"Сообраќајната несреќа кај Нова Градишка во која "загина" Тоше Проески, никогаш не се случи", изјави за хрватски Индекс Зоран Божиновски, македонски новинар од Куманово, кој во моментов е во бегство од земјава од лични безбедносни причини.
Познавачи на Божиновски открија за Кирилица дека тој контактот со македонската публика го одржува исклучиво преку Facebook, каде е присутен деноноќно, а се претпоставува дека престојува во некоја од соседните земји, најверојатно Босна и Херцеговина. Тој е избеган од Македонија бидејќи добил отворена закана по својот живот откако објави фотографии за присуството на лица од полициската, политичката и бизнис елита на свадба кај личност за која се претпоставува дека има допирни точки со подземјето, нарекувајќи ги "скопски наркосвадбари".
"Немаше обдукција на телото по сообраќајната несреќа, тоа го тврдам во изминатите три години. Тоше уште во летото 2006 година од новите македонски власти предводени од премиерот Никола Груевски, е обвинет дека заедно со менаџерката Лилјана Петровиќ затаиле данок“, вели Божиновски.
Од декември 2006 година, според Божиновски, целиот менаџерско- продуцентски тим бил под истрага за перење пари од Кувајт.
"Според моите сознанија, тие би биле уапсени доколку се вратиле од Хрватска. Целата "несреќа" кај Градишка била само лоша филмска продукција“, рече Божиновски за „Индекс“.
Паричните трансакции околу пејачот наводно ги следела и Дирекција за спречување перење пари и своите сознанија ги пренела на македонското Обвинителство.
"Обвинителот Јован Илиевски од декември 2006 година до денеска не покренал истрага, освен тоа што на почетокот на информативен разговор ги повикал Тоше, неговата менаџерка Лилјана и продуцентот Ласте Николовски. Тогашните власти не направиле ништо да го изолираат пејачот од таквото окружување и го оставиле на милост и немилост на мафијата“, додава Божиновски.
Македонскиот новинар, веќе два пати е претепан заради истражување на луѓето и сомнителните работи поврзани со починатиот пејач, а во својата земја, според „Индекс“ многумина го сметаат за неверодостоен извор, кој бара само медиумско внимание.
Во книгата, како што најавил Божиновски, ќе ја обелодени улогата на десничарската владејачка партија ВМРО- ДПМНЕ, која наводно почнала да му се одмаздува на Тоше бидејќи пред пет години одбил да пее за нивна изборна кампања.
"Одмаздата започна кога ВМРО победи на изборите и кога Гордана Јанкуловска од таа партија стана министерка за внатрешни работи“, открива Божиновски дел од својата книга околу улогата на политиката и мафијата во смртта на 27 годишниот пејач.
Книгата треба да излезе во март 2012.