Ангелко Крстиќ
Испечатено од: IDIVIDI forum
Категорија: Македонија и Свет
Име на форумот: Историја
Опис на форумот: Александар, Кирил, Самоил, Мисирков, Делчев
URL: http://forum.idividi.com.mk/forum_posts.asp?TID=22988
Датум на принтање: 12.Декември.2024 во 03:55 Верзија на софтверот: Web Wiz Forums 10.03 - http://www.webwizforums.com
Тема: Ангелко Крстиќ
Постирано од: mungos80
Наслов: Ангелко Крстиќ
Датум на внесување: 06.Август.2010 во 18:35
Ангелко Крстиќ (с. Лабуништа, Струшко, 1 ноември 1871 година - Лабуништа, 6 мај 1952 година) е поет, раскажувач, романсиер и драмски автор. Ја завршил Подготвителната учителска школа во Белград во 1889 година. Од 1890 година учителствувал во селата на планината Јабланица. Првиот литературен прилог го објавил во „Цариградски весник“ под псевдонимот „Дримколец“ во 1904 година. За романот „Трајан“ во 1934 година ја добива наградата на Академијата на седумте уметности во Белград за најдобар српски роман. Во 1940-1941 година е директор на скопскиот дневен весник „Глас југа“.
Ангелко Крстиќ пишувал на српски јазик.
Негови дела
„Раскази“ (прва книга, Белград, 1932)
„Трајан“ (роман, Скопје, 1932)
„Заточеници“ (драма, 1937) - премиерно изведена во Скопското народно позориште на 12 септември 1937 година
„Раскази“ (втора книга, Белград, 1951)
------------- “Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
Коментари:
Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 06.Август.2010 во 18:36
------------- “Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 06.Август.2010 во 18:59
Последната средба со Анѓелко Крстиќ
Јован Поповски
Во мојата бележница долго време стоеше пораката на уредникот на Културната рубрика на белградскиот весник "Политика" (чиј дописник бев од Македонија): "Ако те нанесе патот кон Струга, те молам во село Лабуништа посети го писателот Анѓелко Крстиќ и направи еден разговор за нашиот весник".
Во подножјето на Јабланица се поредиле едно до друго како букети и хризантеми Дримколските села: Октиси, Вевчани, Подгорци, Лабуништа, Боровец... Убав летен ден. Влегувам во селото Лабуништа, знам каде е куќата на Анѓелко Крстиќ, се искачувам по наугорната улица, таму сè до црквата "Св. Илија", скршнувам десно и пред мене се покажува голема камена куќа, на западната страна без прозорци, како од нејзиниот живот да е насочен кон исток, таму од каде што доаѓа еликсирот на животот - Сонцето. Пред куќата преубава зелена бавча со богати крошни на дрвја и неколку бразди чиста како смарагд планинска вода шепотат, ја поливаат и продолжуват некаде во најголемата селска река. Влегувам во дворот. Застанав пред таа убавина и ненадејно го здогледав Анѓелко Крстиќ, стариот писател кого што прв пат сум го видел на минување низ Охридската чаршија. Јас бев ученик, тој веќе стар човек кој што живееше кај својот син - лекар во Охрид и секое утро ја минуваше старата Охридска чаршија полека чекорејќи со достоинствен од и исправена става со бастум во раката и навален поглед. Одеше кон чинарот, кој што беше опколен со мали кафеани што имаа исфрлено маси под крошните на улицата. Тука Анѓелко Крстиќ од турските филџани без рачка пиеше кафе како што кафеџијата му го носеше во бакарно ѓезве со чаша студена вода и локум на малото чинииче. Еднаш дури одев по него за да му се нагледам и тогаш ми се чинеше како да ги прелистувам неговите книги со раскази, како да чекорам по сокаците на Лабуништа преку кои што се спрострил бајрамскиот пост.
Сега одам по наугорната улица на Лабуништа, а веќе сум возбуден, чувствувам трема пред федбата со еден великан на југословенската литература, човек - писател којшто го пренел животот на Дримкол и Македонија. Се обзирам по изминатите куќи и се загледувам во тие пред мене како да ги барам Славковица и Момировица од романот "Трајан", како да ми се чини дека го слушам нивниот глас...
Кога влегов во дворот Анѓелко, што седеше на една обична клупа пред којшто беше една маса со три четири штици, се сврте со главата, ме здогледа, јас се уплашив, а не знам од што.
Му кажав кој сум и што сум. Тој се поднасмеа и ми рече: "А, ,Политика'? Еве ја читам". Навистина на масата од груби штици стоеше весникот "Политика". Се замисли, како да отиде во некое далечно сеќавање и ми рече: "Па јас те познавам од весников. Добра ти беше онаа репортажа за Вевчани".
Јас му реков дека сум вевчанец. А тој ми рече: "Ааа, добро".
Му кажав дека редакцијата на "Политика" која што се придружува кон големото ценење на целата културна југословенска јавност, го моли за еден интервју. Тој ми рече:
- Не, сине. Јас сум стар човек и не сум веќе за општење со весниците, вашиот весник го ценам, меѓутоа...
Го гледав во лицето да доловам дали моето прашање го налути. Не. Тоа беше спокојно. Неговиот орловски нос мируваше, очите му беа загледани некаде во преубавата зелена трева на бавчата и шумолењето на планинската вода. Настана молк. Не знаев како да го продолжам разговорот. Попустина би било секакво понатамошно молење или убедување да пристане на интервју. Ми се чинеше дека прв пат разговарам како новинар со еден великан, со една бесмртна личност што никогаш нема да умре и ако, тука горе, во дворот на блиската црква "Св. Илија", си имаше изградено гробница на која што веќе стоеше фотографијата на неговата сопруга во селска носија.
Тој се сврте кон мене и ми рече: "Чинам се разбравме".
- Да, господине Крстиќ. Принуден сум да ги почитувам вашите принципи, иако, на мојата редакција, како и на југословенската јавност ќе и биде ускратено да знае како ги минува своите сегашни денови големиот писател на Југославија.
- Не, никого чинам не го интересира животот на еден старец чие перо замолкнало и сега си ги брои последните денови од животот.
- Господине Крстиќ. Морам да ви кажам дека вашето перо живее и тоа премногу. Тоа и самите го знаете, но ве молам да ми верувате речиси при секое мое одење во редакцијата сè некој ќе ме праша како сте, каде живеете, дали пишувате. Уредничката на културната рубрика Радмила Бунушевац дури се подготвила сама лично да дојде кај вас и да ве замоли за разговор. Еден ден таа ми расправаше дека во еден разговор со Иво Андриќ, тој и’ рекол оти вашиот расказ за кучето Мурџо е нешто најубаво во југословенската литература напишано за едно домашно животно.
Тој не рече ништо. Молчеше. Загледан некаде во минатото, како да сакаше да ми рече дека сум недорастен јас еден обичен млад човек да му пренесувам мислења на големиот Андриќ. Но тоа не ми го рече.
- Кај нас, господине Крстиќ, работи како новинар - репортер, и писателот на раскази Гојко Бановиќ. Една цела вечер, во клубот на редакцијата, ми ги раскажуваше своите воодушевувања за вашиот расказ "Нема пазуви".
- Тоа беше одамна сине, минато време, речиси веќе и јас не се сеќавам.
Пак двајцата замолчивме. Како да почувствував дека ми рече: "Момче, доста е, сега оди си". Но јас не станував. Ми беше драго да бидам покрај големиот писател, покрај човекот кој што во своите бројни раскази ги преточил настаните на животот од Дримкол и Македонија иако, историските прилики ќе го натераат тоа да го направи не на негов мајчин јазик, ами на српски јазик. Го гледав и како да ги прелистував страниците на неговото епохално дело, романот: "Трајан", кој што многу пати го препрочитував, и обзирајќи се кон селскиот пат што минуваше над неговата куќа како да го гледав одењето на Трајан на печалба, неговото испраќање во светската војна, враќањето на двата централни женски ликови во романот "Момировица и Славковица", од далечните градови на Романија, каде што ги земале мажите да живеат со нив но, нивното чезнеење за родниот крај, за бистрите води на Јабланица, за песните на шумските врапци ги вратиле назад во овој прекрасен крај во кого пролетк прво цутат питомите костени што ги опколуваат Дримколските села, потоа се раскокорува целата природа истурајќи ја својата преголема убавина.
Молчењето ни го прекинува црцорењето на ластовичките во гнездото под стреата. Нивната песна како да го разбуди и стариот Крстиќ, се сврте и со еден мил поглед ги погледа своите другачки во осамената куќа во која што живееше писателот. Добив впечаток дека ластовичките го расположија малку, како нивниот глас да беше појак од појот на безбројните птици во бавчата и во блиската планинска шума која што речиси ги облизнуваше последните селски куќи на Лабуништа, толку близу слегла до селото.
Почувствував дека е овој мој последен разговор со Анѓелко Крстиќ, со еден од великаните на југословенската литература. Професионалната новинарска деформација не ме остави да не го продолжам разговорот и да преминам на прашања кои што ги интересира сите луѓе на македонската културна јавност.
- Господине Крстиќ, простете ми, само морам нешто да ве прашам. Вие сте досега нашиот најголем современ македонски писател. Иако се вашите дела пишувани на српски јазик. Во нив живее Македонија, нејзиниот човек, нејзината најголема традиција - печалбарството, нејзината несреќа качаштвото... Во Скопје се зборува многу за вас, меѓу културните кругови и луѓето би сакале вашите дела да ги имаат на македонски јазик. Верувам дека тоа ќе се случи наскоро. Разбрав дека ве посетила и една делегација. Ве молам, речете ми нешто барем за тој ваш разговор.
- Овој е мој роден крај. Од него никогаш не сум се откажал. Затоа и дојдов, тука каде што се родив, и да останам вечно - да умрам. Ми се чини дека на друго место земјата не би ме примила.
Молк. Потоа пак тивок старачки глас.
- Беше кај мене госпоѓата Лилјана Чаловска, сопругата на Лазар Колишевски, со некој писател, ме поканија да бидам член на Друштвото на писателите на Македонија. Јас им реков не. Јас сум стар човек, завршив со своето пишување, а покрај сè јас не го знам новиот литературен македонски јазик. Јас сум српски воспитаник. Учев нешто малу на тој јазик, зборував, читав литература, чинам го совладав и се соживеав со него. Сега би ми било тешко во вакви поодминати години да превземам некои други чекори.
- Тие ве поканиле, односно ја изразиле општата желба, вашите дела литературни да се преведат на македонски јазик.
- Јас им реков дека немам ништо против. Јас, како што гледате, "Како Србин" - како што велите вие, јас дојдов да живеам во Македонија, да ги поминам последните мои години од животот и тука да останам вечно. Во тие времиња, сине, во кои што се формирав јас како личност, поинаку се размислуваше. Но, да не ги распредуваме тие приказни.
- Господине Крстиќ, сега ќе ве замолам да ми опростите на мојата новинарска слобода што ќе ви го поставам ова прашање. Вие во романот "Трајан" имате две места кои што Чаловска ви предложила да ги редиговате.
Црномурестото лице на стариот писател како да се обли со некоја лутина и црвенило кое што се чинеше на неговите испупчени јаболчници. Долго ја прелистуваше "Политика", што беше распространета на масата, јас не знаев што да правам со својата вина што кај стариот писател предизвикав лутина, иако бев одамна свесен, па и кога доаѓав, дека од некаков интервју за весникот "Политика" со Анѓелко Крстиќ нема ни збор. Кај него сега повеќе ме донесе мојата новинарска љубопитност да го видам и да поразговарам со тој великан отколку новинарската должност да одговорам на барањата на редакцијата. Во еден миг сакав да станам длабоко да му се извинам и да си заминам. Но кога мојата бележница ја ставив во џеб, писателот Крстиќ ме погледна и со погледот како да сакаше да ми рече: Остани, јас не те кривам за тоа прашање.
- Јас сине на госпоѓата Чаловска и’ реков дека не сакам да поправам ништо во моите литературни дела. Не сакам да го избришам ни текстот, тој фамозен текст, кој што мнозина денеска ги иритира, на крајот од романот "Трајан" што се наоѓа на последната негова страница. И реков: Госпоѓо Чаловска, јас не пристанувам ништо да се редигува. Што да ви речам? Можеби тоа дека сакам сè да остане како што сум го напишал, па, ако сакате нека тоа биде некогаш и доказ за моите некакви заблуди...
Во тој миг во убавиот зелен двор влезе зетот од единствената ќерка на Анѓелко Крстиќ, многу веселиот и зборлив човек, Живко Цветковски, мојот добар познаник од пред војната. Однесе нешто во куката на Крстиќ и дотрча кај нас во бавчата, се испоздравивме и седна до нас. Тој го поведе разговорот на сосем друга страна. Мојот разговор со писателот Крстиќ веќе беше завршен. Живко и јас почнавме да прикажуваме за сè и сешто, за текуштата политика, за некои наши познаници, каде се и што се. Писателот Крстиќ се поздрави, го зеде весникот и си замина во домот. Очигледно беше заморен. Или му беше време за ручек, бидејќи сонцето високо беше искачено. На разделбата ми рече: "Момче, само биди вреден и натаму пишувај за нашиот крај".
Живко ме распраша зошто сум дојден. Јас му кажав, а тој се насмеа: "Како си смеел, да го вознемириш. Па тој, човеку е, по природа молчелив. Во живот не сакал интервјуа, сè што имал кажал преку свите книги. Тој и со мене кога ќе дојдам да му донесам нешто за јадење, што му испраќа ќерка му, многу тешко разговара".
- А, да, заборавив да кажам, дека на Крстиќ му реков оти сум добар пријател со неговиот најмлад син Стојан и секогаш кога одев во Белград пред војната бев гостин на Стојан во неговата гарсониера што се наоѓаше кај Народната библиотека. Крстиќ се насмеа, сврте со главата и рече: "Стојан. Мојот најмлад и најнемирен син. Кој се надевал дека под стари години тој ќе ме "храни". Ете, тој е ваш конзул во Америка. И замисли од таму многу често ми праќа пакети со брашно, конзерви и што ти не. Мојот палав Стојан, мисли на својот татко..."
Тој ден бев гостин на ручек кај зетот на писателот Крстиќ. Живко Цветковски. Покрај другото со него продолживме да зборуваме за неговиот тест Анѓелко Крстиќ. Го прашав дали уште пишува. Живко ми рече дека од време на време го наоѓа над некои хартии со моливот во раката. Не смее да го праша што пишува. Тој многу се лути. Но знам дека сите тие сегашни хартии ги реди во еден поголем куфер.
Попладнето заминав од Лабуништа. Со себе ја понесов фотографијата на куќата на Анѓелко Крстиќ, убавиот двор и камената гробница под црквата "Св. Илија" во селските гробишта, која што си ја изградил самиот писател.
По неколку дена, долго и’ објаснував на уредничката на културната рубрика на "Политика" дека од мојот раз говор со Анѓелко Крстиќ не можам да направам интервју. Покрај другото тој тоа и не ми го одобри и не ми даде согласност.
------------- “Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
Постирано од: mungos80
Датум на внесување: 06.Август.2010 во 19:01
Почина Анѓелко Крстиќ. Долго време после неговата смрт повторно сум во Лабуништа. Службено. На сред селото го сретнав мојот познаник Сретен Петровски, пред војната претседател на општина Лабуништа. Се поздравивме и ми рече: "Слушнав дека си бил кај Анѓелко Крстиќ. Си сакал да пишуваш за него. Не знам дали уште сакаш да пишуваш, ама сепак дојди дома на кафе, а јас ќе ти покажам еден интересен материјал за Крстиќ.
Се искачивме до неговиот дом и Сретен ми покажа една поштенска дописница со следнава содржина: "Анѓелко те молам дојди во Белград да бидеш поставен за секретар на министерството за култура..."
Дописницата беше адресирана на Анѓелко Крстиќ, а напишана беше и со потпис, на Боро Станковиќ, српскиот писател, познатиот автор на "Коштана" и "Нечиста крв".
Анѓелко Крстиќ никогаш не отишол да ја прими таа должност и си останал селски учител сè до своето пензионирање.
Неколку години после неговата смрт се случи тоа што тој не го сакаше и дека не го сака и’ рече на Лилјана Чаловска и на писателот што бил со неа; а ми го рече и мене дека не сака никаква редакција на неговите дела... За жал неговите наследници го објавија во Нови Сад романот "Трајан" ама редигован. Неколку години потоа од тоа издание беше направен и македонски превод што го издаде Мисла.
За што станува збор. На завршетокот на романот "Трајан" Крстиќ реди звездички и го додава текстот во кој што се вели дека еден ден во училиштето во кое учи и синот на главната личност на романот, Трајана влегува кралот и праша чие е ова дете, а учителот му вели: тоа е дете на еден наш борец во Првата Светска војна кој што скоро почина од здобиените рани. Тогаш кралот му приоѓа на малиот ученик и му вели да и каже на мајка му дека од тој ден за нив ќе се грижи тој - кралот.
Ова е надвор од контекстот на социјалниот роман "Трајан", надвор од сите неправди што му се чинат на Трајана, од државата за која што тој толку упорно се борел три години...
По излегувањето на романот Трајан во круговите на напредните македонски елементи во Белград и Скопје, елементи кои што "Трајан" го примија како капитално - социјално книжевно дело се зборуваше дека Банот на Вардарска бановина го присилил Анѓелко Крстиќ на романот "Трајан", кој што веќе бил во печатницата Немања, сегашната "Гоце Делчев" во Скопје, да ги додаде овие зборови со кралот. Дали Анѓелко Крстиќ ова го признал некому не е познато. Во секој случај вистина е неговата категоричност дека не сака ништо да се поправи ниту во "Трајан", ниту во расказите и дека сака да остане сè како напишал па макар тоа било доказ на неговата заблуда.
Така, Анѓелко Крстиќ, големиот писател од оваа македонска почва почива обесправен од страна на неговите потомци - синови.
------------- “Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ - Ѓорѓи Сугарев
|
|