Габичните инфекции на женските полови органи се воспаленија предизвикани од микроорганизми-габи.
Габичните инфекции можат да бидат непријатни, но за здравите жени,
кои немаат пропратни сериозни заболувања, не претставуваат голема
опасност. Најчесто се јавуват за време на бременоста, кај пациентки со
шеќерна болест, како и по спроведување на антибиотска терапија.
Инфекцијата на вагината предизвикана со габата Candidа се нарекува вагинална кандидоза, кандидијаза или вагинална монилијаза. Причинители
Најчест причинител на кандидијазата е Candida albicans (во 85 - 90%
од случаите), Candida glabrat се наоѓа во 5 - 8% од случаите, а ретко
(до 4% од случаите) причинители се останатите видови од овој род на
габи: Candida krusei, Candida famata, Candida tropicalis, Candida
lusitaniae.
Родот Candida е многу хетероген и постојат околу 200 различни
видови.Candida albicans е дел од нормалната (физиолошка) флора на
човекот, односно микроорганизмот е нормално присутен во здравиот
организам. Обично кандидата не е штетна за организмот и живее на
слузниците. Таа се наоѓа на слузницата на вагината кај 35% од здравите
жени, на слузницата на горните дишни патишта кај 77% од здравите лица,
како и на слузницата на системот за варење кај 85% од луѓето. Киселоста
на вагината и присуството на други, нормално присутни микроорганизми,
го одржува бројот на кандидата на слузницата на женските полови органи
на многу мали вредности. Извор на инфекцијата најчесто се сопствените
кандиди, кои нормално се присутни на слузницата на вагината.
Иако инфекцијата со Candida не се смета за полово пренослива болест,
сепак причинителот може да се пренесе преку полов контакт со инфицирано
лице.
12-15% мажи, по сексуален однос со инфицирана жена, ќе развијат
симптоми на инфекција, како печење, јадеж и осип на пенисот. Кај
мажите, кандидата предизвикува: баланит, постит или баланопоститит.
Баланит (balanitis) е воспаление на главата (glans) на пенисот, а
постит (postitis) е воспаление на внатарешниот дел на кожниот набор
(prepucium), кој ја штити главата на пенисот. Често, со инфекција се
зафатени и двете структури, па затоа често се говори за габичен
баланопостит (balanopostitis).
Фактори на ризик за настанување на кандидијаза на женските полови органи
Промената на киселоста на вагината, како и намалувањето на бројот на
непатогени микроорганизми на вагиналната слузница може да доведат до
појава на воспаление. Одредени состојби и заболувања може да доведат до
пореметување на киселата средина на вагината. Најчести состојби и
заболувања, кои може да доведат до развој на кандидијаза, се:
менструација, некои болести (најчесто шеќерната болест), бременост,
менопауза, некои антибиотици и хормонските контрацептивни средства со
естрогени и стероиди. Влагата и иритацијата на вагината, исто така, го
стимулира растот на кандидата.
Здравите жени ретко заболуваат од болести предизвикани од Candida.
Кај лицата кои веќе имаат некое заболување, или се изложени на некои
лекови или зафати, кандидите се јавуваат како причинители на инфекција
и способни се да предизвикаат тешки заболувања. Сериозноста и
проширеноста на инфекцијата, предизвикана под овие услови, расте со
бројот и тежината на пореметувањата на болниот.
Многу болести го потпомагаат развојот на кандидијазата, како што се
на пример: шеќерната болест, хипотироидизмот, хипопаратироидизмот,
хипоадренокортицизмот, грануломатозните заболувања, сидата, цистичната
фиброза, хипогамаглобулинимијата, сите видови на рак, а посебно
малигните заболувања на крвта.
Антибиотската терапија (посебно терапијата со тетрациклини)
предизвикува промена на нормалната флора кај човекот, која пак од своја
страна доведува до зголемување на бројот на кандидата и до појава на
инфекција.
Претерано консумирање на алкохол, носење на тесна облека, носење на
најлонски чорапи и синтетски долен веш и нанесување на парфеми и
парфимирани козметички препарати на половите органи, ја пореметуваат
нормалната рамнотежа на флората и потпомагаат во настанувањето на
кандидијазата.
Честота на инфекцијата
Воспалението на вагината предизвикано од кандидата (Candida
vaginitis/colpitis) е најчеста инфекција на женските полови органи и
има висока инциденца. Околу 75% сексуално активни жени имаат барем
еднаш кандидијаза во својот живот, половина од нив имаат повеќе од една
инфекција во животот, а околу 10% од жените имаат чести, поновувани
инфекции.
Симптоми
Кандидијазата се одликува со појава на непријатен јадеж во пределот
на половите органи, со појава на зголемена секреција т.е. присуство на
беличест, густ вагинален исцедок, со специфичен слаткаст мирис.
Слузниците на вулвата и вагината се црвени, отечени и болни. Половиот
однос може да биде болен. За време на мочањето може да се јави пецкање,
жарење или болка, бидејќи мочката ја надразнува оштетената површина на
слузницата.
Поставување на дијагноза
Дијагнозата на кандидијазата може да се постави со преглед на
надворешните полови органи и со гинеколошки преглед на вагината. При
преглед се забележуваат знаци на инфекција: црвенило, оток, оштетена
слузница, пукнатини на слузницата, наслаги од беличест секрет на
слузниците на вулвата, на вагината и на грлото на матката. Со
бимануелниот преглед (преглед со двете раце), гинекологот ја оценува
подвижноста и осетливоста на матката.
Дефинитивната дијагноза на кандидијазата се поставува врз база на
микроскопски преглед на секретот, земен од слузницата на вулвата, на
вагината или на грлото на матката. Микроскопскиот преглед на
вагиналниот секрет дава карактеристична слика, така да не се потребни
други дополнителни испитувања.
Кај негативен микроскопски наод, се зема брис од вагината и се
испраќа на микробиолошко испитување. Со микробиолошкиот преглед се
потврдува присуството на кандида и се утврдува нејзинот вид.
Понекогаш се прави и ПАПА тест, со цел да се исклучи евентуално
постоење на туморски лезии на вагината и грлото на матката. Ако грлото
на матката изгледа сомнително, се прави колпоскопија со биопсија.
Колпоскопијата е дијагностичка метода со која се гледа грлото на матката со зголемување од 6 до 40 пати.
Колпоскопија е дијагностичка постапка која му овозможува на лекарот
директена визуализација на слузницата на вагината и на грлото на
матката со помош на колпоскоп, кој е еден вид на микроскоп со светло
Лекарот прво го премачкува грлото на матката (цервикс) со раствор на
оцетна киселина, а потоа користи инструмент сличен на микроскоп т.н.
колпоскоп со кој темелно го прегледува цервиксот. Лекарот може потоа да
го премачка цервиксот со раствор на јод (постапката се нарекува
Schiller тест). Здравите клетки изгледаат кафени, додека абнормалните
се жолто пребоени. Оваа постапка може да се изведе во амбулански
услови.. На тој начин се гледаат и промени кои не може да се забележат
со „голо око“, т.е. без зголемување. Прегледот со колпоскоп може да
биде непријатен, но не е болен и трае 5-10 минути.
Доколку при колпоскопијата се забележи сомнителна лезија на грлото
на матката, треба да се земе материјал од таа промена (биопсија), со
цел да се постави дефинитивна патохистолошка дијагноза.
Кај еден вид на биопсија, лекарот користи инструмент за откинување на мали парченца на цервикално ткиво.
Друга метода која се користи за биопсија е т.н. електрохируршка
ексизиона постапка (LEEP). При оваа постапка лекарот користи електична
жица за да земе тенок кружен дел од ткивото.
И двата вида на биопсија можат да се изведат во амбулантски услови,
со користење на локална анестезија т.е. при самата биопсија, лекарот
локално го анестезира грлото на матката. По постапката можно е слабо
крварење.
Детален преглед е потребен кај жените кои имаат повторувани
инфекции, како и при слаб или никаков одговор на терапијата. Тогаш се
прави преглед на целото тело (физикален преглед по системи),
лабораториска анализа на крвта и мочката, при што се бараат симптоми и
знаци на одредени болести и органски системи.
Лекување
Лекувањето на кандидијазата се спроведува со примена на
антимикотици, лекови против габи. Во третманот на габичните инфекции на
женските полови органи се применуваат антимикотици-деривати на
имидазолот: clotrimazol (Canesten, Plimycol) и полиенски антибиотици како што се nistatin (Nystatin, Moronal), amfotericinnatamicin (Pimafucin) во форма на вагинални таблети, креми или масти. Терапијата може да трае од 1-7 дена.
Кај честите, повторувани габични инфекции неопходно е да се спроведе
терапија со антимикотици во вид на орални таблети или капсули: flukonazol (Diflucan) или itrakonazol (Orungal).
За време на присутните симптоми, како и за време на терапијата се
препорачува избегнување на сексуални односи, иако на овој начин
инфекцијата се пренесува само во 10-15% од случаите.
Со комбинирано давање на антибиотици и антимикотици се лекува
мешаната инфекција со габи и бактерии. Таква комбинација е
oksitetraciklin + nistatin (Geonistin).
Првата инфекција треба да се лекува според советите на матичниот
лекар или гинекологот, а кај повторуваните инфекции, ако со сигурност
се знае дека се работи за оваа инфекција, жената може сама да си купи
локални антимикотици во аптека. Ако седмодневната терапија не даде
резултати, жената треба да се јави на лекар, за да се открие причината,
како и за да се открие евентуално постоење на други состојби или
заболувања.
Честите, повторувани габични инфекции можат да бидат показател за
постоење на одредени заболувања, па затоа е потребно да се отиде на
лекар и да се направат дополнителни испитувања. Прусуство на знаци на
воспаление по завршувањето на терапијата, или слаб одговор на
терапијата можат да бидат први знаци за ХИВ-инфекција.
Кај бремените жени, антимикотиците се даваат со посебно внимание,
ако воопшто и се дадат. Локалното лекување кај трудниците се спроведува
подолго време и тие почесто се контролират од страна на гинекологот.
Исхрана: зголемено консумирање на растителна храна (свежо овошје и
зеленчук), пиење на јогурт во големи количини, избегнување на
јагленохидрати во исхраната.
Воспоставување на нормална вагинална флора: по завршувањето на
терапијата со антимикотици, во вагината може да се стават посебни
тампони и средства со кои се обновува популацијата на нормално
присутните бактерии, Lactobacillus, и со што се спречува повторната
инфекција со кандидата.
Прогноза
По спроведување на адекватен третман, знаците на инфекцијата
потполно исчезнуваат. Повторувањето на инфекцијата или слабиот одговор
на терапијата, обично укажуваат на постоење на намален имунитет, или на
постоење на одредени заболувања. Во тие случаи, кај болниот е потребно
да се направат дополнителни испитувања.
Компликации
- хронични и повторувани инфекции,
- проширување на кандидата по телото и инфицирање на други ткива и
органски системи (често се јавува кај жени со намален имунитет).
Превенција
За спречување на инфекција со кандида важно е да се следат следниве упатства:
- да се избегнува носење на тесна облека,
- да се избегнува носење на синтетски долен веш,
- да се носи памучен долен веш,
- да не се носи танга гакички,
- да се избегнува носење цел ден најлонски чорапи,
- да се избегнува постојаното влажење на гениталната регија,
- да се избегнува носење на влажен костим за капење, да се преслече костимот за капење по излегување од базен или море,
- редовно да се менува долниот веш,
- после мочање, жената треба да се избрише од напред према назад,
бидејќи во спротивно може да навлезат во вагината бактерии, кои се
наоѓаат во пределот на анусот,
- да се пие јогурт во големи количини за време на лекувањето со антибиотици,
- да се намали внесот на јагленохидрати со храната и да се избегнува алкохол и кафе,
- да се избегнуваат парфимирани хигиенски влошки и тампони,
парфимирани креми и спрејови, да не се користи обоена и намирисана
тоалетна хартија,
- кога ќе се јави инфекција, пациентката треба да се придржува на
лекарските совети и правилно и редовно да ги зема и нанесува лековите.
-------------
|