Многу често се наоѓаме себеси во ситуација да не ни се прави нешто. Тоа „нешто“, може да биде било што, одење на работа или училиште, поголем проект или мала обврска, пишување домашно или фрлање на ѓубрето, па дури самото станување од кревет некогаш ни е проблем.
Да, сите ние имаме моменти кога ќе речеме „леле, колку не ми се прави ништо“. Па, што и да е нештото кое што би требало да го направиме. Понекогаш дури и да е забавно и наше омилено „нешто“.
Што е во основата на ваквото чувство, што е тоа што ни ја блокира мотивацијата? Честопати може да се почувствуваме преплавено од мноштвото работи кои треба да се направат, па незнаејќи од каде да почнеме, мотивацијата ни паѓа на нула. Покрај оваа причина, секако „популарни“ чинители можат да бидат: стресот, анксиозноста, депресијата, недоволното спиење, ниската самопочит, стравот од неуспех и редица други. Понекогаш она што треба да го направиме едноставно не ни е интересно.
Е сега, ако слабата мотивација ви се провлекува низ подолг период, без паузи и никако да си оди, можеби треба да посетите и лекар за да проверите да не имате скриени здравствени причини за таквата состојба.
Но, не очајувајте, без оглед која и да е причината за вашата немотивираност, еве неколку совети како да ја надминете брзо и лесно.
Измерете колку ќе ве чини неисполнувањето на таа обврска
Кога неможете да се натерате да се ставите во акција, едноставно запрашајте се што ќе се случи ако не го направите тоа. Обично кога ќе ги измериме добрите и лошите страни на неправењето на нештото, добиваме негативен резултат. На пример, ако не сте мотивирани да вежбате, потсетете се на парчето торта за кое бевте мотивирани и кое ќе ви ја зголеми тежината а со тоа и ризикот од здравствени проблеми меѓу другото. Ако не ви се оди на училиште или работа, резултатот обично е повеќе обврски или материјал со кои ќе мора да се справите кога тогаш.
Дружете се со луѓе кои инспирираат
Ако сте мрзливи, според правилото „со кој си таков си“, сигурно дружбата со мрзливи луѓе нема да ве мотивира да правите нешто. Дружете се со нив кога немате обврски, а кога ги имате, одберете дружба со „луѓе од акција“.
Гледајте ја користа а не тешкотиите
Кога сте соочени со задача која ви изгледа тешка и делува обесхрабрувачки, секогаш е подобро да ја имате на ум користа отколку тешкотиите за нејзино остварување. Се разбира, тоа може да биде навистина некоја тешка задача, но не потклекнувајте, секогаш пред вас нека биде крајната цел и добивката од направеното.
Едноставно, стапете во акција!
Ова може да биде и прв и последен совет. Едноставно, фрлете се во огнот. Што подолго ја одложувате работата, толку подолго ќе ве мачат негативните мисли и премислувања. Наместо да губите време со нив, стартувајте.
Постои една изрека која вели: „Способност е она кое што сте способни да го направите. Но, мотивацијата го одредува она што ќе го направите. А ставот одредува колку добро ќе го направите тоа“.
Си ги знаете способностите. Мотивирајте се за да ја завршите работата и имајте позитивен став притоа. Ако го дочитавте текстот до крај, не мора да одите на лекар за проблемите со мотивацијата, не ви е ништо, едноставно станете и делувајте.
