Испечати | Затвори го прозорот

Мерки против аерозагадување

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Општо
Име на форумот: Екологија
Опис на форумот: За спас на планетата Земја
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=31662
Датум на принтање: 19.Јануари.2025 во 14:07
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: Мерки против аерозагадување
Постирано од: pajser
Наслов: Мерки против аерозагадување
Датум на внесување: 17.Јануари.2025 во 09:20
Прогноза кога ќе има загаден воздух, ветрови-тунели, растерување на маглата

Снегот во последните неколку дена ја изгаси дебатата околу тоа кој загадува и какви мерки треба да се преземат, но не и фактот што Скопје е во топ-10 најзагадени градови на глобално ниво во последните неколку зими. На светската листа на „Ај кју аир“ главниот град на Македонија беше четврти, петти и трет во светот со просечно ниво на штетни ПМ-честички од 170 микрограми на кубен метар. Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е во просек околу 60 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 73,2 микрограми на кубен метар.

Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика при ПМФ Скопје, од стручен агол ги објаснува причините за аерозагадувањето како комплексен проблем кој се јавува како резултат на природни, урбани и човечките фактори.

- Главните причини за високото ниво на загаденост се следните:
Климатски и топографски фактори:
Во зимските месеци, Скопската Котлина често е подложна на температурни инверзии кои го спречуваат вертикалното движење и мешање на воздухот, што доведува до акумулација на загадувачки материи во слоевите на земјата. Дополнително, специфичната топографија на долината, опкружена со планини како Шар Планина, Водно и Скопска Црна Гора, ја ограничува природната циркулација на воздухот. Локалната циркулација на воздухот е дополнително ограничена со ориентацијата на долината по течението на реката Вардар, што го спречува развојот на типични ветрови според розата на ветерот. Слабата циркулација, особено при антициклонски и стабилни временски услови, создава услови за задржување на загадувачите во приземните слоеви од атмосферата, што го влошува квалитетот на амбиентниот воздух.



Неконтролирани емисии:
• Греење со биомаса и фосилни горива: Во текот на зимата многу домаќинства за греење користат дрво, јаглен или други фосилни горива, што е значаен извор на ПМ2,5 и ПМ10 честичките во воздухот.
• Третман на отпад: Неконтролираното согорување на отпадот, особено на периферијата на градовите, дополнително го влошува квалитетот на воздухот, испуштајќи отровни гасови и честички штетни за здравјето.
• Сообраќај: Густата сообраќајна мрежа, старите возила и недостигот на зелени транспортни решенија придонесуваат за емисиите на штетни гасови како што се NOx и CO, кои дополнително го влошуваат квалитетот на воздухот.
• Индустриски и урбани активности: Индустриските капацитети во близина на градовите, особено ако емисиите не се строго регулирани, се дополнителен извор на загадување. Урбанизацијата со намалена зелена површина го намалува капацитетот за природно прочистување на воздухот.
Овие фактори заедно создаваат услови за високи концентрации на загадувачки материи во воздухот, што негативно влијае врз здравјето на населението и врз квалитетот на животната средина - објаснува професорот по метеорологија.

За Спиридонов, аерозагадувањето во Скопје и во другите урбани средини е сериозен предизвик кој бара мултидисциплинарен пристап и активна координација на сите чинители.
Тој посочува и некои иновативни решенија, на пример, современ систем за прогноза и најава за квалитетот на амбиентниот воздух, врз основа на кој би се носеле одредени превентивни мерки.



- Краткорочните мерки – Тоа се брзи и динамични активности кои се воведуваат со цел да се ублажи и контролира аерозагадувањето во најкраток можен период. Овие мерки се применуваат за да се одговори на акутните ситуации кога загадувањето на воздухот достигнува високи концентрации, особено во урбаните подрачја како што е Скопје.

Дополнително, во насока на превентивно дејствување би можело да се размисли околу воспоставување Информативен систем за прогноза и најава на аерозагадување.

Овој систем опфаќа:
- Модернизација на мрежата за мониторинг преку дополнителни станици за PM2,5, PM10, NO₂ и CO во критични урбани зони.
- Развој на оперативен атмосферско-хемиски модел за прогнозирање на аерозагадувањето до 7-10 дена однапред.
- Користење на податоците од Европската програма Copernicus и CAMS за регионални прогнози на загадувањето усогласени со ЕУ-СЗО стандарди.
- Подготовка на Оперативни билтени за аерозагадување: Дневни извештаи со индекс за квалитет на воздухот и препораки за заштита, особено за најранливите групи врз основа на податоците од мониторингот на МЖСПП за квалитет на амбиентниот воздух и прогностичките билтени.
- Оптимизација на мерки: Прогнозите ќе овозможат категоризација на мерките и насочување на активности за намалување на емисиите.

