
Во просториите на Македонската опера и балет по дванаесетти пат се одржа традиционалниот избор на автомобил на годината во Македонија 2007. Националното жири ја имаше честа да избира помеѓу најдобрите автомобили што во текот на минатата година се појавија на Македонскиот пазар. На поширокиот список се најдоа 16 автомобили кои ги исполнуваат критериумите и се наметнаа како најголеми кандидати за престижната награда. Седумчленото жири составено од новинари кои известуваат и ги следат новостите од автомобилската индустрија, се реши за седум финалисти. Критериумите според кои се вршеше изборот се адекватноста на домашниот пазар, економичноста, безбедноста и еколошката прифатливост, возните својства, дизајнот, комфорот и опремата. Во финалето се најдоа следниве автомобили:
AUDI Q7 – првиот теренец од Audi кој не остава некој особен впечаток на 4x4 возило, но тоа и не беше целта на Audi туку тие понудија еден голем, моќен, безбеден и комфорен автомобил. Тоа беше препознаено од купувачите и автомобилот ги задоволи очекувањата и на купувачите и на челниците на Audi.

FORD S-MAX – иако на почетокот имаше сомневања дека проектот S-MAX, поради неговата сличност сo C-MAX, нема да има економска исплатливост, почетната продажба и изборот на автомобил на годината во Европа ги демантираа тие сомневања. Со остварените бројки на продажба S-MAX покажа дека практичноста, безбедноста и возните својства се важни карактеристики не само на Европскиот туку и на нашиот пазар.

HYNDAI ACCENT – адутот на Корејскиот производител е секогаш да нуди квалитетен автомобил за прифатлива цена, дизајнот е запазен да ги задоволи потребите за европскиот пазар, а и опременоста е на доста високо ниво кое не е карактеристично за возилата од европските произведувачи. Ова го става Accent во групата на издржливи и квалитетни автомобили, кој веќе долго време има висока позиција на нашиот пазар.

OPEL CORSA – автомобил кој ја поместува границата на малите автомобили со своите димензии. Има доста агресивен дизајн кој ги привлекува погледите на сите од најмлади до најстари. Достапна е во верзија со три и пет врати па ги задоволува и потребите на еден релативно мал семеен автомобил.

PEUGEOT 207 – со дизајн кој е според стилот на производителот, но и со по некој нов детал, и големиот избор на мотори Peugeot 207 е одлична замена за многу успешната 206 ка. Значајна да се спомене е и пространата внатрешност која не е вообичаена за автомобилите од оваа класа, што е уште еден адут на овој модел кој има за цел да ја достигне успешноста на неговиот претходник.

SKODA ROOMSTER – уште едно пријатно изненадување од Чешкиот производител, кое ги изненади дури и најголемите скептици дека Skoda не може да се носи со големите европски производители. Иако остава прв впечаток на некој коцкест автомобил, овој впечаток го руши симпатичниот заоблен преден дел, додека високата шасија го прави простран и практичен автомобил.

TOYOTA PRIUS – првиот хибриден автомобил на нашиот пазар се појави со одредено задоцнување поради барањата на производителот сите пазари на овој автомобил да имаат соодветен систем за рециклирање на истрошените акумулатори на хибридниот погон. Овој уникатен автомобил се грижи за околината со значителното намалување на издувните гасови и намалување на потрошувачката на гориво.

Во конк*ренција на овие автомобили жирито имаше доста тешка задача бидејќи секој автомобил остава одреден белег на пазарот. При изборот жирито елиминираше уште три автомобили па така во потесниот круг се најдоа Peugeot 207, Opel Corsa, Skoda Roomster и Toyota Prius.
Наградата за автомобил на годината во Македонија за 2007, помалку и очекувано, ја собра елегантната Opel Corsa која веќе има собрано неколку награди и на европско ниво меѓу кои и Car of the Year 2007 во Британија, Family Car of the Year во Белгија и Autobest 2007 која е најважна награда во централна и источна Европа, чие жири го сочинуваат 140 Германски, Австриски и Швајцарски новинари од областа на автомобилизмот.


-------------
|