Занимливости - останати спортови
Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Спорт
Име на форумот: Останати спортови
Опис на форумот: Одбојка, тенис, планинарење, пливање, точаци, висење по форуми...
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=23188
Датум на принтање: 21.Ноември.2024 во 22:02 Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com
Тема: Занимливости - останати спортови
Постирано од: DDarko
Наслов: Занимливости - останати спортови
Датум на внесување: 10.Ноември.2009 во 16:14
Идејата како и секогаш е на НАСА. Туку, ако најдам и слики некој ќе постирам, а од неодамна дознав дека ова е спорт во кој спортистот ќе спасува космонаути, а може и рекреативно. Рекреацијата ќе се реализира со десет минутно скокање од почетокот на крајот на атмосверата од напред и ќе има температура при триење со воздухот на спортистот од 200 степени целзјусови, а брзината од 1400 километри на час. Забавата ја растурал само кислородот кој довагал отпосле во контакт со спортистот, а потоа се отвара и традиционалниот падобранец и се си е како порано...
|
Коментари:
Постирано од: gonzo
Датум на внесување: 09.Септември.2010 во 01:25
Site interesni i neobicni raboti okolu sportovite za koi nema soodvetna tema stavete gi ovde...
Na primer: Izmislen nov sport; Bokserot 'x' ostanal bez zabi koga zena mu go spukala so tava; Rakometarot 'y' dobil topka u glava dodeka zjapal vo devojkite vo publikata; Maratonecot 'z ' napravil short cut od 5 km dodeka trcal ....i red takvi raboti...
------------- You have the right to remain silent. Anything you say will be misquoted, then used against you.
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 11.Септември.2010 во 20:29
Постирано од: емил
Датум на внесување: 28.Септември.2010 во 16:30
Еве ви нешто смешно
http://vbox7.com/play:55fec108 - http://vbox7.com/play:55fec108
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 09.Октомври.2010 во 13:58
ТОП 5 ПРОПАДНАТИ СПОРТСКИ МАНИФЕСТАЦИИ
Пливањето го има Охридскиот маратон, боксот - "Златен гонг", борењето - "Македонски бисер", а кајакот се уште го привлекува интересот со ИКАС, иако веќе не за празникот Илинден. И тоа се натпреварувањата кои го издржале тестот на времето и опстојуваат и покрај хроничните финансиски проблеми, макар и по цена на губењето на добар дел од некогашниот квалитет. "Вест" избра пет спортски манифестации кои не успеале да заживеат како традиционални.
1. Скопски пливачки маратон
Неуспешниот обид на Скопје да му парира на легендарниот Охридски маратон, за среќа, беше изведен само еднаш. Возобновен во 2004 година, тој се претвори во целосен дебакл, откако трката беше прекината бидејќи водата во езерото Матка се покажа неиздржливо студена за учесниците. И покрај големите најави, веќе никој не спомна да се одржи повторно. Ќе се изненади ли некој ако кажеме дека победи Петар Стојчев?
2. Скопје опен
Скопје е една од ретките европски метрополи без макар и просечен тениски турнир. А, не беше секогаш така. До 2001 година, на терените во Градски парк гледавме мечеви од Отвореното првенство на Скопје, кое може да се пофали дека ги има донесено и Марат Сафин и Иван Љубичиќ, се разбира, пред да станат славни. Подоцна спаднавме на еднократни фјучерси и сателити.
3. "Трофеј Македонија" во ракомет
Речиси да нема година, а Ракометната федерација на Македонија да не најави повторно одржување на некогаш квалитетниот турнир "Трофеј Македонија", кој имаше свое издание и за машки и за женски репрезентации. Вистината е дека тој се организира на секои пет години, а, можеби, и поретко, па по оној во Велес пред две години, прашање е кога ќе го дочекаме наредниот.
4. Суперкуп во кошарка
Кошарката е единствениот колективен спорт кај нас кој може да се пофали дека организираше Суперкуп-натпревар, во кој се соочуваат шампионот и победникот на Купот од претходната сезона. Денес го нема ни него, па и новата сезона ќе стартува викендов без овој спектакл. Суперкупот опстана пет изданија, но по 2007 година немаше најави дека ќе продолжи.
5. "Трофеј Македонија" во кошарка
Ова е најнеуспешната премиера на една спортска манифестација во Македонија, бидејќи беше откажана уште пред да почне. "Трофеј Македонија" за првпат требаше да се одржи ова лето во Охрид, но како што најавените учесници еден по друг почнаа да го откажуваат своето доаѓање, така и КФМ донесе одлука да го остави за некои подобри времиња.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 13.Октомври.2010 во 14:22
Најскапиот тим вреди 645 милиони евра
Ако имате пари за трошење, а го сакате фудбалот, замислете си кои играчи би ги довеле во својот тим. Тоа во денешно време го прават арапските шеици и притоа добро се забавуваат. Специјализираната страница за фудбалски трансфери "Трансфермаркт.де" во својата база на податоци ја има вредноста на секој фудбалски професионалец на земјината топка. Меѓу најскапите фудбалери на светот навистина се само играчи од топ класа. Најскап голман на светот е Икер Касилјас од Реал Мадрид. Најскапи дефанзивци се Пике и Видиќ, а играч за врска е Иниеста. Најскап фудбалер на денешницата е Меси, кој вреди неверојатни 100 милиони евра. За споредба, највреден македонски играч е Горан Пандев кој е проценет на 18 милиони евра. Ако се состави најскапиот тим тој би вредел 645 милиони евра. Ви ги претставуваме 11 најскапи фудбалери, потоа идеалниот тим од кој испаднаа Кака, Снајдер, Рибери... поради компонирање на тимот, а за нивните колеги на истите позиции сепак треба да потрошите повеќе финансии. Го избравме и тимот, кој достојно може да се "носи" со екипата составена од најскапите колеги, а би бил значително поефтин, во ситуација кога би одлучиле да заштедите. Најскапите 11 (645 милиони евра): Меси (100), К. Роналдо (90), Иниеста (60), Фабрегас (55), Руни (55), Вилја (50), Торес (50), Чави (50), Рибери (45), Снајдер (45), Кака (45). Идеални 11 (575 милиони евра): Касилјас (35) - Лам (28), Видиќ (35), Пике (35), Маикон (32) - Иниеста (60), Фабрегас (55), Чави (50) - Меси (100), Роналдо (90), Руни (55). Поевтините 11 (241.5 милиони евра): Жулио Сезар (25) - Киву (15.5), Вермален (18), Пепе (22), Дани Алвес (30) - Озил (27), Елија (17), Насри (18) - Форлан (20), Луис Фабиано (24), Луис Суарез (25).
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 17.Октомври.2010 во 07:50
ТОП 5 ВЕЧНИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ
Кој не ја знае животната приказна на Лео Меси, кој на 12-годишна возраст ја напушти родната Аргентина за да стане еден од најдобрите фудбалери на денешнината во дресот на Барселона. Дидје Дрогба, Самуел Ето, Дирк Новицки... имаа сличен пат кон славата, заминувајќи на други континенти години и години пред да се слушне за нив во нивните татковини. "Вест" избра петмина најуспешни репрезентативци кои никогаш не играле на професионално ниво во Македонија.
1. Ѓорѓи Христов
Партизан беше првата станица во интернационалната кариера за голем број фудбалски таленти од Македонија, но најисплатлива инвестиција му беше битолскиот голгетер. Тој дојде во Белград како 18-годишник, а кога замина во Англија, вредеше 1,5 милиони фунти. Потоа, каде се не играше (Холандија, Шкотска, Унгарија, Израел, Финска...). Секаде, само не во Македонија, иако еднаш го сликаа со дрес на Вардар во рацете.
2. Владо Илиевски
Еден од најдобрите македонски плејмејкери, исто така, стигна во белградски Партизан кога наполни 18 години. Оттука, замина за Унион Олимпија од Љубљана, клуб и град за кои струмичанецот, по се изгледа, и ќе ја врзе својата иднина, имајќи предвид дека таму заснова и семејство. Во меѓувреме, Илиевски настапуваше за некои од најдобрите екипи од Шпанија и Италија.
3. Величе Шумуликоски
Своевремено анонимец, а денес капитен на македонската фудбалска репрезентација, тој беше откриен во 2002 година, кога го носеше дресот на чешкиот прволигаш Синот (денес Словачко). Родениот стружанец ги направи своите први фудбалски чекори во Словенија, а најдобриот период му беа двете години во руски Зенит. Откако не успеа во Англија, избра да се пресели во Сибир. Не, по казна, се разбира.
4. Илчо Наумоски
И високиот прилепчанец беше практички непознат во Македонија кога со своите игри во Австрија се наметна во репрезентацијата во 2003 година. За да си го овозможи тоа, Наумоски дури се откажа од австриското државјанство, но и десетина години од почнувањето на професионалната фудбалска кариера, тој и натаму настапува во тамошната Бундеслига.
5. Предраг Самарџиски
Несудениот пик на НБА-драфтот уште како средношколец се пресели во Белград заедно со семејството, а кошаркарскиот развој го помина во престижната школа на Партизан. Кога дојде време за игра, таму не успеа да се избори за голема минутажа, па беше проследен во локалниот ривал ФМП Железник. Двометрашот од Скопје ова лето ја напушти Србија и ја продолжи кариерата во Турција.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 30.Октомври.2010 во 18:12
ТОП 5 ПИШМАН-РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Хрватскиот пливач Дује Драгања крена голем прав кога објави дека ќе настапува под знамето на Катар, за потоа да ја повлече својата одлука. Белорускиот ракометар Сјаргеј Рутенка се откажа од желбата да ги брани боите на Шпанија и се врати во својата матична репрезентација по неколку години играње за Словенија. Спортот навистина нуди необични животни одлуки и избори, како во случајот на овие петмина македонски спортисти.
1. Ока Николов
Стандардниот голман на Ајнтрахт Франкфурт за првпат доби шанса да го облече дресот на македонската репрезентација во времето на Ѓоко Хаџиевски и во период од три години одигра пет пријателски средби. Тој остана на вакви почесни настапи, бидејќи за нешто поофицијално му требаше македонски пасош, што, пак, бараше да се откаже од германското државјанство. Николов не беше подготвен за тоа.
2. Александар Маленко
Од многуте моменти кои ја обележаа неговата колоритна спортска биографија, особено се истакнува епизодата во која нашиот најдобар пливач најавува дека во иднина ќе настапува под знамето на Обединети Арапски Емирати. Тоа едно време ја забавуваше јавноста во периодот кога не се случуваше ништо во неговата кариера. Маленко секогаш знаеше да привлече внимание.
3. Марио Ѓуровски
Како роден белграѓанец, младинец на Црвена звезда и син на легендарниот Милко Ѓуровски, Марио мислеше дека вратите на српската фудбалска репрезентација му се ширум отворени, па смело изјавуваше дека не го интересира друг дрес. Кога увиде дека тоа нема да се случи, ние му го простивме овој излив на непатриотизам и го зедовме кај нас.
4. Кирил Георгиев
Македонската шаховска репрезентација доби големо засилување во велемајсторот Георгиев во пресрет на Олимпијадата на Блед во 2002 година и тоа водеше кон пласманот на одличното осмо место. Наредната година, Георгиев стигна и до четвртото место на ЕП во Истанбул, а потоа, незадоволен од третманот на државата, прифати да игра за селекцијата на Бугарија.
5. Горан Славковски
По потекло Македонец, по земја на раѓање Швеѓанец, младиот голгетер беше во дилема за чија репрезентација да игра и ова дополнително се искомплицира кога во целата приказна, по непознати канали, се вмеша и Хрватска. Славковски спектакуларно ја избра Македонија, за потоа да го одложува своето деби. На крајот, одигра три средби за младата селекција и прашање е што добивме со него.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 02.Ноември.2010 во 16:27
ТОП-5 НАВРЕДИ ВО ФУДБАЛОТ
"Сите можете да ми го попушите"
По повод неодамнешниот вербален инцидент помеѓу напаѓачот на Сампдорија Антонио Касано и претседателот на клубот Рикардо Гароне, "Билд" направи ранкинг од петте најтешки навреди во фудбалскиот свет. Не изненадува пласманот на легендарниот Диего Марадона на врвот на листата, по низата вулгарности кон медиумите и кон останатите колеги, но сепак на чело се најде неговата навреда на сметка на новинарите по квалификацискиот меч за СП во Јужна Африка додека ја предводеше Аргентина. ТОП-5 НАВРЕДИ: 1. ДИЕГО АРМАНДО МАРАДОНА (новинари) - "Им се заблагодарувам на навивачите и на играчите, но на никој друг. Сите останати можете да ми го попушите... Мене ми е сеедно што ќе напишат тие к*рвински синови. 2. АНТОНИО КАСАНО ( претседателот на Сампдорија) - "Можеш да ме бакнеш во задникот... Да те еб... во уста. 3. МАРКО МАТЕРАЦИ (Зинедин Зидан) - "Помила" ми е твојата к*рва од сестра" 4. РОБИ КИН (Мик Мекарти) - "Ти си еб... лажго! Ти си еб... дркаџија! Не те ценев како играч, не те ценам како тренер, а не те ценам ни како личност. Ти си еб... дркаџија и можеш да си го напикаш Светското првенство во задникот. Единствената причина поради која имам работа со тебе е бидејќи си селектор на мојата земја, иако не си ни Ирец, туку посран Англичанец. 5. НИКОЛА АНЕЛКА (Рајмонд Доменек) - "Да те еб... во уста, валкан к*рвин син!". |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 07.Ноември.2010 во 19:28
ТОП 5 НАЈУСПЕШНИ НЕОЛИМПИСКИ СПОРТОВИ
Атлетиката и пливањето секогаш се исчекуваат со најголем интерес кога ќе почнат олимписки игри, но тоа се спортови во кои Македонија е не епизодист, туку, уште полошо, статист. Исто е и со колективните спортови, во кои уште го чекаме првиот настап на некоја наша репрезентација. Место тоа, во Македонија владеат некои други спортски херои, за кои ОИ се недостапни, зашто нивниот спорт, едноставно, го нема во програмата.
1. Карате
Иако сакаме да се пофалиме со долгата традиција во боксот и борењето, нашиот најуспешен боречки спорт во моментов е каратето. Тоа се потврди и минатиот викенд, кога Жарко Арсовски освои бронза на Светското првенство во Белград, а, пред него, медал од европски првенства донесоа и Огнен Груевски, Наташа Андонова, Иво Цветковски и Сашко Арсовски.
2. Куглање
Ова е спорт кој не познава возрасни ограничувања. Иако никогаш не ни недостигаа квалитетни куглари, медали во името на Македонија денес освојуваат и Хрвати и Словенци. Борис Бенедик, Дамир Фучкар и Леонарда Мајер се веќе ветерани, а новата генерација ја предводи 20-годишниот Бранко Манев, кој на неодамнешното ЕП во Австрија се закити со две бронзи.
3. Параглајдерство
Центарот на овој атрактивен спорт во државата е Прилеп, односно тамошниот клуб Делта. Оттаму доаѓаат речиси сите претставници на Македонија во Светскиот куп, а најбројни се членовите на семејството Јованоски. Постариот син на селекторот Миле Јованоски, Мартин, беше лидер на светската ранг-листа, што досега не сме го имале во ниту еден друг спорт.
4. Маратонско пливање
Охридскиот маратон, како манифестација од светски углед, беше инспирација за голем број македонски пливачи да се посветат исклучиво на настапи во отворени води. Но, блескавата традиција денес се обидува да ја одржи единствено Евгениј Поп Ацев, кој го наследи Томи Стефановски во Гран при серијата на ФИНА и сезонава за малку не го надмина неговиот севкупен најдобар пласман на петтото место.
5. Кик-бокс
Спорт кој може да исполни која било сала во кое било време. Пред четири години, Скопје беше одличен домаќин на Европското првенство, за потоа Иле Ристески да се врати со бронзен медал од последните две светски првенства. Серијата сјајни настапи беше продолжена и на неодамнешното ЕП во Баку. Во комбинација со ултимејт фајт борби, спектакл секогаш е загарантиран.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 14.Ноември.2010 во 05:05
ТОП 5 НОВОПЕЧЕНИ ТРЕНЕРИ
Помладите генерации цел живот ги знаат Фабио Капело и Џовани Трапатони како врвни тренери, можеби, и не знаејќи дека на тоа му претходеше подеднакво успешна играчка кариера. Во поново време, сме сведоци на иста ваква трансформација кај Пеп Гвардиола, Франк Рајкард, Карло Анчелоти, Роберто Манчини... Преминот од играч во тренер за некои е толку брз, а за некои и толку успешен, што дури и се надминуваат себеси во новата професија.
1. Емил Рајковиќ
Никогаш ѕвезда, ретко стандарден, овој класичен бек-шутер имаше свои моменти во дресот на Работнички и кога беше избран да го води амбициозниот проект на Фени индустри, тоа се чинеше како преголем залак за тренер без искуство. Но, Рајковиќ се покажа дораснат на доверениот предизвик и, под негово водство, кавадарчани прераснаа во најдобриот кошаркарски колектив во земјата, потврдено со две шампионски титули.
2. Илчо Ѓорѓиоски
Неговата репрезентативна кариера се сведува на само неколку одиграни минути во прославената победа над Ирска од 3:2 на "Градски", а потоа имаше и трансфер во Турција. Затоа, пак, не можеше да посака подобар почеток на тренерската кариера, откако во својата прва сезона на клупата на еден клуб и ја донесе шампионската титула на Македонија ЃП.
3. Николче Здравески
Иако беше ставен, па симнат од црната листа на УЕФА поради наводното учество во местење, на Здравески не може да му се оспори успешното тренерско деби, обележано со титулата на Победа во 2007 година. Здравески оствари завидна кариера како клупски играч и е еден од последните асови на прилепскиот фудбал, а за националниот тим настапи еднаш, а и тоа не му се брои, бидејќи е од неофицијален натпревар.
4. Звонко Шундовски
Кога пред две години беше именуван за тренер на Металург, тоа му беше првиот ангажман надвор од битолскиот ракомет (читај: Пелистер) воопшто. Иако во подредена улога, металурзи таа сезона неочекувано го освоија Купот, по што Шундовски му ја препушти клупата на Лино Червар. Учејќи го селекторскиот занает како помошник на Вујовиќ и Темелковски, Шундовски денес ја води машката ракометна репрезентација.
5. Тони Јакимоски
Поранешниот дефанзивец на Љуботен, Вардар и Цементарница се избори за единствениот настап во репрезентацијата на пријателски натпревар во финишот на мандатот на Андон Дончевски. Како тренер, го прероди Тетекс: го врати во Првата лига, го предводеше до првиот трофеј (Куп), му обезбеди деби во еврокуповите, а сезонава е и конк*рент за титулата по серијата од 20-ина меча без пораз.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 17.Ноември.2010 во 14:34
http://k*rir.mk/sport/fudbal/8197-Srbija-i-Hrvatska-pomegu-10-te-najgolemi-svetski-rivalstva - Србија и Хрватска помеѓу 10-те најголеми светски ривалства
Среда, 17 Ноември 2010 13:47
http://www.facebook.com/sharer.php?u=http%3A%2F%2Fk*rir.mk%2Fsport%2Ffudbal%2F8197-Srbija-i-Hrvatska-pomegu-10-te-najgolemi-svetski-rivalstva&t=%D0%A1%D1%80%D0%B1%D0%B8%D1%98%D0%B0%20%D0%B8%20%D0%A5%D1%80%D0%B2%D0%B0%D1%82%D1%81%D0%BA%D0%B0%20%D0%BF%D0%BE%D0%BC%D0%B5%D1%93%D1%83%2010-%D1%82%D0%B5%20%D0%BD%D0%B0%D1%98%D0%B3%D0%BE%D0%BB%D0%B5%D0%BC%D0%B8%20%D1%81%D0%B2%D0%B5%D1%82%D1%81%D0%BA%D0%B8%20%D1%80%D0%B8%D0%B2%D0%B0%D0%BB%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%B0&src=sp - - - Share
Порталот Goal.com објави своја листа на најголемите фудбалски ривалства, во првите десет се најде и ривалството помеѓу Хрватска и Србија, со образложение дека тоа има слаба врска со фудбалот.
Србија и Хрватска најдоа место помеѓу првите десет најголеми ривалства во светскиот фудбал. Овој портал констатира дека таа омразеност која постои одамна, успешно се пренесува и врз другите спортови како тенисот, ракометот, кошарката и ватерполото.
Завршниот коментар на Goal.com за ова дерби е дека, ако се гледа од политички аспект, веројатно ова е најголемо ривалство во светот на фудбалот, ривалство кое може да се сретне во сите сфери, а најмалку во спортот.
Во Топ 10 место најдоа и следниве дуели:
Бразил – Аргентина
Двете најголеми јужноамерикански нации изградија меѓусебно ривалство кое секогаш е на највисоко ниво и никогаш нивните дуели не се пријателски.
Англија – Шкотска
Шкотите секогаш ги гледаат Англичаните како вечни непријатели, голем удел во тоа има политиката и историјата помеѓу двете земји, а јавна тајна е дека „Тартан армијата“ секогаш навива против Англија на големите натпреварувања.
Jапонија – Јужна Кореја
Двете најголеми сили на истокот на Азија ова ривалство го именуваат како „Ханелион“, термин што ги означува сите спортски дуели помеѓу двете земји.
Алжир – Египет
Мечевите помеѓу овие две репрезентации неизбежно се проследени со насилство, а неретко и самите играчи се инволвирани во пресметките.
Холандија – Германија
Ова според Goal.com е најголемото европско дерби. Омразеноста која Холанѓаните ја имаат кон Германците еволуирала и од отворено непријателство прераснала во софистициран презир. Победите над Германија во Холандија дури се опеани дури и во посебни песни.
Салвадор – Хондурас
Ривалството помеѓу овие две земји е едно од најголемите во Јужна Америка и многу често било сцена на крвопролевања.
Португалија – Шпанија
Едно од ретките ривалства кое е поврзано само со фудбалот, Португалија и Шпанија се пријателски земји, основа на таа фудбалска омразеност е мислењето на двете земји дека подобро играат фудбал од својот сосед.
Иран – Саудиска Арабија
Непријателството помеѓу двете репрезентации на овие земји е од чисто политички причини кои скоро секогаш се пренесуваат на теренот.
САД – Мексико
Ова е најновото ривалство во светот на фубалот, поради тоа што Мексико беше доминантен во минатиот век. Растот на ова непријателство започна на СП 2002. година кога Американците стигнаа до полуфиналето и Мексиканците мораа да се соочат со фактот дека не се веќе суверен фудбалски господар на Северна и Средна Америка.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 20.Ноември.2010 во 12:40
ТОП 5 КРАТКИ СЕЛЕКТОРСКИ АНГАЖМАНИ
Африканските репрезентации летоска на СП во Јужна Африка воведоа пракса на еднократно ангажирање реномирани селектори, очекувајќи успех и врвни резултати преку ноќ. Иако тоа е најпримамливата функција за тренерската фела во секој спорт и ретко кој би се осмелил да ја одбие, тука може многу да се добие, но и уште повеќе да се загуби. Така, и во македонскиот спорт има примери на тренери за кои тоа бил само краткотраен излет.
1. Цане Крстевски
Тоа буквално беше викенд-селекторски ангажман за битолчанецот. Драган Здравковски поднесе оставка, а македонските ракометни терени беа суспендирани на една година поради случајот "Прокоп", па двомечот со Исланд во рамките на баражот за СП 2001 моравме да го играме на гости. РФМ му ја довери невозможната задача на Крстевски, кој остана на тие две средби како селектор.
2. Ѓоко Хаџиевски
Првиот македонски тренер кој бил селектор на две различни фудбалски репрезентации. И додека се уште се води како најуспешен предводник на Македонија, од Хаџиевски не се бараа големи амбиции кога му беше доверено да го води Азербејџан во завршницата на квалификациите за ЕП 2008. Поточно, по оставката на неговиот претходник, тој само требаше да ги одработи последните два натпревара.
3. Стојан Петрушевски
Златната резерва на претседателот на Вардар Михајло Михајловски уште еднаш беше повикана на помош кога машката ракометна репрезентација непредвидено остана без селектор пред стартот на квалификациите за ЕП 2006. Во текот на едномесечниот ангажман, Петрушевски имаше обврска да ја одведе селекцијата до баражот, а потоа беше заменет со Зоран Живковиќ-Тута.
4. Љубомир Мечкиќ
Прославениот српски тренер раководеше со втората фаза од амбициозниот проект на подем на македонското ватерполо и дојде на готово, кога веќе имавме обезбедено пласман на ЕП 2008 во Малага. Сепак, тој си ја исполни целта и со осмото место на првенството, Македонија следната година играше и на СП во Рим. Неговиот ангажман заврши со ова ЕП.
5. Слободан Сантрач
Првиот странец на кормилото на нашиот фудбалски национален тим ќе остане запаметен и како најнеуспешен и најкраткотраен досега. Србинот издржа на оваа функција едвај пет месеци и за тој период оствари скор од една победа и три порази, почнувајќи ги квалификациите за СП 2006. Ненадејно реши да се повлече летото 2004 година, образложувајќи го тоа со семејни причини. |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 27.Ноември.2010 во 23:26
ТОП 5 КРАТКОТРАЈНИ ФУДБАЛСКИ ХИТОВИ
Се сеќава ли уште некој дека во Првата фудбалска лига на Македонија играле и екипи како Вардарски, Кожуф, Брегалница (Д) и Куманово? Можеби, ама, главно, како екипи на кои таму не им било место. Постои и онаа друга група клубови, кои, исто така, не се задржале долго во одбраното друштво, но барем се потрудиле да остават трага, макар денес звучало тоа како приказни за една сезона.
1. Милано
Во три сезони, колку што беа членови на прволигашкото друштво, кумановци двапати беа вицешампиони, а во 2008 година стигнаа и до финалето на Купот. Колата тргна надолу кога контроверзниот газда заврши зад решетки, па без финансиер, клубот немаше пари ниту да плати котизација за настап во сезоната 2009/10 и се откажа и од Втората лига. Денес е третолигаш.
2. Балкан
Тимот од Чаир влезе во Првата македонска лига од Втората ексју лига и во првите две сезони од осамостојувањето го оправдуваше статусот на една од нашите најдобри екипи, завршувајќи на третото место две години по ред. Во годините што следеа, Балкан константно назадуваше, се до сезоната 1998/99, кога за последен пат беше виден во елитата. Денес не опстојува.
3. Башкими
Уште еден кумановски прволигаш со краток век на успешност. Башкими одигра пет полни сезони во најдобрата македонска лига, при што највисоко успеа да се искачи до шестото место во 2005 година, кога се закити со единствениот трофеј во својата историја, Купот. Ја почна и шестата сезона, но се откажа по неколку кола поради беспарица. Денес не се натпреварува.
4. Маџари солидарност
Клубот од скопската населба Маџари доживеа ѕвездени моменти, па го допре дното во рок од две сезони во Првата лига. На своето деби во 2003/04 г. се пласираше на шестото место, а веќе следната пакуваше куфери за враќање во второлигашката конк*ренција. За малку ќе понесеше и еден трофеј, но загуби во финалето на Купот од Башкими. Денес му прави друштво на Милано во Третата лига-Север.
5. Скопје
Тимот од Автокоманда беше апсолутен хит на есенскиот дел од сезоната 1997/98, кога напредуваше од тазе прволигаш до второто место на табелата. На крајот на истото првенство спасуваше жива глава, па во последното коло се избори за уште една сезона во елитата. А, тоа траеше токму толку - само уште една сезона. На Скопје потоа му требаа 11 години да заигра повторно во Првата лига.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 05.Декември.2010 во 00:06
ТОП-5 НЕОБИЧНИ ИНЦИДЕНТИ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ
На спортските терени низ Македонија се уште не се случило да се стрча егзибиционист од типот на Џими Џамп, па како најнеобичен виновник за прекин на еден натпревар останува маглата на дуелот помеѓу нашата фудбалска репрезентација и Унгарија во Скопје. Бизарни, опасни или сеирџиски, ваквите инциденти секогаш се непредвидливи и непосакувани за домаќините, а, на крајот, од нив најчесто и најмногу трпат самите спортисти.
1. Фени-Работнички
Инциденти на нашите кошаркарски терени веќе стануваат секојдневие, но тие никогаш не биле поблиску до трагедија како на неодамнешното дерби помеѓу Фени индустри и Работнички во Кавадарци. Бегајќи од полициски палки, петмина навивачи од Скопје беа повредени, при што еден скрши нога, кога под нивна тежина се урна долниот дел од трибината во салата "Јасмин". И среќа што тоа не се случи погоре на трибината.
2. Македонија-Нигерија
Натпреварот на тогашниот Градски стадион во Скопје само што беше почнат, кога го покри мрак. По само десет минути игра, во ист момент откажаа сите рефлектори на стадионот, па средбата беше прекината. Речиси половина час траеја напорите да се отстрани дефектот и да се поврати осветлувањето и дуелот, сепак, го дочека својот регуларен крај.
3. Никол ферт-МЗТ Скопје
Првото издание на кошаркарскиот Суперкуп, чиј домаќин беше Гостивар во 2000 година, беше одложено за еден ден, бидејќи играчите претераа со загревањето. Пред почетокот на средбата, при едно тренинг-забивање, се скрши таблата на еден од кошевите. Домаќините немаа резервна табла, па штетата не можеше веднаш да се поправи. Победникот беше добиен наредната вечер.
4. Пелистер-Лемго
Полуфинале на Купот на победниците на куповите во 1995 година, Битола беше во очекување на најважниот натпревар во историјата на градот. Во салата "Младост" немаше каде игла да падне и првото што попушти, уште пред да почне мечот, беше паркетот, кој како да еруптираше. Санацијата беше бргу изведена, на сметка на малото доцнење на почетокот на средбата, а за алатки се фатија и тогашни министри.
5. Вардар-Легија
"Црвено-црните" примија пет гола од Полјаците во Купот на УЕФА во едно од своите најмизерни европски изданија, а на трибините на Градскиот стадион во Скопје беше опасно како никогаш порано. Не беа во прашање навивачки нереди, туку на врвот на "Јужна" заискрија каблите за напојување на рефлекторите, кои притоа изгаснаа. Пожар, за среќа, немаше, но дел од публиката се разбега во паника.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 13.Декември.2010 во 06:25
Постирано од: емил
Датум на внесување: 18.Декември.2010 во 14:58
ТОП 5 МАКЕДОНСКИ ТАЛЕНТИ ВО ДРУГИ РЕПРЕЗЕНТАЦИИ
Да можеше Македонија да смета на сите таленти кои потекнуваат од овие простори, можеби, денес ќе беше и велесила во некои спортови. Но, логично е државите во коишто тие се родени и пораснати да полагаат право на нив, па денес среќаваме познати презимиња во голем број странски репрезентации. Можеби, не можеме да ги сметаме за наши, но смееме да се радуваме на нивните успеси.
1. Бојана Јовановски
Тинејџерката од Белград, која на 31 декември ќе наполни 19 години, е треторангираната Србинка на ВТА-листата, надоврзувајќи се на неверојатниот подем на нашиот северен сосед во тенисот. Јовановски се наоѓа на 71. место во завршниот ранкинг за 2010 година, како најмлада тенисерка во топ-100. Покрај тоа што веќе е членка на Фед куп тимот на Србија, таа сезонава дебитираше на ВТА-турнејата, но и на Вимблдон.
2. Пајтим Касами
Родениот стружанец беше член на репрезентацијата на Швајцарија која изненадувачки го освои Светското првенство за фудбалери до 17 години, што се одржа лани во Нигерија. Овој 18-годишен играч од средниот ред ја почна кариерата во Винтертур, па преку Грасхоперс и Ливерпул стигна до Серија А. Таму го доведе Лацио, но Палермо беше тимот кој му овозможи да дебитира на стартот на оваа сезона.
3. Александар Угриноски
Дваесет и двегодишниот плејмејкер потекнува од Скопје, но фактот што порасна во Хрватска му овозможи да го облече дресот на младите национални селекции на оваа земја, што, пак, беше препорака за двете тамошни најдобри кошаркарски екипи, Цибона и Сплит. Сепак, кариерата ја продолжи во Работнички, Вардар осигурување и Рилски спортист (Бугарија), а сега се обидува да успее во Италија.
4. Александар Игњовски
Уште еден фудбалски талент за кој Македонија се бори со друга држава, во случајов Србија. Игњовски (19) е роден во Белград, настапува во среден ред, а фудбалски потекнува од школата на ОФК Београд. Но, штом наполни 18 години, замина на заем во германскиот второлигаш 1860 Минхен. Засега се уште има можност да ја избере Македонија, бидејќи има само два настапи за младата селекција на Србија.
5. Мирослава Најдановски
Пливачката од Зрењанин (Србија) имаше само 16 години кога настапи на Олимписките игри 2004 во Атина, а четири години подоцна беше дел од српската репрезентација и на Игрите во Пекинг. Дваесет и двегодишната Најдановски го оствари најголемиот успех во својата кариера лани, кога триумфираше на 100 метри слободно на Медитеранските игри во Пескара. |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 26.Декември.2010 во 06:56
ТОП 5 ТРАНСФЕРИ ВО 2010 ГОДИНА
Македонските спортисти ниту оваа година не брилјираа на трансфер-пазарот. Во најдобрите европски лиги во кој било спорт толку тешко се влегува, што како ветени земји се издвоија Азербејџан, Кипар, Полска, Чешка, Романија..., што и не е за некоја пофалба. Тоа е доказ и за нискиот рејтинг на македонскиот спорт во европски рамки, па кога некој ќе премине во клуб како Интер или Сиудад Реал, тоа е рамно на национална сензација.
1. Пандев во Интер
Долгоочекуваното заминување на најдобриот македонски фудбалер од Лацио, конечно, се случи во првите денови на јануари, кога беше слободен да избере каде ќе оди. Повикот на Жозе Мурињо не се одбива и Пандев на 4 јануари стави потпис на четири и полгодишен договор со Интер. Тоа беше полн погодок, бидејќи до крајот на годината, Пандев и Интер беа побогати за цели пет титули.
2. Лазаров во Сиудад Реал
Откако Загреб со неубедливи изговори летоска реши да се ослободи од својот најдобар стрелец во последните три сезони, европските ракометни гиганти се впуштија во трката по него. Не беше никакво изненадување кога Лазаров објави дека потпишал двегодишен договор со Сиудад Реал, бидејќи е позната неговата амбиција за освојување на Лигата на шампионите. Шпанскиот првак, несомнено, има капацитети за тоа.
3. Андонова во Турбине
Македонскиот женски фудбал годинава доби несекојдневно признание кога прво УЕФА ја прогласи Андонова за најдобар млад играч во Европа за 2010, за веднаш потоа да уследи нејзиниот премин во редовите на актуелниот германски и европски шампион Турбине од Потсдам. Андонова не случајно ја нарекуваат женски Пандев, а омилена занимација и се погодоци од половина терен.
4. Попов во Динамо Киев
Иако досега има настапувано за екипи како АЕК, Црвена звезда и Херенвен, репрезентативниот лев бек го оствари трансферот на кариерата кога во јуни ја замени Холандија за славниот украински клуб Динамо Киев, со кој потпиша петгодишен договор. Само поради повреди, високиот струмичанец не се изнаигра оваа есен покрај Андриј Шевченко.
5. Ибраими во Шалке
Две недели откако му беше доделена титулата најдобар фудбалер на Македонија за минатата година, 24-годишниот напаѓач го напушти идниот шампион Ренова и се пресели во Шалке. Во Бундеслигата забележа само два настапи, по што тренерот Феликс Магат го прекомандува во резервниот тим, инаку, четвртолигаш. Иднината на Ибраими во Шалке сега е неизвесна.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 15.Јануари.2011 во 14:37
ТОП 5 анонимни фудбалски репрезентативци
Околу 200 играчи продефилираа низ македонскиот фудбалски национален тим од неговиот прв натпревар во 1993 година. Селекторите постојано беа во потрага по репрезентативци низ целиот свет, водејќи се од идејата дека секој заслужува шанса. Гоце Седлоски е единствениот кој стигна до бројката од 100 одиграни натпревари, но далеку помногубројни се оние чие репрезентативно искуство се сведува на деби или на некој меч повеќе од тоа.
1. Бирол Топчиу
Вториот и засега последен фудбалер (по голманот на Охрид Данчо Целески) кој влегол во репрезентацијата директно од второлигашка македонска екипа. Топчиу беше член на Гостивар, кога селекторот Дончевски го повика за пријателскиот меч со Бугарија во 1995 година, на кој, всушност, настапија само играчи од домашното првенство. Исто како и неколку месеци подоцна против Турција во Истанбул.
2. Перица Станчески
Актуелниот селектор Мирсад Јонуз не и објасни на македонската јавност како нашол репрезентативец во екипа како Борац Бања Лука. Роден во Белград, Станчески (25) потекнува од Партизан, но ние се сетивме на него дури на крајот на минатата година, кога во последен момент влета како замена за Владе Лазаревски за потребите на пријателскиот натпревар со Кина, на кој, рака на срце, испративме Б-тим.
3. Дарко Крстески
Иако зад себе имаше две сезони во дресот на Црвена звезда, каде што дојде од редовите на прилепска Победа, овој централен дефанзивец стана интересен за нашиот национален тим како член на Сутјеска од Никшиќ. Единствениот настап во дресот на Македонија го забележа на турнирот во Варна во лето 2000 година, кој не се води како официјален, по што беше заборавен.
4. Дејан Милошевски
Барајќи нови, квалитетни решенија за средниот ред, селекторот Сречко Катанец се сврте кон Литванија, од кадешто доаѓаа вести за одличните партии на поранешниот играч на Цементарница во дресот на Ветра. Тестиран на пријателската средба со Црна Гора, Милошевски не се снајде најдобро, па неговата репрезентативна кариера вкупно траеше 45 минути. Денес е во Полска.
5. Јурица Силјаноски
Охриѓанецот мина низ редовите на АЗ Алкмар и Баерн Минхен, пред да биде откриен од селекторот Ѓоре Јовановски во 2001 г. во дресот на шведски Елфсборг. Иако одигра пет средби по ред, постигнувајќи и гол против Бахреин, Силјаноски бргу излезе од фокусот. Статусот на репрезентативец и не беше некој импулс за неговата кариера, бидејќи потоа направи трансфер во романски второлигаш, а денес живее и игра во Австралија. |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 22.Јануари.2011 во 20:16
ТОП 5 НЕИСКОРИСТЕНИ ФУДБАЛСКИ ТАЛЕНТИ
Правило е репрезентативниот дрес да биде отскочна штица за кариерата на секој спортист, ама во услови кога европскиот фудбалски пазар е презаситен, до добар трансфер се потешко се доаѓа. Македонските фудбалери се особено нетрпеливи да го напуштат слабото домашно првенство, па трансфери по секоја цена се далеку побројни од оние кои би го зголемиле реномето на нашиот фудбал. Затоа наши таленти неретко завршуваат и се губат во потпросечни клубови и лиги.
1. Горан Славковски
Од најмлад дебитант на Интер во Серија А до резервниот тим на германскиот второлигаш Бохум, тоа е сурово надолниот тренд во кариерата на фудбалерот кој беше најавуван како новиот Златан Ибрахимовиќ. Откако Македонија се избори за неговите услуги, 21-годишниот Славковски забележа три настапи за нашата млада репрезентација, а најновите информации кажуваат дека сега бара нов почеток во родната Шведска.
2. Филип Маџовски
Како 21-годишен чувар на мрежата на Работнички стигна до дресот со број еден во македонската фудбалска репрезентација, но на трите одиграни средби, сите од квалификациите за СП 2006, прими вкупно десет гола. Сметајќи дека по епизодите во Милано и Вардар ја надраснал нашата Прва лига, Маџовски замина во далечниот Виетнам. Ако на некого му значи нешто, името на клубот е Џонг Там Лонг Ан.
3. Агим Ибраими
Не така одамна најдобриот млад фудбалер во Македонија имаше бомбастично деби за националниот тим на пријателската средба со Шпанија, кога веќе градеше интернационална кариера во дресот на Олимпија од Љубљана. Оттаму беше присилен да си оди поради губење на работната дозвола, па се пресели во турскиот суперлигаш Ескишехирспор. И таму не се изнаигра есеноска.
4. Сашко Пандев
Поранешниот капитен на младата селекција на Македонија загуби доста драгоцено време од кариерата со раниот трансфер во Динамо Загреб. Таму тешко доаѓаше до место во првиот тим, па за тие пет сезони, главно, беше отстапуван на други екипи (Интер Запрешиќ, Меѓимурје, Работнички, Турново). Прашање е колку трансфер во клуб како Муган може да ја поттурне неговата кариера. Муган, инаку, е од Азербејџан.
5. Зоран Балдовалиев
Играчот кој и припаѓа на генерацијата струмички бисери Пандев, Стојков, Попов... никогаш не се трансформираше во стандарден репрезентативец и застана на само четири настапи. Можеби, зашто кариерата го водеше низ втората лига на европскиот фудбал, од Словенија преку Азербејџан, Летонија и Бугарија до Израел, каде што му помогна на Хапоел од Кирјат Шмона да стане прволигаш
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 29.Јануари.2011 во 20:44
ТОП 5 НАЈДОЛГОВЕЧНИ ТРЕНЕРИ
Наградно прашање за милион: кој бил тренер на Манчестер јунајтед пред сер Алекс Фергусон? Па, иако веќе 25 години на оваа функција, Шкотланѓанецот е само на половина пат од времето што Ги Ру го има поминато на клупата на Оксер. Тренерската професија не трпи неуспеси и секој нареден натпревар е квалификациски за опстанок на жешката клупа. Тренерските судбини затоа се менуваат преку ноќ. Освен, ако не се викате Фергусон или Ру.
1. Владимир Радиќ
Голем број врвни тренерски имиња седеа на клупата на (Кометал) Ѓорче Петров, но само професорот Радиќ има статус на вистинска легенда. Се менуваа Каменица, Маковеј, Панов, Петковиќ, Евтушенко..., а тој остануваше во стручниот штаб, макар и како нивна десна рака. И така цели 25 години, почнувајќи таму некаде во 1982 година: од маалските, до ѕвездените моменти, обележани со освојувањето на Лигата на шампионите.
2. Кире Ричлиев
Во македонскиот спорт нема биографија како на Ричлиев. Докажаниот творец на одбојкарски таленти во својата 36-годишна кариера ги напуштил родниот град и матичниот клуб Струмица само на половина сезона, на кратко заминувајќи на Косово. Ричлиев годинава прославува јубилеј две децении работа во тимот на Струмица, кој по фузијата со Македонија Џио стана Џио Струмица.
3. Јошко Миленковски
Ретко кој тренер може да се пофали со таква верност кон еден клуб и, истовремено, со таква низа на успешност. Миленковски го претвори Работнички Фершпед во најтрофеен одбојкарски колектив во регионот, неприкосновено предводејќи го до 30-ина титули за период од 17 години. Сето тоа некако пребрзо се растури кога екипата ја напушти долгогодишниот спонзор, а Миленковски се пресели во Тунис.
4. Светислав Костовски
Е, тоа се вика упорност и трпение! Темпераментниот тренер на кошаркарките на Младинец 15 години немоќно гледаше како Вигор, Тиквеш, Кимико и други ривали се китат со титули, но не губеше надеж и желба. Своите пет минути слава ги доживеа на крајот на минатата сезона, кога екипата од Драчево ја одведе до првата шампионска круна. Имало нешто во изразот "кој чека, ќе дочека". Макар било тоа и 15 години.
5. Васко Скендеровски
Да се биде селектор на најдобрата фудбалска национална селекција значи секој потег да биде под посебен скенер на јавноста. Како селектор на нашата репрезентација во мал фудбал, Скендеровски дефинитивно не трпи ниво на стрес и притисок како Мирсад Јонуз, па не чуди што ја врши оваа функција веќе полни девет години. Тоа го прави најдолготраен селектор во македонскиот фудбал досега.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 06.Февруари.2011 во 07:31
ТОП 5 ШОКАНТНИ РЕЗУЛТАТИ
Спортот нуди пријатни и непријатни изненадувања и неочекувани постигнувања како ниту една друга сфера од животот. Не случајно се вели дека фаворити постојат само на хартија и на терен се излегува со подеднакви шанси за победа и пораз. Можеби, овие пет резултати не одекнаа силно на меѓународната сцена, но за македонските спортски прилики се блиску до неверојатни.
1. Вардар-ЦСКА (М) 2:1, 1:1
Откако го елиминираше скромниот Бери таун, а поучени од бројните претходни искуства, кој можеше да предвиди дека Вардар ќе има шанси против рускиот првак во второто претколо на Лигата на шампионите. И не само што го победи во Москва со 2:1, туку и ја зачува оваа предност во реваншот во Скопје со ремито 1:1. Македонскиот фудбал никогаш не бил поблиску до групите од ЛШ како во сезоната 2003/04.
2. Сиудад Реал-Младост 30:30
Тимот на Кире Лазаров сега е еден од водечките клубови на европската ракометна сцена, но пред 12 години оствари мало чудо од резултат. Поточно, богданчани остварија. Денес, тоа не може да се случи ниту против Барселона или Кил, но Младост успеа да одигра нерешени 30:30 во Сиудад Реал во сезоната 1999/2000! И тоа по речиси 3.000 километри пат со автобус.
3. Работнички-Победа 1:2
Иако имаше сомнежи во регуларноста на исходот на фудбалското првенство во сезоната 2006/07, никој не му е виновен на Работнички што ја изгуби веќе навидум освоената титула. Победа неочекувано изби во прв план, откако во решавачкиот натпревар на пролетниот дел славеше на "Градски" со 2:1 со гол во самиот финиш. Овие бодови се покажаа клучен исчекор кон титулата и прилепчани не ја испуштија понудената шанса.
4. Македонија-Финска 3:2
Тениското лудило во Македонија траеше три години, а започна од овој момент. Без играчи на АТП-турнејата, Македонија стигна до Првата евроафриканска зона на Дејвис купот со победата над Финска од 3:2 во Скопје. Не дека и Финците се некоја тениска нација, но, за разлика од Русевски и Магдинчев, Јарко Ниеминен во тој момент беше играч од топ-500, туку од топ-20 на АТП-листата.
5. Младост-Морнар 28:41, 29:16
И повторно тие богданчани. Иако се чинеше дека нивното деби во еврокуповите во 1996 г. ќе трае само два меча, тоа заврши со еден од најголемите пресврти во историјата на македонскиот спорт. Од Бар (сега Црна Гора) се вратија со негатива од 13 гола, но Морнар потоа загуби со идентична разлика во Богданци и отпадна врз основа на повеќе примени голови на домашен терен. Младост дотурка до осминафиналето на КПК.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 13.Февруари.2011 во 04:18
ТОП 5 НЕСУДЕНИ НАТПРЕВАРИ
На некои натпревари не им било судено да се одиграат. Било поради временски неприлики, било од финансиски или, уште пострашно, од политички причини, тие остануваат запаметени по својата специфика како спортски настани во најава. За разлика од националните првенства, каде што полесно се наоѓаат заменски термини, меѓународниот спорт е поставен врз строго утврдена програма, во која ретко се дозволени отстапувања.
1. Македонија-Унгарија
Пријателскиот натпревар закажан среде есента 2000 година на Градскиот стадион во Скопје беше прекинат по само 45 минути игра. Причината за тоа беше густата магла што таа ноемвриска вечер го прекри Скопје до тој степен што прст пред око не се гледаше на теренот, а камоли движењето на топката. Унгарија во тој момент водеше со 1:0 со голот на сега покојниот Миклош Фехер.
2. Жито Прилеп-Грци
Прилепските ракометарки баш немаат среќа да одиграат меч со грчка екипа. Минатата сезона, тимот на Мегас Александрос одби да настапи во Прилеп, а пред неколку дена Грчката ракометна федерација ја затвори салата во Лехово за дуелот со домашниот Арион. Во двата случаја, на Грците им пречеше сонцето на Вергина во клупското лого на Жито Прилеп.
3. Кантабрија-Македонија
Македонската фудбалска репрезентација имаше обичај пред нова година да и гостува на некоја шпанска провиција, па по средбите со Баскија и Астурија, доби покана и од Кантабрија во 2003 година. Сепак, до дуелот со Де ла Пења, Елгера, Амависка и со други "локални" репрезентативци никогаш не дојде, бидејќи ден пред патувањето за Шпанија, тој беше откажан од организаторот поради мал интерес на тамошната јавност.
4. Либија-Македонија
Ова требаше да биде првиот настап на најдобрите македонски фудбалери во Африка, но противникот, покрај неквалитетен, покажа и дека е несериозен. За среќа, Фудбалската федерација на Македонија на време го увиде тоа, откако Либијците не ја уплатија најавената сума од, наводно, 50.000 евра за нашето гостување, кое требаше да се случи кон крајот на 2009 година. А, штом нема пари, нема ни натпревар.
5. Вардар-Сковде
Шведскиот тим без борба му го препушти на Вардар пласманот во осминафиналето на КПК во сезоната 1998/99, бидејќи се исплаши од доаѓањето на реваншот во Скопје. Можеби, не толку од вардарци, кои во Шведска се изборија за минимален пораз, колку од ситуацијата во регионот. Имено, тоа беше периодот на војната на Косово и ракометарите на Сковде решија да останат дома.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 20.Февруари.2011 во 06:02
ТОП 5 странски селектори во Македонија
Во неброено многу случаи сме биле сведоци како домашни тренери се запоставуваат или потценуваат кога треба да се избере селектор, но, на терен, само мал дел од ангажираните странци ја оправдале својата репутација. Некои од најнеуспешните селектори на македонските репрезентации беа токму извикани странски имиња. Можеби, зашто од нив секогаш се очекувало повеќе, по можност успех преку ноќ.
1. Богдан Маковеј
Со неговото доаѓање на кормилото на Кометал ЃП светот слушна за македонскиот женски ракомет. Станувајќи по автоматизам и селектор, Романецот прво ги одведе нашите најдобри ракометарки на СП 1997 во Германија, а таму - сензација до сензација. Падна неприкосновената Данска, следуваше Романија, па борбата за полуфиналето со Германија, за на крајот да завршиме на феноменалното седмо место.
2. Дејан Маринковиќ
Иако староседелец во Македонија, српскиот тренер не можеше од клупа да го води нашиот Дејвис куп тим во мечевите кои го вивнаа македонскиот тенис во Првата евроафриканска зона. По победата над Финска во Скопје, Македонија цели три години беше член на своевидната втора лига на светскиот тенис, при што особено спектакуларна беше елиминацијата на Летонија.
3. Јовица Арсиќ
Помошникот на Светислав Пешиќ во шампионскиот тим на Србија и Црна Гора од СП 2002 доби јасна задача кога ги презеде најдобрите македонски кошаркари во 2007 година - по една деценија да ги врати на ЕП. Арсиќ успеа во намерата и направи чекор напред, пласирајќи ја Македонија во вториот круг на ЕП во Полска. Таму за момент дури се понадевавме дека можеме и до СП во Турција.
4. Јошко Петковиќ
Најтрофејниот ракометен тренер во Македонија само еднаш во три обиди успеа да ја одведе женската репрезентација на големо натпреварување, но тогаш, на СП 1999 во Данска и Норвешка, повторно бевме хит. За тоа особено придонесе победата над Јужна Кореја во осминафиналето, по која Македонија се најде на чекор до пласманот на ОИ во Сиднеј. Се испречи Романија.
5. Сречко Катанец
Словенецот не успеа да направи чуда со македонската фудбалска репрезентација како со својата матична селекција претходно, но во тоа време барем имавме респектабилен рејтинг на ранг-листата на ФИФА. Катанец одработи циклус и пол квалификации, донесе подобри игри, но не и резултати, па како спомен на него ни останува пласманот на 46. место во октомври 2008 година, 33 места подобар од моменталниот.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 05.Март.2011 во 17:14
ТОП 5 ПЛАЧКОВЦИ
И во поразот треба да се биде голем, реално да се согледаат работите и да се извлечат поуки. Некогаш со право, некогаш ефтин изговор, македонските спортисти уживаат да се повикуваат на судење, груба игра на противникот, терен или на други валкани игри кога сакаат да се оправдаат, но тоа, всушност, го има секаде. Спортски е да се губи и спортски е да се бара оправдување.
1. Славен Билиќ
"Не купувам веќе ни македонски лубеници", изјави селекторот на Хрватска, Славен Билиќ, по единствениот пораз во квалификациите за ЕП 2008. Скапите нозе на хрватските ѕвезди не се снајдоа на калливиот терен на Градски стадион во Скопје и загубија со 2:0, па по враќањето дома ја нападнаа Македонија за лошите услови за игра. Но, како за едните, така и за другите, тие беа исти.
2. Андриј Шевченко
Како една од најголемите ѕвезди на европскиот фудбал во тоа време, напаѓачот на Милан, бездруго, очекувал повластен третман при гостувањето на Украина во Скопје во 2004 година. Но, никој не му го рекол тоа на нашиот дефанзивец Милан Стојановски, кој со еден старт го исфрли од игра. Не поради повреда, туку зашто Шева демонстративно го соблече дресот и го напушти теренот уште пред да заврши првото полувреме.
3. Скијачите на ЗОИ 2006
"Постигнатите резултати се под очекувањата", признаа од Скијачката федерација на Македонија по враќањето од Зимските олимписки игри во Торино, а потоа најдоа бисерно оправдување за тоа: - Патеката беше подмрзната и стрмна! Кој знае колку опасна била спуст-патеката, кога се исплашивме од слаломската?
4. Дејвид Бекам
Македонија им покажа заби на англиските фудбалери во Саутемптон, па реваншот во Скопје се исчекуваше како ниту еден друг натпревар претходно. Англија победи со 2:1, но ги заслужи свирежите од трибините за својот однос. Во тоа предничеше Дејвид Бекам, кој го напушти теренот со недоличен гест кон македонските играчи, а потоа го обвини Артим Шаќири дека му се заканил со убиство.
5. Славко Новаковиќ
Вообичаено е екипите да се жалат на лоши услови за игра, но на своето деби во Лигата на шампионите во 2006 г., ракометарите на Металург потклекнаа пред извонредни услови за игра, како што забележа нивниот тогашен тренер Новаковиќ. - Салата на Чеховски медведи е една од најмодерните во Европа и додека ја надминавме импресионираноста, противникот веќе водеше со десет гола - рече Новаковиќ.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 13.Март.2011 во 00:01
ТОП 5 НЕСУДЕНИ ФУДБАЛСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ
Напорите да го преземеме стружанецот Пајтим Касами од Швајцарија е последниот во низата обиди да се засили нашата фудбалска репрезентација со таленти пораснати во други држави. Тоа некогаш даваше резултати (како со Горан Славковски), некогаш не, но македонските селектори продолжуваат да трагаат и да следат играчи кои потекнуваат од овие простори, кога веќе домашното првенство ни е толку слабо.
1. Вељко Пауновиќ
Иако единствената врска на српскиот играч од средниот ред со Македонија беше Струмица како место на раѓање, ФФМ, сепак, се обиде да го придобие за настап во нашиот национален тим. Долгогодишниот интернационалец во Шпанија без многу размислување ја одби понудата, но тоа не му ги отвори вратите на тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора, за која одигра само две пријателски средби.
2. Саша Огненовски
Случајно или не, кариерата на македонскиот Австралиец доби метеорски подем откако беше отфрлен од нашата репрезентација пред две години. Клучен беше трансферот во јужнокорејски Сеонгнам, кого како капитен го предводеше до титулата во азиската Лига на шампиони, што, пак, беше повод да биде прогласен за најдобар фудбалер на Азија за 2010 година. Во меѓувреме, дебитираше и собра осум настапи во дресот на Австралија.
3. Ивица Илиев
Напаѓачот на Партизан, кој влече корени од источниот дел на Македонија, очекуваше шанса за настап на ЕП 2008, па се откажа од можноста да игра за нашиот национален тим. Сепак, ниту доби повик од тогашниот селектор Клементе, ниту Србија се пласираше на ЕП, па Илиев, кој во тоа време беше член на италијанска Месина, остана на двата меча за репрезентацијата на СиЦГ од 2003 година.
4. Спасе Дилевски
Последниот голем фудбалски талент меѓу австралиските Македонци, бившиот член на ПСВ и Тотенхем беше првотимец на "кенгурите" на две светски младински првенства, а потоа и на ОИ 2004. Сепак, тоа не беше следено од подеднакво успешна кариера на сениорско ниво, па Дилевски се уште чека деби во А-тимот на Австралија. Тоа е, пак, шанса за Македонија и селекторот Јонуз веќе го имаше предвид.
5. Ал-Саади ал-Гадафи
Не е шега, 37-годишниот син на либискиот диктатор Моамер Гадафи е тетовец по мајчина страна, како што беше откриено неодамна. Предоцна за македонската репрезентација. Тој ја заврши не претерано успешната кариера пред четири години, во текот на која успеа да одигра неколку минути во Серија А и да падне на допинг-тест. За тоа беше награден со функцијата претседател на Либиската фудбалска федерација.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 20.Март.2011 во 04:59
ТОП 5 МАКЕДОНСКИ ТРЕНЕРИ ВО СТРАНСТВО
Ако македонските спортисти ретко прават трансфер во големи странски клубови, домашните тренери уште потешко се пробиваат и наоѓаат ангажман на меѓународната сцена, ако под тоа не се подразбираат пониските грчки фудбалски лиги или ракометни екипи од Блискиот Исток. Тоа тешко им успева дури и на тренери кои зад себе имаат селекторски стаж.
1. Заре Марковски
Поранешниот селектор на нашата кошаркарска репрезентација успеа да добие ангажман во првата италијанска лига во времето кога странци тешко влегуваа таму. По три едноподруго титули шампион на Швајцарија со тимот на Лугано, Марковски се одомаќини во Италија, предводејќи тамошни екипи и во Евролигата, а денес е тренер на бившиот европски првак Лимож (Франција).
2. Владимир Богоевски
Прославениот македонски одбојкар остави длабока трага во Шпанија, прво како играч, а потоа и како тренер. Великанот на МОК двапати беше прогласуван за најдобар тренер во шпанското првенство, а последните успеси таму ги забележа од клупата на Сон Амар од Палма де Мајорка. Во 2005 година, овој клуб го освои Купот на Шпанија и стигна до финалето на Купот на ЦЕВ.
3. Ѓоко Хаџиевски
Иако во Македонија ги има тренирано само Пелистер и Вардар, тој е нашиот најтрофеен фудбалски стручњак, но затоа листата странски клубови е прилично долга и се протега од соседниот Сандански до Џубило Ивата во Јапонија. Пред две години, Хаџиевски го одведе тимот на Баку до шампионската титула во Азербејџан, а сега не му оди така добро со тамошниот Симург.
4. Јорданчо Давитков
Легендата на Работнички изминативе години ги собира сите почести во кувајтската кошарка. Неговиот тим Ал Кадсија е неприкосновен шампион во последните три сезони и за тој период има освоено вкупно пет трофеи. Кувајт и другите земји од регионот, можеби, не се кошаркарски велесили, но и во една таква средина треба да се биде најдобар, а Давитков го има понесено тој епитет двапати.
5. Александар Тодоров
Перспективниот кошаркарски стручњак неодамна го напушти кормилото на бугарскиот прволигаш Рилски спортист како најуспешен тренер во историјата на клубот, со цел да го продолжи школувањето во САД. Под водство на Тодоров, младиот клуб од Самоков стана победник на првото издание на Балканската лига и потоа обезбеди пласман во финалето на националниот Куп.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 26.Март.2011 во 12:35
ТОП 5 КЛУБОВИ СО ПОВЕЌЕ ИМИЊА
Вакви случаи се реткост во фудбалот, но затоа во спортови како кошарка и ракомет, клубовите, најчесто за да им удоволат на спонзорите, без проблем се решаваат на промена на име, што тоа понекогаш доведува до губење на нивниот идентитет. Има ли подобар пример за тоа од славниот италијански кошаркарски клуб од Болоња, кој во својата историја смени 20-ина имиња (Кнор, Баклер, Киндер, Виртус...).
1. КК Карпош Соколи
Почна само како Соколи, а стигна до Лисици, овој, моментално, кошаркарски второлигаш е шампион во менување имиња. Една сезона се претставуваше и како Тоа сум јас, во времето кога правеше реално шоу од македонската кошарка, па беше Соко штарк, потоа и Лисици Карпош. Денес е повторно само Карпош Соколи. Можеби, до следното враќање во Првата лига.
2. РК Металург
Актуелниот ракометен шампион е легитимен наследник на тимот на Скопје, своевремено еден од најамбициозните клубови во женска конк*ренција, особено додека настапуваше под името Унипроком банка. Минчо Јорданов го извлече клубот од втората лига, создавајќи го проектот Металург-Скопје, а откако го направи шампион, додавката Скопје беше отфрлена.
3. КК Фени индустри
Изворното име на нашиот најдобар кошаркарски клуб, впрочем, како и на сите други екипи од Кавадарци, е Тиквеш, а првите поголеми амбиции беа пројавени со доаѓањето на Орце Камчев за спонзор, кој, логично, го преименува во Орка. Трофеј, сепак, не беше освоен, но витрините почнаа бргу да се полнат откако клубот беше преземен од локалната топилница пред неколку години.
4. КК Младинец
Тимот од населбата Драчево го продаваше името на разноразни спонзори во обид да ја освои шампионската титула, а кога минатата сезона, конечно, го оствари тоа, беше само Младинец. Листајќи низ архивите, оваа екипа, меѓу другите, може да се сретне и под имиња како Папен Трајкоф и Златара Рубин М, но тоа најчесто на траело подолго од една сезона.
5. РК Радовиш
Тешко дека некогаш некој ќе смисли пооригинално име од Фаворит-машини за перење. Радовишани, денес второлигаши, никогаш не биле фактор на домашната ракометна сцена и ќе останат запаметени, пред се, по најнеобичното име на една екипа во историјата на македонскиот спорт. Овој клуб, сепак, ќе остане попознат како Римако, но Фаворит останува фаворит.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 03.Април.2011 во 07:06
ТОП 5 НОКАУТИ НА СПОРТСКИТЕ ТЕРЕНИ
Не, тука нема да стане збор за моќните аперкати и крошеа на Вели Мумин и на Примислав Димовски. Во спортот е вообичаено навивачи да се тепаат меѓу себе, но гневот понекогаш излегува од рамките на трибините и се шири кон теренот. Било од тупаници било од фрлени предмети, во такви ситуации знаат да настрадаат и спортисти, тренери, судии и други службени лица. Всушност, никој не е поштеден.
1. Гунар Прокоп
Хрватите го имаат Звонимир Бобан, ние го имаме Џандар. Сликата на спружениот газда на Хипо на паркетот во СРЦ "Кале" е веќе толку легендарна, што заслужи барем да се најде на поштенска марка. Настанот е првото финале на ѓорчепетровки во Лигата на шампионите во 2000 година, а македонскиот ракомет го плати со едногодишна суспензија од сите меѓународни натпреварувања.
2. Чедо Николовски
Ретко се случува на терен да биде нападнат претседател на спортска федерација. Веројатноста за тоа се зголемува доколку тој, истовремено, е во улога на судија. Така, првиот човек на македонското борење лани беше нокаутиран откако не досуди туш, па ја смени својата одлука во корист на Бучим. Нокаутот не е карактеристичен за борењето, но Бобан Данов од штипски Балканец малку се занесе.
3. Марин Докузовски
Навивачите на МЗТ Скопје оваа сезона стигнаа да избркаат свој и да повредат противнички тренер. Само три натпревари откако се врати на клупата на Работнички, Докузовски и се израдува и се покаја за тоа. Неговиот тим изненадувачки го освои Купот, а селекторот беше нападнат со палка од тапан, која го легна на паркетот, откако го погоди во градите.
4. Жорж Амбурет
Секакви маки видоа фудбалерите на Македонија ЃП на патот кон својата прва титула во 2009 година, а најкритично беше на дербито со Ренова во Тетово. Тоа беше прекинато по првите 45 минути, откако репрезентативецот на Габон беше удрен на патот кон соблекувалните по добиениот црвен картон. Место да го заштити од вакви работи, некој од обезбедувањето си даде слобода да дели дополнителна правда.
5. Пепи Манасков
Машката ракометна репрезентација беше на прагот на својот прв пласман на едно големо натпреварување (ЕП 1998 во Италија), но прво требаше да се издржи гостувањето во Орадеа (Романија). Колку не беше наивно тоа, на своја кожа, поточно, на своја глава, почувствува капитенот Пепи Манасков, кој беше погоден со паричка додека се подготвуваше да изведе еден седмерец.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 09.Април.2011 во 23:08
ТОП 5 недостижни постигнувања
Заборавете на хокејот, уметничкото лизгање и на ватерполото, Македонија има долга и успешна традиција во некои сосема други спортови. Но, место да се инвестира во спортовите за кои докажано сме талентирани, тие ги доживуваат своите најтешки моменти, го допираат дното, а некои се и речиси пред умирање. Затоа резултати како овие уште долго време нема да бидат повторени.
1. Мурат Рамазанов
Сакаме да се пофалиме дека борењето е најтрофејниот спорт во Македонија, но тоа е нешто што важи од минатиот век. Потоа спаднавме на увезените кадри Могамед Ибрагимов и Мурат Рамазанов, кој ни донесе две европски бронзи (2005 и 2007 г.). Денес имаме ситуација четворицата македонски борачи да остварат вкупно една победа на Европското првенство во Ајндховен.
2. Мирјана Бошевска
Пливачите со норма, а не со вајлд-карта, своевремено беа најбројниот дел од македонските олимписки тимови, а врвот на една одлична генерација беше достигнат на Европското првенство 2002 во Берлин, каде што Бошевска заврши на четвртото место на 400 метри мешано. Денес имаме пливачи, а немаме базени. Ако имаат среќа, ќе добијат стипендија за студии во САД.
3. Александар Китинов
Факт е дека Магдинчев и Русевски ја донесоа тениската еуфорија во Македонија со резултатите во Дејвис купот, но ниту тие не успеаја да се пробијат на АТП-сцената. Специјализирајќи се за игра во двојки, Китинов освои три титули во седум финалиња (Борнмаут, Базел и Бук*решт) и дотурка до одличното 38. место на АТП-листата. Првиот рекет на Македонија денес е Томислав Јотовски на 1.278. место.
4. Работнички Фершпед
Точно три децении по настапот на Вардар на завршниот турнир на Купот на европските шампиони, македонската одбојка во 2006 година повторно имаше екипа меѓу најдобрите четири на континентот, овој пат во Топ тимс купот. Работнички на крајот беше четврти во Модена и како што ја испиша најубавата страница во својата богата историја, така почна и да згаснува. Клубот денес не постои.
5. Владимир Георгиев
Злато за Драгољуб Јаќимовиќ во Истанбул во 2000 г., осмо место за мажите во Блед две години подоцна, па сребро за Владимир Георгиев во Калвија во 2004 г., македонската репрезентација имаше серија незаборавни настапи на три шаховски олимпијади по ред. Но, Македонија повеќе од десет години нема нов велемајстор, а на ланските ОИ во Ханти-Мансиск, спротивно на рејтингот, бевме пласирани под 50. место.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 18.Април.2011 во 09:01
ТОП-5 ФУДБАЛСКИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЦИ-ШАМПИОНИ
Со по три шампионски титули во дресот на Динамо Загреб, односно Партизан, Гоце Седлоски и Милан Стојановски се нашите најтрофејни фудбалски интернационалци во последните 20 години. Хрватска, Србија, Бугарија... тоа се лигите во кои македонските фудбалери полесно се пробиваат и неретко се вистински ѕвезди, а Артим Шаќири (Халмстад) и Зоран Јовановски (Хелсингборгс) отскокнаа од просекот, па славеа титула во Шведска.
1. Горан Пандев
Лига: Серија А, Италија (4. место на листата на УЕФА). Најдобриот македонски фудбалер пристигна во Интер во најдобар момент, кога, под водство на Жозе Мурињо, беше на врвот на својата моќ. "Нераѕурите" ја завршија 2010 година со пет титули, вклучувајќи го и 18. скудето, а Пандев стана првиот Македонец кој бил првак во некое од петте најсилни европски првенства.
2. Игор Митрески
Лига: Премиерлига, Русија (7. место). Пред да дебитира за репрезентацијата, Митрески веќе играше во Лигата на шампионите, а во првата сезона во дресот на Спартак Москва дојде до титулата првак на Русија во 2001 година и се најде во поширокиот идеален тим на сезоната. Московјани тогаш во тимот имаа уште двајца Македонци: Никола Ѓошевски и подзаборавениот Игор Стаменовски.
3. Тони Савевски
Лига: Суперлига, Грција (11. место) Ниту еден македонски спортист не уживал таков статус во Грција како Савевски. Тоа го заслужи со настапите за атински АЕК, каде што помина 13 години како играч. АЕК има 11 шампионски титули, а последните четири (1989, 1992, 1993, 1994) се по заслуга токму на Савевски, кој денес работи во младинскиот погон на клубот.
4. Гоце Толески
Лига: Гамбринус лига, Чешка (18. место) Откако одигра одлична есенска полусезона во дресот на Мост, Толески и пристапи на Славија Прага во јануарскиот преоден рок во 2008 година. На крајот од таа сезона, заедно ја славеа 15. шампионска титула во историјата на клубот (петта во Чешка), но тој се задржа тука само една година.
5. Иван Тричковски и Бобан Грнчаров
Лига: Прва дивизија, Кипар (20. место) Кипар последниве години е вистинска мека за македонските фудбалери, но само двајца од нив се радуваат на крајот од оваа сезона. Минатиот викенд, АПОЕЛ од Никозија ја обезбеди рекордната 21. титула првак на Кипар, за што Тричковски придонесе со девет гола, а Грнчаров беше столб на една од најдобрите одбрани во лигата. |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 25.Април.2011 во 05:34
ТОП 5 ИЗГОВОРИ
Пораз секогаш тешко паѓа. Некои се заслужени, некои се помалку заслужени, но ниту еден не може да помине, а за него да биде виновна исклучиво лошата игра. Секогаш има нешто повеќе тоа, секогаш тој може да се оправда со некои надворешни фактори и да се покрие со соодветно алиби. Ова се петте најчести, па и стереотипни изговори, со кои однапред или подоцна се служат тренери и играчи.
1. Руска школа
Без разлика дали играме против Естонци, Азербејџанци или Ерменци, македонските екипи сите ги сведуваат на руска школа, нешто што своевремено беше поим за почит. И не е важно што овие држави се независни веќе 20-ина години и што, во меѓувреме, изградиле свој сопствен стил. Друга работа е со колку играчи тие навистина придонесле во репрезентациите на некогашниот Советски Сојуз.
2. Судии
Оние кои би требало да делат правда и да се грижат за обезбедување фер-плеј и регуларност на натпреварите, неретко се ставаат во првата реченица кога се приговара и критикува, дури и во случај на победа. Се добива впечаток дека луѓето во црно ги имаат зацрнето македонските екипи на секој втор натпревар, особено во ракометот, каде што тие имаат најголемо влијание врз играта.
3. Буџет
Прво што забележуваат македонските екипи кога треба да играат со некој силен и реномиран клуб е разлика во буџетите, која понекогаш е навистина енормна. На теренот на крајот ќе истрча подеднаков број играчи од двете страни, но не е одвишно да се посочи дека предноста на противникот е во тоа што може да си приушти големи и скапи ѕвезди и што работи во попрофесионални услови.
4. (Не)искуство
Тоа е картата на која често се губат натпревари и особено доаѓа до израз во оние завршни, решавачки моменти, кога од играчите се бара да бидат психолошки најстабилни и најподготвени. Пречесто повикувајќи се на овој фактор, се добива впечаток дека македонските екипи секоја сезона одново и одново дебитираат на големи натпревари и дека постојано прават смени на генерации.
5. Гостопримство
Иако веќе 20-ина години сме присутни на меѓународната спортска сцена, некои се уште се дрзнуваат да третираат македонски спортисти како граѓани од втор ред. Колку пати сме се пожалиле дека очекуваното хотелско сместување било заменето со интернат или со друг недостоен објект, а веќе сме навикнале да бидеме изложени на ситни валкани игри околу теренот.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 01.Мај.2011 во 05:20
ТОП 5 НЕОБИЧНИ ИМИЊА НА КЛУБОВИ
Добрата страна на играњето на меѓународната спортска сцена е што притоа се запознаваат некои нови средини и екипи. Против Ливерпул, Барселона и Кил е атрактивно и предизвикувачки да се игра, но тешко е да се очекува резултат. Во зависност од спортот, ние можеме да се мериме со екипите од Грузија, Естонија, Скандинавија... и секоја сезона оттаму налетува нешто необично, интересно и симпатично.
1. Чоколит бојс
Иако повеќе звучи како име на машки бенд, Чоколадни момчиња, всушност, е естонски ракометен тим, кој ваквото име му го должи на својот поранешен спонзор, фабрика за слатки. Естонците се сретнаа со Вардар во Купот на победниците на куповите во 2008 година и не поминаа баш сјајно, но тешко дека некој ќе се сетеше на тоа да не беше ова навистина необично име.
2. Жемаитијос Локјаи
Жалгирис и Лиетувос ритас се клубовите со кои се поистоветува литванската кошарка. И среќа што е така, бидејќи Жемаитијос Локјаи, дефинитивно, не е атрактивно име за најдобрата екипа на една земја. Без разлика на тоа, Жемаитијос Локјаи беше доволно тежок противник за Работнички, па го совлада во двете меѓусебни средби во Купот Сапорта во 1998 година.
3. Шљауљај
Литванските имиња се вистинска ноќна мора за дешифрирање и изговор. Ако некому нешто му значи, ова е четвртиот град по големина во Литванија и оттаму доаѓа истоимениот ракометен клуб, кој пред 12 години гостуваше кај Младост во Богданци, во рамките на Купот на ЕХФ. Шљауљај, сепак, далеку подобро котира во кошарката, каде што е веднаш зад најдобрата двојка.
4. Крусејдерс
Северноирските "крстоносци" тргнаа во поход на Македонија пред две години, но беа запрени уште на свој терен. Тимот од Белфаст беше релативно лесен залак за македонски фудбалски услови, па Работнички ремизираше на гости (1:1) и му уфрли четири парчиња во Скопје. Клубот, кој датира уште од 19 век, може да се пофали со четири титули првак на Северна Ирска.
5. Дуделанж
Екипите од Луксембург се меѓу најомилените противници на македонските клубови во еврокуповите. Тоа е држава која можеме да ја победиме во кој било спорт, а најубаво е кога тоа е фудбалот. Дуделанж двапати се обиде да промени нешто во тој поглед, но и во двата случаја беше елиминиран, иако никогаш убедливо: првин од Вардар, а потоа и од Работнички.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 15.Мај.2011 во 05:41
ТОП 5 МАЛИ КЛУБОВИ ЗА ГОЛЕМИ КАРИЕРИ
Воопшто не е невообичаено големите спортски ѕвезди да ги доиграат последните сезони од својата кариера далеку од Серија А, Премиерлига, Бундеслига... Кој не би сакал да заработи некој милион повеќе на залезот од кариерата? Повеќемина се решаваат за богатите арапски земји, Дејвид Бекам и Тјери Анри ги избраа САД, а Ривалдо не се срамеше за големи пари да игра во Узбекистан. Некои од најпознатите македонски спортисти, сепак, ги завршија своите кариери во не така голем стил.
1. Панчев во Сион
Кариерата на најдобриот македонски фудбалер на 20 век нагло тргна по надолна линија по трансферот од Црвена звезда во Интер во 1992 година. Не само што таму не се изнаигра туку по оваа епизода за заборав, тој се обиде да се врати преку, за негово реноме, второкласни клубови. По Лајпциг и Фортуна Диселдорф, Панчев заврши во швајцарскиот прволигаш Сион, но само за една сезона.
2. Радуловиќ во Кабран амбалажа
Ризикувајќи да не настапи на ЕП 2008 во Македонија поради немање клуб, двократната европска првенка, по Кометал ЃП, Хипо и Слагелсе, прифати да игра за овој ракометен суперлигаш од Кавадарци. Како проект кој многу бргу ги потроши своите амбиции, тој престана да постои уште истата зима, па Вале повторно остана без клуб по само неколку месеци. По ЕП, веќе не ни заигра ракомет.
3. Христов во Јиваскила
Заминувајќи од Пелистер уште како младинец, долгогодишниот најдобар стрелец на македонската фудбалска репрезентација настапуваше во десет различни првенства во текот на својата кариера. Меѓу нив, особено се истакнуваат сезоните во Англија и во Холандија, а откако ја освои шампионската титула во Азербејџан со Баку, тој заврши во скромниот фински прволигаш ЈЈК.
4. Шаќири во Карабах
Стрелецот на најславниот гол во историјата на македонскиот фудбал, исто така, често менуваше клубови во својата кариера, па опфати екипи од англиската Премиерлига до Лихтенштајн. Ретко каде се задржа повеќе од една сезона, а последната станица му беше Азербејџан, кој денес е една од меките за македонските фудбалери. Карабах нема лошо реноме во тамошниот фудбал и еднаш дури беше шампион.
5. Кастратовиќ во Рокаса
Кога на крајот од сезоната 2005/06 Кометал ЃП шокантно одлучи да се збогува со најдобрата македонска ракометарка, тоа беше конечното раскрстување на клубот со сите свои легенди. Иако 35-годишна, Индира не се предаваше и за своја нова дестинација го избра шпанскиот прволигаш Рокаса. Сепак, предалеку од дома, таа по само три месеци ја напушти Гран Канарија и се повлече од терените.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 22.Мај.2011 во 05:53
ТОП 5 СЕРИИ БЕЗ ТРОФЕЈ
"Вратете се кога ќе ги имате 18", му порачаа навивачите на Ливерпул на својот лут ривал Манчестер јунајтед во 1990 година, несвесни дека со тоа се проколнуваат самите себеси. Оттогаш трае најславниот пост на еден клуб во светот на фудбалот и осумгодишниот период без титула на Јувентус е неспоредлив со агонијата што ја преживуваат многубројните фанови на "црвените" низ целиот свет. Но тоа е спортот, полн со подеми и со падови, со црни и со трофејни серии.
1. КК МЗТ Скопје
Скопската населба Аеродром живее за кошарката и, се чини, никој во Македонија не посакува шампионска титула повеќе од навивачите на МЗТ. Нивното трпение како да нема крај и, можеби, токму таа вечна потрага по титулата ги држи толку приврзани за овој клуб. Воопшто гледано, МЗТ за последен пат се радуваше на трофеј во 2000 година, кога беше освоен Купот по четврти пат.
2. ФК Вардар
Нашиот најпопуларен фудбалски колектив од следната сезона ќе биде најтрофејниот второлигаш во историјата на македонскиот спорт. Омилена средина за сплеткарење, страдањето и падот на "црвено-црните" траеја долго време и, како резултат на тоа, престанаа да доаѓаат и титулите. Вардар за последен пат беше шампион во 2003 година, а четири сезони подоцна освои само уште еден Куп-трофеј.
3. РК Пелистер
Пренесувајќи го своето реноме од поранешна Југославија, Битола цела деценија важеше за главен бастион на македонскиот ракомет. Но, како што Вардар, а потоа и Металург стануваа сè помоќни така и титулите почнаа да го одминуваат Пелистер, кој со текот на времето го загуби и статусот на најтрофеен ракометен клуб. Битолчани чекаат трофеј од 2005 година, кога, со помош на Трифун Костовски, ја славеа двојната круна.
4. ОК Струмица
Струмица секогаш важела за најголем расадник на одбојкарски таленти во Македонија, но корист од тоа најчесто имале некои други клубови. Доаѓајќи од Првата сојузна лига, струмичките одбојкари ја освоија единствената шампионска титула во првата сезона од осамостојувањето на Македонија, во 1993 година, а потоа неприкосновениот Работнички стапи на сцена.
5. РК Борец
Како и Пелистер, и велешани можат да се пофалат дека биле членови на, своевремено, најквалитетната ракометна лига во Европа, стигнувајќи и до финалето на Купот на СФРЈ. Борец го оправдуваше ваквото свое реноме и во првите сезони на самостојното македонско првенство, па првин го освои Купот во 1994 година, а една сезона подоцна стана и шампион, промовирајќи го Кире Лазаров.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 29.Мај.2011 во 06:09
ТОП 5 ФУДБАЛСКИ ВЕЛИКАНИ ВО ВТОРА ЛИГА
Вардар и Пелистер, двете најпознати фудбалски имиња од Македонија, следната сезона во пакет се селат во Втората лига. Сосема заслужено, ако се суди според единствениот важечки критериум - резултатите.
Истото ги снајде и поранешните шампиони Депортиво Ла Коруња во Шпанија и Сампдорија во Италија, но таму не постојат заштитени брендови во спортот, па никој не побара да се прошират Примера и Серија А. Ако се доволно добри, ќе се вратат во елитата уште следната пролет, како што правеле и други великани на европскиот фудбал.
1. Манчестер јунајтед
Само шест години откако стана првиот англиски клуб кој го освоил Купот на европските шампиони, Манчестер испадна од елитното друштво. Тоа беше кулминација на неколкуте лоши сезони по освојувањето на европската титула во 1968 година, а, во меѓувреме, си заминаа и Боби Чарлтон, Денис Ло и Џорџ Бест. Како седумкратен англиски првак, Јунајтед ја помина сезоната 1974/75 во втората лига.
2. Валенсија
Векот го почна со две финалиња на Лигата на шампионите, но 80-ите, несомнено, беа период за заборав за еден од најпопуларните клубови во Шпанија. Преживувајќи тешка резултатска и финансиска криза, Валенсија го допре дното во 1985 година, кога не успеа да обезбеди опстанок во Примера. Сепак, бргу се консолидираше и по само една сезона се врати меѓу најдобрите.
3. Атлетико Мадрид
Под водство на контроверзниот претседател Хесус Хил, Атлетико успеа да ја прекине 12-годишната доминација на Барселона и Реал Мадрид и да ја освои својата деветта шампионска титула во 1996 година. Но, кога тој се најде зад решетки три години подоцна, клубот буквално се растури и уште истата сезона испадна од Примера. Во Сегунда остана наредните две сезони.
4. Лацио
"Дербито на Рим" не беше во програмата на Серија А баш секоја сезона. И додека Рома само еднаш играше надвор од елитата (1951/52), Лацио имаше далеку потурбулентни периоди во својата историја и неколкупати испаѓаше во Серија Б, а во 1987 година беше на чекор и до Серија Ц. Тоа како да ги освести римјаните, па се вратија во елитата наредната година и почнаа да освојуваат и домашни и европски трофеи.
5. Борусија (М)
Златната ера на денес помалку популарната Борусија се одвиваше во 70-ите години од минатиот век, кога ги освои сите свои пет титули во Бундеслигата и стигна до финале на КЕШ. Со тек на годините станувајќи просечен прволигаш, Борусија за првпат заврши во понизок ранг во 1999 година и оттогаш постојано гравитира меѓу првата и втората Бундеслига. Така беше и сезонава, кога едвај се спаси.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 04.Јуни.2011 во 23:49
ТОП 5 ЕВРОПСКИ ФИНАЛИЊА НА МАКЕДОНСКИ СПОРТИСТИ
Лани ова време, Македонија се уште беше опиена од триумфот на Горан Пандев во Лигата на шампионите. Друг македонски спортист кој се закити со европски трофеј беше Драгана Пецевска, која славеше со Будуќност во Купот на победниците на куповите. Сезоната 2010/11 е речиси завршена, а Македонија, како ретко кога досега, може да се пофали дека имаше свои спортисти во големи финалиња, иако тие, главно, губеа во нив.
1. Наташа Илиевска
Злато од големите натпреварувања ретко доаѓа во Македонија. Наташа Илиевска ни овозможи за момент да заборавиме на овој поразителен податок, кога стана европска шампионка во карате на првенството што се одржа во Цирих. Две години откако освои сребро во Загреб, Наташа напредуваше скалило повисоко и оствари еден од најголемите успеси на македонскиот спорт воопшто.
2. Кире Лазаров
Играјќи цела деценија во елитата на европскиот ракомет, време беше да го видиме Кире и во финале на Лигата на шампионите. Услови за тоа се создадоа откако минатото лето направи трансфер во една од најдобрите европски екипи, Сиудад Реал, каде што одлично се вклопи. Сепак, како во домашното првенство така и во ЛШ, титулата му ја однесе лутиот ривал Барселона.
3. Наташа Андонова
Во сенка на големото финале помеѓу Барселона и Манчестер јунајтед, Олимпик Лион за првпат стана европски првак во фудбал во женска конк*ренција. Во финалето, одиграно на стадионот на Фулам во Лондон, Французинките го совладаа со 2:0 бранителот на трофејот, Турбине Потсдам, чиј дрес од оваа сезона носи нашата Андонова. Таа не беше во тимот за финалниот натпревар.
4. Мејси / Вилкинсон
Тројца македонски кошаркарски репрезентативци стигнаа до завршницата на Еврочеленџ купот на ФИБА, но, на крајот, сите останаа со празни раце. Спартак на Перо Антиќ беше елиминиран во полуфиналето, и тоа токму од Локомотив Кубан, за кој настапуваат двајцата Американци со македонски пасош. Џеремаја Мејси и Мајк Вилкинсон потоа го загубија трофејот од словенечка Крка.
5. Ленче Илкова
Иако и припаѓа на истата генерација на Пецевска, Црвенкоска, Мечевска... Илкова, конечно, доби постојано место во женската ракометна репрезентација по одличната европска сезона со тимот на Муратпаша. Станува збор за првиот турски клуб кој стигнал до финале на некој европски куп, со тоа што трофејот на Челенџ купот, сепак, заврши во витрините на француско Мио Бигано.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 12.Јуни.2011 во 00:50
ТОП 5 шампиони со нов идентитет
Испаѓањето на Вардар од Првата фудбалска лига не треба да се сфати како потоп на македонскиот спорт, но секако претставува кулминација на континуираното пропаѓање на некои од нашите најпознати екипи. Денес - шампиони, утре - на раб на егзистенција, тоа е (пре)честата слика на домашната спортска сцена. На некои клубови им беше поедноставно целосно да се укинат и потоа да почнат одново, занемарувајќи ја традицијата.
1. ФК Викторија
УЕФА практично ја згасна прилепска Победа, кога во 2009 година и изрече осумгодишна забрана за натпреварување поради местење на мечот од Лигата на шампионите со Пјуник. Тоа не значеше и крај на фудбалот во овој град. Прилеп наесен повторно ќе има прволигаш - 11 Октомври, а врз темелите на поранешниот двократен првак беше создаден тимот на Викторија, кој оваа сезона стартуваше како третолигаш.
2. КК АБА
Љубителите на кошарката во Струмица не можеа да уживаат долго во успесите на својот истоимен клуб. Во 2007 година се славеше титулата, а само 12 месеци подоцна, веднаш откако загуби во финалето на плеј-офот од Фени, КК Струмица престана да постои, бидејќи беше напуштен од грчкиот спонзор. Кошарката во Струмица ја вратија Американци, кои формираа нов клуб - АБА, денес прволигаш.
3. ФК Ѓорче Петров
Бесмислената одлука на управата да се бојкотираат прволигашките средби го одведе тогаш актуелниот шампион Македонија ЃП на општинско ниво на натпреварување. Таму не останаа долго. Ѓорчепетровци прво се фузираа со тимот на Шишево, што им обезбеди напредок во Третата лига, а потоа, преку зелениот терен, се изборија за повторен настап во второлигашкото друштво, но без шампионското име Македонија.
4. РК Ѓорче Петров
Ѓорчепетровки со години ја усреќуваа нацијата, а кога спонзорот Трифун Костовски одлучи да се повлече од клубот, преку ноќ сите кренаа раце од нив. Без славната додавка Кометал, клубот едвај преживуваше и во текот на минатата сезона презеде нови чекори во обидот да опстане. Се врати во својата матична населба и се спои со школата на својот легендарен тренер Владимир Радиќ.
5. ОК Џио Струмица
Струмичката одбојка долго време имаше локални ривали во екипите на Македонија Џио и Струмица, инаку, првиот шампион во самостојна Македонија. Играчки и финансиски, тоа беше преголем товар за така мала средина, па, за да се подигне квалитетот, пред неколку години дојде до обединување на двата клуба.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 25.Јуни.2011 во 12:28
ТОП 5 АКТИВНИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЦИ СО НАЈДОЛГ СТАЖ
Македонската фудбалска репрезентација е во очекување на својот 200. јубилеен играч. За вака мала држава, тоа е завидна бројка фудбалери кои добиле шанса да го облечат најдрагоцениот дрес од првиот натпревар против Словенија пред неполни 18 години. Но, бидејќи нема незаменливи, туку се важи само моменталниот квалитет, ретки се тие кои опстанале во националниот тим повеќе од десет години и кои успеале толку долго да ја одржат довербата, без разлика на промените на селекторската клупа.
1. Величе Шумуликоски
Деби: 28.07 2000 против Азербејџан. Анонимен за македонската јавност во времето на дебито на турнирот во Варна, стружанецот денес е незаменлив во средниот ред на националниот тим, иако неговиот придонес во играта е ретко забележлив. Во меѓувреме, стигна до бројката од 73 настапи и пред него се само уште Артим Шаќири (75) и Гоце Седлоски (100) на вечната листа.
2. Горан Пандев
Деби: 23.12 2000 против Астурија. Најдобриот македонски фудбалер имаше само 17 години кога за првпат го облече репрезентативниот дрес, додуша на неофицијален натпревар, па вистинското деби уследи шест месеци подоцна. Сега е на 59 настапи и 23 гола, што го прави најдобар стрелец на македонската репрезентација.
3. Игор Митрески
Деби: 28.02 2001 против Чешка. Девет дена откако наполни 22 години, Митрески доби голема одговорност да застане во центарот на одбраната на македонскиот национален тим и оттогаш редовно го гледавме во тандем со Гоце Седлоски. Со одиграни 69 средби за репрезентацијата, неговото искуство е голем адут кај кој било селектор.
4. Бобан Грнчаров
Деби: 30.12 2001 против Оман. Како 19-годишник, се најде меѓу деветтемина дебитанти во репрезентацијата, која со судни маки беше составена за новогодишната турнеја на Блискиот Исток. Сепак, високиот дефанзивец баш и не може да се пофали со некоја стандардност во тимот, на што и се должи бројката од само 21 настап.
5. Ацо Стојков
Деби: 21.08 2002 против Малта. Играчот од кого се очекуваше кариера на ниво на Горан Пандев, исто така, за првпат доби шанса како тинејџер, но остана недоречен. Неговиот напаѓачки учинок во репрезентацијата изнесува 41 настап и само пет гола, сите на квалификациски средби, останувајќи во комбинациите кај сите селектори.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 02.Јули.2011 во 13:06
ТОП 5 НЕУСПЕШНИ ТРАНСФЕРИ
Трансфер-пазарот на спортисти е толку раздвижен, што не поминува ден, а да не сме бомбардирани со помалку или повеќе засновани шпекулации за тоа кој каде оди. Сето тоа е и еден вид реклама за клубовите, кои се натпреваруваат меѓусебе кој (фиктивно) ќе понуди повеќе за некој играч. Се разбира, секогаш е поголем бројот на неуспешните, отколку на успешните трансфери, кои пропаѓаат и кога се чини дека веќе ништо не може да ги расипа.
1. Христов во Вардар
Заминувајќи во Партизан како 18-годишник, поранешниот прв голгетер на репрезентацијата не стигна да заигра во Првата македонска лига. Желбата не му се оствари ниту на залезот на кариерата, иако еднаш беше виден со дрес на Вардар во рацете. Во февруари 2009 година, Христов, наводно, потпиша едногодишен договор со "црвено-црните", но, место на Градски, заврши во Финска.
2. Мојсоски во Вилпен
Во својот прв обид да ја продолжи кариерата во странство, еден од нашите најдобри ракометари направи таква мешаница, што заработи суспензија од ЕХФ. Мојсоски прво потпиша преддоговор со францускиот второлигаш Вилпен, па потоа се премисли и реши да остане во Пелистер, занемарувајќи дека тоа баш и не се прави така. Одговорот на ЕХФ беше шестмесечна суспензија.
3. Јалчин во Слога
Кога прволигашот од Чаир спектакуларно го претстави турскиот репрезентативец Серген Јалчин како засилување за својата екипа, тоа, всушност, беше параван за сосема друга игра. Јалчин немал намера да остане ниту ден во Слога, туку таа само требаше да му помогне да се пресели од Фенербахче во лутиот ривал Галатасарај, каде што го отстапи веднаш потоа.
4. Погорелов во Металург
Кога во 2008 година Металург спектакуларно објави дека во Автокоманда го довел поранешниот олимписки, светски и европски првак, тоа со право беше видено како најголем трансфер во историјата на македонскиот ракомет. Сепак, оние кои го виделе Русинот тврдат дека тој беше само половина играч, алудирајќи на неговата ужасна физичка подготвеност, па Металург бргу се ослободи од него.
5. Портјанко во Подравка
Како што стануваше јасно дека ситуацијата во Кометал ЃП нема да се подобри, така и играчите еден по еден си заминуваа. Турција беше само попатна станица за Портјанко кон трансфер во посоодветен клуб за нејзините квалитети и Подравка се чинеше токму таков. Но, Јуле баш немаше среќа. Само што почна со подготовките во новата средина, и хрватскиот првак сфати дека е во криза, па ги отпушти сите странски ракометарки. |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 10.Јули.2011 во 05:33
ТОП 5 ПРОСЛАВИ
Бившите ју-народи баш знаат да слават успеси на своите врвни спортисти. Во понеделникот, над 100.000 луѓе во Белград му се поклонија на победникот на Вимблдон, Новак Ѓоковиќ, а иста таква еуфорија претходно владееше во Загреб за Јаница и Ивица Костелиќ, како и за Горан Иванишевиќ во Сплит. Ист третман добиваа и ракометари, кошаркари, ватерполисти... А, Македонија? Ние досега не сме имале такви постигнувања, но во неколку наврати покажавме колку сме желни за нив.
1. Кометал ЃП
Плоштад Македонија никогаш, ни порано ни подоцна, не бил така полн како таа вечер на 19 мај 2002 година. Македонија го славеше својот европски шампион во ракомет и сите оние кои не можеа да влезат во "Кале" си најдоа место во центарот на градот, па макар и на некое од дрвјата. Во времето кога на плоштадот немаше ниту еден споменик, беше возможно да се соберат и 30.000 луѓе.
2. Победа
Прашањето на новиот фудбалски шампион веќе беше решено, кога Слога Југомагнат гостуваше во Прилеп на крајот на мај во 2004 година. Победа за првпат ја освои титулата и тоа мораше да се прослави на соодветен начин. А, тоа почна уште пред почетокот на средбата, кога за половина час беше изеден цел бик од половина тон, кој се печеше на врвот на трибината. Славењето продолжи на улиците на Прилеп.
3. Ракометарките на СП 1997
Сепак, ракометната еуфорија во Македонија не почна со Кометал ЃП, туку со првиот настап на женската репрезентација на големите натпреварувања. Освојувајќи го седмото место на СП 1997 во Германија, што беше до тогаш невиден резултат за македонскиот спорт, нашите најдобри ракометарки станаа национални хероини и заслужија почесен круг со автобус по плоштадот во Скопје.
4. Англија-Македонија 2:2
Единствениот фудбалски резултат кој во изминатите 18 години беше доволно голем да предизвика спонтано излегување на навивачи беше оној од Саутемптон од октомври 2002 година. Како што судијата отсвири крај, така почна да се труби и да се пее по улиците, да се веат знамиња, да се слави Артим Шаќири и да се исмева Дејвид Симан. Англичаните се прашуваа каде е Македонија и оттогаш добро знаат.
5. Ракометарите на СП 2009
Никој не очекуваше чуда од Македонија на СП во Хрватска, но таа покажа дека тие се можни кога се има Кире Лазаров во тимот. По сензационалната победа над светскиот вицепрвак Полска, секој наш нареден меч стана фешта, како на самото место во Вараждин и Задар, така и во Скопје, за оние кои не беа во можност да и се придружат на армијата навивачи во Хрватска.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 16.Јули.2011 во 15:46
ТОП 5 ЕВРОПСКИ ФУДБАЛСКИ РАЗОЧАРУВАЊА
Целта на секоја екипа е да избори настап во европските купови, зашто тоа дава можност за дуели со големи имиња, но и ја полни клупската каса. Но, кога веќе се пласирале, тоа носи и обврска за достоен и чесен настап, без разлика кој е противникот, бидејќи, истовремено, претставува презентација на фудбалот на својата земја. Македонските екипи неретко не успевале во тоа.
1. Беласица-Лешоеш
Многумина ќе кажат дека португалската втора лига е посилна од нашата Прва лига и веројатно се во право, ама Лешоеш беше третолигаш кога ја елиминираше Беласица од Купот на УЕФА во 2002 година. Лешоеш се избори за излез во Европа како финалист на националниот куп и во двете средби со струмичани остана непоразен, 2:2 и 2:1, на голема срамота за македонскиот фудбал.
2. Ренова-Гленторан
Фудбалот во Северна Ирска има долга традиција, но и најверните љубители на овој спорт тешко можат да набројат две екипи од ова земја. Гленторан немаше победа на домашен терен во еврокуповите цели 25 години, се додека не налета на нашата Ренова пред десетина дена. Продолженијата и пенал-рулетот, несомнено, беа едно ново искуство за фудбалерите од Џепчиште.
3. Победа-Левадија
Ниското ниво на македонскиот клупски фудбал уште еднаш дојде до израз, кога тогашниот првак Победа се сретна со својот пандан од Естонија на стартот на сезоната 2007/08. Се чинеше дека прилепчани добија противник по мерка во првото квалификациско коло за Лигата на шампионите, но се виде дека нема такви екипи за нас, па беа исфрлени со само еден примен гол во двете средби.
4. Силекс-Акранес
Од шесте евросезони, кратовци, објективно, се посрамотија само еднаш. Никој не бараше од нив да ги елиминираат Борусија (М), Бриж или Шахтар, но Акранес, сепак, беа Исланѓани, па макар и 17-кратни прваци на својата земја. Овие дуели дојдоа во периодот кога Силекс се уште беше фактор на домашната фудбалска сцена и поразот од 2:0 во Акранес беше доволен рано да се заврши настапот во Купот на УЕФА во 1997 година.
5. Вардар-Бекешчаба
Историскиот прв настап на македонските клубови во еврокуповите во 1994 година заврши разочарувачки. "Црвено-црните" во тоа време беа моќни и неприкосновени, но не го покажаа тоа во двомечот со скромниот унгарски прволигаш, кој денес не е ниту тоа (впрочем, и Вардар е далеку од тоа што беше). Унгарците одиграа 1:1 во Скопје и славеа со 1:0 на свој терен.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 30.Јули.2011 во 23:41
ТОП 5 НЕСУДЕНИ ЕВРОПСКИ ПРВАЦИ
Тешко некој може да се мери со Дино Менегин, Давид Баруфет и Франсиско Хенто, рекордери според бројот на освоени европски титули во своите спортови, но трофејот кон кој сите се стремат во своите кариери остана недостижен за голем број врвни спортски имиња. Од македонските спортисти, него го кренаа единствено Дарко Панчев, Илија Најдоски, Горан Пандев, Петар Наумоски, Валентина Радуловиќ и ракометарките на Кометал ЃП. Некои други успеаја само да му се доближат.
1. Кире Лазаров
Најдобриот македонски ракометар повеќе од десет години игра на врвно европско ниво, но вечната потрага по најдрагоцениот трофеј уште не е дојдена до својот крај. Кире двапати играше во полуфиналето на Лигата на шампионите со унгарски Фотекс, а минатата сезона, конечно, отиде чекор подалеку со Сиудад Реал. Титулата, сепак, заврши кај Барселона, но пред Кире се уште неколку сезони на големи можности.
2. Драгана Пецевска
Во првиот тим на Кометал ЃП тешко се пробиваа домашни ракометарки, а Пецевска, конечно, доби шанса во сезоната (2004/05) во која тој стигна до своето трето европско финале. Трофејот тогаш го освои данско Слагелсе, а славните денови на ѓорчепетровки набргу згаснаа. Пецевска си ја проба среќата во Будуќност, кој минатата сезона се одработи совршено, освен полуфиналето на ЛШ со Ларвик.
3. Врбица Стефанов
Петар Наумоски се прослави со Ефес пилсен, а Врба ги доживеа своите ѕвездени моменти во дресот на Монтепаски Сиена. Заедно ја освоија првата титула шампион на Италија во 2004 година, но претходно стигнаа до завршниот турнир на Евролигата. Таму беа поразени од Бенетон во полуфиналето, но веќе следната сезона се изборија за нова шанса. Епилогот беше ист, само што овој пат беа запрени од Скипер Болоња.
4. Владо Илиевски
Монтепаски, најдоминантниот италијански клуб последниве години, е миленик на македонски кошаркари и досега ги имаше тројца во своите редови. Интересно е што и Стефанов и Илиевски и Меккејлеб играле Фајнл-фор на Евролигата со тимот од Сиена. Илиевски ја имаше својата најголема шанса да стане европски првак во 2008 година, кога Монтепаски загуби во полуфиналето од Макаби.
5. Пепи Манасков
Кога во 1997 година се врати во Пелистер, се чинеше дека тоа е крај на неговата интернационална кариера. Но, уследија, можеби, најдобрите две сезони. Пепи премина во тогаш моќниот словенечки првак Целје, кое наредните две години беше меѓу најдобрите четири екипи во Европа. Во 1999 година, Барселона беше подобра за само еден гол, а истиот противник беше видно пресилен сезона потоа
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 06.Август.2011 во 23:26
ТОП 5 НЕОБИЧНИ ОТКАЗИ
Алекс Фергусон има избркано од Манчестер некои од најголемите ѕвезди на клубот, но едно е да се изгуби довербата кај неприкосновениот тренер, а друго е да се раскине договор поради шмркање кокаин, како што заврши епизодата на Адријан Муту во Челзи. Професионалниот спорт е немилосрден и не простува ни најмали грешки, особено во поглед на дисциплината. Слабата форма и недоволната докажаност е, сепак, поспортски начин да се напушти еден клуб.
1. Миле Крстев
Ем пијан, ем лажел. Тогашниот фудбалски репрезентативец неславно ја заврши својата кариера во Холандија во 2008 година, кога второлигашот Фендам му врачи отказ, откако предизвика сообраќајна несреќа, возејќи со 2,2 промили алкохол во крвта. Тоа, можеби, и не било пресудно за ваквата одлука, но Крстев дополнително си ја влошил позицијата, известувајќи го клубот дека нема да дојде на тренинг, со оправдување дека е болен.
2. Димитар Караџовски
Непријатна вест, која пристигна од Исланд во 2008 година, го оквалификува македонскиот кошаркар како клептоман. Според тамошните медиуми, Караџовски оперирал во соблекувалната на својот тим Стјарнан, крадејќи вредни предмети од своите соиграчи и за тоа дури завршил во притвор. Тој подоцна се негираше, но, вистина или не, ова ја запечати неговата кариера во Исланд.
3. Љубомир Савевски
Ај, еднаш да се случи, ама трипати!? Савевски, веројатно, е единствениот тренер во светот кој дури трипати изгубил работа под притисок на своите играчи. Од Кометал ЃП си замина не можејќи да се носи со авторитетот на Валентина Радуловиќ, од машката ракометна репрезентацијата го избрка бојкотот на играчите на Металург, а недолго потоа даде отказ и од Вардар по конфликтот со Борко Ристовски.
4. Никола Илиевски-Џиџи
Бившиот селектор само еден месец го водеше прволигашот Металург, кога неочекувано беше сменет. Официјалното објаснување на клубот беше дека тоа е резултат на тогашната светска економска криза, која го погоди и спонзорот "Макстил", но шпекулациите одеа во друга насока. Клубот, наводно, не сакал повеќе да соработува со популарниот Џиџи по неговото сведочење во случајот "Победа".
5. Александар Петровиќ
Кога навивачите ќе извадат бели шамивчиња на стадионите во Шпанија, тоа е јасна порака до тренерот дека му е време да си оди. Ваква пракса досега не е видена кај нас, но навивачите на МЗТ, секако, имале свој удел кога управата му врачи отказ на тренерот Петровиќ минатата сезона. "Фемили Аеродром", наводно, не можеле да му простат пораз од лутиот ривал Работнички на домашен терен.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 13.Август.2011 во 20:39
ТОП - 5 ФУДБАЛЕРИ ВО ТОП - 5 ЛИГИ
Лесно ќе се најдат македонски фудбалски колонии на Кипар, во Полска, Азербејџан, Бугарија, Србија... но тоа не се лиги во кои може да се оствари голема кариера, туку тие, пред се, се сфаќаат како отскочна штица за трансфер во некој вистински реномиран клуб. Од петте најквалитетни европски првенства, Бундеслигата отсекогаш била најдостапна за македонските фудбалери, додека во останатите - ретки успеале да се пробијат.
1. Горан Пандев
Лига: Серија А Веќе ветеран во елитата на италијанскиот фудбал, Пандев ја игра својата деветта сезона за калчолигашките клубови, од Анкона, преку Лацио, до Интер. Меѓу петте трофеи освоени со Интер минатата година се наоѓа и првата шампионска титула во Серија А, а е и актуелен трикратен победник во Купот.
2. Николче Новески
Лига: Бундеслига Под капитенската палка на битолчанецот, Мајнц ги доживеа своите ѕвездени моменти минатата сезона, кога во еден момент се најде на чело на табелата. Тој е еден од најстандардните членови на оваа екипа, за која има одиграно повеќе од 200 средби откако дојде во 2004 година.
3. Ѓорѓи Христов
Лига: Премиерлига Првиот македонски фудбалер кој заиграл на островот, следен од Гоце Седлоски и Артим Шаќири. Тој беше најголемото засилување за Барнсли, откако клубот за првпат во својата историја обезбеди пласман во Премиерлигата во 1997 година. Таму опстана само една сезона, а Христов се задржа вкупно три години.
4. Митко Стојковски
Лига: Примера Најдоски во Ваљадолид, Бабунски и Станиќ во Леида и Стојковски во Овиедо, тоа се четирите трансфери на македонски фудбалери во Шпанија и, интересно, сите одиграа по две сезони таму. Сепак, единствено Стојковски и двете ги помина во Примера дивисион, забележувајќи 63 настапи и еден гол.
5. Роберт Попов
Лига: Лиг 1 Ова беше најлесниот избор и, истовремено, несоодветен. Од една страна, Попов е единствениот Македонец кој играл во Франција во последните 20 години, од друга, неговиот престој во Оксер е вреден за заборав. Тој беше член на овој прволигаш две сезони, но поради честите повреди, имаше едвај шест настапи. |
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 20.Август.2011 во 23:42
ТОП 5 ЛЕВУЧАРИ
Случајно или не, повеќемина од најдобрите македонски спортисти ја шутираа(т) топката со левата рака, односно нога. Научниците дошле до заклучок дека левучарите постигнуваат натпросечни резултати, пред се, во спортовите во кои се бараат брзи реакции и добро расудување во просторот како боксот, тенисот и мечувањето...
...Тоа може да се докаже низ примерите со Мартина Навратилова, Рафаел Надал, Мани Пакјао или со најтрофејниот мечувач на сите времиња, Едоардо Манџароти.
1. Горан Пандев
Кога во јануари минатата година Жозе Мурињо го доведе во Интер, по што се закити со дури пет титули, меѓу кои и во Лигата на шампионите, нашиот најдобар фудбалер, несомнено, стана најголемиот амбасадор на Македонија во светот. Во репрезентацијата со право го наследи Гоце Седлоски како капитен, а со 24 погодоци ја предводи вечната листа на најдобри стрелци.
2. Индира Кастратовиќ
Иако прв голгетер на Светското првенство 1997 во Германија, Индира доби вистинско признание на своите квалитети дури две години подоцна, кога влезе во идеалната седморка на Мундијалот во Данска и Норвешка на позицијата десен бек. Во годините што следуваа, таа им приреди неповторливи уживања на македонските љубители на ракометот и со право се смета за нашата најомилена спортистка во последните 20 години.
3. Кире Лазаров
Десет години чекаше на повторен настап на едно големо натпреварување, а потоа сите сфатија за каков леворак бомбардер станува збор. Иако двапати претходно беше најдобар стрелец во Лигата на шампионите, тоа не се споредува со 92-та гола постигнати на Мундијалот во Хрватска. Сепак, овој светски рекорд беше остварен во дресот на националниот тим.
4. Артим Шаќири
Погодете со која нога Шаќири ги изведуваше корнерите? Можеби, тоа немаше да остане толку впечатливо да не беше натпреварот во Саутемптон во 2002 година, кога тој ја затресе мрежата на Англија директно од корнер, се разбира, од левата страна. Еден од најголемите глобтротери во македонскиот фудбал ја заврши кариерата со 75 средби и со 15 гола за репрезентацијата.
5. Владо Илиевски
На македонската кошарка никогаш не и недостигале врвни плејмејкери и Илиевски само ја продолжи таа низа, иако не со очекуван придонес во националниот тим. Се чини, попочитуван во Словенија, каде што и семејно се скраси, отколку во Македонија, тој повеќе го докажуваше тоа на клупската сцена, носејќи го дресот на голем број европски гиганти, моментално на Ефес пилсен.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 27.Август.2011 во 18:19
ТОП 5 НАДМИНАТИ СПОРТСКИ ФЕНОМЕНИ
Спортот е променлива категорија. Се менуваат шампиони и правила, се поставуваат нови рекорди и традиции. Имавме "златен", па "сребрен гол" на големите фудбалски натпреварувања, а број на учесници и формати на играње од сезона во сезона се поинакви. Така, и во спортот во Македонија имавме процеси и феномени, кои на свој начин оставија печат врз него, па со тек на време ги снема. За некои од нив не најдовме замена.
1. Трифун Костовски
Се што ќе допреше, го претвораше во шампион. Прво го направи женскиот ракомет најпопуларен и најуспешен спорт во Македонија, па малку се префрли на женската одбојка, па фудбалскиот клуб Работнички го постави на здрави нозе. Кога се обиде да го повтори тоа и со Вардар, направи животна грешка и одлучи да се повлече од спортот. Никој пред и по него не вложуваше во спортот со таков жар.
2. Натурализирање ракометарки
Предводена од Кастратовиќ, Велкова, Абрамова, Кисељова и други Србинки, Русинки, Украинки и Молдавки, па дури и една Конгоанка, Македонија стана значаен фактор во светскиот ракомет, настапувајќи на пет мундијали и на четири европски првенства. За период од 15 години, поделивме 30-ина државјанства, последно на Драгица Кресоја во 2008 година, а потоа се префрливме на ватерполо.
3. Пливачи со норми на ОИ
До пред две олимпијади, Македонија воопшто немаше дилеми кој ќе ја претставува на најпрестижната светска спортска манифестација. Маленко, Миладиновски, Мешковска, Бошевска, Стојановска и други не чекаа милост од МОК, туку сами се изборуваа за норми, и тоа во повеќе дисциплини. Пред три години, немавме кого да пратиме во Пекинг, па избравме по убавина.
4. Судии-ѕвезди
Нешто како Пјерлуиџи Колина, Марјан и Драган Начевски се редок пример за судии кои во популарноста можеа да се мерат со самите спортисти. Македонија и денес има судии во голем број спортови кои редовно водат мечеви на големите натпреварувања, но тешко дека можеме да им се сетиме на имињата. Македонскиот ракомет и денес се препознава како по Кире, Пепи и Индира, така и по Начевци.
5. Лига-18, 16, 14...
Кога се формираше македонската фудбалска лига, секој сакаше да учествува во неа, дури и Вардарски. За среќа, бргу се увиде дека баш и не располагаме со толкав фудбалски квалитет, па по само една сезона, бројот на клубовите беше намален од 18 на 16. Во 1996 година добивме лига-14, а од сезоната 2001/02 таа брои 12 екипи. И тоа, се чини, е премногу, но барем Вардар опстана.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 03.Септември.2011 во 12:55
ТОП 5 ОТКАЖУВАЊА
Емерсон требаше да биде капитен на Бразил на СП 2002, но се повреди на еден тренинг изигрувајќи голман и ја пропушти животната шанса да стане светски шампион и прв да го крене драгоцениот трофеј. Тоа се тие непредвидливи моменти кои ги спречуваат спортистите во исполнувањето на нивните најголеми сништа, кои понекогаш им се случуваат непосредно пред да треба да истрчаат на терен.
1. Индира Кастратовиќ
Звучи чудно, но најдобрата македонска ракометарка никогаш не играла на европско првенство. Во периодот од 1997 до 2001 година, Македонија настапи на пет големи натпреварувања по ред, но на двете европски првенства Индира ја немаше во тимот. ЕП 1998 во Холандија го пропушти поради повредено колено, а две години подоцна не отпатува за Романија, откако среде подготовките објави дека е трудна.
2. Кирил Николовски
Лигаменти, менискус, препони, задна ложа... сето тоа спаѓа во редот на класични спортски повреди, ама да се пропушти европско првенство поради заб е веќе бизарно. Токму тоа му се случи на младиот центар на Фени индустри, кој беше вратен од Литванија, два дена пред почетокот на ЕП, зашто му се влошила состојбата со оперираниот заб.
3. Јана Николовска
Македонија имаше скромен тим од само тројца учесници на Зимските олимписки игри 2002 во Солт Лејк Сити, но само двајца од нив излегоа на снежните борилишта. Николовска имаше ретка можност да стане првата македонска скијачка која настапила на две олимпијади, но во тоа ја спречи повредата заработена на еден тренинг, па се повлече од велеслаломската трка.
4. Раде Стојановиќ
Она што требаше да биде круна на неговата кариера се претвори во кошмар. Од левиот бек се очекуваше да биде првотимец на Светското првенство во Хрватска, но, место тоа, првите пет меча ги преседе на трибините, а потоа селекторот Темелковски го прати дома. Без клуб шест месеци во пресрет на СП, тој тврдеше дека Стојановиќ не игра зашто е повреден, а дали нетрпеливоста помеѓу нив доведе до тепачка, остана мистерија.
5. Валентина Радуловиќ
Многумина потоа се прашаа дали женската ракометна репрезентација ќе избореше пласман на ОИ во Сиднеј доколку ја имаше Вале во тимот на СП 1999. Од тоа ја делеше само една победа, онаа над Романија во четврт-финалето, и факт е дека Македонија како да играше без лево крило на тоа првенство. Радуловиќ не можеше да помогне, откако претходно тешко го повреди коленото.
-------------
|
Постирано од: емил
Датум на внесување: 10.Септември.2011 во 16:31
ТОП 5 НЕКОГАШ И СЕГА
Македонија во четвртокот прослави две децении независност. Сепак, македонските екипи и во сезоната 1991/92 настапуваа во преполовените југословенски лиги, додека нашите национални селекции дебитираа на меѓународната сцена во 1993 година. Оттогаш, во некои спортови напредувавме и станавме препознатливо име, во некои стагниравме, а има и такви во кои ништо значајно не успеавме да направиме. Како фудбалот.
Една од ретките добри работи кои му се случија на македонскиот фудбал во изминативе 20 години. - Горан Пандев
1. Македонија - Словенија
Панчев, Најдоски, Канатларовски, Јаневски и друштвото ја растурија Словенија во Крањ со 4:1 на крилјата на тој историски момент за македонскиот фудбал. Осумнаесет години подоцна, Македонија е на 90., а Словенија на 23. место на ранг-листата на ФИФА. Ние се уште губиме од кого ќе стигнеме, а Словенците стигнаа да настапат на две светски и на едно европско првенство.
2. Македонија - Хрватска
Во времето кога хрватските кошаркари имаа квалитет да се носат и со дрим-тимот на САД, каков проблем им беше да победат една млада селекција како Македонија, иако 56 поени разлика навистина изгледаат нестварно. Осумнаесет години подоцна, хрватската јавност се потсети на тој момент, кога нејзината репрезентација не успеа да го помине првиот круг на ЕП во Литванија, за што дел од вината има и Македонија.
3. Ѓорче Петров - Хипо
Победата на, тогаш, анонимните ѓорчепетровки над, тогаш, неприкосновените Австријки од 20:16 засекогаш го смени македонскиот женски ракомет. Во него влезе Трифун Костовски и добивме европски првак. Денес, традицијата се обидува да ја продолжи тимот на Металург, но не со тој обем на трошење пари на големи засилувања. Затоа и Лигата на шампионите е се потешко достапна.
4. Македонија - Русија
Најдобрите македонски ракометари само што формираа репрезентација, а Русија имаше тим кој освои злато на ОИ, СП и ЕП, па поразот од осум гола разлика на "Трофеј Карпати" беше сосема поднослив. Шеснаесет години подоцна, Македонија се сретна со Русија во клучниот дуел од првата фаза на Мундијалот во Хрватска и успеа прерано да го прати дома славниот противник.
5. Македонија - Грција
Пред две години во Полска, повеќе се силевме отколку што навистина имавме некои шанси. Грците излегоа на терен со постудени глави и не прегазија за само десет минути. Разликата до крајот на мечот порасна до 32 поени. Срамно, но реално. Две години подоцна во Литванија - каква промена! Македонија - Грција 72:58! Ниту еден реванш во историјата на македонскиот спорт не бил вака сладок.
-------------
|
|