Со неговата брза имплементација ќе се овозможи подобро информирање на јавноста преку временски приказ на AQI за Македонија и поддршка на Владата за носење соодветни мерки засновани на секојдневните прогнози за аерозагадување. Дополнително, во рамките на активностите МЖСПП, Планот за чист воздух за 2020 година, развиен е ПМ-АЛАРМ, систем за моделирање на квалитетот на воздухот, базиран на атмосферско-хемиски модел WRF-Chem, кој ги вклучува емисиите на гасови од антропогени, биогени и фосилни горива, вклучувајќи и мобилни извори. Системот е развиен од научници од ФИНКИ – УКИМ, а симулациите се извршуваат на процесирачките капацитети на ФИНКИ.

Апликацијата за визуализација на моделот, како и мобилните апликации се развиени од страна на ИНТЕЛИГЕНТА ДОО. ПМ-АЛАРМ овозможува детална прогноза на времето и аерозагадувањето со висока резолуција преку регионален домен што ја опфаќа Македонија и три други избрани домени што добро одговараат на организацијата на мерењата за квалитет на воздухот во Македонија. Оваа апликација е од голема корист за државата и институциите за преземање заштитни и превентивни мерки за намалување на штетните последици врз здравјето на луѓето предизвикани од аерозагадувањето. Овие мерки, доколку се применат координирано, ќе овозможат краткорочно намалување на загадувањето и подобра заштита на здравјето на населението.



Исто така, како превентивни краткорочни мерки во услови на екстремно аерозагадување може да се размисли за привремено ограничување на емисиите, воведување зони со ниски емисии и ограничување за возила со висока емисија при екстремно загадување, намалување на активности во индустриски капацитети со висока емисија во критични периоди, засилени инспекции за спречување нелегално согорување отпад и употреба на неквалитетни горива, јавна едукација и информирање, преку кампањи за подигнување на свеста за здравствените ризици и начини за заштита, како и дистрибуција на заштитни маски за ранливите категории на население. Овие мерки се клучни за ефективно и брзо справување со аерозагадувањето во урбаните средини, истовремено поставувајќи основа за долгорочни решенија.

Среднорочните административни мерки против аерозагадувањето претставуваат регулаторни и управувачки чекори чија цел е воспоставување трајни промени преку примена на законодавство, строги инспекции и ефикасна администрација. Овие мерки се фокусираат на создавање системска рамка што ќе ги поттикне граѓаните, индустријата и институциите да го намалат својот удел во загадувањето на воздухот. Еве неколку потенцијални среднорочни административни мерки кои веќе се интегрирани во Акцискиот план и Програмата на Владата и МЖСПП за намалување на аерозагадувањето

-------------
nesluchajno ne veruvam vo sluchajnosti<>sekoja sluchajnost e kontrolirana



Коментари:
Постирано од: pajser
Датум на внесување: 17.Јануари.2025 во 09:22
Греење: Ограничување на употребата на биомаса и јаглен во урбаните средини, субвенции за премин на еколошки системи за греење и стандарди за печки со ниски емисии.
• Сообраќај: Воведување зони со ниски емисии, промоција на јавен транспорт и електрификација на возила.
• Индустрија: Поставување филтри за прочистување на емисии, ригорозни инспекции и поттикнување технологии со ниски емисии.
• Отпад: Забрана на отворено горење, зголемување на рециклирање и образовни програми за правилно управување со отпад.
• Контрола и мониторинг: Поставување станици за мониторинг и развој на платформи за известување.
• Едукација: Обука за индустријата и кампањи за граѓаните за намалување на загадувањето.

Системските мерки се долгорочни и интегрирани решенија кои се насочени кон структурни промени и подобрување на условите за контрола на аерозагадувањето преку вклучување на различни сектори и надлежни институции.

Во насока на системско решавање на проблемот со аерозагадувањето, Владата и МЖСПП изработија „Програма против загадување на воздухот 2024-2030“, чија цел е намалување на емисијата на цврсти честички во урбаните средини. Меѓу клучните мерки се: когенеративни гасни централи, примена на ефикасни системи за греење, контрола на емисиите од домаќинства и индустрија, забрана за палење недозволени материјали и горење стрништа, и унапредување на јавниот транспорт со возила без директни емисии.



Долгорочно би можело да се насочат плановите во однос на инвестиции во зелени технологии, премин кон обновливи извори на енергија, модернизација на јавниот транспорт, урбаното планирање, проектирано (пренасочено) првенствено кон северниот дел од скопското подрачје, едукација на населението, подобрување на енергетската ефикасност, справување со отпади, дигитализација и воведување паметни системи за мониторинг и управување со квалитетот на воздухот, законски реформи согласно ЕУ, меѓународна соработка и др. - образложува проф. д-р Спиридонов.
Спиридонов, заедно со уште двајца колеги - Стефан Стефанов и покојниот Чало Чаловски, во соработка со водечкиот професор од Универзитетот во Јута, Норихико Фукута, пред 20 години создадоа изум со кој може да се растера магла при негативна температура на воздухот и кој би можел да помогне при справувањето со аерозагадувањето во овој период.

Професорот Спиридонов за „Факултети.мк“ вели дека тоа е само една од алатките што би можеле да придонесат за ефективна борба против загадувањето, но која би се користела кога ќе се исполнат одредени временски услови.

- Контрола на аерозагадувањето во урбаните средини може да се воспостави и со примена на техниката за расчистување на магла, метод првично развиен од страна на професорот Норихико Фукута. Технологијата со негова согласност е модифицирана и патентирана во Македонија, со носителот на апликацијата, Технички гасови и поддршка за оперативно спроведување од страна на тимот од УХМР.

Апликацијата доби многубројни награди, Патент на годината 2000 во Македонија, златен медал со назнака на ЕУРЕКА-2000, и Гранд при на изложбата за иновации GENIOUS-2002 во Будимпешта.
Постапката работи на принцип распрскување сосема мали количини течен CO2 во преладената магла и загадена средина, кој ја менува агрегатната состојба на маглата, иницира одредени термодинамички и микрофизички процеси во маглата, процес на хомогена нуклеација, раст на ледените кристали во текот на постапката, постепена дисперзија и таложење на покрупните кристали на земјината површина. Во услови на погуст и подебел слој на магла во скопското подрачје, кога температурата на средината е пониска од 0 С, ефектот е поизразен. Притоа, со сосема мала количина на течен CO2 се расчистуваат големи пространства. Постапката за растерување преладена магла овозможува три значајни ефекти: зголемување на сончевиот сјај при утрински оперативни активности, температурата на воздухот и топлината и менталната хигиена, намалување на негативните ефекти и токсичноста на воздухот и подобрување на хоризонталната и вертикална видливост - истакна Спиридонов.

Дополнителни иновативни мерки за ублажување на аерозагадувањето во урбаните средини, кои се базираат на природни процеси и физички принципи, според Спиридонов би биле: таложење, засејување, вентилирање, термичко загревање, користење електростатско таложење, ултразвук и слично.

- Иако нивниот потенцијал за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух е значителен, тие не се доволно истражени во нашиот регион. Затоа, директната примена на овие мерки бара прецизно разбирање на локалните климатски, географски и урбани услови, тестирање и верифицирање на постапката пред нивно имплементирање - вели тој.



Спиридонов сподели искуства како светските мегаградови се справуваат со аерозагадувањето.
- Според искуствата и практиките во светот, постојат разновидни иновативни решенија за подобрување на квалитетот на воздухот во градовите:
• Урбани градини и зелени површини
• Ветро-пропусници (ветрови-тунели) и оптимизација на урбаниот дизајн:
• Паметни системи за управување со сообраќајот:
• Зони со ниски или нулта емисии
• Промоција на јавен превоз и немоторизиран транспорт;

Така, на пример, едно од иновативните решенија во урбаните средини како Скопје би можело да биде создавање ветро-пропусници (ветрови-тунели) со оптимизација на урбаниот дизајн. Стратешкото планирање на градовите кое ја оптимизира циркулацијата на воздухот може да помогне за дисперзија на загадувачите.

На сликата е прикажан прототип на дизајн на улици со природни коридори за вентилација или зелени појаси што насочуваат струење на воздухот.



Токму такво иновативно решение најавиле градските власти во Сеул, Јужна Кореја. Нивните планови се насочени за создавање на првата „шума со канализирање на ветерот“, засадувајќи дрворед покрај реките и патиштата за да го канализираат воздухот во центарот на градот и да се искористи физичкиот принцип на создавање ветер со помош на силата на градиентот на притисокот.

На сличен начин би можел да се воспостави систем со зелен појас на горното течение на реката Вардар кај Сарај, сѐ до долното течение во урбаниот дел кон Лисиче на исток. Се очекува овој природен коридор со шума да ја интензивира апсорпцијата на аерозагадувачки честички, додека разликите во притисокот да обезбедат засилен градиент и западно-северозападно струење во центарот на Скопје .



-------------
nesluchajno ne veruvam vo sluchajnosti<>sekoja sluchajnost e kontrolirana


Постирано од: pajser
Датум на внесување: 17.Јануари.2025 во 09:24
https://www.fakulteti.mk/mobile/news/17012025/prognoza-koga-kje-ima-zagaden-vozduh-vetrovi-tuneli-rasteruvanje-na-maglata-profesorot-i-meteorolog-vlado-spiridonov-spodeluva-merki-protiv-aerozagaduvanjeto
,,,link do tekstot,,,

-------------
nesluchajno ne veruvam vo sluchajnosti<>sekoja sluchajnost e kontrolirana



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk