Испечати | Затвори го прозорот

Во чест на Миљан Миљаниќ

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: АРХИВА
Име на форумот: Забава, разно, игри, интима
Опис на форумот: џиџимиџарница
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=25425
Датум на принтање: 28.Април.2024 во 20:57
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: Во чест на Миљан Миљаниќ
Постирано од: mungos80
Наслов: Во чест на Миљан Миљаниќ
Датум на внесување: 24.Јануари.2012 во 22:53

„Битола мој роден крај“ на закопот на Миљаниќ

Легендарниот фудбалски тренер беше погребан со звуците на познатата македонска песна

Миодраг Мицковиќ

По долгата болест замина еден од најпознатите тренери, не само во поранешна Југославија туку и во Европа, голем пријател на Македонија, Миљан Миљаниќ. Целиот свој живот го посвети на фудбалот, на неговата Црвена звезда во која ги мина најубавите години. Беше и селектор на југословенската репрезентација на Светското првенство во Шпанија во 1982 година, тренер на кралскиот клуб Реал од Мадрид, на Кација, еден од најдобрите и најбогатите клубови во Кувајт, човек од фудбалот и за фудбалот. Роден во Битола, многу ја сакаше Македонија, при секоја посета на нашата држава зборуваше македонски, имаше голем број пријатели, сигурно најдобриот во поранешниот генерален секретар на тогашниот Фудбалски сојуз на Македонија, Симо Балвански, со кого речиси беше неразделен се' до прераната смрт на Балвански.

Остана забележан и по својата отвореност кон новинарите. За него сите беа еднакви без оглед дали се работи за новинар од некој светски познат весник или од некој локален. За сите имаше време, за сите насмевка на лицето. Авторот на овој текст се сеќава на еден престој во Белград кога требаше да направи интервју како млад новинар со Миљан Миљаниќ. Таа вечер Миљаниќ требаше да замине на разговори и вечера со претставници на Реал Мадрид, па и јас бев поканет да бидам на вечерата и тоа беше извонредна можност да направам навистина ексклузивно интервју.

За Миљаниќ и неговиот фудбалски живот, за неговата блескава кариера е многу пишувано, нема нешто што не е познато. Последен пат престојуваше во Скопје на промоцијата на книгата на Илија Атанасовски.

„Ние сме големо фудбалско семејство“, рече Миљаниќ при последната средба со неговите македонски пријатели.

На закопот на Миљан Миљаниќ во Белград присуствуваа голем број познати фудбалери и претседатели на фудбалски федерации од поранешните ју-републики. Таму беа и познатиот поранешен фудбалер на Реал, Амасио, потоа Ивица Осим, Звонимир Бобан, Дејан Станковиќ, Синиша Михајловиќ, Дејан Савичевиќ, Душан Бевиќ, Иван Гудељ, една плејада на најпознатите поранешни југословенски фудбалери предводени од Драган Џаиќ. Сите дојдоа да му одадат последна почит на својот драг учител и тренер.

Од Македонија на закопот присуствуваше поранешниот генерален секретар на ФФМ, Илија Атанасовски бидејќи претседателот Хаџи-Ристески беше на службен пат во Русија заедно со секретарот Климпер. Она што најмногу остави впечаток на погребот е музиката од најпознатата македонска песна „Битола мој роден крај“ што се свиреше кога тргна погребната поворка кон вечниот дом на легендарниот тренер и потоа и музиката од „Македонско девојче“, кога ковчегот со неговите посмртни останки беше положен во гробот, што беше последна желба пред смртта на Миљан Миљаниќ.


http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=88E441C3217C554AA7B19480D58282F0



-------------
“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk