IDIVIDI forum Веб сајт
почетна страница почетна страница > Стил на живот > Вероисповед
  Активни теми Активни теми RSS - ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР:ДЕНЕС СЕ СЛАВИ
  најчести прашања најчести прашања  Пребарувај форум   Настани   Регистрирајте се Регистрирајте се  Влез Влез

ПРАВОСЛАВЕН КАЛЕНДАР:ДЕНЕС СЕ СЛАВИ

 Внеси реплика Внеси реплика страница  <1 4142434445 68>
Автор
Порака
zidarski Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор


Регистриран: 17.Декември.2007
Статус: Офлајн
Поени: 4385
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај zidarski Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 07.Март.2008 во 15:18
Rome, tuka uspea i pravoslavnata vera da ja navredish... kako ti uspea samo za edna vecher kasha popara da napravish po forumive...
Temata na ovoj post e "Pravoslaven Kalendar" - i tuka se pishuva koi svetci se praznuvaat na soodvetniot den spored pravoslavniot kalendar. Temi za toa dali e toa pravilno ili ne ima mnogu, pishi tamu, kje razvieme diskusija, iako e pishano mnogu pati za toa. Ako drugite ne ja praktikuvaat svojata vera na nachinot na koj ti ja praktikuvash, toa si e nivno pravo, no toa ne e za ovaa tema.
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 12.Март.2008 во 12:07
Originally posted by zidarski zidarski напиша:

Rome, tuka uspea i pravoslavnata vera da ja navredish... kako ti uspea samo za edna vecher kasha popara da napravish po forumive...
Temata na ovoj post e "Pravoslaven Kalendar" - i tuka se pishuva koi svetci se praznuvaat na soodvetniot den spored pravoslavniot kalendar. Temi za toa dali e toa pravilno ili ne ima mnogu, pishi tamu, kje razvieme diskusija, iako e pishano mnogu pati za toa. Ako drugite ne ja praktikuvaat svojata vera na nachinot na koj ti ja praktikuvash, toa si e nivno pravo, no toa ne e za ovaa tema.


Алилуја редно бесе некој да реагира на ваквите испади браво аплауз
Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 12.Март.2008 во 12:08

Светиот свештеномаченик Протериј

Овој светител беше презвитер во Александрија во времето кога патријарх во тој град беше еретикот Диоскор, еден од покренувачите на монофизитската ерес, којашто учеше дека во личноста на Исус Христос нема две природи туку една. Во тоа време царуваа Маркијан и Пулхерија. Протериј, кој беше благочестив и свет маж, стана против Диоскор и за ова претрпе многу беди. Тогаш беше свикан Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон, на којшто монофизитската ерес беше осудена, Диоскор симнат од престолот и испратен во прогонство. На негово место беше избран овој правоверен маж Протериј. Тој управуваше со Црквата со ревност и со љубов на вистински Христов следбеник. Но следбениците на Диоскор не престанаа да создаваат смут во Александрија. При еден ваков крвав метеж Протериј излезе од градот со намера привремено да се оддалечи, но на патот му се јави Пророкот Исаија и му рече: „Врати се во градот, те чекам за да те земам“. Протериј се врати и влезе в црква. Кога слушнаа дека се враќа, дрските еретици навалија во црквата, го фатија патријархот и го избодија со ножеви. Тогаш со Протериј загинаа уште шестмина христијани. Така прими маченички венец за православната вистина овој прекрасен пастир на Христовото стадо во 457 година.

Свети Василиј Исповедник

Другар и соработник на Свети Прокопиј Декаполит. Василиј верно го следеше својот учител Прокопиј и во време на мир и кога беа гонењата. Претрпе многу маки од иконоборците. А кога иконоборците пропаднаа, по Божја Промисла Василиј се врати заедо со Прокопиј во својот манастир и таму во пост и молитва поживеа долго и се упокои мирно во 747 година.

Светиот свештеномаченик Нестор, епископ Магидиски

Се одликуваше со голема кротост. Во времето на Декиј беше изведен на суд и луто мачен за Христа. Пред смртта виде во видение жртвено јагне и ова си го протолкува како знак на својата скора жртва. Беше мачен од епархот Публиј и најпосле го распнаа на крст во Пергија во 250 година.

Блажениот Николај, Јуродив Псковски

Живееше со живот на јуродив во градот Псков во времето на царот Иван Грозниот и се упокои на 28 февруари 1576 година.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 13.Март.2008 во 14:00

Преподобен Јован Касијан

Овој голем духовник се роди во Рим од угледни родители. Во младоста ги изучи сите светски науки, особено философијата и астрономијата. Потоа сиот се предаде на изучување на Светото Писмо. Вдавајќи се од добро на подобро и сакајќи сѐ поголем степен на совршенство, Касијан замина од Рим за Цариград за лично да го види и чуе Свети Јован Златоуст. Златоуст го поучи и го посвети за ѓакон. Откако многу се исползува со мудроста на Светиот Златоуст, се упати понатаму на Исток за уште повеќе да се поучува и усовршува. Најмногу се задржа во Мисир, во Нитрија, меѓу прочуените духовни атлети, од кои се научи на вежбање во сите добродетели. Најпосле повторно се врати на Запад и се насели во градот Марсеј. Овде основа два манастири, еден машки и еден женски. На молба на монасите напиша повеќе списи од кои особено полезен за љубителите на духовниот живот е: „Осум книги за борбата против осумте главни страсти“. Особено важен е неговиот спис против еретикот Несториј. Касијан го напиша тој спис на молба на архиѓаконот Лав. Му послужи верно на Господ и се пресели во вечниот живот во 435 година. Моштите на Свети Касијан и денес почиваат во Марсеј.

Преподобен Варсонуфиј

Родум од Палестина. Роден како незнабожец, а се крсти во својата осумнаесетта година и веднаш се замонаши и го доби името Јован. Кога се прочу со својот добродетелен живот, го избраа за архиепископ на Дамаск. Но не остана долго на таа положба. Жеднеејќи по осамен духовен подвиг тајно го напушти Дамаск и отиде во Нитриската пустина. Овде се пријави под името монах Варсонуфиј и веднаш го доби послушанието на манастирски водоносец. Некогашниот архиепископ ова послушание го прими со радост. Со своето расудување и со другите вредни добродетели наскоро им стана пример на сите монаси. Дури пред смртта на монасите им беше откриено кој е тој. И така овој светител послужи со својот пример за укор на гордите и властољубивите, а за утеха на смирените и кротките. Се упокои мирно во 457 година.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 15.Март.2008 во 10:15

Светиот свештеномаченик Теодот

Епископ Кириниски на островот Кипар. За неговата мудрост и добродетел го избраа за епископ и со љубов и ревност управуваше со Црквата Божја. Кога настана гонење на христијаните во времето на нечестивиот цар Ликиниј, овој Божји човек беше изведен на суд и подложен на маки. Кога мачителот Савин го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на незнабожечките идоли, Теодот му одговори: „Да би ја знаел ти добрината на мојот Бог на Кого се надевам дека заради овие краткотрајни маки ќе ме удостои со вечен живот и самиот би посакал да пострадаш за Него вака како јас“. Му удираа клинци во телото, а тој Му се молеше на Бога со благодарност; па мислејќи дека крајот му е близу, ги советуваше и ги поучуваше христијаните што беа околу него. Но по Божја Промисла царот Константин во тоа време објави слобода за христијаните и нареди да бидат пуштени сите што се под суд заради Христа. Тогаш го ослободија и овој светител и така изнамачен се врати на епископската столица во Киринија и поживеа уште две години. Потоа се упокои во Господ Кому верно Му служеше и за Кого многу пострада. Земниот живот го заврши и замина во дворците Господови во 302 година.

Светиот маченик Троадиј

Пострада за Христа како момче. Григориј Неокесариски го виде во видение како храбро ги поднесува маките за Христа сѐ додека не го убија. И му ја виде душата кога му се раздели од телото и радосно иташе на небото. Свети Троадиј пострада и се прослави во 3 век.

Четиристотини и четириесет маченици

Убиени од Лонгобардите во Италија околу 579 година. За нив пишува Св. Григориј Двоеслов. На едно место беа убиени четиресетмина, а на друго другите четиристотини, сите затоа што не сакаа да јадат од идолските жртви, а освен тоа овие четиристотини не сакаа да играат околу козјата глава според тогашниот обичај на незнабожните Лонгобарди принесувана на жртва на демоните.

Преподобен Агатон

Голем мисирски подвижник од 5 век. Современик на Св. Макариј и на неговиот ученик Св. Лот. Се грижеше да ги исполнува сите Божји заповеди. Некој од браќата му го пофали ноженцето со кое сечеше прачки за плетење кошници. Кога го слушна, светителот со радост му го подари ноженцето на братот. Говореше Св. Агатон: „За мене би било задоволство да можам на себе да го земам телото на некој лепрозен, а нему да му го дадам моето“. Ете за совршената љубов...

Светата маченичка Евталија

Света Евталија беше девица од Сицилија и нејзината мајка го носеше истото име, а брат ѝ се викаше Сермилијан. Сите беа некрстени и незнабожци. Старата Евталија боледуваше од крвотечение. Во сон ѝ се јавија Светите маченици Агфеј, Филаделф и Кирил (10 мај) и ѝ рекоа дека ќе оздрави само ако се крсти во името на Господ Исус Христос. Евталија поверува во Христа, се крсти и навистина оздраве. Кога го виде тоа чудо и ќерка ѝ се крсти. А Сермилијан почна да ги исмева мајка си и сестра си заради верата во Христа, а потоа и да им се заканува. Мајката се уплаши и побегна од дома. Тогаш братот почна да си ја гони сестрата. Но таа не се уплаши, зашто помил ѝ беше Христос одошто братот и му рече на Сермилијан: „Христијанка сум и не се плашам да умрам“. Изопачен, брат ѝ испрати кај неа еден слуга за да ја оскверни. Но кога ја нападна Евталија слугата ослепе. Брат ѝ го виде тоа чудо, но остана со тврдо срце. Јурна по сестра му, ја фати и ѝ ја отсече главата, слично како Каин. Со ова Светата девица Евталија се овенча со венец на вечна слава, а на неа се исполнија зборовите на Господ Кој не сокри дека непријатели на човекот ќе му бидат неговите домашни (Матеј 10, 34 - 35).

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 19.Март.2008 во 16:29

Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја

Сите беа војводи на византискиот цар Теофил. Кога царот Теофил ја изгуби битката со Сарацените околу градот Амореја, Сарацените го зазедоа градот, заробија многумина христијани, меѓу кои и овие војводи. Останатите христијани или ги убија или ги продадоа во ропство, а војводите ги фрлија во затвор, каде прележаа седум години. Повеќепати доаѓаа муслиманските првенци и ги советуваа да ја примат мухамеданската вера, но војводите не сакаа ни да чујат. Кога Сарацените им велеа дека Мухамед е вистински пророк а не Христос, војводите ги запрашаа: „Ако двајца се препираат за една нива, па едниот рече моја е, а другиот не, туку моја е, а притоа едниот од нив има многубројни сведоци, другиот пак нема ниту еден освен себеси, што би рекле вие, чија е онаа нива?“ Сарацените одговорија: „Навистина, на оној којшто има многубројни сведоци“. „Право пресудивте“, им одговорија војводите. „Така е и со Христос и Мухамед. Христос има многубројни сведоци - старите Пророци, коишто и вие ги признавате, а тие сите од Мојсеј до Јован Предвесник сведочат за Него, а Мухамед самиот за себе сведочи дека е пророк и нема ниту еден сведок“. Сарацените се засрамија, но повторно се обидоа да ја бранат својата вера на овој начин: „Дека нашата вера е подобра од христијанската се гледа по тоа што Бог нам ни даде победа над вас и ни ги даде најдобрите земји во светот и царство многу поголемо до христијанското“. На тоа војводите одговорија: „Кога би било така тогаш и египетското и вавилонското и елинското и римското идолопоклонство би биле вистинити вери, зашто во различни времиња секој од овие народи ги победуваше останатите и владееше над нив. Очигледно е дека вашата победа и силата и богатството не ја докажуваат вистинитоста на вашата вера. А ние знаеме дека Бог некогаш им дава победа на христијаните, а некогаш допушта над нив маки и страдања за да ги исправи и приведе кон покајание и очистување од гревовите“. После седум години, во 845 година, војводите завршија со смрт под меч. Нивните тела ги фрлија во реката Еуфрат, но испливаа на другиот брег, каде што христијаните ги зедоа и чесно ги погребаа.

Блажениот Јов

Роден е во Москва во 1635 година. Кон Црквата го привлекоа црковното пеење и богослужбите. Му стана духовник на царот Петар Велики, но заради некоја клевета се оддалечи во Соловецкиот манастир, каде што тврдо се подвизуваше. Се упокои во Господ во 1720 година во својата осумдесет и петта година. Пред смртта возвикна: „Благословен е Бог на нашите Отци! А кога е така не се плашам и со радост заминувам од овој свет.“

Светите маченици Конон таткото и Конон синот

Таткото беше веќе старец, а синот момче на седумнаесет години. Во времето на Дометијан за верата во Христа нив ги истругаа со бичкија и тогаш се прославија среде земната и небесната Црква. Чесно пострадаа во 275 година.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 21.Март.2008 во 18:15

Свети Теофилакт, епископ Никомидиски

Кога првиот царски советник Тарасиј од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт. Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на Св. Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол. Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието. Св. Теофилакт в лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови Св. Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања и најпосле Му ја предаде својата света душа на Господ околу 845 година.

Светиот свештеномаченик Теодорит

Царот Константин во Антиохија изгради соборна црква со особена убавина. Народот ја нарече Златна црква, заради позлатата однатре и однадвор и многубројните садови во црквата од злато и сребро. Царот ѝ подари на оваа црква голем имот за издржување на свештениците, чиј број во неа беше голем. Чувар на оние садови и на сите драгоцености во црквата беше Теодорит, свештеник со голема вера и ретко благочестие. Тогаш почна да царува Јулијан Отстапник, кој иако беше крстен се одрече од Христа и подигна гонење на христијаните. Неговиот чичко, којшто и самиот се викаше Јулијан, дојде во Антиохија и ја ограби Златната црква, а Теодорит како ризничар го зеде и го изведе на суд, и го советуваше да се одрече од Христа. Теодорит не само што не сакаше да се одрече од својот Господ туку го изобличи и царот Јулијан за отпадништвото од верата, како оној којшто повторно се вратил на идолопоклонскиот блуеж. Кога злиот судија од дрскост отиде и мокреше во Златната црква, Теодорит му прорече ужасна смрт, којашто наскоро и го снајде. Светителот беше убиен со секира, а судијата Јулијан од мигот кога мокреше во црквата во долниот дел од телото го спопаднаа страшни болки. И тој дел од телото му го разјадоа црви, па ја изблуи својата отпадничка душа во најгрозни маки. Така и неговиот помошник Феликс, според пророштвото на Свети Теодорит, умре набрзо по убиството на праведникот, со крварење на устата. Свети Теодорит го обезглавија и се пресели во Христовото Царство во 362 година.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 23.Март.2008 во 21:08

Светиот маченик Кодрат Коринтски
и другите со него

За време на гонењето на христијаните многумина верни се разбегаа по планините и по пештерите. Така направи и мајката на овој Кодрат. Но токму во тоа време беше бремена, па во шумата го роди Кодрат и наскоро умре. По Божја Промисла и чуван од ангелот чувар, хранет и воден, Кодрат порасна во осаменост во природата. Оној Кој му даваше манна од небото на Израилот во пустината, му пушташе и на младенецот Кодрат слатка роса од облаците на усните. Кога имаше дванаесет години тој слезе в град и таму едни добри луѓе го засакаа и го дадоа да учи. Тој ја изучи лекарската вештина и ги лечеше болните колку со природните лекови толку, но и уште повеќе, со молитвата на која се привикна од детството. Кога настана ново гонење под Декиј, Кодрат беше изведен на суд и фрлен во затвор. Нему му се придружија и петмина негови другари и го исповедаа името Христово. Тие беа Кипријан, Дионисиј, Анект, Павле и Крискент. Незнабожците ги влечеа по улиците и, особено нивните деца, ги биеја со стапови и со камења дури не ги одвлекоа до губилиштето. Мачениците Му се помолија на Бога, па беа обезглавени. На тоа место изби извор со вода, којшто и денес го носи името Кодратов и потсетува на херојската смрт за Христа на овие шесточисленици. Пострадаа чесно за вистината во 250 година во Коринт, во времето на царот Декиј и неговиот намесник Јасон.

Светиот маченик Кодрат Никомидиски

Беше богаташ и благородник, а уверен и крстен христијанин. Во времето на гонењето на Валеријан, кога мнозина христијани беа затворени, Кодрат ги потплатуваше затворските власти и влегуваше по затворите, им носеше потребни намирници на заробените и ги утврдуваше во верата. Кога беа изведени пред судијата и прашани за името, татковината и статусот, тие молчеа. Тогаш зад нив се појави Кодрат кој извика на сиот глас: „Христијани сме по име, благодарни слуги на Господ Исус Христос, а град и татковина ни е небото“. После оваа изјава го подложија на суд и по долги маки го убија заедно со другите.

Преподобната мајка Анастасија

Патриција и дама на дворецот на царот Јустинијан. Кога остана вдовица и виде дека царицата Теодора не ја поднесува, таа ненадејно се изгуби од Цариград и се најде во Мисирската пустина. Прочуениот духовник авва Данило ја потстрижа во ангелски образ и ја објави како монах Анастасиј евнух. Ова беше според нејзината желба, за полесно како жена да се спаси под машки лик, а и за да се сокрие од царевото трагање по неа. Потоа се затвори во тесна келија и во неа помина дваесет и осум години. Се упокои во 563 година. Пред нејзината смрт авва Данило ѝ го виде лицето светло како сонце.

 

 

 

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 01.Април.2008 во 09:21

Светите маченици Хрисант и Дарија
и другите со нив

Хрисант беше единец син на еден велик бојарин Полемиј, којшто од Александрија се беше преселил во Рим. Како син на богати родители Хрисант ги изучи разните светски школи, а ги имаше за учители најучените луѓе. Но светската мудрост го збуни и го остави во неизвесност околу прашањето што е вистина. И тој тагуваше заради ова. А Бог Кој промислува за сите и за сѐ ја ублажи неговата тага: до рацете на младичот Хрисант дојдоа Евангелието и Делата Апостолски. Кога ги прочита се просветли со Вистината. Бараше учител и го најде во лицето на еден свештеник Карпофор, којшто го поучи и го крсти. Ова не му се допадна на Хрисантовиот татко, кој презеде сѐ за да го одврати од Христовата вера. Откако не успеа, злобниот татко најпрво се обиде да го разврати и го затвори младиот човек сам со бесрамни девојки. Хрисант се победи самиот себеси во ова и се одржа во чистота. Тогаш татко му го присили да се ожени со незнабожечката девојка Дарија. Хрисант ја поучи Дарија и таа ја прими Христовата вера и живееја заедно како брат и сестра, во привиден брак. Кога умре татко му, Хрисант почна слободно да Го исповеда Христа и да живее според Неговите заповеди, тој и сиот негов дом. Во времето на царот Нумеријан тој и Дарија беа страшно мачени за верата. Но и самиот мачител Клавдиј, којшто го виде трпението на овие маченици и чудата што се пројавија при нивното мачење, ја прими Христовата вера заедно со целиот свој дом. Зато и него го потопија во вода, обајцата синови му ги заклаа, а жена му откако се помоли на губилиштето издивна. Дарија беше толку истрајна во маките што незнабожците викаа: „Дарија е божица!“ Најпосле Хрисант и Дарија беа каменувани во еден длабок ров. На тоа место подоцна беше подигната црква. Близу ровот имаше една пештера во која еднаш христијаните се собраа на литургија во спомен на Светите маченици Хрисант и Дарија. Кога дознаа за ова незнабожците навалија и ја затворија пештерата, во која ги натераа во смрт дојдените христијани, а тие со ова се преселија во блажениот живот. Славните маченици Хрисант и Дарија и останатите што загинаа со нив, меѓу нив беше и еден свештеник Диодор и ѓаконот Маријан, пострадаа за Христа во Рим, во 283 и 284 година.

Светиот маченик Панхариј

Родум од Вилапата во Германија. Беше висок чиновник на дворецот на царевите Диоклецијан и Максимијан. Прво се одрече од Христа, но посоветуван од мајка му и од сестра му, се врати во верата и загина за неа во 302 година.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 03.Април.2008 во 23:12

Преподобен Кирил, епископ Катански во Сицилија

Родум од Антиохија и ученик на апостолот Петар. Добро управуваше со Христовото стадо. Имаше и дар на чудотворство преку молитвата. Така еднаш претвори горчлива вода во питка, бидејќи беше суша и наоколу немаше друга за пиење. Мирно се упокои.

Преподобен Серапион

Другар на Св. Антониј Велики. Во Нитриската пустина беше настојател на т.н. Антиохиски манастири, во кои имаше околу единаесет илјади монаси. Паладиј и Созомен го нарекуваат Велик. Се упокои околу 366 година. Пишуваше Свети Серапион: „Не мисли дека болеста е тешка, тежок е само гревот. Болеста нѐ следи само до гробот, а гревот останува со грешникот и потоа“.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 04.Април.2008 во 21:12

Свети Јаков, епископ и Исповедник

Не се знае ни местото на неговото раѓање ни местото на неговото епископство. Се знае само дека ги исполнил Христовите заповеди, подвизувајќи се многу во пост и во молитва и дека во времето на Копроним претрпел големи беди од иконоборците: глад, затвор и секакво подбивање. Најпосле Му ја предал својата света душа на Бога, Кому верно Му послужил во овој живот. Живеел и страдал во 7 век.

Свети Тома, патријарх Цариградски

Живееше во времето на царевите Маврикиј и Фока, кога патријархуваа Св. Јован Постник и Киријак. Св. Јован ја забележа неговата ревност и неговото големо благочестие и го возведе во чин на сакелариј (намесник) на Патријаршијата, а по смртта на Киријак го избраа за патријарх. Во негово време се случи еден необичен настан. Кога еднаш одеа во литија со крстови, крстовите почнаа сами од себе да се колебаат и да се удираат еден од друг. На ова се зачуди сиот народ. Кога патријархот дозна и се увери во вистинитоста на овој настан, го викна Теодор Сикеот, прочуен испосник и проѕорливец, и го замоли да му објасни што се претскажало со таа случка. Теодор му се помоли на Бога и му откри на патријархот дека тоа ги означува големите неволји што ќе ја снајдат Црквата, а коишто ќе дојдат и на целото грчко царство заради внатрешните политички и верски раздори. Ова наскоро сосем се исполни. Тома го молеше Теодор тој да се помоли на Бога за него за Бог да го земе кај себе пред да настапат оние беди. „Заповедаш да дојдам кај тебе или да се видиме таму пред Бога?“, му одговори во писмо Теодор и со ова му кажа дека наскоро обајцата ќе умрат. Истиот тој ден патријархот се разболе и умре, а набрзо по него и Св. Теодор. Свети Тома се упокои и се пресели кај Господ во 610 година.

Светиот свештеномаченик Василиј

Презвитер анкирски. Под царот Констанциј трпеше многу од аријанците. Во тоа време се прочу како голем ревнител на Православието и вистински пастир на словесното стадо во Анкира. Потоа кога на престолот стапи Јулијан Отстапник и почна гонењето на христијаните, Василиј јавно го изобличуваше тоа ново нечестие и ги утврдуваше своите луѓе во верата. За ова беше фрлен во затвор. Кога дојде царот Јулијан во Анкира, го изведоа пред него Василиј и царот почна да го наговара да ја остави Христовата вера, ветувајќи му почести и богатство. Василиј му одговори: „Јас верувам во мојот Христос од Кого ти се одрече и Којшто ти го даде ова земно царство, но наскоро и ќе ти го одземе. Зарем не се срамиш од олтарот под којшто се спаси од смрт кога имаше осум години, кога те бараа за да те убијат?... Затоа наскоро ќе ти биде одземено ова земно царство; ни телото нема да ти биде погребано кога ќе си ја испуштиш душата во тешки маки.“ Царот се разлути и нареди од телото на Василиј секој ден да дерат по седум ремени кожа. Вака правеа мачителите неколку дена. Кога Василиј повторно излезе пред царот, самиот си симна еден ремен од сопствената кожа и му ја фрли в лице на Јулијан извикувајќи: „Земи и јади, Јулијане, ако ова јадење ти е слатко, а мене живот ми е Христос!“ Овој настан се разгласи по целиот град и царот од срам тајно се повлече од Анкира во Антиохија. А Василиј продолжија да го мачат со усвитено железо дури не Му ја предаде својата душа на Господ, за Кого многу пострада во 363 година.

Света Дросида

Ќерка на царот Трајан. Заедно со пет други жени ја фатија како ги собира телата на постраданите Христови маченици и за ова царот жестоко ја искара. Оние пет жени беа тешко мачени и најпосле фрлени во растопен бакар, каде што Му ги предадоа своите души на Господ. А Дросида остана под строга царска стража. Но таа побегна од дворецот и самата себеси се крсти во една река. По осум дена Му ја предаде својата душа на Бога.

Преподобниот маченик Ефтимиј

Роден во селото Димитцани на Пелопонез. Како момче живееше христијански, но подоцна отиде во Романија и таму се предаде на голем разврат. Сред тој разврат злиот дух го наведе да се потурчи. Но штом направи така веднаш почна горчливо да се кае. Повторно се врати во Христовата вера и се замонаши на Света Гора. По неколку години поминати во тежок пост и молитва реши да умре за Христа. Со благослов на неговиот духовник замина за Цариград, каде што некако успеа да излезе пред великиот везир. Пред везирот почна да се крсти, да Го фали Христа и да го навредува Мухамед. После долги и тешки маки го осудија на смрт и го убија на 22 март 1814 година на Цветници. Од неговите мошти се случија многу чудесни исцеленија на болни. Неговата чесна глава се наоѓа во рускиот манастир на Св. Пантелејмон на Света Гора.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 11.Април.2008 во 10:09

Свети Марко Исповедник, епископ Аретусиски
(во Сирија)

За неговото страдање известуваат Св. Григориј Богослов и блажениот Теодорит. Според тие извештаи Марко разурнал некој незнабожечки храм во времето на царот Константин и многумина ги превел во христијанската вера. Но кога на царскиот престол седна Јулијан Отстапник, со отпаѓањето на овој цар од верата во Христа и некои аретујски граѓани се одрекоа од Христа и се вратија во незнабоштвото. Сега тие се кренаа на Марко затоа што им го разорил нивниот храм, па побараа или да им изгради храм или да им плати некоја поголема сума пари. Бидејќи старецот Марко се откажа да им направи како што бараа, го биеја, го навредуваа и го влечеа по улиците. Потоа со тенок и јак конец му ги одрежаа ушите, а потоа го разголеа и го намачкаа со мед, па го оставија врзан за едно дрво на летната жега за да го касаат осите, комарците и стршените. Но Христовиот маченик претрпе сѐ без збор. Беше сосем стар, а лицето му светеше како на Господов ангел. Незнабожците ја спуштаа цената за својот храм сѐ пониско и на крајот му побараа на маченикот една сосем незначителна сума којашто тој лесно можеше да им ја плати, но Св. Марко одби да даде и најситна паричка за таа цел. Неговата трпеливост направи огромен впечаток врз граѓаните и за ова почнаа да му се восхитуваат и да сочувствуваат со него и заради ова ја спуштија цената на својот храм речиси на нула, само за да остане жив. Најпосле го пуштија на слобода и еден по еден повторно сите примија од него поука и се вратија во Христовата вера. За слично дело во тоа време пострада и ѓаконот Кирил од градот Илиопол под гората Ливан. Тој беше разбил некои идоли за време на слободата на христијанството, а под Јулијан за ова беше луто мачен. Незнабожците беа толку озлобени на него, што кога го убија со заби му ја распараа утробата. Истиот ден пострадаа со него и многумина други. Злобните незнабожци ги исекоа нивните тела на парчиња, ги помешаа со јачмен и им ги дадоа на свињите. Но набрзо ги постигна казна: забите им испопаѓаа, а на усните им изби неподнослива смрдеа.

Преподобен Јован Пустиник

Син на една христијанка Јулијана во Ерменија. Уште како момче ја остави мајка му и побегна во пустина. Сиот пламтеше од љубов кон Господ Христос. Во пустината најпрво се предаде на раководство на духовникот Фармутиј, којшто толку се беше удостоил кај Бога што ангел Божји секојдневно му носеше леб. По извесно време младиот Јован се оддалечи и се повлече во осаменост. Се спушти во еден сув бунар и внатре помина цели десет години во пост, молитва и бдеење. Св. Фармутиј му носеше од ангелскиот леб и му даваше да јаде. Бидејќи ангелот Божји не сакаше лично да му дава леб на младиот Јован, за да не се погордее, затоа леб му се даваше преку Старецот Фармутиј. По десет години тежок подвиг во бунарот, Свети Јован се престави кај Господ, а неговите мошти се покажаа чудотворни. Поживеа и се прослави во 4 век.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 12.Април.2008 во 22:49

Преподобен Јован Лествичник

Писателот на прочуената Лествица. Однекаде дојде на Синајската Гора како шеснаесетгодишно момче и остана овде, прво како послушник, потоа како отшелник и на крајот како синајски игумен до осумдесеттата година од животот, кога се упокои (околу 563 година). Неговиот животописец, монахот Даниил, за него вели: „Со телото се вознесе на Синајската Гора, а со духот на Гората Небесна“. Кај својот духовен отец, Мартириј, Свети Јован помина во послушание деветнаесет години. Кога Анастасиј Синајски еднаш го виде младиот Јован, за него прорече дека ќе биде синајски игумен. По смртта на својот духовник Јован се повлече во една пештера, во која во тешки подвизи проживеа дваесет години. Неговиот ученик Мојсеј еден ден заспа под сенката на еден голем камен. Додека во тој миг стоеше на молитва, Св. Јован виде дека ученикот му е во опасност и почна за него да Му се моли на Бога. Подоцна кога дојде, Мојсеј падна на колена пред својот духовен отец и му заблагодари зашто го спаси од сигурна смрт. Му раскажа како во сон го слушнал гласот на Св. Јован кој го викнал, па скокнал од сонот. Во тој миг оној голем камен паднал, а ученикот се спасил неповреден. На навалување на браќата светителот прифати да им биде игумен и со љубов и ревност се трудеше за спасението на човечките души. Еднаш слушна прекор од некои дека е многуглаголлив. Не се разгневи ни малку, но по ова замолча и цела година не изговори ни збор додека браќата не го измолија да им зборува и да продолжи да ги поучува со неговата Божествена мудрост. Еднаш во Синајскиот манастир дојдоа шестотини поклоници. На трпезата сите видоа едно вешто момче во еврејска облека како им служеше, а и на останатите слуги им заповедаше и ги распоредуваше. Одеднаш момчето исчезна. И кога сите се обѕираа и се распрашуваа, Свети Јован рече: „Не го барајте, тоа беше Пророкот Мојсеј, кој ни послужи на своето место“. За време на своето молчалништво во пештерата Св. Јован напиша многу духополезни книги, од кои најславна и до ден денес многу читана е „Лествица“. Во неа се опишува методот на вознесувањето на душата кон Бога како постапна лествица. Пред смртта Свети Јован го одреди својот брат по тело Георгиј за наследник во игуменството на манстирот. Но тој многу тагуваше заради разделбата со неговиот Свет брат и игумен. Тогаш Јован му рече дека ако се удостои со близината Божја на оној свет ќе се моли и тој, Георгиј, да биде земен. Така и стана. По десет месеци се упокои и Георгиј и стана небесен сограѓанин на својот свет брат Св. Јован Лествичник.

Спомен на монахот којшто радосно умре
зашто никогаш во животот не осуди никого

Овој монах беше мрзлив, негрижлив, немолитвен, но во целиот свој живот не осуди ниеден човек. И кога умираше беше весел. Кога го прашаа браќата како при толку гревови умира весело, одговори: „Сега видов ангели што ми покажаа хартија со моите многубројни гревови. Јас им реков: „Господ рече: „Не судете за да не ви се суди““. Јас никогаш никого не осудив и се надевам на милоста Божја дека нема да ме осуди“. И ангелите ја искинаа онаа хартија. Кога монасите слушнаа за ова, се восхитија и се поучија.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
чаир Кликни и види ги опциите
Сениор
Сениор
Лик (аватар)

Регистриран: 29.Јануари.2007
Статус: Офлајн
Поени: 950
Опции за коментарот Опции за коментарот   Благодарам (0) Благодарам(0)   Цитирај чаир Цитирај  Внеси репликаОдговор Директен линк до овој коментар Испратена: 13.Април.2008 во 16:03

Светиот свештеномаченик Ипатиј, епископ Гангрски

Роден во Киликија, а епископ во градот Гангра. Учествуваше на Првиот Вселенски Собор. На сите страни прочуен заради благочестивиот живот и дарот на чудотворство. Царот Констанциј нареди да се изобрази ликот на Ипатиј уште за време на животот на овој светител и тој лик царот го држеше во својот дворец како оружје против секаква непријателска сила. Враќајќи се еднаш од Цариград Ипатиј беше нападнат во еден теснец од еретиците новатијани и турнат од друмот во некоја кал. При ова една жена од таа дружина го удри со камен во главата и вака светителот го заврши својот земен живот. Но жената одеднаш полуде и го зеде истиот оној камен и со него се удираше самата себеси. Кога ја доведоа на гробот на Свети Ипатиј и Му се помолија на Бога за неа, по големата милосрдност на Свети Ипатиј таа се исцели и остатокот од животот го помина во покајание и молитва. Свети Ипатиј пострада и се пресели во Царството на Христос во 326 година.

Свети Јона, митрополит Московски

Родум од Костромската губернија. Во дванаесеттата година стана монах и како таков долго поживеа во Симоновиот манастир во Москва. За време на митрополитот Фотиј стана епископ Рјазански, а кога Фотиј умре, го избраа Јона за митрополит и го испратија кај патријархот во Цариград за да го посвети и утврди. Но тогаш некој Исидор, Бугарин по потекло, го претекна Јона , стигна пред него во Цариград и беше посветен за митрополит руски. Јона се врати на својата столица во Рјазан. Но зломислениот Исидор лошо заврши со своето митрополитство. Отиде на Флорентинскиот собор и се врати во Москва дури после три години. Сите се кренаа против него како отстапник од Православието и го прогонија. Не се знае каде го заврши животот. На митрополитската столица дојде добриот и мудар пастир Јона. Голем чудотворец, проѕорливец, духовник. Кога Агарјаните ја опколија Москва, со својата молитва Јона ги изгони. На старост посака да го снајде некоја болест, да се помачи и со маките наполно да се очисти пред да замине од овој свет. По неговите молитви Бог допушти рана на неговата нога, а за ова му беше претходно јавено во видение на еден свештеник Јаков. Од оваа рана светителот умре и отиде меѓу небесните граѓани на 31 март 1461 година. Над неговите мошти се извршија многубројни чуда. Еден нем човек, Јован, го доведоа над моштите на светителот. Тој ја целиваше раката на Св. Јона и како што раскажуваше отпосле, таа рака го фатила за јазикот од што почувствувал силна болка. Кога му се ослободил јазикот и се свртел кон своите, прозборел како никогаш да не бил нем.

Светиот свештеномаченик Авда

Епископ на градот Суза. Убиен за Христа во 418 година во Персија од царот Издегерд. Неговиот ѓакон Св. Венјамин мачителите го пуштија под услов повеќе да не го проповеда Евангелието. Тој најнапред се согласи со овој услов, но не можеше да му одолее на срцето и продолжи по народот да ја распростира верата Христова. За ова беше фатен и убиен, три години после Свети Авда, во 421 година.

Преподобен Аполониј

Прочуен мисирски пустиник. Во петнаесеттата година се одрекол од светот и се повлекол во некоја гора, каде што проживеал четириесет години, хранејќи се само со полски растенија. Потоа основа манастир во кој имаше петстотини монаси. Се упокои мирно во 395 година.

Нова заповед ви давам да се љубите еден со друг како што Јас ве возљубив така и вие да се љубите еден со друг.По тоа ке ве познаат сите дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јов. 13-34,35)
Кон врв
 Внеси реплика Внеси реплика страница  <1 4142434445 68>
  Сподели тема   

Скок до Овластувања Кликни и види ги опциите

Forum Software by Web Wiz Forums® version 10.03
Copyright ©2001-2011 Web Wiz Ltd.

Страницата е генерирана за 0,250 секунди.