Испечати | Затвори го прозорот

најдоброто од мајсторче62

Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Стил на живот
Име на форумот: Уметност , култура и традиција
Опис на форумот: Литература, театар, сликарство, дијалекти...
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=23769
Датум на принтање: 28.Април.2024 во 10:52
Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com


Тема: најдоброто од мајсторче62
Постирано од: majstorce62
Наслов: најдоброто од мајсторче62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:07
во оваа тема ќе бидат собрани сите мои песни од форумов, за кои мислам дека имаат вредност, заради поголема прегледност при редактирањето на мојата нова книга. ве молам не коментирајте.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ



Коментари:
Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:08
НЕИСКОРЕНЛИВ КОРЕН

                      Проштален говор


Црната птица на животот му дошепнала
како може сето сребро
од прегладнетите очи на СОНОТ
да го извади со обични клешти
и од него да искови клуч,
што ги отвора најтешките дверите на јавето?

А ниту татко му, ниту дедому
биле познати по вештината
со која се раѓаат ковачите на светлината.



Но имале очи - живот надрочен...

И уште:
бил раска довеана од некаде
и во полите на дреите ги носел ветриштата
што ги замрзнуваат и коските
на најстутулените мисли.

Но кој ли светец, на раѓање, му кажал
птицата бисерогласна каде да ја фати,
со каква итрина да ја намами в примка?

Песната на птицата бисерогласна
не може секој со седеф да ја опточи...

Реко, в Невратија сите што не носиш,
чувствуваш ли колку се тешки оковите
на неговата неискоренливост?

А најправин само раска бил...



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:10
И ПОКРАЈ СЕ


и покрај се, не можам да те обвинам,


од јајцето на твојата насмевка -
мојата љубов се испили
и патник стана:
патиштата на смислата да ги дооди.


и покрај се, не можам да те обвинам,

од нафорката на твоите очи
гладното чедо на надежта го заситив,
па слушам,
слушам како татни силата негова
во дамарите на сите отфрлени.


и покрај се, не можам да те обвинам:
несвесен ковачу на моето себенадраснување,
благородна птицо на мојата мисла,
нафоро неизедна на мојата надеж...


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:12
КОРЕНСКО МЕНУВАЊЕ НА НЕШТАТА

Се доселив - се преселив,
се исселив – се заселив,
се расселив - се вселив...
од некаде и никаде
од секаде и невекаде
од не знам каде,
од некај – годе,
од било каде...
секогаш нов,
секогаш почетник,
перспектива без минато
и минато без перспектива,
со ѕвезда на надеж на патот,
и меч на сомнеж над вратот,
како вечно тврдоглав јавач
на дивиот коњ на времето,
што никој не успеал да го скроти.




-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:13
СТРАВ

Експресниот воз на времето
Ги прегазува лугето
Како мравки...
Го гледам тоа со очи на був,
А мравка сум и самиот на неговите шини,
Во која сврдлат тенките бургии на стравот.

Црн синџир од озабени ноќи
Бара да пополнам некаков прашалник
Во кој секое прашање е од тесто на лудило.

Никој не стасал да раскаже за крајот...


Каде е тогаш смислата на бдеењето
Над насипот на неспокојот?

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:15
АПСУРДНА ПЕСНА
(бесмислено осмислување на смислата)


Си врви времето...
Врвам и јас -
ко нем патник
покрај сопствената сенка.

Надежта се источила од очите...
Мислата се удавила во бескрајот...
Сал сонот, опијанет од илузии,
се тетерави ко испосник
од човек до човек,
трошка отфрлена среќа
просејќи за други.

Си врви времето -
врвам и јас крај него...
Врвиме двајцата еден крај друг
како   другари од најраното детство
што го заборавиле името на причината
што ги скарала.

Си врви времето...
Врвам и јас со него...
Истекуваме заедно едне покрај друг
како две реки јабанџивки,
без поздрав,
без глас,
дури не осамне судниот ми час.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:22
ЈАНЅА


Јанѕата, помогни ми, да ја скротам
да ја врзам, да ја ортомисам,
јанѕата, со искри во копитата
од морето на ноќта што излегува,
што р`жи, што стружи,
што шТрака со заби...
Јанѕата двоглава, троглава,
јанѕата стоглава,
од невекаде што се довлекува,
што дотекува и се развлекува,
во гнезото на сонот дур се вовлекува -
јајце од кукавица да подметне
во коските да се испили,
низ крвта да се расплоди,
да ме сотре, да ме уништи.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:24
ЗАВЕШТАНИЕ
     На баба ми


Птици преселници
одамна го исколваа
житото на твоите стапалки
од калта крај Сува Чешма.
Насмевката,
што те починуваше
на црешовото дрво
во времезреење,
ја изгоре силна зима.
Сал потта
ти се вплела тврдоглаво
во корењето на троскотот
за да ме вика со твојот мирис
од пресната земја во пролет.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:25
цветот ми нуди убавина
јас главата ја вртам од него
во креветот спие моето совршенство


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 18:27

ДИЈАЛЕКТИКА

трепери листот лански-
млада пупка
му се насмевнува но утрото


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:47
АЛТЕРНАТИВА

Прашлив пат со крстосница -
патоказот некој
одамна го скршил.

Зад мене грачи кобник -
се потсмева однапред
на недонесената одлука.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:49
ПАТ

И градител и проектант
и трасер
и амал бев
кога го градев
овој пат
во беспаќе што води.
Без мостови
над провалии,
без тунели
под планини,
без патокази
на крстосници..
Без дрвја крај банкините
птиците да ги зберат -
здив да здивнат.
Овој пат,
од мене што почнува,
во мене крај ке скраси
и со мене ќе исчезне...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:50
ЗБОР - ДВА И ЗА НЕА

душата е птица
што не знае за граници,
душата е риба
што танцува во занес,
душата е пеперутка
со божилак на крилјата,
душата, таа ранлива немирничка
што во облаци не крева
и в безни не фрла,
богаство Е, што со друг СЕ дели,
а ничиј плен
сосила не може да биде.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:52
КАКО КАМЧЕ ВО СОВЕСТА


Како да го запрам непремолкот
што може да ги опожари цветните леи
во кои цутат нашите зеднички спомени,
непремолкот што ќе ги сопне ждребињата
на сите наши планирани и непланирани игри,
што ќе го оскрнави световодот
на нашите недосонети сни,
иконата на вајстиножедните
пред која заеднички пеевме псалми
и ги величавме сите неродени светци
и уште понеродените светици?

Како да го запрам непремолкот
што навира од дното на дамарите,
како задишан демон
од најтемните понори на пеколот,
што татни во руменилото на секоја зора
со силата на подземните водопади на бессононицата,
и ме тера да им заблазувам на сите
што се спасиле од распетието на двојбата?

Како да го запрам непремолкот,
непремолчиво што молчи
во тажните очи на утрото,
во сувата насмевка на денот,
во натечените мускули на ноќта,
а да не го срушам мостот
што ни се пружа над новата бездна?



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:54
ЌОРСОКАК
На Кејт


И здивот, дури, може да застане,
и да ги запре во расчекор времињата
како јазол на одамна подготвена бесилка
што копнее по главата
на некрунисаната кралица на осилата,
а бројките да престанат да се идентификуваат
како оценки во чекорите на учесниците во трката
во која нема почеток ниту крај,
па последниот секогаш е прв,
а првиот величенствено последен..

Во тињакот на егото
никој не ги нашол растурените бисери
на повредената суета .

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:56
ПЕСНА ЗА ЖЕНАТА


Се склупчува во стреата на стравот
мигновено клупче мисла,
а утробата сите огнови
на Етна и ја горат...

Ноќта и е и дадилка
и другарка, и учиителка...

Во пајажина од течно сребро
Луната телото врело и го облекува
додека шета меѓу сенките на предметите
што шумолат со свилата на нејзината кожа,
побела и од млеко на леунка.

Чунки семето да не оглуви,
да не се запусти,
вели, додека се вовлекува во немирот
на новата игра под чаршавот на ноќта,
толку горда и понизна,
промислена и нестрплива,
како господарка на господарите
и робинка на понижените.

Убавица е – ноќта што ја разубавува,
И палавничка – денот што го вознемирува,
елените на исчекувањето додека ги бодиња.





-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:57
ВО РУДНИКОТ НА ЗБОРОТ

Копачите на тишината
Го препознаваат звукот
На ударите на старите времиња
Во гранитните карпи на мислата.

Во рудникот на времето
Некој пред мене ја експлоатирал
Златната жица на совршенството,
за да остави траг на кората на севременоста.


Некои честички златна прашина,
Скржаво скриени под ноктите,
Бараат излез од мемливите ходници
На погребалните псалми,
Копнежливо загледани кон прегратките
На воскреснатите предизвици.




-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 19:58
МЕЃУ СОНОТ И ЈАВЕТО


Во мојата мисла расцутува цветот
На првата воздишка -
Розов мирис под прав на пожолтена хартија.


Утрото е широка ливада
По која пасат немирните срни на детството,
Барајќи ги кладенчињата на твоите очи
Од кои сите сакавме да ја угасиме жедта
На првороденчињата на љубовта.


Плетенката што ја плетевме сите заедно
Од маглите на сонот
И ветриштата на јавето,
Скриени секој под сенката на сопствената ѕвезда,
Ја чувам сеуште неоскрнавена
Во кивотот на ноќта
како прва причесна
И последна тајна вечера.

Ништо не е исто и се е како тогаш:
И црешите во дворот на соседите,
И песната на првите темјанушки,
И мирисот на дождот во липите...

О колку сум жеден, колку прегорен,
По капка вода од кладенчињата на твоите очи!

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:00
АМАНЕТ
На Монушка

Пред иконата на светиот Фануриј
кога стоиш,
со свеќа тивкотрепетна,
бела,
побела и од кожа на совест на бебе,
не спомнувај го само името
на утрешниот испит -
милиони души, од светлото му око
Светителско, немиросани што останале,
чекаат прежеднето на тебе
името да им го запомниш,
извор среде пустина да ископаш,
на прадедедовците
кај што солзите се таложеле,
со црпалка од првовенчана мисла
благослов да нацрпиш
за племето многустрадно...

Во иконата на Светиот Фануриј
ликот спокојно ти се прелива со мислата
што ги бара корените на достоинството
во црните ветришта
на триш поцрните векови,
кога филмот на иднината го цензурирале
со трозаби камшици – братољупци
секогаш без крај
и секогаш со нов почеток
и со нови страданија...
Таа мисла првовенчана,
тој топол оган што со галовки срце разигрува,
ќе има ли место во неа
за сите прежеднети,
за сите прегладнети,
за многустрадните
и себененајдените,
кога во друг светител ликот ќе го огледуваш?

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:02
УТРА ПОД ПЛАНИНАТА

Твоите усни и денес се будат
надрочени од медовина,
од онаа истата
со која што пчелите
ги полнеа сотовите во кошниците на дедо,
кога одеше наутро на изворот
под спокојните брези
над малата куќарка
да ги симнеш од образите
личните јаболчиња на последниот сон,
а росата се повлекуваше меко
во корењето на зелените треви,
плашејќи се да не ти ги извалка табаните
од алабастер и прегладнети воздишки.

Сенките на утрата под планината
по кој знае кој пат ја играат
истата претстава во сала без публика
а јас сеуште ги хранам
прегладнетите птици на неспокојот
со трошки засушени водишки,
како и тогаш,
и оној ден
кога ја однесе со босите табани
сета роса од ливадите под планината,
оставјќи ги во окото на изворот
румените јаболчиња на последниот сон.


Твоите усни и денес се будат
Надрочени од медовина,
А јас, гладен – прегладнет,
Го живеам животот во старите утра
Под планината.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:03
ТВОИТЕ ОЧИ

Твоите очи -
заод
во кој истекуваа сите неизгреани сонца
од моето срце,
кога се учевме да љубиме;
мрестилиште
во кое се спаструваа немите МРЕНИ
на преѕемнатите зборови;
глоѓосана постела
за сите заобиколени вистини
и измислини невистини,
за сите кртици на бессонот,
на рассонот,
недосонот...

Ги чуваш ли уште во нив
дивите одблесоци на игрите
што не ги доигравме,
што само ги замислувавме –
недоделкани за љубов,
преголеми за прескакулица,
или сал повтор се раѓаш
од болното завивање
на штавените времиња,
за да ме мачиш ?




-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:47
ЈАНЅА 2

Ковач, кажи ми,
кај да барам,
Ковач од мајка нероден
Сабја неискована
што ќе искове
Со солзи неисплачени
да ја искали
на точило ајманачко
да ја источи
јанѕата до стопати
да ја обезглавам,
та штукнат – препукнат,
сакалдисан,
над сонот сенка да направам,
да застојам
па да истечам...


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:49
ЈАНЅА3


Рило нема
- во коските ми рие,
Уста нема
- спокојот го пие,
Очи нема
– крвта ми ја ѕемне,
Сон си нема
– сонот мој го демне,
Јанѕиштето клето
Под кората на мракот
што се свило сето,
па рика, па вика
и под копитата ја пика
мислата престарена
на душата премалена,
што трепри и во грч се грчи
ко да встудој некои
сета судба и се збрала,
судба клета, мисла света
- за семето на племето
што не `рти, што не цути.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:53
ЈАНЅА 4

Пострашна и од сопствената смрт
Јанѕата не ме остава сам со себе
И кога сите ќе ме напуштат.

Со здив на ала ветришта крева
И го кине чаршавот од прав
Што го ткаев на разбој од лажни спокојства
Дури траеше последниот ден,
За да ги покријам фотографиите на ужасот
Во албумот на кошмарната изеднина.

Јанѕата двоглава,
               јанѕата троглава,
                                 Јанѕата стоглава.

Сто меча да имам – дал една ќе и скинам...

Јанѕата двоглава,
               Јанѕата троглава,
                                  Јанѕата стоглава
Што се јазли по сенките на сеништата
Хоризонти светли вчера што ми бе

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:55
ПЕСНА ОД ГАРАЖАТА
На една... што честопати доаѓа
во мојата гаража
за да и ги сменам свекичките

Не, јас најмалку сум тој
што ќе согори затрчан
во карбураторот на твоите
осакатени манири на примадона,
и, како компримирано машко его
под вентилите на твојот гнев,
ќе ја нахрани со калории
на нискооктанско гориво
прегладнета машина на твојата слепа одмазда...
О, па јас,веќе, бев инсект во мрежата
на една друга примадона
од балетот на мртвите илуминации,
а кога еднаш ќе побегнеш од таа гушка
и тиркизната чипка на летниот воздух
ќе ти изгледа пострашна од пајажина

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:56
ЅИДАР


Со уморен поглед
купот камења го мерка
а во гради огнот
на создателот му тлее,
камче мало бара
плочата да ја потпре:
да не се искриви ѕидот
да не падне.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:57
ЧУМУ,ПАК,ВОЈНА

На никого и секого
дури и на мене

Во војна со мене,
Во војна со себе,
Во војна со сиот свет
Со бес во забите
Со гнев во очите
Со отров во здивот
Од кој и самиот се труе
Стрелите дури бесни ги остри
На острило од мртви зборови
А јас само сонце во очите имам
Место кула
Место оружје
Место штит

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 20:58
ОГЛЕДАЛО


Го сретнав ЧовекоВерникот
во мене

Погледни во несреќниот!
-ми рече.

Погледнав...

Што виде?
-ме праша,

Се видов себеси несреќен.

Погледни сега во среќниот
и, пак, кажи ми што виде!

Се видов себеси среќен.
-му реков.

Ај погледни, за крај
во оној таму,
што кренал нос кон небото.

Погледнав.
Долго,
долго гледав во него,
ама не успеав ништо да видам.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:00
ЕДНОЛИЧНО ИСТ



Ист среде милиони лисје
во крошната на ова старо стебло
исконски води со жилите му длабоки
во карпите и глиништата што бара,
Ист како милиони капки
киселодождни,
коритото суво
на вековите претежнати што го бараат,
за да се слеат со солзите на татковците
и крвта на прадедовците,
и мислата им света со себеси
да ја надојат
-сонот недосонет да го иссонат,
Ист, како исти букви
во зборови со различно значење,
како иста надеж,
иста желба,
иста цел на крајот на истиот пат
на кој сите ги препознавам
и никој не ме препознава,
-освен познатите.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:03
АБОРТУС НА ПЕСНАТА


и тоа може да се случи:

жарче ќе фрлиш, ќе подметнеш
среде пластови сено некосено,
кај што срца нестоплени чемреат,
во срцата извор ќе ископаш
далги зариени ќе одриеш
вода мевлемлија да потече...

а ветрот спокој го најавнал
меѓу лисјето, среде тревите
в гумно зелено – почивало,

жарчето гламја е, енего
црно око неопулено.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:04
МАГИЈА

Метастазите на магијата
се расчаталиле низ зглобовите
низ крвотокот фрчат експресните возови
на последна рожба
на сопствената прескакулица,
на последното себенадминување,
последното себенадраснување,
очите на чинкифрлачката талкаат
по хоризонтите на повампирената надеж
таму кадешто оживуваат
од здивот на великомачениците
мртвите птици
на замолчените илуминации

Слушај, слушај како набабрува
воздухот на пролетното утро
од румените мириси на метафорите!


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:07
КОРИТО                 

Кога солзите ќе секнат,
ќе замрат,
ќе пресушат
длапката во душата
што до вчера
корито и била свето
ќе ја спознае сета бесмисла
на постоењето свое
и смешно ќе зјае во нечие гето
како недопеано опело
за вистината неродена,
зборот, глеј го,
забревтано кај ита
со стапало да стапне на килимот светол,
од лачи златни Аполон што го ткае
над могилата на семето клето.
што корито – длапка трајна
издлаби во душата неспозната
со длето на солза сјајна.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:09
ЦЕР

Во фустан од најчиста светлина
Стокми ја тагата,

Накинџури ја, истафри ја како мома
За мажење,
Нека блескаат од неа монистрите
На спомените
Како очи на млада пуполка
Што гушка бара од новиот ден...

Од срма и свила извези вез
На одразот стивнат
Во времето зад,
Кај што волчји заби бразди сечат
А зборовите не можат да се доречат,
Низ мигот сќутучен да се провлечат,
Па месишта кинат, ко жарој печат,
Ја парталат кожата,
По стрништа паламидни ја влечат...

Собери бронза од првата зора
Дури сонот уште не истинал в черги,
Дури мислата трње не пошла да гази,
Троа бронза саде нацрпи
Со солзата бисер бигоросан
На насмевката на последната надеж –
Кога стивнуваше плачот на закланите срни...

Стокми ја тагата
Во фустан од најчиста светлина...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:10
АРЛЕКИНИЈАДА



Да погрешиш, дал е грев,
Од кого откуп неоткупен да бараш ,
Пред кого сметки неплатени да платиш -
Кога и обвинет, и кадија
Во сопствената судница си?

Бранителите и тужителите
Се обична публика во куклена претстава
Во која Арлекин ќе го убие Арлекина
Со бодежот на клетвата
на наречницата од предградието на градот
Во кој душите на презрените
Го бараат пергаментот на заблудата

Сам си...
Сам со сведокот на оваа Арлекинијада –
Кукларот тажен, стар,
Што свиснал лице во градите трошни
како дете мало,
На кое од скинатите џебови
Му испаднале новите џамлии.

Нникој не се дума повеќе -
Кој ли натаму ќе ги влече конците
На разиграните марионетки?

Публиката ја нема веќе...
Сал мрвиот Арлекин
крвари во својата жива сенка....

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:11
САЛ ЕДЕН ТИ Е ТОЈ
На Мона Лиза

И извор и утока ,
Прекуглавиште и прибежеште –
Мрестилиште...

Како слика на премногусакана свршеница
Во медалјон на прекапнат војник -
Кога грбот му го вртиш,
И роиште на стршлени настршени
Штом коренот подлабоко во него го пуштиш...

Те брка од себе, и во себе те вика
Носталгијата мисли ако ти свитка...

Гледај: утрото лице светнало
Од солзи на блажена роса -
Ерген стамен за бендисување,
Бисерот   седеф од школките слекол -
Грганале реки од светлини силни...

Со мирис на пролет се полни
Мрестилиштето твое,
Мое,
Наше,
Каво и да е -
Само нека трае, трае, трае...

Сал еден е оти, до крајот на векот...


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:34
ЗБОР ДВА ЗА ЗБОРОТ


Не можеш зборот со метро да го измериш,
Ни тежината в килограми да му ја збереш,
Зборовите се долги со километри,
А тежат толку, колку в душа бол ќе сетиш...

Запознај го зборот, со срцето првин допри го,
Пронајди му облека, руво што за мигот прилега,
Научи го да пее - славеј над славеи ќе биде...

Зборот е оган, пред ништо што не запира,
Брзоплето дете, сред опасност што влетува,
Зборот е мост и над два непријателски брега
Но и бумеранг што го убива и тој што го фрла.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:35
СРЕДБА

Го сретнав збунет
На интернет
И ми рече,
- Остај ме чоече
Ми ги нема чевлите,
- Како ти ги нема,
Што ти е тоа на рацете?
- Тоа се очила,
А зошто не ти се на очите?
- Оти ми останаа на главата
- Па кај ти е главата?
- Не сака да се дели од умот
- Море чоече,а умот, кај ти е тој?
- Го оставив крај срцето.
- А срцето
- Ми го згази една со новите чевли
- Па земи и ги чевлите
И ќе имаш нови чевли!
-Што ќе ми се чевли,
Ми смрзнаа ушите...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:37
АКо


АКо, ќе се роди ден,
ќе дочекаш
да бидеш горе,погоре од сите
да судиш, та да пресудиш,
без да обвиниш,     
без да иследиш,
оти обвинението е старо
а сепак незастарено.

АКо, ќе се роди ден,
ќе дочекаш,
ќе прозбори се што не зборело,
ќе прогледа се што не гледало,
доказите никој не ќе ги бара
никој во срцето нема да ти ѕирне,
оти во очите ти пишува се,
сите темнини и сите светлини
се пресликани на емулзијата
на нивната неизменетост.

АКо, ќе се роди ден,
ќе дочекаш,
и меч ќе искалиш од солзите на гордоста,
за сите презрени по пат што ги сретна
за сите отфрлени и сите заборавени...
Но ќе имаш ли сили
да го пресечеш јазолот на крвта
сметките да си ги наплатиш?


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:38
ОСТАЈ МИ ГИ КУЛИТЕ


Остај ги кулите на мојата светост
Во нивните ѕидини и мојот живот е вѕидан;..
Внимавај стапалото кај го ставаш
Кога по ѕидот стамен се качуваш,
Камењата се лизгави од солзите
На неистребените - нескршените
Што ги победија вековите – оковите
со оружје од вреки сол што јаде;
внимај и на длапките ,што така личат саде,
очи се тоа угасени, сониште недосонети
во небото над нас истечени;
усти зинати, ветрот на маката им да го соберат
за да ни го завештат како откровение за себеси...
Не мавтај возгорден со барјакот на срамот
Дури високо го креваш мечот на поробувачот
истиот што главата на прадедоти ја спастри
и ги обесчести сите наши прамајки
сите наши прасестри и нашите праќерки...
тргни го превезот од очите на заблудата
опул фрли на кулите силни, надвременски
див пркос на времето невремено
што не сотрува од памтивек до недоглед,
од недотекот до неистекот...


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:39
НОВ ДЕН
На А.К.

Зад ридот сив е, највисокиот,ОНОЈ,
со оган течен небото што му бакнува чело
кога ноќта со чекор свечен ја пречекува
и рапорт и дава за водишките недоцелени
моите, што стана твои и пак ми се вратија,

Опулот талкач го пратив да бара,
да се катера и пентри
по патеки стрмни, минати веќе,
во дамнешнини дамно прегазени,
дур елените млади ми скокаа гневно
во бликотот на крвта - колено бунтовничко.

Писмо виде во каменот што гори
Сред светата гора на неразбудените утра
Згрчени во сонот како риби без вода
Писмо, ред еден, со крв светла што го напишав,
„НЕ СИ САМ ДУР СЕ ИМАШ СЕБЕ“.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:41
СОСЕМА НЕРАЗЛИЧНО ОД ТЕБЕ


Те милував принцезо моја недостижна
Од скритите пенџери на копнежот тивок
Те милував со поглед ист таков,
Неразличен во ништо од твојот,
Со кој ти ги милуваше кукличките
Во колекцијата на мојата себична сестра,
додека во очите таложеше воздишки
што не си родена под нашата стреа...

Ти ги милував елегијо на младоста моја
Воздишките кротки што течеа ко нектар
Низ тажните реки на твоите очи,
Неразлични во ништо од моите –
Претесни летишта за пчелите на копнежот
што се роеја во мирисот на косите твои .

Ги милував принцезо непреболена моја
Коприните меки со боја на костен
И лачите немирни, златести во нив
што сонцето божем случајно ги забораваше
како пастир стар излапавен пред смрачка
по некое јагне од стадото бело што изумува
Кога со твоето име, шепот стивнат на усните ми,
Розите на сонот ги мамев во примка.

Ги милував розо моја напрецветана
Сите рози во името твое,
Со истиот жар и истата љубов
Со кои ги носеше на наставничкта в пролет
Што ја љубев неразлично од тебе
Затоа што знаев дека ја љубиш и ти...




-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:45
ДОЖДОВИ
Исушен,
опустошен,
извор натлачен -
Корито зинато во недогледот...
Дождови:
Кисели
Благи
Солени...
Дождови од тага
Од пелин
Од медовина –
Било какви...
               Има ли небо да ги најдам
Да ги истурам -
Изворот да го надрочам
Реките да ги разгргам,
Коритото да се наполни
Да се слеам во езерото -
Повтор да се прелијам .

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:46
ЛОВЕЦ НА НЕМИРИ
      
Секој со марифет некој
- Јас со мисла без смисла,
Патишта некои што бара:
Загазани, затревени
- Мустри стари занемени,
Се траќа пустата, рие,
- Место ли нема
Кај да се свие?
Што бара,
Не знае ни таа сама
- Надеж празна,
Или горка измамА
секој со марифет некој,
Јас на грбот на мислата
- Вечен јавач на бесмислата...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:48
ИМА НЕШТО


Има нешто за кое вреди
да се згазне на клетвата
како на глава на змија;
да се плукне на зборот
и кога в лице ветар ти дува,
да се измамат принципите
како ефтини љубовници
желни за ветувања
и проѕирени наметки
од тул на непостоечки разочарувања;
да се разобличат сите облици
ма перманентното самолажење...
Има нешто за кое вреди
да се вратиш на апсолутниот почеток
на најтешките страданија,
да ја спознаеш големата измама
на времињата што ги чекаш
како нафора во гладните очи...
Има нешто што те држи силно
како бела мајчина боска
како гранест корен
во карпеста почва,
што те врзува и не те дава
оти врска е со сите заминати
и недојдени,
со сите невоскреснати
и сите неродени
што ги споменуваш,
што ќе те споменуват...
Има нешто, верувај ми, има,
нешто што останува
дури ти заминуваш....

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:48
ПРОЦЕНКА


Го мерам чекорот –
Тежината,
Должината
Го мерам на вагата на сите промашувања
На старите сопнувања
На големите разочарувања,
Го мерам чекорот
Пред да стапнам на нечие срце,
На нечија солза,
На нечија воздишка...
Чекорот –
Живи рани по табаните,
Олово течно во колената,
Историја на лузни,
На пентерења
Без почеток и крај
По ридиштата на мртвите
Експедиции на немирното дете...
Го мерам чекорот
Со опитност на мајстор,
Со точност на геометар,
Како воздржан коментар на хирург
И недоречена мисла на филозоф,
Го мерам чекорот,
Но даските...
Даските под него секогаш се итрици
И пак некоја ќе ме измами
Со своето најадено срце

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:49
БЕЛЕГ
На Филмаџијка

Белегот ќе не распознае,
Белегот благоглаголив
По сенката што ни се влече
Дур врвиме среде липите
Крај заборавените пристаништа
На недорекот,
Од кои мириса зародишот
На непрокопсаните мисли…
Ќе не расапознае во сите времиња
И на сите светови,
Исти како и овде,
Исти како и таму,
Со истиот белег бележани,
Со истото миро миросани -
Зборот ни е :
И храна и вино,
И причесна и молитва,
И лулка и гроб.
Секаде, па и овде….


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:53
МОЖЕШ, ЗНАМ

На А.К.

Можеш, знам:
Патот неизоднина да го свиткаш,
Божем црвена лента е,
Свилена,
И да направиш машна
Од која здивот сам себе не ќе се препознае,
И мојот,
И твојот,
Што ги спакувавме во заедничка кутија
За скапи подароци
Во фиоката на трепетот на нашето
Заедничко исчекување
На сите недофати
Над темните хоризонти на радоста...
Можеш, знам:
Од сонот да направиш чевли,
Со чевлите
- пат
На кој ќе ги пронајдеш сите патокази
Што ги врежав во кората на дрвјата
Со ноктите на сопственото надраснување
Оти знев,
О колку проклето знаев,
Дека ќе поминеш некогаш зад мене
И ќе ја спознаеш птицата на стравот
Сред трњето со солзи што го газев...
Можеш, знам:
Во душата бисери да најдеш
За тебе,
За мене,
За сите по нас што ќе дојдат -
Отфрлени од сите
Презрени од себе....
Можеш, знам....

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:55
ПОСк*рА
На А.К.
Не крши ја поск*рата недопечена
и не вади ја од неа паричката
Дури среќата не го покаже лицето
Без сите маски,
Фереџиња
И велови,
Онака, без шминка,
Ко што ти им се предаваше наутро
На сопствените очите
Ловејќи ја нивната задоволна насмевка
По мазното чело на огледалото.

Не плети мрежа од конци на изгниено време
Во која ќе ги броиш преостанатите секунди
Како стара мома
Мртвите серенади во прашината
На прозорецот од моминската соба.

Укради го, од изворот под старото дабје,
Со жилите многулетни даги што вкрстил,
Окото нетрепливо на ловецот итар,
Што научил да чека дур пленот леко
Во примката скрита со спокој му ита,
Окото што препознава рани по лузни
Од опулот стрела што фрла низ ветрот
По кобникот што сонот му го колви...

Не крши ја поск*рата недопечена
И не вади ја од неа паричката
Дур среќата лицето вистинско не го покаже...


Изменето од majstorce62 - 25.Март.2008 во 10:25

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:57
БЕСЦЕЛНО ТОЧЕЊЕ НА МЕЧОТ

Еден ќе нацрта сонце
Вториот ќе рече – ѕвезда е,
Третиот молчи...
Долго ќе молчи и
Ќе го точи мечот
Од камењето ма молкот
- Воинот од прославените битки
Со лузни што не можат да пречат...

Кога ќе го источи,
Кога острицата ќе ја стокми
Во каменот бразда да направи
- солзата да му ја пронајде,
Со крвта на зборот
рана ќе отвори нова
Во душата на мечот
Од прадедовци искован,
Што подвизи навикнал да брои
Од колена редум...

Секој подвиг – лузна нова...

Еден ќе нацрта сонце,
Вториот ќе рече - ѕвезда е,
Третиот ко да не е таму,
Ко да нема што да каже,
Ко да нема што да рече
- Да не ја растури играта
Во молкот ќе се повлече...

А, зарем некој ќе го разбере?

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 21:59
ПАТ
На А.К.

Патот долг е,
- змија прекршена;
развлечена сенка
на окапана душа...

Гледај,
зад следниот свиок
р`тат мечти
од семки на залечен сон!

Патоказите се поставени кај им е место...

Чуму стравот
да ти го мајтапи чекорот
во огнот на Прометеј
што го цврстеше...?

Ако нема станици
здив кај ќе собереш
- од тулите од верба ќе ги кренеме,
Ако нема поила
срните на одот да ги оджедниш
- во карпите на болот ќе ги ископаме...

Змија прекршена е патот
- со две глави на крајот - невид,
Едната, јас што ја столчив,
другата, твојот ред што го чека.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:01
СМРТТА НА СВЕТУЛКИТЕ
На А.К.

Умираат ли светулките на радоста
Како риби
во река со испуштени фекалии
Или ти им пресудуваш
на поилото на надежта
Со отровите на самопрезирот
во твоите вени

Мракот ти е бедем на боиштето
Со сите непресметани маски на времето
Што го величаш
и толчиш истовремено
На дланка од сончева преѓа
Со толчникот на неспознатата радост

Гаснат фенерчињата на мртвите светулки
Во морето миризби на раната пролет
А ти со завеси од црн драпер
го сопираш сопственото дишење
Во бесмислената игра
на желбата
да ја зачуваш хармонијата
На песна на најцрниот Орфеј,

Ќе побара ли некој отчет за чувствата,
Во зората. во која сонцето ќе помине
Покрај твојот прозорец
како случаен патник,
Без интерес за твоето отсуство
во мислите на соседите,
Или се ќе заврши како евтина хумороска
СО безимен лик
Што се чита од немајкаде
во автобус на кратка релација?




-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:02
ВРАЌАЊЕ НА ЈАНЅАТА

Здив не здивнал
- водовртина...
Одоздола нагоре
И пак удолу...
Врти, сучи
- конец недосучен
Во умот црево развлечено
Од стравот,
Од немирот,
Од неспокојот...

Јанѕата двоглава,
Јанѕата троглава,
Јанѕата стоглава...

Умот никој не ми го варди
Умот штукнат
Од мисла обезличена
Умот недоумици што таи
- оскоруши зелени на радоста...
Ме глоѓа,
Ме саклетисува,
Ѕемнеж змијолик
- стутулнница,
Змијокот во грмушка исушена
Од коренот фиданка што и рти
Без бликнеж на сокови зелени...

Јанѕата двоглава,
Јанѕата троглава,
Јанѕата стоглава...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:05
КОТИЛО НА ЈАНЅИ



Сонот мој свикнал да ноќева
на постела од паламиди и коприви,
да ја траќа главата на зглавје
во кое се ројат стршлените на страшната
помисла на врзаната вреќа на новиот ден.
Сонот мој
од штрекала расновен,
- гнездо без потка на птици прокудени...
Трагот мој -
беспредметна расправа
на неродени пишувачи на книги,
штуровез на кошула на неофајдени мисли
глуво семе во испукана иловица,
Трагот мој -
врволешник од мравки под кожата...
Јанѕи...
Котилишта на јанѕи:
во мислите
во сонот...
Ми ги бодат очите на радоста
со ножеви од инфицирана клетва
на времето што одамна го заклав,
сакајќи да си го издлабам трагот
длабоко во неговата недопрена срцевина.



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:06
ИДИЛИЧНА ПЕСНА
На Евридиче

Овој пејзаж,
што не ги спознал уште
скриените искри во гламјите
на човечката велеиздаја,
суште ги бара
безгрижните стадата срни,
кога должината на скокот се мереше
со единици радост,
и потоците
со песната на идилата
на првото пролетно утро
во чие небо се огледуваа белите бакнежи
на срамежливите качунки,
и жолтите миризби на глуварчињата.
Овој пејзаж
што ги прескокнал во сонот
озабените очи на скриените вистини
за сите современи митови,
тагува по шепотот на мајските роси
и вљубениот одраз на утринското сонце
во нивните насмевки,
Овој пејзаж,
што ме буди на полноќ
како молежливо тропање на прозорец
од некој заталкан намерник,
е прекрасна илустрација
за насловната страница
на читанката на заборавената етика...


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:09
СЛАТКО ОД ЦРЕШИ
Не едно девојче што го влечев за прцлата.

Кога зрееја црешите,
На ќумбетот во малото дворче
Стававме големо тенџере
и чекавме да зоврие шербетот

Твоите очи личеа на презреани цреши
И имаа сјај на босоного детство
Во солзта што остануваше во нив
Секогаш кога ќе те повлечев за прцлата
Оти не знаев друг начин
На кој ќе ти кажам колку многу
Го сакам слаткото од цреши.

Полна кофа алкајсии сипуваше мајка
Во зовриениот шербет -
гостите со слатко од цреши
Ги добросувавме тогаш
- гостувањето благо да им биде,
А мене твоите црши
Највкусни ми беа,
Но немаше книга
Што ќе ме научи како да ти кажам
па само за прцлата те влечев...

Сето маало мирисаше од слатко на мајка
Кога со шербет врел се полнеа алкајсиите,
А мене твоите цреши умот ми го блажеа
И ги сечев босите табани по маалските сокачиња
Вежбајќи акробации на надежен циркузант
Кој за награда саде ќотек пред спиење добива
оти во незнаење саде за прслата те влечеше.

И денес жените поставуваат ќумбети
И зовриваат шербет во големи тенџериња,
Но денес никој не добросува гости со слатко,
И девојчињата немаат очи со боја на презреани цреши
ниту има циркузанти што за прцлата ги влечат...



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:10
КЛОШАРСКА ПЕСНА
На еден голем човек
чие име од почит ќе го премполчам

Кога ноќта ќе се разлее како мастило
и се ќе загрне во наметка од црн тул,
клошарот го почнува сонот под отворено небо,
под некој мост без кучиња,
без погледи надрочени од презир,
припокриен со потта
на вајстиногласниците
од булеварите,
Собраниските седници,
црнохроничарите
и сите неспоменати сонувачи
и воздивнувачи
по птицата на големото животно признание
што неправедно друг ја фатил
со нивната примка...
Неговиот сон ноќева под нивните големи мисли
а никој не помислил да му го следи трагот
во ноќта со небо скожурено од студ
и ѕвезди без топлина,
под чии светилки ги бара
страниците на својот промашен живот
Тој јавач на болот,
што ги запознал сите осои на човечките души
и сите беспаќа на големата надеж,
катаноќ ги бара недоколваните трошки среќа
во топлата постела на милозната госпоѓа,
што го сожали со кошула од покојниот сопруг.
А знае, ко да го видел со тажните очи
во некое друго време крајот на истата приказна,
дека зората му подготвува бакнеж
што го вкочанува здивот за навек.
Голем човеку,
зарем требаше да ги чуваш солзите
за друг да те исплаче ?

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:12
ЧЕДО НА ВЕЧНОСТА


Ниту вчера, ниту после -
миг бескраен,
слеан во морето на вечноста

Исклесана недореченост
во каменот на незаборавот,
дрворез во расцутена цреша,
- цут недоцутен.

Стои мигот во реката на времето,
брег стамен, неронлив,
- гранитна бескрајност...

Која птица го задои
та гласот му го закрепна,
со седеф мазен го опточи?

Ниту вчера, ниту после -
миг заѕидан
во ѕидот на неодминливоста...

Миризлива несвенливост
на мостот на времињата,
недопишана страница на победата,
- сон недосонет.

Чуден пат го донесе
уште почуден го однесе
во прегратките на вечноста.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:14
КЛУЧЕВИ

Пастелните звуци на песната
На упокоените времиња
Се лепат како поликолор
на рапавиот ѕид
на испразнетата соба на душата.

Влезот и излезот се заклучени
Со различни клучеви...

Ги смешавме ли тогаш
Во смешната караница,
Па јас да не можам да излезам,
А ти залудно да чекаш да ти отворам.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:16
МОЛБА

Јавето ми е сон,
А сонот кошмар...

Не затворајте ми ги очите
Кога ќе умрам!

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:18
ПРЕДАВСТВО

Со каква стрела го рани
Срцето на небото
По кое наутро го пуштав сонцето
На прегладнетите немирлики
Да штрпка росни облачиња
Што личлат на тебе.

Птицата, што пееше арии
Со глас надрочен од самосебе
Во кафезот на мојата душа,
Никогаш нема да сфати
Како се нашла пред срцето на небото
Истиот миг, кога бакнежот,
Задишан од согорувањето на секундите,
Што итаа роевито
Кон огнот на твоите усни,
Ја пронајде загубената формула
За привлекување ненадејни громови.

И небото, и птицата, и бакнежот
Гнијат во пепелта на твоето предавство.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:19
ДЕЦА
Јас не сум поет,
Од зборовите, саде, играчки си направив -
За да останам дете.
Песната со плач ја намирисав -
За да останам дете
Уште тебе да те научам
Како да играш криенка со брчките
Па обајцата да останеме деца...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:23
ПЕСНА ЗА ВИЛИНОТО КОЊЧЕ

НА Мона Лиза


Острицата на ножот
од последниот триумф
на асасите
си ја бара сенката на сопствениот блесок
во крвта на питомата квечерина,
полна со мириси на босилек
од саксијата на твојата насмевка.

Аплаузот, со кој мислеа да го нахранат
прегладнетиот самобендис,
е мртва пеперутка на сцената на глупоста…

А ти и понатаму
ги откриваш тајните напивките
со кои утрата се трезнат
од мамурлакот на ноќта
и од долгите беседи
во ткајачницата на пајакот,
толку едноставна
и толку прекрасна,
како вилино коњче
со сонцепис на проѕирните крилја...


Ти, мала чуварке
на светото завештание на добрата вила
и на клучот од вратата на светото проштение.


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:43
ЗБОРОТ НАШ, ПРЕУБАВ



Истриј му Ја калта од старечкото лице
Со парталчиња од искинат сон истри му Ја,
Во него сонце ќе пронајдеш
- Сонцето наше низ патила пат што издлабило...

Угреј Го на жарот што жари во срцето
Со чеканите на љубовта исковај Го
И сила на меч во жилите дај му...
Потем...
Потем, едноставно, источи Го
На тивкото точилото на вечноста,
Како што се точи секој меч
За битки славоносни судбиносан,
Да сече, да сотира пред себе се.

Каков е таков е,
Од мајка страдалничка аманет е.



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:48
СЕНКА

Сенка сум,
се влечкам пред себе
и не се погледнувам...
Сакам да се згазнам,
да се поминам,
да се престигнам
но секогаш сум побрз од чекорот
што сака да ги столчи
контурите на новата намисла
за отривање на закопаните монети
на последните воини на светлината.
Сенка сум...
Безлична издолженост
по плочникот на тврдоглавоста
за три должини повеќе
и подолго
од вредноста
што никогаш не ќе ја спознаам...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:51
ПОТКОЖНО БУБАЛЧЕ

Моето поткожно бубалче има име

што се римува со имињата

на сите непрегорени пенушки на копнежот,

на сите непресушени извори на надежта,

на сите неизглодани коски на недосонот,

на сите непремостени брегови на болот,

на сите мои настојувања

да ги разоткријам тајните

на формулата по која прецизно се мешаат

мирисите на окопнатите времиња

со стравот што ме демнее

од пештерите на темните планини...



Моето поткожно бубалче ги прескокнува

времињата со безгрижност на вљубена принцеза,

во чија дијадема светат дијамантите на шегите

со кои и ја скокоткам насмевката

понежна од тулот на летните квечерини

- необмислено со никаков концепт од книгите

на војувањето на варварските племиња.





Моето поткожно бубалче ги знае наизуст

и на прсти, како молитва пред спиење,

сите утоки во кои ги усовршував дарбите

за ловење плашици во матно

и ги сортира во класорите

на недоиграните прескакулици

од најскритите сокачиња на сонот за растење

како монети од одамна исчезната цивилизација

со истата важност како и тогаш,

кога ги ковеле задоцнетите ковачите на среќата

место клуч за митниците на големите победи.


Моето поткожно бубалче...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:52
ЗА МЕНЕ, ЗА ТЕБЕ, ЗА СИТЕ НАС



Исушен корен
- име без значење,
Лоза
- ластерите, чиниш, на број се сите
А никој не ги брои веќе
Никој свенот не им го пули...

Број нема да ги обележи
Во светата книга на родословието:
Воздишките,
Солзите,
Крволеанките...

Сите прекинувања
И обесчестувања на проодот
Им ги запишавме на небото
Оти место за темел не најдовме
И могила не им изѕидавме
Та коските в спокој да им се сплотат
А старите, велат, наши
Мајстори на глас биле...

Сувиот ветер на срамот
Сеуште не носи
По пустите ниви белосветски
- зарем некаде можеме да никнеме...


Што ќе си си
Што ќе ти е сјајот
Ѕвездо неименувана
Заре саде со прест да те покажуваат...

Ако не можеш
Ако не можеме
Во самопочитта да те сочуваме
Жива во себе закопај се
- и јас со тебе,
Срам да не теглиме...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:53
ГРЕВОВИ

Не најдовме небо
- да те покриеме
Не најдовме сонце
- да те огрееме
Дожд не најдовме
- раните да ти ги измиеме,
а толку си мала...

Ќе имаш ли земја
Гревовите да ни ги покриеш?

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:55
ЗАДОЦНЕТИ ПАТНИЦИ

Ги стокмуваш ли усните
како и тогаш
Кога од коприните на сонот
Шиеше проѕирни фустанчиња
За куклите на твоите бакнежи,
Толку немирно растрчани по ливадите
На мојата срамежливост
Толку топло задишани по нагорниците
На моите обиди да излезам од детето
Што копнееше да ѕирне во шивалната
Во која твоите марифети
Личеа на вештини на маѓосничар

Моите бакнежи сеуште талкаат
Од една до друга адреса,
Како задоцнети патници низ времето
Што и самото ги заборавило изворот
И мигот на своето откровение,
И го бараат волшепството
Што остана заклучено во шивалната
Во која никој повеќе не шие
Проѕирни фустанчиња
Со марифет на циркуски маѓосничар...

А толку многу сакам да ти испратам
Шишенце мирис на косено сено
Од ливадите на мојата срамежливост...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:57
ЖИГОЛО

Пожолтените ридишта
Разнижуваат монистри од воздишки,
Ветрот разнесува коледарски огнови
Низ мртвиот воздух…
Дали времето е погрешно
Или потпалувачот е некој заспан
Талкач по неговите неизоднини
Кој мора да си ја зврши работата
Како недоквакан жиголо
Што за грст фалби
Ги распалува огништата
Во сушните постели…
Никој не ги сака потпалувачите,
А нешто пријатно
Се вовлекува под кожата
Сепак...



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:58
ТРАМПА

Како ровја нека ме ослепи
светлината на мигот,
нека ми го одземе видот:.
прашина глочкава во очите,
жетва без берикет,
отчет на распната надеж
сред бури нестивнати...

Мигот – мисла прегладнета
ден неразденет
радост нерсцветана
заталкан зрак сред шума од светлини...

О, ти, преслатка измамничке,
невенчана невесто на сонот,
што умот ми го полниш
со себеизеднина
кога те нема -
нахрани ми ја мислата,
раздени ми го денот,
расцветај ми ја радоста
- ослепи ме
и на образот на мракот
пресликај го мигот зрачен,
а потем -
и мене однеси ме...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:58
ДИВОКОПАЧ

Не копај во шумата на сенките
Кај што некој сличен на мене
Ги закопал некогаш останките на сонот
Не копај скриен, прикриен,
Под плаштот на лагата стутулен...
Не копај ни кога дозвола ќе добиеш,
Ни кога тапијата на болот ќе ја наследиш
И кога срцето ќе ти крвари со крвта
Што ја оставив заради сличноста
Со бојата на цветот
Што не стасав да го одгледам...
Не копај во шумата на сенките
Кај што срцето си го закопав
За да ме враќа со музиката
На пролетните водопади
По растрчаните ледини на тагата
Каде штурат штурците на последниот сонет
За реката на мојата одминливост...
Не копај во шумата на сенките...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:59
НЕМОЌ

Долг е мостот на стравот
Над два мига испружен
Едниот мрак штосе лула
Вториот црна дупка бескрајна
Ветро влице ми дува
Плунката ми ја враќа…

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 22:59
СРЕДБА

Те видов,
по два, или три века,
пак те видов
- Некој ги избришал нотите
на утринското адаџо
што потскокнуваа како мали лотки
по далгите на твоите езерца
кога плетевме килим
од миризливите акорди на немирот
бележани со сончевиот белег
од пупката на неотворениот сон
во едно време
на кое намерно не му дадовме име
оти сите имиња ги разименуваше
во речникот на нашиот занес...
Музико моја,
По вторпат согорувам
во твојата совршеност...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:01
ДОЛГ
(На најсаканата)

Стои времето
-вода застоена,
Бигор зборот дури мудрува
Стои времето
Зрак скаменет во мислата,
Во лабораторијата на зборот...

Лагите пеат сини псалми
За гордите ангели на немоќта
Вистината има вкус на забрането овошје
Што скапува на дрвото
Над гладниот опул на лудоста,
Во лабораторијата на зборот...

Посети ме
Кога времето повтор ќе потече,
Кога бигорот ќе стане килибар,
Кога зракот ќе се усили во мракот,
Посети ме во лабораторијата на зборот
И потсети ме дека ти должам плод
Од забранетото овошје...
Не бери гајле и ако последниот е ...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:02
СРЕЌНА ПЕСНА
( На задоблачната светлина )

Задоблачна сончевина на моето небо
Облакот со срмен вез е порабен
А личи на среќа....
Песна сум
Од мртва птица оставена
Коријата ечи од стравот
На изгубеното дете
Што ги бара неосмислените игри
Во гнилото лисје на вистината
Се е толку едноставно недостижно:
Игрите,
Песната,
Светлината
Облакот со срмен вез на образот
Ми ја открива најголемата тајна....

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:03
БАЛАДА ЗА ЖИВОТОТ
(на мојата Пенелопа)

Ни една пролет немала толку нежност
Во гласот на своето надоѓање
Од пределите на замислените почетоци
Каде секоја песна е кантата на вљубените
А боите се распознаваат по името
На сликарот на последното платно
на судбинското прашање
во кое се прекршуваат смислата и бесмислата...

Мислев, сите магии на дланка ќе ти ги донесам
Ќе те облечам во свилата на најсветлиот зарек,
Мислев, со седефот од душата
Ќе ги исполирам сите твои недоиграни игри
И ги бакнував во мислите сите сокачиња
По кои останале расфрланите парчиња
Од твоето детство
Како тажни кукли
после препирка со најдобрата другарка...

Тивко одѕвонува ехото на дамнешната радост
Во темните длабочини на твојата болка
А јас фатен, изулавен
Со две раце во еден ракав протнати
Ги бројам капките на времето
Од стреата на избезумените мисли...


Таго бисерна,
Ништо не е повечно од тебе
И толку беспомошно одминливо
Во миговите кога сите сонови заличуваат
На кревки стебленца исушена трева...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:03
ИНАЕТ
( на Пенелопа)

Таго бисерна,
и твојот крст од поцрнет јантар
на грбот свиткан ќе го носам
и со песна во очите
ќе го изодам патот
до нашата Голгота
каде и да е...
ниту троскотот на болката
што се коти:
од семето
од коренот
од ластарите му,
во одот не ќе ме сопне
не ќе ги испие соковите
на мојата тврдоглавост
што ја калев во воздишките твои
како невешт чирак
во зачадената ковачница на судбината…
Насмевко угасена,
Ништо не е посветло од тебе
Во мракот што сака да не голтне…

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:05
ДОБЛЕСТ

Да делиш, боли повеќе
отколку да губиш -
Биди цела,половино моја,
иако не за мене.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:05

ДИСИДЕНТНА ПЕСНА

Мојот сосед има една нога
Подолга од другата
И долго му трба да стаса од работа
До дома,
Одејќи преку три долги улици
И долго вдишувајќи ја радоста
Дека на децата и денес
Ќе им однесе топол леб.
Тој долго ќе кибицира,
Одморајќи ја долгата нога,
Ќе кибицира со долги далги
Продолжено задоволство
Во долгите ходници на душата,
Додека децата мачкаат на долгите рибанки леб
Пластови задолжен маргарин
Во маалската продавница.
Мојот сосед има поголем долг
Од мојот во сите маркети
Во кои пазарува
И со долги голтки го празни шишето
Со сливова ракија
Во долгите зимски ноќи
Крај ќумбетот во кој ги гори
Долгите беседи со долгите сенки
На долгите исчекувања
На задоцнетата инвалидска пензија
Долг е мојот сосед на одарот пружен
И никој не забележува дека
Едната нога му е подолга од другта
И никој долго не се задржува крај одарот
И никој не вели дека долго му требаше да го помине
Патот од фабриката до дома
Поскокнувајќи на долгата нога
Додека носеше долга векна топол леб
Кон прегратката на долгоочекуваната светлина
Долго ќе го помнаat мојот сосед
по долговите во супермаркетите
а јас по неговото долго изговарање
на зборот МАКЕДОНЕЦ.



-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:07
НЕШТО ЌЕ ОСТАНЕ

Нешто ќе остане...
Нешто ќе остане да лебдее
во воздухот на летата што ќе дојдат!
Нешто ќе мириса со мирисот
на неискажаните зборови
во огнената пајажина на летните пладниња
што ќе се нижат како монистри,
една од друга поскожурени
од долгата трка со неизодот!
Нешто ќе ме допира
со здивот на твоја прва насмевка
на моето прво треперење
- на нашетота прво откривање
на румените водопади на зората ...
Нешто ќе остане...
Нешто ќе остане да пече:
нешто што не допрев со срцето,
нешто што не видов со душата,
нешто што не помирисав со очите...
Нешто некажано,
а од кажаното поболно што било...
Нешто сепак ќе остане...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:11
ПАГАНИНИ

Твоето детско бубалче на копнежот
сеуште го бара Паганини по испуштените сижеа
на приказната на твојот живот,
јас, беден собирач на старо железо,
одамана го изгубив слухот за музика...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:12
ЧЕКАЈЌИ ГО ВЕТРОТ

Го дотуркавме каменот до врвот
-песок сме, глочки во срцата...

Наскоро ќе исчезнеме

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:12
ПОДАРОК
Еве ти ги, пеперутко моја,
Еве ти ги највисоките врвови
На мојата гордост...
За возврат ништо не барам
- само шанаса да ти подарам уште многу...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:15
реИНКАРНАЦИИ

...на крајот
ќе ги обојам спомените
со музиката на твоите очи
и ќе заминам
во мојата четврта реинкарнација
да те сретнам повторно
во некое друго време
во некое друго место,
посреќна од овој живот
за сите насмевки што ти ги украдоа,

Со белегот на моите
недоречени зборови,
место бакнеж за добредојде,
ќе те дочекам,
па ќе се сторам вечност
а ти време без крај...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:16
МУЗА

на неа, оти и останав должен

Ме роди жена, жена со сон во очите
и тивка приказна за животот на светулките
што издишувал меѓу капките роса
во ливадите на нејзиното детство...

Ме роди жена, жена со надрочени мисли
во кои само болката останала
да ги мрзне наутро расчаталените крвотоци
на обидите да се дофати мигот на среќата
што премногу блиску била.

Ме роди жена, жена - зрак светлина,
а јас во очите на нијанси ја разложив
како виножито над две црни планини
- црни думи недоречени...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:17
ВЕНЕЦ

Дај ми го венецот на вистината
Може со трње, може со рози
Што е важно,
Сакам да го закитам љубопитсвото:
Може да годи
Може да боли;
Зар е тоа важно,
Дај ми го само тој животен венец
Од твоите красни мелодии сплетен
Што ги пееше ноќе
Кога ме маѓепсуваше...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:18
МЕРКА

Сношти, на сон, мајстори тројца ми дојдоа
За гроб мерка да ми земат.
Јас песната последна им ја дадов,
што не стасав да ја напишав за тебе,
- Во неа сонот да ми го продолжат

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:18
ПОТРОШЕНО ВРЕМЕ
На син ми


Кој ми те научи , мило, да пишуваш
со немуштиот јазик на болката
Та прашање во погледот си испишал
Што ме тера од немајкаде
кон предели штури сонот да го вртам?

Одговорот,мило, скелет ми е,
сред ветришта прав што ме држи
Го извадам ли, жив – нежив ќе се распаднам...

Кој ми те научи, мило, да ми пееш
со црните звуци на страданието
Та сред кошмар од кошмар да се будам
Кај што и смртта мило не сака
Постела за починка да си постеле...

Одговор, мило, молкот ти е
Сред тишина клета што ме кине
Дур од времето надаванка гнилa плетиме...

Ќе имам ли, мило, одборч
Времето да ти одборчам
Што себично ти го поарчив...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:19
ЖИВОТ ВО ТРОПИ

Со чук од инает им го сменив ликот
на сите метафори
и измислив емулзија за огледало
од седефени компарации
и огноотпорни параболи.
Во ритамот на твоето дишење
синестезиите станаа танчерки
и татнеж во крвта разбудија,
- Боја и мирис
на подиумот на страста сплотени...
Секое завивање на ветрот
беше ономатопеја
на гладот да се будам во твојот сон
како себична анафора
            а перницата,
            во која уморот ти истекуваше,
градација на една иста мисла
еден ист шепот
иста желба...
Асонанцо моја,
смислувајќи стихови за тебе
се измислив самиот себе

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:20
НЕМОЌ

На тебе, малечка моја...

Ни една разделба,
ни еден крај недокрајчен
Не болеле толку
колку црниот молк
На немите телали на кобта
Кога ги премостуваат бреговите
На раскинатата душа
Со мисла - чекор преѕемнат
По пат незнаен што се влечка....

Глас ти барам – не знам од кого,
Глас ти праќам – немам по кого
Гласот твој – плач стиват во виулица,
Гласот мој – мртво ехо од клисурата
Што никогаш не ја поминавме...

Уште стопати можам да те измислам
И до стопати уште да те создадам,
Но ќе бидеш ли иста, ко првиот пат?


-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:21
ЗАД ОКОТО ОКО

На Мина

Зад окото око,
Сокриен глас во мисла на телал зловесен
Што скокот го притаил
зад грмушка распламтена,
ко мачка трпелива плен што демне
- црна игра над црнина црно кога црни...

Зад окото око.
Гладни заби на волчица препредена
Клуч изглодале за адските врати
Кај ниедно око опул не може да прати
- мустра за љубов од љубов надљубов не се зема

Зад окото око
Жива вар крв човечка со бакнеж гори...
Страдание ли е, откупнина ли чесна,
Или меч над главата моја, твоја, нечија...

Зад окото око,
Мирот миро бара да се помироса мирно
- клокотат реки нескротлива сила....

Зад окото око,
Виеж болен на човечка немоќ сред причесна света...

Зад окото око...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:23
БРИШАН ПРОСТОР


И последниот бришан простор сами ќе го минеме
- сите телефонски броеви што ги знаевме
одамна покажуваат зафатена линија

Распоредот на мините воопшто не е важен
- те има тебе, ме имаш мене,
чекорот го усогласивме на часовите на радоста
кога баладите сеуште имаа вкус на овошје што зрее
а утрата се будеа сред жуборлив мирис на јоргован
од бавчата на твоите сончеви насмевки...

И последниот бришан простор ќе го минеме сами
- едниот ќе остане да ја раскаже приказната...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:24
ПОСЛЕДНА МОЛИТВА
     За нас тројцата...

Остај ја болката -
нека удри силно од дамарите
на моето последно патување
низ мртвата музика
на молитвите
нека се разлие низ најситните ракави
на делтата
на моето живење:
и како девојка, што копнее за љубов,
кога се разлива врз црните чаршави
на презрената душа,
и како бран, завјасан кон карпата
на сите прадрасуди
и сите неизглаголени вистини
за мене
за тебе
за нас тројцата...

Остај ја болката -
нека ја создаде последната ноќ
нека ме рассоздаде како да не ме било
па рассоздаден
да се вратам во нејзините врутоци
со сите неразорени зори
со сите неизболувани болести
од вирусот на твојата радост,
со сите оскрнавени молитви
за мене
за тебе
за нас тројцата...

Остај ми ја болката
мачителке
и маченичке моја
оти ја создадов
пред тебе да те создадам
оти ја создадов
светлина во мракот да ми биде
во мракот
што сепак светлина бил...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:25
НИКОЈ МЕ Е СОВРШЕН

Никој не е совршен
но твоите насмевки чудни се
и секој поглед низ нив
една тула нова наоѓа
за ѕидот на мојата совршена теорија
за љубовта, што може да трае
и после моето и твоето патување
по карпестите предели на воздишките,
столчени од зборот недоречен,
како две зрна неизртена надеж
во окото на свенатиот сон...

Никој не е совршен
но твоите шепоти мевлем се
па секој нов ден една плускавица,
со насмевка, во душа расцутува,
а ноќта стекнала навика
да ги пресликува во утрото
содржините на совршените платна на љубовта,
за која знаев дека извор скрит има
кај што никој никогаш не погледнал
со очи од копнеж пребликнати,
а да не се урочил...

Никој не е совршен...





-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:26
СВЕТЛАТА СТРАНА НА МРАКОТ


Побарај ме кајшто соцето личи
на твоите насмевки кога се будиш…

Кај што ветрот шепоти низ лисјето
со твоите чекори
кога низ мислите ми минуваш…

Кај што небото е големо око
во кое се збрани сите твои солзи
а времето сеуште без прекин тече,
како реката во која ги прекрсти
моите стари навики
и им го даде името
на твоите неисполнети желби
да се препознавам самиот себе
во секој што ќе го изговори твоето име…

Но немој, не барај ме во срцето твое
кајшто времето е проколнат сликар
што изгубил дар да наслика срна
во светлата шума на спокојот….

Но немој, не барај ме во срцето твое:
јас сеуште личам на дождлива есен
и мирисам на збор што убива насмевки…

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:27
МРТОВ ГЛАС


Со ист камен ист белег
судбината ни направи:
ти храбро болката ја пушти
птица црна во денот бел да лета
јас глас мртов сум
стутулено јајце од кукавица
во камењар со змии преполн
и надеж потајна
дека ќе заборавам се
па и тоа:
во денот бел
црната птица на болот
кога сакав да ја разлетам.
А некои сеуште ми велат
Поет сум бил...
Не, не било толку едноставно
За вистинската болка да пееш....

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:29
ЦРН СНЕГ

Денес, остајте ме сите:
со длето од неверба
празен простор длабам
низ белата тага на снегот црн
и пркосам му чинам
на крикот клет
од телалот зловест
со цртеж на красен лик
во насмевка детска стокмен,
колку мигот да го скротам,
во кој вистината ко кртче рие
а гласот немо во прашање се крие
- зар ја нема веќе?

Денес не сакам да се разбудам:
маѓепсајте ме во последниот час
од вчерашниот ден со чинки
на најстрашно проклетство,
во последната забоболка
жива мака скаменете ме,
сред глутница волци
во најцрната ноќ распнете ме,
но не будете ме
- денес ја нема веќе...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 23.Декември.2010 во 23:29
МИРИСОТ НА ВЕЧНОСТА
(реминисценција)

Интервалите на твоите насмевки
меѓу две видувања и две разделби
мирисаа посилно од вечност.

Исто како и музиката на росата
што ја претвораше ехо
со белите одблесоци на босите нозе
кога ги полегнуваше тревите
со разџагорени неба во очите
кај поилото на првите бакнежи.

Тивка музика со боја на срамежливост.

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 24.Декември.2010 во 05:58

КРСТОСНИЦА
На автопатот на мислите
ти стоиш како крстосница
- сите патишта
кон иста цел ги узмеруваш

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ


Постирано од: majstorce62
Датум на внесување: 24.Декември.2010 во 05:59
МИРИСОТ НА СОЛЗИТЕ

Кога ветрот го бои воздухот
Со жолтиот мирис на узреаните дињи
Од тезгите во пазарот
Jaс упорно го премолчувам вкусот
На резбите од твоите длета
Во кората на летните ноќи ,
И раскажувам сказни од небило
До не се случило...
Колку да му ја затворам устата на срцето
Што сака нешто да каже.

Сепак, ниедна миризба не е толку впечатлива
Како миризбата на твоите солзи...

-------------
БИДИ СИ ГОСПОДАР НА СОПСТВЕНИОТ УМ



Испечати | Затвори го прозорот

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03 - http://www.webwizforums.com
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd. - http://www.webwiz.co.uk