На 77 години денеска почина македонскиот филмски режисер Бранко Гапо кој остави богат опус во македонската кинематографија со шест играни филмови - „Денови на искушение“ (1965), „Истрел“ (1972), „Време без војна“ (1969), „Најдолгиот пат“ (1976), „Време, води“ (1980) и „Македонска сага“ (1993). Гапо ќе биде погребан в четврток, 20 ноември, во 12 часот, а истиот ден во 10 часот во Кинотека на Македонија ќе биде одржана комеморативна седница, во организација на Кинотеката и Друштвото на филсмки работници на Македонија.
Бранко Гапо е роден на 5 јули 1931 година во Тетово. Во училишните денови почнал аматерски да се занимава со филм, а професионално со филмот се врзува на почетокот на 50-тите години кога дебитира со прилози во Филмските прегледи на „Вардар филм“. Во 1953 година го реализира својот прв документарец „Мугри во полињата“, а три години подоцна се појавува со документарецот „Птиците доаѓаат“. Документаристичкиот опус на Бранко Гапо има повеќе од 40 филмови, а меѓу нив особено се издвојуваат „Патем“ (1966), „Лето Господово 67“ (1967), „По пат одам за пат прашам“ (1968), „Амен Сиам бут Рома“ (1976), „Козите... и друго по 10 години“ (1976), „Лето Господово 77“ (1978).
Асистирал и на играни проекти кај режисерите Димитрие Османли, Франце Штиглиц, а од особено значење за неговиот подоцнежен ангажман во играниот филм е соработката со светски познатите синеасти Абел Ганс и Вилијам Дитерле. Во периодот 1961 - 1964 година Бранко Гапо во повеќе наврати има студиски престои во Париз каде што во Француската кинотека и во познатите париски студија ги дооформува своите знаења за филмската уметност. Работејќи практично со документарната филмска материја, во 50-тите и 60-тите години Гапо паралелно се занимаваше и со филмска критика, објавувајќи рецензии, коментари, осврти и анализи во дневниот печат и во специјализираните списанија за уметност. |