мојот пат заврши.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:24
Плен

Помеѓу ѕидови на болка чучат искривени слики
реалната слика се изгуби во заспаниот мозок,
можеби црниот демон повторно ме мами,
можеби вампир повторно ја посака мојата крв.
Волкот повторно ги менува своите влакна
неговата природа на изопаченост останува,
каде да се сокријам,каде мир да најдам,
повторно иста болка на касање по душата.
Џелатот повторно сака да касапи ,
малку му се моите исечени раце не се молам,
малку му се моите искршени нозе
повеќе не одам по патот разделен.
Змии отровни моето тело го лазат ,
клетници клетви истурат,
во добри вили се претворија
мислат еве не може да не препознае.
Маската на лицемерност се симнува,
се разголува вистината за сочувство,
зад сите маски и вистини лежи правата вистина
Џелатот повторно го чека својот плен...

Даница Петровска
“Готска жена„

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:25
Искривена слика

Во вистина лага на зборот
искривен ум преточен во илузии,
не се ниту фантазии на изопаченост,
не се ниту мечти во темната душа.
Да беше копиле лагата ќе умреше,
откопана вистина повторно ќе се закопа,
подобра е лагата на искршено огледало,
подобра е вистината на реалната болка.
Таму лежи вистината ,
никнуваат лаги од усти клети
што мир немаат од змискиот јазик,
што мир немаат од камено срце.
Таа што со живот те благослови
ја параш утробата како ѕвер,
тој што отфрлено јагне го прибра
поган јазик по него истураш.
Пастирот молчи ли во својата мизерност,
или се уште оди по змискиот пат,
и сeуште ли труе се што ќе допре,
и се уште лажни приказни кажува.
Ако вистината молскавично заблеска
многу ќе боли,многу солзи ќе истури,
подобро е да молчи,подобро е да се закопа,
нека останат лагите тие помалку болат...

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 04:26
Време

Минувам низ времето.
Чекорам по лавиринтот,
барам влез во тебе.
Мојот чекор е лесен,
не испуштам глас.
Го пробивам воздушниот простор.
Врескам во себе.
Ме прекршивте со вашата острина.
Се кревам,продолжувам низ времето,
вие не го познавате.
Залутав во лавиринт.
Тука сум, стасав.
Ме примија со нив,
талкам ,барам камења ,
ги фрлам по вас.
Пронајдов камен мал но, тежок.
Тоа беше мојата душа.
Стасав до мојата цел.
Лавиринтот се затвори.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:22

Зборови

Ги колнам зборовите,
невидливи стрели
удираат во срцето од стрелец,
ја погодува целта.
Зборови како тапани,
удираат во главата,
срцето ќе заигра со нивниот ритам.
Ќе се кренат солзи од очите
капка по капка
ќе се истопат низ образ.
Јас немам свој штит
да се одбранам како витез,
ниту остар меч
да прободувам во срцето.
Зборови тешки како планина
се напластиле во срцето,
невидливи стрели
прободуваат во срцето,
тапани кои удираат во главата.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:24
Стапици

Стапици...
Избезумени волци трчаат во нив.
Се слуша рик нивен,
шумата,долот рика со нив.
Урликање ,страотно урликање
Тркалезниот месец ги осветлуваше.
Шумата им даде прочка,
гранките како за блага молитва се склопија,
се молеа за нив.
Се стресоа столетните дрвја,
карпите се распукнаа штом
мракот вечен се крена
таму доле во шумата.
Стапици се претворија во гробници
урликаат и сега,
земјата гола,распукната раскажува за нив.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:26
Без наслов

Ги отворив усните,
збор не прозборувам,
затаен глас во грло,
надеж нема ,гласот занемен.
Сама во самотија,
ниту збор,ниту стих,
молк,гробна тишина,
очи затварам,гледам темнина.
Мисли стивнати,
во уши глува тишина,
градите ќе препукнат,
болка доаѓа,ме довикува.
Болката ме растргнува,
душата се распарува,
слушам се спрема дожд,
грмотевица од мојот сон ме буди.
Душата се тресе,во гради камбана бие,
секавици во очи блескаат,
крик од душа,врескам,
усни отворив,испуштив глас.
Нема ќе зборувам,
слепа ќе гледам,
повторно моите мисли ги слушате,
од мене нема спас,спокојство.
Разбудена од вашиот сон,
светлина во очи,темнината исчезна,
повторно сум жива,
водам нова борба,нови освојувања.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:30
Огледало

Скршено огледало!Несреќа!
Моето тело распарчано,
раздвоен лик,многу очи,
искривена тажна насмевка.
Раздвоено тело!Страв!
Искасапени раце,нозе,
линии правилни,не правилни,
искривена слика на реалноста.
Ги составам сите делови,
една по една линија реалноста се враќа,
на колку делови да е распарчано
тоа сум јас,една единствена.

Даница Петровска.
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:31
Džinni

Džinni повикан од неспокој,
гнасни усни,отровни зборови
црнило во срцето и очите
Смртници,имате ли душа?
Džinni е тука
повикан од темнина
демне над твојата душа.
Кутар човеку!Што те чека?
Џамии се молат,се тресе небото
Džinni!Црни јавачи дојдоа
млада девојка чесност ја губи
дете мајка и татко не препознава.
Сенка на злото налегнала,
месецот темен ,дожд не паѓа,
земја моли утеха бара
многу млади тела ќе покопа.
Крик во етер ќе исчезне
смртници крвава игра играат,
фатени за раце коло непознато играат,
Džinni го собра својот плод на смртта.

Даница Петровска
“Готска жена„

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:32
Сон

Сонив сон,
самовили играа,
за рака ме фатија
глуво оро игравме.
Нозе копита,
од раце им крв тече,
коси им змии
сакаа да ме отрујат.
Ветрот силно задува
самовилите ги однесе,
пред мене чистина,светлина во очи,
темнината исчезна.
Од далечина гледам мајка
го дои своето чедо,
од пупки и крв тече
на чело крст врежан.
Тажен поглед зборува се,
изгубена надеж
син и да воскресне
надеж да даде.
Сонив сон,
самовили глуво оро играа
во раце им јаболко
семе на злото го посадија.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:33
Бесмртност

Небесна далечино!
Во себе го криеш синилото
твојата душа,
прими ме кај тебе.
Јас немам свој гроб
место да стивнам!
Прегрни го чедото свое,
да се извишам,
да ги досегнам ѕвездите.
Сонце!
Ти што го будиш денот нов,
ново утро раѓаш,
прими ме кај тебе.
Јас немам свој гроб
место да се исплачам.
Осветли го патот до тебе
со твоите зраци да подарам
ново бесмртно утро,
нов живот,нови искушенија.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:35
Разбуден

Исчезна,го нема светот на фантазии,
дали се разбуди од долгиот сон,
дали морници те лазат исплашен
штом разбуден гледаш,не сонуваш.
Таму се е чисто,гола вистина,
те јадат изумрени црви,
смртта поинаква ќе ти се чини,
ќе посакаш да те успие.
Нема борба,се предаваш,
лажното јас маски симнува
те предаде,те отфрли,
сам си со своја беда.
Плачи,исплачи се,
сам си на овој свет
свет кој лажно го претставија,
живот кој со лаги се накитија.
Тие се уште спијат,не се будат,
маските не ги вадат,добро им стојат,
многу ликови во животен театар изиграа,
се уште се главни со лажни ликови.
Ќе посакаат да се разбудат и тие
но ,за нив веќе ќе е доцна,
нив ниту мртвите црви ќе ги јадат,
нивното јас ќе ги проголта.

Даница Петровска
“Готска жена„

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:36
Џелат

Се насити ли...
од раце крв ти тече
ситост немаш,го пиеш со сласт
но, во твои вени крв немаш.
Го распара ли срцето...
таму лежи чиста крв
локаш како разјарен волк
но ,во твоето срце крв немаш.
Осамен,изгубен џелат...
те проголта твојата алчност,
мајки родилки добар плен ти се,
го цицаш плодот нероден.
Незаситен од туѓа болка...
демони срцето ти го распараа,
од него не потече крв
потече темнина и омраза.
Сега си црн јавач на Апокалипсата
крената рака со крвав меч
обезглавен јавач на смртта,
покорен слуга на злото.
Заминувам со извадено срце
ти го подарувам на дар,
во него има уште некоја капка
допиј ја крвта,насити се.
Кога сонцето изгрева скриј се,
пепел ќе се сториш,
крв немаш во твоите вени,срце ,
крстот непријател е твој.
Кога изгориш од болка
лелек ќе слушне една душа,
ќе лелека и таа од болка,
се дели Џелат од мајка.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:38

Кој зборува

Кој зборува од твојата уста,
каква темнина лежи во очите,
бесот што душа ја труе и распарува
разголен пред вистината врескаш.
На едната рака те врзала вистината,
на втората рака те врзала реалноста,
телото го зграпчило болката,
само душата окована од омраза.
Ти не жалиш,прочка не бараш,
нека ти се простум гревовите,
само чиста душа може прочка да бара,
само чиста душа може гревови да прости.
Мојата крв тече во твоите вени,
те пече чиста не загадена крв,
како осветена вода е,демони брка
зло од душа да изгони уста зла да сотре.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:39
М А С К А

Во просторот и времето
лета сина пеперутка,
фантазија во илузија
илузија во фантазија.
Проклети маски,
недопирливи,безбојни,
црни дупки,празна насмевка
бели погледи, скриена тага.
Сон сонува,
душа сина пеперутка,
крик во времето и просторот
о,па тоа сум само јас маската.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:40
Покана

Грмлив глас на тишина ,
се разбуди заспаната мисла,
одекнува плач од ехо
јас не го слушам.
Ехото остана само да плаче,
космос во градите,
треперат солзи,во нив ѕвезди се огледуваат
оваа ѕвезда ноќва затрепери.
Тага во ноќта заскитана
дојде по мене со тапани,
да те слушнам штом ме каниш
штом моите мисли ги повикуваш...

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:41
Јас маската

Денес треба да сум среќна
на себе ја носам тагата,
изгубена маска во многу маски,
животна драма,претстава на маски.
Јас маската
се истрошив,избледев со години
шминка застарена ги открива лажните црти ,
недостасува насмевка во тага.
Утре треба да сум цврста,
денот што ли ми носи,
лошо сценарио,лоша маска,
се гасат светлата,маската исчезна.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:42

Ѓаволештини

Се запали шума,
вили,самовили свират,игри играат,песни пеат,
гозба богата има
ѓаволски син им е гостин.
Ѓаволештини шумата ја спопаднаа,
разгорен огин голта млади стебла,
разгорен камен пука,
вили,самовили свират,играат,песна пеат.
Пламен црвен јазик,
земјата ја разголија,ранета моли
за плач небесен да разлади
ѓаволештини да стивнат.
Вили,самовили свират,песна пеат
ѓаволска игра играат,
небесен дожд солзи зарони,
ѓаволски песни и игри стивнаа.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:43
Сто

Од еден до сто бројам,
заспивам,лебдеам,
сто сништа сонувам
само еден ме мачи.
Потта тече од моето тело,
од сон се будам
срце возбудено чука,
се будам,повторно бројам.
Сто камења фрлам,
сто камења се враќаат,
ме удираат
болка во душа ми носат.
Во сон огледало,
ликот мој блед,
влегувам во него,
се отвори огнено небо.
Го гледам мојот живот,
тоа не сум јас,
тоа се сто животи,
тоа се сто ликови.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:44
Внимавај

Внимавај што зборуваш,
зборовите се живи ѓаволи,
несреќа ќе ти нанесат
со трозабец ќе те прободат.
Внимавај што мислиш,
твоите мечти нека се чисти,
убави мисли нека течат,
лошата мисла душата ја трујат.
Внимавај каде чекориш,
не талкај горе долу ,
од патоказ ќе скршнеш
во амбис ќе паднеш.
Внимавај,повторно внимавај,
среќен си што си човек без грешка,
и повторно грешиш ,мислиш Господ си ,
биди скромен во зборовите,мислите,чекорите.
Остани тоа што си ЧОВЕК...

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:46
Лажна вистина

И кренав плач
затаен во грлото,
скаменет во душата,
замрзнат во срцето.
Долги години одминаа,
косата обелее,рацете се збрчкаа.
телото свиткано дрво
се лелее над бурите.
Но, се уште стои, пркоси на животот
бујни реки го носеа,
ветришта го разнесоа,
од камен до камен го удираа.
Сега тоа стои рането
солени солзи истура
камена душа пуста е
срцето препукна.
Веќе не се слуша плач
сега уривам,газам
сега пркосам на ветрот
сега ја кажувам лажната вистина

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:46

Не прекинат круг

Изгубени во просторот и времето,
дојдени новородени,чисти,
изумрени во поранешен свет
душата патува низ времето.

Планета земја?
Какво чудо во вселената?

Отварат очи,шаренило,
чудесни гласови,нови искушенија,
радост во срце,солзи во очи,
јас сум плод на креаторот.

Болка и радост доаѓа,
живот се живее,изминаа години,
и повторно болка,заминуваат од овој свет,
свет на соништа,илузии ги напуштат.

Радост доаѓа, се раѓа нов живот,
доаѓа во друго време
непрекинат круг на болка и радост,
нови искушенија,страдања го чекаат.

Даница Петровска.
“Готска жена“


-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:52
Вечерна молитва

Тишина,мисловна композиција,
раскината белина,сенки во мои сништа
полека надоаѓа плач,солзи исушени,
ораница по душа длабоки траги остава.
Немилосрден јавачу во времето
остави ја мојата душа проколната,
што уште сакаш од оваа чедо напатено ,
што уште сакаш од оваа копиле оставено.
Пепел од мојата душа на душман ќе ја дадам,
на прастара мајка што змија околу врат и спие,
на прастар татко што гревови вековни носи,
на прастара земја што со рај и пекол ја проколна.
Чедото твое сирак,живот пустина каде сонце не изгрева,
каде темнина пајажина плете околу душата,
студ клет во темните ѕидови на искрвавено срце,
глас на немиот врисок расплакан во тишина.
Ти,што книга вековна напиша покај се,
помоли се на светлоста на мртви души,
од ропство ослободи ги грешните жртви,
ослободи ја светлината заробена од твојата капела.
Возвишена милост не барај,милоста остана натажена,
заборавена во темните одаи на твојата светлост,
заробена,закована со синџири на лицемерие,
растргната помеѓу два света на светлина и темнина.
Вечерва молитвата како молња одекнува
воздушен простор пробива,раскинува бескраен круг,
раскинат леб состава, гласот нем одекнува,
вечерна молитва на спокојна душа и олеснува.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:54
Поглед

Не дозволувај око да те прострела,
немир во душа ќе насетиш,
образите ќе поцрвенат,
крвта во вени ќе зоврие.
Во канџите на погледот
уплашена,стуткана,замрзната душа,
во окото стрели смртоносни,
во око црна жена со копје во рака.
Ако лага кажувам усни модри нека бидат,
не,не дозволувај око да те прострела,
во око надежта умира,
во око ѕвер што молкум умира.
Ако лага кажувам душата нека изгори,
не,не дозволувај око да те прострела,
во око темни тунели
во око смртта повикува.
Спушти го погледот
така клетва ќе замре,
пророкот ќе замолчи,
црна жена мир ќе најде.

Даница Петровска
“Готска жена“



-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:55
Проклетник

О,проклетник,
ме проколна за навек,
моите ноќи кошмари да бидат,
сон на очи да не дојде.
Пустина сал да лутам
за капка вода уста ми исушат,
во ден змиска кожа облечам,
во ноќ волк што над месец завива.
Ниту сум жена ниту ѕвер,
раце за молитва не можам да склопам,
растргната помеѓу рајот и пеколот
лебдеам над проколнати души.
Светот мој во утробата твоја,
окови на душа ми ставаш
да изгорам во пеколот мој,
да проникнам од пепелта твоја.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:55

Писок

Страшен писок се слуша,
јавач обезглавен повторно е тука,
повикан од темнината на твоите мисли
од крвта зовриена што по вени ти лази.
Не се плашам од пискотници,
ниту од јавач обезглавен повикан од темнина,
неговата глава во моите раце спие,
крвта зовриена во мои вени тече.
Ќе се претворам во волчица,
ќе завивам над младиот месец,
ќе ја повикам мојата сестра смртта
со неа волчја песна ќе заиграме.
Во оро самовили,сеништа на изгубено време,
и приказна за самовила со песна испеам,
ќе исчезнам од орото,волчјо крзно облечам
обезглавен јавач во мое крило ќе заспие.

Даница Петровска
“Готска жена

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:56
Клетви

Се изморија усните од клетви ,
што ниту една клетва не го фаќа ,
што ниту една клетва не го стаса,
што ниту една клетва срце не залечи.
Клетви,вие што моја болка кажувате,
дали од моите усни доволни не сте
кога до негово срце не стасавте,
кога во негова душа само празнина диши.
Ветру,проколни ме, моја коса замрси,
црна мирисна руба од копнеж раскини ,
голо тело од болка свиткано на месец подари ,
на ѕвезди сјајни мои солзни очи покажи .
Ако клетви од срце не стасаат
ќе се возвишам во небесна сјајна
до мојата ѕвезда водилка пат најдам,
да осветлам црн ангел кој умира во мене.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:57
Храм

Осветли го патот до храмот,
нека исчезнат сите илузии
невидливи конци до срцевина
храмот на плач...
Нека се распарча!
Секавици блеснете!
Нека не заталка некој по патот,
осветли ги солзите по ѕидовите ,
скали од коров под нив празнотија
порта од болка,на неа срце рането.
Нека исчезне!
Секавици блеснете!
Проколнати слики,пајажина околу нив,
на нив духот на изумрена магесничка,
во нив котел,волшебено стапче,троножец,
ружини листови,полна месечина.
Под нозете шкрипат коски,
изобличени погледи,очи ширум отворени,
згрчени раце во нив молитвеник,
изгризани усни од молитва нечујна.
Скрши се од погледот!
Заробена душа во огледало,
затаен плач од уста неми,
вресок од душа изумрен,
плач на немиот молк на ехото.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:58
Волчица

Волчице,што завиваш,
што над младиот месец тагуваш,
дали младунци ти погубија,
дали волкот црн го ранија.
Крвави траги на камен ти остави
распарана утроба од елен заскитан,
ти се уште не си сита,жртва бараш,
крвави очи од бес што мир немаш.
Завивај волчице,волчја песна пеј,
што твои младунци погубија,
што волк црн го ранија,
што крвави траги ти на камен остави.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 15:59
Човекот

Еј вие,вие што боси по камења чекорите
не осудувајте се камен да подигнете,
не осмелувајте се камен да фрлите,
грешници сте во овој свет,со прст не покажувајте.
Во ноќ,молњи блескаат,
и вас со прст некој одозгора ве покажува,
ваши гревови прости,во тајна книга име ви забележува,
печат крвав на корица сте ставиле,име носите.
Се тркалаат камењата,каде сега ќе бегате,
каде ќе барате спас од окото,тоа е широко,пространо,
дали под дрво што јаболко во грев ве стави,
дали под коси на Ева каде змија и спие.
Еден поглед во бистра вода одговор ќе најдеш,
Диоген го запали фенерот,
Да!Тоа сум јас грешникот!
Да!Тоа сум јас човекот!

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:00
Клуч

И знам,ќе ги отворите портите,
оваа порта ја оставив заклучена,
во неа тајна на скриени мечти,
го оставам клучот во имагинација.
Затворени очи клучот го открива,
нем шепот што порта отклучува,
пранги од слепило ќе исчезне,
пат кон бесконечност открива.
Проколнат е кој клучот го земе,
отвори порта а зад него не затвори,
изгубен е патот кој на цврста подлога стои,
стравот штом во крвта ледена протече.
Магепсан е кој порта отклучи,
самовили песна приспивна ќе пеат,
со сон за лична самовила ќе го намамат,
од сон не ќе се разбуди,самовила ќе го зароби.
Клуч кој тајна вековна крие
порта на душа што повторно ќе се роди,
сокриена зад порта денови одбројува,
не допрена,чиста ново раѓање чека.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:01
Incubus

Семе неплодно осеменето од неплодност,
ги пиеш живите,не разбудени од сон ги будиш,
со црни пранги души им стегаш да од ѓаволи не побегнат,
заробени, силувани на сенки им се предават.
Сон во јаве се преобразува а се уште спијат,
очи отворени, сенки магливи гледаат,
немоќен крик во сонот, грло немо не испушта писок,
о,ти душо окована,ти сону јаловен кој демон те излажа.
Проколнати ли сме,во црка носени сме,
света вода,тамјан мирисен по тело прскани ли сме,
крстот наопаку ли бил штом црни сенки во сон не гонат,
дали света книга отворија штом црни сенки живот ни пијат.
Не заспивај млада девојко, сонот сенки ќе го гонат,
ќе те силуваат,не плодно семе во утроба ќе носиш,
со црнила ќе те венчаат ,не родено дете во сон сонуваш,
име по црнило ќе му дадат име крваво ќе му слават.
Очите болат,со сон се борат,и ете ги кон тебе јават ,
сенки замаглени на црнило јаваат, во сон доаѓаат
животен сок исцицаат,душа пепел црна ја сторат,
не,не заспивај вечерва душо моја,еве го слушам тропот нивен.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:02
Црната дама

Црната Дама сега мирува
ги чека црните соколи да запискаaт,
од клунови нивни семе собере
да нарани гладните соколи.
Кога мислата и протече
модрото море се разбурка,
јато риби сестри и се,
ја носат кон дното и повторно ја враќаaт.
Месецот око нејзино е,
ја пее песната на Wicca
со листови од црна роза спие,
во тајна книга име на месецот го слави.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:04
Порака

Огледало на живот,
еден лик,многу животи,
залутан талкач во времето,
копиле е, црно семе посеано,од мајка не роден.
Семе посеано утроба пара,
во утроба плод а живот нема,
не чекајте нови знаци,нови гласови,
во утроба е тој ,чека нов живот.
Денес слушнав човечки глас:
„Не чекајте нови знаци,нови гласови
времето одминува,плод е тука а сепак го нема
каков знак времето ни носи во утроба плодна“.
Црни мисли знакот провеа,црн сомнеж душа пара,
што зло ќе се роди штом плодот е тука а сепак го нема,
еден лик многу животи,кој е тој што утроба пара,
кој е тој што животот човечки во црнила сака да претвори.

„Не чекајте нови знаци,нови гласови
времето одминува,плод е тука а сепак го нема
каков знак времето ни носи во утроба плодна„.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:06
Ѕвонот

Ѕвонат црквени ѕвона,
ечи звукот од куќа Господова,
дали е срцето на светецот осамен
или ѕвонат пораките нечујни.
Секој ѕвон во нејзинo срце одекнува,
душата нејзина храм,мирисен тамјан,
алемот гори,тело босилок мирисен,
молитва за изгубени души патот го пронајдат.
Исчезни зло ,ти црни ѓаволу!
Нека пепел се претворат,
од ѕвонот сеништа изгорат,
својот пат во црнила пронајдат,
светлата патека во космос да одекнува.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:06
Крик

Одамна не го слушнавте рикот страшен,
тој крик што и мртвите ги буди полузаспани,
сега крикнува, окото му е затворено од пепелта,
сега крикнува штом ноќта темна се спушта.
Ги проколнува мртвите што се мртви,
живите што се живи,ги чека по тунели темни,
се крие од светлоста зад црнило на смртта,
крикнува,ги мами колебливите во црнило ги намами.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:09

Талкач

Искрвавени стапала
земјата навлезе во секоја пора,
лази сениште по црн кал,
омраза во очи шарени како змија.
Проголтана темнина во утроба,
разбеснет ветер во коси ,
распукана кожа под ноктите,
тело од секавици разрането.
Пуста е таа проклетија
талкач да си,сениште да си,
темнина во утроба да те јаде,
по калта црна ти сонуваш.
Талкачот нема сонце,не изгрева,
скриен месец, темнина пуста,
тишина шкрипи во ушите глуви,
празна мисла,камен во грло.
Не пости во сегашноста,во минатото,
постои во тој проклет, замрзнат миг,
во пештерата на ехо што во сон одекнува,
во време на талкање на непостоење.
Разпнат помеѓу денот и ноќта
вечна сенка е,денот не го разденува,
ноќта не го прибира во црнило,
вечна сенка е под своите сенки.
Нема име талкачот,го прекрстуваат,
избришан е од постоење во иднина
минатото го обележува како сениште
сенка што и од сенка ќе исчезне.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:11
Aniculum

Прекривка од небо темно
месецот го проголта црнило,
сега кога исчезна некој се радува,пее,
се радуваат мртвите љубовници.
Плод ќе зачнат помрачен,
да има сила на темнина
со црна јаловна моќ да царува,
пастир на стадо,овци да води.
Љубов водат,моќен вресок,
куп змии водат љубов над небо темно,
на света земја што нив дом е,
парче земја што лелек слуша.
Кутри сте вие смртници
на плодот зачнат робови ќе сте,
сонце никогаш не ќе видите,
по месец ќе тагувате.
Секоја солза казна ќе е,
што плод помрачен зачнавте,
што со темнина го благословивте,
што пастир со црн превез покривте.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:13
Исчезнати

Исчезнати во зборот,во стихот,
стопени во црно мастило,
скриени во морските длабочини,
таму каде душата сокриено плаче.
Две се, не е една,заедно пловат,
никогаш не се заедно да се тешат,
нивните патишта се раздвоени ,
едната е горе,другата е доле .
Едната се наоѓа во црнило на душата,
другата се наоѓа во лавиринтот од бури,
се бараат да бидат едно,да бидат заедно,
никогаш не се допираат,ги дели темнината.
Додека едната спие другата се буди,
ја бара својата друга половина од душата,
го бара своето заспано тело,својата кожа,
попусто,премногу долго е заспана,од сон не се буди.
Раздвоени,раздвоени од своето тело
едната сонува солзи,другата тагува,
едната од сон се буди,другата умира,
таму каде е смртта ќе се пронајдат,ќе бидат среќни.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:14
Гавран

Еве гавранот над месец лета
во ноќта густа,црна и јалова,
а ти гавранице кој клетва ти фрли,
што не полеташ или крилја немаш.
Во ноќите црни солзи рониш
гавран лек да ти најде,
магии да растури со него да полеташ,
месецот во свои очи повторно да го почувствуваш.
Тажен писок од гавран се слуша,
жали за гавраница своја љубена
што крилја и исекоа ,во стапица ја фатија ,
клетва фрлија ниту жена ,ниту гавраница да е.
Еве го гавранот до неа седи и моли,
на своја љубена коса сака да погали,
клетници во гавран го сторија,магија сторија,
место усни крив клун има и раце од канџи остри.
Месецот над нив се моли магија да растури,
еве ги браќа на гавранот над месецот летаат,
го довикуваат со нив гавранска игра да играат,
летаат високо над месецот жален крик од клунови испуштат.
Гавранице на ноќта што лик на жена имаш
ноќта и месецот вечен чувар е наш,
сонце штом изгрее јас ќе се сокријам
пепел на твоето тело не сакам да бидам.
Сега пушти ме да одлетам кај моите браќа,
а ти штом сонце огрее сокриј се на денот,
ти не си гавран ниту жена со очи на ноќта,
чекај ме магија да растурам,со моја крв да те венчам.
Гавран магија растури,ниту е човек ниту птица
црно сениште се стори,ѕвер што човечки лик има,
со крв негова жена на ноќта попрска,
со своја крв ја усмрти и повторно оживеа.
И подари вечен живот,смртта ја победи,
сега црната ноќ сестра им е во своја прегратка ги крие,
месецот што кум им е,со црна ноќ вечна клетва им дарија,
сега сте едно,само сонцето и светлоста може да ве раздели.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:15

Dreamer

Сонувачу каде си,каде исчезна,
дали сонот за себе те зароби
или разбуден си од долгиот сон
можеби сонуваш со очи отворени.
Ако ја сонуваш месечината
дознај ја вистината нејзина,
ако сонуваш за Акаша
сокриј го сонот од души јалови.
Ако сонот е само твој
ќе издржиш ли тајна да сочуваш,
прана животна во себе вдахни
сонот буден да биде реален.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:15

Ангел на темнината

Твоите очи студенило,темен мрак во нив,
души без љубов,верба и надеж,кај тебе се,
земи ме,душа што од три сестри се раздели,
крик од болка,лелек од копиле крстено.
Ти, ангелу на темнината,погледни ме!
Има ли живот во душа расцепена од болка,
очи, што сјај во нив гасне со солзи врели,
срце рането,лажни искушенија од молитви
крвта ледена од срамот, отровни стрели од зборот.
Ангел на темнината очајно крикна !
Подари ја душата со бакнеж,ангел на темнината те чека,
ќе ја победам светлината,сјај во мои очи ќе згасне,
твојата душа подарена, светлоста да ја расплаче и растажи,
за твоите молитви и искушенија војна со светлоста поведи.
Не давам здивот да ми го земеш,душа ми украдеш,
уште една борба на црн ангел изгубена ќе е,
каде ја изгуби милоста,исчезна зад шестото крило
темно се како твоите црни дупки од празнотија.
Твојот здив мириса на измама,твојот пекол е душа,
талкач на изгубени души,крик што душа немаш ,
отфрлен од светлоста што во темнина те зароби,
твоите крилја ангелски ,од твое црнило потемнеа.
Кога небото повторно ќе се отвори
ќе ја фрлам пепелта од мојата душа,
ќе се сокријам во очите на светлината
повторно ќе се родам со душа вечна.

Даница Петровска
“Готска жена“


-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:16

Месечина

Месечина ме довикува песна да напишам,
сјајот негов пулсира во моите очи и душа,
занесено го слушам звукот на тишината
од неа ја црпам мислата,стихови редам.
Ти,прекрасен сјај месечев што ме мамиш,
ти,што мир во тебе вечерва го најдов,
ти,што од смртта вечна не се плашам,
ти,што сила ми даваш да пеам за тебе.
Еве,вечерва песна за тебе напишав
ти ја подарувам уште сила да ми дадеш,
еве,вечерва за тебе играм во ноќта
осветли ги моите боси нозе од болка.
Телото молитвено се свитка пред тебе,
о,светлост вечна ,подари ми го сјајот,
осветли го моето лице на осаменичка,
покажи ми ги твоите скали од светлина.
Ти ја подарувам мојата песна на тишина,
слушни го гласот на расплакан ѕвер,
ранета душа прими ја лек да најде,
раните со твојот сјај јас да ги лечам.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:20
Тишина

Звук на тишина осамен
штом го слушнав заплакав,
тапан во моето срце одекна
тишната за миг се стресе.
Тело што од болка пулсира,
крвта во модри вени зовриена,
се разбуди ѕвер од зборот ранет
јазици змиски грло му стегаат.
Урлик во тишина се слушна
одекна ехо во тишина празна,
лелек страшен од душа излезен,
тишината за миг се исплаши.
Немој тишино! Не плаши се,
тоа тапан од срце одекнува,
тоа болка од душа е излезена,
тоа ранет ѕвер јадови кажува.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:22
Мостот

Се урна мостот по кој ноќе чекорев
сега неможам да дојдам до тебе,
мостот на илузии се распрска
пред мене бездна ,неможам да ја прелетам.
Се скршија крилјата од мечтите
сега се плашам да ги сошијам,
страв ми е закрпени мечти да не се скинат
останаа само рацете да се молам.
Молтвите никој не ги слуша
никој солзи не ги види,
никој не сака рането срце
молитвата ќе ги сочувам за себе.
Повторно сум во рапавите раце
реалноста гребе по сета внатрешност
впрочем таа е победникот на илузија
не,несакам таа да ми е утеха.

Даница Петровска
“Готска жена“


-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:23
Мртви можат да играат

О,за нив милост нема,
нивна карма вечен бол ,
тука се раѓаат и умират
нивни души живот живеат.
Мртви можат да играат,
игра нивна таговна и јалова,
зад црните усни насмевка,
во очите живот пустински.
О,за нив среќа нема,
ги заборави,ги напушти,
надеж смртта ја зграпчи ,
живот празен во црни усни.
Мртвите можат да играат,
игра нивна живот и смрт ,
раце кренати,скршени прсти,
колена модри од молитви.
О, за нив молитва нема,
спас на мртовец кој игра,
гласот нечуен ,поглед изгубен
тело од болка во круг заробен.

Даница Петровска
“Готска жена“


-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:24

Пустински човек

Јас пустински човек
донесен од бурен ветер,
создаден од црн песок
расфрлан во празнина сува.
Заскитан,изгубен патник,
капка љубов вода ќе сум,
верба во патот изгубен,
надеж за животот пустински.
Три сестри ќе пратам,
првата е сакана љубов,
втората е капка верба,
третата е трошка надеж .
Една мајка нив ги роди
мене син единец остави,
низ живот пуст талкам
носен од ветрот бурен.
Сега сум пустински човек
патоказ за изгубени души,
надеж изгубена им дадам,
верба и љубов во животот пуст.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:25
Косач

Ги исече сите корења,
ја раскопа сета земја црна,
во неа закопа стихови,
штом дожд паѓа таа плаче.
Од болка се тресе,
голта тешки зборови,
песни на тажна самовила
вечерва месецот тага плете.
Еден стих патот го најде
`Ја носат диви ветрови,
љубов во болка се претвара,
пуста душа демони ја гушкаат,
тело нејзино црни канџи милува`
И повторно крик се слуша:
`О,ти што ме напушти,
гледам трите сестри плачат
црнила од моја душа гледаат,
тешки зборови и камења фрлам.
Душа што црнило мрежа плете
усни погани клетви тешки редат,
од секој збор огнени топки фрла
солзите мои неможат да ги згаснат`
Косачот не мирува,
остри се неговите зборови,
сече се што убави зборови посадил,
сега е сеач на црни болни јадови.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:27
Diabolus

Згасни се небесен огну,не свети,
плач на волкот еве го слушам,
крв зовриена во вени шупливи,
модри усни од гризење немирно.
Ах,ти што крв и поглед пиеш,
сенко на сонот што немир ткаеш,
очи твои студена празнотија
леден поглед по вратот врел.
Разделен живот на две половини,
смртта вечна слуга на слугата ,
се предава на магија црна ,
на студено име на темнина.
Илјада црни пеперутки летаат
го воздигнуваат моето име на ѕвезда,
чекаат во сонот несонет да згасне ,
демнеат во ехото на песната.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:28
Казна

И повторно во нејзин сон
со здив на мртвило немирно,
бара живот од топла крв
да исцица животен сок.
Те почувствува немоќно
молитва од Севишен не бара,
не ги слуша проколнатите жени
што дарба сотона им подарил.
Ја силува нејзин немоќ,
глува песна за смртта пее,
ја крева и спушта на земјата
гребе по нејзината пророчна душа.
Казна ли е,грев ли е пророк да си,
или тоа Севишен одбрани души казнува,
со смртта поблиску да се,појаки да се
да го признаат името негово од човек дадено.

Петровска Даница
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:30
Лице без контури

Те поздравувам тебе
лице без контури,
сокриено во празни мисли,
помеѓу тајните на времето
со раце собрани во пазуви,
чекор одекнат во нечии сетила .
Ти си никој и ништо,
не постоиш без раце и перо,
енергија во шака собрана
пат во бесконечна тишина,
јад и болка без плач осамен
помешана радост од туѓа среќа.
Кројам лик во моите мисли
очи од болка ти ставам
но, солзи ти немаш,
усни со јадови прекриени,
кожа со збрчкани насмевки,
фигура од мермер врежано
Цртам лик во моите очи,
пишувам да не те отфрлам
да не го слушам плач без очи,
да не се криеш во несвесно
за да не сонувам лице без контури.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:31
Казни ме

Не ме носеа во црква,велеа: `Господ не постои`,
не крстена сум под твое име и небо,
ѓаволи и демони се нафрлија,ме силуваа,
со демонска крв ме попрскаа:
`Тоа е наше не крстено дете`!
Казни ги неверниците,
згази ги демонските сили во нив!
Со години не одам во црква,
страв ми е од миризба на изгорени свеќи,
кандило што се ниша,
ме плаши името твое,се откажав од него.
Казни ме,неверничка сум,
во мене тече демонска крв,
зло семе што посадив во утроба моја,
демон на омраза и зла песна.
Твоето име го плукав и колнев,
повторно се откажав од тебе,
клекната во тишина молам,
згази го демонот во мене да бидам слободна.

Даница Петровска.
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:33

Пресек

Го пресекоа зборот со молчење,
предавници на тишината
го продадоа за само еден шепот,
одекна глас на птица грабливка .
И повторно молк,
го краде зборот на недореченост ,
писка во матен мрамор на самотија ,
одекнува во празнотија пуста.
Разделена тишина во молк,
и зборот сега е празен во гласот,
и зборот сега е нем во мислата,
и зборот сега е пресечен во глас.
Немиот молчи од немоќ,
глувиот молчи од тишина
слепиот молчи од темнина,
зборот молчи од нем шепот.

Даница Петровска
“Готска жена“

-------------
Љубов и само љубов


Постирано од: Дак
Датум на внесување: 16.Март.2014 во 16:36

ПРОМОТИВЕН ОСВРТ
кон поетската книга „Готска жена“
од Даница Петровска

     Дозволете ми да го започнам мојот промотивен осврт кон дебитантската поетска книга на Даница Петровска, која неодамна ја објави реномираната издавачка куќа „Макавеј“, со една општа констатација што, според моите согледби, го содржи нејзиното иницијално идејно-тематско јадро: Сите ние барем еднаш во животот, ако не и повеќепати, се имаме најдено во ситуација кога сите обиди да оствариме одредена цел биле безуспешни, сите наши напори пропаѓале, при што за ваквиот развој на настаните не сме можеле да утврдиме некоја причина која има реална основа и рационално објаснување. Во тие мигови неизбежно е да се почувствуваме како да сме оковани во невидливи пранги и како да нè има заробено некое натприродно суштество кое си поигрува со нас. Нашата немоќ да ја контролираме ситуацијата и да ги оствариме нашите замисли првично предизвикува незадоволство, што потоа преоѓа во револт против фрустрирачкото собитие, кое може да биде персонифицирано во надредено метафизичко битие. Како консеквенца на ваквите ситуации доаѓа до обликување имагинарни поими и претстави за невидливи ентитети.
     Токму оваа причинско-последична спрега би можело да се определи како креативен иницијатор за создавање на книгата „Готска жена“, која претставува кохерентна и концепциски обмислена поетска објава, за што недвосмислено сведочи фактот дека песните од кои е составена имаат заедничко идејно-тематско јадро. Авторката преку насловот на стихозбирката укажува на тоа дека нејзините песни се надоврзуваат на готската книжевност, којашто има повеќевековна традиција во Европа и САД. Патем кажано, за зачетник на готската книжевност се смета англискиот писател Хорас Валпол, чие најважно дело - романот „Замокот Отранто“, за жал сè уште не е преведен на македонски јазик, но, за среќа, имаме многу други дела од значајни писатели, како Ернест Теодор Хофман, Едгар Алан По, Мери Шели, Емили и Шарлот Бронте, Роберт Луис Стивенсон, Брем Стокер, Емили Дикинсон и др. Она што е главна содржинска одлика на готската книжевност - доминација на стравот, ужасот и морничавоста, првенствено предизвикани од натприродни причинители, целосно е присутно во книгата на Петровска. Притоа, како клучни мотиви во песните од оваа авторка може да се наведат Сатаната и неговите придружници - демоните, односно ѓаволите, потоа вампирите, самовилите и сеништата, како и некои реални суштества кои предизвикуваат негативни асоцијации како волкот, змијата и гавранот.
     Лирскиот субјект во песната „Покана“ го претставува паднатиот ангел, односно Сатана, како свој кум, при што го определува и како вистински автор на стиховите. И во песната со наслов „Казни ме“, лирскиот субјект повторно ја нагласува ѓаволската основа на своите стихови („во мене тече демонска крв/ зло семе [...] посадив во утроба моја,/ демон на омраза и зла песна“) , но се обраќа кон Бога, барајќи од него спас: „клекната во тишина молам,/ згази го демонот во мене да бидам слободна“. Наспроти придавањето демонски карактер на поетското творештво во овие две песни, во песната „Месечина“ можеме да ги прочитаме следниве автореферентни стихови во кои токму месечината е претставена како извор на инспирацијата: „Месечината ме довикува песна да напишам,/ сјајот нејзин пулсира во моите очи и душа,/ занесено го слушам звукот на тишината/ од неа ја црпам мислата, стихови редам“.
     Освен конвенционалните готски мотиви кои призлегуваат од христијанството (како Сатаната и демоните, односно ѓаволите) и од фолклорот (како вампирите и самовилите), во песните на Петровска може да се сретнат и други видови поетски слики. На пример, во песната „Вечерна молитва“ лирскиот субјект молитвено и молбено се обраќа кон немилосрдниот јавач во времето, барајќи од него да ги ослободи душите на грешните жртви, кои се заробени во неговата капела, при што „темнина[та] пајажина плете околу душата,/ студ клет во темните ѕидови на искрвавеното срце,/ глас на немиот врисок расплакан во тишина“.
     Од сето ова можеме да го изведеме заклучокот дека поетскиот свет на Петровска главно е исполнет со натприродни, имагинарни и метафизички појави кои се олицетворение на злото и деструктивноста, при што оваа авторка првенствено е сосредоточена на ноќта, темнината и тишината.
     Разгледувајќи ги песните од кои е сочинета оваа книга на формално-стилско рамниште, ќе увидиме дека тие се одликуваат со елиптичност и претставуваат низи од куси искази. Сликовито кажано, поетските записи на Петровска се еден вид колажи од метафорични и метонимични секвенци. Преку ваквата структура, поетесата го поттикнува читателот да има активен однос кон записот и, тргнувајќи од иницијалните искази од кои се составени песните, да обликува сопствена претстава, која може да биде побогата и поживописна, или поедноставна, во зависност од неговата имагинациска моќ.
     Заклучно, дебитантската книга на Даница Петровска претставува кохерентно поетско остварување кое сосема оправдано го носи насловот „Готска жена“ и, оттука, уверен сум дека ќе најде свои читатели и почитувачи пред сè меѓу љубителите на готската книжевност.

Јовица Тасевски Етернијан


-------------
Љубов и само љубов



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk