sergej varoshlija

Водителот и моден критичар Сергеј Варошлија го прекршил членот 61 став 1 алинеја 1 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, констатира Агенцијата за медиумите. Членот се однесува на: негување и развој на хуманите и моралните вредности на човекот и заштита на приватноста и достоинството на личноста.

До Агенцијата стигнале неколку претставки на лица кои биле предмет на оценка во емисијата на Варошлија. Дел од нив обвинуваат и за говор на омраза. До Дирекцијата за заштита од лични податоци, пак, стигнале три барања за заштита на личните податоци. Дирекцијата во сите три случаи утврдила повреда на правото на заштита на личните податоци.

Од таму информираат дека на Варошлија му е дадено посебно укажување дека не може да користи фотографии од социјалните мрежи без согласност на лицата кои се наоѓаат на тие фотографии.

„На Трговското радиодифузно друштво 1ТВ ДООЕЛ Скопје му беше дадено посебно укажување во насока да ги почитува прописите за заштита на личните податоци во делот на користење на лични податоци во емисијата Студио Мода, особено во делот на користење на фотографии обезбедени преку интернет, односно социјални мрежи, со оглед дека нивната обработка без согласност од субјектот на личните податоци претставува неправична и незаконска обработка на личните податоци според просписите за заштита на личните податоци“, велат од Дирекцијата.

Како карактеристичен пример за неовластено и недозволено користење фотографии прибавени од Интернет, од Агенцијата го наведуваат примерот со Зорка, чии фотографии неколку пати се најдоа во емисиите на Сергеј.

Од Агенцијата потсетуваат дека Варошлија ги има објавено и пораките на Зорка во кои таа бара да не објавува повеќе фотографии од неа и каде му се заканува со тужба. Сепак, посочуваат од таму, Варошлија го игнорира нејзиното барање.

Во претставките се реагира и на говорот што го користи водителот, но Агенцијата вели дека неосновани се обвинувањата според кои Варошлија се служи со говор на омраза. Сепак, велат од таму, во емисиите има присуство на непристојни коментари, недолични описи, јавно изложување на подбив, погрдна лексика и говор кој може да да биде сметан за навредлив.

„Надзорот покажа дека се основани наводите од Претставката според кои во „Мода“ со Сергеј Варошлија се застапени непристојни коментари, недолични описи, јавно изложување на подбив, погрдна експресивна лексика и можни навреди. Однесувањето и комуникацијата на овој начин се непримерни за јавна комуникација, емитувана преку телевизија“, информираат од Агенцијата.

Од таму повторуваат дека не е констатирано говор на омраза, односно дека претставките по тој основ се неосновани. Против Сергеј имало и обвинувања за „кибер-булинг“, но од Агенцијата велат дека не се надлежни по тоа прашање.

Ниту од Дирекцијата ниту од Агенцијата не предвидуваат казни за водителот, или за телевизијата 1ТВ поради прекршувањата. Од Агенцијата на оштетените им укажуваат дека имаат опција да покренат тужбена постапка како форма за заштита на нивните права.