Испечати | Затвори го прозорот

Подла измама - внимавајте!

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Стил на живот
Име на форумот: Хуманост на дело
Опис на форумот: Љубовта ќе го спаси светот! Човечноста спасува, олеснува и облагородува животи! ДоброЧинителството мотивира да живееме за доброто на другите! Овие три нека бидат смисла на нашитe животи.
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=27244
Датум на принтање: 28.Март.2024 во 11:02
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: Подла измама - внимавајте!
Постирано од: Stee
Наслов: Подла измама - внимавајте!
Датум на внесување: 08.Август.2014 во 15:53
Следново писмо го прекопирав од off.net.mk, мислам дека треба да го прочитаат сите добронамерни луѓе. Накусо, станува збор за подла измама - издавачот Медија Планет продава свои списанија и сликовници со лагата дека 50% од цената на списанието оди за хуманитарни цели. Во стварноста тоа се само 10% од чистиот приход - пазете, не 10% од цената на списанието, туку 10% од чистиот приход. Чист приход, за оној кој не знае, е цената на списанието минус трошоци за големите плати во Медија Планет, хонорари за авторите на текстовите, трошоци за уредување, печатење и дистрибуција, трошоци за ваму-таму, трошоци за баби, стрини, братучеди, па што ќе остане се дели 90% на Медија Планет, а остатокот од 10% за хуманитарни цели.
Добар е советот на крајот од писмото - не го купувајте списанието од Медија Планет, туку директно уплатете 10 денари или повеќе на сметка на напишаното хуманитарно здрение. Ем хуманитарно мнгоукратно повеќе ќе помогнете отколку да го купите списанието, ем нема да ги товите тие лажговците од Медија Планет.
Ме интересира дали некој купил списание од Медија Планет? Што мислите за ова?

Еве го писмото:

Си се обврзав да разгласам на релеванти страни за една долна, подла измама. Толку подла, што ми се превртува во стомакот секојпат кога ќе помислам на тоа.
Постои една наша (за жал), македонска издавачка куќа наречена „Медија Планет ДОО Скопје", која издава печатени списанија... ако можат така да се наречат. Тоа се „списанија" и „сликовници" од само неколку странички, која ги продаваат културни девојки и момчиња кои ве застануваат на улица или ви влегуваат во канцеларија на работа, со приказната дека голем дел од приходот од продажбата на списанието оди во хуманитарни цели. Првиот пат (јануари 2014) ми понудија „списание" Lady's Planet со 28 странички во мал формат (помал од B5), по цена од 100 денари, со прикаска дека половина од цената оди во хуманитарни цели. На последната страна од Lady's Planet пишуваше „дел од приходите од продажбата на списанието Lady's Planet се помага работата и проектите на здружението „Нов Живот" – Штип", а беа напишани и неколку реченици за целите на здружението „Нов живот" – помагање на лицата заболени од рак.
Дадов 100 денари од чисто хуманитарни побуди, бидејќи содржините внатре беа типични за женско списание и воопшто не ме интересираа. Ме јадеше црвот на сомневањето, па се јавив во здружението „Нов живот" да прашам колкав дел од приходот од списанието оди за помагање на здружението. Се шокирав кога ми кажаа дека тоа се само 10% од приходот!!! Значи не 50% од цената на списанието (50 денари), туку 10% од чистиот приход, што е многу растеглива категорија, особено кога од оние 100 денари ќе се платат сите оние културни девојки и момци во дистрибуцијата, хонорарите за авторите на текстовите, трошоците за уредување и печатење, платите на вработените во „Медија Планет" и што ли уште не...
Налутен, напишав писмо до „Медија Планет", а одговор добив од госпоѓата Драгана Михаиловиќ:
„Непријатно сме изненадени што некој од нашите вработени на овој начин продавал, во нашиот систем на диструбуција тоа е најстрого забрането, продавачот треба да го продава списанието заради неговиот квалитет и содржина, нашата продажба не треба да зависи од името на здружението со кое соработуваме..."
Со други зборови, наводно никој не им наложил на продавачите да лажат дека 50% од цената на списанието оди во хуманитарни цели, туку списанието пред се' се продава заради неговиот наводен квалитет... Многу наивно и проѕирно, па затоа повторно им пратив писмо, во кое, меѓу другото, го напишав и ова:
„Мислам дека и на Вас Ви е јасно дека Lady's Planet нема никаква шанса за комерцијален успех (покрај огромен број на такви слични списанија со слични теми и со сличен квалитет на текстовите - но со многу поголем број на страници, поголем формат и многу пониска цена), ако ја нема зад себе „приказната" за 50 денари кои одат за хуманитарна помош. Со други зборови, 100 денари за списание од 28 страници и мал формат е чист грабеж, ако голем дел од тие 100 денари не одат на сметка на некое хуманитарно здружение.За да не се случуваат во иднина вакви непријатни ситуации, би Ви предложил на задната страница од Вашето списание да отпечатите точно колкав дел од цената на списанието (или колкав дел од приходот) оди на сметка на хуманитарното здружение Нов Живот."
Се понадевав дека со ова јасно им ставив до знаење на „Медија Планет" дека не се сите глупави овци за шишање, во очекување дека ќе се откажат од арамиската продажна стратегија наречена „фаќање на карта хуманост" со лага за огромни 50% во хуманитарни цели. Но...
Пред неколку дена една културна девојка ми влезе во канцеларијата и ми понуди да купам сликовница (од само неколку странички) „во која е отпечатена, замислете, подлога за играта „Не лути се човече", а и многу други интересни содржини, а знаете ли дека дел од приходот оди за помагање на здружението за борба против церебралната парализа". На моето прашање колкав дел од приходот е тоа, одговорот беше „Не знам точно, ама мислам дека е 50%".
Погодувате која е издавачката куќа на оваа сликовничка? Да, во право сте, тоа е токму „Медија Планет"! Настрана тоа што еден од текстовите во сликовницата беше „Вонземјаните го посетиле стариот Египет" (или така некако), за онаа одамна прежвакана лага дека во гробниците од времето на фараонскиот Египет има цртежи на хеликоптери и подморници. Кој „квалитет на содржини"!?
Сè уште ми се превртува во стомакот...

Упатувам апел до сите – ако навистина сакате да помогнете, само препишете го името на хуманитарното здружение и подоцна директно испратете им 10 денари (или повеќе). Бидете сигурни дека тие ваши 10 денари ќе бидат неколку пати поголема сума на пари од онаа која би го добило од вас хуманитарното здружение во случај да купите списание од „Медија Планет".



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk