Испечати | Затвори го прозорот

ЕДНА МОЈА АВАНТУРА

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Стил на живот
Име на форумот: Образование
Опис на форумот: Улично, основно, средно, високо...
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=27910
Датум на принтање: 29.Март.2024 во 02:25
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: ЕДНА МОЈА АВАНТУРА
Постирано од: Azemina L
Наслов: ЕДНА МОЈА АВАНТУРА
Датум на внесување: 06.Август.2018 во 16:05
Тоа се случи летоска, во еден сончев, саботен ден. Облеков стари алишта и тргнав кај тетка ми за да ќ помогнам во чистење на куќата и дворот. Само што стапнав на тротоарот, слушнав силен вик од женски глас:
Помооош! Умирааам!
Се колебав само за миг. Помислив дека се тепаат маж и жена. Помислив што можам јас да сторам, но трчав натаму. Гласот пак го слушнав. Доаѓаше од влезот на зградата оддалечена околу триесет метра. Ми се чини дека стигнав во следниот миг. Влезот имаше двокрилна врата. Едната рамка беше од стакло. Внатре, на подот лежеше девојка колку мене и плачеше. Околу неа – парчиња стакло.
Помагај, сестро! Искрварив! – ме погледна молбено.
Само што помислив како да ја кренам, стигна еден човек. Тој ја фати под мишките, а јас за двете нозе. Ја изнесовме на главната улица. Им мафтавме на возачите, ама никој не застануваше. Наеднаш сопре еден автомобил. Тоа беше еден мој поранешен наставник. Веднаш ја сфати ситуацијата.
Жено, излегувај! – ќ се обрати на неговата сопруга. Таа излезе, а на седиштето ја поставивме девојката која не прекинуваше да плаче и да ја притиска длабоката исекотина на задниот дел од бутот. Човекот што ми помогна си замина.
Ајде, влегувај! – ми подвикна наставникот.
Јас без да размислувам влегов и се прилепив до девојката.
Вардете само на јамболите на задните седишта! Сега ги зедовме од перење. – рече и се упати кон болницата.
Јас сеуште не бев свесна што се случува, но знаев дека беспоштедно треба да ќ помогнам на повредената.
Стигнавме пред одделот „Хирургија“
Јас заминувам, а ти снаоѓај се, - ми рече. - И жена ми не е баш добра, морам да побрзам.
Мојата авантура почна од моментот кога излегов од нашиот двор, но сега веќе станав свесна за тоа: морав сама да ја однесам девојката. Клекнав до неа, со десната рака ја фатив под колена, а со левата под двете мишки зад грбот.
Не можеш да ме кренеш! – викна девојката плачејќи.
Можам! - викнав и јас, силно и самоуверено, и се поткренав. Високо ја поткренав. Стигнав до вратата од болницата и морав со десната нога да клоцам за да ја отворам. Во ходникот: докторка, две сестри и болничар. Јас со последните сили стигнувам до нив, а тие велат:
Внеси ја во амбулантата, тука право, а потоа десно. Едвај стигнав до креветот за преглед и ја спуштив.
Нозете и рацете ми се тресеа. Отпосле ми се тресеше и целото тело и на крајот, кога излегував надвор веќе почнав да плачам. Не знам зошто, но знам дека некој внатрешен глас ми говореше дека, да се помага во тешкотија е хумано дело кое не бара возврат.
Многу пати по тој ден се разминувавме со девојчето. Веројатно заради стресот не ме запаметила, а јас не и кажав до денешниов ден.
Тоа беше само една моја авантура.



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk