Испечати | Затвори го прозорот

Потомците на нашите во светот

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Македонија и Свет
Име на форумот: Македонци ширум светот
Опис на форумот: Новости и активности на нашинците од сите континенти
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=25504
Датум на принтање: 23.Ноември.2024 во 19:37
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: Потомците на нашите во светот
Постирано од: mungos80
Наслов: Потомците на нашите во светот
Датум на внесување: 17.Февруари.2012 во 21:25

АЛЕКС КОРМУШОВ ОД ЧИКАГО НА ДЕДОВИТЕ КОРЕНИ ВО ПРИЛЕП

Крстен бил по дедо му Алекса, кој на Водици се фрлал во американските води да го бара крстот во дваесетите години од минатиот век 

Големата прилепска заедница изградила црква со името Свето Благовешетние, како прилепската, во градот Стиллтон, во Пенсилванија во 1909 година 

Силен впечаток од Прилеп 

 

“Мајмун, свињо една, седи мадро, нужник, локум, алва, сарма, таратур...” Овие и многу други македонски зборови, не само што ги знае, туку и го познава значењето, 53 годишниот Алекс Кормушоф, бизнисмен од Чикаго со прилепски корени. Вели дека во крвта му се прилепските адети, задумани од дедо му Алекса од Прилеп. Сé уште ја празнува славата Свети Никола со посна сарма и грав на трпезата. Памети имендени славени од предците и родителите. Пали свеќа во православната црква Свети Благовештение, градена од Македонците во градот Стилтон, во Пенсилвенија, положува цвеќе на гробовите на своите роднини и ги подучува децата со историја на земјата на своите. Иако е Американец, ја негува прилепската традиција на американска почва, дури грижливо ги чува сликите на прилепчаните и другите Македонци, кои дошле во потрага по подобар живот во “ветенета земја” во почетокот на минатиот век.

Четврта генерација Кормушофи во САД 

Алекс Кормушоф е третото колено на семејството Кормушоски од Прилеп, кои заминале на печалба во Америка во почетокот на 20 век. Живее во Чикаго. Сопруг е и татко на син и две ќерки. Има брат со име Методи, а жива е и мајка му со сицилијанско потекло. Стручњак е за подготовка на проекти за отстранување на слабости на фирми пред банкрот. Кажува дека градоначалникот Марјан Ристески покажал љубезност, откако разбрал дека во Прилеп дошол некој Американец со прилепска “крв”. Бил изненаден од гостољубивата душа на прилепскиот татко. Размениле мислења. Се пофали дека добил и подарок со амблеми, ЦД и сувенири, покрај ширденот за ручек. При престојот во Македонија на групата наши иселеници и американски бизнисмени со македонско потекло во поддршка на Македонија, тој го задоволил љубопитството и ја побарал семејната лоза Кормушоски на родната грутка на дедо му и неговите браќа и сестри во Прилеп. Запознал подалечни роднини од семејеното дрво, кои останале во Прилеп, а некои се отселиле во Скопје. Бил на Варош, одкаде потекнувале неговите. Воодушевен е од Прилеп, местото на младоста и детството на дедо му. Вели дека ќе ги носи во Америка импресиите за тутунот и богатството културно историски споменици. Впечатливи биле скелињата за сушење тутун, манастирите и црквата Свето Благовештение, изградена под истото име во градот Стилтон. Градската саат кула ја доживеал како кривата кула во Пиза, а воздишки му предизвикувал плоштадот Александрија и Алејата на славните. Се изненадил од “танцот” на пајките во Паркот кај Судот. Крстен е по дедо му Алекса, кој, заминал во Америка кон почетокот на 20 век. Отседнал и создал фамилија во градот Стилтон во Пенсилванија. “Коските” ги оставил таму, а последните години ги врвел со бројници в раце. Алекс бил растен во прилепски дух. Затоа ги одржува адетите. “Наследството” традиција му го всадувала и баба му, иако била Романка. Таа го одгледувала и воспитувала, додека родителите Ѓорѓи и мајка му работеле. Дедо ми, како многу други емигранти, со двајцата, заминал во Америка околу 1900 година. Беше касап. Се сеќавам на касапницата. Другиот негов брат беше чевлар. Имаше Македонци, кои имаа ресторани. Некои беа пекари. Во градот Стилтон беше македонската заедница. Изградиле православна црква да биде срж на националниот и православниот идентитет што ги обединувал Македонците во арно и во лошо во туѓина. Бидејќи мнозинството биле од Прилеп, црквата, која и денес постои, ја нарекле по големиот прилепски храм Свето Благовештение. Лани се славеа сто години. Ги чувам сликите од градителите на ставањето темели. Дедо ми беше посветен да ги одржува обичаите од Татковината. Скокаше во мраз студените води да го фати крстот, фрлен од свештеник на Водици во јануари. Дел од Македонците учествуваа и во Втората светска војна, борејќи се против фашизмот под американско знаме - кажува американецот со прилепски ген Алекс. Семејството Кормушофи го празнувало на семејниот ден Свети Никола со посни сарми и грав по македонски рецепт. Останало и денес да се постила посна трпеза за празникот. Пред Велигден се постеше, а вечерта во сабота одевме в црква и се кршевме со црвени варени јајца. Дента со родителите собиравме јајца со посети на роднините. Тоа беше голема радост. За Василица се вртеше кора со паричка. Не се славеа родендени, туку имендени. Доаѓаа роднини и велеа “Честито име” на именденот на дедо ми и неговите браќа, а после и на татко ми. Заигруваа и оро на некоја песна - се сеќава Алекс на детството минато во дедовата куќа. Памети по некои македонски зборови. Во меморијата му оставиле печат повиците на баба му која му викала свињо една, мајмун, мочко, седи мадро кога бил немирен. Не ги заборава ниту вкусовите на сармите од расол и толчени пиперки во дрвен аван. Се засладувал со алва и локум, а баба му за тоалет велеле нужник. Била мераклија да пие турско кафе. Баба ми со нунката умееа да прават и цигари. Наоѓаа од некаде тутун и го сечеа и виткаа во цигари го сушеа и стануваа цигари како кубанските. Велеа дека тоа им било знаење од дома - пренесува Алекс. Алекс ги почитува предците. Понекогаш ги закитува со цвеќе и пали свеќа на гробовите со мермерни плочи, слики и имиња на роднините на гробиштата во Стилтон, во близина на црквата Свето Благовештение.



-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев



Коментари:
Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 17.Февруари.2012 во 21:26

СЕМЕЈСТВО НА АНКИЦА И ГИДОН И ЖИЛ

ПРИЛЕПЧАНКА И ФРАНЦУЗИН ВО КАЗАБЛАНКА

Христијанка и католик во муслиманска земја 
Се забавуваат во приватни клубови и плажи 
Пријатно ми е да се вратам, но мислата ми е кај семејството во Мароко

Прилепчанката Анкица има 38 години. Сопруга е на Жил Гидон и мајка на Елена и близнаците Адријан и Дамјан. Живеат во Казабланка,  Мароко - во Африка. 
Веќе осум години Анкица е "одлетана" од Прилеп и љубовта кон Жил ја "закотви" во Мароко. Но, како птиците преселници, секоја година се враќа тука да си ги види најмилите. Работата во невладината организација во Скопје, пред да појди во Шпанија, не ја инспирирала за да остане во Македонија. 
- Во Шпанија учев шпански јазик. Неколкупати ја посетив пријателката во Казабланка,  и се запознав со сопругот, кој е католик , францизин. Љубовата ја крунисавме со брак. Сопругот е трета генерација од фамилијата, кои живеат во Африка. Уште дедо му живеел  таму, во времето на протекторатот  - кажува Анкица, чиј сопруг  е во Прилеп, кој не го запознавме заради повредата на ногата. Но, ги запознавме неговите родители. Интересни луѓе кои се воодушевуваат на се што отскокнува од архитектура, макети, споменици во градов. 
Анкица, во Африка ги запознала боите на пустината, мирисот на муслиманството, вкусот и навиките на француското, здивот на другите националности. Навикнала на живот во шаренолик систем, во земјата со други обичаи.

СЛУГИ СЕ УШТЕ "ЦВЕТААТ" ПО ДОМОВИТЕ

- Мароко е муслиманска земја. Религијата е заштитена од државата. Луѓето имаат обврска на почитување на верата. Казабланка е богат град, познат по филмот со Хемфри Богарт. Живеат околу 17 - 18 илјади французи, кои се најбројни. Официјални јазици им се арапскиот и францускиот. Документите се изработуваат на двата официјални јазици. Мароко е кралство. Кралот Мухамед шести е сега на власт. Пред неколку години била француски протекторат. Французите оставиле траги, но повеќе немаат влијание. Сите одлуки  на владата и парламентот  ги потврдува кралот. Тој ја има најголемата моќ - објаснува Анкица. 
Таму нема средна класа. Само  богати и сиромашни. 
- Има предност што секој може, да има жени за помош, да помогнат или возачи кои го олеснуваат животот во голем град. Сé е организирано, зашто училиштата се далеку и децата мора да одат со кола. Секоја куќа си дозволува да има некој што им помага. Тоа е убаво и за нивната класа, зашто сиромашните нема од што да живеат. Тоа се слуги, кои ги има во секое поимашливо семјство  - вели Анкица.

СЕ ДРУЖАТ САМО ВО ПОСЕБНИ КЛУБОВИ И ПЛАЖИ

Задоволна е од животот со сопругот и од фамилијата. Се дружи со странци, зашто македонки се само две во Мароко. Забавата е по скапи приватни клубови каде треба да се зачлениш. 
- Се комуницира нормално со луѓето, но само со онаа класа на луѓе на кои припаѓате. Казабланка е околу шест милиони жители. Освен Мароканци, најмногу има Французи, па Англичани, Американци, Италјанци. Ние се дружиме со другите националности. Излегувањето е претежно по плажи, зашто не се излегува како овде. Децата не може да се остават да играат надвор. Има голем сообрајќај - забележува Гидон. 
Во Мароко се живее од туризам, од  рудници  за фосфат, и доста приватни бизниси. 
Анкица таму работи во сопствена Агенција за недвижности. Сопругот е инженер по информатика во осигурителна компанија. 
-  Има голема невработеност. Работев во нивни фирми, но се работи од 8 до 12 и од 2 до 6.30 часот. Немав време за децата и основав  фирма и работам со странски компании - рече Анкица.

ПРОШЕТКИТЕ ЈА "ГАСНАТ" НОСТАЛГИЈАТА КОН МАКЕДОНИЈА

Во близина на Мароко е Сахара. Прошетале таму, како и низ Мароко, Шпанија и Португалија. Желна е да ја виде Франција, земјата на сопругот, да ги запознае роднините. 
- Најголемиот туристички град во Мароко е Маракеш. Во друштво со водич и џипови сме  биле и на дините во Сахара. Низ пустина никако сам. Интересна е климата во Мароко. Ги има четирите годишни времиња, само што место зима има есен со температури максимум до 15 степени. Снег има само на најголемата планина Атлас. Се издржува и жештината во лето. Казабланка пак, излегува на Атлански океан, и климата е многу влажна. Се навикнува на сé - рече Анкица Гидон. 
Таа го зборува францускиот јазик, децата француски и македонски.  Сопругот  разбира и македонски, ама потешко го говори.  Со Франција ја спојува, покрај јазикот, кој го говори, и потеклото на сопругот и француската кујна. Вели дека е порафинирана со живо месо. 
- Бидејќи фамилијата од сопругот се французи конзумираме француски јадења. Во Мароко храната е слична на нашата кујна, со месо, зеленчук, овошје, позачинети. Децата јадат, а јас потешко се навикнувам на нивните јадења - вели Анкица. 
Чувствува носталгија, иако животот тече и ја носи во друга насока. Бидејќи нема многу Македонци да разговара за Македонија, како да í затајува носталгијата. 
- Друго е кога доаѓам тука да ги видам родителите.  Но, работата, најблиските ми се таму. Секогаш сакам да се вратам овде и ми е пријатно, но обврските ми даваат друга насока и живеам друг динамичен живот. Децата многу се радуваат овде, особено поголемата Елена, која има другарчиња во Прилеп. И мене тука ми е полесно, зашто начинот на живот ми е познат - објаснува "мароканската" прилепчанка.

ПРИЛЕПЧАНИ ПРИЈАТНИ ЛУЃЕ

Свекорот  Ален е општ доктор во францускиот и американскиот конзулат. Со свекрвата Жармен Гидон го засакале Прилеп и Македонија. 
- Премногу е убаво. Различно е, и е многу поинаков животот. Луѓето се пријатни за дружење. Само што ќе стигнете, веднаш викаат "Добар ден", поздравуваат и да се туѓинци и да не ги познаваат ги поздравуваат -  велат родителите на Жил, свекорот и свекрвата на Анкица.



-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев


Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 17.Февруари.2012 во 23:21


МЕЧТААТ ЗА ЉУБОВ ПОД ЛИПИТЕ
 

Светлана била болна и успеала да го победи канцерот, а Фреди е стоматолог во државна болница, а вонредно работи во приватна стоматолошка ординација 

Домот е каде што ти е срцето. Ако срцето се исполни со хармонија, благодет, љубов - тоа е домот

Во Африка ја одведоа животните води прилепчанката Светлана Галоња Семакула (54). Бракот со африканецот, омилениот стоматолог Фредерик Семакула, се негуваше во љубов и хармонија 15 години. Брачниот брод пред 11 години тргна од Прилеп да најде пристаниште во престолнината на Уганда, Кампала. Прилепската љубов од липите цвета 32 години. Дел под палмите во централноафриканската земја. Ново гнездо сви на родната грутка дипломираниот стоматолог од скопскиот универзитет, Фреди, како што сите го познаваа забарот со црн тен од Прилеп. Покрај нив е “прилепчанката” Ангела - нивната ќерка, матурантка. А 27 годишниот син Ѓорѓи, роден во Прилеп, живее и работи во Шведска со неговиот прилепски вујко Дејан.

Во семејното гнездо и четири сираци

Социјалниот работник од поранешната фабрика Билјана, Светлана, се грижи за семејството, кое, покрај ќерката, го сочинуваат и четири сираци од блиски роднини на Фреди кои починале од сида. Фреди е стоматолог во државна болница, како и во Прилеп. Работи вонредно во приватна стоматолошка ординација за надополнување на семејниот буџет. Светлана раскажува дека била болна и успеала да го победи канцерот. Дава придонес во афирмација на хуманитарни акции во асоцијацијата за борба против ракот. Во два милионската Кампала обиколена со џунгли и метеж од целото животинско царство, карактеристично за Африка, особено со крокодили, Светлана жали за Прилеп, иако е во контакт со пријатели секојдневно со интернет. Пријателите ми ја ублажуваат болката за моите починати родители. Ми даваат морална поддршка. Разговараме, се мајтапиме преку интернет. Ми го доловуваат градот во кој не сум била четири години, а ме трга носталгија. Ќе дојдам пак да се прошетам по калдрмата на сокаците на Старата чаршија. Сакам да ме “опие” мирисот на сушен тутун. Ме влечат корените, иако не се жалам дека не живееме добро. Разговараме со Фреди, третото доба да го минеме пак во градот на моето детство, на мојата младост. И него го врзуваат пријатни спомени на младоста. Фреди е дружељубив. Имаше многу пријатели во 15 годишниот работен стаж во градот под Марковите кули - вели Светлана, која најавува дека ќе ја донесе ќерката со африканска култура, да го види родниот град каде е одгледувана. Живеат во изнајмена куќа во Кампала. Кажува дека ја одржува традицијата. Покрај акциите за донации за асоцијацијата, ги негува православните адети со посетување на христијанска црква во земјата, која 80 отсто е христијанска. Жилаво и храбро се борела од нападот на рак.. Го правам редот како мајка ми за Божик и Велигден. Во христијанската црква ја ублажувам “духовната” глад, се причестувам, иако има и православна, која е, подалеку. Најдувам душевен мир, се храбрам да не ме јаде неизвесноста, по болеста. Тажам за починатите родители и треперам во радост од семејната среќа на децата. Сакам син ми да се одомаќини, да се ожени, да создаде фамилија, и да станам баба, макар што уште учи и работи. Не сме одлучиле каде ќе продолжи ќерка ми. Приготвувам македонски јадења. Ангела сака ајвар, но тешко е тоа оти нема црвени пиперки, само бабури. Инаку, има српска заедница која брои над 200 души. Тие се побројни и готват српски специјалитети, блиски на нашите - вели Светлана.

Прилепски тертип на црниот континент

Прилепчанката, која едно време беше и прв женски солист во прилепските групи и свиреше пијано, замина во Африка во 1999 година. Додека се надвиваасоцијално економски неприлики, ги пакувала куферите, оти тргнала транформацијата со сета жестина. Фирмите се затвораа. Капак им било бомбардирањето на Косово и бегалската криза. И Фреди го тргало срцето за “дома, на црниот континент”. Фреди замина прв да создаде семејно седело. По прилепската традиција, жената е нужно да е покрај мажот со децата. Заминавме, семејството да остане компактно и да не го следи неизвесност. Макар што во Македонија се држеше неутрална политика. Не отидовме од страв. Потоа заминавме со малата Ангела и средношколецот Ѓорѓи. На син ми му беше потешко прилагодувањето, зашто дојде во нова средина на 15 години. Тој има прилепски табиет. Растен и воспитуван е по прилепски тертипи. Потешко се прилагоди, оти имаше свои другари. Полесно и беше адапирањето на ќерката ми. Беше мала. Првите месеци секои два дена го пакував куферот за Прилеп, зашто сметав дека домот е каде што ти е срцето. Ако срцето се исполни со хармонија, благодет, љубов, тоа е домот - пренесува Светлана. Пред да го види Прилеп продолжува да одгледува деца под домашниот покрив. Не ги напушта сираците, од кои едно родено со сида. Го топли, им го заманува родителскиот скут, им дава надеж. Ги расте, лекува, воспитува, со малку македонска култура...

БАВНО ТЕМПО НА ЖИВОТ

Во Уганда не е поразлично од другите африкански земји. Се живее пристојно во бавен ритам. Жителите пулсираат низ звуците на националниот тапан. Климата е тропска, со топли зими и убави лета со температура до 28 степени. Земјата е пред големи предизвици во трансформацијата. Чекори напред во демократскиот и економскиот развој, со странски инвестиции и приватизација и децентрализација. Наезда туристи предизвикуваат изворите на реката Нил, а разновидната африканска флора и фауна и богатството природни ресурси, мамат не само авантуристи, туку и луѓе од бизнисот кои наоѓаат почва за профит. Белците се необично почитувани, иако не се повеќе од еден милион. Временската разлика е само еден час понапред од кај нас. Животниот ритам во африканската земја е потром во споредба со Европа. Сé оди бавно меѓу 22 милиони луѓе во нацијата која е во прогрес. Нема семејство без минимум пет деца. Тоа им е култура и традиција. Покрај јазиците на повеќето племиња, од кои доминира Ваванду, официјално се зборува англиски. Жителите главно се христијани - католици, протестанти и православни. Малку има муслимани, а се негува и хинду верата на Индијците.

ВО МИСИЈА ЗА ПОМОШ НА ГОРИЛА

Еден месец Светлана Галоња Семакула ќе оди во соседната држава Руанда во Националниот резерват за заштита на горила. Мисијата за помош на животните прилепчанката ќе ја спроведе со желба за подобрување на условите и придонес на човекот за одржување на одредени видови животни. Помагањето на животните, Светлана вели дека ја релаксира и ја прави среќна кога може да помага.



-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев


Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 17.Февруари.2012 во 23:36

Т'ГА ЗА ПРИЛЕП 

Потомокот на аптекарското семејство Симиџиоски, Даниел Мелвил се врати од Швајцарија дома 

Пензионерските денови ги минува во преводи на својата необјавена литература 

 

“Се вратив по 42 години од Швајцарија со сопругата Даниела, со француско потекло, оти се чувствувам Македонец и патриот. Таму живеев физички, но секогаш во срцето ми беше Татковината, Прилеп. Емотивно живеев во Македонија. Ме влече Прилеп. Никогаш не го заборавав. Бев носталгичен. Што би рекол Миладинов, “т'га за југ”. Вака ја отвора душата 72 годишниот повратник од Швајцарија во родниот град, Даниел Мелвил, чие презиме по родителите му е Симиџиоски. Тој е потомок на аптекарската традиција на семејството Симиџиоски, а новото презиме го зел од практични причини. Веќе пет години “пак” е прилепчанец. Пензионерските денови ги минува во градот на својата младост по 42 години гурбет во Франција и Швајцарија. Бил градежен работник, дератизер на париската канализација... Работниот век го завршил како промотор на медикаменти за швајцарска компанија, одржувајќи ја семејната традиција на фармацевти, носена од дедо му и предадена дури на неговиот син Дамјан, кој загинал во Швајцарија пред 20 години. Неколкупати доаѓал во Прилеп, но се враќал пак. Располага со дарба за пишан збор, што се гледа од богатиот речник при разговорот. За сопствената душа пишувал раскази и друга литература на француски. Сега ја преведува на македонски, создавајќи материјал за печатење.

Прилеп е претворен во друг свет 

Не му е лесно да ја одреди разликата меѓу Прилеп и Швајцарија. Заминав од еден свет во 1959 година и се вратив во Прилеп пред пет години во друг свет. Тешко ми беше, но врската, како папочна, никогаш не се скина, иако многу пријатели од гимназиските денови починале. Првин ми беше малку непримамливо. Светот кога заминав беше еден, а сега Прилеп е друг град. Локалните власти вложуваат напори да го подобрат изгледот. Градот е демократски, како целата земја. Може слободно да се зборува, што во времето на диктатурата на пролетерјатот не можеше ни да се сонува и за што луѓе беа затворани. Се радувам што градот расте, се развива, се дотерува, се градат улици, булевари, плоштади, современието влегува со брзи чекори. Со сопругата живееме повлечено, оти таков ни е табиетот. Задоволни сме и среќни - вели Даниел. Пензионерските денови Мелвил ги минува во преводи на свои разкази, романи, политички сатири за денешнинава, кога светот тргнал на уживање и така може да пропадне, фантастика, авантури што сам ги создавал на француски. Малку има отпечатени литературни трудови на француски јазик, оти пишувал за лично задоволство. Бев инспириран да пишувам за Македонци, за животот на наши луѓе, на туѓ, на француски јазик. Ги преведувам десетиците текстови со различни тематики - објаснува Мелвил. Тој потекнува од фармацевтско семејство. Дедо му Дамјан бил аптекар завршен во Лиеж, во Белгија. После и татако му Ицко бил аптекар. И Даниел сакал да ја продолжи традицијата преку медицината, но успеал преку промоцијата на лекови во Швајцарија. За жал, неговиот син Дамјан, кој исто така бил фармацевт во Швајцарија загинал во сомнителни околности.

Политички азил 

Заминал во Франција во 1959 година, по прекинот на студиите по медицина во Белград, поради недостиг на средства и недоразбирања со семејството. Првин живеев во Ница. Бев градежен работник, а живеев манастир. После во Париз добив и политички азил без никакви политички мотиви, оти немаше друга шанса да го легализирам престојот. Не бев комунист, ниту антикомунист. Можеби ми помогна едно писмо од некој француски генерал со кого комуницирал дедо ми, а јас го носев да ми се најде. Го покажав и добив документ за законита работа. Работев во Париз на заштитување од 'рѓа на челични конструкции на поштенски и телевизиски конструкции на височини. Бев и на бродоградилиште во Авр. Ја дератизирав париската канализација. Оти бев релативно писмен човек со матура, се вработив на контрола во фабриката Цитроен во Париз - кажува Мелвил. Таму запознал повеќе политички емигранти како Цветковиќ од последната предвоена влада. Имало малку политички емигранти. Некои сакаа да нé научат дека не сме Македонци при добивањето на визите. Дојде амнестијата на политичките бегалци, иако не знаев ништо од политика, освен за Македонија. Се вратив дома без проблеми. Влакно не ми фалеше од главата. Не најдов работа и заминава во Швајцарија да се најдам со свршеничката. Таа почина и ми го остави синот Дамјан, кој загина во 1990 година - вели тој. Студирав фармација, но не завршив од сомнителни причини. Но, станав фармацевтски промотор и работев до пензија. Застапував повеќе фирми на промоција на предимствата на лековите. Претставував лекови кај матичните и другите лекари за повеќе компании - раскажува Даниел Мелвил, прилепскиот сонародник, кој се вратил дома да ги остави “коските” на родната грутка.

Французинка прави ајвар 

Сопругата Даниела Мелвил се согласила да живее во Прилеп, по завршувањето на работниот век како професорка по повеќе предмети поврзани со филозофијата. Веќе разбира македонски. Ја совладала и македонската кујна Подготвува вкусен ајвар со денови, без нервоза, туку во релаксирана атмосфера. Ја сакам Македонија. Ме потсетува на начинот на живеење во провинцијата кога бев дете во Франција. Фамилијата има важност. Извесни вредности се почитувани. Луѓето се недисциплинирани, но знаат да живеат. Топли се и блиски, љубезни и гостољубиви. Ми се допаѓа животот. Се чувствувам релаксирана, оти живеам како што сакам, без ограничувања, слободно. Овде правам нешта што никогаш не би ги правела во Швајцарија - вели таа, која е воодушевена од Старата чаршија со ориентален амбиент. Била во повеќе градови, на гробовите на Ордан Пиперката, местото на загинувањето на Ѓорѓи Сугаре... Дојде сестра ми и го бендиса ајварот што сама го правам. Сега сами печат црвени пиперки прават ајвар во Швајцарија. Бендисувам ширдени. Не научив да ги готвам. Главно се храниме со македонски манџи - вели Даниела, која, со сопругот Даниел, двапати ги слават, по католички и по православен начин, Велигден и Божик.




-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев


Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 17.Февруари.2012 во 23:55

ПРИЛЕПЧАНКА ВО САРИ ИГРА ИНДИСКИ ТАНЦ

Прво гимнастика и јога во Загреб, современ танц во Германија

Танцот е кодиран јазик за молитви кон Бог, умот и срцето пренесувајќи приказни од историјата и индиската митологија

 

Кралицата на баратанатјам, класичниот индиски танц, настанат пред многу години со кој се пренесуваат приказни од митологијата, е прилепчанка. Николина Николески, далеку од своите македонски корени, во срцето на Индија, во Њу Делхи, на извонреден начин ги поврзува луѓето со духовноста. Небаре скулптура, грациозна, ги воодушевува гледачите со својот шарм и убавина. Таа е професионална танчарка., настапува пред Таџмахал, на бројни фестивали. Иако нејзината кожа е бела и се разликува од Индијките, таа оригинално успева да ја пренесе техниката која е спој на танцот, музиката и пантомимата. Изразот, емоциите, танцот, со типична индиска шминка и накит, облечена во сари, веќе неколку години прекрасно ги изведува молитвите за љубовта кон Бог, молитви за умот и срцето. Иако очите ја впиваат колоритноста и живописноста на Индија, на земјата позната по слоновите и зачините, длабоко во срцето ја чувствува Македонија, Прилеп и родната грутка на татка си Благоја од селото Вранче. В лето сакам да дојдам во Македонија, да го претставам индискиот танц на Охридско лето. Сакам да го видам во родното место на татко ми и да споделам со Македонците се што научив во Индија. Луѓето се шокирани од изгледот, кога ќе се каже моето име, дека не сум Индијка. Исклучително и фасцинантно сум прифатена и немам чувство дека сум странец - вели Николина Николески.

Старт со гимнастика и јога

Николина е родена во Загреб пред 34 години. Татко и Благоја од селото Вранче како офицер, заминал во Загреб. Се запознал со хрватката Ѓурга, а плод на љубовта е Николина, која од малечка ја привлекувал танцот, индиската култура, митологијата, Почнала со гимнастика, јога, завршила средно училиште за танц и ритми во Загреб. Отишла на танчарската академијата во Германија, добила стипендија во Индија, преку индиската влада. Првите студии по баратанатјам, класичниот јужно индиски танц, ги започнала во јужна Индија. Потоа се префрлила на институтот во Њу Делхи. Веќе шест години, откако е дипломирана, професионално се занимава со танцот, а подучува деца и во училишта. Уживам, ми се допаѓа оваа култура, начинот на живот, климата, секогаш е топло, сончево, со ведро небо, шарено, полно со случувања. Го сакам овој танц. Среќна сум што го остварив мојот сон. Секој е роден за нешто, за сликарство, за уметност, само прашање е кога ќе се препознае талентот и со тоа да се занимава. Ја препознав димензијата на индискиот танц како сличност со карактерот, со мојот тип на личност. Како мала не патував во Индија, ниту сум имала допир. Само гледав и читав документарни филмови и книги. Првата средба беше преку сцената. Гледав претстави и препознав блиско. Целиот процес на студии, се случуваше брзо, многу брзо учев, нов фантастичен вокабулар - вели Николина.

Танц на митологијата

Индискиот танц е еден вид кодиран јазик. Секој потег носи порака, сé е наративно и ја отсликува богатата култура, историја, митологија, еповите, приказните, поезијата, народните преданија за харемските танчарки кои танцувале за Бог, срцето, умот. За разлика од модерниот танц во Европа, кој е поатрактен и нема комуникација, пренесување на идеја, став, во Индија танцот доаѓа од историјата, од митологијата, од еповите Рамајана, Махабхарата. Се разликува по нагласокот на позитивен хепи енд, и по судирот и на крајот секогаш доброто победува. Има полесна и потопла димензија, а кореграфијата е приказна. Секое движење пренесува настан од историјата - вели Николина.

Кавалот и тапанот заеднички за Индија и Македонија

Според неа, индиската музика има сличности со македонската. Има блиско во ритамот, инструментите. Го слушав Тоше, компилации од Драган Даутовски, изворна музика. Во звукот на индискиот мелос, може да се препознае звукот на кавалот и тапанот. Ритмичноста на индиската музика потсетува на Македонија. Инструментите потекнуваат од фамилијата тапани, на кавалот - дад дам, банковач, трамблан, кавал, кој го свират на поинаков начин. Ако се направат паралели, се најдува поврзаност меѓу Индија и Македонија - вели Николески. Музиката и танцот стил на живот во индиската култура. Во секое семејство, секој знае да свири по два инструменти, секој знае да пее. Тоа се вештини како работа со компјутери, како готвењето. Секоја вечер во главниот град со 18 милиони жители има по стотина концерти, претстави. Далеку во земјата која е рај за љубителите на музиката и танцот, Николина Николески, сонува за скорешна средба со роднините во Македонија, со братучедите, тетка í, стрико í, дедо í во Скопје. Живее од танцот и за танцот.

Вежба шест саати дневно

Индискиот танц претставува сплет од различни движења. Потребни се многу вежби за работа на главата, стопалата, грациозните движења на рацете, иако температурата во Њу Делхи е 38 степени. Во принцип, танчерите имаат строг режим, дисциплина. Телото е инструмент со кој треба да се работи секој ден, да се усовршува. Вежба седум дена, пет дена по 6 саати и за викенд по 4 саати. Вегетаријанец сум од младоста . Ми годи исхраната. Овде е рај и заради нивната супер кујна, која изобилува со стотина видови овошје и зеленчук. Полесно е да се живее како вегетаријанец овде отколку во Европа - вели Николески. Покрај здравиот начин на живот, се дружи со пријатели, подготовува нови претстави и проекти. Еднаш годишно оди во Хрватска да ги посети роднините и за настап.



-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев


Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 25.Февруари.2012 во 08:35

Торонто: Најстариот жив македонец го развијори македонското знаме


Во центарот на канадската метропола Торонто, во паркот „Квинс", денеска, на Денот на независноста на републиката, се развиори македонското знаме, кое го подигна 108-годишниот Методија Тод Петков, најстариот жив Македонец на светот.

makedonsko zname

Знамето беше подигнато во организација на Генералниот конзулат на РМ во Торонто, со одобрение на високите провинциски власти на Онтарио. На свеченоста присуствуваа неколку стотини македонци кои живеат во Канада, како и голем број странски гости, пријатели на Македонија.

По овој настан, македонскиот Генерален конзулат во Торонто приреди свечен прием и масовна семакедонска прослава на која, покрај стотиците Македонци, присуствуваа и голем број членови на конзуларниот кор во Торонто, но и влијателни личности од општествениот и од политичкиот живот во Канада.

За културно - уметничкиот дел од прославата се погрижија еминентни македонски уметници и музичари од Канада, меѓу кои и пијанистот Оливер и неговата сопруга Александра Балабурски, баритонот Мартин Георгиевски, младата виолинистка Ема Николовска, професорот Васко Петровски, ансламблот за игри и ора „Македонка", уметниците Вангел Никовски и Дубравко Наумов и други.
По повод Денот на независноста на Република македонија, честитки упати премиерот на Онтарио, Далтон Мекгинги и градоначалникот на Торонто, Роб Форд.

Во Канада постојат околу 200 000 Македонци, а најголемиот дел од нив е во Торонто.






-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев


Постирано од: Messenger
Датум на внесување: 11.Август.2015 во 04:28
http://dnevnik.mk/?ItemID=06FE577613EE60478956836A73B5218D" rel="nofollow - ПОТРАГА ПО ФАМИЛИЈАРНАТА ЛОЗА



-------------
Truth needs no laws to support it. Throughout history only lies and liars have resorted to the courts to enforce adherence to dogma.



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk